Правната елита на ВМРО-ДПМНЕ полага за нотари. Сироти, ќе се изнамачат од учење, ама убав занает, особено ако имаш канцеларија на добро место близу до судовите, општините или бирократските институции на државата, обично во центрите на градовите. А уште подобро е ако најдеш еден-двајца правници да ја работат работата како што треба, а ти како познат политичар и влијателен човек да помогнеш што повеќе колективни услуги на разни големи компании за нотарски потреби да бидат заведени и потпишани како што е редот и според законот. На висока цена се и отворање канцеларии за проценители и судски извршители.
Во ова митска и библиска земја улиците се поплочени со злато, парите паѓаат од небото, само треба некако да стигнеш ако не до врвот на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш барем до вториот ешалон. Стаса ли до таму, не бери гајле, сите врати сами ќе ти се отвораат, а веднаш ќе откриеш дека си и попаметен и помудар, дека те бидува и за бизнис и за се’ што со години си сонувал, а не си можел да оствариш.
Сиве овие години на мачната македонска транзиција се изнагледав неспособни луѓе кои направија блиц-кариери. Што ти значи демократија и повеќепартиски систем. Те земаат од улица и оп – уште не си ставил чалма, си станал оџа. Претседател, премиер, министер, амбасадор, пратеник, судија, академик, владика, професор, директор на голема државна компанија, газда на медиум, уредник, колумнист, ТВ-водител, актер, режисер, писател, голем бизнисмен и милионер можеш да станеш ако го знаеш пократкиот пат до успехот. Го викаат газење преку луѓе.
Полтронските кариери постојат, веројатно, откако постои и светот. Но, она што се случува во Македонија во последните години е трагично осакатување на општеството кое тешко ќе се преболува со децении, се разбира ако опстане државата и ако дојде до крупни промени. Сето ова го гледаме, би рекол, прилично спокојно, некои и аплаудираат за наградите, медалите и признанијата на бездарните и неспособни партиски кариеристи кои не успеаја со ништо, ама буквално со ништо да и’ помогнат на државата и нејзините граѓани на патот кон прогресот и европеизацијата. Напротив, ја вратија Македонија многу поназад отколку кога полни со ентузијазам и еуфорија тргнавме кон освојување на слободно, демократско и просперитетно општество. Наместо тоа Македонија стана партиска филијала, земја на полтрони, апологети и аминџии. Повеќе генерации млади луѓе кои не успеаја да заминат од татковината се воспитувани во тој дух, како со снисходливост да стасаат до привилегии, богатство и позиции.
Ова е трагичната вистина која ја знае огромното мнозинство граѓани, но кое повторно и повторно се исчудува што овој пат некои врвни функционери на партијата на власт сакаат да стекнат титула на нотар, или дрвен адвокат. За време на Отоманската империја, а долги години и подоцна, поради големиот број неписмени луѓе, пред судовите имало дрвени клупи на кои под отворено небо работеле нотари кои ги викале дрвени адвокати. Тие пишувале молби и жалби, потврдувале веродостојност на документи и им помагале на граѓаните за мали пари да дојдат до бараниот документ. Меѓу мнозинството неписмени луѓе писменоста биле многу ценета што веднаш ве става во категоријата на учен и мудар човек. Разликата меѓу тогашните дрвени адвокати и денешните нотари е во тоа што тогашните нотари кои работеле пред судовите биле скромни луѓе кои имале ниска тарифа за своите услуги. Повеќе спаѓале и самите кон сиромаштијата отколку кон беговите и чорбаџиите. Денеска нотарите, заедно со извршителите и проценителите, се во врвот на платените услуги и за државата, но и за самите себе. Велам особено ако целата работа ја извршува друг, а нотарот го става својот ценет потпис за веродостојност.
Се разбира, немам ништо против нотаријатот и нотарите, тие постојат и вршат корисна работа уште од времето на Римската империја. Меѓутоа, кога почна партиската коруптивна и протекционистичка тарифа за да се стаса до нотар и не само до нотар, да се злоупотребува власта и високите позиции за да се обезбедат клиенти, тогаш се гледа јасно трагичната слика зошто не функционира целиот општествен систем. Најновата приказна за нотарските испити на високите владејачки функционери е само една мала пародија како увертира на големата трагедија на духовна и културна катастрофа која ја снајде Македонија во оваа деценија на груевизмот.
Ваква деградација на личноста и на човечкото достоинство не е забележана во Македонија во целата нејзина понова историја. Имало се’ и сешто, ама двајца пратеници, од кои едниот е висок функционер во Собранието, да полагаат за дрвен адвокат немало. Некој рече се подготвуваат за бегство, први го напуштаат бродот што тоне. Не, сосема обратно, јас мислам дека овие толку многу забегале во својата ароганција, што се длабоко убедени дека ќе владеат уште сто години. Така било во времето на дрвените адвокати, се владеело и по пет века.
(Објавено во Утрински)


