Banner
Мое ќоше

Владата ни наздрави со шампањско

Аирлија ново задолжување на државата за околу 500 милиони евра. Целата земја ја обли голема радост, да се добијат толку милиони за бадијала. Медиумските камбани низ земјата и дијаспората ја објавија ненадејната среќа што не’ снајде сите. Здравје боже, в година напролет, нов заем уште поарен од овој. Премиерот, министрите и целата влада обзнанија со вознес дека парите не ни требаат, ама ќе ги земеме оти биле за џабе и немало смисла да ги одбиеме преку стоте светски финансиери, ептен добри лихвари кои капнале од молење да им ги земеме парите.

Ни нуделе луѓето преку милијарда евра, ама еве скромно сме зеле само половина од тоа што ни давале и тоа за да не се навредат. Ми дојде убаво на душата како лично премиерот да ми наздравил со шампањско од 500 милиони евра и како да ми дал 250 евра колку изнесува само мојот дел, е сега дали јас ќе го вратам или некој друг за период од седум години со каматичка од само 3,97 отсто годишно, тоа мислам не е толку важно.

Во тој миг нашиот премиер ми заличи на шампионите кои возат „формула 1“ и кои по победата качени на тронот тресат едно големо шише шампањско, од кое кога ќе летне тапата под притисок, половината како пена се истура на земја, другата половина ја пијат среќните шампиони. Овој голем ќеиф го плаќаат тие што се трујат со цигарите на светските брендови. Разликата е во тоа што возачите на „формула 1“ многу ризикуваат, а кај нашите тркачи по пари низ светот нема никаков ризик. Тие зајмат и трошат комотно без контрола колку сакаат и за што сакаат. Парите ќе ги враќаат сите, не само пушачите.

Додуша, уште не се знае колку од тие силни пари ќе влезат во државната каса, а колку нема ни да ги видиме оти ќе си ги задржат тие што ни ги дале за да наплатат некои стари заеми кои стасуваат за враќање. Тоа премиерот со стручен експертски јазик го нарече рефинансирање на стари долгови. Убаво звучи, нели, рефинансирање на стар борч. Тоа му доаѓа како кога му должиш на некого пари и пред да ги вратиш како што е договорено му викаш дај му уште еден заем малку поголем, па ќе ти ги рефинансирам парите. Нема проблем, договорено – сторено: пара на рака, Мара под рака.

Се разбира, нешто од силните милиони ќе влезе и во заедничката државна каса. Непријателите и предавниците на татковината прашуваат како ќе се врати новиот долг, колку изнесуваат вкупните долгови, зошто се потрошени парите, тресат зелени, се глупост до глупост. Никогаш не ја совладаа вмровската економска доктрина, која многу едноставно се објаснува. Како стасуваат старите долгови така, ќе се земаат нови заеми. Еден дел ќе се враќа, другиот дел ќе се троши како што си е редот и законот и како што ќе каже благајникот на касата. Така едно две-три децении, па после нека му ја мисли тој што ќе ги наследи касата и долговите.

Колку чини најновиот кредит со најниска камата во историјата на македонското заборчување мислам дека најдобро го објасни поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. Тој вели оваа влада веќе постигна еден голем рекорд во историјата на заборчување 2009 година, кога се задолжи со камата од 9,8 отсто. За заем од 175 милиони евра вративме камата од скромни 230 милиони евра. Затоа беше и оној ќотек на пратениците и новинарите на црн понеделник 24 декември 2012 година. Спречувањето на тоа задолжување во Парламентот значеше признавање на банкрот, па власта природно, тоа го доживеа како државен удар. Затоа светот играше мајтап со нас дека ќотекот излегол од рајот и од македонското Собрание. Сега, по 24 декември 2012 година, власта е раат и се задолжува спокојно колку сака и кога сака, нема кој да се буни во Парламентот и да ги стопира евтините задолжувања, да бара отчет како се потрошени парите и слични антидржавни блокади. Не знам зошто воопшто има потреба да се разговара за задолжувањата во парламент без опозиција и во држава без дебата на различно мислечки луѓе кога Македонија е најниско задолжена земја и кога добива најевтини пари на заем.

Еве, на пример, овие 500 милиони евра заем што ни ги дадоа над 100 светски финансиери. Зошто би требало за тоа да се прави муабет кога колку чини сметката, ќе се види кога ќе се вратат парите. Значи, ако прифатиме дека ова е вториот рекорд на Владата, едниот беше со највисоки камати 9,80, а овој со најниски 3,97, тогаш како да се измери големината на долгот и успешноста во инвестирање на кредитите. Има само еден начин кој се применува во демократскиот свет каде што секој граѓанин во секое време со два-три клика на компјутерите може да види колку се задолжува државата. Во Њујорк, на пример, на „Тајмс сквер“, на видеобим, во секое време на денот и ноќта може да се види колку Америка се задолжува секоја минута. Со малку повеќе упорност може прилично лесно да се открие и зошто се потрошени парите, кој и како ги враќа. Кај нас се вртат две бројки за вкупните долгови. Едната која Владата го признава, ама не го кажува гласно апсолутниот износ кој заедно со најновото задолжување од 500 милиони евра ја надминува сумата од 3,2 милијарди евра што му доаѓа по околу 1.600 евра по глава на жител без камата. И уште еден долг за кој владата молчи и кој не се знае колкав е. Тоа е долгот на општините, државните фондови, агенции и компании за кој велат дека не е помал од овој што го прифаќа Владата. Двата заедно мерено по глава на жител се над 3.200 евра. Во просек околу 15.000 евра по семејство. Тоа е износ за ниско задолжена земја, најсиромашна во Европа, а замислете да сме високо задолжени, како што има недомаќински држави, влади и семејства.

Коментирај:

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *