Banner
Си велам

Има ли сила ВМРО да го смени Груевски

nikola-gruevski-03

Нема слобода и демократија без жртви во храбрата борба на мнозинството граѓани против режимот и тиранијата

Познати јавни личности, членови на ВМРО-ДПМНЕ, поранешни министри, амбасадори, универзитетски професори и угледни граѓани јавно побараа радикални промени во партијата и враќање на демократијата во државата. Велат: сакаат да го спасат ВМРО-ДПМНЕ и да ја извлечат државата од агонија, да го вратат угледот на Македонија, со тоа што ќе ги вратат слободата и демократијата, мирот и стабилноста во земјата и во политички демократски натпревар, заедно со другите политички партии ќе ги отворат европскиот пат и перспективите и на земјата.

Кога вакво нешто ќе се слушне, колку и да е реалноста сурова и безнадежна, на слободоумните луѓе им доаѓаат верба и зрак светлина дека и во ВМРО-ДПМНЕ има разумни сили кои не се стеснуваат да кажат гласно и јасно што мислат, а не само да шепотат по телефон, а потоа таа храброст кукавички да ја негираат и јавно да се потурат со пепел тврдејќи дека тоа се креирани и монтирани разговори. Недостасува уште да кажат дека тоа не се тие, туку некој друг. И навистина е така, ако малку подобро размислите, ќе видите дека тоа не се истите луѓе што се прислушувани кога зборуваат на телефон со оние луѓе кога јавно нешто кажуваат. Само гласот им е ист и речениците им се многу пологични и пореални, во согласност со нивната работа и со нивниот карактер, кога зборуваат на телефон, отколку пред ТВ-камери и микрофони. Во медицината тоа се вика подвоена личност.

Значи, по појавата на нови струи кои не одат по матицата туку спроти, во единствената легална револуционерна партија во Европа, суштинското прашање е дали има во партискиот врв сили посериозно да му се спротивстават на Никола Груевски на неговиот авторитарен механизам на владеење и на неговите конспиративни инсталации, што е историска одлика на ВМРО можеби пригодна за едно време пред сто години, а денес е ужасен апарат за тортура и ликвидација на сите кои не се согласуваат со вождот. Можно ли е демократско решение во самата ВМРО-ДПМНЕ за излез од тешката политичка, економска, духовна и морална криза во која западна државата со лошото владеење на една група луѓе, ќе биде цела деценија. Тешко е да се поверува во тоа, иако се слуша дека царот е гол. Да, навистина царот е гол, ама ако имате розови леќи кои се вградени доживотно, тогаш само една идилична слика ќе имате пред очите: како пастирот го напасува кроткото стадо и си свири на кавал, та дури и кучињата не смеат да лаат.

Некогашните надежни момци на партијата, сега зрели луѓе, бараат крај на ерата на груевизмот и пад на режимот. Јове Кекеновски од една страна со своите приврзаници, а од друга страна, Никола Димитров, Владимир Лазаревик и Перо Димшоски со своите истомисленици имаат иста цел: демократија и слобода. Таа борба не може да биде ексклузивно право само на сегашната здружена опозиција, туку на целата држава и на сите граѓани. Убаво е да се чуе и да натера на размислување ако ништо друго барем да се дојде до сознание дека ако ВМРО-ДПМНЕ има сили да расчисти со својата политичка олигархија, тоа би било голема гаранција дека никогаш повеќе на Македонија нема да и’ се случи такво зло какво што со денови слушаме на конференциите за печат што ги соопштува Зоран Заев преку малкуте медиуми кои успеваат да преживеат во ова време на корумпирани и контролирани средства за јавно дезинформирање на граѓаните.

Јавните личности кои до неодамна имаа значајни позиции во државата одбраа да не молчат поради понижувањето на демократијата и на граѓаните, поради узурпација на институциите на системот и злоупотребите на власта. Холандската тројка, како што ги нарекоа медиумите Димитров, Лазаревиќ и Димшовски, се совпаѓа со погледите на проф. Кекеновски кој дома легално и легитимно ја води битката за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ. Новите надежи на ВМРО-ДПМНЕ бараат враќање на партијата на граѓаните. Се бара лична и политичка одговорност за она што и’ се случува на Македонија и за изгубениот углед со големиот скандал на прислушување на илјадници граѓани и јавни личности.

Нивните барања имаат класични граѓански програмски цели за ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ и главно се насочени кон демократијата, слободата, Уставот, правната држава и Европа. Инсистираат на изградба на силни институции. Се декларираат за противници на авторитарни лидери, прокламираат политички дијалог, толеранција, враќање на опозицијата во парламентот. Клучната определба, која ја соопшти Никола Димитров, а која ми личи на своевиден манифест, гласи: „целосен пораз на стравот, целосно искоренување на криминалот, целосна медиумска слобода, поголема политичка и комуникациска култура, безрезервна поддршка на критичката мисла, но и целосен пораз на глупоста. Ги повикуваме членовите, симпатизерите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ да исправат глава и да се одважат и да кажат НЕ.“ Четворката бара одговорноста да ја преземе сегашното раководство за своите постапки и грешки. Но и сопствената одговорност веднаш ја најавуваат, подготвени се да го преземат нанесениот срам врз државата и врз партијата и за тоа сакаат да разговараат со опозицијата со чиста совест, пишува Димитров и одважно се определува дека нема да дозволат „ВМРО врз кого заедно со АСНОМ почиваат темелите на Република Македонија да бидат историски делегитимирани поради група луѓе кои го изгубиле политичкиот компас.“ Димитров вели дека кога МВР ќе стане штаб на партијата, се укинува државата. Поостра оценка и од десницата и од левицата не сум чул по објавените снимени разговори на министерката Јанкулоска за тоа како имала на располагање два изборни штаба, еден за странците, и еден таен во МВР за предизборни местенки и нерегуларности. Партизацијата на полицијата е јасно видлива подолго време, но со обелоденување на снимените разговори конечно се узна целата монструозна злоупотреба на полицијата во партиски цели.

По ваков критички настап на познати личности на ВМРО-ДПМНЕ, што може да се очекува. Сигурно не отворена и јавна дебата и расправа. Груевски и неговиот штаб и неговите медиуми за одбрана на татковината ќе распалат со анатеми и сатанизација на овие личности кои се дрзнале да ги спасуваат ВМРО- ДПМНЕ и државата. Ќе се извади тешкиот арсенал за компромитација не поштедувајќи ги ниту нив, ниту нивните членови на семејствата, се’ до прадедовците и чукун-дедовците, прабабите и целата фамилија. Ќе се бара ДНК на чистотата на нивниот македонизам и патриотизам, ќе се истражува се’ по список додека не испадне некое ливче за неплатена сметка, или извештај на пијан агент на УДБА или КОС. Ќе се оди до крај да се растури оваа „четиричлена банда“ против преродбата како што Кинезите се пресметуваа со противниците на културната револуција.

Премиерот Никола Груевски и натаму упорно ќе повторува дека ова е заговор, обид за пуч, државен удар, замешателства на странски служби и агентури, неговите извршители и бранители на Македонија ќе откриваат се’ повеќе странски платеници. Кога ќе стане ептен жешко, ќе се врати во своето упориште од каде што спектакуларно ќе обелодени дека сето ова е сценарио за да се продаде уставното име на Македонија и да се приграби власта од петтата колона. Груевски својата премиерска и лидерска позиција сам ја прогласи за национален и државен интерес. Тоа е главната лектира низ вмровските штабови овие денови кога се подготвува последната битка со непријателите кои сакаат да ја земат власта. Такво нешто не си дозволија ни најголемите светски лидери што го задолжија светот. Изедначувањето на државните и националните интереси со премиерската функција и со опстанокот на власта фатена на дело како ги крши Уставот и човековите права и слободи е својствено само на деспотии и тирани. До каде ќе стигне холандската тројка, или македонската четворка, здружената опозиција и слободоумниот дел на Македонија не е тешко да се погоди. Тешко е да се процени какви катастрофални последици ќе останат зад неодговорното, арогантно, примитивно и разуздано владеење со парите на најсиромашниот народ во Европа.

На Mакедонија ќе и’ треба двојно подолго време за рехабилитација отколку што трае страховладата. Покрај тие, да се надеваме во најдобра варијанта, „само“ десет години што ни ги украдоа од нас современиците, ќе им одземат најмалку уште 20 години од уште неродените деца.

 

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *