Tag Archive | "премиер"

Tags:

Еден ден сè ќе се дознае

Posted on 16 December 2015 by erizaov

gruevski anketna

Ете и тоа се случи. Премиерот Никола Груевски сведочеше во Собранието на Македонија пред Анкетната комисија. Одговараше повеќе од два часа на прашањата на членовите на Комисијата во врска со скандалот „прислушување“и „бомбите“ на Заев. Груевски замина од зградата на парламентот, видливо трудејќи се да остави впечаток на добро расположен студент после положен испит, оти одговорил на сите прашања, дури и повеќе, бидејќи прашањата се истрошиле и немало што повеќе да одговори. И толку. Така сите дознавме дека тоа било страшното испрашување за моралната одговорност за незаконското прислушување на илјадници граѓани.

Сослушувањето на крунскиот сведок помина зад затворени врати во најголема тајност. Таков бил договорот ако сведокот побара исклучување на јавноста, мора да се почитува неговата желба. Еве тоа е целата игранка околу сведоштвото на премиерот, а галиба, така ќе биде и со најголемиот број сведоци и главни актери во најголемата афера на прислушување на илјадници јавни личности, а особено на следењето на комуникациите на самиот премиер и неговите најблиски соработници, министри и шефот на тајната полиција.

Морам да бидам искрен, мислев дека ако Груевски воопшто се појави пред Анкетната комисија дека ќе распали храбро како Касиус Клеј, кој нема што да крие од својот народ со кој му е полна устата деновиве. Си реков, Груевски добро подготвен ќе мора да демонстрира одважност и самиот да бара јавно сослушување со директен пренос за да види целата јавност дека тој е подготвен да докаже не само пред Анкетната комисија, туку и пред Специјалното јавно обвинителство и на суд дека разговорите што сите ги слушнавме се креирани, сечени и лепени и дека се работи за обид за пуч со измислени и монтирани разговори прислушувани од странски разузнавачки служби, како што кажа повеќе пати јавно пред и по експлозиите на бомбите. Но, ништо од тоа не дознавме и не видовме поради тоа што Груевски се скри. Сега останува само да претпоставуваме кои се мотивите што премиерот сакаше тајно сведочење, односно да одговори на прашањата зад затворени врати.

Прво тој самиот навести еден од неговите мотиви за исклучување на јавноста е дека сакал да сведочи во мирна атмосфера за опозицијата да не конструира кризна ситуација. Не знам дали притоа премиерот мислел дека во Македонија нема криза, па сега сака некој да ја конструира, или веројатно мислел дека опозицијата сака да ја продлабочи постојната криза за која Груевски до вчера тврдеше секој ден дека постои и дека е производ на опозицијата во спреги со домашни непријатели, финансирани од странски служби и фондации.

Второ, можеби премиерот сакал да одбегне издавање на некои државни тајни со јавно соопштување на некои чувствителни информации кои можат да нанесат штета на државата во односите со некои земји. Факт кој треба да се респектира. Но, веќе од дадените одговори кои се снимени и кои ги слушнале повеќе луѓе се знае дали имало и такви информации кои претставуваат државна тајна и можат да ја загрозат безбедноста и стабилноста на земјата. Значи, ова е лесно и брзо докажлива работа, а вчера по сослушувањето никој не ни спомна дека имало безбедносно сензитивни информации во одговорите на премиерот.

Трето, а можеби и прво, бидејќи станува збор за морална одговорност кога се сведочи пред Анкетна комисија, Груевски мислам избега од јавноста да не се слушне колкава е одговорноста на еден премиер кога со години некој непречено снима и следи илјадници граѓани по нечија нарачка, а тој за тоа ништо не знае, или ако знаел, а молчел, уште полошо. Само поради ова моралната одговорност со неотповиклива оставка беше првиот и најисправен чин за почеток на разрешување на најголемата афера во нарушување на човековите права и слободи во Македонија. Еден ден се’ ќе се дознае, само не знам дали тоа ќе биде кога ќе има некакво значење, или кога тоа никого нема да го интересира.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , , , , ,

Премиер зголемува плати

Posted on 31 March 2015 by erizaov

Outsourcing-salary-Outsourcing-advisors

Над 10.000 полицајци, со години заборавени ќе добијат по помалку од илјада денари поголема плата за да ја спасуваат власта

Кога еден премиер на која било држава на партиски митинг им ја качува платата на полицијата и на војската, бидете сигурни дека станува збор нешто пострашно од диктатура. Тоа е арогантно самоволие за одбрана на власта со парите на граѓаните. Некни, во Штип, премиерот Никола Груевски им ги качи платите на над 10.000 униформирани лица во Полицијата за по 3.000 денари месечно по човек, во рок од две години и осум месеци. Просечно по помалку од илјада денари на годишно ниво ќе им се зголемува платата на полицајците кои со години беа заборавени, се’ додека Груевски не виде зорт дека може да ја загуби власта. За да биде поткрепена оваа единствена одлука на премиер јавно да зголемува плати на полиција, Груевски ја фрли пред јавноста заканата дека домашните непријатели сакаат да предизвикаат меѓуетнички тензии и да ја дестабилизираат државата.

Вистината е сосема поинаква според она што се гледа секој ден, меѓунационални тензии сеат само неговите послушници во медиумите и самата Влада со своите политики. Ете тоа е најновата стратегија да се спаси и тој и неговата група од одговорноста за непреченото ставање под надзор на над 20.000 граѓани и јавни личности.

На оваа одлука со благодарност до полицијата претходеше познатиот арсенал на Груевски за големите успеси кои сакаат да ги спречат олошите, предавниците и непријателите на државата за да ја дестабилизираат и да ја приграбат власта. Премиерот ги спаси со ветувања и давениците од поплавата поради неисчистените и нерегулирани речни корита. За поплавените, оштетени од јавашлукот на Владата, ќе следуваат високи обесштетувања, веројатно нешто повеќе отколку што ќе добијат полицајците за три години. Ќе продолжи со засилено темпо отворањето на илјадници нови работни места, ќе се градат нови фабрики, пристигнуваат од сите страни нови милијарди странски инвестиции. Покрај трите, почнува експресно изградбата и на четвртиот автопат, откако по осум години заврши првата фаза од изградбата на спомениците, барокните фасади и гаражи низ Скопје, што однесе во неврат милијарди евра. И натаму ќе имаме беспрекорно здравство, образование по светски критериуми и уште сто други чуда. Сето тоа е на дофат во најблиска иднина, се разбира, ако не се дозволи непријателите да го спречат овој епохален напредок на мудрото раководство што сакаат душманите да го сменат со пуч. Е, нема да се дозволи такво нешто, ќе се мобилизираат сите сили со кои располага државата вклучувајќи ја и полицијата, па и војската за да се спаси и премиерот и неговите најблиски соработници, а тоа било државата.

Пред секоја војна прво гине вистината. Тоа е класична стратегиска претходница на сите војни. Ако победи вистината, нема ни војна, станува неможно да се црпат патриотските мотиви за да се замине доброволно во борба, особено ако сте агресор. Големиот проблем на воените стратези е кога се отвора фронт внатре во татковината против измислен домашен непријател само поради опасноста да се изгуби власта. Тогаш се случуваат најголемите лаги, црнила и валканици против сопствените граѓани кои бараат слобода, демократија и пад на режимот, кои укажуваат на корумпираноста на власта, на изборни неправилности и фалисификати, на тешки злоупотреби на функциите и тортура на политички противници и јавни личности кои критички ги опсервираат политиките на Владата.

Политичката криза во Македонија веќе девет години ги има сите овие обележја на средновековен деспотизам со приграбување на власта од една мала група луѓе на нерегуларни избори. Откако тоа се обелодени со снимките кои кажуваат дека повеќе од четири години непознати агентури и разузнавачи снимале и држеле под надзор над 20.000 граѓани, меѓу кои и самиот врв на власта, Груевски и неговите следбеници во партискиот врв станаа нервозни и опасни. Апсат луѓе, нарачуваат пресуди, именуваат судии, кршат закони и Устав, трошат милијарди евра пари на граѓаните, ја задолжуваат државата за политички и партиски цели, соочени со сериозни обвинувања за организиран криминал и корупција. Институции на системот не функционираат слободно, односно одработуваат како покритие само тоа што ќе нарачаат властодржците. Во медиумите и во јавниот сервис МРТВ е воведена строга цензура. Се’ што мисли поинаку се прогласува за непријател, кодош, предавник, странски платеник….

Овие веќе добро познати методи сега попримаат многу поопасни димензии, особено по обелоденувањето на снимките со „бомбите“ на Заев, кои надлежните разузнавачки служби и полицијата не успеала да ги спречи повеќе од четири години. Оттаму многу се основани сомневањата дека следењето и држењето под надзор на илјадници граѓани повеќе од четири години се случило без знаење на власта. Многу е интересно прашањето на кое треба да одговори непристрасна истрага дали нарачателите на прислушувањето не станале жртви на сопствената монструозност, убедени дека се слуша само непријателот. Тоа е работа на судовите која кај нас не е можна, па дури дошле и сто странски експерти како публика во судниците. Без политички и морални оставки на сите што по Уставот се одговорни за нарушената безбедност на државата со прислушување на над 20.000 јавни личности, дури и ако не знаеле, не е можен ни правен, ни праведен судски процес за скандалот пуч. Премиерот Груевски не помислува на оставки, тој повика на војна за власт. Ништо добро не излегло од ниедна војна…

 

Comments (0)

Tags: , , , , , ,

Што ќе биде ако падне Груевски

Posted on 27 March 2015 by erizaov

grujo

Промената на залегнатата власт на државните јасли секогаш е здрава работа

Бауч кружи над Македонија што ќе биде со сите нас ако падне Груевски и неговата Влада. Леле, мајко! Непријателите и предавниците ќе ја земат власта. Албанец ќе стане премиер или претседател на државата. А, може ќе ги земат и двете места. Веќе се знае и кој Албанец ќе биде генерален директор на МРТВ. Има уште пострашни работи: странските платеници и шпиони ќе го продадат името на државата. Тоа велепредавство е веќе договорено. Ќе го изгубиме националниот идентитет, а јазикот ќе ни го направат салата со непознато варварско словенско потекло. Ќе има масовни отпуштања на државната администрација. Веднаш ќе престанат сите странски инвестиции и вработувања. Ќе се укинат земјоделските субвенции, ќе се намалат пензиите, ќе поскапат лековите. Компаниите, и државни и приватни, ќе банкротираат преку ноќ. Ќе падне берзата.. насекаде хаос, безредија, меѓуетнички судири, граѓанска војна… Ќе биде потоп ако, не дај Боже, му го видиме грбот на Груевски и неговата дружина.

Еве ова ни го сервираат владините контролирани медиуми, агресивно и крајно арогантно напаѓајќи ги сите сетила на граѓаните 24 часа во едно деноноќие. Целта е да ги плашат луѓето да не се поколебаат, со она што го слушаат и гледаат што правела власта во овие изминати девет години зад грбот на народот откако ги окупираа фундаменталните институции на државата: Парламентот, Уставниот суд и целиот правен, политички, економски и судски систем, и ги претворија во сервис на партијата и за богатење на група луѓе кои управуваат без контрола со земјата.

Одговорот од насловот на текстот што ќе биде ако падне Груевски е сосема едноставен и сме го виделе и доживеале повеќе пати. Паѓале многу премиери и влади, па ништо ни толку арно не се случило, ама ни толку лошо како ова што го доживуваме во цела една ера на груевизмот. Се разбира, ако падне Груевски и неговата влада ниту ќе биде крај на светот, ниту ќе се случи нешто толку драматично и апокалиптично. Секоја промена на власта кој долго залегнала на државните јасли е здраво дури и за најдемократските европски општества. Секогаш по падот на долготрајните влади и премиери излегуваат на виделина големи корупциски скандали и афери. Не било се’ така добро како што изгледало. А, таму каде што е инсталиран режим, како во Македонија, доаѓањето на слободата е голем празник на демократијата. Тоа е голема радост за сите граѓани без оглед на нивната политичка, национална и верска определба. Тоа единствената надеж дека државата пак ќе тргне во вистинска насока. Тоа е валидна гаранција дека граѓаните во иднина ќе можат да ја препознаат секоја загрозеност на демократијата, човековите права и слободи, на судството и на медиумите што е кислород за развој на едно современо општество.

Ако демократијата и слободата се всадат длабоко во свеста на луѓето тешко дека уште еднаш ќе може толку лесно да и’ се повтори на Македонија тоа што се случуваше сиве овие изминати години на владеење на Груевски и неговите приврзаници.

Не ќе може повеќе да се тепаат пратеници во Парламентот од партиска тајна полиција и да се избркаат народните избраници насилно од дебатната сала како што тоа беше на „црн понеделник“ на 24 декември 2012 година. По промените не ќе може да се воведе воена цензура во медиумите и да се бркаат новинарите од нивните работни места во парламентот, или во која било друга институција. Не ќе може да се претепуваат студенти кои мирно протестираат на плоштадот против дехуманизација на просторот кој припаѓа на сите со изградбата на кич монструмот „Скопје 2014“, со парите на најсиромашниот народ во Европа. Не смее да се заборави и да се повтори тоа што им се случи на студентите по архитектура кои први го кренаа гласот против ова зло. Не ќе може повеќе да се претепа на смрт младо момче на прагот на животот како Мартин Нешоски, кое дошло на плоштадот да ја слави победата на својата партија. Трагичната судбина на Мартин мора да биде вечна опомена дека е убиен млад човек за ништо и тоа од полицаец, кој бил во обезбедувањето на премиерот Груевски кој бил оддалечен само 50 метри од местото на злосторството.

Не ќе може повеќе политичките противници и новинари кои пишуваат критички да се апсат и судат на долгогодишни казни затвор и драконски парични казни затоа што нешто кажале, или напишале од јавен интерес. Не ќе може илјадници луѓе да бидат проскрибирани и да не можат да го кажат своето мислење, дури ни на телевизијата која ја плаќаат како свој јавен сервис. Не ќе може цели девет години во македонскиот парламент да не биде усвоен ниту еден суштински амандман на опозицијата, да не зборуваме за предлог-закон. Никогаш повеќе не смее да има нерегуларни избори и да се фалсификува волјата на избирачите. Партиските црни пропаганди, корумпирани медиуми и новинари, нарачани суски пресуди и именувања на партиски судии мораат да останат забележани како лошо минато кое треба постојано да не опоменува колку е значајна слободата и демократијата. Враќањето на правата на граѓаните, на владеењето на правото и на демократијата, слобода на зборот и мислата, победа на стравот, е нов почеток и исклучително значајна и здрава работа за сите граѓани. Тогаш доаѓаат новите генерации, кои ќе ги препознаваат брзо сите лажни успеси, подметнувања, ќе ги инсталираат демократските и институционални контролни механизми, ќе ја активираат сржта на парламентаризмот за поделбата на власта и за одговорноста на опозицијата. Тие нови генерации решително ќе се пресметаат со провинцијализмот и примитивизмот. Тоа се основните предуслови кои треба да ги ветат цврсто новите струи во македонското општество во сите политички партии и интелектуални средини. Само со враќање на демократијата се можни и структурни економски реформи и изгледи Македонија повторно да зачекори по европскиот пат и да ја отстрани опасно за своето постоење.

Се разбира, смената на власта и падот на режимот на Груевски не мора да биде автоматски победа на опозицијата. Ако во самата партија ВМРО-ДПМНЕ има сили да се побара одговорност поради тоа што партијата е изложена на столбот на срамот поради масовно кршење на човековите права, ставање под надзор на илјадници граѓани и јавни личности нивно следење и прислушување, а таквото долгогодишно нарушување на безбедноста на земјата со ништо не е спречено или казнето, тогаш, одговорноста на највисокото раководство во државата е неминовна. Само по овој основ што за масовно прислушување ништо не знаеле ни премиерот, ни претседателот на државата, ни министерот за внатрешни работи повлекува експресни оставки од морална природа. Кога не знаеш дека државата со години ти е отворен бит-пазар на домашни, или странски агентури, срамно е да се остане на власт и да се покриваат грешките и злоупотребите со пропаганди за оцрнување на сите кои препознаваат одговорност на највисоките функционери. Сосема друго прашање е за кривичната и политичка одговорност ако снимените материјали се автентични и точни. Досега никој не негираше дека повеќе од четири години се прислушувани илјадници граѓани, а наводно власта ништо не знаела за таква тортура на своите граѓани. Само овој факт е доволен за пад на целиот државен врв. Дури потоа може да се очекува фер и праведно судење од кое Македонија ќе излезе просветлена и вистински лустрирана.

Што се однесува за застрашувањето со тоа дека ако падне Груевски ќе дојде премиер Албанец, ако тоа некогаш се случи на слободни избори, како волја и доверба на мнозинството граѓани, тоа ќе биде најдобрата потврда дека Македонија целосно успеала. Тоа секако овие генерации нема да го доживеат. Преголем е пустошот што го остави политиката во свеста на сите граѓани во Македонија. За утеха оваа болка во разни форми ја има цела Европа.

 

Comments (0)

Tags: , ,

„Мојата борба“ на Груевски

Posted on 17 March 2015 by erizaov

mojaborba

Премиерот како сенароден водач на митинг објасни што значи „мојата борба“

Што повеќе факти за узурпација и злоупотреба на власта и укинување на правната држава, толку полошо за фактите. Премиерот Никола Груевски се определи за својата стара и постојана тактика со популизам, ароганција, митинзи и со големите успеси во изградбата на Потемкиновите села да ја сочува власта и да ја уназади Македонија до самото дно на европската карта на современи држави. На својот прв митинг од новиот циклус на народни собири, Груевски како сенароден водач објасни што значи неговата борба против непријателите. Беше тоа своевиден „mein kampf“, „мојата борба“, познатата книга забранета до неодамна во Германија.

Митинзите и демонстрациите на власта против политичките противници и луѓето што мислат со своја глава, со набројување на големите успеси во убедливо најсиромашната земја на Европа, се стариот добро испробан арсенал на премиерот Груевски. Соучесници во овој голем срам како редовни поддржувачи на диктатурата остануваат неговите верни слуги во цензурираните медиуми. По милионити пат Груевски повтори дека вистината е во митинзите и во големите успеси, во народот, а не во тоа што го прикажува опозицијата и што луѓето го гледаат со свои очи и го слушаат со свои уши. Митинзите против предавниците и непријателите ќе ја отворат сезоната на нови парламентарни избори кои, се разбира, нема да се одржат, бидејќи во Македонија не се можни чесни и фер избори.

Митинзите ќе ја докажуваат вистината за најмасовното контролирање на комуникациите на граѓаните во Европа. Вистината е тоа што ќе слушне јавноста на митинзите, а не тоа што го зборуваат Груевски и неговите блиски соработници кога издаваат наредби преку телефон да им се загорчи животот на стотици и илјадници јавни личности и граѓани. Не е вистина, туку монтажа кога преку телефон издаваат наредби кои ја одредуваат судбината на луѓето. Можете ли да замислите што се случува кога даваат директиви во четири очи без никаков документ. Вистината е само во митинзите и народот што ја избира власта девет години по ред на слободни избори, вели Груевски од митингашката говорница. Притоа има уплав ако препушти таа работа, таа вистина, без притисок да ја утврди судот, да каже таму на обвинителната клупа како се фалсификувани изборите и како се издавани наредби за корумпирано гласање и со чии пари. Груевски и неговата камарила имаат уплав да поднесат оставки, како што е вообичаено во демократските земји, кога ќе бидат фатени на дело политичари кои го кршат Уставот и законите, кои ги кршат човековите права за да може судот да одлучува слободно и независно без притисоци. Категоријата морална одговорност за оваа власт е непозната работа, бидејќи морал нема. Нема ни правна одговорност за кршење на правата на граѓаните и на законите бидејќи судовите работат под јурисдикција на ВМРО-ДПМНЕ и лично на неколку луѓе од врвот на власта, кои видовме како нарачуваат апсења и пресуди, дури кажуваат и колку години треба да одлежи во затвор тој што се дрзнал да зборува против водачот и власта.

Премиерот Никола Груевски продолжи со својата стратегија да ја оцрнува опозицијата како таа да е на власт, а тој во опозиција. Таквата тактика веројатно ќе даде привидни резултати за консолидација на разнишаната верба во самата партија и за збивање на редовите во борбата против непријателот. Но сето тоа е со краток здив. Оваа власт ги изгуби легитимитетот и кредибилитетот, штом управува со земјата со фалшиви изборни резултати. Дали на митингот го видовте говорот на телото на првиот ред пред говорницата. Сите аплаузи почнуваат од таму, од здрвените раце и лица на членовите на Владата и Антонио Милошоски. Аплаудираа и тие на кои им се повраќаше да присуствуваат на седниците на Владата и од идеите на „забеганиот“ премиер. Додека зборуваше премиерот Груевски за неговата борба која ја води за постигнување на успесите и подобар живот на граѓаните на Македонија, од глава не ми излегуваше мислата на министерот Ставрески: „Купуваме чоколада, а нема ни за леб“.

Уште на почетокот од мандатот на премиерот Никола Груевски, ја поставив јавно дилемата дали е „подобро пијан милијардер или трошаџија-премиер“. Натресканиот милијардер, без оглед како ги заработил милионите, троши свои пари. Трошаџија- премиер е многу пострашно, бидејќи тој троши пари на граѓаните без да дава отчет. Гради споменици на антички јунаци најголеми во светот, а народот живее во мизерија, гради кораби и галии на Вардар, од Охридско Езеро сака да прави море, а половина држава му е поплавена оти нема регулација на реките; гради панорамски тркала и панаѓурски вртелешки за стотици милиони евра, да ти се сврти во глава, а цели населби немаат струја и квалитетна вода за пиење, додека половина градови немаат канализација. Поставува жални врби среде река, а по осум години му текна дека треба да се градат автопатишта и брзи пруги. Проповеда трето дете, а се зголемува смртноста на децата поради сиромаштија и деградирано осиромашено здравство, кое добива помалку пари отколку земјоделците субвенции, гради барокни фасади и најскапи гаражи во светот, зголемува социјална помош и пензии со парите на граѓаните, а народот оди гладен. Ја намалува невработеноста, а се’ повеќе млади луѓе со факултетски дипломи и со средно и вишо образование ја напуштаат земјата. Во Македонија остануваат да живеат само тие што не можат да ја напуштат или што имаат одредени привилегии од власта.

Ете, тоа е „Мојата борба“ на Груевски во која не е остварен ниту еден стратегиски интерес на државата и нејзините граѓани. Не е подобрен стандардот, не е поквалитетен животот на граѓаните, се’ поголеми се бедата и сиромаштијата. Укинати се демократијата и слободата. Македонија е се’ подалеку од ЕУ и од НАТО.

Comments (0)

Tags: , ,

Кој е луд, а кој забеган

Posted on 02 March 2015 by erizaov

zabegan

Премиерот Груевски многу утешително дообјасни дека не е забеган, дека не повикува на граѓанска војна и дека од јадење чоколади не се повраќа

Премиерот Никола Груевски почувствувал силна потреба да појасни на каква војна повикала неговата партија ВМРО-ДПМНЕ во своето најново историско соопштение за општа мобилизација на своите симпатизери и поддржувачи. За време на викендот во Кавадарци, Груевски дополнително и многу утешително дообјасни дека не повикува на граѓанска војна, туку на политичка борба со непријателите на државата. И таман ни олесна што ќе нема војна кога оп, во првиот работен ден, пак одекна уште една бомба на Заев. Најблиските соработници на Груевски се сомневале дека вождот забегал.

Од снимките, се слуша, во еден период им се повраќало на седниците на владата. Велат ние сме лудаци, ова што го правиме е ненормално, трошиме за чоколада, а немаме за леб. Истото ова и јас го пишувам со години, ама многу внимавам да не кажам дека овие луѓе што не’ водат се лудаци, па сега кога го слушам ова што го кажале министрите за внатрешни работи и за финансии, сакам да им честитам како „комуњар што ги бутка темите“, навистина на човек да му се повраќа. Но да се вратиме на апелот што не бил за граѓанска војна, туку за политичка борба и на премиерот кој не бил воопшто забеган и добро знае дека од јадење чоколадо не се повраќа, ниту се полудува. При глад и сиромаштија, лесно се владее додека не почне револуцијата.

Не бил воопшто застрашувачки апелот на Централниот комитет на единствената легална револуционерна политичка партија во светот до своите членови „да застанат гордо, силно и во збиени редови во одбрана на достоинството и честа на државата и нејзините национални интереси“. Тоа не било повик за братоубиствена војна и меѓусебна омраза меѓу граѓаните кога горското началство порачува дека ВМРО-ДПМНЕ има историска одговорност да се бори против деструктивни потези кои се спротивни на националните и државните интереси, ниту пак е нешто многу опасно кога ќе се каже: се повикуваат сите граѓани под знамето на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат во борбата за зачувување на стабилноста, демократијата и економскиот развој на државата.

Вакви повици против домашните и надворешните непријатели во светот имаат само нелегални, забранети, екстремно радикални левичарски и десничарски партии. Една сериозна демохристијанска партија за каква што се прикажува ВМРО-ДПМНЕ ниту може во своето име да има предзнак на „револуционерна“ , ниту може својот народ да го повикува на меѓусебна борба против политичките противници, изедначувајќи ја својата власт со државни интереси само затоа што е фатена на дело како не успеала и не била заинтересирана да ги спречи надзорот и прислушувањето на илјадници свои граѓани што траело со години. Има сериозни индиции според она што го презентира јавно опозицијата дека прислушувањето е нарачано од една група луѓе со злоупотреба на власта и на институциите на системот. Тука треба да се бараат причините зошто веднаш не се отвори простор за непристрастен судски процес. Тоа е можно само со ослободување на судовите од притисок со неотповикливи оставки. А не со драматични апели за збивање на редовите да се повикува на борба божем за национални и за државни интереси. Откога прислушувањето и следењето на сопствените граѓани, откога нарачките на судски пресуди, следењето новинари и контрола на медиумите, на судиите, на академиците, на амбасадорите и илјадници јавни личности е национален и државен интерес.

И додека со згрозување секој втор, трет ден слушаме како е деградиран и навредуван граѓанинот на Македонија, како понижувачки се нарушувани човековите права и слободи, татнат низ државата повици за последната пресудна битка. Знаменосците на ВМРО-ДПМНЕ повикуваат на братоубиствена војна, на копање масовни гробници и погребување под бетонска плоча на сите што бараат отчет за големиот срам од досега невидениот и нечуен скандал по своите димензии во цела Европа. Затворањето луѓе по нарачка, судски пресуди по телефонски повик , закани со летање од работа, уништување приватен имот со пошироки општествени димензии, следење и држење под надзор на повеќе од стотина новинари и уредници, сопственици на медиуми, сурови закани, апсења, сето тоа деновиве можеше да го слушне само еден дел од јавноста која има можности преку социјалните глобални мрежи и малкуте ограничени по опсег медиуми да го слушнат тоа што е од исклучителен јавен интерес на сите граѓани.

Кој уште може да верува во македонските судови кога премиер нарачува промена на урбанистички планови и кога на судија му се забранува пристап до местото на злосторството, за да не стави времена мерка. Премиерот Никола Груевски заедно со своите приврзаници, ставајќи ја пред себе партијата како штит и тие што до вчера биле прислушувани, тргна во крстоносна војна. Тој во опстанокот на власта по ваков скандал на масовно повеќегодишно прислушување гледа национални и државни интереси.

Во еден ваков нездрав амбиент од забегана власт, Македонија влегува во опасна фаза на нови делби и омрази. Досега и покрај сите блокади, ултиматуми и тешкотии, и покрај сериозниот застој на демократските процеси, независна Република Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ и во НАТО се смета за дел од решението за стабилен Балкан. Ваквите повици за меѓусебни борби при повеќегодишно непречено следење на сопствените граѓани отвора простор за најлошото можно сценарио за иднината на Македонија, а тоа е нејзината поделба да стане дел од решението за мир на Балканот, односно да се актуелизира историската погубна максима за „Македонија како јаболко на раздорот “.

 

 

Comments (0)

Tags: , , , ,

На сликање кај премиерот

Posted on 03 February 2015 by erizaov

timthumb

Секогаш кога ќе ги употребам изразите „стасавме до дното“, или „испливаа сите гомна на површина“, уште истиот ден стигнуваат деманти кои недвосмислено покажуваат дека сум згрешил. Не било до дното, имало и подолу, цела бездна и не испливале на површина сите бербатлаци, имало уште многу валканици, во неограничени количини. Цела црна дупка е отворена во која тоне Македонија со брзина на слободно паѓање. Последниот најтазе скандал кој до утре најверојатно ќе збајатиса е објавувањето на снимка од кабинетот на премиерот Груевски, сервирана во медиумите, како некакво крунско сведоштво дека во спрега со странски разузнавачки служби Зоран Заев, лидер на опозицијата, подготвувал преврат, или како што полицијата ја крсти својата акција, подготвувал „пуч“.

Целиот свој примитивизам и простаклак од премиерскиот кабинет со невидена жестока медиумска пропаганда власта сака да ги прикаже како шпионски трилер. Премиерот Груевски во улога на младичот Џемс Бонд, а Зоран Заев како препреден шпион д-р Зорге, седат во канцеларијата на премиерот и се надмудруваат. Џемс Бонд прашува од кај ти е бомбата против мене, а д-р Зорге вели однадвор. Бонд: од блиску или од далеку!? Д-р Зорге: од далеку, од далеку . А од каде од далеку, прашува упорно Бонд. Зини да ти кажам, вели д-р Зорге… Следната епизода од филмот „Во долината на волците јагнето ја мати водата“ продолжува секој ден со по илјадници репризи на сите радио и ТВ-станици и портали, социјални мрежи. Гледаме 24/7 сеир во живо на невиден резил , балканштина, провинционализам и примитивизам зад кој се крие само страв да не се загуби власта и да не се отворат пред јавноста големите злоупотреби и кршења на законите од позиција на моќ, сила, својствени само на режими и диктатури.

Премиерот Груевски и лидерот на опозицијата Заев се сликале заедно за спомен и долго сеќавање на сите нас. Груевски знаел дека има фотосесија, па добро се поднаместил пред камерите, а Заев абер немал зошто го викнале, веројатно мислел дека преговара за условите што треба да се исполнат за враќање на опозицијата во парламентот и за последиците до кои може да дојде во државата со објавување на неговите сознанија, како што вели, не од странски, туку од домашни извори, кои се чувствителни и можат да предизвикаат срам за целата држава и неминовна оставка на премиерот. За да не дојде до тоа, Груевски го викнал познатото фотомајсторче од лабораторијата на министерката Јанкуловска. На уважениот гостин Заев му ставиле во вазната со цвеќе ред микрофони, ред камери, а некогашниот статист во Драмски театар, сега во главна улога на премиер- таен агент, го научиле како полициски да истражува од каде му е бомбата на Заев. Е сега, сигурно ви текнува зошто премиерот обзнани дека првата средба ја барал Заев, другите три биле во врска со првата, ама заборави да каже кој ги барал, што подразбира дека ги барал тој лично, за да го намами шпионот во стапица.

Таков бил планот на Груевски и неговите советници, а каков ќе биде крајот ќе видиме. Не мислам на овој крај во судницата на Груевски каде што пресудите се веќе напишани одамна, туку мислам на крајот на едно владеење кое драматично ја уназади Македонија во секој поглед. Од пристојно демократска земја, кандидатка за членство во ЕУ и НАТО, Македонија стана банана-држава и режим во кој разговорите во четири очи во премиерскиот кабинет се снимаат со скриени камери и микрофони, без да знаат посетителите. Не знам дали некој премиер на значајна држава ќе влезе таму и ако влезе што ќе зборува и дали воопшто некој политичар, или обичен граѓанин, министер, коалициски партнер смее да влезе и да зборува слободно со Груевски и да го каже тоа што го мисли.

Не знам како судот ќе ги одделува лагите од вистината кога политичарите зборуваат меѓу себе, бидејќи секогаш повеќе се лажат отколку што си кажуваат вистина, па затоа Груевски си остава простор давајќи шпионско објаснување: дека нешто е точно од тоа што го кажувал Заев, нешто е делумно точно, а нешто не е точно. Тоа значи кога Заев наводно кажувал од кај му се информациите тоа е точно, а кога кажал што содржат е делумно точно кога не се однесуваат на Груевски, а воопшто не се точни тие информации што се однесуваат на Груевски. Се обложувам дека набргу ќе осамнат и други снимки од тоа што го кажал Заев, а премиерот тврди дека е точно. Не знам колкаво е ова кривично дело кога од Јавното обвинителство излегуваат слики во медиумите и на интернет тајно и неовластено снимани во премиерскиот кабинет, но во секој случај, ја открива намерата на Груевски и неговите соработници во операцијата „Пуч“.

Претпоставувам дека снимањето на Заев ќе биде прогласено како овластено, бидејќи е направена цела полициска стратегија да се прогласи Заев за безбедносно опасен човек, а за тоа треба да се монтираат докази дека тој соработувал со странски разузнавачки служби против Македонија и со тие сознанија го уценувал премиерот и се заканувал со пуч. Види богати, колку бил храбар овој наивен до вчера локален политичар Заев, кој оди кај Груевски четири пати да го уценува, а кој Груевски го посакува за противник исто колку и Црвенковски, ама го тужи и го затвора досега повеќепати. Од што многу го сака, де.

Едно е сигурно, објавен разговор и снимка меѓу премиер и лидер на опозицијата во четири очи со тајно снимање е морален пад под ниво на политичка проституција, која е присутна во светот на политичкото подземје. Но, кај нас се работи за потежок случај што се вика синдром на вечно владеење кога се гази се’ пред себе. За ова порано или подоцна казната доаѓа. Таа казна секогаш е најжестока од дворјаните и полтроните кои го опкружуваат владетелот.

Comments (0)

Tags: , , ,

Што сака Груевски

Posted on 13 July 2014 by erizaov

Што му е на премиерот Никола Груевски. Што уште сака покрај толку големи изборни победи, успеси, беспрекорни политички и економски реформи и одлични резултати. Зошто Груевски постојано е намуртен, лут, недоверлив и се’ повеќе и повеќе арогантен. Има најголема доверба кај граѓаните, постојано победува на сите избори последните осум години. Си има Собрание без опструкција и непотребни расправи и дебати, а на пат е да си направи по сопствена нарачка и опозиција која нема да ја вознемирува ни јавноста, ни власта.

Си има доволен број медиуми кои ако нешто не објават тоа не се ни случило. Си има новинари кои не даваат прашинка да му падне на чевлите. Има послушни партнери во владата кои ги прифаќаат сите негови идеи. Има четиригодишен мандат во џебот и може да биде раат до 2018 година. Сето тоа го остварува ефикасно, без потреси, во најсиромашната држава на Европа и со амин на најбедните граѓани на европскиот континент. Тивко и мирно како да сме среде Скандинавија. Тоа може да му успее само на голем политички лидер и државник.

Ако тоа е така, просто човек не може, а да не се праша зошто ни е неспокоен и нервозен водачот, та не може малку да се насмее и да не кара и „шамара“ секоја вечер некого преку телевизија. Време е да каже некоја шега на своја сметка. Толку ли е без самодоверба големиот лидер, дали постојано некој му работи зад грб, па не може да се опушти од страв да не ја изгуби власта.

Го познавам премиерот од првиот ден кога дојде на политичката сцена како млад и амбициозен брокер. Стана министер за трговија, па министер за финансии, па претседател на ВМРО-ДПМНЕ и лидер на опозицијата три години. Го следев кога помина низ тешки искушенија и превирања и можам да кажам дека никогаш не сум го видел ваков како овие две-три години, толку затворен во себе, толку нетрпелив и сомничав кон тие што не мислат како него, непријателски накострешен кон политичките противници и критичари на владините политики.

Не можам да разберам зошто му се толку тешки зборови кон различно мислечките јавни личности. Некогаш се прашувам дали Груевски сака сите во Македонија да бидат вмровци кои ќе го аминуваат и ќе му се поклонуваат на секој негов збор, дали сака да биде доживотен владетел. Што мислите дали е тоа во прашање заради неговите јанѕи или пак има нешто друго од кое Груевски нема мир или е уплашен. Дали водачот и покрај толкуте успеси уште не може да ја види визијата на Република Македонија зацртана во сите државни и партиски документи и во надежите на граѓаните. Дали можеби Груевски веќе осознава дека меѓу големите и многубројни успеси и резултати не е остварена ниту една стратегиска цел, ниту на државата, ниту на граѓаните за сите овие 23 години слобода и независност. Одговорноста за тој катастрофален неуспех до пред две-три години ја делеа на еднакви делови политичките водачи и лидери на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ со задолжителните коалициски албански партии. Но, од поодамна веќе не е така. Се’ поголема станува одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски за неостварените приоритети и стратегиски цели за тоа што Македонија не ја оправда независноста. ВМРО-ДПМНЕ од вкупно 23 години самостојност на власт е 14 години, а во последните 16 години ВМРО-ДПМНЕ владее со државата дури 12 години, а кога треба да му заврши овој мандат на Груевски, од вкупно 27 години независност, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде ќе биде на власт 18 години.

Простете за ваквите прогнози, но многу поизвесно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе владее 20 години, отколку дека ќе падне во меѓувреме или ќе оствари некоја крупна цел која граѓаните ја чекаат со децении и со голема надеж.

А, кои беа стратегиските цели и приоритети на Груевски кои го раскажа како свој сон за иднината на Македонија кога првпат стана премиер 2006 година. Ништо нема до ден денес од тој сон што ни го раскажа Груевски. Македонија ниту е побогата, ниту пак граѓаните живеат подобро или пак имаат повисок стандард. Македонија не е поблиску до ЕУ и НАТО отколку 2006 година. Стабилноста на државата и меѓуетничките односи не се подобри отколку пред осум – девет години.

Обратно, се’ почести и поранливи се меѓуетничките и меѓуверски тензии. Македонија е се’ посирмашна земја со мал број многу богати луѓе, блиски до политиката и власта. Македонската кревка демократија од 2006 година е вратена назад, на далеку полошо рамниште од седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век во времето на еднопартизмот.

Ако ниту една од овие цели без кои не е можно слободно и перспективно општество не се остварени и кои треба да бидат главни критериуми за мерење на успешноста на една политика и една власт тогаш навистина Груевски има сериозни причини да биде растревожен. Проблемот е што не може постојано да бидат други виновни за неуспесите кои се се’ повидливи. Се’ почесто ќе се поставува прашањето дали ако секогаш за сите наши несреќи и неуспеси други се виновни, а никогаш власта тоа значи дека нема решение, или дека оваа власт не може да најде решение. Тоа прашење е доволно за големо неспокојство. Време е премиерот своите гајлиња за неостварените приоритети и стратегиски цели и соништа да ги сподели со граѓаните. Груевски драматично доцни со понудата на решенија за иднината на Македонија.

Објавено во Утрински весник

Comments (0)

Tags: , ,

Се спасивме од државен удар

Posted on 29 April 2013 by erizaov

Денеска ми олесна. Трајко Вељаноски, претседателот на Собранието, се враќа од Кипар во земјава. Чувствувате ли веднаш како полесно се дише. Пак одбегнавме државен удар. Пучистот Бранко Црвенковски испушти шанса да ја собори власта и да воведе диктатура на пролетеријатот како што сакаше да го направи тоа на 24 декември лани. Црвенковски немал време за преврат, бил ангажиран кај него дома и тој да не биде жртва на пуч, немал ни доволно пролетери. А богами деновиве навистина беше опасно. Сите фатија мајка бежанија и ја оставија државата како село без кучиња. Единствената надеж ми беше Гордана Јанкулоска, храбрата министерката за внатрешни работи, дека нема да дозволи насилно преземање на власта, но се замрзнав кога разбрав дека и таа заминува со цела делегација во Варшава. Затоа враќањето на Вељаноски дома ми дојде како мелем на рана. Човекот постојано е на вистинското место.

Претседателот на државата си ја истера повеќедневната турнеја кај нашите иселеници во Канада и веднаш потоа летна за Аризона, Америка. Крсти улици, сади дрвца, држи предавања на студенти. Се сеќавате на онаа антологиска песма „трла баба лен да и’ помине ден“.

Премиерот сиромав се искрши од трчање по светот да донесе некој денар, ама еве Американците му удираат контра со најчитаниот Извештај на светот. Му фрлаат клинови во тркалата.

Де Владата била корумпирана, де правната држава не функционирала, де се кршеле законите и Уставот од судии и полицајци, демек од тие што треба да го бранат Уставот и законите како очите во глава, де селектирано се апселе политичките противници, се компромитирале со противуставна лустрација, медиумите биле под контрола, имало цензура и самоцензура, немало демократија, дрн, дрн јариња. Нека си ги гледаат тие своите гајлиња и демократски дострели. Се виде до каде стаса нивната слобода, не можат да одржат еден маратон без жртви.

Премиерот Груевски паметно го избра за првата станица на своето роуд-шоу Азербејџан, каде што ич не се потресуваат од извештаите на Стејт департментот. Истото важи и за Јужна Америка. Бразил, Аргентина и Мексико се веќе светски економски сили, на кои Америте можат да им плукнат под прозорец. Ако нешто не биде како што треба, ќе може да се тркне до Венецуела кај наследникот на Чавез и до Куба кај брат му на Кастро. За тоа дали има потреба ќе се одлучува во од. Штом од Вашингтон долета во Бразил заменик-премиерот Зоран Ставрески, тимот се засилува, па се можни и други сафари-тури за лов на милијардери и крупни инвеститори кои пет пари не даваат за извештаите на Стејт департментот.

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, од Женева е на пат за дома. Утешително, ако не искрсне итно некоја попатна станица. Али Ахмети и Талат Џафери веќе се тука, така што власта за Велигден ќе се комплетира во татковината. Целата турнеја на државниот врв со нивните соработници, експерти, новинари, преведувачи, министри и разни лобисти, авионски билети, хотели, дневници и нешто малку храна и пијалак не чини ни 500.000 евра. Мизерна сума која не стасува ни за еден просечен споменик од бронза и тоа не на скопскиот плоштад, каде што конкуренцијата е голема, туку во внатрешноста на државата во едно обично македонско градче. Трипати е поевтино нашите државници со своите соработници да го крстосуваат светот со авиони од Скопје до Никозија, до Рио де Жанеиро и Вашингтон, до Баку, до Торонто, до Феникс, до Женева и до Варшава и да престојуваат во елитни хотели, малку да кешираат со дневници, отколку што чини еден лустер во стариот скопски театар. Не може ни да се пресмета колку е евтина оваа раздвиженост на највисоките македонски функционери ако се направи споредба со цената на една обична барокна гаража, како онаа, на пример, кај МРТВ. Често се думам која е поубава ла гараж-барок или МРТВ заедно сосе МВР.

Добро е што веднаш по поразот во општината Центар во Скопје Владата по седум години излезе да каже колку изнесува најголемата инвестиција во Македонија во ерата на транзицијата. Во јадрото на главниот град се изградени импозантни зданија за нецели 250 милиони евра. Ако ангажирате еден солиден правник, еден економист, градежен инженер, експерт за анекси и договори и еден добар хакер, можете и на интернет да откриете колку чини македонската споменикоманија, потрагата по пославно минато, задоцнетиот кич, барок и рококо, ергелите бронзени коњи и глутници лавови, жалните врби и кораби, разубавени фасади. Добро е што дознавме дека сето тоа задоволство чини колку да не е без пари. Џабалук. Уште подобро е што власта даде отчет пред да стапне во канцеларија новиот градоначалник на Центар. Којзнае што ќе соопштува од утре и ќе измислува колку чини „Скопје 2014“.

За време на велигденските и првомајските празници, кога целата наша политичка елита ќе биде дома, нема потреба од многу средби со новинари и непристојни прашања за Извештајот на Стејт департментот, за збогувањето со комшиите Срби, кои заминаа на пат за Европа, за ултиматумите на Штефан Филе и на Грците, за багателните цени на спомениците и слични глупости.

Ах, да, ќе заборавев. Што ќе ни донесат од белиот свет нашите водачи. Кој дал пари за свирче, ќе свири. За другите нема ништо.

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

July 2017
M T W T F S S
« Jun    
 12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31