
Гледам, читам, слушам… како многумина со олеснување го дочекаа договорот меѓу власта и опозицијата за излез од кризата. Повторно се подгреани надежите дека конечно ќе превладее разумот и Македонија ќе тргне кон правилна насока. Убаво звучи овие два дена она што ни го соопштуваат главните актери во договарањето, и она што го кажува американскиот амбасадор Бејли, честитките од Брисел и од Јоханес Хан, комесарот за проширување на ЕУ. Многу сакам и јас да верувам во тоа, ама не можам како и мнозинството граѓани без оглед на нивната граѓанска, политичка и партиска припадност. Убеден сум во тоа бидејќи сите овие години има премногу аргументи и лоши искуства во договорите меѓу главните партиски актери кои завршија како палома-хартија. Сите што се прелажани повеќе пати велат и да видам, не верувам. Друга пак народна мудрост вели дека кога еднаш ќе те излаже некој тој е виновен, кога втор пат ќе те излаже, ти си виновен. Народниот гениј не кажал што да мисли човек кога некој сто пати те лаже за истата работа, а ти му веруваш.
Од она се’ што е договорено најмногу ми се допадна делот кај што се вели дека до 31 август партиските лидери треба да одлучат што од тоа што е договорено е остварено и дали се исполнети условите за да може со заедничка согласност и со потпис на сите лидери да се утврди датумот на избори. Барем јас така разбрав, ако не грешам душа. Е, ова почитувани читатели кога ќе дојде денот да се одлучи што е остварено, ќе се констатираат две работи: власта ќе каже триумфално дека се’ што е договорено е остварено, а опозицијата ќе тврди дека ништо не е остварено. Меѓународната заедница прво ќе крева рамена и ќе ја изразува својата разочараност, па ќе уследат предлози за нови преговори итн., итн. Полемиките за тоа кој бега од избори, кој дејствува деструктивно, кој е виновникот за кризата, кој краде и кој лаже, кој е предавник и непријател нема да престанат ниту еден миг. Тврдам со сиот ризик да грешам, дека кризата е толку длабока што воопшто не е можен договор меѓу сегашните лидери на политичките партии.
Еве ги местата кај што ќе има сериозни судири. Прво да тргнеме од избирачкиот список што беше рак-рана за организирање слободни избори и главен сомнеж за големите местенки што ги слушнавме и од прислушуваните разговори. Демек работата била многу едноставна, до денес додека го читате овој текст веќе треба да се стасани до Собранието амандмани на Изборниот законик кои треба да го содржат она што е веќе договорено. А тоа што е веќе договорено за избирачките списоци, читајте го внимателно во денешниот број на „Утрински“ и ако нешто разберете, пишете ми. Бидете внимателни, сега тоа што ви изгледа сосема јасно за едниот избирачки список од 171.500 гласови со неспорно право на глас и на другиот избирачки список од 39.502 лица со неспорно право на глас, ако се идентификуваат, многу брзо ќе стане предмет на сериозен судир. Ќе речете ако била толку едноставна работата, што не била веднаш разрешена. Така е, во право сте, да почекаме неколку дена додека не излезе ѓаволот од избирачките списоци, па ќе слушнеме нови врисоци.
Договорот за објективно и балансирано медиумско известување е невозможна мисија. Толку е загадена и затруена медиумската сфера што без отстранување на клиентите од јавните гласила не е можно ни елементарно информирање на граѓаните без навиваштво, груби клевети и дезинформации. Со истите главни уредници и уредници во гласилата под контрола на власта не е можен ни чекор напред, па макар уште стопати се изменил законот, или биле прифатени сите амандмани на опозицијата. Можат да се постават ад-хок тела со сите членови на граѓанскиот сектор и на опозицијата кои ќе ги надгледуваат медиумите, бадијала е. Зависноста е дојдена до таму што овие посматрачки тимови во најдобар случај можат да имаат одлични извештаи за пристрасноста и за нашите новинарски црнила, и толку. Никој за тоа нема ни да поцрвени. Казните што ќе бидат платени, ако бидат платени, ќе бидат вратени според старата позната шема. Во Македонија малкуте медиуми што известуваат балансирано одамна се анатемисани и прогласени за непријатели и предавници. Но тие што се во скутот на власта и добиваат по три кафени лажички секој ден за појадок, ручек и вечера остануваат таму кај што се, до промена и доаѓање на следната власт кога ќе го сменат само скутот.
Еве на што ќе се препнат партиите, а ние можеме со доза на горчина и да се насмееме. Во договорот стои дека во консултација со другите партии, најголемата опозициска партија ќе номинира главен уредник на информативната редакција на јавниот сервис МРТВ од експертите од ова подрачје. Леле мајко, ќе се консултираат партите кој медиумски експерт може да биде главен уредник на информативната програма на МРТВ. Штом партиите ќе утврдуваат кој експерт може да биде главен уредник, тури му пепел. Па од такви партиски уредници МРТВ стана она што е. Замислете тој главен уредник да им достави програма под кои услови прифаќа 100 дена да го плукаат од сите страни изложен на столбот на срамот, ако сака професионално да си ја врши работата.
За формирање на предизборната влада и за датумот на избори како што пишува во договорот, доколку изборите се одржат во 2016 година, нема да коментирам ништо. Мислам дека во таа дружина и во таа унакажана зграда не би влегол разумен човек ни како посетител. Ајде да видиме што друго ќе сработат за сто дена двајцата министри на опозицијата речиси без ингеренции, освен легализација на тоа злосторничко здружение.
Најзначаен дел од договорот за мене е каква ќе биде судбината на специјалниот јавен обвинител и Специјалното јавно обвинителство каде што треба да се случи разрешницата на кризата. И гледај сега каде е јадецот. Во случај Уставниот суд да одлучи дека дел од Законот, или целиот закон за Специјалното обвинителство е неуставен, четирите политички партии ќе се заложат за усогласување на законот со одлуката на судот и повторно воспоставување на Специјалното обвинителство во рок од пет дена. Ефикасноста, делокругот и целите на Специјалното јавно обвинителство треба да бидат задржани. Четирите партии го повикуваат Уставниот суд да одлучи за Законот за Специјално обвинителство, најбрзо што може, ако може идната седница. Бре, бре, каков циркус. Има ли некој наивен во оваа држава што не знае дека Уставниот суд одлучува по партиската директива на ВМРО-ДПМНЕ, со обезбедено прегласување на 5 : 4 од кои само четворица се уставни судии, а другите партиски војници на ВМРО-ДПМНЕ.
И сега што мислите, дали воопшто е можно да се најде излез од кризата ако главната причина за загроза на македонското општество не е отстранета. Како ќе се оди на избори ако треба да гласаме за луѓе кои се осомничени за злосторничко здружување за нерегуларни избори, за организиран криминал и за корупција, за подземна пресметка со политички противници, за воведување на цензура и контрола на медиумите, за злоупотреба на власта и својата положба и за десетици други тешки кривични дела. Без судска разврска на сите овие предмети, во Македонија не се можни слободни избори, ниту излез од кризата. Со компромитирани политичари не се оди на фер натпревар.
Многу бргу ќе се види дека од договорот до 31 август нема да остане ништо. Тоа може да биде и добра вест.
Мојот договор би имал само еден член и би гласел: по сто дена од пресудите во сите судски инстанци по предметите на Специјалното обвинителство ќе се одржат избори. Дотогаш финансиското работење на Владата и арчењето на буџетските пари ќе ги контролираат меѓународен монетарен борд.
(Објавено во Утрински)


Во добро познатата Езопова басна за момчето кое постојано викало волк,успеало да ги прелаже селаните три пати,а потоа останало без овците бидејќи никој веќе не му верувал!Еве уште еден доказ дека не потекнуваме од антиката!Очиглено оние според кои се детерминира сегашната „народна волја“не го ни прочитале Езоп,туку веднаш преминале на „Пиреј“,„Мајн Камф“и „Македонската економија на крстопат“ (трите основни лектири на ВеМеРетО),па не е чудо што се движиме кон амбисот!Единствено решение е правна разврска на сите оние раскажани сведоштва во снимките!Не знам што се обидувале да искалкулираат во СДСМ-то?!Да си ги сочуваат фотелјите?Штитат свои луѓе од правна разврска?!Ако ВМРО победи на следните избори ќе ни следува истото што и на наводните „ѓуленисти“во Турција!Политичките опоненти на ВМРО ќе доживеат уште поголема пресија од сегашнава,сите оние кои учествуваа во протестите,а најмногу ќе настрадаат „ренегатите“!
Не ми се верува,но денес и „Утрински“почна да ме цензурира!Исечен бев заради текстов кај коментарите под текстот на Ерол,но и кај В. Узунов!Интересно,нели!Се надевам дека нема да станат како „Дневник“,па да ги објавуваат само коментарите кои им одговараат!?Ако ова,или објавувањето подоцна им е некоја нова тактика тогаш одново имаме проблем во склоп со договорот на партиите!