Tag Archive | "САД"

Tags:

Многу добар овој Бајден

Posted on 13 January 2016 by erizaov

gruevski-SAD

Премиерот Никола Груевски се враќа пресреќен и презадоволен од посетата на Белата куќа во Вашингтон. Добрата вест, додека трепнеш со очите, преку океанот стигна пред него. Многу добар бил овој Џо Бајден, мек како лепче, а и Америка не била толку црна како што не’ плашат. Замислете, Џо не виткал раце и не удирал чврги, како што пишуваа големите кабинетски журналисти, туку исправал свиткани „кичми“, а Америка наеднаш стана ептен добра велесила, лулка на светската демократија, загрижена за иднината на пријателска Македонија.

„Груевски во Америка“ е едночинка, драма, која без здив во живо ја следеше цела нација. Беше тоа возбудлива медиумска камиказе-трансформација што ја приредија апологетските креатори на јавното мислење. Во едно деноноќие гледавме до солзи смешна и тажна приказна за македонското унакажано новинарство, а го видовме и големиот и срамен дебакл на антиамериканските и антизападни „советници“ на премиерот на кој за еден миг им секна плунката против Америка и против НАТО. Како што викаа на цел глас – уааа Америка и НАТО-злосторници, издржи Грујо, зад тебе стои цел народ, одненадеж се укочија и почнаа да ракоплескаат – браво Америка.

Денес-утре, ќе ни објаснат дека тоа било специјална доктрина да се вика на цел глас против Америка, така се добивало симпатии во земјата каде што водачот е многу храбар, не ферма жива сила, независен е до коска, невиден патриот, а истовремено оваа стратегија на ем шуто, ем боде, дава фантастични резултати кога Америка ќе наиде на цврст маж и херој, тогаш таа веднаш попушта. Чвргите и виткањето рака остануваат наменети само за диктатори и нечесни политичари. Ете ова ни се случи во еден ден во мјузиклот „Груевски во Белата куќа“, како Фантом во Операта.

И сега како да дознаеме што му кажа Груевски на Бајден, а што Бајден му кажа на Груевски. Според соопштението од Белата куќа, целото во една реченица, Груевски видел за себе голема американска поддршка, а Бајден бара да се почитува договореното, па потоа фер и ВЕРОДОСТОЈНИ избори. Ова веродостојни во речникот и на англиски и на македонски значи исто, обратно од фалсификувани, обратно од нечесни и корумпирани.

Многу бргу ќе дознаеме што навистина си кажале Бајден и Груевски ако внимателно ги следиме следните чекори и настани што ќе се случуваат во Скопје. Во текот на оваа и наредната недела ќе се нижат „дешавки“ во низа како на филмска лента. Прво што ќе падне во очи е дали Америка и Европската унија имаат координиран и усогласен став за наредните чекори во Македонија. Тоа може да се дознае од следните изјави на американскиот, германскиот, англискиот, францускиот и холандскиот амбасадор, од амбасадорот на ЕУ и на емисарите од Брисел и европарламентот, олеснувачите во преговорите кои се во Скопје и ја чекаат разврската на договорот од Пржино и оставката на Груевски, а најмногу го чекаат ставот на Америка.

Ако на Бајден навистина му биле поважни ВЕРОДОСТОЈНИ избори од датумот кога ќе се одржат, тогаш внимавајте на реакциите на дежурните провладини критичари на Америка, на ЕУ и на домашните предавници. Што пожестоки се тие критики, толку повеќе се стега маневарскиот простор на Груевски за уште едни избори по стара и секогаш добитна шема. Особено е индикативен односот на контролираните медиуми кон Специјалното обвинителство и обвинителката Катица Јанева. Досегашните нејзини соопштенија и чекори беа дочекувани на нож со силни опструкции и директни закани дека ќе и’ се случи народ.

Ако пак наеднаш почнат да се појавуваат опозиционери и критичари на власта во забранетите за нив медиуми, тоа се најновите трикови на Груевски дека човекот станува демократ и дека секој може слободно да го искаже своето мислење на која било телевизија или медиум. Тоа ќе биде наивно замачкување на очите на јавноста дека работите одат на поарно, додека не се приграби повторно власта. Груевски во овие десет години ниту еднаш не покажал демократски капацитет за демократизацијата на Македонија. Напротив, сите негови јавни настапи и разговори, па дури и лични и приватни, јасно покажуваат дека Груевски сите критичари на власта, па и најдобронамерните, ги смета за опозициски и странски нарачки, за непријатели и предавници. Никогаш не ја прифати суштинската разлика во одговорноста за вкупните состојби во државата меѓу власта и опозицијата.

Обрнете внимание дали овие тврди ставови Груевски ќе ги задржи по враќањето од Америка, или ќе биде помек како што беше како памук кога ги менуваше по нарачка своите најблиски соработници, кога му ја составуваа други владата, кога му инсталираа специјално обвинителство и обвинител и кога прифати да се повлече сто дена пред изборите.

И конечно, останува можеби и најважното прашање како и кој ќе го чисти избирачкиот список. Ѓаволски тешка работи без попис и со перфидни опструкции. Чистењето на списоците ќе покаже колку досегашните избори биле фер, регуларни и веродостојни. Од конкретните гаранции за слободни избори ќе знаеме дали по нив ќе се одредува датумот за избори, или изборите ќе служат како гаранција за спасување на компромитираната и авторитарна власт.

Се’ мислам дека работата ќе биде: пливај сине, далеку е Америка.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

Тито и Сталин во Белата куќа

Posted on 12 January 2016 by erizaov

gruevski_bajden

Ми падна жал за биографите и пишувачите на панагирици за успесите на премиерот Никола Груевски, за неговата историска големина и натчовечка храброст кој својата сила ја црпи од народот, демек исто како Јосип Броз. Ги фати паника полтроните по ненадејната покана Груевски да појде итно до Белата куќа во Вашингтон. За да го прикријат стравот, изигруваат првоборци и измислуваат судир меѓу Македонија и Америка, небаре како Југославија и Русија 1948 година. Наместо радост што ете некој од врвот на светската политика се сетил да го повика Груевски, неговите апологети распалија со сета сила на невидено против Америка, единствениот стратегиски партнер од големите сили што го има Македонија. Или можеби не е на невидено, се’ ми се чини дека нешто од прва рака разбрале кабинетските новинари што толку многу се вознемирени. Големите аналитичари однапред знаат дека потпретседателот на Америка Бајден ќе се обиде да му ја витка раката и да му удира чврги и на нашиот Тито како на другите државници.

Е, малку морген, со Тито не може така, зад него е народот.

Не знам зошто воопшто замина Груевски за Вашингтон, требаше само да им каже дека е зафатен со предизборната кампања и со преговорите со шумариштето кој на 24 април ќе ги избрка сите што му стојат на патот и ќе престане играта „камај“ меѓу партизаните и германците. Воедно до Белата куќа Груевски требаше да испрати телеграма дека на 25 април го очекува во Скопје лично американскиот претседател Барак Обама за прв да ја честита големата победа и да се увери дека Македонија е „олрајт“, слободна и демократска земја во која се почитува волјата на народот речиси цела една деценија. Пред тоа имаше големи фалсификати и изборни нерегуларности, но од 2006 година наваму сите избори, а ги има фала богу секоја година, се фер и скандинавски, далеку подемократски од Америка.

На 25 април Обама ќе се увери дека ништо не бидна од неговите нарачки за прислушување на премиерот Груевски и неговите најблиски соработници, дека залудни беа сите тие монтажи и лепенки, дека неправедни беа притисоците да поднесе оставка и да ги смени неговите најблиски соработници, џабе се монтираните специјални обвинителства, обвинители и закони кога народот сето тоа го прочитал и според тоа пресуди на избори. Обама ќе мора како Хручов што замина за Белград, да дојде во Скопје и да се извини за неправдата што е направена врз Македонија и обидот за дестабилизација на стратегискиот партнер. Белки тогаш Обама ќе собере сила да каже зошто Америка сака да ја уништи Македонија, зошто има толку страв светската велесила од Македонија и од неполни два милиона мирољубиви граѓани кои не претставуваат никаква закана за никого. Конечно ќе разбереме лично од Обама зошто не’ плашат толку многу од Америка дека е нашиот најголем непријател и душман, ќе ја дознаеме и големата тајна за опасноста по светскиот поредок од Македонија.

На 25 април Груевски со извесни сериозни забелешки подготвени од неговиот самопрогласен советник Ристо Никовски за односите со НАТО и Америка, кои НАТО ќе мора да ги внесе во своите статутарни и основачки акти, ќе ја прифати поканата на Обама Македонија итно да влезе во Северноатлантската алијанса, со што ќе престане стравот во Америка од геостратегиската положба на Македонија како центар на светот. Истиот ден ќе биде прифатена и молбата на Јоханес Хан Македонија да ги почне преговорите со Брисел за членство во ЕУ кои треба да завршат експресно бидејќи одамна ги исполнуваме сите услови. Името на државата ќе биде решено на заемно задоволство и на Македонија и на Грција што ќе биде потврдено со референдуми во двете соседни земји. Грција ќе го прифати античкото потекло на Македонците што никогаш не било спорно, а Грците бидејќи ги сметаат за свои предци Македонците, за нештата да бидат појасни, државниот историчар, многу ценетата и почитувана Виолета Ачковска, ќе излезе со спектакуларни откритија дека денешните Македонци и Грците се еден ист народ со античките Македонци и Грци од кои Словените подоцна ги преземале јазикот и верата. Со тоа се затвора проблемот засекогаш и со Грците и со Бугарите и со Србите, но и со Албанците кои како староседелци на Балканот и како потомци на јужните Илири се дел од антиката и претставуваат наше значајно културно наследство, со што Ачковска генијално го разрешува и тој проблем. Останува само да го докрајчи непријателското дејствување на партизаните во Втората светска војна и особено по неа за време на страдањата на жртвите од комунизмот во асномска Македонија и федерална Југославија, за што Америка и Русија даваат целосна согласност како наши сојузници во антифашистичката војна.

Како и да е, не треба да паничат и да очајуваат медиумските труби на власта и големите патриоти. Груевски по историското НЕ на Бајден ќе се врати насмеан и презадоволен од Америка со силна поддршка на Белата куќа да го направи најважниот чекор за разрешување на кризата, за стабилизација и демократизација на Македонија. Тоа можело да се направи веднаш уште пред изборите, му објасниле Американците, не морало да се чека што ќе каже шумарот.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , , , ,

Не удирајте по пријателите

Posted on 02 April 2015 by erizaov

garТешките дипломатски фаули со влечење за уши на странски дипломати имаат висока цена

Добрите односи на малите држави со големите политички, економски и воени велесили се капитална повеќегодишна инвестиција која може да пропадне со неколку збора, погрешни потези и непромислености. Особено ако не сте во зоната на политички и економски интерес. Македонија нема значајни природни ресурси и богатства, ниту пак регионално претставува клучен играч, но е држава која во изминатите 24 години самостојност и независност успеа макотрпно да изгради добри односи со повеќе светски велесили. За жал, откако е соочена со сериозна внатрешна политичка криза во битките за превласт, на големо запрепастување на добрите познавачи на внатрешната и надворешната политика, се одвива драматичен процес на серија погрешни чекори кои ги проблематизираат добрите односи со Америка, со Англија и со Германија, трите западни сили, по многу нешта најзначајни држави во остварување на нашите приоритети во градење на иднината на Македонија.

Просто, човек не може да поверува со каква леснотија секој ден, како да сме арогантна атомска велесила, нашите провладини медиуми и поранешни дипломати, блиски до власта, им држат лекции на странските амбасадори и како грубо се навредуваат. По Америка и Германија, сега на дневен ред е Велика Британија. Обичните граѓани може да не знаат дека нападите врз амбасадорите е исто како да се напаѓаат претседателите на државите и дека навредите изречени на нивна адреса се кршење на меѓународните конвенции чиј потписник е Македонија. Но, тоа мора да го знаат нашите дипломати и политичари, бивши и актуелни, особено кога јавно настапуваат небаре се поголеми и до Обама и од Путин.

Примамливоста да им се удираат чврги на странски амбасадори, особено на големите сили, само за да се сврти вниманието, секогаш дава одлични популистички резултати и е добар лек со краткорочно дејство, но последиците се секогаш тешки. Деновиве жестоко се напаѓа британскиот амбасадор Чарлс Гарет со внатрешнопартиски мотивации поради негов јавен настап на една од телевизиите кои домашните чувари на самостојноста го прочитале како заземање страна во скандалот „Пуч“.

Карикатурална е сликата кога секоја пофалба која доаѓа однадвор во домашните контролирани медиуми осамнува како голем успех, а секоја јавно искажана размисла во однос на кризата и можните решенија за надминување на кризата се дочекува на нож, па макар да доаѓа и од докажаните пријатели и големи економски партнери. Со невидена леснотија жестоко се обвинуваат Британија и Америка дека стојат зад прислушувањето, особено ако има од нивна страна посочување на искуствата од светот дека во вакви случаи едно од решенијата може да биде и формирање на техничка влада која ќе спроведе фер и слободни избори. Тоа веднаш се прикажува како загрозување на самостојноста и независноста на државата, или како судир на амбасадорот со граѓаните на Македонија.

Ова се лоши потези кои директно ги загрозуваат интересите на Македонија. Искусните дипломати ќе ви кажат дека дури и да има причини за нешто да им бидеме лути на Америка, на Британија, Германија, Франција, Русија, Кина… и други велесили, никогаш таа пресметка не треба да се води преку диригирани медиуми, особено не со навреди, држење лекции и јуначење. Со недипломатски јазик, тоа се вика ем шуто, ем боде. Во една прилика, еден наш искусен дипломат изјави дека најлошата работа што може да ни се случи на пат кон европските интеграции е големите сили да дигнат раце од Македонија и да не’ остават проблемите сами да си ги решаваме, иако досега повеќе пати покажавме дека за тоа немаме капацитет.

Брзо заборавивме дека единствени во регионот имаме потпишано договор со Америка за стратегиско пријателство, ниту пак тоа го искористивме како што треба. Со студениот прием во владата на понудата на Ангела Меркел, еден германски канцелар, лично да се ангажира за да се најде прифатливо решение за Македонија и за Грција, иако не директно, практично е одбиено. Оттогаш наваму, Меркел замолкна во врска со нејзината цврста определба Македонија да биде членка на ЕУ и на НАТО. Ја замолчивме Меркел,на наша штета оти со сила нема убавина, а сега со тегнење за уши на британскиот амбасадор Гарет ќе го замолчиме најверојатно и британскиот премиер Дејвид Камерон бидејќи на неговата работна маса ќе стаса известувањето оти во Македонија кружат информации дека неговата држава стои зад аферата со прислушувањето и дека се’ уште е непознат амбасадорот што средувал работа за Зоран Верушевски да добие работна виза, а со тоа јасно се навестува кој е премиерот чии соработници биле вклучени во барање азил. Ваквата непримерна комуникација е лесно читлив дилетантски пристап на штета на државата.

Тешко е да се поверува дека ова е само од незнаење, или од потреба да се сврти вниманието да се добијат краткорочни поени, претставувајќи се како храбри борци против големите сили во одбрана. Се работи за опасна доктрина кога главните актери на политичката криза треба да се соочат со одговорноста да бидеме изолирани и препуштени сами на себе за да се тера политичката пресметка без почитување на обврските што ги има земјата-кандидат за членство во ЕУ и во НАТО.

Ако се суди според старата добропозната максима дека стабилноста на внатрешната политика е клучот на добра надворешна политика, тогаш причината за нападите врз странските дипломати и држави станува јасно видлива како дел од нарачките со ризични игри да се решаваат домашните проблеми. Искусните и мудри политичари многу повеќе направиле за своите држави со внимателна дипломатија и разговори зад затворени врати, отколку со општа распаљотка по големите играчи на светската политичка сцена. Ваквите фаули имаат висока цена која мора да се плати кога најмалку се надеваме.

Comments (0)

Tags: , , ,

Пропагандисти против светските Фридом Хаус и УСАИД

Posted on 06 May 2014 by erizaov

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2017
M T W T F S S
« Oct    
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930