Tag Archive | "прислушување"

Tags:

Стегнете им тужба на монструмите

Posted on 02 December 2016 by erizaov

monstrumi1

Побарајте во Специјалното обвинителство информација дали вашиот мобилен телефон бил прислушуван, или пак снимен кога сте му телефонирале на некој од личностите чии комуникации биле под директен надзор на тајната полиција. Ако имате среќа во несреќа и ако победи правдата, ако се ослободат судовите и се воспостави правна држава, можете да заработите убави пари. Стегнете една тужба преку вашиот адвокат штом ослободениот суд од пресијата на режимот утврди кој издал наредба за прислушување и кој прислушувал незаконски. Одредете ја цената на вашата слобода, приватност и достоинство. Ако има правда, монструмите мора да ја платат штетата што повеќе од осум години незаконски следеле илјадници луѓе, познати јавни личности, што е најголемото и најмасовно нарушување на човековите права и слободи во Македонија по Втората светска војна.

Ако 20.000 луѓе побараат само симболична отштета од 5.000 евра по човек, тогаш минималната парична казна што треба да се исплати изнесува преку сто милиони евра, пари кои треба да ги платат дрските разбојници и крадачи на слободата. Ако, пак, европските и македонските судови за заштита на човековите права ја прифатат ужасната димензија на ова злодело, кое има многу подлабоки последици по угледот и достоинството на луѓето, нивно понижување и навреди, деновите и годините поминати во страв да не биде злоупотребена нивната приватност, како што тоа им се случи веќе на некои луѓе на ужас на јавноста. Тогаш и отштетата од 10.000 евра би била минимален надомест, односно мала сатисфакција за претрпената болка и страв. Во тој случај вкупната казна би достигнала износ од 200 милиони евра. Ако, пак, судовите во Македонија го применат истиот аршини по кој беа казнувани познати новинари и критичари на владините политики кога за нанесување духовни болки на највисоките функционери во државата глобите се движеа и од 25.000 до 50.000 евра, тогаш, малку се 500 милиони евра казна за држење под надзор со години на илјадници луѓе. Теоретски вкупната глоба, ако прислушувањето воопшто има цена, би можела да достигне и до 50.000 евра по човек, или рамно милијарда евра ако хипотетички тужат и добијат отштета над 20.000 граѓани.

Се разбира, дека ваквата глоба изгледа нереално и дека никој при здрава памет не може да поверува дека е можна ваква пресуда, а уште помалку остварлива. Но, немојте да мислите дека се бесмислени пресудите во некои земји во светот на два, три и повеќе доживотни робии, на 200 или 300 години затвор кога е општо познато колку трае човечкиот живот. Не, тоа не е будалштина, напротив ја кажува висината на законската казна, дека не е вратен долгот на грешниците ни со двесте години затвор. Кога ќе умрат ќе останат уште должни за своите злодела. Познати се милионските казни во евра, или долари за нарушеното здравје на луѓето, за нивните кошмари и стравови предизвикани од грубо скрнавење на нивните човечки права и слободи, на нивната приватност и за јавното понижување, клевети и навреди. Затоа сметам дека во овој случај се исполнети условите за максималана пресуда која со генерална превенција ќе ја заштити слободата на граѓаните, демократијата и ќе го врати угледот на правната држава и владеење на правото. Особено што ова по вторпат се случува во независна Македонија во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кога под строга партиска контрола се специјалните служби на тајната полиција за разузнавање и контраразузнавање. Постојат основани сомневања дека во прислушувањата и следење на комуникациите се вмешани и највисоките државни функционери. Покрај затворските казни за подривање на државата и загрозата на поредокот и демократијата овој пат глобите и конфискациите на имотите на тие што сковале и преименувале со години ваков монструозен план треба да бидат примерни и поучни никогаш повеќе во Македонија да не се случи незаконско контролирање и следење на комуникациите на кој било граѓанин.

Верувам дека ако се случат историските промени по 11 декември да дојде до ослободување на заробената држава и пад на режимот, ќе бидат можни и примерните казни и глоби за граѓаните кои ќе свиткаат лист хартија и ќе поднесат тужба за нарушената слобода, углед и приватност, за претрпениот страв и нарушеното здравје, уништена кариера, компанија, добивка, брак, љубов… Само така повеќе на никој нема да му падне на ум да злоупотребува власт, позиции, овластувања и технологија. Само така може да престане злоупотребата на значајни институции за безбедност на државата, за криминализација на полицијата, за слугување на професионалци на политиката и политичарите. Да сум судија, ако доказите се несоборливи, око нема да ми трепне за вакво понижување на граѓаните и на државата да одредам, покрај максималните затворски казни и милијарда евра отштета, односно од 25 илјади до 75 илјади евра глоба во зависност од тежината на случајот, сума која ќе биде поделена на секој прислушуван граѓанин. Тоа што може да се наплати од конфискуваните имоти на злосторничкото здружение ќе се наплати, ако не е доволно, ќе се доплати од државата која ќе најде начин да ја спроведе судската одлука. Се надевам дека ќе има доволно пари од она што им е украдено на граѓаните.

Деновиве слушам дека се најавува атомска предизборна бомба на ВМРО-ДПМНЕ дека прислушувањето го нарачала и го спровела опозицијата. Оваа тактика на протести и контрапротести, митинзи и контрамитинзи, бомби и контрабомби, а сега и прислушување и контраприслушување е добро позната во изминатата деценија на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Меѓутоа, овој пат смешната страна на големата доктрина ја спречува нуклеарната експлозија бидејќи некогаш големите лаги пропаѓаат и од наивни детски прашања. На пример што власт и што врвна контраразузнавачка полиција ќе беше ако опозицијата или кој било друг осум години непречено прислушувале илјадници граѓани на Македонија вклучувајќи го и претседателот на државата, странски дипломати, министри, јавни личности се’ живо и диво што нешто значи во државата, освен Никола Груевски, а и тој кога му ѕвонеле други. Каква е таа држава во која во одаите на тајната полиција седеле опозициски агенти, така со ред едно осум години и слушале ли слушале незаконски стотици илјади телефонски муабети, криминали и корупции. Поголема будалштина од ова немам слушнато во оваа кампања за власт, а ги имаше многу.

За волја на вистината, уште првиот ден кога се разбра за повеќегодишното масовно прислушување, кое не беше спорно од првиот момент дека се случило, веднаш требаше да уследат серија неотповикливи оставки, прво од премиерот, па надолу на цел синџир одговорни личности само поради тоа што некој со години прислушувал непречено и незаконски. Немало потежок удар врз безбедносните служби во Македонија од ова партизирање и криминализирање и злоупотреба на овластувањата што се случувало цели осум години.

Граѓаните на Македонија се пред голем испит, дали овој атак врз слободата на луѓето, врз нивното достоинство, здравје и имоти ќе го простат и ќе дозволат да помине неказнето давајќи уште четири години мандат на корумпиран режим. Здраво е да се верува дека тоа не смее да се случи.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

Аферата „Прислушување“ се враќа на сцената

Posted on 27 November 2015 by erizaov

Специјалното јавно обвинителство за гонење кривични дела, кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, вчера пријатно изненади со своето соопштение до јавноста. Го прочитав внимателно неколку пати со неверување и можам со мирна совест да кажам дека по долги години првпат читам соопштение од јавно обвинителство на Македонија кое е јасно и писмено напишано, да може и пристојно информиран граѓанин да разбере, без да се мачи со дешифрирање на пораки меѓу редови. Во ова обраќање до јавноста нема ароганција, навреди и држење лекции на новинарите што во последно време е вообичаена судско-медиумска комуникација. Напротив, интонацијата на соопштението е на високо ниво на комуникациска, правна, политичка и општа култура.

Суштината, пак, на обраќањето до јавноста ветува почеток на сериозна и непристрасна професионална работа на Специјалното обвинителство и на обвинителката Катица Јанева, што влева голема надеж дека во Македонија е можно ослободување на судството од партиските стеги и центри на моќ и обновување на правната држава и владеење на правото. Иако е прерано и неблагодарно да се дава каква било оценка како ќе заврши оваа работа со Специјалното обвинителство и специјалниот закон, чинам граѓанска должност на секој жител на Македонија, без оглед на неговата политичка, партиска, национална, верска…. или каква било припадност, е да даде силна поддршка на обвинителката Јанева и на оваа во вонредни околности создадена институција за гонење на кривични дела кои спаѓаат во доменот на нарушување на човековите права и слободи и во делот на организиран криминал и корупција. Независната истрага треба да покаже дали по „бомбите“ на Заев и по тужбите на опозицијата, има докази за криминал и корупција и други кривични дела поврзани со подривање на економскиот, политичкиот, правниот и демократскиот систем на државата. Ако има, тие што го кршеле законот да седнат на обвинителна клупа, ако, пак, нема, да се каже гласно нема докази за кривично гонење на луѓе од самиот врв на власта. Враќањето на довербата во судството би бил првиот сериозен чекор за обнова и на демократијата и слободното општество.

Па, нека ни е со среќа и да и’ посакаме аирлија работа на г-ѓа Јанева која ги упати првите барања до надлежните обвинителства за доставување на пет предмети кои се веќе оформени. Во соопштението се наведува дека Јанева ќе ги бара предметите според план во кој е утврдена временска рамка и според листа на предмети кои ќе бидат барани. Тоа значи дека ќе се оди постапно, земајќи ги предвид итноста, фазата во која предметите се наоѓаат и нивната обемност. Специјалното обвинителство мошне видливо ја одбегнува опасноста да влезе во терминска, или процедурална замка. Во соопштението на Специјалното обвинителство се наведува дека по добивање на предметите од редовните обвинителства првите одлуки за сопствената надлежност ќе бидат донесени во законски рокови кои не надминуваат 16 дена од упатеното барање за доставување на предметите. Притоа се става културно до знаење на јавноста дека редовните обвинителства имаат рок од осум дена да ги достават предметите, што остава време уште од осум дена Специјалното обвинителство да донесе одлука дали е надлежно или не. Се разбира дека и овој термин од 16 дена може да биде скратен доколку се има добра волја да се биде ефикасен и да не остава впечаток во јавноста дека има сериозни опструкции на работењето на Специјалното обвинителство и на Катица Јанева, како што очигледно досега беше присутно, а според најави на провладини медиуми, допрва ќе се појават блокади на работењето на Специјалното обвинителство и тимот на Јанева.

Во обраќањето до јавноста, посебно привлекува внимание информацијата дека Специјалното јавно обвинителство ќе има и други канцеларии, а не само тие што ги одреди Владата и кои се’ уште се адаптираат во поранешните простории на Агенцијата за млади и спорт, или на Институтот „Отворено општество“ на омилениот на власта Сорос, или на некогашната дирекција на ОН за регулација на реката Вардар. Потребата од дополнителни простории надвор од тие што ги доделува Владата се образложува со задоволување на безбедносни стандарди за ваков вид обвинителство. Новите работни простории ќе се користат и за сослушување на сведоци и на осомничени лица, но она што е посебно важно е да се зачува идентитетот на луѓето кои ќе бидат повикани на разговор во обвинителството, како и на лица кои поседуваат релевантни информации, а инсистираат на зачувување на нивниот идентитет. Целта на обвинителството е, како што пишува во соопштението, спроведување независни истраги, при што ќе бидат заштитени и гарантирани правата на сите учесници во постапките. Изгледа дека другите простории освен тие што ги понуди Владата се побезбедни за вакви истраги.

Специјалното обвинителство бара разбирање од јавноста кога одредени информации нема да бидат соопштени поради нивната чувствителност, но ветува дека кога ќе бидат обезбедени доказите, а кога ќе бидат создадени услови за информирање на јавноста, ќе биде почитуван принципот на транспарентност. Ќе нема соопштенија дали одредени лица добиле статус на заштитени сведоци, бидејќи постои опасност за нивно обесхрабрување да пристапат кон ова јавно обвинителство и да помогнат во истрагите.

Еве ова се накусо првите впечатоци од вистинскиот старт со работа на Специјалното обвинителство и обвинителката Катица Јанева, мислам дека многу бргу ќе се види колку надлежните институции и Владата ќе постапуваат според законската регулатива и со своите лични заложби и добра волја што побргу Македонија да излезе од политичката криза со судска завршница, откако не беше прифатена морална одговорност. Досегашните опструкции беа стимулирани од моќни кругови од врвот на Владата и надлежните институции како што е редовното Јавно обвинителство, но се виде прилично јасно дека таквата блокада е контрапродуктивна и мошне сомнителна, како некој да сака да се затскрива зад формални процедури и со непочитување на веќе договорениот лекс специјалис врз основа на кој се оформи и работи Специјалното јавно обвинителство.

Успешниот старт на Катица Јанева и нејзиниот се’ уште недооформен истражителски тим треба да ги охрабри и македонските новинари да издржат во своите барања за нивно вклучување во преговорите за укинување на цензурата и притисоците врз медиумите, за укинување на коруптивните зделки на Владата со контролираните медиуми, за радикални промени во јавниот сервис МРТВ и воведување значајни измени во законите за јавно информирање и соодветни кадровски смени во таканаречените тела за регулација на медиумите, а кои сега се всушност партиски контролори на слободата на изразување. Враќањето на професионализмот и независноста на судството и на медиумите е основата на новото демократско општество, чии чекори на патот кон Европа беа грубо прекинати со уништувањето на повеќе медиуми и партизирање на судството во сите инстанции. Овие денови, всушност, целата македонска јавност полага историски испит на зрелоста дали ќе даде поддршка на владеење на правото и слободата на информирање со трасирање на иднината кон Европа, или ќе се приклони кон клиентелизмот, корупцијата и лажниот сјај на Потемкиновите села. Дали ќе бидат посилни мотивите на граѓаните за слобода и демократија, или ќе победат стравот и пропагандите е навистина историска раскрсница по која или ќе тргнеме напред за никогаш да не се повтори вакво нешто, или тргнуваме по беспаќата кои водат кон исчезнување.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Милошоски го победи Черчил

Posted on 26 November 2015 by erizaov

anketna komisija

Сер Винстон Черчил е поразен во нашето славно Собрание на народните избраници. Познатиот британски државник е победен од сер Антонио Милошоски уште во првата дебата во Анкетната комисија, која треба да утврди кој е виновен за најмасовното нарушување на човековите права во Македонија, со незаконско прислушување на илјадници граѓани и јавни личности.

Парламентарната комисија треба да утврди не само кој и зошто прислушувал, туку и политичката одговорност на највисоките владини функционери за содржината на нивните разговори од која јавноста се згрозуваше без малку цела година и која предизвика една од најтешките политички кризи и го наруши угледот на земјата во светот.

На Черчил му се препишува мислата „ако сакаш нешто да забошотиш, формирај парламентарна комисија“. Оваа веќе до дегутантност безброј пати експлоатирана реченица, додуша најчесто потврдена во практиката на јаловите бесконечни политички истраги за одговорноста, е целосно поразена во Собранието уште пред да почне првата седница на Комисијата. Интелектуалната перјаница на ВМРО-ДПМНЕ Милошоски настапи спротивно од доктрината на Черчил, тој наместо забошотување и разводнување на аферата со бомбите на Заев побара брза истрага за да престанат да страдаат највисоките функционери во државата, заедно сосе премиерот, неправедно сатанизирани и лажно обвинети во јавноста. Притоа, посебно ме фасцинира со својата мудрост, речитост и подготвеност да се дознае вистината Антонио Милошоски, кој во работата на Комисија настапува како шеф на екипата на власта.

Милошоски многу аргументирано и сериозно го објасни токму тоа што вчера го објавив како пародија и сатира во „моето ќоше“, а кое во суштина се сведува на фактот дека и премиерот и неговите најблиски соработници и ВМРО-ДПМНЕ се најоштетени и најзагрижени да се дознае вистината за прислушувањето и за креираните, монтираните сечени и лепени разговори. Функционерите од највисокиот политички врв со месеци одат жигосани низ државата, се појавуваат на јавни места, а се невини, односно нивната вина не е докажана, ниту судски, а гледаме ниту политички низ парламентарна расправа и испрашување со што им се нанесува голема неправда. Милошоски многу умно и искрено се заложи Анкетната комисија што е можно побрзо во еден работен, професионален и толерантен амбиент да ја утврди вината на тие што незаконски прислушувале, што нарачале вакво монструозно нарушување на основните човекови права и слободи и на тие што ги злоупотребиле разговорите во политички и други цели да ја дестабилизираат државата. Милошоски генијално поентира со својот предлог членовите на комисијата да седнат и да ги избројат прецизно сите ангели што застанале на врвот на една игла. Ако некој погрешно брои може да почне повторно и повторно, па ако на крајот нема согласност дека ангелите никогаш не можат да бидат за ништо виновни, тогаш арбитражата составена од мнозинство језуити ќе одлучи со гласање.

Тоа што власта има повеќе гласови во Комисијата, не значи ништо бидејќи слободоумните пратеници, почнувајќи од Милошоски, се непредвидливи и можат да гласаат многу поразлично од партиските директиви. Тоа досега се покажало многу пати како драгоцено демократско искуство кога нашите храбри парламентарци и големи демократи гласале според сопствено убедување, често спротивно од наредбите на партискиот врв. Не се сеќавате дека такво нешто се случило во Собранието на Македонија!!! Не се сеќавам ни јас, ама убаво звучи да се чуе. Нејсе, Милошоски најде решение како во случај на нерешен резултат во гласањето да победи власта. Во една таква пат-ситуација треба да се анулира влијанието на претседателот во формулирањето на заклучоците. Очигледно Милошоски стравува и при мнозинство во Комисијата да не се случи резултатот да биде нерешен по пребројувањето на ангелите.

И тамам помислив дека покрај образложението дека во интерес на власта и нејзините политички лидери што е можно побрзо да се утврди кој, зошто, кога, каде, колку и за кого прислушувал, ќе уследи уште едно барање на Милошоски од многу поголем интерес за стабилноста на земјата да се открие кој зема 30 милиони долари провизија од Кинезите, кој печатеше фалсификувани лични карти за изборни победи, кој купуваше плацови на Водно за џабалак, кој нарачуваше апсења и долгогодишни казни затвор за политички противници, кој ги корумпираше медиумите и нарачуваше добри куртон вести, кој ги преправаше незаконски урбанистичките планови и им го уништуваше имотот на противниците, кој унапредуваше судии и обвинители и еден куп други драстични кршења на законите, такво нешто не се случи. Се разбира, Милошоски не е наивен да бара таква истрага, иако е длабоко убеден дека ништо од ова не е вистина за што се обвинуваат неговите шефови. Милошоски знае дека за секој случај добро е да не се истрчува премногу во одбраната да не биде работата, аман, престани да не браниш, оти го изедовме ќотекот.

Почитувани читатели, пишете ми како ќе заврши според ваше мислење работата на Анкетната комисија. Кој ќе биде поефикасен Специјалното обвинителство на Јанева, или Анкетната комисија во Собранието, во спасување на невино наклеветените највисоки владини функционери при обелоденување на прислушуваните разговори.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , , , , , ,

Што ќе биде ако падне Груевски

Posted on 27 March 2015 by erizaov

grujo

Промената на залегнатата власт на државните јасли секогаш е здрава работа

Бауч кружи над Македонија што ќе биде со сите нас ако падне Груевски и неговата Влада. Леле, мајко! Непријателите и предавниците ќе ја земат власта. Албанец ќе стане премиер или претседател на државата. А, може ќе ги земат и двете места. Веќе се знае и кој Албанец ќе биде генерален директор на МРТВ. Има уште пострашни работи: странските платеници и шпиони ќе го продадат името на државата. Тоа велепредавство е веќе договорено. Ќе го изгубиме националниот идентитет, а јазикот ќе ни го направат салата со непознато варварско словенско потекло. Ќе има масовни отпуштања на државната администрација. Веднаш ќе престанат сите странски инвестиции и вработувања. Ќе се укинат земјоделските субвенции, ќе се намалат пензиите, ќе поскапат лековите. Компаниите, и државни и приватни, ќе банкротираат преку ноќ. Ќе падне берзата.. насекаде хаос, безредија, меѓуетнички судири, граѓанска војна… Ќе биде потоп ако, не дај Боже, му го видиме грбот на Груевски и неговата дружина.

Еве ова ни го сервираат владините контролирани медиуми, агресивно и крајно арогантно напаѓајќи ги сите сетила на граѓаните 24 часа во едно деноноќие. Целта е да ги плашат луѓето да не се поколебаат, со она што го слушаат и гледаат што правела власта во овие изминати девет години зад грбот на народот откако ги окупираа фундаменталните институции на државата: Парламентот, Уставниот суд и целиот правен, политички, економски и судски систем, и ги претворија во сервис на партијата и за богатење на група луѓе кои управуваат без контрола со земјата.

Одговорот од насловот на текстот што ќе биде ако падне Груевски е сосема едноставен и сме го виделе и доживеале повеќе пати. Паѓале многу премиери и влади, па ништо ни толку арно не се случило, ама ни толку лошо како ова што го доживуваме во цела една ера на груевизмот. Се разбира, ако падне Груевски и неговата влада ниту ќе биде крај на светот, ниту ќе се случи нешто толку драматично и апокалиптично. Секоја промена на власта кој долго залегнала на државните јасли е здраво дури и за најдемократските европски општества. Секогаш по падот на долготрајните влади и премиери излегуваат на виделина големи корупциски скандали и афери. Не било се’ така добро како што изгледало. А, таму каде што е инсталиран режим, како во Македонија, доаѓањето на слободата е голем празник на демократијата. Тоа е голема радост за сите граѓани без оглед на нивната политичка, национална и верска определба. Тоа единствената надеж дека државата пак ќе тргне во вистинска насока. Тоа е валидна гаранција дека граѓаните во иднина ќе можат да ја препознаат секоја загрозеност на демократијата, човековите права и слободи, на судството и на медиумите што е кислород за развој на едно современо општество.

Ако демократијата и слободата се всадат длабоко во свеста на луѓето тешко дека уште еднаш ќе може толку лесно да и’ се повтори на Македонија тоа што се случуваше сиве овие изминати години на владеење на Груевски и неговите приврзаници.

Не ќе може повеќе да се тепаат пратеници во Парламентот од партиска тајна полиција и да се избркаат народните избраници насилно од дебатната сала како што тоа беше на „црн понеделник“ на 24 декември 2012 година. По промените не ќе може да се воведе воена цензура во медиумите и да се бркаат новинарите од нивните работни места во парламентот, или во која било друга институција. Не ќе може да се претепуваат студенти кои мирно протестираат на плоштадот против дехуманизација на просторот кој припаѓа на сите со изградбата на кич монструмот „Скопје 2014“, со парите на најсиромашниот народ во Европа. Не смее да се заборави и да се повтори тоа што им се случи на студентите по архитектура кои први го кренаа гласот против ова зло. Не ќе може повеќе да се претепа на смрт младо момче на прагот на животот како Мартин Нешоски, кое дошло на плоштадот да ја слави победата на својата партија. Трагичната судбина на Мартин мора да биде вечна опомена дека е убиен млад човек за ништо и тоа од полицаец, кој бил во обезбедувањето на премиерот Груевски кој бил оддалечен само 50 метри од местото на злосторството.

Не ќе може повеќе политичките противници и новинари кои пишуваат критички да се апсат и судат на долгогодишни казни затвор и драконски парични казни затоа што нешто кажале, или напишале од јавен интерес. Не ќе може илјадници луѓе да бидат проскрибирани и да не можат да го кажат своето мислење, дури ни на телевизијата која ја плаќаат како свој јавен сервис. Не ќе може цели девет години во македонскиот парламент да не биде усвоен ниту еден суштински амандман на опозицијата, да не зборуваме за предлог-закон. Никогаш повеќе не смее да има нерегуларни избори и да се фалсификува волјата на избирачите. Партиските црни пропаганди, корумпирани медиуми и новинари, нарачани суски пресуди и именувања на партиски судии мораат да останат забележани како лошо минато кое треба постојано да не опоменува колку е значајна слободата и демократијата. Враќањето на правата на граѓаните, на владеењето на правото и на демократијата, слобода на зборот и мислата, победа на стравот, е нов почеток и исклучително значајна и здрава работа за сите граѓани. Тогаш доаѓаат новите генерации, кои ќе ги препознаваат брзо сите лажни успеси, подметнувања, ќе ги инсталираат демократските и институционални контролни механизми, ќе ја активираат сржта на парламентаризмот за поделбата на власта и за одговорноста на опозицијата. Тие нови генерации решително ќе се пресметаат со провинцијализмот и примитивизмот. Тоа се основните предуслови кои треба да ги ветат цврсто новите струи во македонското општество во сите политички партии и интелектуални средини. Само со враќање на демократијата се можни и структурни економски реформи и изгледи Македонија повторно да зачекори по европскиот пат и да ја отстрани опасно за своето постоење.

Се разбира, смената на власта и падот на режимот на Груевски не мора да биде автоматски победа на опозицијата. Ако во самата партија ВМРО-ДПМНЕ има сили да се побара одговорност поради тоа што партијата е изложена на столбот на срамот поради масовно кршење на човековите права, ставање под надзор на илјадници граѓани и јавни личности нивно следење и прислушување, а таквото долгогодишно нарушување на безбедноста на земјата со ништо не е спречено или казнето, тогаш, одговорноста на највисокото раководство во државата е неминовна. Само по овој основ што за масовно прислушување ништо не знаеле ни премиерот, ни претседателот на државата, ни министерот за внатрешни работи повлекува експресни оставки од морална природа. Кога не знаеш дека државата со години ти е отворен бит-пазар на домашни, или странски агентури, срамно е да се остане на власт и да се покриваат грешките и злоупотребите со пропаганди за оцрнување на сите кои препознаваат одговорност на највисоките функционери. Сосема друго прашање е за кривичната и политичка одговорност ако снимените материјали се автентични и точни. Досега никој не негираше дека повеќе од четири години се прислушувани илјадници граѓани, а наводно власта ништо не знаела за таква тортура на своите граѓани. Само овој факт е доволен за пад на целиот државен врв. Дури потоа може да се очекува фер и праведно судење од кое Македонија ќе излезе просветлена и вистински лустрирана.

Што се однесува за застрашувањето со тоа дека ако падне Груевски ќе дојде премиер Албанец, ако тоа некогаш се случи на слободни избори, како волја и доверба на мнозинството граѓани, тоа ќе биде најдобрата потврда дека Македонија целосно успеала. Тоа секако овие генерации нема да го доживеат. Преголем е пустошот што го остави политиката во свеста на сите граѓани во Македонија. За утеха оваа болка во разни форми ја има цела Европа.

 

Comments (0)

Tags: , ,

Признавам, ја прислушувам власта

Posted on 11 March 2015 by erizaov

1382967592_wiretapping-laws

Заев станува многу опасен бидејќи јавно им го покажува на граѓаните признанието на власта за нејзините злодела

Јавно признавам дека ја прислушувам власта со години и години. Секој ден ги објавувам јавно моите овластено и неовластено снимени материјали. Многу одамна припаѓам на една мала група поврзана во злосторничко здружение против татковината. Во спрега сме со разни странски и домашни служби и агентури и затоа не’ викаат странски платеници, предавници и непријатели.

Нашата субверзивна цел се слободна и демократска Република Македонија, членка на европското семејство, владеење на правото, фер избори, независни судови и медиуми, чиста човекова околина, откривање и жигосување на злоупотребата на власта, моќта, криминалот и корупцијата…. кажано со три збора; подобар, слободен и поквалитетен живот на сите граѓани. Оваа наша професионална и човечка определба на почетокот на независноста и самостојноста пред 24 години, се чинеше дека не е многу тешка оти сите политички партии, интелектуални и деловни елити, огромното мнозинство граѓани ја имаат истата цел. На сите им беа полни и устите со демократија, слобода, ЕУ, НАТО, со повисок стандард, со правна држава, со независни медиуми и судови, борба против мафијата и криминалот, митито и корупцијата…

И сега е така по две и пол децении, што се однесува до крајната цел, барем навидум ништо не е сменето, никој јавно не се откажал од стратегиските приоритети како ги нарекуваат политичарите во своите ветувања овие најважни цели. По 24 години ниту една приоритетна стратегиска цел на државата Македонија и на нејзините граѓани не е остварена. Верувале или не, не само што не е остварено ништо од големите ветувања и надежи, туку работата е од бетер побетер. Во последните десет години Македонија е многу подалеку од своите фундаментални цели и интереси, отколку што беше пред 15, или 20 или пред 25 години.

Ајде да видиме што откривме сите овие години со нашето прислушување и следење на власта. Дали Македонија стана послободна и подемократска земја. Ако нешто такво треснете, ќе ви се смеат дури и властодршците. Македонија од пристојна демократија на стартот на транзицијата денес е тврд режим, кој е поблиску до деспотија и тиранија отколку до класична диктатура. Ништо не остана од македонската демократија. Дали владее правото и дали живееме во правна држава. Од основните судови, обвинителствата, преку апелационите судови, судските совети, врховниот суд управните судови и Уставниот суд се’ е партизирано. Правдата се дели строго партиски.

Фер избори. Такво нешто не сме виделе. Ако првите биле најдобри досега, со пиштоли и калашникови, со пукотници и ранети, со скршени гласачки кутии и глави, какви ли се последните кои беа ептен мирни со илјадници тазе печатени лични карти по две-три за домашни професионални гласачи и за нашинците од странство сите загрижени патриоти. Слободни медиуми, има ли потреба да се образложува и можна ли е споредба на она што беа македонските медиуми иако помалубројни на почетокот на независноста од ова што е денес во ерата на воена цензура и строго нарачани и контролирани теми, прилози и новинари.

Што е со најважното, подобар живот и повисок стандард. Никогаш не бевме богати, ама некои наши комшии со години ни завидуваа и на слободата и на стандардот. Денес граѓаните на Македонија се најсиромашни и најконтролирани на континентот. Служиме за потсмев и сожалување од тие што не’ есапеа за Американци. Стратегиското членство во ЕУ и во НАТО и битката за името на државата на ова владејачка гарнитура и служи како изговор за намерните скршнува од европскиот пат. По десетгодишна кандидатура никогаш не сме биле подалеку и од ЕУ и од НАТО отколку ова деценија.

Цела една ера, градевме лажни потемкинови села и скапи кич споменици во слава на власта, уривајќи си ја иднината, немилосрдно трошејќи ги парите на најбедниот народ во Европа. Донесовме на престолот средновековен деспот кој ги урна сите демократски институции на парламентарниот систем за кој уставно се определи Македонија. За ова не треба прислушување, туку треба човек да прогледа малку, да ги отфрли партиските пранги и да почне да размислува со своја глава поставувајќи си го најосновното прашање: навистина што е остварено од основите стратегиски цели што ја прават една држава демократска, слободна и просперитетна која им дава подеднакво шанси на сите свои граѓани. Одговорот е поразителен и длабоко разочарувачки. Ништо не е остварено од главните цели.

Па тогаш зошто премиерот Груевски и власта толку се вознемируваат од прислушуваните материјали што ги обелоденува лидерот на опозицијата Зоран Заев кога сето ова се знае. Зошто толку се прогонува и оцрнува Заев, и се нарачува негово линчување. Затоа што Заев станува многу опасен за власта, бидејќи храбро им го покажува на граѓаните признанието на власта за нејзините злодела што може да ги поколеба и најзакоравените верници во ВМРО-ДПМНЕ, а особено мнозинството неутрални и неопределени граѓани. Затоа владините цензори ги кријат од јавноста неговите јавни настапи и им се закануваат на сите што ги објавуваат, гледаат и слушаат. Затоа што тие снимки се веродостојни и повеќе од тоа, се видоа уште поголемите лаги и злоупотреби на власта, отколку што мислевме. Откриени се тешки изборни фалсификати по сопствено признание на власта. Всушност тоа и најмногу го боли Груевски ова не го откриваат противниците на власта, туку нејзините носители. Сами ги открија нарачките на судски пресуди, ги извадија на виделина стравотните притисоци врз медиумите, ги признаа криминалните тендери, ја открија морничавата леснотија на управување со човечките судбини, а најстрашно од се’ е потврдата дека тоа ни го прават неколку луѓе кои ја приграбиле власта само за себе, па немаат доверба ни во најблиските соработници од кои направиле јавно послушни поданици, кои биле цело време во заблуда дека само кришум можат да го кажат своето лично мислење. Сега видовме дека ни тоа не можеле да го направат бидејќи големиот брат се’ слушал.

Comments (0)

Tags: , , , ,

„Албанците за гуша, Циганите за уши“

Posted on 09 March 2015 by erizaov

izbori glasanje

Крајот на режимското владеење со Македонија треба да го означи ВМРО-ДПМНЕ со избор на нова Влада и премиер

Ете, излегоа на виделина големите криминални изборни победи на ВМРО-ДПМНЕ и на лидерот Груевски на сите избори во изминатите без малку 10 години. Тие што веруваа во непобедливоста на вождот, конечно, видоа класичен грабеж и силување на демократијата, бришење на парламентаризмот и на човековото достоинство. Тие што се сомневаа дека изборите се нерегуларни денес не им е ни до слава, ни до некаков триумф што одамна погодија со кого си имаме работа. Тие што не видоа ништо и што и натаму налудничаво проповедаат црнила, светски и домашен заговор, го повикуваат својот народ на војна и на линч, се луѓе со посебни потреби на кој им е неопходна долга рехабилитација.

Арогантната, неодговорна и неморална власт, кршејќи го Уставот и законите од голем број свои граѓани направи бедни страдалници и поданици, слепи послушници и полтрони. Мнозинство граѓани чмаеја со години уплашени за гола егзистенција на своите семејства, молчеа цела една ера кога пред очи им се откраднаа десет години слобода и живот без страв. Во Македонија, веќе нема сомнеж, направени се големи злодела во период од цела една декада во почетокот на 21 век. Медиумскиот мрак и стравот во коски од државата направија казмат и сталинистички гулаг. Кажано само во две-три реченици на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, без да се цитираат цели ужасни фермани, се гледа трагичното уништување на македонската и онака кревката демократија. Нашите властодржци во полициската држава ќе ги фатат Циганите за уши, еден по еден, па ќе ги носат на гласање. А, Албанците во Куманово ќе ги стегнат за гуша да молчат и никој да не излегува на гласање. Човечињата од Пустец идат, гласаат, молчат и кимаат со глава, велат властелините. Сместени се по 40 – 50 луѓе во стан од 40 квадратни метри, обработени да гласаат и да земат по некој грош. Врв на злоупотребата на власта е целосна партизацијата на полицијата. Тоа најилустративно го кажува Јанкулоска кога вели дека МВР е ВМРО, дури и да е на шега – премногу е, а не како сериозно појаснување дека има два изборни штаба, еден кога ќе го посетат странци – регуларен, а друг скришен, за гарантирана победа на изборите.

За граѓаните Роми во целата држава власта направила специјален проект за коруптивна социјална помош само за избори. Човек кога ги чита и слуша овие работи не може да не се потсети на понижувањата и страдањата што им се правени на Ромите за време на Втората светска војна. За жал, нивните прогонства и неправди се присутни и ден-денес во цела Европа. Бедата и сиромаштијата, гетоизацијата ги прават топовско месо на изборите, кога цената на еден ромски глас се сведува на вреќуле брашно, неколку пива и еден ручек што може да се проследи на записите кои ги објавува јавно лидерот на опозицијата Зоран Заев.

Што направија овие нелуѓе од Македонија. Оваа земја не беше ваква. И покрај сите страдања и неправди низ историјата, во Македонија израснаа генерации и генерации кои знаеле да се спротивстават на тортурата и притисоците и да го сочуваат човечкото достоинство. Плејада писатели, поети, уметници, актери, режисери, новинари врвни интелектуалци во најтешките времиња го кревале високо својот глас и јавно и преку своето творештво со вчудовидувачка храброст станале светол пример за идните генерации. Обидите да се компромитираат и мртви, да се прогласат за кодоши и недостојни, да се минимизира нивниот влог и пролеана крв во темелите на татковината е дел од монструозно осмислената политика на дисконтинуитет. Се’ што потсетува на големата антифашистичка епопеја, на првата држава и единствената голема историска победа е подложено на уништување и омаловажување.

Мислам дека нема човек во државата кој деновиве не е засрамен од примитивниот и простачки јазик на кој комуницираат големите водачи на нацијата и постојани победници на сите избори. Политичката и општата некултура е доволна да се избришат од политичката сцена за век и веков, дури ништо друго лошо да не направиле.

Се уверивме со каква омраза се лепат етикети на граѓани како комуњари кои ете овде онде се пројавуваат со информации и свои ставови за притисоците, корупцијата и застрашувањата при изборите. За нив ги слушнавме заканите дека ќе завршат во ендек, други ќе си го видат Господ, трети ќе завршат во затвор, четврти фатени за уши, пети за гуша…. ете тоа е реквиемот на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски и нивниот срамен крај. Агонијата која се’ уште ја приредуваат, објавувајќи војна и застрашувајќи со заговори се веќе прочитана книга од која се палат само дворјаните и царските слуги кои уште пишуваат панагирици, а не знаат дека царот е гол и на заминување.

Крајот на ова несреќно режимско владеење со Македонија треба да го означи ВМРО-ДПМНЕ и луѓето кои се вистински патриоти и демократи. Нов премиер и нова Влада која ќе ја состави новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот и најбезболниот излез од големата политичка криза во која западна државата. Враќањето на европскиот пат, на демократијата и на слободата е правилната насока за збогување со режимот и со ерата на Груевски. Ова што овие девет години и’ се случуваше на Македонија со немилосрдно трошење пари на граѓаните, повеќе од 20 милијарди евра за слава на властодржците, пари на најосиромашениот народ во Европа, никогаш повеќе не смее да се повтори.

 

Comments (0)

Tags: , , ,

Сите се во голема љубов

Posted on 04 March 2015 by erizaov

zoca

Вакви изливи на голема љубов не можат да се видат и чујат ни во најлирска романса како што деновиве вмровскиот врв им изјавува на главните јунаци на политичко- шпионскиот трилер „Пуч во Македонија“. Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска, главните автентични актери на документарецот, клучните министри во Владата и најблиските соработници на премиерот Груевски од сите страни се опсипани со такво внимание и снисходливост, со такво јавно лигавење што ова досега невидено лицемерство предизвикува гадење и тера на повраќање не само на обожаваните министри, туку и на целата јавност, се разбира онаа која се’ уште размислува со своја глава.

Снимените дијалози на Ставрески и на Јанкулоска за забеганиот премиер и лудачкиот начин на трошење на парите на граѓаните за чоколади кога тие немаат леб и кога им се повраќа на седниците на Владата, се пожестоки од оние на најтврдите критичари. Овие сознанија од прва рака на најнадлежните министри дека државата не функционира кај поданиците, се дочекани со одушевување и таква слаткоречивост на која може да позавидат и Барон Минхаузен и најголемиот светски жив циник. За многу поблаги критики изречени јавно во Македонија, стотици луѓе се прогласени за предавници, непријатели, кодоши, странски платеници, изроди…. за нив се бара јавен линч од перјаниците на власта кои крстосуваат низ Македонија да ја дигнат меѓусебната омраза меѓу граѓаните до точка на вриење за спасувањето на Груевски да го прикажат како државен и национален интерес. А кога тоа многу повердостојно го кажуваат непосредните учесници во работата на Владата во меѓусебни разговори Ставрески и Јанкуловска, двајца врвни креатори на владините политики, министри за финансии и за внатрешни работи, кои ги имаат сите информации, освен дека се прислушувани, тие станаа омилени херои кои сега Груевски преку алармантни предупредувања до целото членство ги чува како малку вода во пустина. Никаква критика, ништо навредливо или некакво префрлување не смее да има кон Ставрески и Јанкулоска. Се разбира само уште еден извесен период.

Од каде сега ваква толеранција кон предавниците, незамислива за Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Одговорот е многу видлив и едноставен – ако кој било од нив Ставрески или Јанкулоска, или, не дај Боже, двајцата поднесат оставки, паѓа целата кула од лаги и лицемерство, се потврдува погрешната политиката на изградба на Потемкинови села и безобѕирно задолжување на граѓаните на Македонија во слава и чест на вождот. Затоа не смее да се случи некому од нив да му фали влакно од главата. Напротив, ќе бидат величани до небото додека трае опасноста за пад на Владата. После ќе видиме како ќе одат работите. Раката на ВМРО-ДПМНЕ е долга, особено кон предавниците од своите редови.

Го слушнавте ли оној симпатичен министер со бебешко лице, Јанакиески, кого Ставрески не може да го смисли, како гордо кажува дека тие се исто семејство, дека Ставрески му е како брат и дека тој му е многу добар соработник. Не сум знаел дека ова детуле има толкава моќ што вицепремиерот му бил соработник, од кој Јанакиески е прилично задоволен.

Ги гледам еден до друг, премиерот Груевски и неговиот заменик Ставрески, како двајцата гледаат накај новите товарни вагони, еден од најголемите успеси на Владата, бидејќи никогаш досега наеднаш во една тура не биле купени толку вагони во Македонија. Дали ми се виде дека од ветерот им влегла малку прашина во очите, па изгледаше дека од преголема меѓусебна љубов и почит ќе заплачат од среќа. Да ви кажам и мене ми дојде една солза-радосница бидејќи по отворањето на Пандорината кутија на Заев открив дека за многу прашања со Ставрески и со Јанкулоска сум имал ептен близок, би рекол идентичен став. Разликата е само во тоа што тие се најблиски соработници на Груевски, малку се поостри во оценките, а јас сум еден од оние што треба да завршат под бетонската плоча подготвена од новите вмровски првоборци и бранители на татковината.

Се осмелувам да ја прогнозирам политичката судбина на министрите Ставрески и Јанкулоска. Тие ќе бидат заштитени само додека Никола Груевски не се стабилизира. Потоа ќе бидат отстранети од сите функции во Владата и во партијата, а по потреба ќе бидат и јавно жигосани како предавници. Ако Груевски не успее да ја одбегне одговорноста за најмасовно прислушување во историјата на Македонија и за инсталирањето на режим и недемократски коруптивен систем, тогаш и Ставрески и Јанкулоска ќе ја делат истата судбина со нивниот шеф, кого гледаме не баш го сакале и се согласувале со него. Само достоинствено поднесување на оставки поради интересите на Македонија и поради евидентната недоверба во нив од страна на Груевски може да ги спаси да заминат од политичката сцена со бел образ.

 

Comments (0)

Tags: , ,

Кризата станува алармантна

Posted on 03 March 2015 by erizaov

vlada

Крајно загрижувачки повици доаѓаат од Европа за состојбите во Македонија

Со демаскирање на начинот на кој владее Никола Груевски, политичката криза во земјата станува се’ подраматична. Загриженоста на официјален Брисел е алармантна. Тоа што се случува во нашата држава е предмет на расправа зад затворени врати на Комисијата за надворешна политика во германскиот парламент. Да се разгледува специјален Извештај за Македонија во Бундестагот, доволно кажува до каде сме стигнале. Пораките што доаѓаат од ЕУ и од разни нејзини институции и од познати политичари и државници, меѓу кои повеќе осведочени и докажани пријатели на Македонија се крајно загрижувачки со барања итно да и’ се помогне на нашата држава да се врати демократското владеење, да се одблокираат од притисоците домашните институции на системот, да се ослободат медиумите од цензура и да се применува парламентарната поделба на власта. Загрозена е сржта на парламентаризмот и стабилноста на земјата со разни воинствени апели и повици за мобилизација на граѓаните, за збивање на редовите во борба со политичките противници.

Перјаниците на власта, кои со денови крстарат низ земјата, повикуваат на отстрел на сите кои бараат да се вратат демократските процеси и слободи, да бидат заштитени човековите права. Вџашувачка е примитивноста и простаклакот на оваа хорда од поданици која оди од град во град, плашејќи ги луѓето од заговори, предавства, продажба на името, на идентитетот, откриваат опасност од граѓанска војна и меѓуетнички судири. Работите стигнаа до таму што овие извршители кои високо котираат лично кај премиерот Груевски повикуваат на убиства и јавно линчување на сите што не ги прифаќаат повиците за наводно спасување на државата од опозицијата, од Зоран Заев, од луѓето кои критички ги опсервираат злоупотребите на власта. Сите кои ги осудуваат ваквите поделби и бараат отчет од премиерот за она што можат деновиве да го слушнат од снимените прислушувања на јавните личности, автоматски се прогласени за непријатели.

Европа и еден помал дел од јавноста во Македонија, која може да ја совлада најжестоката медиумската блокада во изминатите 40 години, ги дознава работите преку интернет и од малкуте преостанати слободни медиуми во замјата. Поголемиот дел од јавноста е изолирана во темен вилает преку строго контролираните медиуми и агресивни 24-часовни пропаганди. Мнозинството граѓани на Македонија се’ уште не можат да ги слушнат автентичните снимки од повеќегодишното непречено прислушување на илјадници: политичари, новинари, судии, деловни луѓе, уметници академици, црковни великодстојници, амбасадори…. кои ги презентира на конференции за печат лидерот на опозицијата Зоран Заев. Голем број граѓани во земјата се’ уште не можат да видат и слушнат како се управува со земјата со полициски методи, со закани, со прислушувања и со надзор на илјадници јавни личности, како луѓето се застрашуваат со нарачани апсења и судски пресуди, како се сменуваат за еден час урбанистички планови, како судиите се отстрануваат од увид , како се задолжува државата преку телефон со стотици милиони евра, како новинар бара пресуди на Апелациски суд, како немилосрдно се трошат парите на граѓаните за некој да се чувствува подобро и пославно, да изигрува цар или крал. Сите овие работи и досега можеа да се видат и прочитаат од странските платеници и домашни предавници, но сега тоа го потврдуваат најблиските соработници на премиерот кои изразуваат огорченост од начинот на кој владее Груевски. Се оди дотаму што министрите на клучните ресори се прашуваат дали премиерот е забеган, бара чоколади кога нема за леб, купува стотици скапи слики во оваа сиромаштија, беда и беспарица. Првите министри до премиерот им дошло преку глава па се прашуваат дали се лудаци што го трпат сето тоа. Кумот вели за својот кумашин ми дојде да го удрам со телефонот по глава. Ставревски му е кум на Груевски. „Кум није дугме“, велат Србите, така е и кај нас. Нели?

Премиерот Никола Груевски сето ова се обидува да го минимизира глумејќи нормалност во земјата. По неговиот повик за борба, партиските штабови се полнат со активисти кои се подготвуваат за митинзи и протести против непријателите на народот и државата, а премиерот демек си работи 24/7, носи секој ден нови инвеститори кои ќе градат фабрики за илјадници вработени, нови рудници, патишта, секој саат се удираат камен-темелници, се отвораат селски чешми, се враќаат долговите на ММФ пред време, се закажуваат средби на кое било ниво во странство за да се игнорира изолацијата. Главните комерцијални телевизии под силна контрола и припадност на владата и јавниот сервис МРТ ги игнорираат сите вести од јавен интерес на граѓаните кои се неповолни за власта. Таму не може да се појави ниту еден критичар на Владата и нејзините политики, ич да не зборуваме за некој лидер на опозициските партии. Цензурата е како во воени услови. Не може ни пиле да прелета на екранот ако не пее за ВМРО-ДПМНЕ, како што велеше еден видовит пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од првиот состав во Парламентот: ќе дојде ден кога и врапчињата на гранките ќе џивкаат ВМРО-ДПМНЕ; ВМРО-ДПМНЕ…. Галиба дојде тој ден кога преку медиумите на власта друго и не може да се слушне.

Нема друг начин Македонија сама да тргне по патот на слободата, демократијата, прогресот и кон Европа од оставки на премиерот и претседателот на државата, клучните министри и одговорните луѓе во ресорите за безбедност на државата. Што побрзо тоа се направи, тоа подобро за Македонија и за нејзините граѓани.

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

July 2017
M T W T F S S
« Jun    
 12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31