Tag Archive | "судство"

Tags:

Татковци на службен пат

Posted on 03 August 2017 by erizaov

sirenje sudstvo

Медиумите почнаа да одбројуваат колку дена се исчезнати Горан Грујевски и Никола Бошковски, двајцата обвините за повеќе кривични дела чиј веќе одреден притвор ја отслика гротеската на правосудниот систем во Македонија. Кривичен суд, Апелациски суд, Врховен суд, МВР… сите кој повеќе кој помалку во овој случај како и во многу други, прописно се обрукаа. Уште еднаш сме речиси неми сведоци на трагични сознанијата колку лесно и без никакви последици, баз влакно да му фали од главата на никој, може да се подрива општествениот поредок. Партиските и лични инсталации на ВМРО-ДПМНЕ и на фамилијата во судството успеаја од јавноста да направат безлична аморфна маса која не може да ја осознае стравичната несреќа што значи да се живее во земја каде делители на правда го прикриваат криминалот и ги амнестираат осомничените за тешки кривични дела.

Таков гнилеж владее во правосудниот систем на државата што од палатите на правдата се шири неподнослива реа на партизирани и корумпирани обвинители, судии и полицајци… Македонскиот правосуден систем е како усмрдено биено сирење, постојат илјада дупки озаконето да се попречува правдата, да се гази најчуствителниот дел од функционирањето на една, одамна требаше досега да биде, современа демократска држава. Носечките кадри во правосудниот систем на државата  не ја знаат сериозноста на состојбата и големината на одговорноста што ја имаат кога стануваат соучесници во заштита на осомничени лица. Или, пак, тоа ептен добро го знаат до последен цент – колкава е цената за тоа. Толку е гнило што и кога сакаат нашите носители на правдата да бидат професионални и чесно да работат по словото на законот, тоа не можат да го одработат бидејќи толку е озаконета злоупотребата на власта во правниот систем што спречувањето на правдата се претворило во легална категорија која може да го носи името: Илјада начини како да се оневозможи владеењето на правото.

Ете на пример, телефонирајте му на претседателот на Врховниот суд на Македонија, господинот Трајче Трајчевски, и прашајте го дали знае што значи Врховен суд на една држава и каков е патот на еден судија во било која европска земја да стаса до претседател на Врховен суд. Правниот гение Трајче, кој ги поминал сите скалила на  правосудниот систем пешки и напишал десетици томови научни книги за развој на правото, борбата против организираниот криминал, нарушување на човековите права и слободи и десетина учебници по кои го формирале своето знаење за правото повеќе генерации студенти, магистри и доктори на науки, ќе ви каже дека сега кога е на годишен одмор не може да одговори на толку чуствителни прашања.  Особено не по телефон. Ајде ви се молам, какви се тие прашања дали претседател на Врховен суд, поранешен и сегашен, знае што значи Врховен суд. Исто како да прашате фурнаџија дали знае што е фурна и зошто служи. Сосема друго е ако  прашате некој тенекеџија како се меси леб и како се ложи фурна. Ако го прашате Трајче дали чуствува некакава одговорност во врска  со избеганите осомничени Грујевски и Бошковски, чиј притвор безмалку беше телевизиски пренесуван во живо, господинот Трајчевски ќе ви одговори со прашање: А, кој кажал дека се исчезнати? Има ли доказ за тоа? За некој да биде прогласен за исчезнат треба да поминат години и години.

Добро де, се извинуваме господин Трајчевски, станува збор за избегани кои уредно го најавија своето бегство и на јавноста и на судот и на полицијата.

И тоа не е точно вели Трајчевски. И Грујевски и Бошковски не избегаа. Тие се на службен пат. Не станува збор за никакво бегство, или исчезнување, туку само оправдано отсуство. Ете погледнете го случајот со господинот Кочан и ќе видите дека кај нас службен пат е законска категорија на спреченост да се оди во притвор. Така е и со Грујевски и со Бошковски, прашање само на денот е кога ќе се вратат од службен пат – ќе ви објасни ептен правно претседателот на  Врховниот суд на Македонија Трајче Трајчевски, кој е целосно самостоен и независен од никој и кој  дојде на тоа место поради својата стручност и голем авторитет меѓу македонските врвни правници. Не знам дали некој верува во ова, ама штом никој не демантира, значи точно е. Конечно, што има Врховниот суд врска со тоа што некој не завршил во притввор. Си има други надлежни кои треба да ја завршат работата која Врховниот само малку ја попречил,онака ан пасан, на минување.

Е сега, кога ќе помислите што сè е направено за преземање на институциите на системот и како тие преку партиската кадровска политика се заробени, ќе ви стане јасно за каков монструм се работи кој е хранет со човечки трагедии сите овие изминати 11 години. Секој човек во Македонија, кој имал блиска средба со судот, а ја немал ДПМНЕ за адвокат, може да ви раскаже тажна приказна како е изгубена довербата на граѓаните во комплетниот судски систем.

Уште колку ќе и треба на новата власт да ја согледа својата одговорност што, исто така, станува соучесник во попречувањето на правдата и во уривањето на општествениот поредок, во деградацијата на парламентарната демократија.   Соучесник се станува и со непреземање мерки кои се пропишани во вакви ситуации и според уставот и според законите. И уште една порака за новото парламентарно мнозинство: и задоцнетата правда е голема неправда. Некогаш и поголема.

Comments (3)

Tags: , , ,

Власта им пресуди на судиите

Posted on 23 March 2015 by erizaov

court-fee-judge-gavel-moneyВласта нема ни морален, ни демократски, ни човечки, ни стручен капацитет да ја извади државата од криза

Кога политиката ќе им пресуди на судиите да делат правда по лична нарачка на една група луѓе која се ставила над институциите на системот и над државата, таму веќе нема држава. Тоа е тиранија и деспотизам. Во Македонија Владата нема ни морален, ни демократски, ни човечки, ни стручен капацитет да ја извади државата од криза во која ја внесе само за да ја задржи власта и привилегиите.

Со години е суспендиран целиот судски систем во сите инстанции. Почнувајќи од обвинителствата и основните судови, преку Апелацискиот суд и Судскиот совет до Врховниот и Управниот суд и конечно комплетно е деградиран Уставниот суд и конститутивниот закон на кој се потпира целиот општествен систем и функционирањето на државата. Владата никогаш не прифати ниту едно сведоштво или укажување ни во Собранието ни од медиумите за досегашните ин флагранти докази дека токму тоа се случува во нашата земја, со арогантните и партиски смени на десетици и десетици судии и обвинители, со нивно лично од врвот нарачано и незаконско именување и унапредување, со изречување на нарачани пресуди кои беа видливи за целата јавност, освен за власта. Напротив во сите прилики на загрозување на човековите права и слободи при сите сомнителни пресуди и премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска имаа полни усти пофалби за ефикасните истраги и праведни пресуди.

Откако со јавните настапи на Заев се ставија злоделата пред еден дел од јавноста што се направени на голем број граѓани со нарачани судења и пресуди, со нарачани именувања на судии и претседатели на Судскиот совет, со нарачани прекршувања на одредбите на Уставот, со замолчување на уставните судии, се покажа целата катастрофа од подривањето на државата и комплетниот општествено, економски и политички систем на Република Македонија. Во една таква држава карикатурално и гротескно изгледа повикот на обвинителството до Брисел дека бара судски експерти, кои ќе бидат публика во македонските судови за случајот „Пуч“. Тоа е невозможна мисија во држава каде што не функционира целиот судски систем. Односно, каде што се суди под директна контрола на неколку луѓе кои се ставиле над системот, над државата и над сите граѓани.

Ако полицијата е партизирана до коска, па таму се наоѓаат тајните изборни штабови, ако изборните фалсификати и нерегуларности почнуваат од полицијата за да владее со години нелегитимна власт против волјата и изјаснувањето на народот, ако премиерот на митинзи му искажува полна доверба на јавниот обвинител Марко Зврлевски како е можно да се донесат правни и праведни одлуки за скандалот „Прислушување“ и аферата „Пуч“.

Обвинителство и судството со месеци стојат како зајаци пред питон со скрстени раце и чекаат политички наредби за да се утврди зошто со години во Македонија некој можел да прислушува над 20.000 граѓани. Ако не знаеле претседателот на државата, премиерот, министерот за финансии, директорите на агенциите за разузнавање и контраразузнавање дека илјадници јавни личности и граѓани се под надзор, тогаш колкава е нивната одговорност, политичка морална и кривична што од вкупниот безбедносен систем направиле обична урда, или поточно изварка, која е далеку од швајцарското сирење полно со дупки.

Само по оваа основа сите најодговорни за безбедноста на државата требаше истиот ден кога Заев ја фрли првата бомба да поднесат оставки поради своето незнаење што се случува со државата. Како тоа коџамити луѓе избрани да ја водата државата не знаат дека разни агентури им го надгледуваат животот на илјадници граѓани. За тоа се одговара и политички, и морално и кривично. Незнаењето во случајот не ја намалува одговорноста, туку ја зголемува.

Доколку пак тоа е направено со нивно знаење, или на некој од нив, за што има многу оправдани сомнежи и индиции, тогаш тоа е класичен случај на подривање на стабилноста на државата и на целиот со уставот гарантиран поредок. Сите овие врвни функционери кои со години заземаат виски функции видовме како ја чувале безбедноста и на државата и на своите граѓани. Што оти ние го видовме кога судот си дреме, како што дреме правната елита во државата, освен неколку личности кои се за респект и почитување, наспроти срамот што го нанесуваат на правната фела некои партизирани професори прогласени за естрадни ѕвезди на власта.

Првиот чин во аферата „Пуч“ се случи кога македонското судство се испазари со наводен крунски сведок, кој премиерот Груевски го цитира повеќе пати како признал дека прислушувал по наредба на главниот осомничен, против кого до вчера немаше суштински обвинителен акт. Од кога тоа македонските судии експресно и тајно прифаќаат пазарење кога се работи за највисок безбедносен чин по стабилноста на државата. Обвинетиот кој прифатил пазарлак, наводно, признал такво дело и за тоа ќе лежи само три години затвор наместо 15 или 20-годишна казна затвор колку што следува за вакво подривање на системот и безбедноста. Многу смрди на тоа зошто политиката обезбеди ваков сведок. Од таму се гледа во која насока ќе се движи судскиот процес.

Во ваков тежок случај кога се укинати демократијата, правната држава и слободата на медиумите правна, политичка и морална разврска е можна само во еден случај. Не се тоа странски посматрачи и олеснувачи. Тоа се оставки на премиерот, министерката на МВР и јавниот обвинител и компромитираните судии кои суделе и се избирани по нарачка. Во тој случај со преодна влада може да следи ослободување на Македонија од стегите на еден режим кој ја изеде демократската супстанца на државата која беше во зачеток, го подри целиот општествено-економски и политики систем и го сроза угледот на државата. Бидејќи оставки нема, кризата во Македонија ќе потрае до нејзиниот конечен распад или во најдобар случај ако некој воведе ред и поредок со поддршка на ослободеното од страв мнозинство граѓани.

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

October 2017
M T W T F S S
« Sep    
 1
2345678
9101112131415
16171819202122
23242526272829
3031