Tag Archive | "Пржино"

Tags:

Кој рече избори

Posted on 25 August 2016 by erizaov

EC42ABD6E5E635418ED769A074741FD6

Се наближува 31 август кога четворицата лидери на најголемите политички партии треба да седнат на заедничка маса и да потврдат, или да одречат дека се исполнети сите предуслови за слободни избори кои би се одржале годинава во декември. Ако денес една недела пред истекот на рокот се погледаат фактите дали има, или нема подготвен мегдан за фер натпревар со чесни судии, одговорот е поразителен. Освен половични и прилично сомнителни решенија преземени за обврските од последниот договор, кој четирите партии го склучија на 26 јули, ништо не е завршено на задоволство на потписниците на договорот.

Тешко е да се верува дека во наредните 6-7 дена ќе се случи нешто сензационално што сите партиски лидери ќе го прифатат едногласно, па и со доза на толеранција и компромис за некои помали пропусти. Се работи за сериозни дефекти кои не гарантираат регуларни избори. Напротив. До 31 август денешната пат-ситуација најверојатно ќе остане неразрешена бидејќи нема ниту најава за такво нешто, ниту некој подготвува амбиент во јавноста за подеднакво разбирање на она што е веќе договорено.

Ако лидерот на опозицијата Зоран Заев навистина сака да оди на избори во декември како што најавува, тогаш или има силен адут во џебот, или ќе голтне една голема крастава жаба. Не знам каков џокер има Заев, но знам дека адутите во натпревар со ајдутите не вредат ништо. Од друга страна, Никола Груевски лежерно изјавува дека ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвена за избори кога ќе посака опозицијата. Човекот со месеци веќе ја извршува функцијата премиер иако тоа не е, што е непознат случај во политиката. Кога делиш народни пари и даваш изјави во медиумите си премиер, а кога треба да се соочиш со последиците од своите промашувања, не си. Избори во декември за Груевски се враќање од отпишаните и признавање на неговиот легитимитет. Сепак, имам впечаток дека Груевски повеќе посакува предвремените парламентарни избори да се одржат во март идната година заедно со локалните. Тајните партиски анализи на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека спласнуваат тензиите од прислушуваните разговори со престанокот на нивното објавување во медиумите. Единствена опасност за Груевски во моментот е Специјалното обвинителство врз кое се врши силен медиумски и институционален притисок да се спречат истрагата и обезбедувањето докази и сведоци во повеќе отворени предмети со основано сомневање за драстични кршења на законите.

Али Ахмети останува на линијата на Груевски, од таа симбиоза нема ни милиметар отстапување. Мендух Тачи е доследен на доктрината дека тој и ДПА се опозиција на Али Ахмети и на ДУИ. Двете албански најголеми партии упорно ја отфрлаат шансата да дадат историски придонес за демократизација на Македонија и за збогување со режимот на Груевски.

Да видиме што потпишаа четирите партии пред еден месец и што е остварено до денес. Резултатот е дека околу 30 илјади граѓани според договорот останаа без право на глас. Но, никој не знае колку од тие луѓе навистина се онеправдани со одземање на елементарното демократско право на избор, а колку се вметнати во тие списоци како фантоми кои редовно си гласаат на повеќе места. Дали до 31 август некој ќе провери колкумина од тие 30.000 граѓани постојат и во колку списоци ги има и на колку адреси живеат. Во договорот стои дека лицата кои не се идентификувале нема да бидат дел од избирачкиот список, но ќе имаат дополнителна можност да се регистрираат во ДИК за време на јавната проверка на списокот во пресрет на изборите. Исто така, договорот предвидува можност три или повеќе членови на ДИК да побараат дополнителна проверка за секое име. Во таква ситуација, членовите на ДИК можат да побараат граѓанинот да дојде лично доколку е во земјата, или да се јави преку видеофреквенција доколку е надвор од земјата. Овие проверки можат да траат 10 дена по истекот на пропишаниот рок. И ајде сега оди верувај дека тоа што не можело да се провери со години ќе се провери по истек на рокот за само десет дена. Ова е надвор од здравиот разум.

Според договорот, Агенцијата за медиуми формира таканаречено ад хок тело од пет новинари, по двајца по предлог на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ и еден специјалец Албанец кои ќе го надгледуваат спроведувањето на Изборниот законик, од страна на медиумите. Погодете од два пати како ќе одлучуваат овие четворица колеги дали ќе застапуваат професионални ставови, или партиски. Јас сакам да верувам дека ќе се определат за професијата, ама не е за верување. Би бил пријатно изненаден доколку навистина бидам демантиран. Подготвен сум да се извинам јавно доколку колегите си ја завршат чесно работата. Поблиску ми е помислата дека уште при избор на петтиот член ќе се скараат бидејќи тоа е човекот кој со својот глас ќе превагнува на едната, или на другата страна. Конечно вината не е ни до членовите на ад хок телото, туку до десетгодишната драматична партизација и строга партиска контрола на медиумите. Во таков амбиент не може да се врати професионализмот со набљудување, прегласување и смешни казни.

Во договорот е предвидено да се назначи главен уредник на МРТВ по предлог на опозицијата. Од експонентите на власта веднаш стаса абер дека таквиот главен уредник на информативната програма нема никакви надлежности нешто или некого да менува и да остварува професионaлен концепт на програмите на МРТВ. Предизборната влада 100 дена ќе биде во иста ситуација како и главниот уредник на МРТВ.

Специјалното обвинителство ја доби поддршката на четирите политички партии да работи непречено. Секој ден го гледаме резултатот од таквата поддршка како со сите сили се спречуваат истрагата и правдата.

Ова се условите за слободни избори една недела пред да ги прифатат, или одбијат политичките партии. Кој рече дека ќе има избори во декември.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Договор куќа гради, ама и разградува

Posted on 22 July 2016 by erizaov

bejli przino

Гледам, читам, слушам… како многумина со олеснување го дочекаа договорот меѓу власта и опозицијата за излез од кризата. Повторно се подгреани надежите дека конечно ќе превладее разумот и Македонија ќе тргне кон правилна насока. Убаво звучи овие два дена она што ни го соопштуваат главните актери во договарањето, и она што го кажува американскиот амбасадор Бејли, честитките од Брисел и од Јоханес Хан, комесарот за проширување на ЕУ. Многу сакам и јас да верувам во тоа, ама не можам како и мнозинството граѓани без оглед на нивната граѓанска, политичка и партиска припадност. Убеден сум во тоа бидејќи сите овие години има премногу аргументи и лоши искуства во договорите меѓу главните партиски актери кои завршија како палома-хартија. Сите што се прелажани повеќе пати велат и да видам, не верувам. Друга пак народна мудрост вели дека кога еднаш ќе те излаже некој тој е виновен, кога втор пат ќе те излаже, ти си виновен. Народниот гениј не кажал што да мисли човек кога некој сто пати те лаже за истата работа, а ти му веруваш.

Од она се’ што е договорено најмногу ми се допадна делот кај што се вели дека до 31 август партиските лидери треба да одлучат што од тоа што е договорено е остварено и дали се исполнети условите за да може со заедничка согласност и со потпис на сите лидери да се утврди датумот на избори. Барем јас така разбрав, ако не грешам душа. Е, ова почитувани читатели кога ќе дојде денот да се одлучи што е остварено, ќе се констатираат две работи: власта ќе каже триумфално дека се’ што е договорено е остварено, а опозицијата ќе тврди дека ништо не е остварено. Меѓународната заедница прво ќе крева рамена и ќе ја изразува својата разочараност, па ќе уследат предлози за нови преговори итн., итн. Полемиките за тоа кој бега од избори, кој дејствува деструктивно, кој е виновникот за кризата, кој краде и кој лаже, кој е предавник и непријател нема да престанат ниту еден миг. Тврдам со сиот ризик да грешам, дека кризата е толку длабока што воопшто не е можен договор меѓу сегашните лидери на политичките партии.

Еве ги местата кај што ќе има сериозни судири. Прво да тргнеме од избирачкиот список што беше рак-рана за организирање слободни избори и главен сомнеж за големите местенки што ги слушнавме и од прислушуваните разговори. Демек работата била многу едноставна, до денес додека го читате овој текст веќе треба да се стасани до Собранието амандмани на Изборниот законик кои треба да го содржат она што е веќе договорено. А тоа што е веќе договорено за избирачките списоци, читајте го внимателно во денешниот број на „Утрински“ и ако нешто разберете, пишете ми. Бидете внимателни, сега тоа што ви изгледа сосема јасно за едниот избирачки список од 171.500 гласови со неспорно право на глас и на другиот избирачки список од 39.502 лица со неспорно право на глас, ако се идентификуваат, многу брзо ќе стане предмет на сериозен судир. Ќе речете ако била толку едноставна работата, што не била веднаш разрешена. Така е, во право сте, да почекаме неколку дена додека не излезе ѓаволот од избирачките списоци, па ќе слушнеме нови врисоци.

Договорот за објективно и балансирано медиумско известување е невозможна мисија. Толку е загадена и затруена медиумската сфера што без отстранување на клиентите од јавните гласила не е можно ни елементарно информирање на граѓаните без навиваштво, груби клевети и дезинформации. Со истите главни уредници и уредници во гласилата под контрола на власта не е можен ни чекор напред, па макар уште стопати се изменил законот, или биле прифатени сите амандмани на опозицијата. Можат да се постават ад-хок тела со сите членови на граѓанскиот сектор и на опозицијата кои ќе ги надгледуваат медиумите, бадијала е. Зависноста е дојдена до таму што овие посматрачки тимови во најдобар случај можат да имаат одлични извештаи за пристрасноста и за нашите новинарски црнила, и толку. Никој за тоа нема ни да поцрвени. Казните што ќе бидат платени, ако бидат платени, ќе бидат вратени според старата позната шема. Во Македонија малкуте медиуми што известуваат балансирано одамна се анатемисани и прогласени за непријатели и предавници. Но тие што се во скутот на власта и добиваат по три кафени лажички секој ден за појадок, ручек и вечера остануваат таму кај што се, до промена и доаѓање на следната власт кога ќе го сменат само скутот.

Еве на што ќе се препнат партиите, а ние можеме со доза на горчина и да се насмееме. Во договорот стои дека во консултација со другите партии, најголемата опозициска партија ќе номинира главен уредник на информативната редакција на јавниот сервис МРТВ од експертите од ова подрачје. Леле мајко, ќе се консултираат партите кој медиумски експерт може да биде главен уредник на информативната програма на МРТВ. Штом партиите ќе утврдуваат кој експерт може да биде главен уредник, тури му пепел. Па од такви партиски уредници МРТВ стана она што е. Замислете тој главен уредник да им достави програма под кои услови прифаќа 100 дена да го плукаат од сите страни изложен на столбот на срамот, ако сака професионално да си ја врши работата.

За формирање на предизборната влада и за датумот на избори како што пишува во договорот, доколку изборите се одржат во 2016 година, нема да коментирам ништо. Мислам дека во таа дружина и во таа унакажана зграда не би влегол разумен човек ни како посетител. Ајде да видиме што друго ќе сработат за сто дена двајцата министри на опозицијата речиси без ингеренции, освен легализација на тоа злосторничко здружение.

Најзначаен дел од договорот за мене е каква ќе биде судбината на специјалниот јавен обвинител и Специјалното јавно обвинителство каде што треба да се случи разрешницата на кризата. И гледај сега каде е јадецот. Во случај Уставниот суд да одлучи дека дел од Законот, или целиот закон за Специјалното обвинителство е неуставен, четирите политички партии ќе се заложат за усогласување на законот со одлуката на судот и повторно воспоставување на Специјалното обвинителство во рок од пет дена. Ефикасноста, делокругот и целите на Специјалното јавно обвинителство треба да бидат задржани. Четирите партии го повикуваат Уставниот суд да одлучи за Законот за Специјално обвинителство, најбрзо што може, ако може идната седница. Бре, бре, каков циркус. Има ли некој наивен во оваа држава што не знае дека Уставниот суд одлучува по партиската директива на ВМРО-ДПМНЕ, со обезбедено прегласување на 5 : 4 од кои само четворица се уставни судии, а другите партиски војници на ВМРО-ДПМНЕ.

И сега што мислите, дали воопшто е можно да се најде излез од кризата ако главната причина за загроза на македонското општество не е отстранета. Како ќе се оди на избори ако треба да гласаме за луѓе кои се осомничени за злосторничко здружување за нерегуларни избори, за организиран криминал и за корупција, за подземна пресметка со политички противници, за воведување на цензура и контрола на медиумите, за злоупотреба на власта и својата положба и за десетици други тешки кривични дела. Без судска разврска на сите овие предмети, во Македонија не се можни слободни избори, ниту излез од кризата. Со компромитирани политичари не се оди на фер натпревар.

Многу бргу ќе се види дека од договорот до 31 август нема да остане ништо. Тоа може да биде и добра вест.

Мојот договор би имал само еден член и би гласел: по сто дена од пресудите во сите судски инстанци по предметите на Специјалното обвинителство ќе се одржат избори. Дотогаш финансиското работење на Владата и арчењето на буџетските пари ќе ги контролираат меѓународен монетарен борд.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

Пропаднаа ли преговорите

Posted on 18 January 2016 by erizaov

han

Кој ќе биде виновен ако пропаднат преговорите за реализација на договорот од Пржино. Тоа може лесно да се открие ако се прифати вистината дека за излезот од кризата преговараа и договараа само две страни: власта и опозицијата. Четирите политички партии само ги претставуваа двете страни. Едната која постојано победува на избори во изминатите десет години не дава доволно ни време, ни гаранции дека до 24 април ќе се отстранат сите пречки за слободни избори што ги предвидува договорот од Пржино. Другата страна, опозицијата, е категорична додека не се создадат предуслови за беспрекорно чисти и веродостојни избори не сака да чуе да оди на нерамноправно одмерување на силите. Досегашните победи на власта се со сериозни сомнежи за злоупотреба на институциите на системот, особено на МВР за што се поднесени кривични пријави во кои има основани индиции дека имало големи нерегуларности и фалсификати на претходните избори. Изборните неправилности се првиот предмет за обработка на Специјалното обвинителство. Тука треба да се бара причината зошто на власта и’ се брза во што е можно покус рок да се одржат изборите и да се оди на истата добитна комбинација како и досега.

Режимот на Никола Груевски според пропагандата на провладините медиуми изгледа доби поддршка од Брисел, да не дојде до разрешување на длабоката политичка, економска, морална и духовна криза во која Македонија тоне се’ подлабоко и е на пат кон исчезнување. Еврокомесарот Јоханес Хан е прикажан на телевизиите во Македонија дека ја прифатил лажната претстава како вистина дека за одржувањето на изборите на 24 април 2016 година стојат три политички партии, а само една е против, што се толкува како доволна гаранција за слободни избори. Потисната е вистината дека во суштина има само две страни, власта и опозицијата. Партијата ДПА на Мендух Тачи е недефинирана дали е со власта или е и опозициска бидејќи нејзиниот лидер Тачи јавно прокламираше лојалност кон ВМРО-ДПМНЕ и Груевски до смрт, а опозициска активност практикува само кон Али Ахмети и ДУИ. Само еден ден пред завршните преговори Мендух Тачи изјави дека не доаѓа предвид да се оди на избори на 24 април ако нема гаранции дека ќе бидат слободни и фер. Изгледа Тачи под гаранции подразбира нешто друго, нешто што овозможува експресно да го смени мислењето и да прифати дека најновата понуда е фер и прифатлива.

На власта и нејзините коалициски партнери се приклучи и претседателот на ДИК со своја гаранција дека ќе нема пречки за слободни избори и дека до 24 април ќе бидат исчистени избирачките списоци од мртви души и гласачи кои редовно гласаат на по неколку места. Според соопштенијата во јавноста кои постојано се повторуваат и ОБСЕ ги прифатило гаранциите дадени за фер избори од трите партии и од ДИК, со што се принудува целата опозиција да го прифати предлогот на власта без целосно остварување на договорот од Пржино. Дополнителните појаснувања што доаѓаат од кабинетот на Хан не се доволно прецизни за да се разберат како деманти на она што власта го претставува во Македонија.

Многу брзо ќе се увериме дали тоа значи дека Запад ја постигна целта со тоа што го ослаби и го направи послушен Груевски, а за возврат се определи да го поддржува уште извесен период авторитарниот и коруптивен систем инсталиран во Македонија со задушени институиции на системот и заробени медиуми. Ако навистина е синхронизиран овој став меѓу ЕУ и Америка да се даде поддршка на режимнот на Груевски, тоа набргу ќе се види по усогласените изјави и пораки дека нема пречки да се оди на избори на 24 април. Што ќе испорача Груевски за тоа и по која цена не ќе може да се сокрие. Прашање е само дали јавноста во Македонија ќе има можности нешто од тоа да спречи. Или работава ќе биде доцна, е синко резето падна.

Прифаќањето на датумот за избори како поголем приоритет и позначајно од тоа какви ќе бидат изборите по цена да се продолжи векот на еден недемократски и авторитарен политички систем и натаму да трае злоупотребата на власта со сериозно масовно нарушување на човековите порава без да се почека судска и правна разврска на кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори ќе биде следниот наш домашен срам, но и голема срамота за ЕУ и големите сили кои подржуваат недемократски системи. Очигледно срамот и образот во политиката малку значат, ама уште посрамно е што малку значат и за јавноста.

Каква разврска е можна понатаму. Ако се во прашање само лични мотиви на Јоханес Хан да не ја препознава лагата дека не се четири страни во преговорите туку само две, власта и опозицијата, тогаш реакциите на повисоките инстанци од Брисел и од Америка ќе мора да ги уважат реалностите, за Груевски пак да ја покаже својата послушност и да прифати ноторен факт дека поважни се квалитетот и веродостојноста на изборите од датумот кога ќе се одржат. Истото тоа му го кажал и потпретседателот на Америка, Џо Бајден, судејќи по соопштението од средбата. Во спротивно, постојат две насоки од кои ниту едната не ја разрешува кризата, туку само ја продлабочува. Да се одржат избори на 24 април без учество на опозицијата, или како ништо да не се случило, да продолжи мандатот на Груевски до 2018 година кога се редовните избори. Не знае човек што е полошо.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Мацедонише цуштенде и во 21 век

Posted on 09 November 2015 by erizaov

kolaz_przino

Повторно трагично се уверивме што ти е балкански инает, примитивизам, провинционализам, патолошки страв да не се изгуби власта. Овој пат длабоко во втората декада на 21 век и овие нови интернет-генерации, како и нивните претходници пред сто години, видоа одблизу колку било оправдано навредливото „мацедонише цуштенде“, заплеткани балкански состојби, кое се’ уште ни се повторува како историска фарса бидејќи со векови има многу следбеници на овие простори секогаш подготвени да направат таква папазјанија чии состојки никој не може да ги открие.

Со месеци не’ малтретираа неколку злоупотребувачи на власта и самобендисани чаламџии, умислени месии кои ја спасуваат секој ден Македонија, не’ вадеа од памет, ни ги искинаа нервите, си играа дрн дупка со иднината на државата и сите граѓани, изигруваа тврди, непопустливи преговарачи и на крај сите си легнаа кротко на брашно. Без да си подадат рака застанаа секој пред својот микрофон да ни соопштат колку се задоволни од договореното. Ако сите се толку задоволни, тогаш зошто владините апологети жестоко ја сатанизираат Европската унија и Америка. Ви текнува, нели, дека тоа кажува само по себе кој е задоволен, а кој се преправа дека е задоволен.

Одеднаш испадна дека ништо не било значајно за премиерот Никола Груевски во преговорите. Била важна само една единствена точка да се бетонира датумот на вонредните избори на 24 април 2016 година. Тоа било неговата главна стратегија. Затоа сега е многу среќен оти се’ друго било лук и вода и политички маневри за да се збуни непријателот.

За Зоран Заев, лидерот на опозицијата,чија битка против злоупотребата на власта и ослободување на институциите на системот почна со „бомбите“ од прислушуваните разговори, најважно било враќање на демократијата кое не е можно со освојување министерски места на зелена маса, туку со победа на избори и конечен пораз на политиките на Груевски. Министерските места биле само за контрола да нема злоупотреби на изборите. Таа контрола ќе оди многу тешко бидејќи главната работа е завршена за клиентелистички и коруптивни избори како и сите досега во изминатите девет години. Договорен е нов заем од 500 милиони евра, пари што ќе ги троши Груевски иако нема да биде премиер до избори, а можеби и по изборите.

И Али Ахмети е задоволен од потпишувањето на Договорот и, како што вели, разрешницата на политичката криза ќе биде на фер и слободни предвремени парламентарни избори. Мендух Тачи лично не кажа ништо. Го пушти својот гласник да искаже незадоволство од договорот. Големо задоволство за прифаќање на договорот изразија и ЕУ, американскиот Стејт департмент и странските учесници во преговорите.

И сега кој е победник, кој е поразен, огорчен, лут, уплашен и видливо разочаран ако сите се задоволни од постигнатиот договор. Провладините медиуми и апологети врескаат хистерично на цел глас сатанизирајќи ја ЕУ и Америка. Владините фанфари прават вести самите од себе. Новинарски послушници даваат изјави за големиот заговор на Запад против Македонија и потоа самите се цитираат на насловните страници и ударни вести. Не’ плашат секој ден дека Америка и ЕУ се најголемата опасност за слободата и демократијата во Македонија, за падот на власта и за дестабилизација на земјата. Овој владин оркестар погрешно свири. Диригентот диригира ода на радоста, а оркестарот по ноти развлекува реквием, тажна симфонија. Диригентот го фали грандиозното дело – договорот од Пржино, а оркестарот свири тажалки.

Испаѓа работата дека Груевски со големо задоволство лесно и спокојно ги жртвуваше своите најблиски соработници, министрите Јанкуловска и Јанакиески и шефот на тајната полиција братучедот Мијалков. Од голем ќеф Груевски прифати три месеци пред избори да се повлече од премиерската функција, со задоволство прифати нови изборни правила, а ептен со уживање прифати и специјално обвинителство, и Закон и обвинител кој со цел тим ќе ги гони кривичните дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Груевски одушевено прифати нови правила за пратенички места од дијаспората, прифати се’ што мораше да прифати. Наеднаш стана многу толерантен и кооперативен.

Зошто му беа потребни на Груевски 20 дена пролонгирање на преговорите, по цена да го држи и Јоханес Хан буден до сабајле на тактички преговори. Во овие 20 дена турбо се работеше на обезбедување ново задолжување од 500 милиони евра. Груевски не почнува изборна кампања ако нема релаксиран предизборен буџет со свежи 200 до 300 милиони евра. Овој пат му требале нешто повеќе, околу 500 милиони и, најверојатно, ќе ги добие божем за гасификација, но и за други буџетски потреби. Е, тие други потреби се избори. Ваквите коруптивни буџети на сметка на граѓаните се главниот адут и најголемата злоупотреба на власта. Ако тоа не се спречи со строга контрола во Министерството за финансии, и овие избори ќе поминат мирно и без насилство, со малку неправилности и со многу пари.

Ако за Груевски се најстратегиски изборите, тие мора да бидат најзначајни и за опозицијата и за сите граѓани на Македонија. Покрај силни гаранции за слободни избори, вториот голем адут на граѓаните на Македонија е специјалното обвинителство и Законот за гонење кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Ако ова обвинителство успее да испорача до судот обвинителен акт со несоборливи докази кои произлегуваат од она што го слушаше со месеци цела Македонија, тогаш седнувањето на клучните актери од снимените разговори на обвинителна клупа во судот ќе биде најголемата придобивка од договорот во Пржино.

(објавено во Утрински)

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2017
M T W T F S S
« Oct    
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930