Banner
Мое ќоше

Колку трае мандатот на Груевски

grujo

Го гледам и слушам премиерот Никола Груевски веднаш по договорот со еврокомесарот Јоханес Хан за разрешување на кризата во Македонија и не можам да си верувам на очите и на ушите. Откако изрази задоволство од постигнатиот Договор и го оцени како позитивен импулс и откако повика на конструктивност, ја соопшти најголемата невистина, да не речам лага, што јавно ја изрекол некој македонски премиер. Груевски изрази жалење што не му било овозможено да го заврши својот четиригодишен мандат за да ги заврши сите проекти и дека на граѓаните им е преку глава од предвремени избори.

Верувале или не, ако не сте слушнале ова го кажа јасно и гласно премиерот Груевски. Еве уште еднаш прецизно од збор до збор што кажа Груевски: „Хендикеп е во овој период што граѓаните не можат да видат како изгледа еден целосно завршен мандат на ВМРО-ДПМНЕ со сите завршени проекти и жалам што во овој период не успеавме и не ни беше овозможено во целост да го завршиме мандатот и да ги покажеме нашите перформанси и учинок пред граѓаните по четиригодишни мандат. Ние сме свесни дека на граѓаните им е преку глава од предвремени избори и тие сакаат да видат целосно завршен мандат на оваа влада и поретко избори“.

Не знам, Вие почитувани читатели, ама јас морав да се штипнам за да бидам сигурен дали сонувам, или навистина премиерот ова онака „конструктивно“ и го соопштува на јавноста. Си велам, боже, каде ние живееме кога не знаеме колку трае мандатот на Груевски и кога не знаеме во државата кој носи одлука за предвремени избори. Во колкава голема заблуда сме биле што сме мислеле дека Груевски е премиер цели девет години. Тој раководел со владата само една година и бил оневозможен да ги покаже перформансите и да ги заврши проектите, со други зборови морал против неговата волја да го прекине мандатот и да оди повторно на предвремени избори. Груевски, всушност, бил принуден постојано цела деценија од неговото владеење да оди на предвремени избори. Вакво нешто немам видено ни во кино „Бамби“, каде што едно време се даваа филмови за деца. Изгледа како што може да се слушне повеќепати од снимените разговори во скандалот „пуч“, навистина Груевски сите не’ есапи за аморфна маса која може да ја меси како сака.

Ако во Македонија парламентот носи одлука за предвремени избори, а овие девет години се одржаа четири пати парламентарни избори, а во целиот тој период ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Собранието, тогаш кој може друг да ја донесе одлуката за предвремени избори ако не Груевски. Или можеби Груевски и тогаш морал да го прекинува мандатот против своја волја или тој смета дека три редовни четиригодишни мандата се како еден мандат за да ги заврши своите проекти. Од 2006 до 2018 година има само 12 години што би можел според неговата математика да биде еден целосен полн мандат колку што му треба на Груевски. Или можеби во Македонија има и таков човек што може да поверува дека мнозинството во парламентот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, гласале против волјата на Груевски, па го принудувале постојано да оди на предвремни избори, да не може човекот да си заврши раат еден четиригодишен мандат. Тоа е можно бидејќи парламентарците на ВМРО-ДПМНЕ се познати по тоа што ги застапуваат гласачите и мислат со своја глава, не подлегнуваат на притисоци од премиерот и од Владата. Па имајќи предвид дека на гласачите иако им е преку глава од предвремени избори, храбро кренале рака да се оди на избори иако не биле редовни и иако Груевски не сакал никако предвремени избори.

Да, вакви работи се случуваат во демократски и слободни општества, а бидејќи Македонија никогаш не била подемократска и послободна, зошто такво нешто да не се случува и кај нас.

Еве како Сергеј Гуриев, професор по економија на парискиот институт за политички студии и Даниел Трејсман, професор по политички науки на Универзитет во Калифорнија во Лос Анџелес ги препознаваат новиот тип авторитарни владетели. Тие во својата статија во „Њујорк тајмс“, што пред неколку дена ја објави и „Утрински весник“, велат дека новите диктатури ја концентрираат моќта, ја задушуваат опозицијата и ја укинуваат внатрешната контрола, а притоа речиси и не користат сила. Постои опасност, велат авторите, овие нелиберални лидери да го преобликуваат светскиот поредок во согласност со нивните потреби, а принципите на слободата и правата – иако донекаде ги поддржуваат западните сили – да ги заменат со цинизам и корупција. Западот мора да сфати како функционираат овие режими и како да им се спротивстави.

Гуриев и Трејсман откриваат дека новите автократи често доаѓаат на власт преку релативно фер избори. Меѓународната заедница некогаш ги оценува овие избори како транспарентни, мирни и ненасилни. Растечката поддршка на јавното мислење е поевтин и поефикасен пат кон освојување на власта отколку теророт, затоа новите автократи ги користат пропагандата, цензурата и други информациски трикови за да го зголемат својот рејтинг и да ги убедат граѓаните дека се подобри од достапните алтернативи. Тие негуваат неодредена одбојност кон Западот. Таквите лидери кога економиите им функционираат добро ги неутрализираат потенцијалните критичари со материјални награди. А, кога времињата се тешки, користат цензура. Новите автократи ги подмитуваат сопствениците на медиуми со договори за рекламирање и се закануваат со тужби за клевета.

Што уште прават новите диктатори. Немојте да се изненадите, но според истражувачите тие негуваат мал дел од демократската опозиција со цел да се стимулира постоење на конкуренција. Обрнете внимание на она „мал дел“, што се надоврзува на констатацијата дека новите автократи силата ја употребуваат штедливо, што е нивна главна иновација. Тие не ги ликвидираат политичките противници како некогашните диктатори Хитлер и Иди Амин или сегашниот Ким Јонг-ун, новите автократи се во состојба сурово да се пресметаат со сепаратисти (предавници и домашни непријатели м.з.) и да ги претепаат демонстрантите. Но, насилството ја открива вистинската природа на режимот и поддржувачите ги претвора во противници. Денес диктаторите категорично негираат соучесништво во случаи на убиства на опозициски активисти и новинари. Но насилството не е само скапо – тоа е непотребно . Затоа новите авторитарни владетели повеќе сакаат да ги блокираат политичките противници со бескрајни судски процеси, сослушувања и други правни формалности. Нема причина да создаваат маченици кога своите политички противници може да ги победат така што им го трошат времето, се мисли по судови. Е кога тоа не помогна, тука се долгите притвори и затворски казни обично за затајување данок и други видови криминал.

Што мислите дали во овие само накратко соопштени оценки објавени во „Њујорк тајмс“ може да се препознаат и нашите прилики и нашиот премиер Никола Груевски. Статијата е напишана за владеењето на нелиберални лидери како Алберто Фуџимори во Перу, Владимир Путин во Русија, Виктор Орбан во Унгарија, Реџеп Таип Ердоган во Трурција, Мохатир Мохамед во Малезија и Хуго Чавез во Венецуела. Со мирна совест на овој список би го додал и Никола Груевски бидејќи ги има сите специфичности и карактеристики, дури и повеќе од тоа што се наведени во истражувањето на познатите универзитетски професори Гуриев и Трејсман.

Интересно е нивното обраќање на крајот кое не е до граѓаните на овие земји кои се соочени со диктатура и новите авторитарни владетели, туку до владите од развиените западни земји. Тие заклучуваат: Западот, пред се’, мора да се позанимава со својата улога во овозможувањето на дејствување на такви автократи. Лобирањето во полза на диктатори треба да се смета за сериозно прекршување на деловната етика. Западните демократии треба да обезбедат објективно емитување вести на локалниот јазик, со цел да им парираат на пропагандата и цензурата. Но треба да се има на ум дека граѓаните не добиваат информации само преку пропаганда, туку и тоа што самите го гледаат колку заработуваат новите автократи и нивните најблиски соработници и поддржувачи.

Паниката во нашата автократија, во Македонија, настапи кога граѓаните преку прислушуваните разговори видоа каде завршуваат нивните пари и за колку чесна власт се работи.

Коментирај:

коментари:

Овој текст има 2 коментари

  1. Ајван Доктор®

    Гwујокио и ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ да добијат и два доживотни мандати ние нема да видиме целосно завршени проекти!Поминете крај Триумфалниот капиџик ќе видите асфалт што пропаѓа и раскршени плочки од 1972 кога е изграден ГТЦ!Новоизградените згради се недоправени,секој споменик е недовршен кич!Лавовите од „Воинот“требаше да се вртат,да играат и да пејат според првичната замисла!Не знам зошто Ерол го дели мислењето на Гуриев и Трејсман,дека единствено „Западот може да се спротистави“на „диктатури кои постојат единствено на Истокот“!Си имаат и тие свои забегани Гwуевци (Берлускони,Орбан,Саркози),но таму менталитетот не им дозволува да се постават над законите,народот не молчи и веднаш излегува на протести,правниот систем не е партизиран и многумина завршуваат со казни за криминалот!Најдобар пример за тоа е Јерг Хајдер!Кога влезе во владата и претеше опасност да седне на премиерско место преку 300.000 граѓани излегоа на улиците на Виена и тој мораше да си замине дури и од партиското водство!

  2. Aleksandar

    Почитувани,ништо не е случајно ако случајното редовно се повторува.Значи има некоја закономерност,и веројатно некој кој ја подржува .Овој нов “мек“ фашизам кој многу лесно може да стане и“тврд“,неприметно се инсталира најнапред во поранешните социјалистички земји,а веројатно следи ширење на Запад.Европската десница подржана од крупниот капитал после уништувањето на Социјализмот,полека ги демонтира Комунистичките партии,па синдикатот го сведе на Лоби-група,а државата ја замисли како една корпорација.Во бизнисот прво се сечат давачките за плати/трошоци/ и социјала каде веке нема кој да се буни,потоа се менува даночниот систем,па изборниот систем,какде се оди напропорционалност, двопартијност и затворени листи,на крај се зборува дека народот,државата и татковината се едно и доаѓаме до Фашизмот.Нашиот премиер е мал “Дуче“,толериран и негуван од европејците веке девет години,им ги исполни сите желби,во оваа земја нема работнички права,работниците умираат на работните места а никој не одговара, странскиот капитал има повеке права од домашниот.Е сега кога тој помисли дека тој е газда и почна да прави глупости кои не им одговараат на газдите од надвор, ред е да се смени ама “демократски“,со олеснители…хехе…ептен демократски.Шансата е во демократијата ама таа веке и во ЕУ не постои….

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *