Banner
Мое ќоше

Од сите страни прокиснува

pokriv

Овие од Брисел мислат дека некого во власта многу ќе вознемират и загрижат со тоа што ни ја условуваат препораката за преговори со ЕУ додека не се врати демократијата во Македонија. Кај нас од сите страни тече и прокиснува, а тие нам ни поставуваат некакви банални услови баш во време кога се води војна како да се владее и натаму без контрола барем уште една деценија со оваа кутра држава и напатен народ. Кај се видело за време на војна за власт да има демократија и слободни медиуми и независни судови и фер избори.

Ќе се излажете ако помислите дека овие евро бирократи се наивни сликари, или се прават наудрени дека не знаат ако Владата и премиерот Никола Груевски водеа малку грижа за европската иднина на државата во изминатата деценија ќе ја помрднеа земјата ако не повеќе само еден чекор напред кон евроатланските интеграции. Вака од млад кандидат станавме стар кандидат, а уште некоја година ако потрае оваа наша страховлада, ќе останеме вечен кандидат со добри изгледи да го промениме името во Поранешна Република Македонија.

Сите што беа зад нас на Балканот, сега се пред нас поради погрешните политики и задушување на демократијата, загрозување и кршење на основните човекови права и слободи, поради партиска контрола врз сите институции на системот, арогантно непочитување на Уставот и парламентарниот систем, грубата медиумска цензура, поради криминалот и корупцијата во врвот на власта и многу други познати и непознати грешки, намерни и од незнаење, Македонија е вратена поназад отколку кај што беше рамно пред десет години.

Се разбира, ни малку не се наивни луѓето од бриселската администрација, добро ги знаат сите промашувања и глупости кои секоја година ни ги соопштуваат во своите извештаи, дури прилично внимателно да не не’ навредат, па секогаш почнуваат со постигнатиот напредок во неколку учтиви реда, за потоа во цела книга да ни ги кажат грешките, застоите и назадувањата. Тоа е тоа што ни го соопштуваат на сите како пишан документ, а што им кажуваат на нашите лидери во четири очи веројатно ќе остане уште долго тајна, но не е тешко да се претпостави. Наивните главно се кај нас дома, тие се’ уште веруваат дека има некој во раководството на ВМРО-ДПМНЕ кој е европски ориентиран и кој е подготвен да прифати европски правила на управување со државата. За жал, по десет години тапкање во место уште има такви кои и покрај сите прелаги веруваат повеќе на оправдувањата зошто не сме во ЕУ и во НАТО, отколку на злоделата што секој ден се прават во државата на очиглед на јавноста, спротивно и на цивилизациските стандарди и на законите и на Уставот и на моралните и етички норми.

Каков напредок на европскиот пат може да се очекува ако со години сме изложени на агресивна антизападна пропаганда во провладините медиуми. Демек, Европа и НАТО се пред распаѓање, таму нема демократија, нема независно судство, нема владеење на правото, нема слободно новинарство, луѓето живеат во страв од големата економска криза и од тероризам, од бегалци … Нивната главна теза е дека Америка и Европа, нашите најголеми стратегиски и економски партнери, работат со години на уништување на нашата држава. Види мајката, тие тоа што го кажуваат не знаат зошто големите сили толку многу сакаат да не снема. Немајќи нормален одговор на ова прашање измислуваат некакво геостратегиско значење на Македонија како балканска раскрсница која одамна е заобиколена од сите страни, оти наместо патишта и пруги девет години градевме само барок, рококо фасади и гаражи, вртелешки, споменици на антички јунаци и слични будалштини. Сега почнавме да ги градиме патишта кога соседите не заобиколија лесно како кружниот тек на градоначалникот на Скопје, Коце Трајанов.

Многу ми се смешни јунаците што претпладне плукаат по Европа и по Америка, а попладне се воодушевуваат и му ракоплескаат на Груевски за инвестициите на европски и американски компании. Тоа го правдаат со идиотската логика дека американските компании се добри, ама не чини американската политика, божем со американските компании управуваат толкави абдали да фрлаат пари во земја која Америка сака да ја уништи. Тоа се вика геостратегиска експертиза на билмезите и климоглавите послушници на власта кога сакаат да креираат светска политика со тоа што ќе плукаат по Америка, по ЕУ и по НАТО, а ќе ја величаат мудрата власт и водачот што се раѓа еднаш на 1000 години.

Додека Европа ни поставува услов за почнување на преговорите по слободни и фер избори, што јас го толкувам како прво смена на корумпираната власт, па преговори, кај нас во исто време силно се удира токму против тие услови. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски заборави дека е во оставка, па сега турбо се слика на телевизиите 24/7 и како премиер и како лидер на партијата , но често настапува и како лидер на опозицијата кога зборува за министрите што му ги избраа други. Вели се’ е исполнето од договорот во Пржино, останува само да се оди на избори. Бадијала се пораките и од светот и од дома дека реформите во медиумите, непречената работа на Специјалното обвинителство и обвинители, независноста на судството и прочистувањето на избирачкиот список се главните предуслови без чие исполнување не се можни фер и слободни избори.

Практично, најновата стратегија на Никола Груевски е да ја принуди опозицијата да не оди на избори бидејќи евидентно се’ поголем број луѓе ги откриваат измамите и на досегашните избори и причините зошто власта го оневозможува Специјалното обвинителство да си ја врши работата во гонење на сторителите на кривични дела и на злосторничкото здружение за изборен криминал. Набргу, Специјалното обвинителство веќе објави дека ќе следуваат и постапките против осомничени за организиран криминал, мито и корупција, перење пари, затајување даноци, злоупотреба на службената положба… за да се разводенат овие истраги за тешки кривични дела провладините медиуми работат по едноставна шема: еден ден како ударни вести и насловни страници во весниците одат големите успеси на владата и отворањето на нови фабрики, најави за големи инвестиции, средби со граѓани и исполнување на нивните желби, па потоа следуваат анатемите и црнилата против опозицијата и Специјалното обвинителство, а другиот ден обратно, прво почнува плукањето по политичките противници и предавници, против Специјалното обвинителство и обвинителите, па потоа одат вестите за фантастичните достигнувања на Владата и Груевски на сите страни. Велат драматично е намалена невработеноста на 24,6 отсто, а не кажуваат колку е зголемена вработеноста. Не кажуваат дека над 50 отсто од младите со факултетски дипломи се без работа, а над 38 отсто до средношколците немаат шанса да најдат работа. Се фалат со масовното вработување во државната администрација и по паркиралиштата. Упорно одмолчуваат колку млади луѓе со факултетски дипломи заминаа во странство и се избришани од евиденцијата како невработени. Ете такви се тие популистички успеси кога одат вестите за отворање фабрики, а се кријат за затворање на фабрики и отпуштања на работници.

Сепак, најсмешната работа со медиумските реформи е кога власта мери колку секунди помалку за нејзините активности посветила ТВ 24 вести и ТВ Телма, од опозицијата, а заборава дека десет години трае цезурата на нивните телевизии каде што не може ни збор да се појави на луѓе кои различно мислат од власта. Тоа ти е вмровското поимање на демократијата.

Веќе повторив повеќе пати дека во Македонија не е можна демократија додека не замине од политичката сцена Никола Груевски.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 2 коментари

  1. FELIKS

    Смешно е кога истакнат опозициски медиумски одработувач како Ризаов говори за ,,антизападна владина полиика,,Па токму тој и и тие како него го обвинија Хан тесни врски со Груевски.Па така оној мизер измеќар медиумски од порталот Доказ го обвини Хан за примање мито од 4 мил.евра.Затоа Ризао ни збор не зуцна а камоли осудувачки напише.Не се осмели да ја окриви специјалната Кејт Јан за нејзиниот фејсбук повик да се протестира против Хан кога требаше да дојде во Скопје.Од тие причини Брисел и Бејли упатија повик,упростено преведено,,абе шутраци,имате ли памет против кого протестирате,,И после тоа тотална штама.Второ смешно е кога американски ,,експерт,,Стивен Блеј,кој ги обвини и опозицијата и нејзините медиумски измеќари дека се руска испостава тука,дури и Бејли беше на ,,експертски,, тапет.За ова Ризаов ни на крај памет не му паѓа да протестира со,,јас не сум медиумска руска испостава тука,која се залага за одложување на изборите,,Ако ова навистина е така,по се изгледа отидоа сите од опозициски карактер по вода,поради неспособност.Што би се рекло,,сигнали над градот на опозискиот грев,,

  2. Erol Rizaov

    Ах мишко, мишко цел живот ке останеш мал анонимен глушец оти ако се претставиш пред јавноста без да кажеш ни збор сè ќе биде јасно. Остануваш анонимна кукавица и партиски војник како што ти напишав повеќе пати. Народот вели п…а под кошула.
    Ајде бе слабак еден, што се криеш, јави се па ќе видиме кој за кого одработува.
    Јас 40 години чесно одработувам со свој ракопис и потпис за професијата и за јавноста.
    Секогаш сум на страна на вистината и правдата, секогаш на страна на послабиот, немоќниот и онеправданиот.
    Секогаш против криминалот и корупцијата во врвот на власта и моќта. Затоа постои евидентен доказ: илјадници текстови.
    Никогаш не станав член на ниту една партија и никогаш не успеал никој да нарача текст кај мене.
    Затоа ти не полемизираш никогаш со тоа што го пишувам, туку ми нарчуваш теми што треба да пишувам.
    Една од тие нарачки, дека опозицијата е проруска веќе е остварена, се разбира од друг новинар кој не одработува само за власта, туку и за себе.
    Чудна некоја проруска опозиција во Македонија, а прозападна власт, која ја величаат антиамрикански и антизападни новинари одликувании од Русија.
    Ајде Мишко покриј се, или откриј се. Одамна си прочитан како и твоите апаши.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *