Banner
Мое ќоше

Сакате дибидус или до балчак

sabja

Дибидус или до балчак се два турски збора кои во буквален превод значат рамно дно и дршка од сабјата, но во нашиот јазик попримиле сосема поинакво и многу интересно значење. Па така кога ќе ги употребите турцизмите дибидус или до балчак тоа значи дека ситуацијата е безизлезна, дојдено е до крај, до дно на дното, повеќе нема пат, нема ништо понатака, готово е.. Овие два збора имаат и навредлива и вулгарна варијанта во говорниот македонски јазик, па се употребува дибидус абдал, или дибидус будала кога за некој сакате да кажете навредливо дека сосема забегал, се изгубил ептен од умот. Да му се забие на некој до балчак не значи да му се зарие сабјата длабоко, до дршка како во турскиот јазик, туку да му се опне до јајца, се разбира не од љубов, туку од омраза.

Политичката криза во Македонија по цели три години е дојдена во ситуација да избираме меѓу дибидус или до балчак. Премиерот Никола Груевски реши овој пат да оди до балчак, само не знам дали ја избра турската варијанта да ја зарие сабјата до дршка или вулгарната. Познавајќи го добро мислам дека ќе остави да одлучи народот, односно секој сам да си избере што сака. Груевски во последното драматично обраќање до својот народ навести крај на неговото трпение и дека е време да се оди до балчак оти „некој се обидува да ја киднапира државата и да ја држи во заложништво“. Работата е дибидус забегана. Досега Груевски, штом му зажежи откриваше државни удари, пучови, преврати со уцени… Сега веќе се работи за киднапирање на државата и нејзино држење во заложништво. Тука веќе нема простор за толеранција и играње со ѓаволот, мора да се спасува и државата и народот.

Премиерот Груевски трауматично како најодговорен во земјата го доживеал киднапирањето на татковината, па смислил писмено и многу мудро соопштение до јавноста со кое го крева патриотизмот до точка на вриење, веднаш човек да земе пушка и да се бие со предавниците. Груевски во повикот за војна вели: додека ние мислиме на отворање нови работни места, на куќи за младите, на градење фабрики, патишта, нови болници, факултети, додека мислиме како да реализираме проекти од интерес за народот некој мислел на фалсификати, деструкција, сценарија, местенки, лажни конструкции и гнасни потези. Ова веќе не е политика, нашиот народ не го заслужил ова. Некој се обидува да ја киднапира државата и ја држи во заложништво, нашето трпение се ближи кон крајот….“ ако до пред некој ден мислевме дека опозицијата го допрела дното, сега е дефинитивно дека го пробија и дното. Ова мора да се истражи до крај, и сите виновници да одговараат пред законот…. “ праќа директиви Груевски. Значи до крај ќе оди премиерот. Редовното обвинителство побара најмалку дава месеца да истражи што е работата, ама владините труби и медиуми веќе знаат се’, кој и зошто фалсификувал, снимал, сечел и лепел, правел трговија за да ја дестабилизира и уништи Македонија.

Се’ е масло на опозицијата, таа подготвувала фалсификувани лични карти не за гласање по неколку пати во своја корист и да победи на избори, туку да ја компромитира победата на власта. Значи, се откри дека изборните штабови на ВМРО не биле во МВР како што е монтирано во прислушуваните разговори на министерката Гордана Јанкулоска и во разговорите на министерот Миле Јанакиески, туку фалсификатите биле печатени во фабриките за афери на опозицијата. И сега, како човек да не помисли што правела десет години нашата полиција, што работела кога некој со години прислушувал илјадници разговори на јавни личности вклучувајќи го премиерот, министрите, новинарите… и кој знае кого не. Опозицијата изградила цели фабрики за фалсификување на документи, за креирање и преправање на прислушувани разговори, а полицијата цело време поима немала што се случува. И наеднаш на чело на МВР доаѓа министер на опозицијата Оливер Спасовски и веднаш излегува вистината на виделина дека Македонија е киднапирана од непријатели кои сакаат да ја урнат.

Испадна работата дека власта била цели десет години целосно блокирана од опозицијата да не може да ги спроведе најосновните свои уставни обврски да ја чува стабилноста и безбедноста на државата. Ова ти било голем башибозук, на сите страни разни криминалци и агенти прислушувале кого сакале, ги следеле комуникациите на илјадници луѓе, отворале фабрики и печатници за лични кари и пасоши, на кој колку му треба за избори со специјални релации меѓу Пустец и Скопје, Куманово – Скопје, Скопје – Струмица насекаде дупки како во швајцарско сирење. Замислете опозицијата имала дупли избирачки списоци, па по нив печатела лични карти по неколку за еден човек. И тоа толку вешто се работело што со години никој не забележал ништо сомнително. Дури, деновиве е откриeно како стасале прислушуваните материјали до опозицијата. Работата е многу едноставна за разбирање и за мало дете. Партиски членови на СДСМ, познати криминалци инсталирале фабрики за производство на лаги толку вешто што десет години никој не можел ништо да открие. И сега кога еден новинар објави неколку текстови во „Фокус“ за фалсификувани лични карти, а министер за внатрешни работи стана Оливер Спасовски, наеднаш власта стана опозиција, а опозицијата власт. Си велам… работа навистина е забегана. Испадна дека опозицијата губела намерно цели десет години избори. Правеле фалсификати, прислушувале разговори и си молчеле за тоа за да победува власта.

Приказната за киднапирањето на државата и нејзино држење во заложништво ми личи на „држте го лоповот“. Еве и зошто Во специјалното обвинителство во обработка се цели 16 предмети поврзани во еден за големи изборни нерегуларности. Изгледа некому многу му се брза да ги судри двете обвинителства специјалното и редовното, кревајќи тревога дека отиде државата под управа на криминалци и опозицијата. Со нетрпението на Груевски е означен крај на Договорот од Пржино без да се реализира целосно ниту една негова точка прифатена од претседателите на најголемите политички партии и од парламентот. Освен, се разбира, што опозицијата се врати во Собранието.

Оваа игра ја открија и меѓународните посматрачи на изборниот процес во Македонија соопштувајќи дека ниту една обврска од Пржино не е реализирана и дека практично нема време да се спроведат фер избори. ОБСЕ/ ОДИХР прецизно укажува на сите клучни обврски кои се преземени, а не се завршени, што јасно покажува дека слободни избори во предвидениот рок не се можни. Сите забелешки на меѓународните посматрачи јасно покажуваат дека опструкциите одат на адреса на власта која го оневозможува со разни трикови и подметнувања функционирањето на специјалното јавно обвинителство, ја одложува имплементацијата на законите за слободни избори и за прочистување на избирачките списоци, ја попречува работата на Анкетната комисија, ги проблематизира медиумските слободи…

Во една ваква ситуација кога една по една паѓаат вода и брзо се откриваат приказните за „држте го лоповот“ и кога се ближи денот на оставката на премиерот мора да е многу тешко да се има трпение ако и самите верувате дека се вистина децениските лаги за големите успеси. Секогаш така почнуваат да паѓаат кулите од карти. Една ќе изместиш од местото и целата конструкција паѓа. Допрва ќе следи домино ефект од истрагата за кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните материјали. Ако не се спречи специјалното обвинителство во својата работа, мозаикот и на криминалот и на изборните нерегуларности може брзо да се затвори. Непартиски премиер со привремена коалициска влада составена од министри предложени од парламентарни партии, која ќе работи до завршување на работата на Специјалното обвинителство, е патот за излез од кризата по што можат да се одржат слободни и фер избори. Вака постојано ќе бидеме соочувани со нечие трпение, со измислени државни удари, пучови и киднапирана држава.

Работата отиде дибидус до балчак.

(Објавено во Утрински)

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *