Tag Archive | "слобода"

Tags:

СДСМ го контролира „Фридом Хаус“!!!

Posted on 13 April 2016 by erizaov

fridom haus

Конечно, светот дозна кој го контролира и финансира „Фридом хаус“, позната независна и респектирана американска организација основана во 1941 година од Елеонор Рузвелт, сопруга на претседателот Рузвелт, чии извештаи се најмеродавната оценка за нивото на демократија во сите земји, вклучувајќи ја и самата Америка. ВМРО-ДПМНЕ по последниот катастрофален извештај на „Фридом хаус“, објавен вчера, за нов драстичен пад на слободата во Македонија во сите области обзнани дека сдсмовскиот очај е вграден во извештајот на „Фридом хаус“ и дека сдсмовската банда ја контролира оваа американска асоцијација.

Замислете, се исчудува ВМРО-ДПМНЕ, во извештајот на организацијата, чии членови биле и се најугледни светски личности и државници, нема ни збор за тоталитарните вредности на СДСМ и бандата околу Зоран Заев. Ебати „Фридом хаус“, ебати… кога ништо нема за Заев. Ете така светот дозна дека „Фридом хаус“ е финансирана од Сорос, а извештаите за Македонија ги пишува бандата на Владо Милчин. Човек по ова навистина не знае дал да плаче, или да се смее. Мора нешто да се случува на релација Америка – Европа – Македонија во последните денови кое се’ уште не го знае јавноста. Очигледно од нешто крупно врвот на ВМРО-ДПМНЕ е многу вознемирен и добил уплав. По ова опозицијата треба да ја накриви капата, штом го контролира „Фридом хаус“ која не може да ја контролира ниту американската влада. По ваквата моќ на СДСМ изборите се добиени.

Шегата настрана, да се вратиме на нашата реалност. Никола Груевски вети дека по 5 јуни настапува период на стабилност и крај на едно и полгодишната криза. Тој секогаш ги исполнува ветувањата. Така ќе биде и овој пат. Поранешниот и иден премиер, со меѓупауза од стотина дена во десет години, направил проект како ќе престане кризата од 6 јуни по неговата најголема победа во историјата на независна Македонија. Штом ќе се објават одамна познатите резултати од натпреварот сам против себе, сите што не и’ мислат добро на татковината ќе избегаат од страв, а тие што ќе останат упорни да го реметат мирот ќе бидат изолирани. И ете ти крај на кризата, многу едноставно и практично.

Во сите превирања и договарања околу мерките за надминување на кризата со договорот од Пржино, Груевски имаше непопустлив став само за две работи. Првата, избирачките списоци да не се контролираат според стручни вештаци, туку според партиски критериуми. И што смее, а особено што не смее да се проверува. И втората, за недопирливоста на медиумите под контрола на власта и на ВМРО-ДПМНЕ. За се’ друго, почнувајќи од смена на своите најблиски соработници и именување на опозициски министри и заменици во Владата, до сопствената лична оставка, Груевски попушти дури и за датумот на избори. Се согласи и со формирање на Специјално обвинителство, обвинител и специјален закон… Груевски сето тоа го прифати поаѓајќи од два основни столба на долговечноста на оваа власт: секогаш се поважни бројачите на гласови, отколку гласачите и вториот столб, вистината е таа која ќе ја кажат неговите медиуми, а не некој друг, било да е „Фридом хаус“, или опозицијата, или меѓународната заедница. Тоа што не го објавиле неговите новинари и уредници, тоа не се ни случило. Со такви избирачки списоци и со такви медиуми во Македонија, Груевски владееше цела деценија. Така се исполнуваат сите ветувања, така се намалува невработеноста, така се победува на сите избори.

Дали и на 5 јуни ќе се случи истото бидејќи сега ситуацијата не налага да се активираат победничките нерегуларности. Тоа е задолжително само ако опозицијата учествува на избори. Тогаш на сцена стапуваат бројачите на фантомски гласови кои се добро зачувани во базите на ВМРО-МВР каде што во тајните списоци ги има сите докази за досегашните изборни нерегуларности. Е, тие списоци никој не смее да ги проверува. Нема да биде изненадување ако набргу бидат спречени и истрагата и судскиот епилог за злосторничкото здружување кое го покрена Специјалното обвинителство со обелоденување на сериозни неправилности на претходни избори која оваа власт ја прави нелегитимна, што е тешко кривично дело ако се докаже во непристрасна судска постапка.

Она што мислам дека Груевски не го пресметал добро во својот проект „Македонија по 5 јуни“ е фактот што никој нема да ги признае нелегитимните и неконкурентски избори без учество на опозицијата. Заканите и пропагандата дека поради неучество на опозицијата ЕУ ќе ги одложи преговорите, или ќе ја укине кандидатурата на Македонија за членство во ЕУ, веќе се прочитани. Овој пат тоа ќе биде доволно гласно и јасно соопштено дека работата стои сосема спротивно: поради нелегитимните избори без исполнување на неопходните и договорени предуслови за слободен и фер натпревар, Македонија не може да преговара со ЕУ, ниту може да стане членка на НАТО. Вината за ова ќе мора да ја преземе ВМРО-ДПМНЕ и лично Никола Груевски за десетгодишното заостанување со евроатлантските интеграции.

Сомнежите дека Груевски не е сигурен во својата толку најавувана победа цела година пред изборите се видливи во сите јавни обраќања и соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ, особено во последните денови. Најновиот извештај на „Фридом хаус“ дека Македонија падна уште пониско во загрозата на медиумските слободи и човековите права, речиси на ниво на режим, во врвот на ВМРО-ДПМНЕ предизвика вистинска бура од која произлезе срамно соопштение до јавноста со невидени навреди на познатата светска организација. Зборовите дека бандата на СДСМ ја контролира „Фридом хаус“ и дека СДСМ предложил фашистички закон за медиумите, во обраќање до јавноста по повод извештај на „Фридом хаус“, се најголемата будалштина што може да се изрече дури и во предизборна кампања. Или можеби нешто се валка како грутка снег пред пролетна лавина која се’ уште не можеме да ја видиме, ама се тркала, се тркала… и расте…

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Кој последен се смее …

Posted on 08 April 2016 by erizaov

vmro

Вмровските труби и сирени до утринските часови ечеа по улиците на Скопје поради сигурната победа на изборите на 5 јуни. Не се славеше распуштањето на Собранието, туку се билдаше победнички рејтинг како да се завршени изборите и соопштени резултатите од натпреварот во кој ќе учествува само власта и нејзините сателити кои ќе изигруваат опозиција. Никола Груевски уште лани прогласи победа, а неговите медиумски подлизурковци и измамници по 5 јуни бараат од него да одобри да им се сечат главите на предавниците, непријателите и странските платеници. Сакаат ноќ на долгите ножеви. Епа, да им порачам на овие познати кукавици, на чело со нивниот водач, дека кој последен се смее – најслатко се смее. Обично кој прв се радува на победа пред последната битка, на крајот плаче и си оди дома шепотејќи.

Кога ќе огрее слободата, а тоа ќе се случи бидејќи променливоста е закономерност. Како што се менуваат денот и ноќта, еден ден мора да осамне демократијата, па дури и ако ве зафати поларна ноќ која трае цела деценија. По поразот на режимот и тиранијата никој нема да биде ни заклан, ни стрелан, ни линчуван, ни прогонуван за својата политичка определба, ниту пак ќе страхува тоа јавно да го соопшти. Слободата и демократијата значат и владеење на правото. Единствено не ќе може да се одбегне соочувањето со правдата на сите кои ги кршеле законите и учествувале во злосторничко здружение против својата земја и против своите граѓани. Независните судови тогаш ќе мерат, според Законот, а не според телефонските наредби и партиска припадност како што беше практиката во изминатата деценија кога се нарачуваа апсења и години на робија за политичките противници, злодело што го слушна цела Македонија и светот. Во ова сознание, според кое веќе се подготвуваат обвинителни акти за големиот организиран криминал и узурпацијата на власта со нерегуларни избори, се крие целата криза во која потона Македонија.

За да се одбегне и кривичната и морална одговорност за направените тешки прекршувања на законите, но и дела против својот народ и држава, власта не смее да падне по никоја цена. Затоа се заробени и судовите и медиумите, затоа не сме да се чисти тајниот избирачки список со 125.000 сомнителни гласачи кои ги има само во базите на податоци на полицијата. Ако се отвори тој список како Сезам на Али Баба и четириесетте разбојници, ќе се узнае целата операција на изборните местенки и фалсификати. Затоа не смее понатаму да работи Специјалното обвинителство, најдобро е ако може да се затвори сосе обвинителите пред изборите, а по победата лесно ќе биде отфикарено ако не изрази подготвеност да се самораспушти и претопи во редовното обвинителство на легендарниот обвинител за спасување на криминалците од врвот на власта, господинот Марко Зврлевски и онаа фигура во Советот на обвинители која се огласува на името Петар Аневски.

https://www.facebook.com/andrej.zernovski/videos/1197440023619599/
Што ќе се случи на 5 јуни во Македонија ако Груевски и Ахмети останат и натаму цврсто на ставот да одат на избори без опозиција и без прочистени списоци и без слободни медиуми, па кој дојде, нека дојде, важно победата да биде гарантирана. Ќе бидат тоа многу мирни избори, без ниту еден инцидент на избирачките места. Една третина од Македонија, некаде околу 35 проценти ќе излезе да гласа, една третина ќе бојкотира, а една третина ќе остане во странство бидејќи тоа ќе бидат фрлени пари да се оди на наместен натпревар. Власта ќе ги добие изборите стопроцентно и ВМРО-ДПМНЕ и ортакот ДУИ . Се разбира, официјалната информација нема да биде дека излегле само 35 отсто од граѓаните на избори, туку тоа ќе мора да се дотера да биде нешто попристојно, на пример, дека одгласот на гласачите бил над 50 отсто. Што ќе биде лесно постигнато на веќе испробаниот начин, бидејќи пак ќе гласаат фантомите од тајните списоци по веќе воспоставениот ред. И, кончено, верувам дека Ахмети ќе се освести дури кога ќе му ги соопштат резултатите не за победата на ДУИ, туку за победата на ВМРО-ДПМНЕ. Груевски со неговите сателити ќе освои околу 97-98 места во парламентот, а ДУИ рекордни 25-26 места. Претпоставувам дека тогаш на Ахмети ќе му се запали сијалицата колкав е неговиот придонес за демократизацијата на Македонија и за интересите на Албанците. Можеби ќе му текне генијална идеја што ќе работат пратениците на ДУИ во парламентот и неговите министри, тазе пилиштарци во Владата. Пратениците на ДУИ во еден таков состав ќе можат на своите партнери од ВМРО-ДПМНЕ многу успешно да им ги придржуваат палтата и капутите кога ќе си одат од Собранието. А, министрите на ДУИ, што да ви кажам, многу се талентирани, за само неколку дена веќе дознале каде се наоѓа Владата на Република Македонија, некои од нив прашале и што ќе работат…

Иако е непредвидливо како ќе се определи опозициската ДПА и Мендух Тачи, сепак, овој пат тешко е да се поверува дека Тачи ќе сака да ги собира трошките што ќе останат од посната гозба на ДУИ. Досега Тачи неколку пати јавно кажа дека ДПА нема да учествува на избори ако не се исполнат сите услови дека ќе бидат слободни.

Што мислите дали и по изборите ќе останат техничките министри на опозицијата бидејќи власта не им ги прифаќа оставките? Шегата на страна, кажете ми дали негде сте чуле и прочитале дека власта не прифатила оставки на министри на опозицијата. Ако негде и се случило такво нешто, мора да е некоја голема ујдурма.

Некои велат дека изборите во кои учествува само власта е враќање на едноумието. Тоа не е точно бидејќи ние и досега имавме општествен поредок на различни плурални интереси меѓу едноумие и безумие. Чинам дека безумието се покажа како поуспешно во уништувањето на македонската држава и деградацијата на нејзиниот углед. Она што во моментот може да се каже, со сигурност е фактот дека и по изборите на 5јуни, ако воопшто се одржат, Македонија нема да излезе од длабоката политичка, морална и економска криза. Тоа воопшто нема да бидат ниту слободни ниту веродостојни избори. Се’ повеќе станува точна оценката дека додека е Груевски лидер на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија, не е можна ниту демократија, ниту владеење на правото, ниту слободни медиуми, ниту слободни избори.

Добрата вест е што секој ден драматично расте бројот на слободоумните граѓани кои се спротивставуваат на режимот на Груевски. Затоа, бидете сигурни дека на крајот најслатко ќе се смее тој што последен се смее.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , ,

Добре дојдовте во Румелија

Posted on 04 May 2015 by erizaov

fh

До пред неколку години се’ уште со извесна вознемиреност и загриженост ги читав извештаите на светските асоцијации за заштита на политичките, граѓанските и медиумските слободи. Особено со внимание ги следев ранг-листите до каде сме и со кого сме комшии на скалата во освојување на демократијата. Се сеќавам на оценките за 2008 година кога се врткавме некаде од 24. до 34. место во светот и според „Фридом хаус“ и според „Репортери без граници“. Не бевме задоволни бидејќи нашиот идеал беше западноевропско и скандинавско ниво на професионализам, одговорно и етичко новинарство, демократија и комуникациска култура, што не беше достижно, но барем бевме на тој пат. Се движевме напред прилично бавно, но во правилна насока. И наместо „Збогум, Румелијо“ ние во изминатите неколку години стасавме до темен вилает каде што македонскиот журнализам никогаш не бил на толку ниско и срамно ниво. А, се надевам по санирање на оваа катаклизма, нема ни да биде.

Сега сме последни на Балканот и во Европа, далеку зад сите наши соседи. Заедно сме со Украина каде што се води војна, поблиску до државите со авторитарни режими каде што владеат тирани и деспоти. Можеби ќе се изненадите, но од поодамна воопшто не се вознемирувам од овие ранг-листи бидејќи во изминатите седум-осум години начисто отрпнавме од овие жални вести што ни ги праќа светот, бидејќи тоа нема ама баш никакво влијание врз Владата, врз институциите на системот, па дури и пошироко врз јавноста која е секојдневно предозирана од невидена пропаганда дека цел свет се заверил против Македонија и дека секој збор изречен како критика на власта е непријателски чин на странски разузнавачки служби во спрега со домашни предавници и платеници.

Повеќегодишната агресивна пропаганда со постојан лов на непријатели, гарниран со глорификација на власта и нејзините големи достигања, направи пустош во свеста на голем број граѓани. Во јавноста е прилично изместена перцепцијата што е тоа добро и професионално новинарство, што е основната задача на еден новинар и еден независен и слободен медиум. Денес најголемо достигнување стана да се велича Владата, премиерот и неговите потемкинови села. Нешто што е дијаметрално спротивно на суштината на постоењето на медиуми и новинарството, на граѓанските слободи и човекови права, при што откривањето на злоупотребата на власта и на моќта е најважната задача на новинарите и медиумите.

Ако во 2014 сме достигнале до 125. место во светот, вест којашто сега се објавува, тогаш, по скандалот со прислушување на илјадници јавни личности, политичари, пратеници,министри, новинари, судии, граѓански активисти… оценките за 2015 година ќе бидат многу полоши. Но, немојте да очајувате. Нашата пропаганда тоа веднаш ќе го исправи и ќе ги открие заверите против македонскиот народ и против сите граѓани, против мудрото и способно раководство. Патриотското новинарство, како и секогаш, цврсто ќе застане зад бедемот на татковината и ќе не’ опсипа со информации дека тоа е масло на Америка и нејзините сојузници, темните западни сили и служби кои ја подриваат Македонија во која никогаш немало поголеми слободи и поголема демократија. Ќе ни кажат по стопати на ден дека зад ова се кријат шпиони кои работат на тоа да се смени името на државата, да се дестаблизира Македонија, да биде под странски протекторат. Новинарските шарлатани кои не се срамат од своето незнаење и од своето полтронство ќе ни докажуваат дека Америка и Германија, Британија и Франција, цел Запад до гуша се во цензура и медиумска контрола, дека таму владеат црни режими многу пострашни од нашиот итн, итн… будалштини и примитивизам на тони, со кои не може да се води расправа, ниту пак некаков дијалог. Како да му се спротивставите на самонаречен новинар, кој се преставува како херој со тоа што го поставува прашањето што им прават Американците на Индијанците и на црнците и разни други големи откритија како само што не пропаднала западната демократија. Дали можете со вакви новинарски труби да водите дебата, или јавна расправа за кое било прашање со кое се судрува демократијата во светот и која е разликата со она што се случува таму и во Македонија.

Што можете да кажете за власт и нејзини поданици кои не се срамат, целосното разголување на нивната работа со снимените разговори да го оквалификуваат како новинарски подвиг и успех на владата. Штом кукавичлакот, креирањето на уредувачките политики во партиските штабови се прогласува за храброст и патриотизам, за наследно право на политички уредниците и нивните нарачатели не ви преостанува ништо друго освен да го примите сето тоа како природна катастрофа, земјотрес, или цунами, ураган, поплава….. чии последици долго ќе се отстрануваат по смирување на тлото и повлекување на надојдените води. Чесното информирање на јавноста денес во Македонија се’ повеќе наликува како да работите во воени услови и во илегала.

Единствената работа која ми дава се’ уште надеж и затоа сум тука со вас е дека доаѓа време кога ќе превладее сознанието дека медиумските и граѓанските права слободи не се работа само на новинарите, туку на сите нас, дека тоа е најзначајниот дел од системот без кој не е можно да се гради просперитетно и слободно европско општество. Ќе мора конечно да се определиме дали ќе се вратиме во Румелија, или ќе одиме во Европа каде што бевме на добар пат од кој не вратија назад големите патриоти.

Comments (0)

Tags: , , , ,

Да се замолчи Ризаов

Posted on 30 March 2015 by erizaov

komisija-fakti

Бев само предавник и странски платеник, сега сум и кодош, таен агент, соработник на Верушевски, пијаница и умислен аристократ стасан за затвор

Падна директива. Веднаш да се замолчи Ерол Ризаов. Прво да се прогласи за кодош, потоа за најголем соработник на Зоран Верушевски и на тајната полиција. Да се компромитира како пијаница и Турчин, умислен аристократ со беговско потекло кој не сака да живее заедно со рајата. Ако и тоа не помага, Ризаов да се уапси. Оваа задача му е доверена на Томе Аџиев, претседателот на Лустрациската комисија и на медиумската инквизиција на премиерот Никола Груевски, предводени од Мирка Велиновска и Миленко Неделковски, со логистика на еден куп партиски полицајци и истражители и колеги-полтрони. Операцијата се одвива мошне успешно.

На Аџиев не му успеало во првиот обид да ја заврши работата, мојот кодошлак не поминал пред Комисијата, но во натамошните обиди и таа работа ќе се заврши за да биде спокоен вождот. Но, затоа, пак, на Велиновска и на Неделковски тоа добро им оди од рака, како и секогаш кога треба на некој да му се скине главата, или јавно да се запали на клада. Ова го очекував многу одамна, како и голем број мои читатели. Мислам дека прилично доцнат моите инквизитори. Но за зло никогаш не е доцна. Бркајте работа, да видам до каде ќе стасате.

Најнапред претходницата, големите бранители на ликот и делото на Никола Груевски, тандемот Велиновска – Неделковски, во одделни наменски текстови открија дека сум бил најголем, најпостојан и најревносен соработник на Зоран Верушевски и на тајната полиција. Потпрена врз својата извонредна меморија, Велиновска ископа чудесно сведоштво дека еден ден, кога пред повеќе од десет години гледала шпионски филм како гостинка во домот на разузнавачот Верушевски, видела страшни работи, многу пострашни од овие што сега ги презентира Заев, ама за тоа не сакала да пишува тогаш, како и сега, оти било уцена на државата. Тоа што не го напишала големата патриотка по една недела, Верушевски со текст потпишан од Ерол Ризаов го објавил во „Утрински“ на 29 декември 2005 година.

Откако на Мирка јавно и убаво нагледно и’ објаснив дека такво нешто немам никогаш напишано, ни потпишано и оти тоа лесно може да го провери секој граѓанин за само неколку минути преку интернет. Следуваше нова канонада од лаги и навреди дека сум пијаница, умислен аристократ, човек што живее во паралелен свет, дека го оплакувам Никола Младенов, иако го есапам како Миленко Неделковски жив и слични гнасотилаци. Па еве, читателите што имаат можност преку интернет нека ги проверат сите овие лаги, што објавил „Утрински“ во декември 2005 и во јануари 2006 година со наслови „Верушевски најави хаос во државата“. И „Верушевски приложи докази за наводна негова ликвидација“. Во декември 2005 година,„Михајловски без коментар за Верушевски“, кога тогашниот министер Љубомир Михајловски-Џанго дава изјава дека достоинството, честа и професионалноста не му дозволуваат да коментира вакви изјави и коментар на нашиот новинар Борис Георгиевски под наслов „Опасни закани на Верушевски“. Сите четири текста: трите информации што ги објавија сите македонски медиуми, освен Мирка, и коментарот на Георгиевски не се со мој потпис и не се напишани од мене. Но еве да и’ угодам на Велиновска бидејќи таа ги смета за мои оти тогаш сум бил главен и одговорен уредник на „Утрински“. Со голема гордост прифаќам дека овие текстови и коментарот на Борис Георгиевски ги потпишувам и денес со две раце како високо професионални, кои од оваа десетгодишна дистанца би ги објавил повторно со задоволство и гордост. Во тоа можат да се уверат и самите читатели ако на одредените датуми погледаат во архивата на „Утрински“.

Што се однесува до мојот однос кон колегата Младенов, тие исти денови во врска со аферата „швајцарски сметки“ објавив два мои авторски текста. „Разочаран претседател“ и „Лут премиер“, со критики на однесувањето на претседателот Црвенковски и на премиерот Бучковски во врска со аферата „швајцарски сметки“. Поради разочараноста на Црвенковски во институциите на системот, му побарав да поднесе оставка. И сето тоа го преживеав без ниту една закана од никого, или каква било последица по мене. Но, на кого докажувам кога извршителите на Груевски си имаат сосема поинаква цел да учествуваат во акцијата за моја дискредитација и замолчување. До каде ќе стигнат, ќе видиме.

Можам да им порачам дека и на нив и на нивните работодавци не им се плашам и дека сум убеден дека во блиска иднина и тие и нивните поколенија ќе се срамат од нивните злодела што им ги нанесуваат на сите граѓани на Македонија.

Што се однесува до Мирка Велиновска, вистина е дека јас и таа, не одамна како што вели, туку отсекогаш живееме во два различни света и дијаметрално спротивно го разбираме новинарството. Таа сака да креира политика, а јас да се спротивставам на злоупотребата на власта и на центрите на моќ. Таа пишуваше дека „како Бранко Црвенковски еднаш на илјада години се раѓа државник“, а сега пишува дека „Никола Груевски конечно премина во категоријата историски значајни национални фигури“, а утре удобно сместена во скутот на некоја друга власт пак ќе промовира историски државници и фигури. Таа секогаш во својата новинарска мисија се определува кон тие што создаваат нова историја, а јас кон тие што трпат јарем од таа историја. Тоа се навистина два различни света.

Е, па Мирке, продолжи да ја спасуваш Македонија од непријатели и предавници такви како мене, јас останувам додека можам таму каде што сум сите овие безмалку 40 години.

Повеќепати ја цитирам големата мисла напишана во парискиот „Панетон“. Татковината ќе ги препознае луѓето. Еден ден тоа ќе се случи и кај нас. Кој ќе преживее, ќе дознае.

Comments (0)

Tags: , , , ,

И овие од „Фридом Хаус“ не се нормални

Posted on 29 January 2015 by erizaov

Freedom-House

„Што су веќе клевете и лажи, то нам је Никола дражи“

И овие од „Фридом хаус“, како и „Репортерите без граници“, како и оние од од ЕУ, не се нормални. Секоја година и нам и на светот му праќаат извештаи за политичките, граѓанските и медиумските слободи, а немаат поим дека тие не’ вознемируваат колку ланскиот снег. Ни редат оценки со екстерно тестирање те вакви сме биле, те такви сме биле, те за никаде сме биле: не’ сместиле од „Фридом хаус“ во својот Извештај и за 2015 година пак во делумно слободни земји во друштво на пет европски држави: Косово, Босна, Украина, Албанија и Молдавија. Сме биле поблиску до Русија и Белорусија каде што ич немало слобода. Тие сироти не знаат дека тоа за нас се големи комплименти да бидеме заедно со Русија. Кај нас важи единствената мерка што ја прифативме од времето на Тито „што су веќе клевете и лажи, то нам је Никола дражи“. Се разбира, ни на крај памет не ми е да ги споредувам Броз и Груевски, ниту пак такво нешто е споредливо.

Вие, светски џандари и хохштаплери, кои го тероризирате целиот свет, сте си дале самите себе за право да правите некакви ранг-листи каде што биле нарушени човековите права, каде што има монтирани судски процеси и заточеници на совеста, каде невини луѓе гнијат по затвори заради своите политички ставови и јавни настапи, каде што полицијата и војската употребила прекумерна сила во пресметка со своите граѓани, каде што медиумите се под контрола на власта и центрите на моќ, каде што има цензура, каде што се спречуваат синдикалните протести и правото на штрајк, каде што се ограничуваат правата на работниците, каде што цути корупцијата и организираниот криминал, каде што нема дијалог, каде што има верска, расна и меѓуетничка толеранција…. и уште стотици критериуми по кои се стасува на дното на листите кои ја мерат слободата и демократијата по вашиот аршин. Се’ ви е внатре погрешно.

Господа, загрижени за слободата и демократијата, оценките за Македонија ви се бајати и апсолутно не се точни. Ние со сите овие работи уште од 2006 година имаме раскрстено и докрај расчистено. Кај нас нема нарушување на правата ниту на домашните, ниту на дивите животни, а да не зборуваме за луѓето. Тие се на беспрекорно ниво. Никој никого не допира ни со прст ако достоинствено молчи и си ја гледа својата работа и си гласа за власта според своите убедувања. Монтирани судски процеси нема од 2006 наваму. Оттогаш не е регистрирано ни едно судење под политички или каков било притисок на никого. Судовите ни се ептен независни и департизирани, но вие за тоа не ги прашавте ни претседателите на судовите, ни министерот за правда, ни премиерот, ниту претседателот на државата. Се’ се тоа големи и осведочени демократи. Не го разбравте работењето на нашиот парламент без опозиција кој одлично функционира. Многу подобро откако нашата тајна полиција го спречи државниот удар во дебатната сала на Собранието па оттаму ги избрка пратениците на најголемата опозициска партија. Додуша со малку ќотек, ама се однесува на оној ќотек што излегол од рајот. И новинарите беа превентивно избркани од Собранието да не биде загрозен животот на претседателот на параламентот поради што тој ја повика тајната полиција да расчисти со пучистите, а новинарите кои лесно можеа да бидат злоупотребени и да пласираат дезинформации, мораше да бидат отстранети од своите работни места, исто така со мали грубости и удирања по цеваници. Фала му на господа и на полицијата, на претседателот на Собранието не му фалеше ни влакно на главата.

Во нашите затвори нема невини луѓе, ниту политички затвореници. Нема сопственици на медиуми и нивни соработници, нема свештени лица, нема претседатели на политички партии и политичари, нема новинари, нема шпиони… И ако има по нешто од нив, треба да знаете дека сите се осудени за криминал против државата и власта. Единствениот новинар кој беше осуден со затвор поради напишан текст пред шест години е пуштен деновиве на слобода иако е виновен. Колкава толеранција и великодушност.

Синдикалните штрајкови и протести се регулирани со закон и нема никакви притисоци или злоупотреби на власта. Еве на пример, вчера министерот за образование Адеми јавно и трнспарентно им кажа на учителите и наставниците кои штрајкуваат барајќи преку леб погача, дека не ќе можат да земат плата ако не одат на работа, а не се членови на Синдикатот. Башка експресно им пронајдоа дека во касата им фалат пари. Најдовме и едно оргинално решение за учениците да не трпат штета од прекинот на наставата. Кај нас учителите по физичко и ликовно предаваат математика и физика. Се разбира, само за време на штрајк. Учителите и наставниците, нашиот премиер, јавно ги опомена да внимаваат што прават бидејќи до вчера ја фалеле владата, а денес неблагодараници штрајкуваат. Студентските и професорските протести поминаа во најдобар ред без никакви притисоци, иако премиерот сто пати излезе на телевизиите да им каже дека не треба да протестираат за правата на идните генерации и дека се злоупотребени од опозицијата. Кај нас кога премиерот покажува со прст на грешниците не се смета за притисок, туку за татковски однос.

Со слободата на медиумите и разните цензури, коруптивни кампањи и економски притисоци врз новинарите, уредниците и сопствениците на медиуми работата одамна е завршена, уште од 2008 година. Таков ред е направен во медиумите што воопшто не е потребен никаков притисок или некакви закани. Секој си ја знае својата работа која е во интерес на државата и на власта. Секој што ќе излезе од тие правила автоматски станува странски, односно ваш платеник, непријател, или предавник на татковината. Тие што се подготвени да го носат тој товар се изолирани во неколку озлогласени медиуми и невладини организации и немаат доволен пристап до пошироката јавност која е добро заштитена од туѓи влијанија и пропаганди.

Во последните неколку години применуваме и еден добро испробан метод од поранешните идеални општества. Нашите уредници во патриотските медиуми кои се најгледани ги знаат на памет луѓето кои можат да и’ наштетат на државата и на Владата. Едноставно нивното мислење не е потребно бидејќи ја вознемирува јавноста. Сите тие регистрирани непријатели и кодоши се проскрибирани и не можат да се појават во независните мас-медиуми на власта и да ги кажуваат своите штетни размислувања и ставови.

Ете така, ние со инсталирање на идеално општество кое е на врвот на светските ранг-листи за големи успеси во економијата, стандардот на граѓаните, квалитетот на живеење, поголемо вработување и како земја Елдорадо за странските вложувања, направивме историски достигнувања само со сто чекори во изминатите, ќе биде девет години. Тоа се вистинските и релевантни ранг-листи признати кај нас, а не како вашите кои се лажни и злонамерни.

Конечно ќе мора да признаете дека и вие од „Фридом хаус“ и од „Репортери без граници“ и од Еу заедно со вашите политички лидери сте најзаслужни што нашата држава се најде на ова дереџе. Силната поддршка што ни давате секој ден не се симнува од нашите подобни и неподобни медиуми. Добро е што не сакате да учествувате во разрешување на проблемот со името на државата и со нашето членство во ЕУ и во НАТО. Тоа е најдобриот начин како оваа демократска влада да остане на власт уште неколку децении. Замислете каква неправда би ни направиле ако притиснете тие грчки ултиматуми да се симнат од дневен ред. Ќе мора да станеме членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ за примена на европските стндарди и во економија и во демократија и во екологијата и во земјоделството….. Па тоа би било смртна пресуда за оваа власт. Затоа сме ви многу благодарани. Само продолжете да ни праќате извештаи дека ни се ограничени правата и слободите. Тоа е идеалниот начин да си останете и вие кај што сте и ние кај што сме. Немојте случајно да ви падне на памет Македонија да почне со преговорите со ЕУ и да стане членка на НАТО со името ПЈР-Македонија, како што пресуди вашиот суд во Хаг и како што гласи Привремената спогодба со Грција. Тоа би било крај на оваа наша златна ера на Груевизмот.

 

Comments (0)

Tags: , , ,

Молчи и пливај, сине, далеку е Америка

Posted on 26 January 2015 by erizaov

Pravosudstvo-1-e1362043996883Конечно разбравме зошто медиумските слободи се поголеми во Македонија отколку во остатокот од светот

Има една многу леплива лага која најчесто пред јавноста како вистина ја сервираат власта и нејзините поданици во медиумите. А, тоа е дека некои новинари бараат да бидат привилегирани и за нив да не важат законите како за сите граѓани. Тие сакаат да бидат бели мечки заштитени со закон, слободно да можат да крадат, да земаат дебели сомнителни хонорари, да клеветат и да лажат, да навредуваат, да шпионираат, да кодошат, да дезинформираат, да пишуваат што сакаат. И везден да им го загорчуваат животот на луѓето од власта.

Се разбира, ова се однесува само за тие несреќници и болни умови кои лично премиерот ги жали поради нивниот јазик на омраза кон државата и Владата. Премиерот Груевски направи голем христијански гест кога во емисијата „Јади бурек“ ги сожали овие клетници, дури со татковска загриженост ги праша како можат мирно да спијат со толку гревови на душата. Добив впечаток дека премиерот како светец им простува на овие ситни души кои залутале од стадото. Благодарение на неговата мудра политика и огромен демократски капацитет, другите новинари во стадото се здрави и добри, професионално лиценцирани како подобни и со нив и тој и целата Влада немаат никакви проблеми.

Од оваа манипулација има една уште поперфидна, а тоа е тезата која алудира на неутрален и принципиелен став: за каква медиумска слобода зборуваат домашните непријатели и странски платеници, групирани во озлогласените медиуми и портали, невладини буништа и депонии финансирани со американски и белосветски пари. Гледаат ли овие монструми што се случува во светот. Во Америка осудиле новинар на пет години затвор и 900.000 долари казна затоа што, наводно, издал државни тајни. Кај се сега сите тие што протестираа за Кежаровски да одат пред американската амбасада и пред американските судови хистерично да бараат слобода за својот колега како што тоа го направија во Македонија. Гледаат ли тие наши идиоти како ги апсат новинарите во Турција и ги судат на стотици години затвор за наводно учество во државен удар. Го апсат главниот уредник на весникот „Заман“, а Турчинот и фашистот Ерол Ризаов си молчи за тоа, а за Кежо бара слобода. Гледаат ли овие несреќници што се случува во Англија, во угледниот весник „Гардиен“, во Франција, во цела Скандинавија, да не зборуваме за соседите Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Албанија…. каде власта секое утро појадува новинари и вечера уредници.

Човек кога ќе ги прочита овие работи ќе мора да се засрами и да се праша навистина што сакаат овие наши несреќници. Наместо да бидат благодарни за нашите високи дострели на демократијата и за милозливата и толерантна власт, која веќе нема потреба воопшто да врши притисок врз медиумите бидејќи работата одамна е завршена, оваа „шака јада“ и натаму проповеда западна демократија и европеизација наместо да се пикне во глувчешка дупка и да молчи. Од Запад можат да се прифатат само ранг-листите на дунг-бизнис за владините големи дострели во економските реформи, добредојдени се парите за отворање на нови капацитети, финансиската неповратна помош, големите кредити и заборчувања, разните донации и спонзорства, секаква поддршка за побрз стопански развој и се’ што значи каква било помош, освен за една работа, а тоа е поддршката за развој на демократијата и поголема професионалност и независност на медиумите и невладините организации кои водат грижа за човековите права и слободи. За тоа бранителите на владините политики се бескомпромисни борци против секој обид за критика и расправа која води кон дестабилизација на државата која тие ја проценуваат непогрешливо секогаш кога Владата ќе се соочи со погубните последици од своите грешки.

Злоупотребите на власта се присутни секаде во светот, но разликите во гласноста и спротивставувањето на центрите на моќ и во одговорноста по нивното обелоденување се огромни од држава до држава. Најжесток отпор и критики кон идеализацијата на демократијата кај големите западни сили и нарушеното владеење на правото е присутно токму во тие држави. И Америка и повеќе западни држави не можат да се пофалат со оценките од угледните светски медиумски асоцијации за заштита на човековите права. Но влечењето на паралели со Македонија, со цел да се оправдаат грубо одземените и веќе поодамна стекнати слободи и права кај нас, во најмала рака е карикатурален обид за изедначување. Најилустративно деновиве тоа го направи еден познат ТВ-шоумен кој редовно беседи со премиерот, со претседателот на државата, со министри во Владата, познати новинари и јавни личности. Погодувате, нашиот голем патриот Миленко Неделковски се прашува како тоа кога него го суделе и го осудиле на две години условно, новинарите не протестирале, а сега за Кежаровски бараат слобода. Епа, еве ја разликата, Кежаровски е осуден за текстови напишани пред шест години кој откриле идентитет на загрозен сведок монтиран од полицијата. А, Неделковски измамил повеќе од 20 граѓани за 160.000 долари ветувајќи им американски визи бидејќи сиротите наивни луѓе неинформирани за тамошните режимски тортури сакале да избегаат во Америка. Ете во тоа е разликата меѓу Неделковски, кој премиерот добро го познава, и Кежаровски за кој никогаш не чул. Едниот лежеше речиси две години во притвор за напишан текст, а другиот е казнет со условна казна за олеснување на граѓани за 160.000 долари без да одлежи ниту еден ден затвор, освен притворот. Драстична разлика потврдена со пресуда на независен суд. Нели.

 

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

September 2017
M T W T F S S
« Aug    
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930