Tag Archive | "Охридско езеро"

Tags:

Забрането мрестење на шараните

Posted on 19 November 2015 by erizaov

ohrid

Во големата густина на драматични настани кои се случуваат во светот и кај нас дома, главно поврзани со терористичките напади во Париз и бегалската криза, една информација и една фотографија од Охрид посебно ми го привлекоа вниманието. Веста и фотката кои во други околности би биле пласирани на прва страница успеале да се пробијат во „Утрински“ до петтата страница, а во повеќето други медиуми воопшто ја немаше нешто поради строгата цензура, а нешто била запоставена поради наездата од закани и заплашување на граѓаните дека ќе ни се случи и нам Париз. Веста и сликата во нормални времиња би предизвикале аларм од прв степен. Повторно е нападнато Охридското Езеро од градежната мафија.

Продолжува со несмалено темпо да се уништува нашето најголемо, природно и национално богатство, најскапоцениот ресурс што го имаме, водите на Охридското Езеро. На фотографијата јасно се гледа дека се поставува арматура во езерото, се истураат големи количества бетон, а на некои места, како што јавува нашиот дописник, се потопуваат и карпи за да се тампонира просторот кој до вчера беше под вода и дел од крајбрежјето на езерото. Овој терористички чин врз националното богатство што го прават нашите арамии повеќе ме плаши отколку застрашувањата дека се можни терористички акции на екстремисти и емигранти во Македонија. Со грубо кршење на Законот за заштита на Охридското Езеро се краде од неговата површина и се претвора во објекти за легални профити, се скрнави светското културно и природно наследство и повторно којзнае по кој пат се плука врз покровителството на УНЕСКО под чија заштита се градот Охрид и Охридското Езеро. Изградбата на бетонски и камени ѕидови во водите не може да се толкува поинаку отколку како терористички чин со груба деградација на човековата околина и опасност за опстанок на живиот свет во езерото и неговото крајбрежје.

Се покажува дека се’ уште се актуелни идеите на премиерот Груевски кои јавно ги опиша најдобро човек од неговиот тим, поранешниот заменик-министер Владимир Лазаревиќ. На владина седница, да потсетам, Груевски предложил да се разгледа идејата да се искорне трската во водите на Охридското Езеро и да се направат плажи, да се изгради околу целото езеро бетонски парапет со висина од половина метар и да се увезе убав песок за плажите. По благото предупредување до премиерот од експертите присутни на владината седница дека тоа ја нарушува еколошката рамнотежа и може да го оневозможи мрестењето на рибите, особено на охридскиот крап, Груевски поентирал со прашањето дали ќе правиме туризам, или ќе ловиме риби.

Оваа историска епизода од седница на Владата ме потсети на култната драма на писателот Александар Поповиќ „Мрестење на шараните“ која и ден-денес се изведува по театрите на просторите на бивша Југославија, но се чини дека сега е многу поактуелна отколку некогаш кога за таа драма се крена голема прав. Во тие „волнени“ времиња, и покрај тешкотиите и сопките со кои беа соочени, можеа да пишуваат и работат, да бидат почитувани и уважувани големи имиња како Александар Поповиќ, Живко Чинго, Гојко Џого, Драгослав Михаиловиќ и плејада други култни автори, познати писатели, режисери чии дела беа синоним на отпорот против ѕидање на темните балкански вилаети каде што одамна се започнати омразата и делбите, братоубиствените војни кои се’ уште траат и нема надеж да престанат. Стотици автори, писатели, сатиричари и врвни новинари секојдневно ги исмеваа примитивизмот и простаклакот. Во нивните епски дела ингениозно се опишани сцени на апсења, на измачувања, на предавства, на карактерот на луѓето од балканските простори, но најмногу од се’ суровата војна за власт, зависта, лицемерието, aлчноста и сиромаштијата. Погодувате, клучното прашање e зошто денес при олку голема слобода и демократија нема такви автори, или пак можеби мислите дека денес не се присутни темите кои инспирираат за вакви дела. Забраната за мрестење на шараните во Охридското Езеро, идејата за изградба на големиот хотел во Свети Наум и хидродромот на површината до езерото, од страна на мултимилијардерот Субрата Рој, изградбата на фарма-фатаморгана со 20.000 крави во Овчеполието кај Џумајлија, подигнувањето на најголем во светот гламурозен споменичен комплекс на скромната Мајка Тереза на Скопскиот плоштад, клепањето лажни барокни Потемкинови фасади во 21 век, бетонираните гемии на Аксиос, жалните врби и мостови кои не водат никаде и згора над се’, 70-метарско Панорамско тркало качено на мост преку Вардар со челични столбови зариени длабоко под нивото на она што остана од реката, сето тоа за забава на најсиромашниот народ во Европа за само дваесетина милиони евра.

Дали се тоа доволно инспиративни теми за ремек-дела рамни на „Пофалба на глупоста“ од Еразмо Ротердамски, или барем рамни на делата на веќе спомнатите современи писатели. Зар денес битките за власт не се посурови и повалкани, нема ли апсења со политички мотиви, нема ли алчност и арамилак, нема ли примитивизам и провинцијализам, завист и инает, нема ли омраза и делби. Или можеби нема творци кои ја препознаваат подобро сегашноста во која живеат од минатото за кое пишуваат, а кое одамна пред нив го опишале некои други мајстори на перото, ама како сведоци на своето време. За сведоштво на своето време треба повеќе од храброст.

(објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , , ,

Боже, кој не’ води

Posted on 10 March 2015 by erizaov

Camec_na_Ohridsko_Ezero_2008

 

Вистина било – Груевски сакал од Охридско Езеро да направи море

Секој ден ја гледаме во живо срамната голотија на премиерот и неговите најблиски соработници. Луѓето и со минимален демократски капацитет се вџашени и вчудовидени со каква ароганција и кршење на основните човекови права се владее и како понижувачки арогантно и лесно се посегнува кон злоупотреба на власта кршејќи ги и законите и Уставот, газејќи и по морални принципи кои ги има дури и мафијата. И по откривањето на скандалот со масовно непречено прислушување на илјадници граѓани и јавни личности наместо брзо да се напушти политичката сцена во интерес на татковината и сопствената партија се повикува на мобилизација за борба меѓу граѓаните и на јавен линч на сите кои во неспреченото следење на илјадници јавни личности гледаат тежок кривичен и морален престап.

Слободоумните луѓе со голема загриженост ги следат настаните во Македонија. Официјалните пораки на европските институции, изјавите по затворената седница на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, грижливо и внимателно составените пораки кои доаѓаат од врвните институции на ЕУ и од американските актуелни политичари, од најзначајните економски партнери и докажани пријатели се дочекуваат со строга цензура и со навреди дека тие што бараат враќање на демократијата во Македонија не се добро информирани. Затоа, пак, фатените на дело кои ништо не презеле да го спречат ова злодело и кој добро се информирани што се случува во земјата, поведоа невидена црна и валкана медиумска кампања против секој граѓанин во државата и во дијаспората кој се определува за демократски курс на земјата.

Со гнасење и неверица се слушаат низ етерот гласовите на врвните функционери како се местеле избори, како се апселе луѓе, како им се заканувале на граѓани дека можат да бидат најдени во ендек, како се нарачуваат судски пресуди, и вработувања на судии, како се менуваат урбанистички планови како се минираат објекти кои чинат милиони евра, како новинари летаат од работа, како се корумпираат медиуми, како се манипулира и лаже јавноста, како на најблиските соработници на премиерот им се повраќа на седниците на Владата, како тие сметаат дека вождот забегал, како МВР станало изборен штаб на ВМРО… и стотици и стотици тешки законски престапи и злоупотреби заради кои за секоја поединечно треба да се поднесе и морална и политичка и кривична одговорност.

Од тоа се разбира, нема ништо, агонијата и натаму трае, се подгрева омразата меѓу граѓаните со тешки и мачни пропаганди кои треба да ги убедат дека тоа што го гледаат и слушаат со свои очи и уши не е точно, туку е обид за пуч и државен удар на домашни предавници во спрега со странски служби. Премиерот Груевски уште во својот прв настап кажа дека нешто од тоа е точно, нешто е делумно точно, а нешто воопшто не е точно. По тој јавен настап премиерот се појави уште илјада пати на телевизиите, но ниту еднаш не кажа што е точно, што е делумно точно, туку ја сврти работата дека ништо не е точно. Си нарача Груевски јавно судски процес да судат луѓето кои ги слушаме на лентите како делат правда и како се одвиваат судските истраги и како се нарачуваат пресудите со точен број години затвор кои треба да ги одлежат политичките противници и критичари на власта.

Среде аферата со прислушувањето и меѓу експлозиите на бомбите на Заев, буквално ме сруши едно сведоштво што го објави Владимир Лазаревик, поранешен заменик- министер за здравство во Владата на Груевски. Кога го прочитав насловот како Груевски сакал да направи море од Охридско Езеро помислив дека се работи за некаква новинарска патка, или невкусна бизарна шега која е дел, исто така, на валкана пропаганда. Но читам, читам и не можам да поверувам. Владимир Лазаревик се повикува на седница на Владата на која лично присуствувал, од која има записници, се повикува со име и презиме на живи и здрави сведоци министри во Владата и владини експерти.

Премиерот Груевски на владина седница предложил да се извади целата трска од охридското крајбрежје, додека повеќето министри ја слушале претпоставувам засрамено со наведнати глави оваа антологиска будалштина. Сепак, се нашол маж со одбрани зборови да му укаже на премиерот дека таму се мрести крапот, што е само најмалиот проблем во нарушување на еколошката рамнотежа на езерото. Одговорот на премиерот бил: па ќе правиме туризам или ќе мрестиме крапови. Гротеската продолжува со тоа што премиерот дал предлог да се извадат камењата по охридските плажи и да се донесе песок, ако треба како увоз, од Грција!!!??? Сите внимателни обиди да му се укаже на премиерот оти водата и брановите ќе го однесат песокот завршиле со негов предлог да се направи по целото крајбрежје половина метар висока бетонска ограда за водата да не го однесе песокот.

Боже, си реков, кој ја води Македонија. Еве зошто имаме толку кич споменици, толку бронзени лавови и коњи по плоштадите, толку вртелешки и панорамски тркала, жални врби и насукани кораби по Вардар, гаражи како царски дворци, зошто Владата си направи замок со барокна фасада од објект изграден во авангарден кубистички стил пред повеќе од четири децении. Ми стана ептен јасно зошто ние сме најсиромашни во Европа. Овие навистина биле лудаци, што би рекол министерот Ставрески, ама не се поарни и тие што молчеле и не му се спротивставиле.

 

Comments (0)

Tags: , ,

Чија земја брани дедо Тимотеј

Posted on 15 July 2014 by erizaov

Ја следам војната на владиката Тимотеј од првиот ден како осамен брани од грабливци едно парче света земја. Имам впечаток како никому да не му е гајле чија земја варди упорно и храбро дедо Тимотеј, црковна, државна, земја под заштита на ОН, или не’ брани сите нас од нашиот кукавичлак што не смееме да кажеме – чекајте бре властодржци, лакомци полакомени, не е се’ ваше во државата. Оваа рајска градина е дар од природата, наследство до Бога за целиот свет. Тргнете ги рацете од Охрид, од Езерото, од крајбрежјето, оставете нешто недопрено и чисто во Македонија.

Ова нема кој да го каже гласно во библиската земја, за жив срам и голем грев. За ова молчи еколошки чистата влада и чесна власт, молчат интелектуалните елити и уживатели на национални пензии и приматели на додатоци и надомест од буџетот за живот во страв. Тивка е и црквата и другите владици во својот протест стокмен ептен христијански. Ќе се појави тук-тек по некој лелек во медиумите, по некој врисок во некои еколошки друштва и толку. Битката е изгубена оти еден црковен великодостојник не може сам да ја извојува, па макар и Господ му помагал. Од овие нема спас.

Знае дедо Тимотеј добро дека за заштита од птици грабливки на нивите се ставаат плашила. За да не влезе стока се става ограда. Од луѓе нема одбрана. Уште ако се од уќуматот, од власта, отиде берикетот сосе земјата. Ако наумила Владата таму да гради задужбина на Субрата Рој или нему слични, тоа така и ќе биде кога нема кој да каже чекајте, ова не е ваше. Ова е наше.

Не сакам во принцип да напаѓам човек кој ги плаќа своите гревови лежејќи затвор. Ама измамници кои на сиромашни и гладни луѓе им ги украле залците од уста им го дрпнале последниот грош, кога таквите белосветски арамии и хохштаплери ќе најдат прибежиште во влијателни и моќни кругови на власта и кога насмевнати се сликаат и ликуваат со државниот врв, е тогаш тоа веќе излегува од рамките на сите овоземни и небесни закони. Тоа е веќе опачината на човештината. Субрата Рој лежи во затвор и чека правда, а неговото семејство лека полека се доселува во Македонија со уредно добиени државјанства и купен имот. Се разбира дека имаат на тоа право според нашите закони и прописи, само треба да ги прашате луѓето кои со години чекаат да бидат македонски граѓани, што тие мислат за оваа државна интервенција да добиеме значајни ВИП-сограѓани кои не ги сакаат во нивната татковина. Домаќините на Субрата Рој одамна молчат за својот уважен гостин, спасител на Македонија. Кога предупредуваме дека со луѓе кои се под судска истрага владите не преговараат зделки, нашите политички лидери и министри одмавнуваа со раката и не’ нарекуваа со погрдни зборови како непријатели на татковината. Сега кога се виде карикатуралноста на целата таа авантура со се’ уште неизвесен крај, планот на Субрата да гради коцкарница и хотели кај Љубаништа и Св. Наум уште е актуелен. Ако не биде Субрата, галиба власта се подготвува да биде некој друг од белиот свет, или некој наш новопечен чорбаџија.

Во светот каде што владее правото и каде што важат законите без оглед кој е на власт, практиката вели дека и покрај постојната законска регулатива мора да се донесе посебен закон за експлоатација, или за давање под концесија на земјиште, реки, езера, шуми, планини или други природни реткости што спаѓаат во делот на национално природно богатство, или во делот на светска културна оставнина. Покрај Охрид и Езерото како наше посебно најголемо национално богатство има уште неколку региони со непроценливи природни убавини кои не смеат да се скрнават, или како било да се нарушуваат без строги законски прописи стручно и научно верификувани само за таквите природни реткости и области. Такви строги закони, но уште построга еколошка свест за своите национални паркови и природни богатства кои припаѓаат на целото човештво и на идните генерации имаат граѓаните на сите земји со демократска традиција и каде што навистина владее правото, но и културата на живеење и заштита на човековата околина која се всадува од пелени.

Ако оваа битка ја изгуби дедо Тимотеј, најмалку тоа ќе биде негов пораз. Обратно, тоа ќе биде пораз на сите нас, на сите кои молчиме кога се крчми природното богатство без оглед кој се води како сопственик и титулар, црквата, државата или кој било друг. Разликата е само во тоа што владиката и уште неколку луѓе ќе можат барем да кажат дека се обиделе нешто да направат, да спречат едно злодело. Но во тоа не успеале, само поради фактот што останале очајно малцинство.

Објавено во Утрински весник

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2017
M T W T F S S
« Oct    
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930