Tag Archive | "#протестирам"

Tags:

Скопје под окупација

Posted on 22 April 2016 by erizaov

policija

Фотографија: Ванчо Џамбаски

        Понекогаш човек се прашува дали
духот на повеќето балкански народи
е затруен толку многу и засекогаш
што никогаш повеќе не ќе можат
ништо друго да прават освен едно: да
трпат насилие, или да бидат насилни

Иво Андриќ
„Знаци покрај патот“

 

Оваа безвременска мисла на големиот писател и нобеловец Иво Андриќ ми дојде на ум во средата попладне кога ги видов комвоите специјални полициски возила како се движат по „Орце Николов“ кон центарот на Скопје. Kако змија врвеше непрегледната колона блиндирани џипови по празната улица која го носи името на народниот херој. Во нив до заби вооружени полицајци во шлемови, наши браќа… По нив уште една колона џиновски возила како комбајни, не знам како ги викаат, дали се тоа борни коли, или нешто слично, мене ми личат на тенкови со гумени тркала, а најзгора на покривот имаат завиткано во платно нешто како топ. По нив шибаат други челични аждери налик на противпожарни возила, велат тоа биле водени топови, по нив пак татнат некои други монструми кои брзаат да ја одбранат државата. Нашите браќа ќе не’ бранат од нашите деца и од нас самите кои бараме да се отворат прозорците оти се задушивме од убавини, од премногу слобода и од арамии.

Покрај мене на тротоарот стојат рака под рака сопружници. Луѓе во одминати години. Жената подгрбавена, набрзина се прекрсти неколку пати, а на мажот му засветка солза во окото. Стоиме стаписани и занемени додека оружените полициски сили минуваат крај нас. Ја прекинувам злокобната тишина, се обидувам да се пошегувам, велам галиба ова е парада. Стариот во изветвен костум ме загледа како мува во матеница. Убаво ме измерка и ми возврати со засипнат глас: „Синко… ова не е парада, не е ни карневал. Ова е окупација. Ова е многу тажно… бев дете ама паметам, вака не влегле во Скопје ни Германците, ни Бугарите 1941 година. Од кого овие сега ќе не’ ослободат, од самите нас, од мене, од тебе, од кого. Срамота, невидена брука. Ова оружје, овие возила не се за борба против непријатели… кај и да е, ќе ни воведат и полициски час…“ По акцентот и по достоинството како зборуваше, знам дека е стар скопјанец. Молчам засрамен поради несолената шега… Сакав да бидам ироничен, ама чепнав во сеќавања од тешки времиња.

Додека поминуваа внимателно нога пред нога на другата страна од улицата, веројатно тргнати на визита кај своите внуци, ми излета од устата лоша клетва… Не е за во весник… Што му направија тираните на народот, му измислија војна без војна само за пуста власт, само да го одбегнат соочувањето со правдата. Тоа го стокмија „генералите“ на оваа оклопна дивизија, лажните патриоти за божем бранејќи ја татковината да се одбранат себеси.

Така ми заврши средата, денот кога напладне го испратив на оној свет и се простив со мојот голем другар и пријател од младоста Ѓоше и кога во Бутел најдобро се гледа залудноста на арчењето на животот за големите идеали за кои секогаш ќе се најде некој изрод, или измамник, што ќе ги посере.

Попладнето помина со клетва против тие кои ги пратиле оружените полициски сили против непријателските „хорди и хулигани“, така ги викаат следбениците на власта нашите деца кои се дрзнале да бараат преку леб погача, слобода и правна држава. Вечерта пак ги дочекав колоните возила на „Орце Николов“, мавтајќи со бело марамче како поздрав до нашите браќа за успешно завршената акција да се прикаже дека во Македонија има војна и целата залудност на барањата за слобода. Не беше испукан ниту еден куршум, што секако беше утешителна вест за лека ноќ, баш како што сакаат да постигнат лажните спасители на државата.

Легнав и станав со една мисла. Дали четврток ќе помине како и среда без испукан куршум. И човек што не верува во Господ, ќе каже не дај Боже да биде тоа црн четврток. На сто метри оддалеченост ќе протестираат „хулиганите и хордите“ кои бараат правда и мир и патриотите кои бараат исто така правда и мир, ама и власт без контрола, барем уште една деценија. Кога ова ќе го читате, се надевам дека на сите ќе ни олесни ако не се случи ништо освен парадното демонстрирање сила. Навистина, не дај Боже некоја пијана будала да фрли камен во бунар, илјада паметни потоа не ќе можат да го извадат. Како што му тргна на претседателот на државата со неговото помилување. Мерел човекот, мерел, па консултирал што консултирал еден куп партиски експерти, па почекал Уставниот суд набрзина да му даде право на колективна, турли-тава амнестија, да нема ни судење, ни истрага, ни пресуда на сите осомничени за тешки кривични дела и злосторнички здруженија. На таа листа за милост негова и божја, претседателот додал и некои луѓе против кои нема никаква постапка, веројатно затоа што е видовит. И сега мудриот ни претседател ги моли пак партиите и експертите да кажат како да го извадат каменот од бунар. Е, мој претседателе, нема друг начин освен да го земеш фенерот и да се симнеш во бунарот, да зануркаш и да го извадиш каменот сам. Потоа ќе можеш да им раскажуваш на студентите за твојот десетгодишен залуден престој во високата политика.

Четвртокот од кој стравував ми почна со третото писание на мојот пријател и другар, писателот Димитар Башевски. Поранешен колега, исклучителен професионалец, кој навреме ја напушти оваа горчлива професија и стана уште подобар писател. Читам и си велам: Баше пак свиткал хартија и им пишува на своите колеги морален обвинителен акт, трет по ред. Им вели, немате право на молк. Ќе ве осуди историјата. Ова не е политика, не можете да се оправдувате дека се дистанцирате од политика кога, всушност, се дистанцирате од борбата за слобода. Од коруптивни додатоци, ручеци, вечери и заслужни пензии ви се зголемил габаритот на телото, а ви се намалил габаритот на расудувањето. Сте го изгубиле основниот мотив на професијата да се биде писател, поет, новинар, да се бараат вистината и правдата. Нема оправдување само со напишаните текстови, треба да се направи нешто повеќе, вреска до небото Башевски. Неговата оставка од Друштвото на писатели уште пред две години и неговото дистанцирање од еснафот очигледно некои колеги подучени од политиката ги разбрале како палома-хартија. Башевски вели, секоја чест на исклучоците, ги има, ама истече времето само за исклучоци.

Потоа налетав на Димитар Димитров, стариот генијален филозоф кој одамна ги дијагностицира сите болести на оваа власт и кој вели: Груевски ги впрегнува сите ресурси на државата за да се урне браната од Пржино и да се продолжи курсот на перманентна револуција на таа идеолошко-политичка и кривично-правна дигресија од Уставот. Проф. Димитров ни открива како со повторување на кривичните дела се обезбедува континуитет на режимот. Филозофот пишува дека спиритус мовенс на тој континуитет беше и останува партискиот авторитаризам со негова тенденција да се преточи во сите сегменти на државата и општеството, почнувајќи од безбедносните структури. Тоа го генерира феноменот на фамилијата, идентитетот ВМРО-МВР, неконтролираното располагање со капацитетите на УБК, потребата од масовно прислушување и садистичко изживување на нејзините членови врз луѓе кои не им се покоруваат… Што може човек повеќе да каже по ова.

Додека го читам колегата Љупчо Поповски кој се прашува што ќе покаже кристалната топка во Виена и што ќе остане од урнатините на договорот од Пржино, од таму стаса абер дека состанокот за излез од кризата се откажува, тие не договараат ништо без опозиција како ние.

Не знам на кој се’ ќе му се допадне оваа вест од Виена сами да си ја решиме кризата, ама дојде уште една добра вест. Специјалното обвинителство продолжува со работа. Се тркала Космос…

И конечно, за малку ќе заборавев – познатиот скопски измамник Миленко ми пишува дека ем Турчин, ем пијан не можам да разликувам кој е тој Миленко мувата, а кој е Пандов. Признавам дека ем Турчин, ем трезен не можам да ги разликувам. Можете ли вие почитувани читатели? Мене некако ми се исти и двајцата. Не знам кој повеќе ќе се налути од нив поради оваа моја неинформираност кој е кој во ГДОМ.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

Единствениот јазик што тие го разбираат

Posted on 08 October 2015 by erizaov

protest

Единствениот јазик што владејачката врхушка го разбира е нивниот. Кога ќе им одговориш на тој јазик и кога ќе почувствуваат дека можат да ја загубат власта и да завршат на обвинителна клупа, ги фаќа уплав. Тогаш експресно од опрем одат во позиција на одопрем, или од петта брзина уфрлаат драматично во рикверц. Немаат гајле што тоа обично значи и брукање и тумбање, лицето одамна им е како ѓон. Тие немаат ни срам ни перде.

Кога ќе го чујат нивниот јазик веднаш повлекуваат тазе предложени закони, менуваат одлуки и ставови, за еден час стануваат кооперативни без малку љубезни. Такво лигавење и сервилност пред посилниот имаат кукавици кои се храбри само кога одат во чопор. Таква слика видовме деновиве по објавувањето на ОБЗНАНАТА, или срамниот закон за бришење на сеќавањата на граѓаните и на сопствените гревови кои не може да ги собере ни телефонски именик откако една шака узурпатори ја презедоа целата власт во државата и ги суспендираа сите институции на системот, па владеат со години без никаква контрола.

Дали можете да замислите за што го есапат својот народ ваквите квази патриоти, колкаво е тоа понижување кога се осмелија да понудат закон со кој се казнува најмалку на четири години затвор секое спомнување, пишување, поседување, јавно осудување на нивните злодела кои со месеци згрозени ги слушаа граѓаните на Македонија, благодарение на храбри луѓе кои го препознале јавниот интерес и опасноста по државата и иднината на граѓаните и го дадоа тој пеколен материјал на лидерот на опозицијата за да слушнат луѓето кој не’ води и како се фалсификувани и корумпирани изборите и медиумите.

Сите ја слушнавме монструозната доктрина во нивните телефонски разговори за владеење непречено со децении, па сега сакаа тоа да го забранат и да ни го избришат од главите. Откако ја разбраа на нивен јазик жестоката реакција на јавноста излегнаа арогантни пред камерите, во стилот ем шуто ем боде, да и’ објаснуваат на јавноста дека го повлекуваат законот привремено, дека за него ќе се расправа по комисии, дека тоа биле партиски тактики при политичките пазарења и преговори, дека опозицијата знаела за законот како некој тоа да го интересира дали опозицијата знаела или не знаела. А,бре, неграмотни луѓе дали се слушате што зборувате, какви политички трикови и тактики, каква опозиција какви бакрачи, или какава важност има тоа кој знаел или не знаел. Па ова што го предложивте на Собранието и што го нарекувате Закон е невидена срамота на Балканот, а да не зборуваме за Европа. Таква бламажа од закон зад кој цврсто стоевте само еден ден, па потоа се повлековте покиснати како мали деца кои веќе не сакаат да се играат кога губат, немало ни пред големите револуции за соборување на кралевите и уривање на феудализмот.

Се покажа дека кога маршираат студентите заедно со своите професори, кога демонстрираат средношколците, кога граѓанските здруженија и опозицијата организираат митинзи и протести, кога ечи центарот на Скопје од „нема правда – нема мир“ е најдобриот јазик кој предизвикува паника во власта, која се шокира од сознанието дека има многу луѓе кои не се задоволни од нивното владеење, има илјадници луѓе кои не се импресионирани од приказните за големите успеси и достигнувања. Се’ погласни се луѓето кои одамна го прочитале примитивниот популизам и агресивната пропаганда на величање на вождот и неговиот двор. Има стотици илјади граѓани кои ги открија лагите на власта и механизмите на создавање еднопартиска држава и клиентелизам со закани и со уцени, со корупција и купување гласови. Кога пред Владата дојдоа над 50.000 граѓани, Никола Груевски омекна како издишан балон. Кога и ЕУ и Стејт департментот конечно осознаа дека даваат поддршка на едно авторитарно владеење и еден деспот кој ги сопре сите демократски процеси во младата независна држава и кога бриселските бирократи инструирани од своите влади настапија тврдо заедно со Америка без влакна на јазикот и без дипломатски ракавици Груевски ја свитка опашката и почна да ги исполнува сите барања.

До вчера храбриот витез, кој преку своите мегафони ја критикуваше американската политика спрема Македонија, и удираше контри на Европа, наеднаш прифати се’ што му побараа, освен неговата оставка. Се откажа од своите блиски соработници министрите Јанкуловска и Јанакиевски, го жртвуваше својот најблизок и најдоверлив човек, својот роднина, шефот на тајната служба Мијалков. Воопшто не му беше ни мачно, ни тешко да ги коригира своите јавно искажани ставови, па наеднаш испадна дека странски служби не биле замешани во аферата со прислушување, дека во Куманово немало замешателство на големите сили и разни агентури. Груевски кротко прифати специјални обвинители, прифати менување на изборниот законик, прифати да поднесе и привремена оставка сто дена пред изборите, на крајот ќе прифати уште неколку побарувања и на домашната јавност меѓу кои конечно и да замине од политичката сцена. Така ќе заврши ерата на Груевски и еднодецениското неконтролирано владеење кое ја врати Македонија со децении назад. Сега ова што го гледаме се очајнички обиди да се растурат договорите кои можат да го однесат Груевски и неговите најблиски соработници и на обвинителна клупа.

Кога сфатија властодршците дека тактиката на уривање на оваа власт оди чекор по чекор и дека е неизбежна сликата кога Груевски заедно со своите соработници ќе се појави на сослушување пред специјалните обвинители и ќе мора да објасни некои снимки и настани кои навистина се случиле и прецизно се опишани како закани и намери во телефонските разговори, тогаш се освестија што им се случува и настапи мачната мртва трка како да се изигра и меѓународниот фактор и домашната опозиција и очекувањата на граѓаните да се вратат на голема врата демократијата и слободата.

До април 2016 година ќе се изнагледаме не само валкани подметнувања и закани на грогираната власт, туку и опасни обиди за сеење страв и нови апсења, исценирани меѓуетнички инциденти и повици за хомогенизација и спасување на државата. Советниците на Груевски веќе му подготвуваат огнени патриотски говори кои ќе повикуваат на единство, се подготвуваат големи митинзи за спасување на Македонија од предавници и непријатели. Тоа е јазикот на ВМРО-ДПМНЕ. Со истиот јазик и уште пожестоко ќе одговорат и слободоумните луѓе, опозицијата студентите, средношколците интелектуалните елити и ќе и покажат на власта тоа од што најмногу се плаши. А тоа е како изгледа маса од сто, или двесте илјади граѓани пред Владата. Тоа е таа критична маса за која со години се зборува во Македонија и која годинава се појави за првпат прилично спонтано… Мислам дека по последните предлози за донесување на царска обзнана со која се забранува говорот, пишувањето и јавниот настап и дебати за прислушуваните разговори и нивната содржина која е од јавен интерес во Македонија се создава доволно јасна слика до каде се’ може да одат и Груевски и Ахмети во задржување на власта.

Враќањето на демократијата и јасно кажување НЕ на тоталитарни идеи и обзнани за спречување на веќе стекнати слободи и стандарди е голем мотив да се излезе храбро на мегдан и да се каже Доста е. Одете си. Сликата од 150 до 200 илјади луѓе пред Владата е доволна да фатат усвет. Тоа им го должиме на идните поколенија и на Македонија.

(објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags: , ,

Проклети да сте … по втор пат

Posted on 06 May 2015 by erizaov

nes

8.6.2011, 18.35 часот

Проклети да сте…. ми го убивте детето. Овој стравотен лелек и тешка клетва на мајката на 22-годишниот Мартин Нешковски, кого го уби полицијата на Градскиот плоштад за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ на изборната победа, до болка ја открива трагедијата на македонската демократија. Момчето што сакало да ја слави победата на својата партија и сакало да се качи непоканет на бината, за тоа морало да плати со глава. Револуционерната партија почна да ги јаде своите деца.

Еве ја анатомијата на ова злосторство:

Убиството на Мартин Нешкоски и особено она што се случуваше по свирепиот чин е последица на владеењето на еден режим својствен на диктатури. Ароганцијата на власта и злоупотребата на полицијата и во овој случај ја покажува немоќта да се контролира партиска полиција, која не работи според професионални стандарди, туку според потребите на политичката олигархија. Во таков случај кога е важна само врхушката на власта, а се’ друго е раја, може за најбанална работа да го загубите животот. А во посреќна околност да завршите в затвор. Се разбира, и во демократски земји се случува полицијата да ги пречекори своите овластувања и да употреби прекумерна сила. Но, два дена полицијата преку својот лажго да ја лаже најбезобѕирно целата држава дека не знаат што се случило, дека момчето го нашле мртво, дека се злоупотребува еден несреќен случај во политички цели итн., итн. Е, тоа не може да помине неказнето. Ако се случи таков обид за забошотување на најтешко злосторство, убиство на човек, тогаш сите во синџирот на хиерархијата што лажат, молчат и го кријат убиството, стануваат соучесници во злосторството. Откако јавноста дозна за тоа, неминовни се оставки, почнувајќи од првиот претпоставен на убиецот, преку неговиот началник, па оној лажго што секоја вечер изигрува недоветен, се’ знае и ништо не знае, до министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која срамно молчеше до вчера за убиството, прифаќајќи со тоа соучесништвото. Срамно молчи и премиерот Никола Груевски. Ако му требаат три дена да изрази жалење за убиството на член на неговата партија, ако не смее да и’ погледа в лице на мајката на Мартин, која со радост само неколку часа претходно ги пребројуваше гласовите за него, тогаш како може да очекуваме Груевски да бара политичка и секоја друга одговорност кон оние што го извршиле убиството и оние што сакаа да го забошотат. Груевски не може да поведе таква истрага бидејќи ќе се открие дека тоа се последици на неговото владеење, на неговиот недостиг од демократски капацитет.

Она што се обидува Груевски да го направи деновиве е да се приближи до семејството погодено од страшната трагедија, ама и таму не смее да појде храбро и да изрази сочувство, туку праќа емисари, стравувајќи да не биде избркан. Сака со купување индулгенции да го испере и својот грев и гревот на своите најблиски соработници, кои ја ставија полицијата во улога на заштита само на одбраните. Обидот да се забошоти случајот преку контрола на медиумите блиски до власта беше трагикомичен. Сите како папагали ги повторуваа зборовите на оној лажго од полицијата дека е тоа несреќен случај, дека е тоа лична и туѓа трагедија. Дека се злоупотребува во политички цели од опонентите на власта, дека се сака да се намали значењето на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ и слични гадости. Која туѓа трагедија црни новинари. Тоа е наша трагедија. Па кој го злоупотребува убиството на Мартин за политички цели, тие што го убија, што ги окрвавија рацете, тие што сакаа да го забошотат, да го прикријат убиството или тие што пишуваат дека е убиен млад човек на сто метри од бината каде што ВМРО-ДПМНЕ ја славеше победата.

Сиве овие небулози на пропагандистите и апологетите на власта ги однесе како меури од сапуница експлозијата на социјалните мрежи. Да живее интернетот. Контролата на медиумите отиде во аут за еден час. Дечките покрај своите компјутери ја покажаа силата и својата огромна моќ. Македонската демократија е во нивни раце. Почнува ли вистинската македонска пролет или ќе попричекаме до следното убиство? Ерупцијата како од вулкан се шири на скопските плоштади. Младиот Мартин Нешкоски, невина жртва на режимот, станува симбол на борбата за демократија. Неговите другари и младите не само од скопските училишта, туку од целата земја бараат одговорност за убиството, бараат укинување на злогласните партиски полициски одреди, бараат демократија. По 6 јуни, Македонија не може да биде иста. Младите, конечно, гласно го побараа тоа што одамна го имаат нивните врсници во цела Европа. Бараат слобода и демократија. Тоа не е политика и партиска ујдурма. Тоа се насушен леб и вода за живот, кислород за слободно дишење. Досега во тоа не успеавме целосно. Младите ќе успеат. Чинам дека овој пат нема да дозволат да бидат изманипулирани Мартин Нешкоски да биде уште една залудна жртва.

Својот прв ден по победата, демократски избраните го почнаа со убиство и со спектакуларни апсења.

Објавено на 8.6. 2011

П.С.

Снимените разговори за случајот со убиството на Нешковски и соучешништвото на власта само ја потврдија оваа трагична вистина. Законите на Македонија и во целиот свет за прикривање убиство предвидуваат строги казни. Како што видовме и чувме целата политичка олигархија знаела и два дена го прикривала убиството. Дали по ова јавниот обвинител Марко Зврлевски ако не покрене итно постапка за прикривање на убиство од страна на највисоки државни функционери може да излезе на улица и да им погледне во очи на своите сограѓани.

И сега државниот врв издаде наредба полицијата да го тепа својот народ. Вакво нешто досега немам видено во Македонија. Беа поштедени само провокаторите припадници на параполициски сили кои беа испратени да го оправдаат ќотекот врз народот.

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

September 2017
M T W T F S S
« Aug    
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930