Tag Archive | "спор за името"

Tags: , , ,

Што имал на ум Нимиц

Posted on 29 July 2014 by erizaov

Стаса од Њујорк пак нашиот стар гостин, дипломат и адвокат, господин Метју Нимиц. Ќе биде веќе 20 години кога ја почна, како помошник на својот веќе одамна покоен колега Сајрус Венс, својата животна одисеја како медијатор на ОН да се најде решение за еден од најбесмислените и најтешки спорови на светот. Нимиц првите зборови што ги кажа во Скопје по своето пристигнување беа: немам нов предлог за името, но имам нешто во главата. Последните зборови пред да замине за Атина му беа „Обединетите нации не преговараат за идентитетите на народите. Народите си имат свои идентитети и за нив не се преговара, а од името Македонија се засегнати повеќе држави. Оваа земја има свој идентитет“. Опаа машала, ама полека нема место за радост, прво да почекаме што ќе каже Нимиц во Атина. Да не биде работата да го сочуваме идентитетот, а да го смениме името. Едно е што мисли камилата, а друго камиларот.

По средбата на Нимиц со германската канцеларка Меркел во Берлин, пред неколку месеци, и нејзините неодамнешни тазе изјави во Дубровник дека „мора да се најде некакво решение Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ“, предизвикаа и во Грција и во Македонија прилично песимистички и ригидни реакции. Двете страни не сакаат вознемирување со предлози и нови идеи што водат кон компромисно решение. Двете страни беа крајно загрижени од оптимизмот на Нимиц дека е можно прифатливо решение. Политичарите и во двете земји им ветуваат на своите граѓани дека не е можно поинакво решение од нивните црвени линии. Тие подгреваат атмосфера пред својата јавност дека некој ќе тропне со тупаница на маса и ќе каже од утре ќе биде како сака Грција, или како што сака Македонија и готово – крај. Најодговорните актуелни политички лидери на Грција и на Македонија и Самарас и Груевски добро знаат дека тоа е неможна мисија и дека никој нема да ги засука ракавите и да го одмрсува со меч Гордиевиот јазол што го замрсиле Грците, а го домрсуваат Македонците.

Кој што добива и губи во една ваква ќе биде две децении пат-позиција.

Грција не губи ништо. Таа не менува ниту име, ниту презиме, ниту идентитетски обележја, ниту пак тоа некој од неа го бара. Ниту пак некој извршил каков било голем притисок врз Грција, или со нешто ја условил економската поддршка на Грција со разрешување на проблемот со нејзиниот северен сосед што таа го наметна ултимативно од позиција на сила и моќ.

Република Македонија поради ваквата блокада е најголемиот ако не и единствен губитник. Запрен е побрзиот разој на државата и поради грчката блокада е отежнат животот на два милиони граѓани кои по крупните демократски промени драматично брзо осиромашуваат и живеат далеку полошо отколку во еднопартискиот комунистички систем. Запрена е европеизацијата на Македонија и’ е замрзнат нејзиниот кандидатски статус за членство во ЕУ и во НАТО. Стопирани се демократските процеси во државата со покритие дека е тоа неопходно поради шовинистичките и националистички ставови и негации на Грција што и’ овозможува на власта во Македонија да воведе цврста рака без контрола во одбрана на националните интереси и загрозените идентитетски обележја на македонскиот народ. Со блокирањето на членството во НАТО се влошени меѓуетничките односи меѓу Албанците и Македонците што е најчувствителното и најризично прашање за опстанок на државата. Покрај спречувањето на економскиот развој на својот сосед и евроатланските интеграции, грчкиот ултиматум ја предизвика таканаречената гневна антиквизација на Македонија кога политичарите патриоти и преродбеници тргнаа со интервенции во историската наука да бараат пославно минато за својот народ. Примамливоста на античкото славно потекло директно од големите империи и императори ја одболедуваа речиси сите нови демократии по падот на Берлинскиот ѕид. Разликата со Македонија е во тоа што тоа не заврши со дебати како кај другите, туку со изградба на скап кич барок и рококо, со нови фасади, гаражи, антички музеи, бронзени споменици на антички јунаци и кралеви пред Христа и разни други обележја кои ги чинат стотици милиони евра најсиромашните граѓани на Европа. Тоа што владите како државна инфраструктура требаше да го завршат досега со изградба на патишта, пруги, нафтоводи и гасоводи, брани и централи, широкопојасни интернет мрежи, сега дури почнуваат да го градат и тоа наместо со европски пари со баснословни кредити и задолжувања. До ова немаше да дојде ако Македонија ги почнеше преговорите на време уште 2005 или 2006 година.

Да, има и нешто што Македонија добива поради ваквиот пред се’ националистички став на Грција поддржан од големите сили, а тоа е ја добива истата власт веќе девет години како единствен самоповикан заштитник на името, идентитетот и јазикот. Ете затоа Нимиц од поодамна не е добредојден ни во Грција, ни во Македонија, особено ако делува оптимистички. Штом и тој бара компромис и заедничко решение стасан е за токмак, каков што доби и Меркел од медиумските слуги на власта за нејзините толкувања што е тоа компромис по европски и по германски сфаќања. Колку Нимиц и да зборува дека не е идентитетот предмет на преговори на ОН мислам дека по прошетката до Атина ќе се врати во Америка шепотејќи си нешто во брадата. Патем може да и телефонира на канцеларката Меркел за своите најнови впечатоци од Балканот, за и таа да не се заморува бадијала.

(Објавено во Утрински весник)

Comments (0)

Tags: , ,

Ја разбра ли Груевски фрау Меркел

Posted on 17 July 2014 by erizaov

(Фото: Утрински весник)

(Фото: Утрински весник)

„Мора НА НЕКОЈ НАЧИН да се постигне Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ“. Оваа порака од Дубровник им ја испрати најмоќната жена на светот германската канцеларка Ангела Меркел на своите колеги премиери Никола Груевски и Андреас Самарас и до јавноста на Грција и на Македонија. Меркел не би била Германка ако не кажеше што подразбира под тоа „мора на НЕКОЈ НАЧИН“. Тоа да ти било замислете „мора да има компромис“. Меркел не би била ни германска канцеларка ако не објаснеше што се подразбира под компромис. Вели во Германија е компромис кога сите што се вклучени во разрешување на проблемот се еднакво незадоволни… тогаш тоа е фер компромис. Тоа е патеката за решение на наметнатиот спор за името на државата. Брзо стаса и одговорот од премиерот Никола Груевски, ама не директен и германски, туку балкански повеќе за наши потреби отколку да и’ се прати поддршка на фрау Меркел за нејзиниот личен ангажман.

Груевски не го коментира компромисот на германски начин, туку поентира на искажаната реченица на Меркел дека: „нерешениот проблем со името и идентитетот меѓу Македонија и Грција е товар за сите“. Е, вели со олеснување Груевски, сега им е јасно на сите дека Грција го оспорува нашиот идентитет. И нормално следува познатата добро спакувана реченица, ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во какви било иницијативи и идеи во кои ќе се оспори или доведе во прашање идентитетот на македонскиот народ, македонскиот јазик и нација. Тоа е во ред и тоа никој во Македонија ниту го оспорува, ниту прави некаков проблем кога се работи за идентитетските обележја. Предлогот на Меркел не одеше во насока на какво било оспорување, напротив канцеларката го лоцира како проблем на сите во ЕУ. Нејзината порака е крајно внимателно срочена, меѓу другото, за да не биде балкански толкувана, туку германски прецизно се однесува на фактот дека најтешките проблеми во Европа се решаваат со компромис. За да нема недоразбирања Меркел едноставно за сите луѓе над 16-годишна возраст објасни што се подразбира под компромис.

Нашите медиуми објавија две навидум спротивни варијанти, но во суштина со исто значење. Меркел вели „мораме некако да го решиме тоа прашање“ меѓу Грција и Македонија внимавајте сега на една значајна порака која не забележав од изјавата на Груевски дека е разбрана. Меркел вели: „јас лично се вклучив во тоа и размислував за сите можни комбинации за името, но некогаш мислам дека не постои ништо повеќе што може да се измисли“. Очигледно Меркел добро ги прелистала и проучила листите со предлози од чантата на Нимиц кои 20 години наизменично се одбиваат од двете страни. Оваа силна порака на Меркел „јас лично се вклучив во тоа и размислувам за сите можни комбинации….“, не го импресионирала доволно Груевски да испрати државничка реакција. Не разбрав добро дали на Груевски воопшто му е драго што лично Меркел се вклучила во разрешувањето на проблемот, со тоа што таа вели дека единствениот начин да се реши е компромис што кај двете страни ќе предизвика незадоволство. Наместо брза кооперативност за заземањето на Меркел и на Германија да се најде решение на Груевски најголем ќеиф му се направил што ете пак се виде дека во прашање е грчкото оспорување на идентитетот. Повторно станува збор за намера за оправдување што досега не е решен проблемот со името отколку за подготвеност да се реши. Во вакви ситуации кога германски канцелар праќа толку децидна и јасна порака на неминовност од компромис, дипломатските правила и добрите пријателски политички и економски односи меѓу двете земји налагаат да се одговори со истата сериозност дека вклучувањето на Меркел и Германија е историски значаен миг примен со олеснување и голема надеж. Ако досега Груевски сто пати кажал дека е подготвен за компромис и заеднички прифатливо решение со Грција зошто и сега по ваков повод не кажа што во Македонија, за разлика од Германија, се подразбира под компромис. И што во овој случај би значело Грција и Македонија да се најдат во ситуација да бидат подеднакво незадоволни и подеднакво среќни за компромисно решение. Меркел во Дубровник пред политичките лидери на регионот го кажала и тоа дека компромис е и кога сите се подеднакво среќни, односно одговорните политичари треба да изберат дали во своите земји ќе прават амбиент за компромис од кој граѓаните на двете земји ќе бидат подеднакво задоволни и среќни. Меркел тоа го објаснува со зборовите: компромисот за името не треба да ве усреќи, туку да ви даде чувство на праведност“.

Во суштина тука е и најголемата болка на Македонија што огромното мнозинство граѓани го чувствува како голема неправда односот на Грција кон Македонија со ултиматумот од позиција на сила за промена на името ерга омнес за сите употреби. За определбата на Меркел лично да се вклучи во решавање на проблемот, Груевски не изусти ни збор, што е досега невидено кога германски канцелар праќа порака и во ситуација кога од наметнатиот спор единствен и најголем губитник е Македонија. Абецеда во политиката е сите добронамерни иницијативи, идеи и обиди да се најде прифатливо решение е да се прифатат. Наместо тоа Груевски избра популистичка поента дека ги одбива сите идеи и инцијативи кои го оспоруваат идентитетот. Повторно пред јавноста пласира маркетиншка порака само за домашни потреби со тези кои никој во државата не ги оспорува.

Сличен одговор како премиерот даде и претседателот на државата на самитот во Дубровник. И тој не кажа ни збор за неговата омилена тема за „разумен компромис“туку рече нешто што одамна е одбиено од Брисел, а тоа е паралелно да течат разговорите за спорот со името и преговорите со ЕУ на Македонија. Притоа да се применат познатите искуства на ЕУ како со арбитражите во случаите со Словенија и со Хрватска и меѓу Белград и Приштина. Бајата идеја, за жал, отфрлена пред повеќе години за која патем речено претседателот Иванов се изјасни уште кога беше предложена европската арбитража во граничниот спор меѓу Хрватска и Словенија. Тогаш претседателот Иванов пак да го потсетиме ја отфрли ваквата идеја како неприфатлива и опасна за Македонија. Ваквиот настап и на претседателот Иванов во Дубровник да зборува за паралелни преговори наместо за компромис, практично значи одбивање на иницијативите и идеите на Меркел за наоѓање праведно решение со Грција.

Прмиерот на Грција, Андреас Самарас, уште ништо не и’ одговори на Меркел но според неговите последни изјави и исчудување на постоењето на македонски јазик и според неговите шовинистички јавни настапи уште кога се појави на политичката сцена во времето на премиерот Мицотакис како радикален националистички јастреб и инспиратор на милионскиот солунски срамен национлистички митинг против една мала и мирољубива земја јасно е дека од таму можат да стасаат само црвените ерга омнес линии кои не оставаат простор за никаков компромис. Ако е така, а така е, тогаш несфатливо е како Груевски и Иванов, најодговорните личности во земјата, кој знае по кој пат не ја искористија извонредната шанса да ја истераат Грција на чистина пред светот дека е таа што не сака прифатливо решение за двете страни и никаков комприимс. Вака како што постапија Груевски и Иванов работата излезе дека и ние не сакаме компромис прифатлив за двете страни и не сакаме да бидеме еднакво незадоволни со Грците за да влеземе во НАТО и во ЕУ. На оваа точка може да заврши уште не почнат личниот ангажман на Меркел.

Меѓу Грција и Македонија, чии политички лидери 23 години не успеаја да најдат решение ниту со посредство на ОН , ниту со пресуда на судот за правда во Хаг, единствен начин да се реши случајот е само арбитража на ЕУ и ОН која ќе ги земе предвид сите правни и политички аргументи. Без тоа Македонија и нејзините граѓани се изложени на исчезнување.

Comments (0)

Tags: ,

Што кажа Меркел за името

Posted on 17 July 2014 by erizaov

Ангела Меркел (Фото: Утрински весник)

Ангела Меркел (Фото: Утрински весник)

Германскиот канцелар Ангела Меркел повторно е во центарот на вниманието во Македонија. По неодамнешната нејзина средба во Берлин со медијаторот на ОН, Метју Нимиц, кој две децении посредува меѓу Грција и Македонија за разрешување на наметнатиот спор за уставното име на нашата држава,ова е вторпат за кусо време како Меркел навестува сериозен и крајно внимателен пристап да се најде компромисно решение. По прилично затворената средба Меркел – Нимиц, кога не се слушна ништо спектакуларно, освен неколку интересни најави дека Меркел сака изворно и непристрасно да се запознае до каде се работите и што е кочница што нема решение, овој пат во Дубровник на средбата на политички лидери на Југоисточна Европа, најмоќната жена на светот кажа отворено повеќе значајни работи за повеќедеценискиот проблем и испрати пораки до најодговорните политичари на Грција и на Македонија.
За жал, и овој пат прочитавме и слушнавме различни цитати и различен избор на тоа што соопштила германската канцеларка иако во суштина имаат исто значење. Ништо ново и невообичаено за Македонија. Непрофесионализмот на уредничките тимови во медиумите и овој пат триумфално ни сервираа голема наклонетост на Меркел кон Македонија што се разбира ваквото прикажување им носи штета на државните интереси и го стеснува патот и добрата намера на Меркел да се дојде до решение. Од друга страна, пак, веднаш се појавија дежурните бранители на македонските интереси со својата генетска сомничавост кон завера за се’ што доаѓа од Запад.

Според дописникот на државната агенција МИА, кој известува од Дубровник, Меркел децидно кажала дека „нерешениот проблем со името и со идентитетот меѓу Македонија и Грција е товар за нас“ (за Германија).

„Мора на некој начин да се постигне Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ. Мислам дека може и мора некако да го решиме тоа. Јас лично се вклучив во тоа и размислував за сите можни комбинации за името, но некогаш мислам дека не постои ништо повеќе што може да се измисли“, изјавила канцеларката Меркел.

Таа вели дека без компромис не се може, па следува прецизен цитат на искажувањето на Меркел: „Во Германија велиме компромис е кога сите што се вклучени се еднакво незадоволни. Кај компромис не можете да очекувате дека се’ ќе заврши со среќен крај за сите. Но кога сите се еднакво незадоволни, тоа е фер компромис.“

Во други медиуми објаснувањето дека во Германија под компромис се подразбира кога сите вклучени се еднакво незадоволни е прикажано дека компромис е кога сите се подеднакво среќни. Оваа различна интерпрeтација на еднакво среќни и несреќни по постигнат компромис во суштина малку се разликува колку и да изгледа дијаметрално спротивно. Тоа Меркел го дообјаснува со зборовите: „Од компромисот човек не може да очекува да заврши со чувство на среќа, туку тоа треба да биде чувство на правичност. Или попрецизно: „компромисот за името не треба да ве усреќи, туку да ви даде чувство на правичност“. Меркел, меѓу другото, уште кажала дека „се’ што е постигнато пред влегувањето во ЕУ не предизвикува конфликти по влегувањето, а тоа го знаат Словенија и Хрватска. Можеби некогаш беа лути на нас, но денес конфликтните прашања се решени, тоа се мора“. Оваа порака, се разбира, како и сите други на Меркел искажани во Дубровник не беше упатена само до Словенија и до Хрватска.

Сега чинам разбравме подобро, иако со различни интонации и цитати, што Германците и Меркел подразбираат од зборот компромис. Нашиот претседател Ѓорге Иванов, кој никогаш не дообјасни што се подразбира во Македониjа под разумен компромис и овој пат во Дубровник мудро постапи и не навлезе во сложени разјаснувања што значи од решението за името подеднакво да бидат среќни или несреќни и Грција и Македонија. Такво нешто ако се случи во Македонија да бидеме подеднакво незадоволни, или здоволни со Грците би било доживеано како голем пораз. Истото, дури уште подраматично може да се каже и за Грција. Не е можно еднакво да бидат ни среќни, ни несреќни Грците и Македонците, кога Грците мислат дека само тие се и Македонци и Грци и Елини и дека името Македонија им припаѓа само ним. Тоа е денешниот амбиент во Грција и во Македонија што досега го сработија со своите црвени линии и ултиматуми политичките и интелектуалните елити. Тешко е остварлив компромис меѓу двете земји кога меѓусебните односи околу решението за името подолго време се целосно замрзнати.

Претседателот Иванов на самитот на лидерите на Југоисточна Европа во Дубровник се заложи паралелно да се решава спорот со името и да течат преговорите применувајќи ги познатите искуства на арбитрирање во регионот како што беше случај со Хрватска и со Словенија и меѓу Белград и Приштина. Не знам дали претседателот Иванов мисли дека тоа би бил неговиот разумен компромис, но во суштина значи одбивање на компромисот како што го разбираат Германците и Меркел. Досега стотици пати обидите за паралелни преговори со ЕУ и примена на регионалните искуства со арбитража беа директно одбиени и неприфатливи од Брисел. Моделот на арбитража како во случајот со Хрватска и со Словенија прв го искритикува како неприменлив во Македонија претседателот Иванов.Тогаш претседателот беше дециден дека таквата арбитража е несоодветна на нашиот случај и опасна за нас.

Што мислите дали тоа што го подразбира канцеларката Меркел под компромис на еднакво незадоволни и задоволни го подразбира и нашиот државен врв.

Објавено во Утрински весник

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

September 2017
M T W T F S S
« Aug    
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930