
Речиси ист наслов, но со сосема друго значење и по друг повод објавив пред седум години. Тогаш текстот го насловив како „Последниот воз за Катанга“ и беше посветен на хаотичната состојба на лошите патишта и старите возила што се движат како „мртовечки сандаци“ низ земјата, за големиот број човечки жртви во сообраќајни несреќи, а непосреден повод беше катастрофата на Охридско Езеро кога во бродска несреќа настрадаа 15 бугарски туристи. Денешниот текст повторно е поврзан со сообраќајот, односно патиштата по кои се движи целото македонско општество. Поводот е еден од најголемите симболи за успесите што се постигнати во изминатите 150 години на територијата на денешна Македонија. Денес последниот воз со патници не оди за Катанга, туку замина од Катанга.
По цели 143 години откако е изградена пругата во Македонија кога таа била составен дел на Османлиското Царство, престанува меѓународниот патнички железнички сообраќај. Македонија остана отсечена од светот со железнички превоз на патници по цел век и пол откако е изградена пругата и воспоставена железница која поврзува два континенти. Има голема порака во укинувањето на патничките возови како врвен резултат на нашите успеси и достигнувања. Луѓето кои ќе сакаат да патуваат со воз за Белград и за земјите на Европа ќе мора да тргнат од Ниш. Грчките експресни возови не сообраќаат пак, наводно, поради поправка на пругата, но и поради тоа што имаат модерни електрични локомотиви кои не можат да врват низ Македонија. Има уште еден куп оправдувања зошто се укинува железничкиот транспорт за патници по Коридорот 10, додека се’ уште не е изграден Коридорот 8 од Бугарија преку Македонија за Албанија и Италија.
Ете, така стасавме до последната станица на балканската крчма кога двете главни железнички трансверзали ја држат отсечена државата во железничкиот патнички сообраќај.
На Коридорот 10 нашиот најзначаен излез кон светот не е завршена целосно изградбата и на автопатот поради други непродуктивни приоритети во кои Владата инвестираше стотици милиони евра во последните десет години. Во патниот дел на Коридорот 8 ситуацијата е уште полоша, таму речиси и не е почната изградбата на современ автопат кој не’ поврзува со Бугарија и Албанија, а триесетина километри пруга со децении стои неизградена за поврзување со Бугарија. Ако ја разгледате патната и железничка мрежа на автостради и брзи пруги во регионот, брзо ќе откриете дека Македонија од поодамна е една мала обиколница и дека главните патни правци одат од Грција преку Бугарија и Србија, или со фериботи преку Италија. Романија, Албанија, Косово и Србија се во интензивна изградба на автопатишта и осовременување на пругите. Македонија ја изгуби оваа трка, како што ги изгуби и сите изгледи да биде дел од транзитниот транспорт на гас низ нејзината територија. Со години само молиме да добиеме некаков крак кој како приврзок завршува на наша територија.
Оваа трагична енергетско комуникациска катастрофална изолација ја прави Македонија слепо црево на Балканот, а да не зборуваме за Европа. За жал, се’ уште се подгреваат илузиите дека имаме некакво геостратегиско значење и дека сме некаква важна балканска раскрсница, дека имаме големи рудни богатства и силни водни ресурси и слични лаги и глупости кои се’ уште успеваат да ја држат пошироката јавност во заблуда дека нешто значиме во комуникациската мрежа на Балканот и на Европа. Испуштените години во изградбата на силна инфраструктура во мала Македонија со акцијашки и пресолено скапи обиди во последните две години нешто да се надомести повеќе наликуваат на признание на стратегиските грешки и промашувања во најзначајната трка за комуникациско енергетска поврзаност со Европа, со Азија и со Африка отколку на добро осмислена државна политика. На Владата многу доцна и’ текна дека патиштата, пругите, енергетските коридори, каналската мрежа, вештачките езера и чистите и регулирани реки, атмосферската и фекална канализација, водоводите и другата современа инфраструктура се основниот предуслов на патот кон цивилизацијата и напредокот. Трката по слава и политички предизборни поени не’ однесоа на погрешен пат во изградба на споменици и фасади кои не носат развој, туку само буџетски трошоци.
Апсурдноста на укинувањето на меѓународниот патнички железнички сообраќај чинам најдобро се гледа во изјавата на директорот на „Македонски железници“, кој вели дека од ова ќе нема финансиски загуби бидејќи товарните меѓународни возови ќе продолжат да сообраќаат. Така е, браво директоре. Се укинува нешто што не функционира и нешто што прави финансиска загуба. Остануваме пруга само за товарен сообраќај, од тоа имало ќар, а од превоз на луѓе има зијан. А, како врват товарните возови за стока, а не можат експресните возови за луѓе, не е во ингеренциите на директорот. На тоа прашање треба да одговори министерството за вистина во најуспешната влада во историјата на Македонија.
Велат, кога за време на турската империја првпат стасал воз во Македонија некои луѓе кога го виделе тоа чудо и’ давале на локомотивата да јаде сено. Денес во 21 век кога замина последниот воз од Катанга треба да им дадеме слама на некои говеда кои не’ донесоа до тука.
(Објавено во Утрински)

