
Специјалното јавно обвинителство е шпионски центар на Америка и на Европската унија. Специјалните обвинители, предводени од Катица Јанева, се шпиони и корисни идиоти – корумпирани деца на криминалци. Извештајот на Прибе, Договорот од Пржино и специјалниот Закон за гонење на кривични дела кои произлегуваат од повеќегодишно непречено прислушување на илјадници јавни личности, високи владини функционери и странски дипломати, се терористички подметнати бомби за разорување на Македонија. Сите што се соочени со првиот бран на правдата и за кои се бара притвор се невини Македонци од Македонија и од Албанија, жртви на меѓународна и домашна завера против стабилноста и опстанокот на државата.
Вака изгледа последниот чин на хистеричната квазипатриотска пропаганда како последица на уплав од соочувањето со правдата.
Невините и лажно обвинети високи функционери и нивните поддржувачи, кои до вчера бараа законитост и владеење на правото бидејќи се наклеветени за нешто што не направиле и не се огрешиле од законите, сега не сакаат ни за жива глава судска разврска. Откривме дека добро знаеле мајчините што е тоа презумција и на невиност и на виновност. Ајде да поверуваме за миг во глупавата и кретенска теза дека ова е завера на големите западни сили предводени од Америка против една земја-кандидат за влез во ЕУ и во НАТО. Да ја прифатиме оваа улавштина и абнормалност дека светот се заверил против нас оти сме многу значајни, мудри, богати, образовани, културни и недостижни и оти имаме завидливи и лоши комшии. Но, што правиме со домашните велепредавници што прифатија и озаконија една ваква подземна војна против Македонија.
Значи, соочени сме со велепредавство на парламентот и речиси сите пратеници кои ги изгласаа и донесоа Договорот од Пржино и Законот за работа на специјалното обвинителство. Виновни се сите што ги прифатија препораките од Извештајот на Рајнхард Прибе, во кои се набројани причините за кризата кои тимот на Прибе прецизно ги лоцира во евидентниот недостиг на слобода и демократија, особено на неопходноста од слободни избори, слобода на медиумите, надзор на разузнавачките служби, независност на судството и владеење на правото и низа други основни европски вредности на кои почива и е основана Европската унија. Огромна е вината на бившиот премиер Никола Груевски, кој поднесе оставка според капитулантскиот договор од Пржино, виновен е Груевски што на правди бога ги смени своите најблиски соработници: Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, кои како Македонци сега се соочени со инквизициски суд озаконет со амин и на Груевски и на сите политички лидери на политичките партии и со одлука на парламентот. Сите тие се согласиле за разнебитување на Македонија од големите западни сили и од домашните предавници.
Човек кога ги слуша овие работи не може да не се праша до каде може да оди лудилото, не на тие што ги проповедаат овие приказни, туку на тие што веруваат во тоа. Пропагандистите и власта добро знаат што прават, да беа невини и чисти никогаш немаше да прифатат ваков притисок и понижување. Соочени со последиците од злоупотребата и узурпацијата на власта очајно барајќи начин за спасување на сопствената кожа се согласија на сите можни отстапки чија реализација сега предизвикува паника во партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, кај сопствениците на голем број медиуми и кај главните уредници и новинари послушници кои сестрано подржуваат режим и флагрантно кршење на законите, Уставот и човековите права.
Добро е што повеќе стручни луѓе, угледни правници, универзитетски професори, адвокати, обвинители – актуелни и во пензија, судии веќе не молчат и јавно ги откриваат правните финеси и даваат поддршка на Специјалното јавно обвинителство и обвинители конечно во Македонија да се врати владеењето на правото, да се врати довербата во правосудниот систем и вербата во еднаквоста на сите граѓани пред законите и пред судот. Веќе се препознаваат и исмеваат пропагандите и пропагандистите на власта кои без срам и перде проповедаат се’ уште нееднаквост пред законите. Гласно бараат патриотски ослободителни пресуди бидејќи Едмонд Темелко бил Македонец, градоначалник во Албанија. Тоа е многу позначајно отколку основаните сомневања дека ги прекршил законите. А, колку Македонци лежат во Шуто Оризари во робијашки притвор и во Идризово во затвор не затоа што прекршиле закони, туку што и’ се замериле на власта како политички противници или медиумски критичари на владините политики.
Само пред некој ден правосудниот стратег на власта Михајло Маневски ја осуди одлуката на косовскиот суд за ослободување на обвините во аферата „Монструм“ со аргумент дека не може по национална линија да одлучува судот, а денеска неговите правни следбеници одлучуваат по национална припадност дали некој се огрешил од законите кои не важат ако си Македонец од Албанија или си Македонец патриот од Македонија. Со други зборови судот одредува притвор по тоа дали некој е вмровец и патриот, или опозиционер и предавник.
Додека дефинитивно не се ослободат овие партиски судови и не се укине патриотско делење на правдата, не само што не можат да се одржат слободни избори што е невозможно во неслободна земја, туку и опстанокот на Македонија е доведен во прашање не од западните велесили, туку од домашната власт која го узурпира целиот општествен систем. Тука треба да се бара одговорот зошто Америка и ЕУ ни даваат силна поддршка за враќање на демократијата, слободата, владеење на правото и независноста на медиумите.
Ерата на Груевизмот дефинитивно заврши, сега се соочуваме со последиците кои ќе ги чувствуваме уште долги години.
(Објавено во Утрински)

