
Ете бидна и таа работа. Лидерите на четирите најголеми политички партии пуштија бел дим од Клубот на пратениците. Се договорија да одат на 11 декември на деветтиот изборен натпревар за изминатите десет години, а веќе напролет стасуваат локалните избори и десеттото одмерување на силите. Кој за што, Македонците на избори. Постојаната децениска агресивна предизборна кампања стана ужасна валкана војна за неконтролирано владеење, а изборните победи се најголемиот приоритет во одредување на иднината на државата и нејзините граѓани. Се’ друго е помалку значајно. Тоа е веќе нормално, колку и да е лудо и страшно.
Така, за една деценија живот во перманентна пропаганда, во крајно нездрав амбиент, се избриша од свеста на мнозинството граѓани што е тоа парламентарна демократија, што е тоа владеење на правото, што е тоа Устав и поделба на власта и кои се вистинските мерки за одредување на успешноста на една влада. Четворицата лидери пред камерите изјавија дека нема пречки да се оди на избори. Тоа е единствениот заеднички именител по едно и полгодишните преговори за излез од кризата по експлозиите на „бомбите“ на лидерот на опозицијата Зоран Заев од прислушуваните разговори и по цели четири години од нерасчистениот „црн понеделник“, 24 декември 2012 година, кога власта со интервенција на тајната полиција изврши пуч во парламентот насилнички исфрлајќи ја опозицијата од дебатната сала и новинарите од своите работни места што го означи почетокот на длабоката политичка криза и драматично заострување на односите во земјата.
Изборните победи по овој државен удар за власта беа оправдување дека правилно постапила кога им удрила ќотек на пратениците на најголемата опозициска партија и кога ги исшутирала новинарите да не ја вршат својата работа и да не ја информираат јавноста за „вартоломејската ноќ“, кога е убиена слободата во Собранието на Македонија. Пучот не доби праведна и правна разрешница и покрај повеќемесечна меѓународна арбитража која заврши како палома-хартија во седиштето на ВМРО- ДПМНЕ и во тоалетите на парламентот. Сомнителните изборни победи потоа, се разбира, не ја разрешија кризата, туку само ја продлабочија. Дали и сега сме на истиот пат, со истата заблуда, дека со изборните резултати ќе се разреши кризата, или како што верува опозицијата и критичарите на оваа власт, граѓанските асоцијации и голем број мислечки јавни личности дека е дојдено времето да се каже доста е и Македонија да се ослободи од едно неконтролирано, арогантно и коруптивно владеење кое ги запре евроатлантските интеграции на државата и демократскиот развој, тешко е да се каже.
Да, ова би можело да биде референдумско изјаснување на граѓаните за слобода или за режим, за диктатура или за демократија, за Европа или за Балкан, за законитост на судовите или на мафијата, за правда и право или за криминал и корупција, за професионални или апологетски медиуми… Меѓутоа, главниот предуслов останува во одговорот на прашањето дали се создадени минимум услови за чесни и слободни избори. Тој најважен предуслов се состои во темелот на правдата, правото и на демократијата во цивилизираниот свет дека осомничени политичари за криминал од највисокиот ешалон на власта не можат да одат на избори како кандидати за високи функции ако се под истрага. Суштинско е прашањето дали Никола Груевски ќе оди на чело на ВМРО-ДПМНЕ чист на избори, или својата чесност наместо пред судот ќе ја докажува со гласовите во избирачките кутии. Чинам ова е клучниот момент за тоа дали ќе имаме слободно изјаснување на граѓаните на избори, или повторно ќе имаме мирни, ненасилни избори на уплашени луѓе, на загрижени клиенти и зависници од милоста на владетелите.
Кога веќе нема никаква морална одговорност дека не може ни на сон во пристојно демократски земји партиите да ги предводат на избори луѓе кои се осомничени и против кои се води истрага и кои ја попречуваат таа истрага од позиција на моќ да не се заврши пред судовите, тогаш, во овие сто дена Специјалното јавно обвинителство, според обврските од Специјалниот закон, треба да излезе пред јавноста со вистината кој во Македонија ја попречува правдата и зошто ниту еден предмет од истрагите и од обвинителните акти не е пред судот. Она што досега го слушнавме и видовме во измината година и пол помина и без морална одговорност и без судска разврска. Чесни политичари кои се во вителот на најголемиот скандал во историјата на независноста на Македонија, а се изјаснуваат пред јавноста како наклеветени мораше да изразат подготвеност да се соочат со правдата, а не да бараат преку популизам, корупција и клиентелизам изборна победа која треба да ги ослободи и од политичката и од моралната, но и од кривичната одговорност. Кој е тој што бега од судот ако е невин, а е на власт. Единствена надеж за будење на Македонија која може да го спречи Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да ја одбегнат правдата е Специјалното јавно обвинителство да може непречено да ги процесуира своите истраги пред судовите за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта и на овластувањата на највисоките функционери. Ако тоа сега не е можно, како ќе биде можно по евентуална изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ која е поизгледна во вакви услови кои ги прифати опозицијата.
Сакам да верувам дека Зоран Заев има некаков адут во рацете и не е толку наивен да прифати да оди свесно курбан во кланицата на ВМРО-ДПМНЕ изедначувајќи ја својата судбина со судбината на државата според резултати на нерегуларни избори. Од ваквата ситуација има уште една многу пострашна, а тоа е навистина Груевски да победи во фер избори и тоа да биде волјата на мнозинството граѓани. Тогаш еднодецениската операција на перење мозоци во ерата на груевизмот е успешно завршена. Во тој случај незапирлив е патот кон исчезнување на државата со амин на народот.
Што се однесува до мојата маленкост, кај го гледам излезот не само од кризата, туку за спас на Македонија се’ уште верувам во правдата, иако и задоцнетата правда е голема неправда. За тоа има два непобитни факти, прво незапирливо расте сознанието за вистината од трагичните последици од еднодецениското неконтролирано владеење и злоупотребите на власта и, второ, обвинителните акти на Специјалното обвинителство ако не стасаат до судовите ќе стасаат до граѓаните. Мораме да веруваме дека граѓаните можат да ја земат правдата во свои раце ако не со друго, со масовно заокружување на слободата во гласачките ливчиња.
(Објавено во Утрински)

