Tag Archive | "Специјално обвинителство"

Tags:

Катица засекогаш

Posted on 28 June 2017 by erizaov

Додека не се преслушаат сите незаконски снимени разговори на илјадници јавни личности  во државата, Специјалното јавно обвинителство не смее да згасне. Ова големо злодело правено непречено со години е најмасовно нарушување на човековите права и слободи во поновата историја на Македонија. Мора да се расчисти до крај ова монструозно злосторство. Кој го направил, кој го нарачал, кој го спроведувал, целата јавност тоа мора да го дознае и тоа до последниот и најмал детаљ. Тоа што е за архивирање да се архивира, тоа што е за уништување да се уништи според  законот, тоа што е за на суд да оди на суд. Тоа што е за во затвор да оди затвор. Колку ќе трае нека трае,  за еднаш конечно да сфатат сите во оваа држава дека не можат да прават што сакаат само затоа што некој ја добил довербата, многу често на сомнителен начин, да биде во врвот на власта.  

Не може да помине неказнето грубото подривање на безбедносниот систем  извршено во службените простории каде се одвивал надзорот врз комуникациите на граѓаните. Тие што треба најмногу да се грижат за безбедноста на граѓаните, за стабилноста на општествено-политичкиот поредок и  на угледот на државата наредиле нејзино деградирање. За жив срам и невидена брука,  никој за тоа да не поднесе ни морална, ни кривична одговорност иако беа откриени. Тоа се тешки кривични дела на една моќна криминална организација која  извршила злоупотреба на власта и ги пречекорувала своите овластувања до димензии ужасот да го претворат во нормалност. Нивното политичко, економско и криминално делување досега осознаено од само малиот број обелоденети разговори и од обвинителните акти чие судско процесуирање сè уште се попречува од темни сили и по промена на власта, јасно покажа дека во Македонија долги години бил инсталиран криминоген режим на група луѓе кои управувале со државата на класичен мафијашки начин со невидена корупција, со рекет и уцени, со нарачани судски пресуди на политички противници, со корумпирани судии и новинари, со апсење и тортура на новинари и гаснење на медиуми кои не се по ќеф на големиот водач, со уништување на туѓ имот, со закни и изборни фалисификати… Ако било што од овие обвиненија и истраги остане неразрешено и неразјаснето до крај, Македонија ќе ја носи големата историска дамка на фалично општество кое повеќе ќе наликува на голема чекална за исселување отколку на држава по урнек на европските парламентарни демократии.

И тука не завршува работата на Специјалното јавно обвинителство. На Македонија уште долги години ќе и’ треба едно силно и независно Специјално обвинителство и една Катица Јанева за гонење на криминал  на високи функционери и моќници. Не се добри идеите за спојување и претопување на Специјалното јавно обвинителство во редовното јавно обвинителство. За тоа има повеќе причини кои главно се сведуваат на заштита на независноста на Специјалното обвинителство и на обвинителите. Угледот и довербата што ги стекна Специјалното обвинителство и тимот обвинители предводени од  Катица Јанева е добра база ова обвинтелство да добие уште поголеми овластувања и поголема самостојност во својата работа која не може да биде попречувана од ниту една власт или моќници. Наместо гаснење треба под итно во парламентот да се поведе широка дебата за зголемување на ингеренциите на Специјалното јавно обвинителство, за што Јанева веќе поднесе барања. Тоа зачи да  продлжи работата на Специјалното обвинителство без ограничувања и датуми, да се овозможи да се донесе законот за заштита на сведоци, да се оформи специјален судски и полициски оддел во надлежност на Специјалното обвинителство и да се формира посебно оделение со експоерти и вештаци за проценка на имотот на осомничените високи функционери и моќници во државата и во странство аналогно со тоа колку данок и давачки плаќале во државната каса. Во таа парламентарна расправа граѓаните на Македонија треба дефинитвно да видат кои политичари и политички партии се против непреченото работење на Специјалното обвинителство и кој го подржува криминалот и криминалците. И, се разбира, кој е за тоа и дава поддршка и во иднина непречено да се злоупотребува власта и да се пречекоруваат овластувањата, да се држи под надзор и под притисок судството и целиот правосуден систем.

Ваквите ингеренции на Специјалното обвинителство не значат воведување паралелен судски систем. Напротив, одделот кој ќе се бави независно со гонење на криминал направен од високи функционери, политичари и деловни луѓе во државните компании само им отвара широк  простор на сите други редовни судски инстанции да си ја вршат работата поефикасно и без притисоци. Меѓусебната соработка на овие институции на системот и првите пресуди на високи функционери, конфискување на нивниот незаконски стекнат имот ќе биде доказот дека во Македонија владее правото.  Тоа ќе биде влезницата за евроатланските интеграции, за членство во НАТО и во ЕУ. Но, и за нешто многу позначајно од членството во овие организации, а тоа е фактот што тоа значи почеток на европеизација на Македонија и слободен живот на граѓаните како што тоа приличи на една современа европска држава. Не го давајте Специјалното обвинителство. Тоа во моментот е најголемата гаранција за европска иднина на Македонија. Тоа е најголемата превентива и брана против криминалците од врвот на власта. Ставам раце во оган дека доколку се продолжи мандатот на тимот на Катица Јанева и доколку се прифатат нејзините барања за непречена работа, организираниот криминал  и корупцијата во високите ешалони на власта ќе се сведе на скандинавско ниво. Го сакаме ли тоа како граѓани, или ги претпочитаме арамиите и мафијата. Треба со големи црни букви да бидат испишани имињата на скопскиот плоштад на пратениците и политичките партии кои ќе гласаат да престане актвноста на СЈО во натамошно поднесување на обвинителни акти и истражувања на кривичните дела на високите функционери. Ете тоа се предавници на татковината, а не тие што бараат правда и што го изнесоа криминалот на виделина. Тие се херои.

(Преземањето на делови или целосниот текст од колумната „Мое Ќоше“ е дозволено само по претходна согласност од авторот. Сите права се задржани)

Comments (1)

Tags:

Обвинетите да станат

Posted on 16 September 2016 by erizaov

sjo

Правдата почна се’ посилно да тропа на највисоката порта. Недопирливите веќе не ќе можат мирно да спијат. Специјалното обвинителство вчера најави осум степени по Рихтер правен земјотрес во партиски контролираното македонско судство. Два предмети со обвинителни акти веќе стасаа во Судот. Пет-шест силни шлаканици можат да се удрат и со владеење на правото, без насилие, со примена на законите кои важат еднакво за сите граѓани. За кршење на законот кога функционери од самиот врв на власта, од позиција на моќ и сила нарачуваат насилие за да спречат седница во скопската Општина Центар за промена на урбанистички план и уште еден предмет за незаконско уништување на документи и докази кои се државни тајни и кои се содржани во прислушуваните разговори ако се докаже вината, следуваат повеќегодишни затворски казни.

Сега жешките костени се во судот. Допрва ќе стасуваат други обвиненија за она што веќе го слуша година и пол цела Македонија. Наодите од истрагите уште пред да се процесуираат во судниците добиваат сериозни димензии на високо професионален пристап, квалитетна истрага, цврсти докази и автентични сведоштва. За жал, се’ уште има голема неизвесност поради евидентното попречување на првдата дали ќе ја видиме сликата кога обвинетите ќе седнат до своите адвокати на судската клупа да се соочат со обвиненијата кои ги товарат за тешки кршења на законите, за организиран криминал, за мито и корупција, за нарушување на човековите права и слободи, за злосторничко здружување за изборни нерегуларности и фалсификати, за злоупотреба на функциите и овластувањата, за поттикнување и извршување на насилие и уништување на државен и приватен имот и уште многу незаконски дејства.

Ако се случи да ги слушне јавноста обвиненијата и образложенијата со доказите и сведоштвата за сторените кривични дела, се разбира и аргументите на одбраната на оптужените дека се невини и без докази обвинети, ако следи судска пресуда без оглед дали е казна затвор, или ослободување од сите обвиненија, тоа ќе биде голем историски ден за иднината на државата. Евентуалниот обид да се прави фарса од едно такво јавно судење на високи државни функционери без да се почитуваат законите и доказите и воопшто правната процедура може да означи почеток на крајот на државата. И сосема обратно издржаните судски процеси со праведни и докажани пресуди дефинитивно ќе означат крај на башибозукот и почеток на правната држава и владеењето на правото. Тоа би било враќање на демократијата, слободата разрешување на длабоката политичка и морална криза, коренити промени во целото општество.

Обвинетите да станат – е реченицата и сликата која води кон добра иднина. Попречувањето на правдата е најлошото нешто што може да и’ се случи на Македонија во еден исклучително критичен период кога треба да се искористи последната шанса да се тргне напред кон изградба на современа европска држава. Затоа граѓаните на Македонија мора да бидат на штрек да ги препознаат и спречат сите опасности со груба злоупотреба на парламентот, на Уставниот суд и на редовното обвинителство со разни трикови и правни заврзлами да го спречи Специјалното обвинителство во досега најзначајната мисија во борба против криминалот и корупцијата, во заштита на човековите права и слободи, за враќање на демократските процеси и за непречено функционирање на сите институции на системот без закани и нарачки, за ослободување на медиумите од притисоци и цензури, од партиски пропаганди и прогласи за лов на вештерки. Моментот е навистина историски кога треба гласно да се каже дека не сме будали и знаеме да препознаеме кој измислува балисти на фудбалски натпревари, а кој седи со терористи во иста влада и управува со државата без контрола, кој бара демократија и слобода, а кој ја гуши и ја попречува правдата.

Првиот испит го полага парламентот. Дали оваа одамна компромитирана институција, инаку најзначајна во парламентарните демократии, ќе ги усвои измените на Законот за заштита на сведоци што го поднесе специјалниот обвинител Катица Јанева за да се влезе во сржта на доказни постапки, или ќе се вклучи јавно и срамно во попречување на правдата и владеење на правото, ќе биде јавно признание кој бега од судска разврска и кој се плаши од соочување со законите. Одбивањето на парламентот да се овозможи заштитени сведоци да бидат вклучени во доказната постапка е класичен мафијашки чин на заплашување и замолчување на сведоците. Во прашање се три тешки случаи кои со години ја загрижуваат јавноста , тоа е целосната разврска на убиството на Мартин Нешкоски на скопскиот плоштад, петкратното убиство кај Смилковци познато како предмет „Монструм“ и убиствата на мировниците во случајот „Сопот“.

Вчерашната конференција за медиумите на Специјалното јавно обвинителство ја навестува клучната поделба на јавноста која оди во насока кои се за заштита на криминалот и попречување на правдата, а кои се за секој што се огрешил од законите да се седне на обвинителна клупа. Кои се за слобода и парламентарна демократија , а кои се за режим и неконтролирана власт. Ова се најважните предуслови за градење современа и просперитетна држава. Се’ друго доаѓа потоа. Со осомничени политичари за криминал и корупција за нелегитимно приграбување на власта кои ја попречуваат правдата и судската разврска нема ни иднина, ни држава.

П.С. Препорака до Специјалното јавно обвинителство. Кога организирате конференции за печат направете го тоа професионално да може јавноста да ги слушне и прашањата на новинарите, а не само одговорите на обвинителите. Професионалниот и етички ред е новинарите да се претстават со име и презиме и на која медиумска куќа припаѓаат, па потоа да постават прашање кое сите ќе го слушнеме, како и одговорот. Тоа многу кажува. Не смеете да бидете како тие што ги обвинувате кога држат конференции за печат со невидливи новинари и нечуени прашања.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

Црвен килим за Бонева

Posted on 24 August 2016 by erizaov

boneva

Ја гледам вџашен Силвана Бонева, една од најголемите интелектуални перјаници на ВМРО-ДПМНЕ како дава изјава пред Специјалното јавно обвинителство, среде Скопје. Насмеана, со темни очила, галиба да не ја издадат очите, трендовски облечена како да излегла од моден бутик, со испеглана коса, маскирана од бринета во русокоса позира пред камерите како филмска дива на црвениот килим пред да и’ биде врачен „оскар“ во Холивуд за животно дело за карактерни улоги со невидени досега трансформации. Со својата ноншалантност и арогантна безгрижност пред јавноста дека се работи за политички циркус и пресметка на опозицијата со власта, ми остави силен впечаток, оти тоа навистина е циркус во кој илузионисти и магионичари ни прикажуваат голем дострел на македонската демократија, тоа што го гледаме и слушаме не е истрага на Специјалното обвинителство кое сослушува крупни риби на власта, туку дека тоа е опозицијата преоблечена во обвинители.

Откако првпат се појави на јавната сцена во Македонија до денес, Бонева одигра автентично извонредни главни и епизодни улоги почнувајќи од сиромашна селанка, до голема патриотка и народен трибун, од мајка која бдее над семејството и ги згрижува децата од најрана младост со недвижен и подвижен имот, до храбар борец за спас на татковината, од чесна политичарка, до итра пратеничка која инкасира дебели суми за патни и дневни трошоци од Струмица до Скопје и назад, од експерт за избори до протагонист на злосторничко здружение како се местат изборни резултати. Да нема забуни, ова се само филмски улоги. Во реалниот живот Силвана Бонева е познат и омилен македонски политичар кој редовно и со години на сите избори е избирана за пратеник во парламентот. Сега поради меѓународен заговор против Македонија со кршење на основните човекови права и обид да се дискредитира е повикана пред специјалните обвинители да даде исказ во врска со прислушуваните разговори кои се сечени, лепени, креирани и фалсификувани… па се добива лажен впечаток дека и таа е вплеткана во некакви изборни местенки и неправилности.

Силвана Бонева откако излезе од Специјалното обвинителство, змиско гнездо на Сорос и на Зоран Заев, ја даде веќе нашироко и надолго цитираната, храбра и мудра изјава дека како пратеничка кога гласала во парламентот, за да се донесе Законот за јавно обвинителство, немало ништо во текстот на законот дека се работи за политички циркус, па затоа и кренала рака, односно притиснала „ЗА“. На Бонева како врвен правник уште и’ се свежи сеќавањата од факултет на лекцијата дека секој е невин додека не се докаже вината на суд и дека истрагата мора да биде строго конспиративна и голема тајна да не се наруши таканаречената пресумпција на невиност. Тоа на Бонева ептен и’ е јасно дека е голема неправда, а како христијанка оддадена на Бога знае и тоа дека е голем грев да се жигоса невин човек. Затоа Силвана Бонева и нејзината партија, кога се на власт, па и во опозиција, иако одамна заборавија кога тоа беше, многу внимаваат да не прогласат некој невин за предавник, непријател, соросоид, кодош, шпион, странски платеник, арамија, криминалец, член на злосторничко здружение… За тоа водат голема грижа и никогаш ни пред обвинителството, ни пред судот, ни за време на истрага не давале никаква изјава, ниту пак прикажувале телевизиски апсења на политички противници, на лишување од слобода на претседатели на партии, на сопственици на медиуми, деловни луѓе осомничени дека се блиски на опозицијата, новинари, како по полноќ со лисици на рацете според полицискиот протокол ги притвораат пред камери. Никогаш јавниот обвинител Марко Зврлевски и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во изминатите десет години, освен во стотина случаи, не давале јавни изјави за текот на истрагата. Никогаш, ама баш никогаш не е попречувана правдата кога е во корист на власта, затоа и нема осуден ниту еден висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите десет години, оти си имаме работа со најуспешна и најчесна власт. Затоа ВМРО-ДПМНЕ победува редовно на сите избори, а не поради местење и изборна корупција или некакви нерегуларности. Жигосувањето и оцрнувањето пред јавноста пред судска истрага и пред судска одлука се резервирани само за непријателите на татковината, титула која се стекнува многу брзо и едноставно само ако зинеш да кажеш нешто што на власта и нејзините медиумски загари нема да им се допадне.

Сатанизацијата на Специјалното јавно обвинителство и специјалните јавни обвинители, нивното прогласување за шпиони на ЦИА и на Сорос, нивното исмевање и компромитирање, оневозможувањето да се добијат предметите од редовното обвинителство во врска со прислушуваните разговори, измислените нови процедури со помош на Уставниот суд, на претседателот на државата и на редовните судови и обвинителства против владеење на правото станува патриотски чин, а не флагрантно попречување на истрагата и правдата.

Дали можете да замислите колку ќе беа храбри и безгрижни изјавите и на Силвана Бонева и на сите кои одат да дадат исказ, а потоа се ку*чат и се кикотат пред Специјалното обвинителство, доколку на Катица Јанева, како што приличи на земјите каде што се работи сериозно за да завладее правото, како во Романија, и’ беше одобрено да има во своја надлежност полицајци, инспектори, истражители, вештаци и специјални судии и специјален суд. Тогаш ќе ја видевме на дело големата храброст. Вака заштитени од режимот и од тие што треба да ги гонат криминалците , ептен се големи јунаци. Меѓутоа, не треба да се сметне од умот дека правдата кога-тогаш ќе тропне на врата. Не застаруваат сите злосторства.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Ќе има ли тужби за попречување на правдата

Posted on 19 August 2016 by erizaov

justice statue with sword and scale. cloudy sky in the backgroun

Дали набргу ќе уследат тужби против конкретни личности кои од позиција на сила и на злоупoтреба на функцијата и власта ја попречуваат правдата. Станува збор за тешки морални и кривични дела. Или пак Специјалното јавно обвинителство во догледно време ќе и’ приопшти на јавноста дека во Македонија не е можна истрага и судска разврска на осомничени високи функционери за организиран криминал, за злосторничко здружување за местење избори, за мито и за корупција, за уништување имот на политички противници и други тешки кривични дела, кои произлегуваат од прислушуваните разговори, познати во јавноста како „бомбите“ на Заев.

Како поинаку да се протолкува фактот што по една цела година откако државата доби специјален јавен обвинител и обвинителство прифатено речиси едногласно и во парламентот и од лидерите на најголемите политички партии, се’ уште не може да се проследи ниту еден предмет во македонските судови, ниту пак да се спроведува деликатна доказна истрага без силни притисоци, застрашувања и закани, бел бојкот од надлежни институции на системот, особено со аболициите на претседателот на државата Ѓорге Иванов, или со постојаните закани дека законот по кој работи Специјалното обвинителство е противуставен што се’ заедно со медиумската сатанизација и прогласување на специјалните обвинители за шпиони на Сорос и на Америка, за продолжена рака на опозицијата и на Заев, всушност не значи друго освен криминално попречување на истрагата, а со тоа и на правдата и на владеење на правото, озаконување на криминалот, уривање на угледот на државата и се’ поголема недоверба во правосудниот систем. Правдата стана недостижна за највисоките позиции во власта.

Кога нема вести од Специјалното обвинителство никој не се занимава со Катица Јанева, специјалниот обвинител предложен и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, со заедничка оцена дека станува збор за одличен правник и обвинител. Кога владее молк во Обвинителството не се коментира работата на Јанева и нејзиниот тим обвинители и истражители. Но штом се објави дека се отвора нов предмет или, пак, се бара притвор за осомничен, или некој функционер се повикува во обвинителството да даде исказ, или кога се сослушуваат сведоци… веднаш одекнува силна експлозија, партиски и медиумски оркестрирана, баш од тие кои треба да бидат најмногу заинтересирани за професионална истрага и за судска разврска бидејќи се сметаат за невини и наклеветени. Повикот да се даде исказ во јавното обвинителство однапред се квалификува како политичка пресметка на опозицијата и на големите сили и меѓународната заедница со нашите чесни функционери, а обвинителството се прогласува за маша на непријателите на Македонија и на ЦИА. По дебаклот на претседателот на државата Иванов со аболициите за спречување на правдата се впрегнува повторно Уставниот суд, кој беше еден од главните актери и во претседателските аболиции.

Откривме дека сите од врвот на ВМРО-ДПМНЕ кои се под истрага добро знаеле што е пресумпција на невиност. Кога секој ден излегуваа пред јавноста и пред камерите да ги жигосуваат и судат луѓето пред да суди судот најарогантно одбиваа да дадат какво било објаснување, или одговор зошто ги прогласуваат луѓето за виновни пред тоа да го каже судот. Наеднаш одредувањето на мерката притвор која следуваше по автоматизам на секоја истрага од МВР и од обвинителствата што често се претвораше во долга робијашка агонија и измачување сега е опасна закана за човековите права и слободи. Секогаш е така кога на своја кожа ќе се почувствува сопствената режија на селективно владеење на правото. Сите предлози на Специјалното обвинителство за одредување на мерката притвор се одбиени со образложенија кои одамна требаше да ги чуеме и за многу други казаматски лишувања од слобода и држење на осомничените во нечовечки услови. Сега се одбегнува какво било ограничување на движењето и комуникациите на осомничените крупни риби во власта што исто така е еклатантно попречување на истрагата.

Еве два примери најактуелни од светот и од нашето соседство. Додека трае Олимпијадата во Бразил, федералниот Врховен суд не бил многу импресиониран што очите на целиот свет се насочени кон најголемиот спортски настан. Замислете судија на Врховниот суд одреди истрага против претседателката на Бразил Дилма Русеф и поранешниот претседател Луиз Инасио да Силва поради сомневање дека ја попречуваат истрагата за корупција која се води против националниот нафтен гигант. Генералниот обвинител на Бразил Родриго Жано побара највисокиот суд да го одреди почетокот на истрагата за актуелниот и поранешниот претседател на Бразил.

Втората вест е од нашето соседство, од Косово. Деновиве таму се обелоденети телефонски разговори на повеќе функционери на власта меѓу кои и на претседателот на државата Хашим Тачи со шефот на парламентарната група на владејачката партија Адем Грабачи. Косовските функционери од власта ги фатиле на дело како применуваат прекумерно влијание на партијата врз позициите на јавниот сектор. Разговорите се обелоденети во јавноста на 1 август, а шефот на парламентарната група Грабачи поднесе оставка под притисок на повеќедневни протести на граѓани на Приштина. Грабачи својата оставка ја образложи пред јавноста дека станува збор за морална и политичка одговорност, но и за овозможување на институциите непречено и без притисок да истражат дали има и кривична одговорност. Протестантите не се задоволни со една оставка и бараат сите што се замешани во разговорите и злоупотребите на позициите да се повлечат од своите функции и да одговараат кривично. Засега никој не ја негираше автентичноста на разговорите, ниту дека се сечени, лепени и креирани, нема вести за обиди за попречување на обвинителството и судовите во нивната работа.

Ете ова се последните вести од светот и соседството за утврдување на политичката, моралната и кривичната одговорност и за отстранување на пречките во владеење на правото. Можеме и треба да учиме како се постапува во вакви случаи не само во Бразил најголемата држава во Јужна Америка , туку и од најмладата држава во светот Косово, нашиот сосед. Има што да се научи не само од врховниот суд на Бразил и од оставката на функционер во Косово, туку и од јавноста на Бразил и на Косово кои преку протести ја побараа правдата.

Натамошното оневозможување и попречување на работата на Специјалното обвинителство и на обвинителот Катица Јанева е најсилниот атак врз иднината на Македонија. Се работи за тоа дали ќе се почитуваат законите и правото подеднакво за сите граѓани, или пак под присила на група луѓе владеењето без контрола ќе биде посилно од владеењето на правото. Во текот на една цела година се покажа дека попречувањето на истрагата и на правдата е многу помоќно отколку Законот за работа на Специјалното обвинителство. Ако и натаму продолжи оваа опструкција на правдата, Јанева ќе нема друг избор освен да поднесе тужби против сите што ја спречуваат истрагата, или да крене раце прифаќајќи дека во Македонија не може да се спроведе ниту истрага, ниту судска постапка за осомничени високи функционери во власта. Тоа би било крај на надежта за правна и демократска држава.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

По чиј налог работи Јанева

Posted on 14 June 2016 by erizaov

sjo

Јавниот обвинител Катица Јанева и Специјалното обвинителство работат по налог на Зоран Заев и опозицијата. Кога човек со здрав разум ќе ја слушне оваа гротеска од јавно изречена реченица, не може, а да не помисли, каква е оваа детска одбрана: жими мајка не сум крив, ме набедија непријателите. Или, можеби, ќе поверувате дека опозицијата и Заев имаат толку голема моќ да лиферуваат налози до Специјалното обвинителство. Како тргнало, по се’ изгледа, на митинзите пред судовите ќе се изнаслушаме на оваа папагалско-политичка одбрана по предметите и истрагите што ги праќа во судска постапка Специјалното обвинителство.

Серијалот го почна поранешниот премиер Никола Груевски, а потоа се надоврза и Тони Трајковски, градоначалникот на општина Гази Баба, а по него и поранешниот министер Миле Јанакиески и така со ред. Сите пред судот ја изрецитираа својата улога на невини жртви на прогон и на политички заговор. Тони од Гази Баба сака и дуел со Катица Јанева, во директен ТВ-пренос да ја докажува озаконетата невиност. До вчера недопирливите биле чисти како солза, не се чувствувале виновни, за уривањето на „Космос“ и за милионската штета која била обична дивоградба како и илјадници објекти кои како долгогодишна предизборна кампања се легализираат низ земјата за евро квадрат.

Овде работата е малку поинаква, се срамнија со земја десетици милиони евра поради строгите законски норми преправани и доправани по налози и измени на урбанистички планови преку ноќ како што слушнавме од сечените, лепените и креирани прислушувани разговори познати во јавноста како „Миле ми текна“. Судот е тој што ќе ги оценува доказите, автентичноста и мотивите на наредбите за промена на законите и урбанистичките планови, за тоа дали е или не е политичка пресметка со Фијат Цаноски.

Ако денот се познава по утрото, галиба за да се одбегне попречувањето на правдата ќе треба и специјален судски оддел, или специјален суд што ќе ги одмерува истрагите и обвинителните акти на Специјалното обвинителство.

Дали некој му диктира што да работи на Специјалното обвинителство, и бруцошите на Правниот факултет знаат дека тоа не може да биде аргумент во судски процес за уривање и уништување туѓ имот. Одлуката за формирање на Специјално обвинителство и на специјален закон за гонење кривични дела кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори ја донесе парламентот безмалку едногласно со претходна согласност на сите релевантни политички партии на власта и на опозицијата. Специјалниот обвинител Катица Јанева е именуван во согласност на лидерите на четирите политички партии предложена и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, ако не се лажам. Па според тоа, сосема беспредметно е да се држат популистички монолози пред судовите за некаков светски или домашен заговор против високи функционери кои ги контролираат сите институции на системот, а особено судовите.

Има две фундаментални нелогичности во целата оваа мегаафера со прислушуваните разговори. Прво сите што се чувствуваат невини, наклеветени неправедно осомничени имаат најсилен мотив што побргу да се соочат со правдата и со доказите од тужбите како неосновани, монтирани и измислени. Тужителите треба да ја докажат на суд вината на обвинетите. Така вели правото. Нелогичноста е во тоа зошто набедените и невини функционери ја попречуваат правдата и го сатанизираат Специјалното обвинителство од првиот ден на неговото формирање и тоа го прават лично и со помош на цела армија контролирани медиуми во хорско претставување на Специјалното обвинителство и обвинители како монструозен проект на опозицијата и странците за уривање на Македонија. И втората нелогичност, како успеа тоа монтирано обвинителство за дестабилизација на Македонија да ја стекне довербата на огромното мнозинство граѓани во државата како единствена институција која во драматично тешки околности работи на законската обврска да ги гони осомничените за кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Дали и довербата од цели 63 проценти на граѓаните кон Специјалното обвинителство, колку што имаат сите политички партии заедно, по априлското мерење на расположението од страна на ИРИ, е по налог на Заев и опозицијата. Ако е така, тогаш овој Заев навистина станал најмоќниот човек во државата.

Ама, очигледно, не е така. Доказите со кои располага Специјалното обвинителство, по се’ изгледа, се прилично непријатни дури и за судии и судови кои се под партиска контрола. Од таму доаѓа стравот за соочување со правдата, од таму потребата за аболиции и попречување на судската разврска за најголемиот скандал во историјата на независна и самостојна Македонија.

Дали некој нормален човек може да верува дека по десет години неограничена власт ниту еден висок функционер од врвот на власта не направил ниту едно кривично дело, ниту пак бил предмет на судско гонење, или на дневен ред на државната антикорупциска комисија. Такво ниво на чесност нема ни во Скандинавија. Не постои европска држава, освен Македонија, каде што за цела деценија ниту еден носител на власта од врвот не се соочил со законот и не бил осуден. Очигледно кај нас власта не ги расипува луѓето, туку ги прави подобри.

П.С. Новинарите кои држат до минимум достоинство не треба да одат на конференции за медиуми ако не им е дозволено да постават прашања. Срамен беше оној циркус и навреда на професијата да изигруваат декор кога Никола Груевски држеше ода за својата невиност без да им се дозволи да постават прашања. Мораше да го прекинат неговиот монолог.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Ќе се спасиме ли од тортура

Posted on 29 March 2016 by erizaov

sjo

Ќе се спаси ли конечно Македонија од тортурата на кои се изложени граѓаните секогаш кога ќе му се присака на владетелот, или кога ќе насети опасност по неговиот престол. Ова беше првата моја помисла по вчерашната конференција за медиумите на Специјалното обвинителство и на обвинителката Катица Јанева и нејзините соработници, обвинителите Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи. Кога ги видов повторно ликовите на овие три жени и ги слушнав фактите за флагрантно кршење на човековите права при апсењето на Љубе Бошковски, кои сите добро ги знаеме, ме обзеде гордост и голема надеж дека Македонија има храбри луѓе кои се борат за правда, да се стави крај на теророт и тортурата. Надежта ја расипа експресната панична најава дека со законски измени предложени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, парламентот ќе учествува во спречувањето на правдата.

Уплашените властодршци веднаш покажаа дека поднесувањето на обвинителен акт за кршење на основните човекови права при спектакуларното апсење на Љубе Бошковски, претседател на опозициска политичка партија е настан од пошироко значење кој чука и на нивната порта. Овој предмет не е маргинализирање на суштината на Специјалното обвинителство како што веќе наслушнав. Напротив, тоа е клучен момент во стегање на обрачот околу главниот извор на репресиите во Македонија. Обвинителните акти кои еден по еден стасуваат до судот за злоделата на најблиските соработници на премиерот во оставка Никола Груевски и тие што допрва ќе стасаат, а ги најави Јанева, стануваат се’ потежок товар и пожежок костен во рацете на македонското правосудство.

Јавноста сега на отворена сцена ќе се соочи со правниот и професионалниот капацитет на судството во нови околности кога највисоките носители на власта и нарачателите на кршењето на човековите права ја немаат веќе таа моќ и сила. Сега видливо дистанцирани од своите злодела и од своите извршители, дење ноќе зборуваат само за грандиозни успеси и достигнувања, небаре сме станале скандинавска држава како во бајките. Играјќи уплашено на последниот адут, а тоа е агресивната медиумска кампања, бегаат од судот и правната разврска признавајќи само еден друг судија, бројачот на гласовите од списоците кроени во ВМРО-МВР.

Тужбите на Специјалното обвинителство отвораат историска страница кон каде што ќе се движи Македонија, дали ќе завладее правото, или ќе се регрутираат истите партиски судии кои пет пари не дадоа за сите случаи на драматично кршење на човековите права не само при апсењето на Љубе Бошковски и новинарот Томислав Кежаровски, туку уште стотици граѓани кои беа изложени на груба тортура пред телевизиските камери. Таквите партиски судии кои судеа по нарачки не ќе можат да им делат правда на своите наредбодавци, кои сега треба да седнат на обвинителна клупа. Забошотувањето, пак, на тужбите на специјалното обвинителство и нивното анулирање една по една попречувајќи ја правдата ќе биде конечно збогување не само со владеење на правото, туку и со државата што веќе го најавија најеминентните луѓе од правната наука во државата.

На голем испит е и македонската јавност дали мирно и спокојно ќе прифати спречување на правдата во парламентот, донесувајќи такви законски измени кои дури и ретроактивно ќе оневозможат сторителите и нарачателите на кршењето на човекови права, на злосторничкото здружение за изборен криминал и на носителите на организиран криминал и корупција да не можат да бидат судени. Дали мирно ќе се прифати срамниот предлог процесите толку долго да се развлекуваат и да оневозможуваат што конечно ќе се разводни целата суштина во формирањето на Специјалното обвинителство за гонењето на кривични дела кои произлегуваат од незаконското прислушување. Вчера по конференцијата за печат на специјалното обвинителство и по најавата на нови и нов и предмети, а мислам особено за корупцијата во „Телеком“ стаса срамната најава од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за законско попречување сторителите на тешки кривични дела да се соочат со правдата. Предлагачите бараат ретроактивно важење на законските измени за заштита на криминалците од врвот на власта и тоа да го усвојат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Тоа нема да им биде тешко бидејќи се бара очајнички начин за спасување на кожата на митоманите, поточно на партнерите во корупцијата ретка во светот кога се казнети давателите на мито со 100 милиони евра, а примателите на мито уживаат во своето богатство. Ваквата одлука на парламентот може да означи крај на специјалното обвинителство ако тоа го дозволат граѓаните на Македонија и меѓународната заедница која дефинитивно ќе мора да се одлучи порешително дали ќе продолжи да го сервисира режимот на Груевски, или ќе преземе активности кои многу подобро ги разбираат носителите на репресија, на кршење на човековите права и на криминал.

Режимите во целата историја на човештвото се потпираат на страв. Деспотите и тираните во 21 век не бесат луѓе на плоштадите и не сечат глави под гилотина, тие сеат уплав со стравотен пропаганден терор преку ТВ-екраните. Апсат спектакуларно и филмски пред камери, секој ден, лесно прогласуваат непријатели од своите политички противници и критичари , измислуваат шпиони, кодоши, странски платеници и разни други предавници кои сакаат да ја дестабилизираат државата. Се кршат човекови права во Македонија како погача. Со патриотски триумф се уништуваат луѓе и цели семејства само затоа што некој јавно му се спротивставил на вождот и кажал дека треба да се соочи со правдата за своите злодела. Кога пак нарачателите и носителите на репресии од врвот власта ќе се најдат на удар на законот го покажуваат својот кукавичлук и својата човечка бедотија.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Затишје пред голема бура

Posted on 02 March 2016 by erizaov

katica fetai risteska

Чуден молк доаѓа од Специјалното обвинителство. Многу тивко и мирно е по паничната ѓурултија и големиот шок кај недопирливите со покренување на првото обвинение за злосторничко здружување на високи функционери во власта и нивно учество во изборен криминал. По бурата, кога судот не ја прифати мерката притвор настапи тишина од која болат ушите. Молчи власта, молчи и Специјалното обвинителство, молчи јавноста, а бајаги молкнаа и медиумите. Престанаа наеднаш навредите кон Обвинителството и обвинителите. Ова ептен ми наликува на затишје пред нова голема бура.

Барањата на Катица Јанева за непречена истрага според Законот за работа на специјалното обвинителство, особено во делот на сведочење со месеци стојат во фиока и целосно се блокирани. Осамнува по некоја само навидум обична вест дека Катица подготвува отчет за шестмесечното работење, па прилично смирувачки дека Али Ахмети ќе биде испрашуван како сведок, па малку потензично дека од Америка доаѓа висок функционер на Стејт департментот, Хојт Ји, за кого велат дека е директен во разговорите, сакал да ја праша лично Катица што стои на патот на Специјалното обвинителство и на обвинителите и зошто не одат работите иако сто пати е договорено никој да не пречи во истрагата за гонење на криминал и корупција и се’ она што произлегува од прислушуваните разговори… Тензични вести за работата на специјалните обвинителства пристигнуваат од регионот, на пример какви се’ успеси против криминалот и корупцијата во високите ешалони на власта во Романија постигнала тамошната специјалната обвинителка, колку функционери испратила во затвор и колку украдени милиони евра вратила во државната каса. Вознемирувачки вести стасаа и од специјалниот обвинител на Црна Гора, кој почна да приведува полициски функционери, а загрозените дигнале паника дека обвинителот апси без докази, селективно и не почитува процедури.

Кај нас вниманието се пренасочи на Уставниот суд кој се потруди да ја прати најлошата порака во борба против една од најтешките законски повреди која го урива фундаментот на парламентарната демократија, а тоа е изборниот криминал. Уставниот суд три месеци пред избори воведува на мала врата уставни измени со кои на претседателот на дрвата му се дава право да помилува учесници во изборен криминал. А, тој избра да си молчи бидејќи претседателот Иванов не коментирал одлуки на Уставниот суд. Таквата експресна одлука на најголемиот чувар на законитоста, која не ја коментира претседателот ја искоментираа стручни луѓе и еминентни правници како јавен повик никој од владејачките партии и нивните симпатизери да не страхува ако бил учесник, или се подготвува на следните избори да предизвика нерегуларности и повреди на изборното право. Ако биде фатен на дело како фалсификува избори и ако евентуално биде осуден ќе биде помилуван од претседателот на државата.

Сите што мислат дека без праведен судски епилог ќе заврши „Титаник“, набргу ќе се убедат дека се’ уште не се случил кобниот судир со сантата мраз, чија големина под водата е цела планина која се’ уште не се гледа од оваа растојание. Набргу покрај Извештајот за работата на Специјалното обвинителство се очекува да уследат и истражни постапки и обвиненија кои ќе го расчистат патот кон воспоставување на доверба во обновата на правниот систем и владеење на правото. Ако продолжат и натаму опструкциите на редовното обвинителство и судовите диригирани од владата и од раководството на ВМРО-ПМНЕ можни се и други промени кои ќе овозможат непречена работа на Специјалното јавно обвинителство.

Следното изненадување може да биде уште пошокантно од „Титаник“ бидејќи се стега обрачот околу носителите на криминалот и корупцијата. Ваквите навестувања не се шпекулативни бидејќи загриженоста и на Брисел и на Америка за работата на Специјалното јавно обвинителство и на Катица Јанева повеќе не се искажува во дипломатски ракавици , туку многу јасно и без влакна на јазикот.

Пресметката со криминалот и корупцијата при строго контролирани судски институции во сите инстанции неминовно води кон зголемување на овластувањата на Специјалното обвинителство не само во овозможување непречена истрага на сведоците, туку формирање и на специјални судови за кои претставници на власта веќе се изјаснија дека тоа би било кршење на Уставот, иако веќе од поодамна такви специјални одделенија има во македонското судство како што е делот за борба против организираниот криминал.

Казнувањето на судиите и нивно деградирање како што беше со одлуката за укинување на притворот на Верушевски и обратно како што беше со пофалбите за судска независност и самостојност на судиите, кои срамно одбегнаа да ја изречат мерката притвор на поранешни министри во владата на Груевски, само ја потврдува потребата и од специјален суд . Ако има вистинска желба за расчистување со криминалот и со корупцијата, не би требало никој да се спротивставува на спасувањето на македонското општество од овие метастазирани зла. Секој што ја опструира и оневозможува оваа војна со криминалците злоупотребувајќи ги своите позиции во политиката мора да се соочи со судот на јавноста како заштитник на криминалот. Од следните чекори на Специјалното обвинителство ќе зависи освојувањето на широка поддршка во целата јавност дека во борбата против криминалот пред законите сите сме еднакви. По отворањето на вториот предмет и обвинителен акт довербата ќе се зголеми до степен кога веќе никој не ќе смее да ја проблематизира работата на единствената институција во земјата која се бори против криминалот во кој се замешани високи владини функционери.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

Нови ѕвезди на небото

Posted on 15 February 2016 by erizaov

fatime-fetai-i-lence-ristovska1

Блеснаа нови ѕвезди на темното македонско небо. Осветлија нова надеж дека конечно чесните луѓе можат да живеат слободно и без страв во нормална држава со сите нишани на државност. На повидок е нова ера на големи промени, на тешка политичка и сеграѓанска борба за слобода, за демократија, за владеење на правото, за независно судство и за слободни медиуми. Доаѓа време на враќање на човековите права и достоинство. Денешните генерации граѓани на Македонија имаат историска шанса, рамна на АСНОМ од 2 Август 1944 година и Денот на прогласување на независноста 8 Септември 1991 година. Треба да влезе во историјата со крупни букви и 12 февруари 2016 година кога Специјалното обвинителство ја обзнани законската и уставна постапка за враќање на правната држава и правдата. Останува на граѓаните и на институциите на системот, на политичките, деловните и интелектуални елити, на сите граѓани да се приклучат на борбата за законитост и правда, да се даде силна поддршка во изградбата на ново демократско општество.

Првпат во поновата историја на овој начин транспарентно се слушна гласот на правото. Слушнавме и разбравме, иако се’ уште има соучесници кои сакаат да го укинат и стишаат гласот на законите дека се одвива истрага со основани сомненија за сторени тешки кривични дела во изборните процеси на високи државни и партиски функционери. Високопрофесионалниот јавен исказ на специјалните обвинители дека се осомничени министри, високи државни службеници во Владата, партиски функционери, судии и поголем број засега непознати луѓе за злосторничко здружување и фалсификување на народната волја на локални и државни парламентарни избори предизвика голема загриженост, револт и сомнеж дека станува збор за највалканиот и најопасен политички криминал да се фалсификува слободниот избор. Обраќањето на јавните обвинители до јавноста предизвика шок кај владејачката партија која одвај состави некакво конфузно соопштение дека партиските функционери не се огрешиле од законите. Изненадувањето беше големо и во стручната јавност. Соопштенијата на специјалните јавни обвинители и кај најискусните судии, адвокати и обвинители предизвикаа почит за професионалниот пристап и преданоста кон законска истрага која неминовно води кон судска разрешница.

Она што посебно ги вчудовиди сите е сознанието за реалната опасност дека подолго време со државата управувала нелегитимна влада составена од луѓе кои на незаконски начин ја приграбиле власта и ги узурпирале институциите на системот. Познати и угледни адвокати, судии и обвинители укажаа дека за вакви изборни неправилности ни претседателот на државата нема право на помилување или аболиција. Ваквите кривични дела доколку се докажат, се рамни на најтешка злоупотреба на функцијата за подривање на општествено економскиот и политичкиот систем на државата. Она што допрва треба да го анализираат правните експерти е дали се можни какви било избори додека овие истражни постапки не добијат правна разрешница. Дали луѓе од највисокиот врв на владејачката партија можат да учествуваат на избори ако се основано осомничени за изборни неправилности и фалсификати.

Блиску до здравиот разум е додека не се расчисти судски истрагата на Специјалното обвинителство, не можат да се одржат кредибилни избори со истите актери кои треба да ја докажат својата невиност во судот. Јавноста која ќе се определи за владеење на правото треба да даде решителна поддршка за формирање на специјални судски оддел кој ќе ги има сите гаранции и предуслови за фер и законито судење. Само така се отвораат вратите за влез во новата ера во Македонија. Првиот чекор е направен решително, но илузија е ако се мисли дека оваа битка може да се добие само со работа на специјалното обвинителство. Пресудна ќе биде улогата и поддршката на јавноста, која конечно мора да дознае дека Специјалното обвинителство не е шпионски центар на ЕУ и на Америка за дестабилизација на државата како што најавуваат највисоките владини и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивните медиумски труби, туку сосема обратно, Специјалното обвинителство во моментов е најсветлата точка за излез од длабоката политичка и морална криза и за европеизација и развој на Македонија.

Деновиве во јавноста помина прилично незабележано ексклузивното интервју во „Утрински весник“ на Лаура Ковеси, државниот специјален обвинител на Романија, или како што таму се нарекува обвинител на Државниот антикорупциски директорат. Ова специјално обвинителство за неполни две години регистрираше над 5.900 предмети, а против повеќе од 1.200 луѓе се покренати обвинителни акти за случаи на корупција на средно и високо ниво. Во 2015 година на судење се испратени еден актуелен премиер, пет министри, пет сенатори, 80 градоначалници, 14 судии, 42 полицајци и 32 директори на национални компании. Само лани по судските постапки специјалното обвинителство нареди да се вратат 494 милиони евра, колку што била оштетана државата. Во последните седум години во Романија судовите донеле пресуди во случаи против еден поранешен премиер, шест министри, 13 пратеници, пет сенатори и повеќе од 56 обвинители и судии.

Романското специјално обвинителство функционира со 140 обвинители, 190 полицајци и 50 експерти. Полициските службеници се вработени во специјалното обвинителство и не се подредени на шефот на националната полиција и на министерот за внатрешни работи, туку се директно подредени на специјалниот јавен обвинител. По разрешување на првите случаи со корумпираните романски крупни риби во високата политика, ова обвинителство доби огромна поддршка во јавноста.

И македонското Специјално обвинителство со својот храбар старт во борба против криминалот и корупцијата на највисоките политички ешалони брзо ќе ја стекне довербата на јавноста. Треба да се биде упорен и стрплив, да се издржат заканите и опструкциите на тие што стравуваат да се соочат со законот. Правдата мора да победи и во Македонија.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

July 2017
M T W T F S S
« Jun    
 12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31