Banner
Мое ќоше

Кој го тепаше Тодор Петров

Todor Petrov

Прочитавме уште една басна за возрасни. Во измислениот судир ѓоа меѓу орелот и крстот настрада Тодор Петров кој не е само жртва на осамен насилник. Поточно, најмалку тој лично е крајната цел на силеџиството. Целта е како и секогаш досега пред избори да се предизвика вриеж и кај Албанците и кај Македонците. Таа доктрина на таканаречена контролирана нестабилност е осмислена во политички кабинети, давајќи им на орелот и на крстот националистички својства и политичка симболика.

Владиката Пимен, чинам, ја даде најрелевантната и најточна оценка кој стои зад најновиот меѓуетнички инцидент. Овој наш познат црковен великодостојник, кој покажува повеќепати исклучителна храброст кога политиката ги меша прстите во верата, јавно да ги именува работите како што се’, се огласи преку социјалните мрежи. Отец Пимен јасно посочи дека се работи за заемни провокации на политичари со изградбата на споменици и со злоупотреба на национални и верски симболи што длабоко и болно задира во суштината и на верата и на нацијата. Крстот и орелот се злоупотребени во политички цели, предупредува Пимен со својата овоземска световна мисла: „орли и крстови се провокации за паѓање на провокации. Обично, низ целиот свет се поставуваат спомен-обележја како симболи кои означуваат крај на едно безумие и крвопролевање. Кај нас е обратно, се поставуваат обележја за да почне безумие“. Владиката Пимен со малку зборови многу кажа.

Верските и националните обележја се најчувствителната материја, нивната политичка злоупотреба и скрнавење секогаш разгорува страсти и предизвикува мобилизација на ударните националистички сили и кај Албанците и кај Македонците. Пожарот секогаш го палат политичките пиромани, за на крајот да се појават како пожарникари и спасители. По изборите носителите на злото седнуваат на маса и го делат пленот Македонија, тогаш веќе нема огнени националистички говори, повици за истрага, туку се дели власта и на кој колку му припаѓа од државната каса. Инцидентите и конфликтите се забошотуваат, или ако некој мора да понесе одговорност, тоа се последните извршители во подземјето кои претепале луѓе, пукале, убиле, палале автобуси, каменувале возови, предизвикале крави тепачки во школските дворови, на спортски натпревари во градските автобуси… Политичката хиерархија на врвот никогаш не сноси одговорност за овие многу често трагични судири. Тие внимаваат само работите да не излезат од контрола оти границата меѓу инцидентите и крвопролевањето секогаш е тенка.

Во Македонија со години на ред со крстови, цркви и камбани наспроти минариња на џамии, сега долетаа и орли, се обележува територија кој да каде е и чие е. Така најбрзо се мобилизираат граѓаните околу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во кои препознаваат патриотски организации за заштита од другиот, поразличниот, од својот сосед. Умните луѓе велат тешко на народите кои имаат повеќе цркви и џамии од училишта и болници каде што молитвите се погласни и послушани од проповедта на учителот и лекарот, тешко на земјите, чии граѓани повеќе веруваат на религијата отколку на науката. Во тие држави лесно планетата земја станува плоча, лесно се побива еволуцијата на човештвото и живиот свет, лесно се докажува дека сонцето се врти околу земјата, а не обратно, дека црното е бело, дека Ајнштајн е шарлатан, а балканскиот заслепен шовинист гениј, за да на крајот ја разбереме пораката дека овоземскиот владетел е безгрешен бидејќи ни е пратен од бога.

Како ќе заврши оваа работа. Со секојдневните билтени за здравствената состојба на Тодор Петров ќе добиеме нови ударни дози на национална гордост од македонските и албанските медиуми блиски на власта, крајниот извршител ќе биде испратен пред судија кој ќе му изрече казна која тешко ќе биде спроведена, нарачателите на конфликтот и злоупотребата на националните и верските симболи ќе останат непознати иако се општопознати, омразата меѓу Албанците и Македонците ќе се подгрева до точка на вриење, односно до денот на изборите. Затоа полициската истрага не може да се концентрира само на едно лице кое го претепал Петров во познатиот скопски ресторан во кој доаѓаат и Албанци и Македонци и некои други оти и такви има во Македонија, ама не се значајни оти не прават проблеми. Сите деновиве што гласно го повикуваат за брза истрага новиот министер за внатрешни работи ми личат на луѓе кои добро знаат од каде тргнале наредбите и за орлите и за крстот и за инцидентот.

ПС Ако продолжи оваа динамика на изградба на цркви, џамии, крстови и минариња ќе испадне работата дека всушност покојниот претседател Борис Трајковски не направи лапсус кога кажа дека Охрид е наша голема некропола место метропола. И Скопје и Охрид и цела Македонија се на добар пат да личат на долината на пирамидите.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *