Banner
Мое ќоше

Лажеш како Латас

latas i Zaev

Докторот по новинарство Драган Павловиќ-Латас го покажа јавно на ТВ Сител дното на сфаќањата на еден наемник во професијата. Беше тоа уште една тажна и срамна приказна за македонското новинарство. Видовме во живо како изгледа уредник- пропагандист кога по десет години строга цензура му наложиле да повика на разговор лидер на опозицијата, божем да слушнеме на Сител и едно поинакво мислење за клучните проблеми на Македонија и каде го гледа Зоран Заев излезот од тешката политичка и морална криза во која тоне државата. И наместо тоа слушнавме тешки навреди, фашизоидни, национални и расни дисквалификации, уличарски речник, невиден примитивизам и простотилак на еден главен уредник, кој од професијата со години прави беда и срам.

И што дознавме по 40 минути канонади од навреди, клевети и тешки зборови. Дознавме дека Латас бил љубител на обложувалници и „кладење“. Видовме колку е заслужена докторската диплома на овој платеник, по сопствено признание, кој навредите и констатациите кон својот гостин ги смета за прашања. За две третини од интервјуто Латас не мораше воопшто да го викне Заев во студиото. Го остави гостинот заедно со гледачите да бленат во телопите од полициските и удбашките истраги, коментирајќи без ништо да го праша соговорникот. Откакo го нарече својот гостин македонски изрод, криминалец и не знам што се’ не, Латас постави и понекое прашање на кое сам си одговори. Беше тоа навистина една гротеска од јавен настап кој и покрај големите медиумски црнила досега на овие простори не се случил. Веројатно, тука и би завршила мојата реакција за еден бизарен настан доколку не се случеше нешто што ги надминува рамките на глупоста и примитивизмот и непрофесионализмот на еден главен уредник, кој така го поима и одработува новинарството, но веќе уплашен за својата иднина, прави услуги кои никој повеќе не му ги ни бара.

Повод да им ја посветам мојата колумна на Латас и на Заев не е само небулозното и срамно интервју, или поточно нешто што ни оддалеку не личи на разговор или на дијалог. Ваквата деградација на професијата не заслужува да се арчи скап простор за анализа, или да се дава професионална оценка, ако не се работи за една осмислена и од еден центар диктирана уредувачка политика која ја протежираат како перјаници на власта Драган Павловиќ-Латас, Миленко Неделковски и Мирка Велиновска и уште неколку новинарски сателити околу нив. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и бивш премиер, Груевски, заедно со вмровскиот врв, во спрега со сопствениците на контролираните телевизии и неколку уредници, штедро трошејќи ја државната каса и фрлајќи милиони евра за пропаганди, го направија најголемото загадување на животната средина на медиумите и новинарите, трајно осакатувајќи го објективното и навремено информирање на граѓаните.

Навредите од типот кој е странски платеник, кој е нацист, кој е фашист и глупак, кој е Турчин, а кој Влав и Циган, кој е Шиптар, Србин или Бугарин, кој е предавник, кодош, соросоид, криминалец и арамија… за познати јавни личности кои зад себе имаат импозантно творештво и ја задолжиле Македонија, не се само инциденти и гафови, туку редовна појава на која станаа имуни не само новинарските асоцијации и судови на честа, туку и воопшто голем дел од јавноста. Неделковски, осудуван измамник, трговец со непостоечки американски визи, награден од власта со стотина хектари пасишта, спокојно секој петок повикува луѓе на отстрел поради нивните ставови, лепи клевети, навреди и уцени на табла со слики на јавни личности. Во своите пропагандистички писанија постојано ја назначува националната припадност и моја и на други граѓани на Македонија. Оваа верска и расна омраза поминува тивко и без големи реакции во јавноста, но се евидентно задоволство на личности од државниот врв кои се редовни гости во шоуто на Миленко, почнувајќи од поранешниот премиер, актуелниот претседател на државата, министри и други високи функционери и луѓе кои се сметаат себеси за новинари.

Мирка Велиновска прави високоумни геостратешки опсервации и анализи убедена дека е голема новинарска храброст ако ги навредува, плука и исмева западните вредности и личности кои со ништо не и’ наштетиле на Македонија, туку напротив и’ помогнале. Нарекувајќи ги луѓето со вчудовидувачки јазик фашисти, нацисти, глупаци, лажговци, арамии…. сместувајќи се себеси удобно во скутот на власта и во првата одбранбена линија на македонштината и државните интереси, штетите од ваквите напади се многу поголеми отколку лажниот патриотизам и херојство да се влечат Американците за уши и да им се удираат шлаканици и ластици на функционерите на ЕУ. Тоа во новинарството никогаш не било ниту храброст, ниту пак некаков подвиг. Тешко е денес да се критикуваат сопствените грешки и промашувања, да се открие зошто вмровскиот врв и нивните поданици имаат уплав од специјалната јавна обвинителка и обвинителство, ептен тешко и вистинска храброст е да се откријат патиштата на народните пари и главните носители на организиран криминал и корупција, да се даде чесна и точна информација за изборните неправилности. Ете тоа е новинарство, а не да им се лепат „шамари“ на странците и да се измислуваат домашни предавници.

Никој не успеал пожестоко и поаргументирано да ги критикува грешките на американската администрација и политика од самите Американци, или промашувањата на бриселските бирократи, никој не ги жигосал посилно од европските медиуми и јавни личности. Познати светски имиња во политиката, филозофијата, правото, новинарството, публицистиката, литературата, филмот… грешките на Запад ги овековечиле со монументални дела и светски наградувано творештво. Нападите оркестрирани во режимите против Америка и ЕУ, главно, се за домашни потреби за да се покаже дека ете нигде нема ни слобода, ни демократија, дека за сите наши несреќи и неспособни политички лидери секогаш некој друг е виновен. Иако Македонија нема геостратешки значајна позиција, ниту пак има некои природни богатства, нафта, гас, дијаманти, злато… овие наши пропагандисти ја прикажуваат како велесила која е клучен фактор во високата светска политика. Да знаат само неколку податоци за економските и политичките односи меѓу ЕУ и Македонија и меѓу Америка и Македонија никогаш не би отвориле уста, се разбира, ако ја сакаат својата татковина и ако ги препознаваат вистинските интереси на Македонија и на нејзините граѓани. Најсилни и најдобри економски и политички односи Македонија има со ЕУ и со Америка.

Затоа воопшто не е ниту гаф, ниту лапсус кога Латас избезумен од ладнокрвноста на соговорникот му рече на Заев дека „лаже како…. Турчин“. Жал ми е што Заев не го искористи овој очигледен гебелсовски манир на фашизираниот Латас, без оглед колку му беше оневозможено да зборува и да му предочи на Латас каква глупост кажал, но уште повеќе да им предочи на неговите наредбодавци и на јавноста како се нанесуваат ненадоместливи штети на интересите на државата, навредувајќи осведочени пријатели на Македонија и лојални граѓани. Ни на крај памет не ми е да ги бранам милионите Турци во светот поради заслепеноста на Латас. Штетите од ова треба да ги разгледаат во медиумскиот генералштаб на ВМРО-ДПМНЕ и во Владата, чиј најголем гласноговорник цела деценија е Латас. Извинувањето на Латас, кое со индигнација го отфрлам како и сите Турци во Македонија, бидејќи тој ја наречува обичен гаф неговата констатација до Заев „лажеш како Турчин“, обидувајќи се да ги дообјаснува со добрите односи меѓу Турција и Македонија, поточно со нова глупост и навреда дека се многу добри, особено во последно време. Што подразбира Латас под ова „во последно време“ не е тешко да се открие, за човекот „последно време“ е деценијата на груевизмот, а се’ друго е отоманска империја и турско ропство. По вакви кардинални „гафови“ и Владата и сопствениците на Сител треба добро да се преиспитаат за услугите на својата прва перјаница. Работата испадна како кравата која давала многу млеко, по молзењето го ритала коритото.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *