Tag Archive | "Јохан Тарчуловски"

Tags: ,

Тарчуловски за претседател

Posted on 22 September 2017 by erizaov

150610360062947

ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски ептен му ја симнаа цената на Јохан Тарчуловски кандидирајќи го за градоначалник на скопската општина Кисела Вода.

Евтино ги потрошија високите дострели на овој голем патриот и борец за слобода, ценет и угледен граѓанин на главниот град, позната јавна личност. Јохан Тарчуловски со своите дела и заслуги мораше да биде кандидиран за претседател на државата со што ВМРО-ДПМНЕ и неговиот партиски врв целосно ќе се рехабилитираше од сите клевети и лаги кои му се налепија во изминативе години од разни надворешни и домашни непријатели.

Тарчуловски за престедател на Македонија ќе беше достојна замена на сегашниот претседател Ѓорги Иванов и силна потврда на политиките на најпатриотската и најреволуционерна политичка партија. Овој потег би бил грандиозен демократски исчекор на целата држава, убава слика за Македонија во светот. Таквиот избор ќе прати силна порака до сите луѓе на земјината топка дека воените злосторства можат да бидат исплатлива инвестиција.

Ете така вмровските кадровици му ја уништија политичката кариера на Тарчуловски, наместо на два милиони граѓани да им биде татко на нацијата, сега ќе мора да трча во трката за да управува со шеесеттина илјади скопјани вклучуваји повеќе скопски села чиј атар зафаќаат респектибилна површина од територијата на жална Македонија.

По оваа шокантна вест дека Тарчуловски е кандидат за градоначаник на Кисела Вода нормален човек не може, а да не се праша: добро бе луѓе има ли таму во ВМРО-ДПМНЕ некој кој е свесен каква порака со оваа кандидатура се испраќа и дома и ширум светот.  Човекот одлежа десет години затвор како осуденик на Хаг за воени злосторства. И наместо да се остави на мира, како и што беше удобно згрижен од партијата, ама на државна сметка, сега ВМРО-ДПМНЕ го нуди Тарчуловски на кантар сметајќи дека убиствата извршени во скопска Црна Гора и пресудата во Хаг се одличен влог за победа и спасување на власта од правдата за други злодела извршени во време на 11 години владеење без контрола. Што сака ВМРО-ДПМНЕ да докаже со оваа кандидатура освен дека се смртно уплашени од соочување со правдата. Дали тие луѓе мислат дека изборот на Тарчуловски за градоначалник е негова рехабилитација, или рехабилитација на државата. Дали изборот на Тарчуловски е доказ за невиност на избори, а не во судница и пред непристрасни судии.

Како што Никола Грувески и семејството страхува од пораз на локалните избори што води кон соочување со правадата, така, чинам, деновиве страхуваат, могу луѓе кои не се партиски загрижени, што ќе значи Тарчуловски да победи на избори, па и да изгуби со добиени повеќе десетици илјади гласови на луѓе кои заокружиле воен злосторник за градоначалник. На каква вага ја става ВМРО-ДПМНЕ Македонија со оваа кандидатура. До таму ли сатсаа Груевски и семејството да се одбранат со осуденик од Хаг. Па само ијада луѓе да гласаат за Тарчуловски е трагична порака за угледот на Македонија. Великодостојниците на ВМРО-ДПМНЕ досега повеќепати со разни постапки покажаа дека не ја признаваат пресудата од Хаг, но овојпат тоа го направија најдиректно и најарогантно. Потврдата дека Тарчуловски не е осудуван како основен предуслов да се учествува на избори,  е објаснета со небулозата дека тоа се однесува само на домашните пресуди, а таму пресудата на некој си суд за воени злосторства во Хаг е добра препорака само за политичка и бизнис кариера. Брука невидена.

Од друга страна, една друга хашка пресуда на судот за правда во прилог на Македонија дека Грција не го почитува договорот и ја попречува неправедно Македонија во нејзните аспирации за членство во меѓународни асоцијации и здруженија, пред сè во НАТО и ЕУ, под името ПЈРМ, преставуваше и сè уште преставува историска одлука на највисокиот меѓународен суд за правда. Ете тоа е ВМРО-ДПМНЕ кога нешто му оди во прилог таламбаси до небо, кога ќе го фатат на дело тогаш врескање пак до небо. За едно Хаг важи, за друго Хаг не важи.

Се разбира, Јохан Тарчуловски, по отслужената казна е слободен граѓанин кој може спокојно да живее и работи, но не може да оди на избори дури иако бил осуден само на еден ден затворска казна, а не на десет години, згора за злодело против човековите права и слободи, за убиство на невини луѓе. Ова е втората штетна злоуптреба на Јохан Тарчуловски од страна на ВМРО-ДПМНЕ, првиот пат кога се одвиваше судскиот процес му се вршеше притисок за заштита на брат Љубе, кој беше синоним на најголемиот патриоизам и најголем адут на ВМРО-ДПМНЕ на сите избори: дека брат Љубе лежи во затвор како страдалник за Македонија. Кај него одеа сите вмровски големци на поклонение со фотопарати и со камери во затворот во Швенинген, што само по себе беше голем притисок на Јохан да не испадне предавник. Јохан сведочеше во корист на брат Љубе. И сега повторно е злоупотребен бидејќи ВМРО-ДПМНЕ пак игра на картата на национализмот и меѓуетничката омраза и делби. Таквото посегање по најчусвителните дамари на државата е всушност и најшетната и најлоша порака пред локалните избори. Граѓаните на Македонија сакам да верувам дека го надживеаја тоа време, иако јанѕите не даваат мир поради трагичните и свежи искуства за лесно разгорување на национализмот, особено со секојдневните бесмислени застрашувања од бегалци муслимани и наводната голема опасност од загроза на македонскиот јазик на сметка на албанскиот.

Кога се палат меѓуетничките огнови фактите не значат ништо.

Comments (2)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

December 2017
M T W T F S S
« Nov    
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
25262728293031