
Што ми требаше денес да го читам интервјуто на академик Катица Ќулавкова со колегата Горазд Чомовски објавено на порталот „Фактор“. Останав без текст, ми ги смени сите планови, а баш си имав денес куп идеи за нашите стари и нови болки до каде сме и каде одиме. Ќулавкова ми го урна ќошето. Оваа паметна жена во сите свои јавни настапи ме фасцинира со својата храброст, речитост, едноставност и аргументација. Таа е нашиот Албер Ками кога пишува за насушната потреба за слободата, демократијата, а најмногу кога е сведок што, всушност, означува мачеништво. Вистинскиот сведок на злоупотребите на режимите е маченик.
Ќулавкова ја покажува вистинската страна, како од Камиевата генијална и универзална порака за сите времиња, кога властодршците умислуваат дека прават историја: „Писателот не може да се стави на страната на оние што ја создаваат историјата, туку во служба на оние што поради неа трпат“.
Интервјуто на Ќулавкова е само уште една потврда на аманетот до младите на Ернесто Сабато кога во своето дело „Пред крајот“ вели: „Писателот мора да биде неподмитлив сведок на своето време, со храброст да ја каже вистината, да се бори против властодршците кои заслепени од своите интереси ја губат од вид светоста на човековата личност“.
Па еве, драги мои, наместо секојдневно вообичаено ќоше, прочитајте барем мали извадоци од текстот на Катица Ќулавкова со топла препорака да го прочитате целото интервју. Верувам дека ќе ги најдете камчињата кои ви недостасуваат во мозаикот. Добрите текстови се распознаваат и по тоа што се и ваши, тие со време стануваат колективна сопственост. Еве го мојот кус избор од интервјуто на Ќулавкова:
„Не е проблем кога едно општество ќе навлезе во криза, проблем е кога не умее да излезе од неа. Македонија влегува од криза во криза. Таа стана нашиот код, наш знак за распознавање, состојба на духот. Толку многу се навикнавме на шок-ситуации што сме се одвикнале од нормален живот, заборавивме што е среќа. Спаѓаме во редот на најнесреќните народи на светот. Политичкиот имунитет на граѓаните е целосно опаднат. Избирачите се навикнуваат дека е нормално што политичарите и функционерите се нечесни, па се релативизира криминалот (злосторството, а со него и злосторничкото здружување, т.н. мафија) и следствено, нема волја, ја губи надежта да се бори против криминалот. Така, отрпнати на финансиски, еколошки, културни, образовни, медиумски, идентитетски и други злосторства, Македонците станаа немоќен народ, без капацитет да се борат против диктатура и експлоатација. Тие допуштаат да бидат манипулирани и злоупотребени, тие мислат дека е нормално да бидат покорни, безгласни, безлични, непретприемчиви, пасивни, маргинални. Македонците живеат во тешка, безживотна сенка…
…Доаѓаме до сознание дека суштествено, антрополошко својство (константа) на Македонците е идентитетската флуидност, поткупливоста, извесен ропски менталитет. Во 1903 година, во периодот на Илинденското востание, еден француски конзул во Битола има кажано дека за тогашни милион франци, кога би ги имал, би можел да ги конвертира сите Македонци во Французи. Иронично, ама поучно. Денес за ’милион евра’ се купуваат гласовите на луѓето за ДПМНЕ и за нивната национално сомнителна, штетна, ако не и поразителна политичка матрица…
Тоа создава култура на ограничено живеење, кога постојано се избира меѓу две зла. Тие не се во состојба да гледаат подалеку од себе, во заедницата, губат чувство за заедница, за визија, напредок, слобода. Жал ми е што го велам ова, тоа е филозофија на очај…
…Љубовта спрема слободата е сподвижник на општествените промени, затоа што претходно го придвижува човечкиот и колективниот дух, а тоа го менува системот на вредности, односно води кон промена на владејачките структури и што е уште поважно, до промена на владејачкиот режим…
…ДПМНЕ со години се залага за ’ветер и магла’ наместо за стварни, опипливи, мерливи, долгорочни вредности. Тие направија инверзија на материјалната и вистинската стварност со некоја религија на идентитетот, што доведува до крах на македонското национално битие и на граѓанска Македонија, воведувајќи не’ во некоја нова ера на етнички манипулации и анимозитети, конверзии и инверзии. А криминалниот ум, суштински, не познава етнички граници…
…ДПМНЕ направи раздор дури и меѓу луѓето кои настрадаа во поплавите, нудејќи помош селективно, на своите приврзаници, одбивајќи помош на другите, ги подели Македонците на свои, вистински Македонци и други Македонци, оние кои се туѓинци односно кои не се ДПМНЕ. Трагикомично, бедно. Бедата на ДПМНЕ се виде на дело овој август 2016. Бедата на лажниот патриотизам и на искривоколчениот национализам. Бедата на примитивизмот. Една антимакедонска стратегија без преседан во историјата…
…’Да видиш – да не веруваш’ е македонскава работа денес. Изместена, искривена, разобличена, патолошка состојба на умот! Ниту еден чинител не е моќен нешто да измени, нема коректив ни куратив за ’забеганоста’ на власта…
…Македонските граѓани, а не само македонската опозиција, се жртви на систематско нарушување на човековите права и слободата на изразот (прислушување), во Македонија фатил длабоки корени т.н. ’државен терор’ (познат во теоријата), така што крајно време е да се деконструира таквиот недемократски систем и да се детронизира, да отиде таму каде што му е местото, надвор од стварноста. Да се прочистиме од вишокот на надзор и казна, на измами и на глоби… Имало злочин, треба да има и казна, така вели народната мудрост…“
(Објавено во Утрински)

