Не е точно дека во густа магла не се гледа ни прст пред око. Навистина, може некој да не си го види ни прстот ни носот пред очи и да залута, но факт е дека најдобро се гледа и се чувствува загаденоста на човековата околина баш во магла. Маглата како тесто ги покрива и задушува сите што клечат понизно и уплашено. Колку повеќе си наведнат со главата до земјата, толку загаденоста е поголема и поопасна по здравјето на луѓето. Смогот и отровите не дозволуваат сонцето да ја исуши маглата, да испари водата и конечно да ги огрее поданиците паднати на колена како на молитва пред Господ.
Само тие што се исправени храбро простум не мора да се качат на планина за да го видат чистото сино небо, сонцето и иднината. Тие знаат дека се’ си врви по небото по своите космички патеки и ѕвездите и месечината и планетите, тие се таму и кога не се гледаат покриени со црни облаци и во најгусти магли и во темни ноќи. Небото над Македонија има исто толку ѕвезди колку и небото над сите градови на земјината топка. Само што негде се гледаат, а негде не можат да се видат и во ведри ноќи. А дали ѕвездите се секаде на број проверуваат тие што не веруваат или тие кои навреме полуделе. Несреќата на тие што се далековиди и ги видуваат нештата и при магла е во тоа што секогаш се помалобројни од тие што се кусогледи и не можат да видат ништо и во вид виделина.
Науката веќе од поодамна измислила вештачки дожд, снег, храна… до роботи и компјутери… Меѓутоа, вештачка магла не е измислена од науката, оти таа не е здрава и не му помага на човештвото. Од неа нема потреба. Затоа, пак, создавачи на идеална магла се политичарите, особено пред избори кога сакаат многу работи да ги направат невидливи. Оваа доцна есен и првите денови на зимата половина Македонија е потоната во магла. Се откри драматично загаденоста која стана опасна по животот, поголема е од десет до сто пати над дозволеното. Некој пуштил вест дека годишно умираат 1.500 луѓе од загадување на воздухот, водата и почвата. Оваа вест никој досега не ја демантирал. Има и други застрашувачки вести поткрепени со прецизни податоци дека Тетово и Скопје, двата главни градови на коалициските партнери во поделба на власта, се меѓу најзагадените во светот. Сигурно тоа нема никаква врска со Владата и политиката бидејќи власта и нејзините приврзаници го сметаат загадувањето како природна појава, а ако има некој виновен, тоа се луѓето кои возат стари автомобили и сиромаштијата која се грее на дрва и, се разбира, претходните власти, кои не изградија гасоводи и не ја гасифицираа Македонија и не изградија прописни депонии, не водеа сметка за човековата околина и не ги пошумуваа голините. Зошто би била виновна за загадување власт која владее успешно цела деценија во идеални услови на постојана вештачка магла и ветер.
Далековидите во Тетово и во Скопје протестираат, а кусогледите се молат да дувне силен ветер од Шар Планина и да разведри. Поданиците пак бројат ѕвезди, не им пречи густата магла, за една деценија научија и навикнаа да живеат на слепо.
Во такви идеални услови политичарите произведуваат големи количества ветер и магла. Час разведруваат, час наоблачуваат, час поплавуваат, час расчистуваат, час градат, час уриваат, час опожаруваат, час гаснат… Нема друг начин да се затскријат големите срамотилаци и апашлаци освен да се држат луѓето во темница и да живеат со години во магла. Во таква клима може да се прогласи нормалното за ненормално и обратно, ненормалното да стане нормално и да преставува високо достигнување и успех. Во таква средина на постојана магла кукавичлакот е храброст и патриотизам, а вистинското јунаштво е предавство и непријателски чин. Во магла арамиите и криминалците изгледаат многу чесни, а чесните лесно се прогласуваат за крадци. Големите јата гуски кога летаат во магла го грешат патот и тогаш избираат инстиктивно едно од две решенија, или се спуштаат на земја соочени со ловџиски пушки и кучиња ако немаат среќа, или се креваат високо над маглата и над облаците од каде што имаат најдобар поглед и ориентација слободно да летаат кон југ. Во магла не се гледаат сите црнила на политиката и лошото владеење, но се гледа загаденоста. Природната магла се крева сама штом се качи температурата или дувне ветер, а политичката магла треба да се расчисти со јаснотија и со една поинаква жешка атмосфера, која не зрачи од сонцето, туку од луѓето.
(Објавено во Утрински)


