
Чувајте ги братството и единството како зеницата во окото, предупредуваше во секој говор Јосип Броз. Наследниците не го послушаа, па историскиот модел на федерацијата со арогантно наметната доминација брзо го потрошија. Југославија исчезна по 46 години постоење како федерална држава и по 73 години од создавањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. На Илинден точно 72 години од создавањето на првата македонска држава и 113 години од Илинденското востание слушнав еден куп пароли во говорите на македонските политичари кои ми прозвучија како евтина имитација на настапите на Тито, легендарниот партизански водач на антифашистичката војна.
Силните повици на Втори август за единство звучеа како онаа позната приказна кога овчарот викал волк, волк, волк… па по двапати спасување, третиот пат волците ги изеле и овците и овчарот.
Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, од меморијалниот центар „Пелинце“ зборувајќи за историската победа и создавањето на првата македонска држава пред 72 години, прв викна волк, волк… и побара единство и сплотеност оти се заканувала опасност да ја изгубиме државата. Тој драматично повика на национално помирување и жртвување на личните интереси пред државните предупредувајќи дека историјата покажала дека секогаш кога сме поделени и разединети, ние сме поробени, а секогаш кога сме сплотени, сме слободни. Не разбрав дали претседателот Иванов сакаше да каже дека и сега сме поробени бидејќи не сме сплотени, или мислеше дека сме ептен слободни оти сме многу единствени. Според неговата формула, ако сме слободни, тогаш сме и единствени, па си велам човеков имал голема мака што за половина час говор сто пати се повикува на единство. Ако пак мислел дека не сме доволно слободни, тогаш галиба не сме ни доволно единствени. Се надевам дека некој ќе успее да ја дешифрира најновата загатка на претседателот дали само не’ заплашува дека можеме да бидеме поробени, па силно викна волк, волк… или пак тој навистина мисли дека треба да се сплотиме како 1941 година и 1991 година за и денес да ги зачуваме слободата, државноста и сувереноста. Со сплотеност да го сочуваме тоа што го губиме секој ден, разединети се’ повеќе и повеќе во времето на децениското мудро раководство.
Претседателот Иванов во својот говор не’ предупреди дека доаѓа нов голем бран бегалци, а со тоа и терористи. Особено државнички не’ утеши што последни останавме на Балканот на патот кон ЕУ и НАТО бидејќи веќе не се примамливи тие друштва. Еве, на пример, Велика Британија ја напушти ЕУ, па што бараме тогаш ние таму кога Британците си одат. Па според тоа, нема зошто да брзаме за да влеземе во Европа. Вака сплотени, единствени, слободни и успешни најдобро ни е да си останеме таму кај што сме. Да ги напуштиме идеите и за ЕУ и за НАТО час поскоро, уште пред да ги почнеме преговорите за редовно членство. Замислете каков удар ќе биде тоа и за ЕУ и за НАТО кога по Британија и Македонија ќе прогласи МАКСТОП за евроатлантските интеграции со голем придонес за македонските дезинтеграции.
Вториот голем говорник, премиерот Емил Димитриев, се извинувам, иако многу внимателно го слушав и се’ разбрав што сака да каже, не можам да ја фатам поентата бидејќи кога овој човек зборува за пет минути заборавам што кажал. Се разбира, не е кај него грешката, туку кај мене, многу бргу почнав да заборавам безначајни работи. А чекајте, запаметив една многу важна работа, додека зборуваше премиерот Димитриев на Мечкин Камен заврна силен и убав дожд, што навестува дека годината ќе биде бериќетна, освен што лешниците ќе бидат шупливи. Кога грми на Илинден, велат, лешниците ќе останат празни без јатки. Не знам од каде доаѓа ова празноверие, ама се’ некако ми се чини дека годинава до следниот Илинден ќе биде поприлично шуплива не само за лешниците.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски како и секогаш ми остави најсилен впечаток. Тој со 450 милиони евра заем во џебот, односно она што му преостана по првиот бран арчење и предизборни ветувања во Трново ја откри историската вистина дека со последниот атом во телото заедно со народот одвај чекаат избори, за да се врати триумфално во премиерскиот кабинет, иако цели десет години од таму не излегол, па веќе не знае да се однесува поинаку освен како премиер и кога не е премиер и нема ниту една извршна функција. Во Македонија со месеци воопшто не е важно кој е премиер, важно е кого следат дење-ноќе медиумите на неговиот Маршалов поход кога на сите страни раздава пари, вработува, гради игралишта, патишта, канали, дели субвенции, социјална помош, откупува жито, тутун, грозје… се прегрнува со народот и ги троши последните атоми од телото за добро на сите граѓани на Македонија. Кога се гради култ на личност како што тоа го прават пропагандистичките медиуми на власта, навистина станува небитно кој е премиер, претседател, гувернер, кој е парламентот, Уставот, судовите, или кој било друг. Важно е кој е водачот. Каде седи вождот, таму е челото. Кој го има клучот од државната каса, тој е и премиер и спасител.
За последниот говорник, лидерот на опозицијата, на Мечкин Камен телевизиите на власта му организираа пречек со свиркања и извици уа,уа… Партиските пропагандисти на Сител и Канал 5 ептен аматерски ги приближија микрофоните кон шљамот што беше ангажиран да вика уа, уа и да свирка, ама не ни ги покажаа нивните сурати да ги видиме овие големи патриоти и јунаци, кои први ги одработија пораките на нивните наредбодавци и говорници за да го покажат на лице место сплотувањето, да видиме на дело како изгледаат братство, единство и убиство.
Нејсе, Заев порача од Мечкин Камен дека единствената поделба што е реална денес е на арамии и на ограбени од арамиите, кои многу брзо ќе бидат поразени бидејќи има многу повеќе ограбени од ограбувачи. Набргу ќе има и правда и правдина и просперитет и иднина, вети Заев. Ова, ако ништо друго, убаво е да се чуе.
(Објавено во Утрински)

