Tag Archive | "Ѓорѓе Иванов"

Tags:

Алооо… претседателе, не треси зелени

Posted on 19 April 2017 by erizaov

ivanov

Меѓу големиот број абнормалности кои добија право на граѓанство во Македонија е да се величаат и прикажуваат за храбри луѓето кои целосно го подржуваат режимот. Херојство стана да се бранат јавно високите функционери осомничени за нарушување на човековите права и слободи, за криминал, за корупција и за злосторничко здружување за кроење изборни резултати и уште еден куп кривични дела вклучувајќи го и попречувањето на правдата. Многу храбар подвиг е во Македонија да се протестира јавно за поништување на регуларни избори, за спречување на конституирањето на Собранието и мирно предавање на власта на мнозинството. Ептен е патриотски чинот да се застане зад шака луѓе кои ја узурпирале власта и владеат без никаква контрола.

Меѓутоа, врв на оваа какофонија во која се гуши државата и на која со загриженост гледаат голем број пријатели на Македонија и познати светски државници, политичари, деловни луѓе, јавни личности е однесувањето и јавните настапи на претседателот на државата Ѓорге Иванов. Човекот кој се’ уште се претставува како претседател влезе во филм дека е многу храбар и почна да верува на лагите што му ги сервира Никола Груевски преку медиумската машинерија на ВМРО-ДПМНЕ. Се умислил нашиот претседател дека е вистина што пишуваат апологетите, па верува дека навистина ја спасува татковината. На сите страни почна да тресе зелени. Некни му раскажува на еден странски новинар цртани филмови од политичката, духовната и моралната криза која со години ја тресе Македонија. Нашиот мудар претседател вели знаете се’ беше готово ДУИ и ВМРО-ДПНМНЕ да потпишат договор за коалиција и поделба на власта. Се’ било договорено, меѓу старите партнери, арно ама заѕвонил телефонот. И крај, ништо од бизнисот. Новинарот останал зинат. Одвај изустил кој телефонирал… Ееее кој… кој де… истражувај, ти си новинар ќе дознаеш, му рекол нашиот голем ербап Ѓорге.

Спроведов една мала анкета меѓу познатите македонски новинари дали знаат кој и каде заѕвонил и го расипал договорот меѓу Али Ахмети и Никола Груевски, односно меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ спокојно да си владеат до 2020 година и понатаму ако треба. Еве ги одговорите: моите колеги стопроцентно сите до еден велат дека Америка, односно американскиот амбасадор Бејли му зврцнал на Ахмети и готово договорот пропаднал. Веднаш му се јавив на Бејли и викам ти ли си тој угурсус што ја расипа идилата, а тој без око да му трепне вели да јас сум тој. Аууу… му велам како не ти е срам да се мешаш во изборни коалиции, па тоа е непростлива навреда за една суверена и самостојна држава каква што е Македонија. Срамота, голема брука. Треба веднаш да те протераат. Знае ли за ова претседателот Доналд Трамп.

Да, рече, Трамп знае и ме пофали, а набргу очекувам и претседателот на Македонија господинот Ѓорге Иванов да ме одликува со најголемото државно признание што се доделува на странски амбасадори, поради тој телефонски повик со кој ја спасив Македонија. Чекај, чекај, што зборуваш, човече, како си ја спасил Македонија. Па така, се’ е вистина како што изјавува вашиот претседател. Се’ беше договорено меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ целата тиранска платформа, сите барања на Ахмети беа прифатени, само она знаете за СЈО беше одбиено. Ахмети и Груевски сериозно ја загрозија унитарноста на државата која ние ја гарантиравме со Охридскиот договор. Исто така двете страни договорија дебата за пристап кон федерализација, кантонизација, промена на знамето, химната на државата и за отпочнување на преговори со ЕУ со нужна промена на уставното име на државата. Исто така двојазичноста требаше да се прошири уште повеќе од она што го предвидува Законот од 2008 година што го донесоа Груевски и Ахмети на мала врата. Покрај задолжителното учење на албански јазик на сите граѓани се предвидуваше сите институции на системот да даваат услуги и на албански, на парите да пишува на албански, на службените униформи, насекаде во државата да почне процесот на целосна албанизација. Ние како стратегиски партнери на Македонија не можевме да поминеме преку тоа и лично го алармирав претседателот Доналд Трамп веднаш да преземе мерки пред оваа голема светска опасност. Тој веднаш ми се јави и ми рече да го замолам господин Ахмети веднаш да се откаже од потпишување на договорот.

Кога сето ова го дозна претседателот на Македонија, господинот Ѓорге Иванов, одлучи да ме одликува со орден за заслуги со златен венец. Му велам на Бејли, ти си играш мајтап со мене. Не, вели мртов сериозен… Прочитај ја уште еднаш изјавата на претседателот Ѓорге Иванов и ќе видиш дека се’ било договорено, само мојот телефонски разговор го расипал дилот…

Аман бе, Бејли, па ако ти не си, тогаш кој е. Прашај го, вели, Еди Рама, можеби тој знае. Му се јавувам на Рама, а тој како Бејли веднаш ја прифаќа одговорноста и како од пушка вика, да јас ја спречив тиранската платформа. Ајде оди сега разбери. Тој ја направил, па потоа ја спречил. Така ти е тоа во политиката, вели Рама, јас ја направив, ама ми се јави Меркел и ми вика веднаш да ја урнеш таа платформа. А знаеш ти за мене Меркел е закон. И овој Рама си игра мајтап. Па добро бе, му викам, нема смисла, кој му ѕвонеше на Груевски да го откаже договорот.

Па, човече, Ахмети кој друг. Него му ѕвонеле со денови во ушите 700.000 луѓе да не потпишува ништо со Груевски. Што можел друго да направи или да го откаже договорот, или да си замине за Швајцарија. Трето нема. А што ќе биде со твојата тиранска платформа, му велам дали сега Заев ќе ја спроведува. Вие немате тиранска платформа, имате тиранска влада. Сменете ја владата како што ви ѕвонат и кажуваат 700.000 граѓани и ќе немате тиранска платформа. Кога има демократска власт нема тиранска, ни каква било друга платформа.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Бомбата експлодира во рацете на претседателот

Posted on 03 February 2017 by erizaov

ivanov

Бомбата со запален фитил што претседателот на државата Ѓорге Иванов ја фрли во парламентот му експлодира во рацете. А, навреме беше предупреден за таа опасност од многу места. Тој уште не знае за тоа бидејќи експлозијата ќе се слушне подоцна откако ја видовме искрата. Исто како кога грми, прво се гледа светкавицата, а по извесно време се слуша грмењето. Експертите за електрично празнење на облаците велат дека тие што гинат од гром не можат да ја чујат грмотевицата, исто како и загинатите од куршум, што не го слушаат пукотот бидејќи се веќе мртви кога ќе пукне. Тоа е природна закономерност, светлината е побрза од звукот исто како мислата од зборот.

Претседателот на државата Иванов, сепак, ќе ја слушне детонацијата од бомбата што ја фрли не само врз Собранието, туку врз Македонија и ќе присуствува на своето политичко самоубиство. Разликата е само во тоа што тој кога ќе ја слушне експлозијата ќе остане жив и здрав, ама политички мртов.

Тоа е среќната и оптимистичка разврска за него лично по неговото злодело со обидот за убиство на парламентарната демократија. Полошата разврска по неговиот атентат врз државата може да го однесе на обвинителна клупа со обвинение за злосторничко здружување за подривање на системот и стабилноста на државата, за флагрантно кршење на Уставот и законите со обид за промена на општествено-политичкиот поредок, за спречување на конституирање на парламентот и на владата според народната волја, за етничка дискриминација и опасност од немири и меѓуетнички конфликти, за попречување на владеење на правото, за злоупотреба на своите овластувања… и уште неколку сериозни тужби кои ќе уследат од редовните и специјалните обвинителства, а се надевам и од граѓани на Република Македонија.

Ѓорги Иванов се постави себеси како апсолутист и монарх на Македонија, а во суштина сите во земјата знаат дека таа позиција е карикатурална бидејќи е само послушник на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски. Ја презема како слуга одговорноста за партиските и лични нарачки за воведување противуставни и противзаконски правила со поставување различни услови за обезбедување на мнозинство во парламентот по изборите, игнорирајќи го елементарното уставно право и обврска партијата која обезбедила мнозинство во Собранието да формира влада. Треба навистина да се има ѓон образ за да по враќањето на мандатот од Никола Груевски, кој не успеа да состави влада, да се постават различни услови за следниот мандатар промовирајќи за првпат самоволие каква треба да биде владината програма и што треба да содржи, безмалку лично Иванов да им даде домашна задача на народните избраници. Нешто што не може ни на студентите да им го зададе како обврска ако не е предвидено во наставната програма. Што му значи на претседателот да бара гаранција за унитарноста, кога таа гаранција ја има и во Уставот и во Охридскиот договор, која е оверена со потписи на македонските и албанските политички лидери и потврдена со потписи на претставници на Америка и на ЕУ и приложена и прифатена како документ во архивот на Обединетите нации. Ако во Уставот и во Охридскиот договор кој е составен дел на Уставот е прецизно наведена унитарноста, целоста и неделивоста на Македонија, од каде сега претседателот се поставува како коректор на конститутивните закони и на она што значи гаранција за стабилност на државата. Опасно е подметнувањето на Иванов и со тезите владината програма тој да ја проверува дали се содржани системските реформи по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност. Какви субјекти и објекти претседателе, со овој ваш немушт и неразбирлив став вие да одредувате што треба да содржат владините програми го укинувате парламентот и вршите пуч кога вие противзаконски ја преземате работата на парламентот. Дали ова не е повик некој да формира свој парламент бидејќи претседателот на државата го попречува конституирањето на Собранието, највисокиот законодавен дом и темелот на демократијата и почнува тој да изигрува сам парламент.

Претседателот на државата Иванов ја завршува својата политичка кариера како обична партиска марионета, безлична фигура, без свое јас, која никогаш не се ни обиде да стане претседател на сите граѓани. Повеќе пати се посрамоти и себеси и државата, особено по настаните од „црниот понеделник“ 24 декември 2012 во Собранието на Република Македонија, кога насилно со ќотек од тајната полиција од седница на парламентот беа исфрлени пратениците на најголемата опозициска партија и кога беа грубо отстранети за првпат во парламентарната 73-годишна историја на Република Македонија новинарите од своите работни места за да не известуваат од скандалот кој го обиколи светот за неколку минути. Ситуацијата беше драматична, но највообичаена во светот, кога станува збор за буџетот и заборчувањето на државата и трошењето на парите на граѓаните од државната каса. Во вакви расправи имало и тепачки, но никогаш тоа не го правела полицијата со упад во парламент. Тогаш претседателот Иванов на ужасување на слободоумните луѓе, на неговите професори од Правниот факултет и неговите политички ментори застана во одбрана на политичката партија која го понижи парламентот и граѓаните на Македонија кога арогантно и насилнички ја повика полицијата да го измете патосот на парламентот со пратеници и новинари. Од тој ден е почната политичката криза во Македонија со насилие и злоупотреба на овластувањата, случај без преседан кој никогаш не доби судска разврска ниту некој понесе морална одговорност. Втората голема брука на претседателот беше со аболицијата и пишман-аболицијата на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ осомничени за најголемото кршење на човековите права со држење под надзор на над 20.000 граѓани и јавни личности на Република Македонија со нивно повеќегодишно следење и прислушување на нивните комуникации. Прислушуван е и претседателот на државата, премиерот, пратеници, министри, судии, новинари, странски дипломати, писатели, актери, деловни луѓе… сите незаконски и неовластено, без судски налог. Претседателот и овој пат без око да му трепне застана во одбрана на политичката и криминалната олигархија со лично негово попречување на владеење на правото.

Во секое зло има и нешто добро. По овој настап на претседателот на државата и по отворената закана да ги одредува програмските цели на новата влада тоа може да биде сериозен поттик за брзо формирање на партиското мнозинство со повеќе од 61 пратеник, а многу бргу и на повеќе од 69 пратеници по конституирањето на Собранието и по заклетвата на новата влада и новиот премиер. Партиските лидери кои не се согласија да прават коалиција со ВМРО-ДПМНЕ сега се сигурни што е целта на претседателот, но и од кај дува ветерот. Целата јавност знае претседателот Иванов на своите хаотични консултации последен го прими неуспешниот мандатар Груевски со кој не сака да коалицира постизборно ниту една релевантна политичка партија по што ги соопшти на јавноста своите нови противуставни самоовластувања и подготвеност да го спречи конституирањето на парламентот и на новата влада и на мирното примопредавање на власта. Ако овој деспотизам и закана за уривање на темелите на општествено-политичкиот поредок не ги забрза преговорите за обезбедување стабилно мнозинство кај опозициските партии, тогаш патот за поделба на државата и на загроза унитарноста за која толку се грижи претседателот е отворен. Тоа го направи претседателот на државата Ѓорге Иванов. Дали е тоа негова лична одлука или нарачка, еден ден ќе се дознае или по сопствено признание на претседателот, а можеби и на нарачателот. Во секој случај, претседателот Иванов не може да се ослободи од одговорноста за своите постапки. Историските околности во кои се случуваат овие настани налагаат голема државничка зрелост, храброст и одговорност за спроведување крупни реформи и изградба на современо демократско европско општество. Испуштањето на оваа шанса е непростливо.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Иванов како Волтер, Зола, Иго ..

Posted on 31 May 2016 by erizaov

ivanov isa beg

Сите што долги години го критикуваме претседателот на државата, Ѓорге Иванов, треба длабоко да му се извиниме бидејќи неправедно сме суделе само според неговите постапки, а не сме знаеле колку голем државник и светски грандиозна личност сме имале за татко на нацијата. Нашиот претседател не ти бил тоа што ние мислиме за него и го клеветиме секој ден, туку тоа ти бил сосема друг човек кој „многу придонесе за европската култура и воедно е интелектуалец во смисла како што беа Волтер, Емил Зола и Виктор Иго. Освен тоа, по ширина на својот дух и својот интелект и дејствување, потсетува на големите државници и интелектуалци, како што беа Жорж Клемансо, Вацлав Хавел…“

Ете вака го виделе и осознале во Босна нашиот претседател искажувајќи го јавно со овие зборови образложението при врачување на најзначајното независно граѓанско признание во БИХ на претседателот Иванов, кое се доделува секоја година како меѓународна награда на европски државници. Наградата го носи името на основачот на Сараево, Иса-бег, инаку познат скопјанец, ктитор и градител на повеќе значајни објекти во 15 век, во времето на Османлиското царство од кои повеќето и денес се во употреба и претставуваат дел од културното наследство на Скопје.

Тоа не е се’. Нашиот претседател за кој поим сме немале и не сме ни сонувале дека бил, како што кажа босанскиот академик Вјекослав Герц при врачување на наградата, извонреден државник, човек кој е Европеец, космополит и кој има исклучителна духовна ширина. Покрај придонесот за развој на европската култура споредуван со Волтер, Зола, Иго, Клемансо и Хавел, Иванов бил и хуманист, чиј целокупен опус е насочен кон изградба на демократија во поделените општества и бил еден од најагилните лидери во однос на регионалната соработка и помирување…

И сега што може човек да мисли по ваквото признание и откривање на нашата повеќегодишна заблуда освен да бараме прошка за големата неправда што му ја нанесовме на нашиот Волтер, Зола, Иго, Клемансо и Хавел сите заедно реинкарнирани во ликот и делото на Ѓорге Иванов.

Се прашувам дали овие уважени луѓе од независниот босански комитет за доделување на наградата на европски државници воопшто знаат што се случува во Македонија и каква улога игра нашиот претседател во поддршката на еден режим кој ги гуши елементарните човекови права и слободи, сите институции на системот, медиумите, судството и лично учествува во спречување на владеење на правото. Имаат ли абер овие босански проценители на европски вредности дека претседателот Иванов со своите аболиции е директен соучесник во спречување на правдата на највисоките функционери во државата за кои се води истрага кај Специјалното обвинителство за злосторничко здружување за изборен криминал и за узурпација на власта, за организиран криминал и корупција.

Не верувам дека овој комитет за доделување на вакви признанија е корумпиран, или работи по нарачки, но со својот избор на европски државник стана соучесник во поддршката на еден тоталитарен систем кој ја оддалечи Македонија од Европа и од евроатлантските интеграции. Би требало да знаат овие босански дејци дека секој ден илјадници луѓе во Македонија протестираат против незаконските и неуставни одлуки на претседателот Иванов кој час помилува, час ги брише своите чудовишни амнестии. Дали знаат босанските доделувачи на награди на европски државници дека за ваквите панагирици изречени за претседателот Иванов им се смеат сите слободоумни луѓе во Македонија и сите во Европа кои се во тек со причините за длабоката политичка, морална и духовна криза во која со години тоне Македонија.

Ја знаат ли нашите пријатели од Босна вистинската улога на нивниот лауреат, со кој аршин ја измериле, како што велат, неговата духовната ширина на неговиот космополитизам, неговата интелектуалност и европска определеност од антички времиња до денес. Со кој инструмент го измериле целокупниот опус на Иванов кој бил насочен за изградба на демократија во поделените општества. Знаат ли тие наши драги пријатели дека во Македонија најголемата албанска партија коалициски партнер на власта не ја признава легитимноста на претседателот на државата, исто како и една опозициска партија на Турците, дека најголемата опозициска партија СДСМ поради спречување на правдата со аболиции бара да се изгласа импичмент во парламентот за претседателот Иванов, дека десетици невладини организации протестираат против попречување на правдата од страна на претседателот Иванов, дека големиот борец за демократија нема изустено ниту еден збор критика за седум години колку што е на чело на државата за флагрантното кршење на човековите права и слободи, за злоупотребите на власта и дека во очите на граѓаните е обична марионета на владејачката партија и главен соучесник во продлабочување на македонската криза. Вашиот Европеец е нашиот популистички критичар на европските вредности, поборник и поддржувач на контролата на медиумите и на задушување на новинарските слободи и независност.

Господа од Босна, почитувани академци и значајни дејци, нашиот претседател ниту е налик на Волтер, ниту на Зола, ниту на Иго, ни оддалеку не приличи на Клемансо и Хавел. Со голема гордост и радост ќе ја примевме веста за овие олимписки дострели на претседателот Иванов да имаше барем грам вистина од тоа, или барем сите овие седум години да кажеше три збора пристојна критика за режимот со кој се соочуваат граѓаните на Македонија.

Што се однесува до генијалната мисла на вашиот Волтер дека ако дојдат Исус и Мухамед во Македонија, би биле убиени, претпоставувам од денешните македонски римјани и неверници, мерете му го умот за големата почит кон својот народ. Но бидете без гајле, ни на Исус ни на Мухамед нема ништо да им се случи во Македонија, освен ако не ги аболира претседателот Иванов. Кај нас велат, не дај Боже да те помилува Иванов.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Аболиции како заебанции

Posted on 30 May 2016 by erizaov

horhe

Претседателот Ѓорге Иванов го остави на списокот на аболирани Коста Крпач. Некој од неговиот совет на мудреци требаше да му каже дека на Крпач не му е потребна неговата милост. Тој повеќе не му пречи никому и не може да сведочи за она што го знаеше и што му го оконча животот. Причините за неговата смрт уште се обвиткани со најголема тајност и мистерија и не се знае дали се самоубил, или бил застрелан. Човекот е двапати аболиран од Иванов, еднаш од се’ уште непознати причини, а вториот пат бидејќи не е „политички експониран“. Така е формално правно според Иванов и советниците му, а де факто Крпач е мртов само еднаш и засекогаш.

Аболициите на претседателот Иванов, да не се трагична реалност и лоши предвесници за иднината на државата, би биле одлични хумористични емисии и кафеански патрдии.

Басните на умислениот владетел кој еден ден најавува војна против криминалот и корупцијата, а утредента ја спречува правдата да не се појават пред судот осомничени високи функционери за големи злоупотреби, па потоа помилува покојни луѓе, а од живите едни ги милува, а другите ги мрази, според најновиот правен изум во светот на нашиот кутар претседател се викаат „политички експонирани“. Ваквиот аргумент наречен „Иванов“ веројатно ќе се изучува на правните и на факултетите за политички науки. Преведено на разбирлив јазик значи тоа што вчера го кажал и потпишал претседателот денеска не важи за судска, за политичка, па и за човечка употреба. Претседателска одлука за поништување на противуставна и противзаконска аболиција, повторно донесена од истиот претседател, поради „политичка експонираност“, навистина може да насмее до солзи до моментот додека не сфатите дека тоа е дел од реалното шоу во дворецот на Ѓорге Иванов, а режирано во криминалниот врв на болното општество.

Дефинитивно ова не е приказна од типот си бил еднаш еден претседател во земјата безнадежија… иако звучи оригинално како во басните. Знаете, она класично, еден ден претседателот смислил како да ги подели помилуваните на добри и лоши, оти му се беше сјатил сиот свет за големата будалштина. Го отворил претседателот ќитапот и почнал да го брише својот список шепотејќи си во брадата: овие се добри, а овие не се, овие се наши, овие не се, овие може, овие не може, ептен се политички експонирани. Така, претседателот си дели милост и на осомничени за тежок криминал и на невини луѓе, за кои не се води никаква судска, или истражна постапка, односно со аболицијата на невини луѓе им нанесува голем срам, бидејќи да те аболира Иванов стана голема брука.

Замислете седи царот без власт во својата резиденција на Водно, онака никому не нужен си брои уште колку денови ќе го помирува и усреќува својот народ. Наеднаш стаса абер од Охрида града од еден млад адвокат кој бара итно Уставниот суд да одлучи претседателот на државата да стане значајна личност да може да помилува луѓе кои ја водат државата бидејќи се појавило непријателско специјално обвинителство што сака да ја урне Македонија и да го упаси Никола Груевски. Коџамити судии од Уставниот суд писмото на адвокатскиот приправник го доживеале како да го добиле „писмото на Тито“. Со денови останале без сон оти знаеле кој всушност им го испратил тој катил ферман. Седнале, вртеле-сучеле и со гласање пет спрема четири против своите колеги, кои повеќе знаат право од политика, одлучиле Иванов да го направат помирител на нацијата за една употреба. Арно ама итриот Иванов успеа со својата мудрост лажното право за аболиција да го употреби неколку пати и работата стана папазјанија и кармакаша.

Добро е што поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски веднаш ја расчисти ситуацијата и покажа на јавноста многу едноставно зошто била неопходна целата оваа будалијада. Прво, демек треба да разбереме дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се против аболицијата, ама ќе го бранат претседателот од импичмент. Второ, сега во државата само Зоран Заев е аболиран, а политички експониран. И трето, ВМРО-ДПМНЕ и Груевски немаат врска со активностите и заебанциите на претседателот во врска со аболициите и нарачките од Охрид, ниту пак имаат врска со тоа дека целата работа беше панично бегство од Судот и од доказите на Специјалното обвинителство. Оваа басна на Груевски е уште поординарна лага од шарените балони на претседателот. Всушност, во целата претстава со аболициите претседателот Иванов и натаму до крај ја прифати улогата на марионета во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски во еден од највалканите настани во историјата на Македонија за да се спасува од правдата највисокиот врв на државата. Штета што претседателот Иванов не се аболирал и самиот себе за сликата да биде комплетна. Што се однесува до аболицијата на Заев за случајот „Голбал“, тоа е уште една валкана манипулација на Груевски кој го прерипнува фактот дека аболицијата на Заев е од претседателот Црвенковски бидејќи имаше сериозни индиции дека апсењето на Заев е политичка пресметка на Груевски и поради немање елементарни услови за непристрасно судење на Зоран Заев, што подоцна од прислушуваните разговори многу добро се виде како се апсени и судени политичките противници на Груевски.

Со последната селективна аболиција, претседателот Иванов дефинитивно останува во колективното паметење како претседател марионета, човек без свое јас.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Добро утро претседателе!

Posted on 24 December 2015 by erizaov

Ivanov

Претседателот на државата Ѓорге Иванов во своето новогодишно обраќање од говорницата на Собранието до јавноста на моменти ми заличи на грчки платеник, предавник и соросоид. Чувај ме Боже од грешни мисли. Не знам дали си верувавте на ушите кога слушнавте дека претседателот Иванов, зборувајќи за Извештајот на Европската комисија за назадувањето на Македонија на патот кон Европа, рече дека Извештајот е објективен. И рече уште нешто што ме наведе да го прочитам десетина пати за да се уверам дали добро гледам и слушам. Замислете, претседателот кажа: „Пречка за (евро) интеграциите веќе не е само наметнатиот проблем со името, туку и проблемот што го имаме со самите себе“.

Е, па претседателе добро утро, конечно по седум години кажавте нешто што досега беше резервирано само за домашни и странски непријатели на татковината. Добре дојдовте во клубот на „предавниците“.

Не знам како премиерот Никола Груевски ги разбрал напредокот и еволуирањето на еден чекор напред на секои седум години на претседателот Иванов, ама според првата реакција на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ за деликатни прашања, Антонио Милошоски, говорот на Иванов покажал дека тој во континуитет си има свои ставови и принципи што е добра одлика на политичар кој треба да ја претставува државата во име на сите граѓани. Демек не е претседател само на вмровците, па затоа мора да биде малку и двосмислен и да звучи критички и кон едните и кон другите. А тоа што ни СДСМ ни ДУИ не дошле да го слушаат претседателот во Собранието е немање елементарна политичка култура.

Ова што го кажа претседателот Иванов на своето последно обраќање годинава во парламентот навистина заслужува посебно внимание во некои делови кои се бенигни критики за власта само затоа што досега претседателот за изминатите седум години од неговиот мандат ниту еднаш, ни индиректно, ниту пак со некоја блага асоцијација, не упатил јавно ниту една критичка порака до Владата, до премиерот, до парламентот, ни збор за тоа кој стои зад задушувањето на институциите на системот, кој ја загрозува независноста на судството и на медиумите, за организираниот криминал и корупцијата во високите ешалони на власта, за нападите врз автономијата на универзитетот, за нарушените човекови права и слободи и уште еден куп клучни работи во изградба на демократско општество кои се оценети со слаби непреодни оценки токму во објективниот извештај на Европската комисија за Македонија за 2015 година. Впрочем, повеќе или помалку, како и во сите досегашни извештаи на ЕУ кои претседателот Иванов досега ги читаше исто како премиерот Груевски, дека, наводно, станува збор за голем напредок, бидејќи сме добивале препорака за отпочнување на преговорите, а тоа значело дека само наметнатиот спор од страна на Грција е проблемот и ништо друго. Ова е првпат претседателот Иванов да „открие“ дека „имаме голем проблем со самите себе“, но притоа ги изедначува власта и опозицијата, иако во Извештајот на ЕУ главната адреса за стагнирањето и назадувањето на Македонија кон евроатлантските интеграции се токму Владата и институциите кои одамна ја изгубиле својата самостојност во одлучувањето. Ваквото изедначување на власта и на опозицијата во надминување на длабоката политичка, морална и духовна криза е тежок фаул и на претседателот на државата и на професорот на Правниот факултет, Ѓорге Иванов, кој добро знае кој според Уставот, и според политичката и економската моќ, и според етичките стандарди е најодговорен во државата за вкупните состојби, за нефункционирање на парламентарниот систем и карикираната поделба на власта, за организираниот криминал и корупцијата, за селективното владеење на правото, за тешките злоупотреби на власта. Ни бруцошите на Правниот факултет не можат да положат испит ако не знаат кои се надлежностите и одговорностите на владата и премиерот, кои на претседателот на државата, на парламентот, на судскиот систем и улогата на медиумите и однесувањето на опозицијата во едно општество барем со пристојно ниво на демократија. Без основните политички фундаменти на секое современо општество, Брисел не ни помислува да почне преговори за рамноправно членство.

Претседателот во своето обраќање кажа нешто и за медиумите што прозвучи добро по вторпат за седум години. Првиот пат веднаш по инаугурацијата кога изрази незадоволство од високото 24. место во светот по слободата на медиуми, па рече дека тоа мора да се подобри и лично ќе се ангажира за тоа. И сега откако многу поработи на тој проблем кога сме на 134. место, па претседателот загрижено констатира дека сме сведоци на деградација во медиумскиот простор. Јавната пристојност и професионалност станаа исклучок наместо правило, вели Иванов. Почитувани претставници на медиумите, се обрати директно до седмата сила претседателот, вие треба да бидете најсилниот ревизор на работењето на институциите на системот пред сопствените граѓани. Не смеете да дозволите да ви наметнат правила и стандарди, да бидете мегдан за партиски препукувања и алатка за остварување на нечии интереси.

Ауууу… ние да бидеме ревизор на институциите што работат под диктат на Владата, ние да ги ослободиме од притисок судовите и парламентот. Веројатно претседателот сакал да каже да се угледаме на медиумите каде што оди на разговори со врвни новинари кои имаат високи етички, професионални, морални и патриотски чувства.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags: ,

Претседателот не е виновен за ништо

Posted on 22 June 2015 by erizaov

ivanov

Ѓорге Иванов, претседателот на Република Македонија, ни приопшти уште една генијална формула како се пресметува вината за состојбите во македонското општество. Како и сите големи изуми и овој е многу едноставен. Новинарите се виновни за срамната позиција во која потонаа македонските медиуми. Судиите се виновни што во земјата не владее правото. Универзитетските професори се виновни што е укината автономијата на факултетите. Лекарите се виновни за катастрофата во здравството. Опозицијата е виновна што Собранието не работи според основните принципи на парламентарната демократија. Студентите и учениците се виновни што не знаат математика и што се на маргините и што се мешаат во работите на државата. Вработените во сите институции се виновни што не функционираат најважните оски на системот. Уставниот суд е виновен за неуставни закони…. И така со ред, секој си ја презема својата вина што Македонија и по 24 години самостојност не може да ја оправда независноста на државата.

Има ли нешто за што претседателот на државата не е виновен. Според неговата формула тој лично за ништо не е крив. Еве, на пример, зошто би бил одговорен еден претседател на држава, врховен командант на вооружените сили, за безбедноста на земјата, за работата на службите за разузнавање ако, да речеме, во неговата земја со години некој ги држи под надзор и прислушува илјадници граѓани и јавни личности. Зошто би требало да чувствува вина еден претседател ако целиот безбедносен систем му е како швајцарско сирење полн со дупки. Зошто би бил одговорен еден претседател ако некој го прислушува премиерот, министрите, судиите, новинарите, професорите , академиците, интелектуалците, деловните луѓе. Зошто бил крив претседателот ако и него некој го прислушува и му го следи секој разговор. Човекот не знаел со години дека такво нешто се случува во неговата држава. И според новата формула ала Иванов, за одредување на вината и одговорноста, ако не знае претседателот и никој ништо не му кажал, тој не може ни да биде виновен. Незнаењето на Уставот според новата доктрина на претседателот го ослободува од одговорност и да не го спроведува, иако во него се заколна веќе двапати. Тоа му е исто кога криминалците не знаат дека според законот крадењето се казнува. Многу логично дури и за мали деца, штом нешто не знаеш, не си ни крив.

Зошто претседателот на државата би требало да биде неспокоен ако цели шест години, колку што е претседател, на упатил ниту една критика или барем мала забелешка за работата на Владата и на премиерот Никола Груевски. Тоа би било многу некоректно од негова страна. Замислете претседател на држава, а да критикува премиер и Влада, особено кога се редат секој ден големи успеси во сите сфери од животот. На што би личело да се појави претседателот на државата во парламентот, или на телевизија, на некоја дебата и да каже дека не ни чинат работите со политичките и економските реформи. Веднаш би станал предавник.

Или зошто треба да се чувствува непријатно претседателот ако тој е на чело на најсиромашната држава во цела Европа, а некогаш Македонија беше меѓу првите во регионот. Колку би бил бесен премиерот ако претседателот каже негде јавно дека Македонија има сериозни проблеми со регуларноста на изборите, со демократијата, човековите права и слободи, со економските реформи, или да каже дека кампањските политички вработувања не се во склад со економските закономерности. Не дај Боже, претседателот да побара одговорност за фрлените милијарди денари за кич споменици и налудничавата антикоманија и потрага по пославно античко минато со политичка интервенција во науката.

Зошто би бил одговорен еден претседател на држава ако таа е веќе десет години кандидат за влез во ЕУ и ако цели шест години по ред не може да ги почне преговорите. Зошто би се секирал еден претседател на држава ако чекаме со години да станеме членка на НАТО. За сите тие незавршени работи нашиот прв човек има извонредно оправдување. Секогаш други се виновни. Проф. Ѓорге Иванов стана еден од големите научни експерти за оправдувања. За решенија се одговорни виновниците и предавниците.

И, конечно, зошто би бил виновен еден претседател ако сите граѓани не го чувствуваат како свој претседател. Тие што го гласале и што го поддржуваат му се доволни човекот да се чувствува убаво кога седи на највисокиот трон во државата и кога шета по резиденцијата на Водно и патува по светот. Тие што не гласале за него не е важно што чувствуваат кога и онака се виновни што не знаеле да ја изберат правата личност која ќе ја претставува државата на највисоко ниво и ќе го штити нејзиниот углед дома и во светот. Зошто би било грев за еден претседател ако поддржува премиер кој вовел деспотски систем на владеење. Ете затоа драги мои, нашиот претседател е гениј, кога во телевизиско интервју ја откри најголемата вистина за виновниците кои ја доведоа државата до вакво дереџе.

Виновни сме сите што трпиме со години некој да не’ прави будали при здрава памет. Затоа му давам целосна поддршка на претседателот на државата да истрае до крај во неговата истрага по виновници. Така ќе успееме еден ден да дознаеме дека тој навистина за ништо не бил крив, туку сите ние.

П.С. Почитувани читатели во наредните десетина дена ќе ве одморам од моите писанија на општо задоволство мое, ваше и на сите кои не се чувствуваат за ништо криви. Јас малку ќе се оддалечам од ловот на виновници и вештерки, ќе ловам риби. Да знаете ги враќам во реката. Така се чувствувам подобро, а не се ни знае колку сум фатил.

Comments (0)

Tags: , ,

Ѓаволот е во деталите

Posted on 04 June 2015 by erizaov

2668804110_386a1670e5

Воопшто не се радувам што погодив дека македонската пролет ќе почне идната година кога пак ќе расцутат липите. Најавив голема прослава и катарза на скопскиот плоштад по враќањето на слободата и демократијата, длабоко убеден дека Македонија веќе не може да биде иста, а најмалку да остане ваква, свесен за фактот дека режимите тешко паѓаат. Смената на власта на фер избори би бил историски настан, голем празник за спречување на опасноста од исчезнување и поделба на државата до каде што ја доведоа Груевски и неговата клика. Тоа би бил дефинитивен пораз на едно лошо владеење, на авторитарен режим и праведен крај на ерата на груевизмот што одзеде 10 години од животот на граѓаните на Македонија.

Не сум среќен поради фактот што ѓаволот е секогаш во деталите. Додека да дојде април 2016 година, има уште 10 месеци. Дотогаш треба да се отстранат најважните упоришта на деспотизмот вградени во сите институции на системот и во сите полуги на власта. Со Груевски на чело на која било влада: техничка, експертска, привремена… тоа не е можно. Ако Груевски ја предводи која било влада до април 2016 година, тој ќе ја предводи и доживотно, поточно до распадот на државата. Кој наивен може да верува дека Груевски ќе форсира чистење на Избирачкиот список и донесување закони кои гарантираат слободни избори кога тој и неговите најблиски соработници го монтирале системот да гласаат мртви души со по неколку лични карти и пасоши. Видовме какви фер избори досега организирал Груевски со партиски предизборни штабови во МВР. Дали може Груевски да спроведе попис ако според законот тоа требаше да се направи во 2011 година. Пописот доцни четири години, а сега треба да се заврши во рок од десет месеци!!!

Кој е тој нормален човек што може да поверува дека Груевски ќе се заложи за чистка на компромитираните судии кои суделе по нарачка на партискиот врв и шефот на разузнавање. Дали може уште да суди судија кој прима наредба преку телефон колку години да осуди претседател на опозициска партија.

Има ли некој во Македонија кој може да поверува дека јавниот обвинител Марко Зврлевски може да покрене постапка за истрага за она што сите во државата го слушнавме од прислушуваните разговори. Кој македонски обвинител досега го викна Груевски во Обвинителството да даде исказ по сопствено јавно признание што е точно, што е делумно точно, а што е погрешно од снимените материјали. Тој ужас што го слушаме со месеци за обвинителот Зврлевски не значи ништо. Се сокри во глувчешка дупка, таму молчи и чека наредби. Гласот на јавноста не допира до него. Тој се подготвува да ги обвини опозициските лидери и „свиркачите“, храбри луѓе кои на јавноста и’ ја дадоа на увид вистината за едно криминално владеење. Може ли таков јавен обвинител да го испрашува премиерот.

Може ли да се очекуваат фер избори ако најгледаните телевизии се под директна контрола на партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерскиот кабинет. Кажете една телевизија, или едно интервју кое го има дадено премиерот во последните години, а да не било на партиски канал со однапред нарачани прашања, секогаш дополнително цензурирани и самоцензурирани од уредниците. Го гледате ли како побледува нашиот премиер и почнува да пелтечи кога некој домашен или странски новинар на некоја конференција ќе му постави прашање кое не го очекува. Можете ли да се сетите на која јавна дебата учествувал Груевски во демократска и слободна Македонија како што тој ја гледа државата на чие чело се наоѓа девет години.

Како ќе се ослободи МРТВ како јавен сервис ако таму сите што одлучуваат за што било од портир до новинар, уредник, главен уредник, директор, се под контрола на власта. Само еден мал број новинари се оставени на маргините како доказ дека не е се’ сотрено. Како ќе се носат нови закони ако Уставниот суд, како и сите судови, се под контрола и се полни со партиски активисти од дактилографи до судии.

Зашто ѓаволот е во деталите. На 10 јуни во Брисел, пред преговарачите за излез од кризата во Македонија треба да бидат сите суштински предуслови од кој еден е најбитен: Груевски не може да ја предводи владата за излез од кризата која тој ја предизвика со својот деспотски начин на владеење. Враќањето на слободата и демократијата во Македонија треба да почне уште утре со ослободување на политичките затвореници и со било формален, било неформален почеток на преговорите со ЕУ, по што би уследило членство во НАТО. Без тоа нема решение за кризата во Македонија. Исполнувањето на условите од поглавјата на ЕУ за преговори е, всушност, вистинскиот излез од кризата. Тоа Груевски не го направи цели девет години, па како ќе го направи десеттата.

Премиер на која било европска држава кој не сака да види дека по сето ова мора да си замине од политиката работи против интересите на својата држава, своите граѓани и својата партија.

Comments (0)

Tags: , ,

Македонија заглавена во лифт

Posted on 03 June 2015 by erizaov

ivanov

Ми се допадна дијагнозата на претседателот на државата Ѓорге Иванов што ја даде на економскиот самит во Порторож. Тој пред претседатели, премиери и бизнис-елитата од Југоисточна Европа искажа прецизна историја на болеста на нашата политичка, економска, морална и духовна криза. Иванов им кажа на сите дека цели 24 години Македонија е заглавена во лифт. Од инает.

За чиј инат се работи, не кажа нашиот мудар претседател. Дали е тоа наш инает, негов инает, на нашите соседи, на Европската унија, на Америка, на Кина, на Русија… тоа се веќе детали за кои не е упатно да зборува еден претседател на држава на економски форум. Тој го кажа најважното, каде е излезот. Вели, бидејќи сме заглавени во лифт, најдобро е да градиме во височина. Браво, претседателе, оваа генијална мисла секогаш треба да се има на ум кога ќе заглавиме во лифт. Наместо да притиснеме на аларм и да викнеме мајстор да не’ одглави, најдобро е веднаш да градиме во височина, оти останавме едно три децении заглавени во лифтот. И тоа од инает кој обично оди заедно со ароганција, незнаење, простотилак, алчност и еден куп други одлики на заостанатоста и балканштината.

Да се обидеме да откриеме од чиј инат останавме 24 години заглавени во лифт и зошто, како што минува времето, тој инат е се’ поголем и поголем. Прво, веднаш да ја исклучиме можноста дека се работи за наш домашен инает, бидејќи нашиот лифт работи беспрекорно. На сите страни саде успеси, Македонија драматично брзо се гради во височина. Достигнувањата толку многу нараснаа што не можат да се измерат, бидејќи се веќе над облаците. Имаме најголем стопански раст во Европа. Македонија е европски рекордер во брзо растење. Вистински облакодер. Имаме најбрз раст на вработеноста. По глава на жител, во Македонија, споредувајќи со цела Европа, најбрзо се отвораат нови работни места. Толку е пријатно на македонското небо што деловните луѓе просто лебдат од среќа. Особено странските инвеститори кои чекаат на ред за да ги вложат своите пари во земјата со најпријатна клима. Имаме највисоки споменици во Европа на Александар Македонски и на татко му Филип Втори. Брзо растат платите, пензиите, субвенциите… стигнаа толку високо што веќе удираат во плафонот на лифтот што работи 24/7 како перпетуум мобиле.

Значи, се работи за инает на другите кои со векови коваат заговор против Македонија. Сега ситуацијата станува многу појасна. Претседателот на државата Иванов зборува за спречувањето на Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО. Ние направивме се’ што е до нас, арно ама, поради инает на комшиите и големите сили останавме заглавени во европскиот лифт, па затоа тргнавме во височина. Така на Европа ќе и’ влеземе не преку врата, туку преку прозорците и оџакот. Шегата настрана, одамна тврдам, како и повеќето луѓе во земјата и во светот, дека Европската унија и НАТО и’ го свртеа грбот на Македонија, толерирајќи го грчкиот ултиматум, иако Македонија не претставува никаква опасност ниту за Грција, ниту за кој било сосед. Ова е голем децениски срам на меѓународната заедница, на ЕУ, на Америка, на Обединетите нации, на светскиот интелектуален врв, невладини организации и институции, што се потврди и со пресудата на Меѓународниот суд за правда во Хаг. За жал, никогаш не ја научивме разликата меѓу меѓународното право и меѓународната политика на интереси.

Но, што е она клучно што ние не го направивме во сите овие години, особено од Букурешт наваму. И кој е нашиот дел од вината и од инаетот. Прво, наивно и глупаво му покажавме на светот дека стравот на Грција не бил безразложен. И најдовме дебело оправдување на грчката шовинистичка политика. Почнавме да присвојуваме туѓа историја и да го величаме хеленизмот преку кич-споменици и скапи лажни барокни зданија. Второ, Македонија по самитот на НАТО во Букурешт, назадуваше во сите сфери на предусловите што треба да ги исполни за влез во НАТО и во ЕУ. Грубо е деградирана демократијата со масовно нарушување на човековите права и слободи. Во Македонија има политички затвореници осудени на долгогодишна робија. Повеќе луѓе долго и противзаконски се држат во притвор во нехумани и нечовечки услови. Медиумските слободи се укинати, корупцијата во медиумите и цензурата се легализирани, а граѓаните со години се изложени на пропагандна пресија. Владеењето на правото е строго селективно, судството во сите инстанции е партизирано. Парламентот работи без опозиција, а монетарната власт е под силен владин притисок. Полицијата е комплетно партизирана и злоупотребена повеќепати.

Надзорот на над 20.000 граѓани и нивното повеќегодишно прислушување се една од најмасовните злоупотреби на власта во Европа. Толерантноста на Брисел и на големите сили за сите овие злосторства е, всушност, најголемиот грев врз два милиона луѓе на една мала мирољубива европска земја. По ослабувањето на позициите на Груевски, веќе се наѕира како Европа го запира своето учество во процесот на демократизација во земјата. Откако Груевски ретерираше и ги прифати сите барања на Брисел, оваа работа ја оставија сами да ја завршиме. Во Македонија деспотската власт која владее по повеќекратно фалсификувани избори, по флагрантен организиран криминал и со целосна контрола на сите институции на системот е оставена на мира. Дали вечните интереси налагаат уште еден амин на Брисел за тортура врз граѓаните. Тоа е таа политика на ЕУ кога го врти грбот за да оствари свои повисоки интереси во полза на нејзините редовни членки. Овие денови ќе видиме што ќе испорача за возврат Груевски во Брисел.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , , ,

Претседателе ќе кажете ли нешто

Posted on 01 March 2015 by erizaov

horhe

 

Претседателот Иванов и натаму останува восочна фигура во музејот на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на државата Ѓорге Иванов, како и секогаш во критични ситуации, срамно одбра да молчи. Професорот по „демократија“ и натаму упорно докажува дека Македонија нема претседател, дури и кога илјадници граѓани биле со години под надзор и прислушувани од разни агентури.

И покрај воената цензура и строга забрана јавноста да чуе и види како една мала група управувала со државата, со судството и со медиумите, од она што досега го слушнавме по обелоденувањето повеќе разговори само во неколку медиуми и преку социјалните мрежи, а кои никој од снимените личности не ги демантира, нема здраворазумски човек на кој не му се збербатило од ужасниот проект на масовно нарушување на човековите права и слободи со следењето на комуникациите на над 20.000 граѓани и јавни личности, вклучувајќи го и претседателот на државата. Првиот човек на државата и натаму, покрај своите уставни овластувања и надлежности, срамно молчи за овој дебакл на безбедносните служби и за разнишаниот углед на Македонија, за што има огромна лична одговорност.

Криењето од јавноста на важни информации, доколку ги има претседателот на државата, а ги одмолчува е кривично дело според Уставот на Македонија и според законите. По вакво флагрантно кршење на човековите права и следење на огромен број граѓани, претседателот на државата еден ден ако профункционира правната држава може да се најде на обвинителна клупа, ако и натаму прикрива важни сознанија од граѓаните. Доколку, пак, ништо не знае за овој чин, иако во негова надлежност е безбедноста на земјата која со години е нарушена до трагични димензии, претседателот Иванов, во тој случај, веќе доцни со својата оставка од морални причини. Неговата изолација и согласност да молчи и да биде марионета на Владата и на премиерот Никола Груевски само ја зголемуваат одговорноста која имајќи ги предвид неговите уставни надлежности не може да биде само морална. Претседателот Иванов, по сите досегашни сознанија дека безбедносниот систем на државата е претворен во решето, не смогна сили да го свика Советот за безбедност чиј претседател е тој и да побара прецизен и вистинит извештај што се случувало во безбедносниот систем на земјата. Ваквите пропусти и по обелоденувањето на скандалот го прават претседателот Иванов восочна фигура во музејот на ВМРО- ДПМНЕ.

Од претседателскиот кабинет допираат гласови дека тој е изложен на притисок од премиерот да излезе со свој говор пред јавноста во кој ќе го осуди лидерот на опозицијата Зоран Заев и ќе ги прифати обвинителните акти на премиерот, кој деновиве е во улога на јавен обвинител, на судија и на порота. Се бара од претседателот Иванов да потврди јавно дека станува збор за заговор и пуч во кој учествуваат домашни агенти и странски служби. Од кабинетот на претседателот моите извори тврдат дека неговото молчење предизвикувало страшно голема нервоза лично кај Груевски и неговите најблиски приврзаници. Од противниците на Груевски во самата ВМРО-ДПМНЕ велат дека на сите им е забрането да зборуваат за скандалот „пуч“, вклучувајќи го и претседателот на државата Иванов , министерот за внатрешни работи Јанкулоска, министерот за финансии Ставрески и сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Можат пред јавноста да се обраќаат само Груевски и неговата логистика која крстосува низ државата предводена од Неделковски и Ачковска кои во Америка гледаат главен непријател и организатор на заговорот против Македонија, а излезот го бараат во Русија и кај Путин.

Најлошата работа за угледот на институцијата претседател на државата е молчењето во вакви кризни ситуации и при ваква загроза на слободата и демократијата и заговарање за промена на стратешките интереси и приоритети на Македонија и нејзините евроатлантски интеграции. Мислам дека е последен момент претседателот на државата еднаш да се постави како претседател на сите граѓани и да го обели образот, да ги врати својот углед. Конечно, треба да излезе пред јавноста и да ги соопшти своите сознанија и своите истраги, што е должен да го направи овие денови на кои има право и по Уставот и по авторитетот на позицијата претседател на државата. Ако и сега е изолиран и прескокнуван од ваквите извештаи против негова волја и ако навистина целиот овој период со години бил држен на маргините од настаните и ако и тој бил прислушуван, тогаш и професорот на Правниот факултет и претседателот Ѓорге Иванов знаат дека, во таков случај, требаше веќе да поднесе неотповиклива оставка, барајќи непристрасно, фер и праведно судење за она што и’ се случувало со години на Македонија, без тој да биде известен и информиран. Претседателот Иванов добро знае дека ако бил прислушуван и следен со години заедно со илјадници јавни личности, без оглед кој тоа го нарачал и правел, одговорноста и на претседателот и на премиерот и на надлежните министри и први луѓе на безбедносните институции е неминовна, пред се’, поради нарушеното здравје на државата и нејзиниот углед додека извршувале најодговорни функции. Оставките се најмалата работа што во овој момент мора да се направи, а потоа да уследи судската разврска без притисоци. Само по еден таков демократски и правен епилог, никогаш повеќе во Македонија не ќе можат да се случат неовластено следење и прислушување на граѓаните.

Молчењето на претседателот на државата во вакви моменти само ги охрабрува нарачателите на ова злодело кои веќе организираа февруарски походи низ Македонија, при што нивните поданици на агитпроповски собири го сатанизираат сопствениот народ и сите слободоумни луѓе, кои во прислушувањето на илјадници граѓани гледаат монструозен чин за зачувување на власта по секоја цена, па и по цена на основните човекови права. Притоа набедуваат пријателски земји меѓу големите сили дека стојат зад прислушувањето, со што нанесуваат трајни штети на интересите на Македонија.

Овој пат навивам за вас претседателе, ајде кажете едно ваше сопствено мислење веќе еднаш. Доцните со години.

 

Comments (0)

Tags: , , , , ,

Од сегде тече мед и млеко

Posted on 20 March 2014 by erizaov

Каде и да се завртите, од сите страни тече мед и млеко. Можат да ни позавидат и Скандинавците. Веќе осум години саде радости не’ облеваат, толку многу и силно што убавината почна да не заморува. Во ерата на големата преродба се преродивме сите по неколку пати. Не било лесно.

Вклучи телевизор или радио, сеедно, кликни на интернет, отвори весници, излези на улица и разгледај излози, реклами и билборди, прочитај графити, оди на концерт, во театар, на прием… само убавини, успех до успех, врвни светски резултати на сите полиња. Стандардот расте незапирливо, рапидно се зголемува бројот на вработени, дури побрзо отколку што може да интервенира директорот на агенцијата за бришење и пензионирање на невработените. Се довршуваат старите и почнува изградбата на нови импозантни барокни зданија за заштита на духовноста и во слава и на денешните и на античките јунаци кои ни го вратија делот од изгубениот идентитет и континуитет и ги открија заблудите со словенското варварско потекло. Никнуваат десетици и десетици индустриски зони и стотици фабрики, се постилаат автостради како чаршафи, летаат брзи возови на брзи пруги, тече злато по нафтоводи и гасоводи, се чисти бербатлакот во пречистителни станици, се складира ѓубрето во депонии, се градат канализации, водоводи, електрични и термоцентрали, има и на ветер и на сонце… крај нема на големите резултати, не можат да се набројат колку ги има.

Велат, најмногу се лаже пред избори. Не е точно. Кај нас се лаже нонстоп, без престан. Цели осум години сме и пред избори и на избори и по избори. Од понеделник и официјално ќе почне предизборната кампања за избор на претседател на државата, на премиер и влада и на парламент. Допрва не’ чекаат бесплатни билети за рајски градини. Нека е со лесно и со помин. Ако сакате да ја одбегнете наездата од предизборната кампања, да ги сочувате нервите, обидете се малку потсмешливо и поспокојно да гледате на политичката војна иако сте свесни дека последиците се прилично опасни и загрижувачки. Еве, ќе ви кажам на што деновиве убаво се изнасмеав. Вчера ви ја раскажав драмолетката за откопување на правта што останала од Александар Македонски под тумбата Црнилиште кај Свети Николе. Посмешна работа од откривањето на гробот на Александар досега немам видено. Ми недостасуваше меѓу оние силни доктори на науки и научници и нашиот претседател Ѓорге Иванов како ги дешифрира тајните кодови на светиниколскиот рид оставени од антички времиња да не се открие кралската гробница додека не стасаат вистинските потомци на македонските антички династии. Ќе беше тоа убава глетка како во Паљурци кога претседателот на државата го покажуваше бунарот од кој пиел вода лично свети Павле.

Слатко им се изнасмеав и на грчките новинари кои го направија партал нивниот премиер Андонис Самарас што не научил ништо од македонскиот премиер Никола Груевски. Истрча Самарас маратон по Европа и по светот, без државничко достоинство, да моли и питачи пари, да бара помош да ја спасува Грција од банкротство, а можеше едноставно да го копира Груевски и да оди по роуд шоуа и да донесе странски инвеститори кои ќе ги вложат своите милијарди во Грција. Требаше само да им даде добри погодности и да создаде убав амбиент за инвестиции, мали даноци, евтина работна сила, одлична инфраструктура, го препишуваат грчките колеги угледниот светски весник „Економист“ кој посветува своја сторија за чудесните економски реформи на Македонија. Да ја завртеа последната страница на магазинот, ќе ја видеа и убавата и скапа реклама за економското чудо на Балканот. Се разбира дека е неумесно да се доведува последната страница на платена реклама во врска со успесите на Владата на Груевски објавени без пари на редовните авторски страници и прилози во „Економист“. Меѓутоа, зачудувачки е како сите провладини медиуми во земјата веднаш ги открија страниците со пофалби за Владата на Груевски и за привилегиите што се нудат на странските инвеститори во Македонија издашно цитирајќи ги поентите на анонимните автори кои ги величаат големите успеси, нагласувајќи дека станува збор за еден од најреномираните и најугледни весници во светот „Економист“. Сите до еден не ја виделе последната страница со платена реклама да ја објават макар и како обична вест, или не дај боже, колку пари Владата потроши лани и колку ќе потроши годинава за реклами во светските медиуми и што се’ опфаќаат овие договори.

Најсмешен од сите ми беше водителот кој не презентира вести, туку ги коментира како што му доликува на единствениот доктор на науки во државата за вести. Така го исфали докторот „Економист“ како апсолутен авторитет по што не смее да се отвори уста со ниедна критика за големите достигања на Владата и премиерот. Докторот заборави што цитираше пред неполни две години кога истиот тој весник, не помалку угледен од денес, ја објави ранг-листата на земјите чии граѓани живеат во најголема мизерија во светот. Тогаш од 92 држави во светот Македонија беше апсолутен шампион во светот по мизерија, најгоре со црни букви на табелата на денес угледниот, а тогаш непријателски настроениот, корумпиран и потплатен „Економист“ да пишува против Македонија. Богами кога една држава од светски прваци во мизерија ќе стаса за неполни две години меѓу најдобрите и најголеми реформатори во Европа тоа заслужува голема пофалба дури и од „Економист“. Има само еден мал проблем граѓаните на Македонија повеќе ја чувствуваат ранг-листата на мизерија отколку успешноста од реформите. Груевски ја откри формулата на платените реклами. Замислете имале исто дејство како во земјата така и во светот. Пари, пари, па цел свет може да се освои, вели Наполеон, а не бедна и мизерна Македонија.

Има уште многу чуда овие денови во македонските медиуми кои се комплетно во предизборно руво. Навиваат ли навиваат. Вестите, информативните емисии, дебатите на истомисленици и по некоја ретка искра на полемика, забавните емисии, штета што нема хумористични, ова е измислено време за хумор и сатира, ток шоуата, спортот, научните едукативни емисии, се’ е поврзано со актуелната политика и изборите. На најгледаните телевизии не е можно да се објави вест, или изјава на опозицијата или на тие што критички ја опсервираат власта, а притоа да не бидат експресно демантирани и анатемисани од штабот на владејачката партија и од загарите чувари на власта кои имаат лиценца за новинари.

Ако сепак се определите внимателно да ги следите македонските медиуми во предизборието, не ви треба голем напор за да забележите дека сите патишта водат во една насока. Да му се верува на единствениот водач кој ќе ја спаси Македонија, треба само да се гласа за него и да му се даде апсолутна поддршка, најмалку 62 пратеници и се’ е готово. Тој е лидерот кој ќе ја исполни историската задача и само тој може да ни обезбеди подобар живот. Се’ друго е лага и измама. Водачот сам ќе го реши проблемот со името и со членството во ЕУ и во НАТО, како што сам донесе инвеститори. Овој наш преродбеник има само една мисија благосостојба на народот. Не е осамен, на Балканот има сериозна конкуренција на мисионери кои ги спасуваат народите од беда и сиромаштија со убави зборови и лаги. Затоа и изборите не се неопходни, тие се потребни само за да се потврди силата на месиите и водачите, пишува Жарко Кораќ во „Пешчаник“ за политичката сцена на Србија, која во многу нешта е идентична со сите земји на Западен Балкан. Кораќ вели дека „Србија нема да ја спаси силен водач кој знае да управува со брод“, туку неа ќе ја спаси само макотрпна изградба на демократски институции и тешка работа на луѓето“. Србија, вели Кораќ, го избра спротивното. „Таа се’ уште повеќе ги сака лагите од вистината за себе“. Македонија осум години ги избира лагите, многу се послатки. Вистината ни е горчлива како пелин.

(Објавено во Утрински весник)

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2017
M T W T F S S
« Oct    
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930