Колку ќе ја чини Македонија да остане Груевски премиер и да владее неконтролирано до 2020 година? Тоа тешко може да се пресмета и во американска НАСА и во руската вселенска агенција, иако досегашните цени за задржување на власта се познати. Тоа е равенка со 20 непознати и една позната катастрофа.
На последните два изборни циклуси кои под сомнителни околности и со низа нерегуларности им донесоа победа на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски, Владата инсталира специјален предизборен коруптивен и таканаречен релаксирачки буџет во кој три- четири месеци пред избори вбризгуваше 250 до 300 милиони евра заем од светските банки. Тие стотици милиони евра се трошеа немилосрдно во предизборната кампања, создавајќи армија од владини и партиски клиенти. Сега првичната цена за останување на Груевски на власт, изразена во пари, ќе биде далеку поголема бидејќи трошоците за зачувување на власта драматично се зголемија затоа што десетгодишната предизборна кампања овој пат има десетмесечен финиш кога се делат пари со шака и со капа. Вкупниот износ народни пари кои Груевски лично ќе ги потроши до 24 април 2016 година изнесува околу 500 милиони евра, односно колку што е поголем буџетот за идната година. Тоа е цената што ќе ја платат граѓаните на Македонија, без оглед дали Груевски ќе победи или ќе изгуби на изборите. Тој секако ќе потроши 500 милиони евра. Еден дел веќе потроши. Цената, пак, за последиците од неговото евентуално уште четиригодишно владеење никој не може да ја пресмета, ни во пари, ниту пак постои мерка како да се измери трагедијата на заостанување на Македонија далеку на дното на Европа. Тоа се веќе космички димензии на мизеријата и сиромаштијата што ја сардисаа државата цела деценија…
Цената на задржување на власта првпат излезе на виделина на 24 декември 2012 година при обидот на опозицијата да се спречи донесувањето на уште еден коруптивен буџет со дебела и скриена предизборна ставка. На 24 декември 2012 година дојде до најголемиот парламентарен скандал во Македонија, тој ден и почна политичката криза која трае до ден-денес. Таа „вратоломејска ноќ“ (проф. Шкариќ) која е снимена и документирана Груевски направи државен удар и без ниеден испукан куршум го суспендира парламентот претворајќи го во карикатурална и послушна едноумна гласачка машина.
На тоалетна хартија заврши тепањето од тајната полиција на опозициските пратеници и нивното насилно исфрлање од највисокиот законодавен дом, од нивните работни места дадени од граѓаните. Истиот ден Груевски ги потврди целосната медиумска контрола и воена цензура, исфрлајќи ги и новинарите од Галеријата каде што со децении непречено медиумски се следи работата на Собранието. За најсрамниот чин во парламентарната демократија на Македонија, од АСНОМ до денес ќе бидат цели 72 години, Груевски ја обвини опозицијата оти наводно сакала да прави пуч. Тоа е само бесмислена, грда и арогантна оптужба на волкот дека јагнето му ја мати водата, иако пие низводно од него. Така на изборите победија тајната полиција и муштериите платени со милионите од државната каса. Оттогаш наваму го гледаме во живо хоророт со последиците од едно деспотско владеење.
„Бомбите“ на Заев се вториот државен удар што и’ го приреди Груевски на Македонија. Овој пат не беше суспендиран парламентот туку под контрола се ставени над 20.000 луѓе главно познати и јавни личности. Целиот македонски естаблишмент бил следен во чекор и прислушувана секоја нивна телефонска комуникација. Снимени се со години милиони телефонски разговори, арамилаци, закани, уцени, кадровски и други местенки, една невидено црна слика на деспотија, примитивизам и провинцијализам, лакомост и алчност, незапаметено цицање на крвта на граѓаните. И се разбира, Груевски истрча прв на теренот, пред да пукнат „бомбите“, да и’ објасни на нацијата дека опозицијата подготвувала пуч и дека бил уценуван да ја напушти власта, дека се работи за странски шпиони и разузнавачи кои со комбиња шетаат низ Скопје и ја снимаат власта потоа, сечат, лепат, креираат и монтираат лажни сведоштва. Се разбира, тоа беше уште една голема лага, бидејќи подоцна Груевски призна дека немало странци, туку тоа биле наши луѓе, но некои од нив слушнале и нешто од што се крева косата на глава и што треба да го знае овој народ. И сега кога се’ се знае и кога во вакви ситуации, ако има малку срам и перде и човечко достоинство, се заминува од политичката сцена и се отвора простор на судот да си ја заврши работата без притисоци, Груевски одлучи да го трча низ Македонија последниот маратон и да придобива гласови трошејќи 500 милиони евра. Како пожарникар гаси пожари кои пламнуваат на сите страни, санира поплави од нерасчистените речни корита и суводолици, отвора фабрики, вработува луѓе, качува пензии, дели ордени, медали и социјална помош, обесштетува граѓани чии имоти настрадале од невреме, од пожари и од други несреќи. Раздава штедро стипендии, кредити, станови, простува долгови, гради патишта и автостради, рудници и болници, лечи луѓе… Сето тоа го прави како деспот кој дели надеж и милостина на своите поданици. Се јавува со телефон да ургира кај себеси да им се помогне на луѓето кои се уништени поради блокираните институции на системот.
Груевски го трча последниот круг прилично осамен од своите сопартијци. За жал, во ВМРО-ДПМНЕ немаше храбри луѓе сами да ја завршат работата и да си ја спасат партијата. ВМРО-ДПМНЕ избра да ја дели судбината со Груевски.
(објавено во утрински)


