Tag Archive | "поплава"

Tags:

Колку проценти помогна Груевски

Posted on 15 August 2016 by erizaov

grujo sitel

Се огласи Никола Груевски на Сител да ни приопшти дека како претседател на политичката партија на власт чувствувал одговорност за најголемата природна катастрофа што го снајде Скопје по земјотресот во 1963 година. Затоа веднаш го прекинал одморот во Анталија и дошол да му помогне на својот народ. И навистина многу му помогна. За четири дена и ноќи успеа да ги преброи спасителите, волонтерите, хуманистите, војниците и полицајците… и сите до еден што даваат помош за расчистување на унесреќените граѓани.

Броел, броел неуморно Груевски и успеал да преброи дека приближно 70-80 проценти од луѓето што помагаат се од ВМРО-ДПМНЕ. Другите 20-30 проценти се отпадот и шљамот, странските платеници, припадници на непријателската и деструктивна опозиција која ништо не работи и не помага, само шири клевети и лаги.

Бравос, помизерна изјава, повалкан партиски и политички маркетинг не може да се замисли, а камоли да се искаже јавно. Ама еве на Груевски му се може како господар на судбините на луѓето и при големи трагедии и давање помош на настраданите оти на последните избори имал близу 500.000 гласови, што е повеќе од доволно да се владее со два милиони граѓани без никаква контрола и кога водачот нема извршна функција, но може да управува непречено и со владата и со парламентот и со претседателот на државата и со државната каса и со најголемиот број медиуми.

Што не успеал Груевски да преброи во овие четири-пет дена откако се оддал на партиски делби, пресметки и проценти. Не стасал уште да изброи колку луѓе загинаа и колку умреа од шок кога ги видоа последиците од стихијата, од загубата на своите најблиски и целиот имот. Уште трае потрагата по исчезнатите, па не можел прецизно да одреди колку животи однесе природната катастрофа, а колку од нив се жртви на јавашлакот, неодговорноста на надлежните луѓе, институции и компании, на корупцијата и криминалот при изградба на превентивната инфраструктура. Не можел Груевски да пресмета во проценти колку ќе беше заштитено Скопје и приградските населби и села и колку жртви ќе имаше помалку ако наместо стотиците милиони евра фрлени на споменици во некрополите „Скопје 2014“ и „Скопје 2018“, беа вложени во урбанизација на главниот град и настраданите подрачја кои се познати како црни точки при временски непогоди.

Не 70-80 отсто, туку само 30 отсто да беа вложени во основната и неопходна заштита и регулација на водотеците и поројните подрачја и на свлечиштата, на каналската мрежа, данокот на природната катастрофа немаше да однесе толку човечки жртви, а и штетите ќе беа далеку помали. А, само десет отсто од милионите за лажниот барок, за бронзата, лавовите, коњите, гаражите, жалните врби, галиите и корабите, за фасадите, рајските градини и панорамски тркала да се потрошеа на одржување на веќе изграденото од претходниците, последиците можеа значајно да се ублажат. Овие проценти Груевски ги прескокна и ги ублажи со приказни кои наводно ги кажале стручните луѓе дека ваков дожд и воден талог паѓа еднаш на илјада години. Голема лага која се пласира од партиските апологети од првиот ден по катастрофата. Кој ги мерел количествата дожд во последните илјада години. Никој ни знае, ни чул дека има запишано негде такво сведоштво. Вистински стручните луѓе употребуваат термин „стогодишни води“, чие значење во науката е сосема поинакво. Станува збор за таканаречена коинциденција на води кога сите реки и водотеци од еден слив во истиот миг го достигнуваат највисокото ниво. Во овој случај науката веќе соопшти дека се работи за сосема нешто друго, кое повеќе има врска со стратегиските грешки на инвестиции во главниот град за величање и слава на власта отколку на урбанизацијата и заштита на градот од елементарни непогоди и целосно занемарување на законските обврски за одржување на надземаната и подземната инфраструктура.

Деновиве тоа уште еднаш којзнае по кој пат алармантно го потврди неуморниот и познат скопски архитект Георги Константиновски, кој со години преку своите текстови укажува на опасноста од последиците од погрешната урбанизација на главниот град. Константиновски до болка лелека над судбината на Скопје поради дрскоста и алчноста да се гради во забранетите зони со градежни провокации длабоко под нивото на Вардар каде што се раседите и сеизмички чувствителните места, предупредува човекот за деградацијата на Водно и за сите кршења на урбанистичките норми и планови. Константиновски и сега по природната катастрофа се огласи повторно за да им каже на сметкаџиите на проценти и проценителите на „џабалак“ локации во елитните квартови дека „главниот град на Македонија доживува невиден колапс во сите сфери на неговото опстојување… „Ако во еден град не постои контрола на она што се изработува, односно гради, во специјалните заводи за урбанизам, тогаш доаѓа до нарушување на хармонијата воспоставена врз строгите научни принципи за правилно функционирање на градот“.

Да се зборува за строгите научни и стручни принципи во држава каде што партиската припадност, делби и пребројувања се единствен критериум поважен и од науката и од стручноста и од хуманоста и од опасноста по животот на луѓето се прогласува за непријателски чин и деструкција.

Се’ ми се чини дека ако работата заврши со сочувство за загинатите, со делење хуманитарна помош и отстранување само на последиците од природната катастрофа, а се занемарат овоземните причини и се забошоти изградбата на инфраструктурни зафати според строги урбанистички закономерности, нема да чекаме илјада години да се соочиме со трагедија за која повторно ќе ја обвиниме природата.

До кога ќе броиме партиски проценти кој колку помогнал и одмогнал.

Comments (0)

Tags:

Кога временските прогнози се најчитани

Posted on 12 August 2016 by erizaov

skopje

Последното гајле е најголемо. Секогаш има и од бетер побетер. Доаѓаат ненадејно мачни и тажни времиња кога временските прогнози се најчитани и најгледани, а жалните вести најточни. Се’ друго станува помалку важно. Тоа се деновите на природните катастрофи и големи несреќи.

Во стравот големи се очите, особено кога луѓето се немоќни да се спротивстават на природната стихија. Во тие мигови најзначајната работа е солидарноста и хуманоста, пријателската рака и помош унесреќените да почувствуваат дека не се сами и препуштени на себе. Скопјани повеќе пати во поблиското и подалечно минато се соочиле со големи природни несреќи и катастрофи и добро знаат што е солидарност, но исто така, да бидат солидарни и хумани во секоја ситуација кога страдаат луѓе каде било во светот. Градот на солидарноста не заборава, или попрецизно кажано не смее да заборави. Така ќе биде и овој пат, по големата природна катастрофа најпогодените скопски населби и одамна познатите црни точки низ градот ќе се урбанизираат како што налагаат градителските стандарди, домовите на оштетените граѓани ќе се обноват и реновираат, штетите ќе се ублажат, животот лека полека ќе се врати во нормала.

Не можат да се вратат само починатите, кои го платија најтешкиот данок. Тоа се жртвите на невремето, но и на големите грешки што не се гради според законските норми и стандарди. Но и изграденото не се одржува. Тие наши сограѓани кои ги изгубија животите, 22 досега, а се’ уште се трга по исчезнати, тројца граѓани починаа од стрес поради големата загуба во семејствата, сите тие платија највисока цена, со живот. Тоа е најсветата и најголема обврска за живите која мора да биде траен влог и гаранција дека конечно луѓето што одлучуваат ќе мора да се вратат кон изградба на она што е најзначајно за граѓаните, а тоа е инфраструктура која ќе им го олесни секојдневниот живот и ќе претставува солидна заштита од природни катастрофи. Политичарите ќе мора да ги преиспитаат своите програми и популистички предизборни ветувања и погрешни приоритети.

Над 22 мртви, меѓу кои и деца и млади луѓе на прагот од животот, тројца починати од стрес и стотина ранети, огромните штети и уништени имоти, иако процените не се готови, сигурно ќе изнесуваат повеќе десетици милиони, ако не и стотина милиони евра. По ова, ако се има малку совест и ум, ќе треба да престане налудничавата прескапа трка со изградба на споменици и објекти за политичка пропаганда. Пред политичарите се наоѓа фактурата платена со живот и уништен имот на илјадници скопјани. Доста е со погрешно арчење на народните пари и заеми, време е да се признаат скапите грешки. Натамошно леење на споменици по пролеаните солзи најблаго кажано ќе биде болно лицемерие кон настраданите и тешко злосторство доколку се повтори иста или слична трагедија поради познатиот инает да се велича сопствената глупост и да се лечат комплексите со градба на онаа некропола и дупка без дно што се вика „Скопје 2014“, која арогантно продолжува да се гради и натаму, веројатно додека конечно не се узнае што е тоа без што е незамислив нормален живот во 21 век во една европска држава.

Стручните луѓе и урбанисти одамна предупредуваат, очигледно досега залудно, дека изградбата на добра комунална инфраструктура и нејзиното одржување е работа која е меѓу најзначајните приоритети. Тоа го олеснува животот, а не вознесот пред ергелите бронзени коњи, лавови, споменици, барокни гаражи, жални врби и галии и кораби, рајски градини и триумфални капии… Каков е тој триумф да се влезе во главен град од кој половината нема пристојна фекална и атмосферска канализација, а и тоа што го има, во добар дел е затнато и не е соодветно на бројот на жители, дури и во елитните населби каде што се плаќаат најскапите комуналии. Каде исчезнаа познатите скопски канали, кој дозволи да ги покрие џунглата на градителската мафија за врз нив да се градат објекти. Каналите за истекување на водите и наводнување што преживеале и се’ уште постојат во кои пред половина век ловевме риба сега се полни со смет поради негрижа, но и непочитување на законските обврски да се одржуваат и навремено да се чистат. Кои се тие големи успеси и највисок стопански раст во регионот ако половина држава нема здрава вода за пиење и пристојни водоводи, ако нема квалитетно напојување со струја на домовите, па и на голем број фабрики, какви се тие автопатишта на кои не функционираат испустите за вода, затоа што некој заборавил на своите обврски, а е надлежен и платен за тоа, каква е та автострада ако по неа трчаат, крави, коњи, кучиња, а богами и мечки. Некој дошол дури од Швајцарија во Македонија да се судри, верувале или не, со мечка, баш на автопат.

И сега кога ќе го кажете ова јасно и гласно, баш поради сочувство со жртвите и со оштетените и поради професионална и морална обврска, вие сте предавник кој ја политизира природната катастрофа и собира не знам какви поени, а не знам и зошто ќе ви служат тие поени.

А, тие што се сликаат дење ноќе по телевизиите и кои во трката за власт првпат во животот облекле чизми да ја чистат калта која самите ја направиле градејќи барок и лажен гламур, кич споменици, е тие се носители на солидарноста, хуманисти и спасители. Таа валкана пропаганда и ужасен политички маркетинг продолжува со засилено темпо и деновиве ѕидајќи предизборни поени од трагедијата за која и самите тркачи имаат голема одговорност. Нивните телали низ медиумите упорно докажуваат дека само невремето е виновно за големиот број жртви. Пласираат глупости и презентираат евидентно незнаење што се тоа стогодишни води, па трескаат дека станува збор за потоп и катаклизма која се случува еднаш на илјада години, божем тоа лично ги измериле дождовите цели илјада години. За во истите текстови да соопштат дека во 1979 година наврнале над 110 литри на квадратен метар, или дека исто количество дожд како и сега паднало и осумдесттите години, но при тоа заборавиле да кажат дека тогаш немало ниту една жртва. Копаат по интернет и вадат податоци за последиците од големите поплави и излевања на најголемите реки во светот, ги споредуваат бројките на жртви кај нив и кај нас само да ги оправдаат грешките и погрешните приоритети во изградбата на она што ни оддалеку не е најважно за граѓаните.

Вчера се огласи и јавното обвинителство и откако беше прозвано соопшти дека за нив нема работа кога станува збор за природни катастрофи. Предупредувањата на Институтот за судска медицина дека Македонија има преземено меѓународни обврски да се открие причината за смртта на луѓето и да се изврши правилна идентификација на загинатите за јавното обвинителство не значи ништо. Тоа најарогантно се прогласи за ненадлежно според член од Законот за кривична постапка бидејќи нема докази дека станува збор за кривично дело. И толку, сите починати ќе бидат запишани како умрени од природна несреќа и толку. За тоа дали има индикации дека се направени законски престапи при изведба и одржување на инфраструктурата нема ни збор во соопштението на Обвинителството, ниту пак најава дека ќе се поведе истрага.

Деновиве политичкиот маркетинг од природната катастрофа што го погоди Скопје се префрла во парламентот. Тие што можат да поднесат ќе се изнагледаат политичка некрофилија. Тие што не можат, нека се потсетат на богатиот народен арсенал на пцости. Пцуењето дома пред телевизор не е казниво.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Кој го удави Скопје

Posted on 09 August 2016 by erizaov

grujo poplava

Како што и се очекуваше, Никола Груевски го прекина годишниот одмор и директно од Анталија се спушти во Стајковци и во Смилковци. Не видов, но веројатно наминал и до Арачиново и до Сингелиќ и уште во неколку настрадани скопски населби да сочувствува со семејствата на жртвите, да ги охрабри и да вети помош и брза санација на унесреќените од катастрофалното невреме.

Како што му приличи на најмоќниот човек во земјата, го преслуша и по малку го укори јавно пред камери збунетиот премиер Емил Димитриев на кој ова му е прв прекинат премиерски одмор и прва несреќа. Онака родителски и педагошки му ги истегна ушите и на најверниот му министер Никола Тодоров што се грижи за здравјето на народот во слободно време меѓу пет-шест задолженија. Го погледна значајно како мува во матеница градоначалникот на Скопје Коце Трајановски кој беше повеќе накиснат што некои давеници го беа избркале отколку од дождот бидејќи не им треба сега кога водата се’ им уништи. Потоа видливо загрижениот Груевски сврте неколку телефонски броеви, нареди веднаш да се испрати неопходна помош, да стаса војска, стручни луѓе, доброволци и механизација да се расчистат последиците од катастрофата. Тоа беше првиот чин по трагедијата од давењето на главниот град на државата од силен дожд среде лето.

Вториот чин е ден на жалост и погребните поворки на над 20 луѓе, потрагата по исчезнатите, згрижување и лечење на повредените, расчистување на наносите и свлечиштата, соочување на несреќните луѓе со реалноста по шокот дека за еден час стихијата им го однесе сиот имот. Во вториот чин најгласна е пропагандата со паролите да не се политизира невремето, со идиотското утешение дека многу повеќе луѓе се давеле во цел свет кога има природна катастрофа, така било и во Америка кога ќе надојде Мисисипи и во Германија кога ќе се излие Рајна и во Србија кога ќе надојдат Дунав и Сава и во Босна и во Бугарија сегде имало повеќе жртви од поплавите и временските непогоди отколку кај нас, иако кај нас Вардар не стаса ни до половина од своето корито. Ни одржаа новинарските труби предавање дека природните стихии не можат да се контролираат и дека тоа си е само божја работа. Некои отидоа и дотаму што открија дека се случил некаков досега непознат природен, а можеби и вештачки феномен, кога застанале облаците над Скопје иако дувал силен ветар 70 километри на час. Најверојатно набргу ќе уследи некој теорија на завера дека Американците го нарачале и го испратиле смртоносниот облак да ја истури Нијагара врз Скопје.

И во вториот чин Груевски ќе сочувствува со трагедијата и со загубите на семејствата, ќе ги сослушува надлежните институции на системот и рапортите на раководителите на кризните штабови. Ќе издава директиви за расчистување, ќе дели помош, ќе им нареди на владата и на претседателот на држaвата да прогласат безмалку вонредна состојба, ќе се ракува и ќе се прегрнува со луѓето кои најмногу настрадаа од катастрофата и летното невреме. За на крајот по два-три месеци се’ да се среди како и што си беше и пред тоа. Тогаш Груевски триумфално повторно ќе ги посети настраданите подрачја како што направи во Тетово, во Пелагонија… за да констатира дека тоа што е ветено е исполнето и дека се отстранети последиците од природната катастрофа… И се’ така до следната несреќа.

Третиот чин нема да го видиме оти нема ни да се одигра. А, тоа е Груевски, кога веќе ја презел улогата и на премиер и на претседател на државата и шеф на сите кризни штабови, благајник на државната каса, да ги повика луѓето што знаат зошто се удави половина Скопје и зошто од еден летен дожд па макар наврнале и сто литри на квадратен метар настрадаа толку многу луѓе и дали штетите можат да бидат помали. Да слушне дали навистина не може да се контролира природната стихија, или пак може значајно да се ублажи, дали службите и штабовите за предупредување, Хидрометеоролошкиот завод можеа да дејствуваат превентивно со алармирање на опасноста, или целосно затаија.

Ако Груевски се соочи со познатите скопски урбанисти, хидроинженери експерти за регулација на водите, стручњаци за мелиорација, одводнување и наводнување, градежни инженери, архитекти, сеизмолози, ќе дознае колкав е гревот што наместо нивните проекти кој фаќаат прав по некои подруми и канцеларии ги реализирал и скапо платил споменичните креатури во слава на власта и антиката. Тие ќе му објаснат што се’ можело да се направи со тие пари. Ќе дознае зошто Вардар не поплавува повеќе по изградбата на браната Козјак и со регулација на коритото. Ќе дознае каде исчезнаа скопските канали за одводнување и наводнување и кој ги затрупа. Ќе дознае што значи кога еден град има или нема атмосферска и фекална канализација во согласност со бројот на жители. Ако сака да ја слушне вистината, ќе му кажат каква опасност се крие од свлечишта, кои се критичните црни точки во градот од поплави и пожари. Мислам дека ќе фати уплав ако директорот на ИЗИС му каже најотворено какви ќе бидат последиците од евентуален посилен земјотрес бидејќи градежната и алчна мафија не гради по законските стандарди донесени по катастрофалниот земјотрес, туку гради по коруптивни и криминални пресметки и за баснословни профити. Ако сака да чуе Груевски ќе дознае колкава е опасноста од дивите озаконети градби по коритото на Вардар и немилосрдната сеча на шумите на Водно и околните планини. Ако сака да слушне Груевски ќе дознае како се ублажуваат, па и спречуваат големи катастрофи бидејќи има луѓе што тоа го знаат и го работеле.

Веројатно немаше да се решат сите проблеми за добра инфраструктура во државата и во главниот град, но за десет години и за фрлените милиони евра во споменици и лажен фалшив барок и со почитување на законската регулатива и стручните луѓе можеше многу да се направи.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Трагедијата го угасна лажниот сјај

Posted on 07 August 2016 by erizaov

Фото: Андреј Гиновски

Фото: А. Гиновски

Катастрофа во главниот град на државата, 20 мртви, повеќе исчезнати и тешко повредени, заробени стотици возила под свлечишта, разурнати, поплавени, опожарени населби, згради, куќи, булевари, улици, угината стока, откорнати дрва, уништен имот и покуќнина, многу солзи, унесреќени семејства, голема тага… тоа е првичниот биланс потврден од МВР по големото невреме што ги зафати синоќа Скопје и Скопско. Пак сме на ударните вести во светските медиуми. Никогаш за арно. Уште колку тажни вести ќе стигнат, ќе се дознае по повлекувањето на водите и расчистување на калта и на земјените наноси.

Ваква трагедија не го снашла Скопје ни за време на големата поплава 1962 година. Од земјотресот 1963 година па наваму, немало поголема несреќа во Скопје со толку многу жртви и штети. Дождот, наносите и громовите предизвикаа пустош и го угасија лажниот сјај на главниот град.

Фото: А. Гиновски

Фото: А. Гиновски

Еден силен летен дожд, невиден досега, како да течеше река од небото, проследена со ветер за два-три часа ги потопи градот и околината. Најдобро издржаа бронзените споменици и населбите каде што се градело според законските прописи. Во централното подрачје и по некои елитни населби и булевари на самракот, по кружните текови за политика, сообраќај и мерење на висок водостој трагично се узна вистината на големите промашени инвестиции во слава на режимот. Кај сиромаштијата во приградските населби со години по секој малку посилен дожд „стање редовно“, вода до гуша. Овој пат во Стајковци, во Смилковци, во Сингелиќ и во Арачиново, вода и кал преку глава. Се давеа луѓе во своите домови и автомобили. При помало или поголемо невреме зиме-лете, пролет-есен, во Скопје, како и низ цела Македонија се гледаа добро сите големи дупки и утки, подземни води и ујдурми и сите погрешни приоритети од фрлените стотици милиони евра залудно во барок и лажен гламур. Стаса казната за погрешниот редослед на изградба на она што е најважно за граѓаните. За жал, казната ја платија со своите животи над 20 невини луѓе и илјадници граѓани со својот уништен имот. Природата не може да се поткупи и корумпира, ама нејзината сила може да се ублажи, ако се гради според правилата и градителските закономерности.

Кога се гради само за фасада, за убаво лице, за сликање и за гласови, а не според градежните строги норми и кога се потценуваат опомените на природата кои ги имаше на повеќе пати само оваа пролет и лето, а да не зборуваме за претходните години, кога не се почитуваат предупредувањата на вистинските експерти и стручни луѓе, кога се гради на ура и со популизам, а не според науката и опасностите од глобалното затоплување еден ден стасува одмаздата на природата. Најтрагично е тоа што кај што е најтенко се кине. Така е кога се гради за криминал, за корупција, за грабеж, за изборни победи, а не за квалитет и трајност.

Фото: А. Гиновски

Фото: А. Гиновски

Не дека не знаат нашите познати градежни компании да градат згради, булевари, патишта и автостради, канализации, да чистат речни корита и канали… напротив, тоа знаат да го прават по светски стандарди и со признат квалитет, но кога она што е над земјата е поважно од она што е под земјата и не се гледа, кога градат човек– фирма, кога градат партиски, а не градежни компании, кога е поважно да завршат милиони во џебови и во партиски каси отколку во темели и здрави покриви и во вистинска заштита на животот и имотите на граѓаните, тогаш вистината најдраматично и најточно ја откриваат, за голема жал, жртвите и штетите од поплавите, сушите, пожарите и ја покажуваат целата лажна слика на македонските Потемкинови села и кули од карти.

Фото: А. Гиновски

Фото: А. Гиновски

Е, сега знам што следува, ќе се јават разните политички пропагандисти и квазистручњаци да не го политизираме невремето, дека паднале 50, 60, сто… литри дожд на квадратен метар, дека дувало силен ветер, имало 800, или 1000 и кусур електрични празнења, громови, дека тоа се случува насекаде во светот и дрн-дрн јариња. Еве неколку евидентни констатации за тие партиски стручњаци кои секогаш во критиката за пропустите и неправилностите препознаваат политика. Кога ќе се случи, во кој век, Скопје и сите градови и поголеми населби во Македонија да добијат комплетна атмосферска и фекална канализација соодветна на бројот на жители и која редовно ќе се одржува. Кога ќе се исчистат сите шахти и канализации. Кога ќе се отстранат опасните повеќегодишни наноси во критичните делови на речните корита и канали. Кога ќе се контролираат и запрат свлечиштата кои со години ги знаат сите надлежни институции и се прават на удрени. Кога ќе престане изградбата на објекти под диктат на градежната и политичката мафија каде што не смее да се гради. Кога граѓаните во сите населби ќе добијат квалитетно снабдување со електрична енергија, вода за пиење, прописно изградени улици и патишта со неопходните пропусти и канали, кога треба да се испраќаат авионите за гаснење на пожари на ремонт и поправки, кога ќе научиме дека овие елементарни животни потреби се поважни од споменици, кораби, галии, гаражи, жални врби, фонтани, вртелешки, рингишпили и панорамски тркала, рајски градини и лажен барок. Кога ќе ја примениме основна лекција и во градежништвото и во изградбата на општеството дека темелите и покривите се поважни од лажните фасади од стиропор и гипс-картон. Полните подруми со вода во речиси сите објекти на „Скопје 2014“ е стара и позната работа. Но, поплавените подруми и станови во новоградбите ширум Скопје покажуваат дека фалш-изградбата попримила димензии на епидемија. Никогаш не ми излегува од глава предупредувањето на стручните луѓе од Институтот за земјотресно инженерство дека многу новоградби во Скопје не се градени според законските норми. Не дај Боже да удри малку посилен земјотрес за да се увериме преку нова трагедија што му направија на градот разните алчни идиоти и лажни градители.

И сега што понатаму. Ќе стаса спасителот со прекинат одмор во Анталија, ќе тргне со свитата новинари и камери по домовите на жртвите, ќе вети помош и брза санација, ќе го прегрнуваат следните жртви …

(Објавено во Утрински)

Comments (6)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2017
M T W T F S S
« Oct    
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930