Tag Archive | "СЈО"

Tags:

Фатиме во диско

Posted on 13 November 2017 by erizaov

balkan-437

„Специјалниот јавен обвинител Фатиме Фетаи оди во диско клуб“ е новата епска драма на социјалните мрежи. Што бара таму!!!!???? Грмна расправа ала турли тава својствена за нормални времиња во ненормална држава штотуку излезена од стегите на режим. Слатко се изнасмеав, ми го разубавија денот бројните виспрени досетки на бранителите на популарната обвинителка кои со многу дух и смисла за хумор ги пратија своите пораки до јавноста, кои не се само во нејзина одбрана, туку многу повеќе од тоа. Претставуваат надежна пресметка со предрасудите, вековната заостанатост и конзервативизмот во негативна смисла на зборот. Дури и повеќе, беше тоа жесток и оправдан напад против примитивизмот и провинцијализмот, а најмногу против лажниот морал и познатите наши стереотипи.

Но, откако човек ќе размисли малку повеќе на темата „обвинет“ и жигосан јавен обвинител, башка специјален, личност во жижата на политичките настани во земјата будно следена од очите на јавноста и не само на јавноста на секој чекор, згора убава, млада, образована и модерна Албанка работите добиваат поинаква димензија од оговарачко сеирџиство и дежурните моралисти. Не би рекол дека Фатиме е на удар само затоа што во слободно време за викенд била во диско. Испаѓа дека реакциите и чаршиските дебати не се толку ниту за смеење, ниту за разубавување на денот. Напротив, загрижувачко е сознанието дека бројноста и предноста на здраворазумските реакции на интернет ја губат битката со „селската левица“ на еден друг терен на кој не се пишуваат постови, коментари и колумни. Тоа е со години и години затруената почва со дебели наслаги на предрасуди каде фанатиците се крстат со двете раце пред ѓаволската работа да се цупка ноќе во ритмот на гласна музика, а дење да се соопштуваат обвиненијата за тешки кривични дела, организиран криминал и корупција, злоупотреба на функциите на врвот на довчерашната власт, со сериозна изгледност со владеење на правото да се соочат сите идни власти и недопирливи моќници.

Битката против заостанатоста во Македонија очигледно ќе биде најтешка и најдолга. Европеизацијата на балканците ке потрае целиот 21 век, а можеби ке фати дел од 22 век, ако дотогаш не исчезнеме. Членството во ЕУ нема да нè направи европјани од денот на приемот ако тоа се случи околу 2025 година како што се предвидува, туку тоа ке биде само гаранција дека сме на добар пат да стасаме до цивилизираниот свет кога тогаш. Подобро некогаш, отколку никогаш. Знам дека за ова нема да ми простат тие што мислат дека од Македонија тргнува светската култура и цивилизација уште од антички времиња и дека неколку века подоцна од Македонија тргнува и писменоста на Словените, но очигледно нешто многу трагично се случило во меѓувреме што не оставило под нивото дури и на античките времиња и во науката и во писменоста и во стандардите на живеење.

Како и да е, замислете една сосема обратна ситуација: Фатиме Фетаи забрадена во марама на утринска петочна молитва пред да оди на работа во СЈО како се клања во џамија. Гласно се прашувам дали тоа е еднакво анахроно и неприфатливо на пример ако и нејзините колешки обвинители Катица Јанева и Ленче Ристоска денот го почнуваат со одење во црква и со молитва за божја помош. Може ли да им се верува повеќе на обвинители кои одат во диско отколку во црква и џамија на молитва, кои претпочитаат повеќе световни закони отколку божји заповеди. Господ, велат верските проповедници, има десет заповеди. Ама, одамна на своите јавни миси, не сум ги слушнал нашите црковни великодостоијници да ги потсетат своите духовни чеда на нив, да кажат: не кради, не лажи, не убивај и така со ред до десет… Некако не гледам дека некого стасува божјата правда, а до неодамна ни световната. И сега кога паднаа првите пресуди на недопирливите ни од Бога ни од законот, не по божја туку по судска правда, не по словото на библијата, туку по словото на законот испадна работата „Уаааа Фатиме оди во диско!“.

Што да ви речам кога сите знаете дека Миле сака оро шумадиско, а Фатиме диско.

Comments (3)

Tags: ,

Груевски нема да избега

Posted on 21 July 2017 by erizaov

gruevski-vo-apelacija

Груевски нема да избега од Македонија. Тоа би било добро да се случи оти ќе значи признавање на вината. Но, тоа воопшто не значи дека Груевски сака да се соочи со правдата. Напротив, тој и сега, додуша индиректно, но сепак им се закани на апелационите судии и не само на нив: „Немам намера да избегам, ќе се вратам на власт“. Што ќе биде потоа треба да размислат и судиите и сите негови политички противници и критичари. Груевски никогаш не сакал да се соочи со правото и правдата и да препушти на судот да ја докаже неговата вина, односно тој да ја докаже својата невиност. Напротив, таа работа Груевски сака да ја реши без суд и без судење, дури и кога беше премиер и кога имаше најголемо влијание врз правосудниот систем на Македонија, кога телефонски се нарачуваа пресуди, Груевски бегаше од судска разврска.

Што мислите зошто Груевски не сака да седне на обвинителна клупа и од таму да се бори за својата правда, ни кога судот е негов. Знаете во судските процеси се случуваат многу непријатни работи, сведоштва, толкувања на вештаци, експертизи, адвокати, разни изненадувања и конечно медиумски спектакл. Тоа е премногу и за еден осредно осилен технократ, а да не зборуваме за политичар кој цела деценија владее авторитарно без никаква контрола и почит кон уставноста и законитоста, со грубо кршење на човековите права и слободи, со газење на слободата и демократијата, на граѓанските права, газење врз медумската и судската независност. Основаните сомненија за серија тешки кривични дела каде што и тој лично е учесник, Груевски ги осопорува само со празни зборови дека се работи за политичка пресметка и завера на меѓународната заедница против  Македонија и против него лично. Се разбира, тоа е многу полесно да се каже на конференција за печат, на митинг, или во парламент, но многу е тешко да се тврди како  аргумент во судска сала каде има многу посуштински прашања и докази.

Практично Груевски ги потроши сите шанси да го ублажи ударот од неговото  деспотско владеење. Сега единствена тенка надеж му се локалните избори. Велам тенка бидејќи резултатите од локалните избори не би можело и не би смеело да ја попречат правдата и  владеењето на правото, дури и кога мнозинството граѓани би гласале за корумпирани политичари и партии. Груевски уште игра на картата на избори оти не се доволни неговите  отстапки со принудување на оставки на неговите најблиски соработници, па ни со поднесување на неговата оставка, кои не беа дадени на време, туку беа изнудени под силен притисок на домашната јавност и на меѓународната заедница. Не беше доволно за одбегнување на правдата од тешките злоупотреби на власта ни согласноста за  формирање на Специјалното обвинителство, мислејќи дека и оваа инстутиција брзо ќе падне под партиска контрола. Ама ете, имало и обвинители со образ и професионална чест. Вистинските шанси на Груевски да се спаси и себе и партијата и угледот на државата беа кога го посети лидерот на опозицијата Зоран Заев да му каже за неговото најголемо злодело во историјата на независна Македонија кое е направено во простории на МВР,  најголемото нарушување на човековите права кога над 20.000 граѓани на државата, познати јавни личности, високи функционери, политичари, пратеници, новинари, судии… биле прислушувани, однсоно нивните комуникации биле под строг надзор повеќе години.  

Ако Груевски за тоа не знаел ништо, или подобро кажано, ако нема докази дека знаел и  дека ги користел прислушуваните разговори, доволно е само поради таквата хаварија во безбедносниот систем во земјата кога некој со години прислушкувал непречено, да поднесе моментално оставка со оглед на димензиите на злосторството, а со тоа да повлече оставки и на сите одговорни во ланецот за безбедност на државата. Со моралната оставка Груевски требаше да побара брза судска непристрасна истрага. Во тој  случај Груевски со својот морален чин можеше да ја спаси партија и да го зачува угледот на државата. Наместо тоа, Груевски одбра да го тужи гласникот на лошите вести толкувајќи го како уцена и да бара излез во вонредни парламентарни избори. Груевски впрегна огромна медиумска машинерија и фрли милиони евра пари на граѓаните да докажува преку митинзи и протести дека обвиненијата за кримијнал и корупција, за незаконска пресметка со политичките противници и за уништувањае на туѓ умот, за судски влијанија и нарачани пресуди се дело на Сорос, на Америка и на ЕУ, на домашните непријатели и предавници, странски платеници…

Тоа беше тежок период кој ќе влезе во поновата историја на Македонија како еден од најмрачните, време на ужасни пропаганди и директни закани, трагични пресметки со новинарите, со медиумските куќи, нивно корумпирање, драконско казнување и затварање на непослушните, нешто што Македонија во вакво тоталитарно издание никогаш го немала откако има држава цели 73 години. Откако црниот бран на пропаганди не успеа да донесе 63 пратеници и мнозинство за формирање на влада и избегнување на правдата, Груевски  одлучи да не ја предава власта. Во тоа му помогнаа насилничките вмровски чети и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, кој до крај ја задржа својата лакејска позиција и кон ВМРО-ДПМНЕ и кон Груевски. Претседателот Иванов направи таква серија на грешки и бесмислености кои не само што го срозаа до крај угледот на државата и на функцијата претседател, туку лично учествуваше во попречување на првадата и деградација на целиот правосуден систем. Тоа беше катастрофален однос на еден универзитетски професор на правниот факултет, кој  не успеа ниту еден ден од двата мандати да биде  претседател на сите граѓани, туку цело време помирливо, како половичен претседател да претставува само дел од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, главно, клиенти на партискиот врв. Опструирањето на Груевски да се предаде власта со месеци по изборите  предизвика уште поголема политичка и безбедносна криза во Македонија која ќе завршеше со воведување на класична диктатура ако не беше налудничавата нарачка со насилните вмровски чети и со учество на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, со директна инволивираност на високи началници и функционери во полицијата и голем број  специјалци, да се предзвика крвопролевање во Собранието на Република Македонија. Тој  неуспешен пуч, кој требаше да резултира со воведување на вонредна состојба и диктатура, всушност ја прели чашата и во земјата и во светот конечно да му се обрне поголемо внимание на диктаторчето од западен Балкан.

И еве сега Груевски повторно јава на погрешен коњ, наместо да бара како „невин“ праведна судска разврска, повторно инсталира црна кампања за изборна победа на комунални избори за да се врати на власт и да ја одбегне правдата. Се јавија неколку разумни луѓе во ВМРО-ДПМНЕ со барање Груевски да ја ослободи партијата од себе и да се тргне оти власта има мандати, не е вечна, има крај, а партијата е многуподолговечна и поважна од власта. Но, соочен со последиците ако падне и последниот бастион на груевизмот какви сè  гуштери и алигатори и какви сè злоупотреби ќе излегуваат на виделина, Груевски практично и нема друг избор освен со ореол на страдалник  да бара победа на локалните избори и тие да се признаат како парламентарни.

Несреќата е во тоа што ако актуелната власт, која го има мнозинството, не успее да го ослободи судството за  да се процесуира правдата, и конечно да седнат осомничените  на судска  клупа кои ќе бидат донесени со полициско комбе од притвор, опструкциите можат да продолжат до таа мерка да не се види дека поразот на локалните избори на ВМРО-ДПМНЕ може да биде многу надежен за Македонија и за нејзината иднина. Не е  можна ниту една реформа, ниту враќање на довербата на јавноста ако нема праведна и непристрасна судска разврска. Само тоа би означило сигурен почеток на крајот  на груевизмот. Груевски засега исполнува само еден услов да не оди во притвор, а тоа е дека нема да избега бидејќи во неговата желба за враќање на власт никој не треба да се сомнева. Тоа го докажа безброј пати во изминатите 11 години. Сите други предуслови да му се одреди мерката притвор дебело ги исполнува. Особено неговото влијание врз сведоците, но и врз судството.

(Преземањето на делови или целосниот текст од колумната „Мое Ќоше“ е дозволено само по претходна согласност од авторот. Сите права се задржани)

Comments (1)

Tags:

Бербат до гуша

Posted on 21 November 2016 by erizaov

target

Во Македонија е наметнато клучното морално, правно и праведно, човечко, цивилизациско и суштинско прашање за иднината на државата: дали можат на избори да учествуваат и да бидат избирани луѓе осомничени дека стојат зад најмасовното и најдолго нарушување на човековите права и слободи, луѓе под истрага дека се носители на организиран криминал и досега невидена корупција. Наместо на суд можат ли вакви луѓе да одат на избори и да бидат избрани за пак непречено да продолжат со тиранија.

Најсилно експлодира бомбата чиј фитил гореше безмалку две години. Специјалното обвинителство објави дека поведува истрага за најмасовното и најголемо нарушување на човековите права во Македонија по Втората светска војна. Постојат докази и основани сомневања, соопштија специјалните обвинители, дека ова злодело е направено со злоупотреба на службените овластувања и на државните системи. Во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) повеќе вработени вршеле незаконско прислушување на телефонските разговори на илјадници граѓани во период од осум години. Од 2008, што се вели до денес, се следи секој збор не само на политичките противници, туку и на своите најблиски соработници, на деловни луѓе, на новинари, на познати личности од јавниот живот, академици, универзитетски професори, писатели, уметници, актери, а многу веројатно и на странски дипломати и на претседателот на државата, што е јавна тајна.

Од политичкиот врв само поранешниот премиер, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, не е прислушуван. Но, сите што му телефонирале најревносно биле снимени. Не ми е јасно само како три години го слушале Зоран Верушевски и неговата сопруга, а не откриле дека Верушевски ги издавал наредбите за прислушување како што вергла власта пред јавноста. Ваков изум нема ни ЦИА.

Чуден е народецот што преостана да чмае во оваа наша жална Македонија. Со години слуша и гледа како пукаат бомби на најголемиот жив срам и невидена брука од постоењето на државата до денес и уште сомничаво врти со главата прашувајќи се, а дали е тоа баш така, дали ова не ни го прави Америка, ЦИА, Сорос, ЕУ и злобните комшии. Па нели лично Никола Груевски кажа дека прислушувањето е дело на странски служби, на домашни предавници и непријатели и на платеници, дека сето тоа ѓубре сечело, лепело и монтирало за да се направ и „пуч“ и да се преземе власта од изроди.

Штом нешто кажува Груевски мора да е точно. Зошто не би му верувале кога водачот сто пати потврди дека се измислени сите обвинувања за организиран криминал, за корупција, дека кај нас нема никаква злоупотреба на власта, ниту пак незаконска пресметка со политички противници, нема нарачани шамари и судски пресуди и нема унапредувања на судии и обвинители преку телефон. Нема злосторничко здружение за изборни нерегуларности и местенки, а приказните за криминализација на целото општество е грозна шпекулација и непријателски акт. Сето тоа што сме го слушнале и виделе овие две години е голема лага на опозицијата во спрега со странските разузнавачки служби кои сакаат да ја дестабилизираат Македонија. Груевски ова го кажува само пред нарачани камери и микрофони, а никако пред суд дури и кога е единствен сведок на пучот, а уште помалку како обвинет. Срамно и кукавички бега од судот и од соочување со правдата.

Но, народот на кој толку многу се повикува Груевски знае да биде и непредвидлив, особено ако долго го јавате. Нема здраворазумен човек во државата кој не се сомнева дека целата оваа криза е предизвикана од врвот на власта. Сега кога се фатени на дело и кога вистинските патриоти мал дел од тој ужас го дадоа на увид на јавноста виновниците врескаат на цел глас дека опозицијата сака да ја дестабилизира Македонија, да ја албанизира, да ја грцизира, да ја направи двојазична и безлична, опозицијата сака да го продаде името, идентитетот, јазикот…

Цело ова време никој не го праша водачот како тоа наеднаш иако невин и безгрешен, иако се работи за пуч и обид за преврат со уцена, со монтирани и лепени разговори, како тоа тој преку ноќ стана многу послушен и сервилен кон странските непријатели и платеници. Наместо да ги отера во мајчину, ги смени без збор своите најблиски и најверни министри, началници и соработници. Како тоа без збор прифати да се формира Специјално обвинителство и вети дека нема да се прават никакви попречувања на истрагите на овој ашикере наметнат паралелен државен орган поради целосната контрола и партизираност на правосудниот систем почнувајќи од основните судови и обвинителства, па се’ до Уставниот суд. Груевски прифати и специјален закон за гонење на кривичните дела кои произлегуваат од незаконското прислушување. Прифати да поднесе и оставка. Ако беше чист, дали ќе прифатеше што било од овие изнудени решенија. Неизвалкан премиер не би прифатил ниту едно барање под притисок чиј било. Груевски стави се’ на една карта за да го смени вистинскиот суд со народен, а тоа се избори. Влогот е Македонија, ако победи на избори тој е убеден дека сите други истраги и обвиненија паѓаат во вода. Штом повторно го земе стапот во рацете сите од страв ќе судат во негова корист, а народецов ќе го врати кубурот под перница.

Да, ама домашниот есап не излегува на пазар. До 11 декември ќе пукнат уште многу бомби од двете страни на фронтот. Ќе препознаеме ли кои се ќорфишеци и лажни, а кои вистински. Велат, ќе имало една атомска.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

Нова надеж за спас на државата

Posted on 21 October 2016 by erizaov

sjo-ubk

Ете имало и судија со срце јуначко, нa кој му се свети и најважни правото и правдата, кој не потклекнува на притисоци. Судијата Весна Димишкова ги потпиша судските наредби Специјалното обвинителство да си ја врши својата работа според Законот во Управата за безбедност и контраразузнавање, што се вели, да направи систематски преглед на опасно заболениот организам на државната безбедност оти има сериозни симптоми дека е нападнат мозокот кој ја произведе политичката криза во земјата претворајќи го безбедносниот систем во монструм против своите граѓани. Има основани сомневања дека ова злодело го направиле тие што најмногу треба да се грижат за безбедноста на земјата и на граѓаните.

Судијата Димишкова не гази на гнила штица. Ова не е прв нејзин одважен чекор цврсто потпирајќи се на законите и своите овластувања. Има во македонските судови уште судии на кој им се поважни законот и државата од политиката и партиите иако повеќето од нив како неподобни се разместени и маргинализирани. Димишкова и нејзините колеги кои се на страна на владеење на правото заедно со Специјалното обвинителство се новата надеж за спас на Македонија од еднодецениската наезда на режимот на Никола Груевски и неговите најблиски соработници злоупотребувајќи ги на ангро своите функции и овластувања.

Судските наредби за непречена истрага во Управата на безбедност и контраразузнавање предизвика вистинска паника не само во полициските редови, туку и во целиот државен врв. Мобилките се вжештија. Пристигнувањето на специјалниот јавен обвинител Катица Јанева и нејзините соработници во УБК со судска наредба е историски момент, предвесник на новата правна држава. Вакво нешто досега не се случило во целокупната историја на постоење на македонската современа парламентарна држава, рамно цели 71 година. Јавни обвинители во УБК со судски наредби попречувани во работата од високи државни, партиски и полициски функционери е вест на деценијата која многу кажува уште пред да заврши истрагата. Во вакви мигови на шок, уплав и неверување како тоа некој да се дрзне да чепка по „државните“ тајни кои се прилично приватизирани и злоупотребени веднаш се препознаа партиските наредби и директиви до своите функционери во МВР и до своите новинари во медиумите. По првиот уплав кога Катица Јанева влезе во УБК настапија серија мали и поголеми земјотреси како афтершокови. Дотрчаа каде што не им е местото поранешниот министер на МВР , а сегашен директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и знаменитиот заменик-министер и надежен политичар на ВМРО ДПМНЕ Оливер Андонов да и’ објаснат на јавноста дека барањата на Катица Јанева и специјалните обвинители се нестручни и опасни за безбедноста на државата. Овие двајца партиски функционери заедно со своите помагачи направија тешко кривично дело спречување на извршување судски наредби. Толку се исплашени, што почнаа да прават почетнички грешки и да ја деградираат државната институција како што е УБК ставајќи ја над законите, односно јавно и себеси и институцијата за државна безбедност ја разоткрија на очиглед на целата јавност дека е под директна контрола на поединци од врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

Сето ова лесно беше достапно од партиските медиуми кои како папагали цело деноноќие ги повторуваа партиските наредби дека истрагата е нестручна, дека нема судски наредби, па потоа дека има, дека се заканува опасност од откривање државни тајни и уште милион лаги и дезинформации.

Катица Јанева и специјалните обвинители и потпишаните судски наредби од Весна Димишкова ги изненадија партиските разузнавачи со својата храброст и истрајност да се почитуваат законските овластувања и судските наредби. Беше тоа долга ноќ на исчекување и вистинска војна на нерви во просториите на УБК со многу директни попречувања на истрагата. Но ќе мора едно по едно да се извршуваат барањата на судијата и на Специјалното обвинителство, односно да се прифатат судските наредби. Сега дилемата е дали тоа што сакаа да го скријат партиските функционери во МВР успееја да го направат станувајќи учесници во нови кривични дела, или сепак се обезбедени потребните докази кои ќе ја откријат целата вистина за прислушуваните разговори, односно за голем број злоупотреби во најчувствителната безбедносна институција на Република Македонија какава што е УБК, претворена во партиска филијала на ВМРО-ДПМНЕ.

Судиите и јавните обвинители, истражните органи кои имаа храброст да го отворат овој историски процес на владеење на правото мора да ја добијат целосната поддршка на правните експерти и авторитети во земјата, на медиумите и на слободоумната јавност. Ова навистина е голем историски настан, еден по еден сите од недопирливите кои се огрешиле од законите да се соочат со правдата. Ако власта успее да го попречи овој процес, тоа ќе биде најголемата загуба во определување на иднината на Македонија и нејзините граѓани. Мора да стане совршено јасно дека кога безбедносните и полициските структури во една држава спречуваат судски наредби тоа е крај на државата и зацврстување на престолот на мафијата. Тоа граѓаните на Македонија нема да го дозволат. По 11 декември Специјалното обвинителство ќе има и свој суд и свои полициски сили. По 11 декември и редовното јавно обвинителство и судовите ќе бидат ослободени од партиските стеги. Тоа нема да се случи поради опозицијата и политичката борба за власт, туку само поради иднината на Македонија. Злоупотребите и криминалот на власта веќе се осознаа во секоја куќа.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

December 2017
M T W T F S S
« Nov    
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
25262728293031