Tag Archive | "Специјален обвинител"

Tags:

Катица пак пред стрелачки строј

Posted on 27 January 2016 by erizaov

katica

Власта презема нова серија активности за да ја принуди опозицијата да ги бојкотира изборите. Бившиот премиер Груевски најмногу сакал избори без опозиција, така победатa му била најсигурна, башка ќе нема сомнeвања за фалсификати и се’ ќе протече во најдобар ред. Од такви избори без учество на опозицијата бил одушевен и еврокомесарот Јоханес Хан кој многу цивилизациски, културно и мудро кажа деновиве во едно интервју дека не е важно кој ќе учествува и кој нема да учествува на изборите во Македонија, важно е тие да бидат фер. Новите европски вредности на избори без опозиција Хан ги промовираше во софиско списание. Хан како Мао Це Тунг вели дека не е важно дали мачката е црна или бела, важно е да лови глувци.

Ваквата отворена поддршка на режимот на Груевски предизвикува нов уште пожесток хаос на домашната јавна сцена и се’ поперфидна и поподмолна манипулација со јавноста. Од една страна се повикува на избори со гаранција дека ќе се исполнат сите точки од договорот во Пржино, а од друга страна, се’ што може да води кон фер и слободни избори веднаш се проблематизира. На удар пак се Катица Јанева, натамошното комплицирање со избирачките списоци со нови барања и уште посилната контрола и притисоци врз медиумите. Специјалната обвинителка Груевски ја прозва во својот последен милитантен и популистички говор пред жените на ВМРО- ДПМНЕ како непријател број еден и фактор за дестабилизација на државата. Само дваесетина дена пред тоа, во новогодишното обраќање Груевски гарантираше, кој знае по којпат, дека ќе и’ бидат обезбедени на Јанева сите предуслови за непречена работа. Ете сега видовме што Груевски подразбира под непречена работа, тоа било да ја препушти Јанева противзаконски и противуставно во надлежност на јавните обвинители на сослушување како пред преки суд и пред стрелечки строј без право на одбрана.

Обвинителите се нафрлија врз Јанева небаре се адвокати и извршители на владата и на Груевски. Ниту еднаш во целата расправа не го спомнале мотивот зошто е формирано Специјалното обвинителство што воедно е најсилен доказ дека редовното обвинителство ништо не работи кога е во прашање организираниот криминал во високите ешалони на власта и владата. Ниту еден предмет во Македонија не е отворен за корупција и криминал на највисоки функционери на власта. Според тој критериум, Македонија има најчесна и најчиста власт со лидери кои на мравка не газат, а не пак да бидат замешани во коруптивни афери и организиран криминал. Ниту едно прашање не поставиле големите обвинители што и’ стои на патот на Јанева како главна пречка што се’ уште нема обвинителен акт за тоа што треба да го сработи и за што е формирано обвинителството со специјален закон. Сите тие големи обвинители знаат дека Специјалното обвинителство е формирано поради нивната неспособност во откривање на кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Наместо со тоа да исперат нешто од својата срамота, овие наши правници за одбрана на криминалот и криминалците се занимаваат со записници и разни други формални и небитни прашања, зошто и како Јанева го менувала својот тим. Наеднаш обвинителите многу се загрижија како за ланскиот снег што Јанева отпуштила некои обвинители добро знаејќи ги причините за тоа.

Видовме во „Утрински“ дека сите специјални обвинители во регионот се изложени на силни притисоци како од политички, така и од криминални подземни структури, ама нигде не видовме дека колегите-обвинители се впрегнале да ги сотрат специјалните обвинителства само затоа што тие не успеале да се справат со големиот криминал на највисоките државни функционери.

Тактиката на топло-ладно во стилот парламентот и’ го одобрува буџетот на Катица, премиерот јавно ја прогласува за непријател број еден, а обвинителите и’ се закануваат со компромитација на стручноста, Уставниот суд со укинување, провладините медиуми со процедура за разрешување во парламентот е најголемиот доказ колку е корупцијата стасана до врвот на државата и колку е голем стравот од непречена работа на специјалниот обвинител и обвинителство.

Постојаните судски тужби и закани од страна на власта кон лидерот на опозицијата е дел од тактиката да се троши залудно времето на политичките противници и да се застрашуваат луѓето кои се неопределени и се најголемото мнозинство во гласачкото тело. Новите предуслови за контрола на избирачките списоци се доктрина на уплашената власт да се предизвика опозицијата на бојкот на изборите. Во целата ова трагична ситуација не може човек да не се изнасмее на последните барања како да функционираат медиумите, особено јавниот сервис МРТВ. Падна предлогот од страна на власта да има по двајца уредници на МТВ, еден на власта, другиот на опозицијата. Посмешна и поглупава работа немало никогаш во новинарството, а евентуалната примена на таков предлог би било нешто најнавредливо за новинарството во целиот свет. Едни вести на опозицијата, други вести на власта. Таква папазјанија нема ни во хумористични емисии, а не може ни да има кога во Македонија е забранет и хуморот.

Не паметам во Македонија некој странец да бил изложен на толкав притисок и навреди како Ванхауте кој Груевски го нарече јавно со непристојни зборови „разни ванхојтовци“, „катици“ и „сеачи на магли“. Кога го слушнав ова, си ја покрив главата со чаршаф од туѓиот срам. Отворената поддршка на Европа на режимот на Груевски, како компензација за браната кон бегалците, веројатно ќе донесе уште многу срамни ситуации, но искуствата со Европа кажуваат дека воопшто нема да и’ биде тешко да ја сврти другата страница кога ќе и’ затреба. Прерано е да мислите дека Груевски се радува на изборната победа. Тој, всушност, е еден многу исплашен човек.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Историската улога на една настинка

Posted on 22 January 2016 by erizaov

anevski

Рано сабајле, обвинителот во пижами и поспан, по кусиот и неочекуван телефонски разговор само што изусти три збора: да… разбирам… добро… уште не беше прекината линијата, ептен вознемирен толку силно кивна, што дури и самиот се подуплаши. Никогаш не беше кивнал толку гласно, со она додатно апчихааа, што дури и не слушна добро, туку само почувствува дека истовремено неконтролирано испушти од себе воздух со некаков чуден звук како кога кинеш стар чаршав, што на негови години не смее да се потценува и мора да се консултира со лекар. Веднаш го зеде топломерот да измери дали има покачена температура, загрижен оти кивнувањето и неконтролираното испуштање воздух се случи баш на денот кога на умислената специјалната обвинителка требаше да и’ се трие сол на главата пред да почне процедурата за нејзино разрешување во парламентот за големата и кобна грешка оти не направила записник од приемот на данајските дарови од корисниот идиот и црпнатиот од село Муртино, непријателот број еден на татковината. Целиот тој шпионски арсенал и докази за подривање на државата остана непопишан со записник, а што ако останале уште од овие бомби кај онаа странска марионета, лидерот на опозицијата. Страшно….

Обвинителот беше свесен за својата историска улога како претседател на Советот дека конечно мора да се заврши работа со ова наконтено женче од југот кое сака да дели правда каде што никој од нив, коџамити обвинители, од целиот совет досега не смеел ни да помисли да чепка. Таа кокетка, постојано насмеана провинцијалка, пред ТВ-камери бара предмети де вакви, де такви, бара заштитени сведоци, високи плати, обвинители, истражители, вештаци, обезбедување, дактилографи, шофер…, па што бре таа мисли, каде се наоѓа. Никако да разбере дека таа е таму поставена да каже дека се’ е чисто, дека нема криминал, нема провизии, нема џабалак атрактивни плацеви во најелитниот кварт, нема наместени апсења на политички противници, нема нарачани затворски казни, нема уривање на туѓи имоти, нема нарачани вести на телевизиите и во весниците за големите успеси, нема никаква злоупотреба на власта, нема наместени избори, нема фалсификувани пасоши и лични карти и ако има тоа го правела опозицијата за да победи власта на наместени избори само за да ги компромитира постојаните големи победи ќе биде цела деценија, нема никакво кршење на законите од страна на власта и премиерот, нема ниту еден релевантен доказ дека се случувало такво нешто што слушале луѓето од прислушуваните телефонски разговори. Глув ако не слушне ќе измисли, ќор ако не види ќе одмолчи, ако при очи и уши не чуеш и не видиш дека, всушност, се работи за политичка пресметка на странски и домашни непријатели против државата и Владата, тогаш си слепец кој и гледа и слуша, а ништо не разбира. Таа наконтена специјалка од југот треба да го потпише тоа и готово – крај, тука завршува нејзината улога во филмот „Играла је једно лето“.

Да, ама здравјето му е поважно на обвинителот од опасноста за стабилноста на земјата и глупостите што ги прави обвинителката, политички курдисана од странски агентури против волјата и на народот и на обвинителството. Веднаш му ѕврцна на колегата баш обвинител Зврле. Не сум нешто арен денеска, не ќе можам да ја водам седницата, му рече тивко како да зборува од бунар, би било добро некој да ме замени. Веќе знам дека ти се слошило, возврати Зврле, ама замена нема. Кој ти кажа дека кивнав, праша обвинителот. Горниот, рече Зврле, и по куса пауза дополни, одложи ја седницата за неколку дена додека не ти биде поарно. Белким до тогаш ќе и’ текне на специјалката што треба да направи. Другото не е за по телефон, рече Зврле, и ја прекина линијата.

Тоа беше историската улога на една настинка со гласно кивање рано сабајле, на денот кога Советот на обвинители требаше да ја почне процедурата за заплашување на колешката специјалка да се прибере каде што и’ е местото оти може да заврши и во затвор. Тоа што не може да влезе во записник, а може да влезе во џеб е бомба која секој момент може да експлодира и се’ наоколу живо и диво да разнесе како оние самоубијците што го тероризираат светот. Затоа, по одлагањето на седницата, вчера сите големи патриоти лажно набедени дека се арамии со монтирање, сечење и лепење на нивните прислушувани телефонски разговори, уплашени дека бомбата на камиказе обвинителката може да и’ пукне во џебот, почнаа силно да кашлаат, убедени дека ова е уште едно американско масло со одложување на седницата. Беа разбрале дека таа ненормалната, спобудалена обвинителка сака ги замрзне нивните сметки и да покрене брзо некакви судски постапки и обвиненија. Не можеа да поверуваат дека толку силно кивнал претседателот и неконтролирано испуштил воздух од себе како да се кине стар чаршав, баш во овие тешки мигови кога треба со елиминирање на обвинителката да се отстрани последната пречка чесно и со чисти раце да се оди на избори, после кои државата повторно ќе биде библиска земја и рај само за патриотите.

Но, веднаш стаса абер од Горниот, да немаат гајле, бидејќи се’ е под контрола. Нема никакво американско или германско масло. Обвинителот навистина кивнал и неконтролирано испуштил воздух како да се кине стар чаршав, па се уплашил да не е нешто сериозно и ништо повеќе.

Нема место за паника. Горниот лично стапил во контакт и со Американците и со Германците и убаво се договорил. Ни пиле нема да прелета над државата наша, ни риба ќе преплива река, ни бегалец по нашите друмови ќе помине ако тргнал на пат за Запад, каде што заоѓа сонцето, оти кај што изгрева почна многу бргу да се смрачува. Тоа е дел од новата голема брана која опфаќа седум држави, каде ќе се запира целиот тој човечки шљам, сите оние што ги напуштаат родните огништа и бегаат од војна и од глад. Нема место веќе на Запад за нив оти тие што се гостољубиви и се прават хумани, ја губат власта. Европа е вознемирена и уплашена од источната вијагра, која доаѓа во бранови како стампеда, во големата преселба на народите кои бегаат пред Атила бичот божји, кој стаса на Исток, директно од Вашингтон и од Москва. Горниот така стана чувар на едната брана од седумте и за возврат му рекоа господарите на животот и смртта да прави во својот вилает што сака и како сака уште десет години. Само треба да не пушта никој неканет гостин да оди на Запад. Кога овој абер стаса до патриотите, епидемијата од силно кашлање престана како со нож пресечена. Веднаш нарачаа огномет и голема гозба. Тамам почна веселбата, стаса задишан обвинителот Зврле, заедно со кумовите и познатиот Ром, чија чесност е гарантирана со над 102 отсто. Чекајте, запрете ги чалгиите, не е време за славење, свика Зврле. Обвинителот навистина кивнал силно и испуштил воздух неконтролирано со чуден звук како да се кине стар чаршав, ама некој пред тоа во мугри ми ѕвонел на мобилниот. Тоа не бил Горниот, ни долниот, туку некој кој му соопштил итно да ја одложи седницата.

Веднаш почнало силно кашлање. Веселбата им преседнала.

Сите сличности во текстот со нашата ситуација и личности се намерни.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Зврлевски во контрола на Јанева

Posted on 22 December 2015 by erizaov

zvrle_janeva

Стравот на премиерот Никола Груевски и неговите најблиски соработници од обвинителот Катица Јанева и нејзиниот тим прерасна во паника. Владата спакува, на врат на нос, законско решение, а гласачката партиска машина во парламентот по итна постапка за еден ден го прифати со единствена цел да го наметне јавниот обвинител Марко Зврлевски за главен контролор на Јанева.

Ова мангупско надмудрување поприми драматични димензии кои ја принудија обвинителката Јанева да се обрати до јавноста со укажување дека се кршат воспоставените принципи на автономност и на финансиска независност на Специјалното јавно обвинителство за гонење на кривични дела кои произлегуваат од прислушувањето. Парламентот не го прифати ова предупредување и ја погази практично и сопствената неодамнешна одлука која ја донесе речиси едногласно за отстранување на секакво финансиско или политичко влијание во работењето на специјалното обвинителство.

Катица Јанева со првите најавени и преземени чекори во остварување на работните обврски, за што е и формирано специјалното обвинителство, предизвика шок во највисокиот врв на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата, што се виде со разните притисоци и обидите за блокирање на обвинителството и особено со жестоката медиумска харанга за компромитација и на обвинителката, на нејзините соработници и на институцијата специјално обвинителство. Кога тоа не успеа, почнаа да се применуваат потези од позиција на сила и власт, кои спаѓаат во арсеналот на подземна војна. Власта не поднесува институција надвор од контрола, особено не некакво обвинителство со посебни овластувања и закон кој може и највисоките функционери да ги изедначи со сите простосмртни граѓани и да ги седне на обвинителна клупа многу пожешка од онаа во Собранието, која се вика Анкетна комисија. Оваа на Катица се вика судска обвинителна клупа.

Очајниот потег на Владата се навести божем со грижа за редовните јавни обвинители кои по формирањето на Специјалното обвинителство се виде во каква тешка положба се наоѓаат поради целосната контрола. Законот за плати на јавните обвинители што го предложи Владата, не би преставувал никаков проблем да не е во прашање скриен мотив за упад во Специјалното обвинителство. Никој не може да се спротивстави на законски измени кои го унапредуваат статусот на јавни обвинители и ја гарантираат нивната независност, но со тазе усвоениот закон Владата практично го овласти јавниот обвинител Марко Зврлевски со претходна согласност на Министерството за финансии да одлучува за додатоците и на јавните обвинители во Специјалното обвинителство. Тоа, вели Јанева, е силен удар врз автономноста на специјалното обвинителство, бидејќи законот кој е донесен пред три месеци во парламентот речиси едногласно од сите партии и по кој треба да работи тимот на Јанева го обврзува Министерството за финансии да го вгради во буџетот финансискиот план за работа на Обвинителството. Принципот на автономност, вели во своето соопштение Јанева, подразбира „…автономно постапување како специјален јавен обвинител и исклучено е секакво влијание во работата од страна на јавниот обвинител на Република Македонија“, се мисли на Марко Зврлевски. Законот за плати на Владата со кој треба Зврлевски да и’ стане контролор на Катица Јанева е со цел да се опструира Специјалното обвинителство.

Катица Јанева изненади со својата транспарентност и за уште едно мошне жешко прашање кое јасно покажува дека се работи за тешка подземна војна меѓу двете обвинителства и за клучната улога на Владата во овој наметнат судир. Јанева ја извести јавноста дека побарала одлагање на главната расправа по предметот познат како „Пуч“, во кој е обвинет лидерот на опозицијата, Зоран Заев. Причината за одлагање на предметот е неверојатна. Специјалното јавно обвинителство, замислете, не е запознаено со содржината на доказите кои се доставени до судот, а кои не се содржани во обвинителниот акт кој им бил доставен. Со други зборови, редовното обвинителство доставило предмет до специјалниот обвинител Јанева без потребните докази.

По ова не знае човек што да мисли во каква тешка хаварија се наоѓа правниот и судскиот систем на државата. Или навистина нема докази за така тешко обвинување како што е обид за пуч, или преврат, или доказите се скриени со одредена предумисла.

Тука треба да го бараат одговорот сите оние што се чудат зошто ни монтираа паралелно обвинителство со специјален закон. Да беше како што треба редовното јавното обвинителство со своја автономност и независност, на никој не би му паднало на ум да чепка во светоста на независноста на судството. Не случајно Катица Јанева во своето обраќање до јавноста чувствува потреба да потсети дека мисијата на јавното обвинителство кое таа го предводи директно е поврзана со обезбедување на еднаков третман на сите граѓани пред законите и за зголемување на правната сигурност и довербата во правосудниот систем. Самостојност и професионално функционирање на Јавното обвинителство може да се обезбеди исклучиво со доследно почитување на веќе воспоставените принципи на неговата работа и со исполнување на законските обврски и носење на Законот за јавнообвинителска служба, категорична е Јанева. Таа побара сите политички партии да го поддржат Законот за јавнообвинителска служба на ова Обвинителство и на тој начин пред граѓаните политичките лидери да покажат колку се искрени во намерата за разоткривање на кривичните дела од незаконското прислушување. Се виде вчера во парламентот дека на власта интенцијата и’ е обратна за да ја спречи обвинителката во своите намери да работи според законот и правдата.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Работи ли нешто Јанева

Posted on 25 November 2015 by erizaov

parostorii

Премиерот Никола Груевски и другите високи функционери, главни актери во аферата прислушување, кои се најголеми жртви од експлозиите на бомбите на лидерот на опозицијата Зоран Заев, мора да се страшно огорчени поради блокадите што и’ се прават на јавната обвинителка Катица Јанева и на специјалното обвинителство. Во исчекување на правда и судска сатисфакција, овие луѓе деновиве мора да се крајно разочарани и бесни што Јанева не може да почне со работа. Некои мистични и моќни сили во државата и’ ставаат постојано сопки на специјалната обвинителка. Де не може да избере тим како што сака, де не може да дојде до работни простории кои се уредуваат со специјален микробетон, де ги нема предметите кои се кај скопските обвинители, а кои намерно сите до еден се отстранети од тимот на Јанева, де не може да ангажираат истражители и други правни експерти, оти за тоа треба нов посебен закон итн. итн.

Сето тоа станува многу очигледно и се прави тенденциозно да им се наштети на угледот на премиерот и на неговите најблиски соработници да не може да види целата јавност дека тие немаат никаков грев, или каков било сомнеж дека учествувале во некакви кривични дела кои се навестуваат во креираните, сечени и лепени незаконски снимени и монтирани разговори. Уште некој месец ќе биде цела година како пукна првата бомба на Заев, а нашиот премиер оди засрамен и со наведната глава низ Македонија, неправедно обележан како бездушен, одмаздољубив, расипник,и уште што не.

Во една ваква ситуација не можам да го разберам премиерот зошто со сиот свој авторитет не се заложи на г-ѓа Јанева да и’ се овозможи веднаш да почне со работа оти нема ништо пострашно за еден висок функционер, голем политички лидер кој речиси цели десет години е на чело на сите македонски влади да биде означен како човек кој е под сомневање дека има направено повеќе тешки кривични дела, или пак дека неговите најблиски соработници имаат гревови. Длабоко сочувствувам со маките на Груевски. Мора да е многу тешко кога човек е невин, ја претставува државата дома и надвор и е најодговорен за вкупните состојби, а таму некои невидливи сили и бирократски процедури оневозможуваат да си ја докаже невиноста, односно кажано попрецизно, не даваат судот да докаже дека тој за што било е виновен и колку голема лага е сето она што јавноста можеше да го слушне од незаконски снимените, монтирани, сечени и лепени разговори.

Премиерот Груевски знае дека во една непристрасна и професионална истрага сите овие обвиненија можат брзо да се докажат како неосновани и без доволно докази, па затоа мора да е прилично изненаден што некој не го дозволува ова и го остава на ветромет сам да се бори и да се докажува како одговорен политичар, премиер и лидер. Што може да прави неправедно осомничен премиер чекајќи судски епилог поради лажни монтировки на странски и домашни агентури. Ништо не може да направи во демократска држава каде што владеењето на правото е неприкосновено и никој во тоа не може да се меша. Така Груевски и неговите соработници галиба станаа жртви на правната држава, на високите дострели на судството. Македонскиот судски систем владите на Груевски за десет години го доведоа до совршенство во сите инстанци. Па така за секој закон има и контра закон. Ако се донесе специјален закон за формирање на специјално јавно обвинителство, треба да се има предвид дека има и редовен закон за јавно обвинителство кој се коси со овој за специјално обвинителство. Ако се донесе законска одредба дека на Катица Јанева ќе и’ се овозможи непречено работење по сите членови од законот, тоа автоматски значи дека има и друг закон кој го регулира делот кој може да се спротивстави на ваквите надлежности на еден јавен обвинител. Ако пак работата запне и се гледа тенденција во подготовката на обвинителниот акт, тогаш Уставниот суд лесно ќе го укине и специјалниот закон и специјалното обвинителство, ќе ја укине и Катица Јанева како противуставни. Бидејќи премиерот Груевски и неговите соработници се строги легалисти, почитувачи на законите, сега не можат да се спротивстават на законската регулатива и процедура која го одолжува почнувањето со работа на обвинителката Јанева.

Ете, драги мои, ова се причините зошто јавната обвинителка се’ уште не може да почне со работа и да го покрене првиот обвинителен акт пред македонските судови. Со тоа продолжува неправдата што му се прави на премиерот Груевски и на владата, на партијата ВМРО-ДПМНЕ и на сите чесни граѓани и патриоти одадени на Македонија. Ја молам јавната обвинителка Јанева што е можно побрзо да ја исправи оваа неправда врз премиерот и врз целата држава на која со вакви непријателски опструкции и’ се урива големиот углед што го има во цивилизираниот свет на демократијата и прогресот.

П.С. Должен сум да објаснам што значи уредувањето на канцелариите на специјалната обвинителка со специјален микробетон. Тоа е кога во ѕидовите и на таваните се инсталирани ред микрофони, ред бетон. Се добива енергетски најефикасен микробетон.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Пуч во обвинителството

Posted on 15 October 2015 by erizaov

zvrle

Советот на јавни обвинители ги осакати барањата на специјалното обвинителство и на Катица Јанева. Обвинителите грубо го прекршија Законот лек специјалис за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Советот на обвинители донесе одлука да ја минира најголемата истрага досега во борба против организираниот криминал. Преполовен е тимот на Катица Јанева, арогантно кршејќи го законот неодамна донесен едногласно во парламентот. Нанесена е огромна штета по угледот на државата со јавно признание дека Македонија не е подготвена за владеење на правото и за враќање на демократијата.

Тие што треба да го спроведуваат законот го прекршија, тие што треба да го бркаат криминалот застанаа во негова одбрана.

Пред да биде донесена една од најсрамните одлуки во партизираниот Совет на обвинители претходеше истиот ден писмено обраќање на обвинителите до јавноста каде што го појаснуваат својот револт. Без потписи колективното соопштение требаше да остави впечаток дека сите обвинители исто мислат и исто се огорчени. На што се толку многу лути јавните обвинители на кои вистинскиот повод за вчерашното обраќање до јавноста е затскриен исто колку нојот кога ќе ја забие главата во песок. Откако стасаа барањата од Јанева до Советот на јавни обвинители за професионална и непречена работа на новото обвинителство, кои произлегуваат од посебниот закон, дознаваме дека „состојбата во која работат јавните обвинителства е исклучително незадоволителна, особено кадровската неекипираност“ во повеќе градови, вклучувајќи го и Скопје. Незадоволството на јавните обвинители била поголемо оти надлежните институции во државата не презеле ништо и останале глуви на нивните барања да се решат и кадровските, техничките и финансиските проблеми на обвинителствата.

Човек кога го чита соопштението на обвинителите до јавноста не може да разбере дали обвинителите, всушност, бараат исти услови како Јанева во ефикасна и ризична борба со организираниот криминал, или се лути што таа го бара тоа гласно и јасно и според Закон. Како може таа да добие се’ што бара, а тие тоа што го барале многу поскромно и тивко речиси нечујно не го добиле. Балканска работа, значи работата на крајот испадна немаме ништо против новото специјално обвинителство, ама зошто нејзе и’ се дава тоа што го бараме и ние. Ајде сега разбери што сакаа јавните обвинители да се оспори новиот закон и да се испита неговата уставност, да не и’ се дадат пари на Јанева, да нема право да избере свој тим, или сакаат истите услови и тие да ги имаат во своето секојдневно работење, ама не смеат тоа да го кажат доволно гласно.

Одговорот стаса истиот ден само по неколку часа. Победија политичките мотиви и притисоци на кои се’ почесто потклекнуваат јавните обвинители. Тие со преполовување на потребниот тим на специјалниот јавен обвинител влегоа во политичка игра да се одолжува истрага според Законот.

Не знам дали меѓу овие јавни обвинители кои го осакатија тимот на специјалното обвинителство има и такви кои ја одбиле Јанева да бидат во нејзината екипа, но со нивната одлука ги открија причините зошто Обвинителството и целото судство во државата го изгуби угледот и зошто граѓаните имаат перцепција дека во државата никој не ги гони криминалците од високите ешалони на власта, туку само селективно. Можеа обвинителите многу порано да проговорат малку погласно и за тоа кои се спрегите на обвинителствата со политиката и партиите, колку тие учествуваат во нарачаните пресуди кои ги слушнавме во бомбите. Колку одговорот за изгубениот углед е во фактот што во изминатите десет години јавното обвинителство не покрена ни едно обвинување кое засега високи државни и владини функционери. Дури и при поднесени барања до обвинителството и објавени написи во медиумите јавното обвинителство остана целосно глуво, или покрена формално истраги кои траат со години и се забошотуваат на очиглед на целата јавност. Сега кога првпат во независна Македонија има шанса да почне сериозна истрага за злоупотреба на власта од високи владини функционери и откако се донесе посебен Закон за тоа и откако се формира обвинителниот тим и кога се виде дека станува збор за професионална определба, обвинителите пресудија, пак, да си одат работите по старо. Тие покажаа дека не ги сакаат истите услови за работа што ги бара и Јанева, туку ним им е добро да бидат измеќари на политиката и власта. Со оваа одлука Советот на обвинители покажа колку е голема нивната вина што други однадвор ни предлагаат Закон за специјално обвинителство, а не тие што таа работа треба да ја работат.

За сите обвинителства во државата да се изедначат кадровски, технички и финансиски со специјалното обвинителство можат да работат комотно со години само со парите за панорамското тркало што ќе се врти над центарот на Скопје. Очигледно на некој во државата му е поважна вртелешката од која се гледаат криминалните достигнувања, отколку борбата против криминалот.

(објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Паника во паркот на врхушката

Posted on 14 October 2015 by erizaov

domino_2_4

Шокот кај врхушката на власта што го приреди специјалнатаобвинителка Катица Јанева со своето прво барање доби продолжено дејство и се претвори во паничен страв. Експресно заеднички се огласија Американската амбасада и Канцеларијата на ЕУ со целосна поддршка на барањата на специјалниот јавен обвинител. Тие го направија тоа што требаше да го направи премиерот Груевски бидејќи таква обврска за непречена работа на обвинителството презеде јавно при именувањето на Катица Јанева и донесувањето на посебниот Закон.

Катица шокира со барањето до Советот на обвинители кој содржи прецизен список на потреби за ефикасна работа на новото обвинителство кое целосно е во рамките на Законот лек специјалис што неодамна е донесен со општа согласност на политичките партии во парламентот и беше проследен со лични заложби на премиерот Груевски и лидерот на опозицијата Заев за непречена работата на специјалното обвинителство. Тоа беше така до некни додека обвинителката Јанева не достави листа на првите потреби и најава дека е можно многу бргу да уследи обвинителен акт. Дали можете да претпоставите колкаво ќе биде изненадувањето кога првата тужба ќе стаса во судот, а колкава ќе биде реакцијата на јавноста кога ќе паднат првите пресуди. Не верувате дека тоа ќе се случи. Не е за верување, ама така ќе биде, или нема да не’ биде. Друго чаре нема.

Кога обвинителите го отворија писмото до нив потпишано од Катето, некои луѓе онемеа од страв, а нивните пси-чувари почнаа силно да лаат. За миг им стана на сите јасно дека обвинителот бара повеќе од сто правни експерти за да ја почне најголемата истрага на организиран криминал и најмасовното нарушување на човековите права во поновата историја на Македонија. Кога видоа обвинителите од Советот кои работат со децении јаваш, јаваш, дека оваа работа е сериозна и нема забошотување и пролонгирање до бесконечност, кога видоа дека нивниот колега- специјалец бара 30 истражители, 30 обвинителски советнци, 30 обезбедувачи, поточно над 100 стручни лица и целосна економска независност со прецизни суми, наеднаш настапи мукла мара, сус пуст, мртва тишина во паркот на државниот врв. Неподносливата тишина први ја нарушија насасканите кучиња кои почнаа да лаат на сет глас. Се разбира, медиумските загари не лаат поради селото, туку поради себе. Им кажале газдите ’ржете за големите трошоци и за парите на граѓаните што обвинителството ќе ги троши, а лајте за нарушената слобода и независност на државата, за патриотизмот и притисокот на големите сили врз самостојноста на Македонија сама да ги брка своите криминалци, како и досега овозможувајќи им да имаат и своја држава.

Зошто толку страв и зошто молчи државниот врв. Зошто веќе нема гласна поддршка за првото побарување на специјалната обвинителка Катица Јанева. Стравот доаѓа од содржината на барањето. Работата станува ептен сериозна, над сто стручни луѓе ќе учествуваат во истрагата која произлегува од содржината на прислушуваните разговори. Како тргнало, од илјадниците снимени разговори ќе се отворат многу прашања на кои треба да се одговори во процесот на истрагата. Има тука и плацови на Водно за џабалак, има и промени на урбанистички планови по нарачка, има и кинески и израелски провизии, има бесправно уривање на туѓ имот, има наместени политички мотивирани апсења на луѓе, нарачани пресуди и долгогодишни затворски казни за политички противници, има криминал до гуша во кој учествуваат актуелни високи функционери. Тоа се вика класичен организиран криминал. Во тој случај , обелоденувањето на прислушуваните разговори не е незаконско, туку херојски и високо патриотски чин. Должност и законска обврска е на секој граѓанин да го предочи на јавноста злосторничкото здружување за подривање на државата. Тоа го направија нашите „свиркачи“ кои ги дадоа на јавноста доказите за злоупотребите на власта за што само прашање на време е кога ќе им се дадат признание и сатисфакција за големите страдања на кои се изложени.

Индикативно е зошто упорно молчи државниот врв, а засега реагираат само контролираните медиуми со жестоки нарачани напади врз Јанева. Додека се’ уште во ек беше акцијата за прогласување на Јанева за државен непријател и расипник, уследи тазе заедничко соопштение од Американската амбасада и од ЕУ во кое, кажано со народни зборови, пишува прифатете ги барањата на Јанева и не јадете многу гурабии оти се во согласност со Законот кој го донесовте. Затоа специјалното обвинителство и институциите на системот на Македонија се охрабруваат да побараат каква било помош во врска со Законот лек специјалис и таа веднаш ќе биде врачена.

Оваа истрага истерана до крај со праведни и правно издржани судски пресуди е најголемиот историски предизвик во македонската 25-годишна тешка и мачна транзиција. Затворски казни на актуелни високи функционери и политичари, ако се огрешиле од законите и ја злоупотребиле својата положба, широко ќе ги отвори вратите за воспоставување правна држава и владеење на правото. Судски епилог со казни за загрозување на човековите прави ги враќа демократијата, слободата на говор, медиумската независност, ја враќа Македонија на европскиот пат, ги отвора вратите и на ЕУ и на НАТО. Праведни судски пресуди по оваа истрага е најсилната гаранција дека Македонија ќе излезе од политичката криза и дека има човечки ресурси да гради современо европско општество.

(објавено во Утрински)

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2017
M T W T F S S
« Oct    
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930