Tag Archive | "новинарство"

Tags:

Не се можни медиумски реформи

Posted on 27 July 2016 by erizaov

mediumi
Во Македонија не се можни медиумски реформи дури и кога ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно сосе сите политички партии и лидери најискрено би сакале и би се залагале за високо професионално, слободно и одговорно новинарство. Тоа е невозможна работа барем во наредните десет години бидејќи освојувањето подобри новинарски стандарди не е врзано ни со партиски преговори, ни со политички одлуки, а воопшто не се пресудни ни најлибералните закони и уставни гаранции за забрана на цензурата и медиумската контрола. Слободни медиуми и добро информирана јавност се дел од големата култура, дел од нивото на демократијата, дел од цивилизациските дострели на едно општество, дел од просперитетот, економскиот развој и стандард на граѓаните, дел од демократскиот капацитет на политичките, интелектуалните и деловните елити, дел од образовниот систем, слободарскиот дух и менталитетот на народот.

Не препознавам во Македонија државник, ниту сум слушнал цврста определба на некој политички лидер дека во слободата на медиумите гледа значаен историски процес и гаранција дека државата се движи во правилна насока. Освен некои лицемерни, куртоазни и популистички главно предизборни и програмски фрази за потребата од слободни медиуми, нема никаква друга конкретна активност во таа насока. Напротив, во последните десет години е систематски уништувано и разградувано во сферата на медиумите и информирањето на граѓаните со инсталирање на драматичен дисконтинуитет на се’ што макотрпно е постигнато во изминатите 30, а според трудовите на историчари по новинарството и во изминатите 71 година по Втората светска војна и по формирањето на првата парламентарна држава досега. Да не ги валкаме воопшто историските проблесоци на новинари од пред 100 и кусур години во непримерни споредби на денешните медиумски црнила.

Во изминатата деценија освен несреќната промена на сопственоста на медиумите која за жал главно е извршена под партиска и идеолошка контрола, а се бројат на прсти од едната рака во професионална насока, медиумските стандарди паднаа на најниско ниво чинам во последните 40 години. Медиумската плурализација тргна хаотично и агресивно, но сепак извонредно добро во првите десетина години на независноста на државата, за потоа да го изгуби чекорот и на крајот да се сведе само на големата бројка на медиуми, без поголем исчекор во надградбата и примената на западноевропските стандарди. Под диктат на политиката и економската зависност се изгубија шареноликоста и различноста на медиумите кои се’ повеќе почнаа да наликуваат јајце на јајце, а спротивставеностите не беа во сферата на професионален натпревар, туку во партиската поделеност и примена на жесток јазик на омраза и сатанизација. Најчитаните, најгледани и највлијателни медиуми под удар на економска зависност и партиска припадност станаа коалициски партнери на властите, а од пред осум години, поточно од 2008 година наваму се воведени воена цензура и забрана за стотици јавни личности кои не можат да ги искажат своите стручни, професионални и политички ставови во поголем број медиуми кои се под контрола. Едноставно, строго е забрането на одредени телевизии, весници, радиостаници и интернет-портали да се слушне, види и прочита нешто што може да се сфати како критичка опсервација на политиките на Владата, или на владејачката партија.

Во ерата на груевизмот, најголемиот број македонски медиуми се сведени на партиски билтени, на гола пропаганда скапо и коруптивно платена. Финансирањето на медиумите, партиските кампањи и реклами станаа невидена агресија врз животот на граѓаните. Последиците се толку очигледни од ова децениско злосторство врз демократијата што враќањето на веќе одземените достигнувања во македонските медиуми сега реално изгледаат далечни и невозможни. Направена е вистинска пустош и во свеста на луѓето и во поимањето на суштината на новинарството во голем дел од јавноста, вклучувајќи ги и младите луѓе кои израснаа и се формираа како личности во режим. Одговорноста за ваквата состојба на власта која примени ригиден систем се префрли перфидно само врз новинарите и медиумските куќи.

Што можат во вакви услови да донесат преговори за реформи кои сега ги водат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за објективно и професионално информирање на јавноста сто дена пред избори. Кој е тој што може да верува дека сто дена ќе ги заменат 3.650 дена на разградување на демократијата и пристојно стекнатата медиумска слобода. Каков е тој мониторинг што ќе ги оценува пропагандите. Кој може да ја исправи гротеската што на секои вести со часови ни се издига пред очите како култ на личност кон еден претседател на политичка партија кој оди од село во село и од град во град секој ден трошејќи милиони евра од буџетот кој предизборно се полни со стотици милиони евра заеми кои ги плаќаат граѓаните и што ќе ги враќаат и нивните деца. Во кој тоа пишан, или непишан закон, или во која демократска држава може претседател на партија немилосрдно да го празни буџетот во предизборна кампања.

Не знам за вас, ама мене ми е многу тажно што нонстоп се емитуваат вести за еден партиски лидер и бивши премиер како со наши пари дели социјална помош, пензии, субвенции, како гради споменици и плажи, патишта и училишта, фискултурни сали и игралишта како да се тоа негови лични пари и проекти. Нема кој да му каже во партијата, па и во државата, дека тоа не е работа на претседател на една политичка партија. На очиглед на целата јавност се редат пред камерите партиски активисти од деца до возрасни луѓе во години кои се поклонуваат до земја од благодарност кон големиот водач и учител што ги посетил и пратил булдожери да асфалтираат пат по десет години откако е на власт. По овие успеси, благодарение на сенародниот идол, следуваат вестите за домашните предавници и непријатели.

И ајде сега, некој нека каже дали се можни реформи во медиумите со истите луѓе кои од нив направија монструми. Да видам не верувам.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

Можен ли е бојкот на новинарите

Posted on 15 June 2016 by erizaov

tv

Конференцијата за печат на Никола Груевски пред судот каде што одржа монолог за својата невиност во улога на жртва на Специјалното обвинителство и на опозицијата, ми беше повод да упатам апел на колегите новинари да си го сочуваат барем она малку достоинство ако нешто останало и да не одат повеќе на настани на кои ќе бидат понижувачки третирани како декор или мебел. Што бараат новинари на која било средба со кој било политичар, или функционер кој не дозволува прашања. Без оглед дали се работи за власта, или за опозицијата, за настани во спортот, во културата, во бизнисот, во која било дејност каде што новинарите не можат или се спречени да си ја вршат својата работа треба веднаш демонстративно да го напуштат тој навредлив настан кон целата јавност и од тоа да не објават ниту еден збор. Односно да се даде само куса вест дека имаше обид за манипулација на јавноста без да се дозволи да се постават прашања. И толку, точка, крај.

Се разбира дека со ова не сум кажал ништо ново и дека ова е веќе стара болка која многу често се злоупотребува, прекрстувајќи ги обраќањата до јавноста како изјави на кои говорникот сам си поставува прашања и сам си одговара на нив, а новинарите се викнати за амбиент да ги држат микрофоните, да фотографираат и снимаат. Тоа создава лажна слика за големиот интерес и значење на наводната конференција за печат што не е тоа и информирање на јавноста, што, всушност, без прашања е дезинформирање на граѓаните.

Многу добро ја знам реалноста во која живееме и работиме со години, знам дека ваков бојкот е само утопистички предлог бидејќи медиумите се контролирани до тој степен што партиските соработници назначени на одговорни функции во редакциите добро се избрифирани секој ден кого треба да испратат на конференциите за печат, колку и каде треба да објават и дали ќе треба да прашаат нешто или не, ако прашаат што треба да прашаат… Тоа убаво го слушнавме и во прислушуваните разговори кога високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ кажуваат кој новинар треба да дојде на конференција за печат и што треба да праша, слушнавме како се нарачува што и како да се објави и кога главниот уредник на Сител резигнирано признава дека му е преку глава од партиски и владини нарачки од кои може да се направат само „куртон-вести“, што стана синоним за лошо апологетско новинарство.

Не знам дали манипулацијата со јавноста и цензурата се кривични дела, иако цензурата е забранета со Устав, но верувам дека е дојдено време кога сите конференции за печат и обраќања во форма на изјави, без разлика од кого доаѓаат, ако не се според професионалните критериуми и стандардите на демократски општества, неопходно е поради јавноста и поради крајно деградираното и понижено новинарство да бидат жестоко бојкотирани од сите новинари и редакции. Тоа треба да биде трајна определба на новинарските еснафи, здруженија и професионални редакции. Не смее никој во државата да ги понижува јавноста и луѓето на кои им е работа да ја информираат.

Никола Груевски како премиер еднаш се соочи со таков протест кога излезе онака надмен и арогантен со цел саат задоцнување пред камерите и фотоапаратите и кога снимателите и фоторепортерите ги спуштија на земја своите алати и го оставија Груевски сам со својата свита да се исчудува што му се случило. За жал, не помина долго време, тоа стана вообичаена практика.

Не само Владата, туку и партиите почнаа да викаат новинари за публика да изигруваат глувонеми статисти на демократски амбиент, кога портпаролот ќе изрецитира некоја небулоза и ќе се повлече без да го прашаат ништо како да е претседател на светот. Тоа сега покрај партиските лидери си го дозволуваат и портпаролите на сите институции во државата, почнувајќи од Владата, па се’ до партиските бирократи во најмалата општина во земјата, портпаролите на болниците, на компаниите, на спортските клубови и асоцијации, на разните комори, фондови, невладини организации, здруженија на граѓани, сите излегуваат пред новинарите, кажуваат што си сакаат и си заминуваат, изигрувајќи некакви господари на вистината. Во ваква ситуација мора конечно да престанеме да бидеме партал за бришење на валканиците, со тоа што ќе дозволиме да бидеме носители на манипулациите со јавноста.

Деновиве некои колеги јавно ме прашаа што би направил јас да сум на таква конференција за печат. Веќе такво нешто направив на почетокот на транзицијата на многу повисоко ниво. Кога тогашниот потпретседател на претседателот на државата Љупчо Георгиевски држеше говор во парламентот, во моментот кога кажа дека треба да се воведе контрола врз медиумите, од новинарската галерија силно викнав дека тоа е фашизам. За да нема недоразбирање, уште неколку пати извикав дека тоа е фашизам. Претседателот на парламентот Стојан Андов побара да се отстрани „изгредникот“ од новинарската галерија. Кога дојде обезбедувањето по мене, сите новинари солидарно ја напуштија галеријата. Ги имаше над 30-ина. Андов кога виде дека ситуацијата стана сериозна по барање на Васил Тупурковски даде пауза. Настана вистинска трчаница натака-навака за да се избегне судирот меѓу новинарите и Собранието. Доста Димовска по паузата ја утеши јавноста дека инцидентот го направил македонски новинар од немакедонска националност. Демек, непријател на татковината. Иако од тогаш никој јавно не побарал контрола врз медиумите, а де факто тоа ни се случи до балчак и сега би реагирал на истиот начин доколку сум на самото место на злосторството, како сведок на јавно понижување и на професијата. Не треба да им се плашиме, тие треба да се плашат од нас, поточно од јавноста.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

За слободни медиуми потребна е промена на власта

Posted on 08 December 2015 by erizaov

 

Не само нов закон, ние сме сега дојдени во фаза кога се потребни порадикални промени во општеството. Потребна е промена на власта за да добиеме нов систем кој никогаш нема да се врати на ова ниво. Ова сега што е направено со нашата професија и воопшто со слободата на медиумите е трагично.

Comments (0)

Tags:

Ни сечат од задникот за да ни крпат уши

Posted on 10 November 2015 by erizaov

Партиските лидери во продолженијата од финалето на политичкиот договор од Пржино во итна постапка се договараат какво новинарство сакаат во периодот до избори. Прво почна пазарлакот како јавниот сервис МРТ да биде како Би-Би-Си и кој ќе управува со него. Кој да биде главен, а кој заменик-главен уредник, која да биде директор, а кој да биде заменик-директор со право на вето. Шијем ти га Ѓуро или мижи Асан да ти бајам. Алоооо… ова не се министри и партиски коалиции ова е занает во кој има правила.

Откако ќе се усогласат како од дрво да направат маша и од МРТ да стане Би-Би-Си, ќе ги утврдат квотите за валканите коруптивни кампањи кои тие го викаат рекламирање во комерцијалните телевизии и другите медиуми… ќе ни сечат од задникот за да ни ги крпат ушите оти таа наезда од политичка пропаганда до 16 април 2016 година можат да ја издржат само тврди уши и жешки глави.

Во изминатите 10 години власта им го украде атот на медиумите, денес опозицијата плаче по самарот, а новинарите со лиценца за подобност дење ноќе пеат оди во слава на пастирот. Тие што не ја прифатија оваа поданичка улога одамна се прогласени за предавници и непријатели на татковината. Макотрпно стекнатите медиумски стандарди, освоени од други генерации новинари и во други времиња, денешните политички марабунти и тупамароси ги прогласија за неважечки со помош на новинарската петта колона, која ја предаде професијата учествувајќи во воведувањето на најцрната цензура која била видена досега на овие простори. Прикривањето на злоупотребите на власта и активното учество во пропагандите за големите успеси и градителски потфати, овие апологети ги прогласија за новинарски подвизи. На тој начин е сменета суштината на новинарската професија која во сите времиња била насочена главно кон откривање и обелоденување на злоупотребите на власта и на центрите на моќта, на организираниот криминал, на примитивизмот и провинцијализмот секогаш во служба на јавниот интерес.

Процесот на уништување на доброто новинарство во Македонија траеше повеќе од една деценија за денес да се сведе на целосна забрана на илјадници јавни личности, стручни луѓе и интелектуалци да го кажат своето мислење во медиумите под контрола на власта. Ова страшна вест во светот на барем малку пристојна демократија кај нас поприми право на граѓанство и повеќе никој не се ни буни што на МРТ, Сител, Канал 5, Алфа и голем број други медиуми, радиостаници, интернет портали и весници ги затворија своите врати за јавни личности кои не мислат како власта и нивните послушници. Сите тие најбезочно се проскрибирани и не можат јавно да го кажат своето мислење во строго контролираните медиуми. Во таков амбиент се појавија медиумски злосторници кои почнаа да сеат страв низ Македонија прогласувајќи за странски платеници, кодоши и предавници се’ што различно мисли од власта.

Ете, затоа не се согласувам со лепливата максима дека подеднакво се виновни и едните и другите и дека неутралноста во ваква ситуација е професионализам. Таквиот баланс искажан некогаш и од добри новинари е поштетно и од трактатите на аналфабетски пропагатори и умилкувачи на власта. Каде се чуло и видело да се изедначува одговорноста на власта и на опозицијата, на тој што воведува цензура и страховлада со тој што е проскрибиран и не може во ниту еден од највлијателните медиуми под владина контрола да го каже своето мислење и несогласување. А владините телали можат секаде да настапат и да сатанизираат кого сакаат. Ваквите балансери се штетници.

Во оптек е уште една голема лага дека приватните медиуми можат да прават што сакаат, односно новинарите се должни да го врзуваат коњот кај што ќе им каже газдата. Тажни се обидите, иако упорноста им е восхитувачка, на неколку новинари и комуниколози, колумнисти кои во крајно ограничен медиумски простор со години се обидуваат да ги кажат меѓународните стандарди и принципи, законски обврски на земја кандидат за влез во ЕУ. Некои новинари кои се соучесници во уништување на македонскиот журнализам, кој до 2008 година беше на завидно европско и светско ниво, се обидуваат да подметнат дека граѓаните, невладините организации и политички партии не смеат да протестираат пред приватните телевизии, дури и тогаш кога тие проповедаат неофашизам и користат јазик на омраза.

Деновиве една од главните теми во Србија, а и во регионот, е извинувањето до Србија и српскиот народ на газдата на најтиражниот таблоид „Курир“. Му прекипело на човекот, или пак можеби го менува курсот, па собрал храброст да им се извини на граѓаните за цензурата во чие воведување и самиот учествувал. Што мислите дали еден ден некој од нашите „курири“ ќе се извинува на сличен начин и ќе плука по власта чии доверливи разнесувачи на пошта и курири се сега. Извинување ќе нема, ама прешалтување колку сакаш. Тоа и досега го видовме повеќе пати. Последниот медиумски газда што им се извини на граѓаните, Велија Рамковски, заедно со своите соработници доби 112 години затвор. Со години чмае во „Идризово“, а немаше влакно да му фали ако беше послушен и кооперативен како неговите колеги и како што беше и самиот додека даваше поддршка на оваа власт.

Заклучокот е јасен, за професионално и етичко новинарство првиот предуслов е слобода и демократија. За тоа не се преговара.

Comments (0)

Tags:

Хаос ин Лаос

Posted on 30 October 2015 by erizaov

(Фото: OSCE)

(Фото: OSCE)

Хаос е најпристојниот збор што приличи на последиците од длабоката криза во која со години живееме во страв што ќе донесе утрешниот ден, во исчекување и надеж дека ќе победи разумот и ќе се стави крај на неизвесноста и Македонија, конечно, ќе тргне во правилна насока. Дека цели 10 години одиме по погрешен пат, потврдуваат станиците до кај сме стасале.

Стигнавме на перонот на најсиромашната земја на Европа, со најмали плати и најмногу невработени, со најголема беда и сиромаштија. На оваа постојка гротескно изгледаат фалбите за големите успеси што сме на врвот по брзина на отворање фирма, што сме меѓу земјите со најниски даноци и добра бизнис-клима. Преведено на народен јазик прашањето е во што е ќарот и големиот успех ако за три секунди и нула денари отвориш компанија за производство на магла. Или какво фајде има ако најниските даноци само ја зголемуваат сиромаштијата на армија луѓе и контото на најбогатите. Дали добра бизнис-клима е што фирмата за производство на магла автоматски банкротира штом дувне првиот ветер. Затоа вестите за зголемување на вработеноста и стандардот на населението, за подобриот квалитет на живот, за големите успеси и достигнувања на оваа станица се доживуваат повеќе како несолена шега и сатира отколку како вистина. Власта и политичките водачи се гордеат со своите резултати, а граѓаните се срамат од својата сиромаштија. И едното и другото е точно ама бедата не се гледа, таа се крие, а успесите со барабани и таламбаси ги слават само привилегираните.

Тоа е амбиентот во кој кога не функционираат институциите на системот, или работат селективно по нарачка, најважната алатка е лагата или доктрината како да се најдат оправдувања и виновници за сопствените слабости и грешки. Трагичните последици од едно авторитарно владеење се покажуваат со сета своја грдотија во сите пори на животот. Деновиве имаше неколку настана на кои им прилега насловот Хаос ин Лаос, иако само симболично се совпаѓа со историските настани од минатиот век. Ги слушам судиите колку им било тешко да судат поради непослушни новинари. Плачат и се жалат како мали деца дека новинарите се најголемите виновници за лошата претстава во јавноста за македонското судство во сите инстанции. Ауу… си реков колку сме биле влијателни и моќни, па чесните и добри судии ги донесовме на ова дереџе, никој во државата да не им верува. Нашите судии суделе според закон, никој на нив не можел да влијае, нема корупција, нема нарачани пресуди и апсења, нема средновековни притвори, нема политички затвореници, нема недопирливи функционери… Правдата еден ден ќе ги стаса сите. Арно ама ете оваа идилична слика ја расипуваат новинарите. Судијката која му изрече четири и пол години затвор на новинарот Кежаровски за текст напишан пред сто години, во кој се разобличува една судска фарса со лажно заштитени сведоци не му се налути на јавниот обвинител кој пред таа да изрече пресуда соопшти во весникот „Вест“ дека Кежаровски треба да биде казнет најмалку четири години. Се разбира храбрата судијка не го послуша јавниот обвинител и изрече казна од четири и пол години. Сакам да ја прашам јавно уважената судијка, каде што таа слушнала дека негде во светот пред да изрече судијата пресуда јавниот обвинител преку медиуми кажал колку треба да биде осуден човек кој судот се’ уште не го прогласил за виновен со судска одлука. Ете тоа не и’ пречело на судијката да крене глас што јавниот обвинител и’ ја „диктирал“ пресудата преку „Вест“. Природно – и за ова се виновни новинарите. Тие треба само да доаѓаат во судот на шалтер да ја земат пресудата и да ја објават од точка до запирка како е напишана. Толку. Не смеат ништо друго да пишуваат, да коментираат и да размислуваат.

И лекарите се огорчени на новинарите што ја драматизираат ситуацијата поради серија смртни случаи на деца и родилки. Докторите бараат од новинарите право на грешка, велат во цел свет се греши и во најугледните светски клиники умираат пациенти по лекарска грешка. Така е, се случуваат катастрофални грешки и во врвните болници низ светот. Но дали и таму за тоа молчат медиумите, или жртвите од лекарските грешки се ударни вести. И таму ли молчат обвинителите и судиите како кај нас. Знаат ли нашите огорчени лекари на новинарите колку доктори во тие земји се осудени поради грешка со фатални последици, колку од нив годишно остануваат без работа и без лиценца, колку грешки се откриени и јавно признаени и колку пари платиле оштета клиниките на оштетените пациенти и нивните семејства. Разликата е во тоа што кај нас сите се безгрешни, не се знае колку луѓе заминале од овој свет поради лекарска грешка, а не се сеќавам дека некој кај нас зел праведен износ за надомест поради лекарска грешка. Се’ уште никој не ги демантираше бројките дека во Македонија повеќе луѓе умираат годишно поради погрешно лечење отколку од природна смрт. Нормално и за ова се виновни новинарите бидејќи објавуваат непроверени податоци, а проверени нема.

Политичарите се жалат на новинарите поради клевети, навреди, лаги и манипулации. Власта е лута на една група новинари кои преку други свои избрани и подобни новинари ги нарекува предавници, непријатели, соросоиди, странски платеници… Опозицијата пак се жали на одземената слобода на новинарите, воведената строга цензура, нарушениот професионализам, корумпираноста на уредниците и на новинарите. Опозицијата е бесна поради спрегите на власта и сопствениците на најголемиот број влијателни медиуми, особено телевизиите, на контролата врз јавниот сервис МРТ и на забранетиот пристап во медиумите на јавни личности кои различно мислат од власта и критички ги анализираат одлуките на владата и на парламентот. Опозицијата тврди дека во Македонија се проскрибирани илјадници луѓе кои ги препознаваат грешките на власта. На сите ним им е оневозможено да зборуваат на телевизиите и во весниците, интернет-порталите кои директно или индиректно се финансирани од владата и партиите на власт. Тие немаат каде да го кажат своето мислење освен преку социјалните мрежи и неколку медиуми кои се’ уште одвај егзистираат. Така ќе биде се додека опозицијата не стане власт, а власта не биде опозиција. Потоа следи истата приказна од почеток.

Во суштина односите политика – новинарство во Македонија повеќе години е една тажна и несреќна приказна која мислам дека сите ја знаат. Власта успеа преку контролираните медиуми да наметне целосно паралелен медиумски простор во кој доминираат корумпираните медиуми и апологетско новинарство. Од една угледна и влијателна професија, значајна за развој на демократските процеси и на слободата и заштита на човековите права направена е вистински пустош уривајќи ги професионалните норми и стандарди на најниско ниво во последните четириесет години. Формирана е провладино и партиско здружение на новинари кое ништо друго не работи, освен што ја велича власта и открива предавници и непријатели меѓу професионалните и добри новинари. За жив срам.

И некои деловни луѓе се пожалија деновиве преку своите комори на новинарите за големите штети што му се нанесува на стопанството поради нивното драматично прикажување на кризата, бидејќи бизнис-климата е извонредна и Македонија постигнува одлични резултати. Бизнисот цвета, а новинарите го овенуваат како пролетни рани мразеви.

Што може на сето ова да се каже дека, всушност, овој хаос е поради изгубената доверба, поради режимот и задушената демократија, оневозможеното владеење на правото, политичкиот и партиски клиентелизам и корупцијата која длабоко навлегла во сите пори на битисување, почнувајќи со мито од породилната клиника, па се’ до погребалното претпријатие. Дури и пред бога не одиме сите еднакви. Во ваков амбиент што можат да прават соучесниците во хаосот освен да удираат по последиците. Не можат да удрат против причините, оти причината се тие самите.

За утеха на малубројните професионални новинари е фактот што во сите овие набројани случаи ги напаѓаат само нив, а не послушниците на власта. И уште нешто чинам многу важно, не слушнав ниту еден саглам и угледен судија, лекар, политичар, и деловен човек за своите проблеми да обвинува новинари.

(објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , ,

Клуб на новинари против новинарството

Posted on 20 June 2015 by Goran Rizaov

Фото: Snowden via photopin (license)

Среде една бессона ноќ таа есен, околу три часот по полноќ, на приватната адреса за електронска пошта на главниот уредник на еден домашен медиум стигнува чудна порака. Вели: „Поседувам податоци кои што се од интерес на целата земја, ако сакаш да ги добиеш, ова е мојот јавен енкрипциски код“. Без потпис, без ништо. Уредникот смета дека е некоја измама и ја игнорира пораката.

Неколку недели подоцна, негов колега од друга редакција во доверба му вели дека и тој добил слична порака и, исто така, одлучил да ја игнорира мислејќи дека е спам. Двајцата одлучуваат дека вреди да се провери и бараат некој што се разбира во „компјутери“ за да можат да ја декриптираат комуникацијата со тајниот извор.

Така некако би требало да изгледа почетокот на сторијата за македонските потшепнувачи кои открија десетици илјади прислушувани разговори на, повеќе или помалку, сите јавни личности во државата.

На сличен начин, пред точно две години, Едвард Сноуден ги контактирал Глен Гринвалд, тогашен колумнист во „Гардијан“, и Лаура Поетра, режисерка и продуцент на документарни филмови. Останатото е историја. Но, за жал, во Македонија тајните стигнуваат на друга адреса.

 

МОЌТА НА ИНФОРМИРАНАТА ЈАВНОСТ

 

Самиот Гринвалд, по повод првата сторија базирана на архивата на Сноуден, објави една новинарска лекција за американските новинари, која во целост важи и за нас. Откритијата на Сноуден ја обелоденија тајната програма за масовно прислушување, која деновиве го дочека својот крај, барем во оригиналната форма. За да ја одбележи оваа годишнина, Сноуден напиша едиторијал во „Њујорк тамјс“ со наслов „Моќта на информираната јавност“.

Известувањата за документите на Сноуден на Гардијан му донесоа Пулицерова награда. Witchhunt Snowden via photopin (license)
Фото: Witchhunt Snowden via photopin (license)

 

Новинарот кој прв ги објави неговите откритија обвинува дел од американските медиуми за безумно работење поради нивните барања Сноуден да биде кривично гонет.

„Уште од почетокот беше јасно дека дебатата испровоцирана од овие откритија ќе биде колку за приватноста и за државните тајни, толку и за новинарството. И тоа беше дебата во која не само што партиципиравме туку и активно ја баравме, која ја преиспита улогата што новинарството треба да ја игра во една демократија и правилниот однос на новинарите кон оние што се политички и економски најмоќни“, пишува Гринвалд.

Тој тврди дека оваа дебата се случи не само во САД, туку и во целиот свет и таа откри повеќе работи, од кои најзапрепастувачка за него била реакцијата на многу американски медиуми кон Едвард Сноуден како извор.

Оние што најревносно лобираат за долготраен затвор за изворот, како што пишува Гринвалд, не се во владата на САД, туку се оние кои себеси се нарекуваат „новинари“.

„Размислете колку добар пример на пропаганда е тоа, каква што владите можат само да сонуваат: Ајде да се обидеме да ги натераме новинарите самите да предничат во демонизацијата на потшепнувачите (whistleblowers) и да бараат нивно затворање!“, пишува Гринвалд.

Толку многу американски новинари биле бесни поради откритијата и барале кривично гонење, што тој предлага да се отвори клуб наречен „Новинари против транспарентноста на новинарите“.

„Нивниот став е дека некој што се обидел да открие информација која што државата ја окарактеризирала како „класифицирана“ припаѓа во затвор, особено ако тоа откритие го нагрдува имиџот на функционерите“, вели понатаму Гринвалд.

 

ПОТШЕПНУВАЧИТЕ СЕ ДЕЛ ОД СИСТЕМОТ

 

Ако воопшто можат да се споредат двата случаи, за разлика од САД, во Македонија протечените информации не стигнаа најпрво до новинари, туку до лидерот на најголемата опозициска партија.

Наводните извори на прислушуваните разговори во Македонија, според Заев, потекнуваат директно од Управата за безбедност и контраразузнавање. Според Владата и Јавното обвинителство, пак, виновни за прислушувањето се Зоран Верушевски, поранешен шеф на тајната служба, членови на неговото семејство, но и двајца до неодамна вработени во УБК, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски.

Костовски, наводно, веќе признал дека незаконски прислушувал и е осуден на три години затвор. Меѓу обвинетите е и лидерот на опозицијата.

Македонските новинари отидоа уште понатаму во јавниот линч над потшепнувачите па и објавија дел од нивната меѓусебна комуникација, која наводно ја добиле од „извори блиски до истрагата. "This is not a crime" via photopin (license)
Фото: “This is not a crime” via photopin (license)

 

Значи, вистинските потшепнувачи во Македонија, кои ги направија достапни снимените разговори, произлегуваат директно од тајната служба. Дотука ситуацијата е многу слична со онаа на Сноуден, бидејќи и тој, како што вели самиот, бил директно вклучен во тајното прислушување и следење на електронските комуникации.

Прашањето што се поставува е зошто македонските потшепнувачи не ги доставиле своите откритија до одредени домашни новинари и дали тие ќе одбереа да го објават истото она што го објави Заев. Во американскиот случај, за две години се објавени само 0,05 проценти од вкупниот број документи, односно 459 од еден милион.

Исто така, за разлика од овде, тамошните тајни служби прислушувале и вршеле надзор над електронските комуникации по легален пат. Овде, како што стојат работите, се прислушувало според закон кој бил донесен, па укинат од Уставниот суд, па повторно донесен во друга форма четири години подоцна.

Секако, прашање е, ако сниманите разговори дојдеа до македонски новинари наместо до опозицијата, дали тие сè уште ќе беа на слобода како што е Заев, а можеби прашање е и дали ќе беа живи. Нејсе, тешко дека вистински новинар би одолеал на предизвикот да објави такво нешто. Се разбира, со примена на сите етички и професионални норми.

Известувањата за документите на Сноуден, од друга страна, на „Гардијан“ му донесоа Пулицерова награда.

Како што вели Гринвалд, голем број новинари во САД го поддржаа објавувањето на откритијата на Сноуден, а двата највлијателни весници, „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, се дел од тие што ги објавија самите документи.

„Пред американските судови да пресудат дека програмата за масовно прислушување е неуставна, „Њујорк тајмс“ објави едиторијал во кој бараше Сноуден да биде помилуван“, вели Гринвалд.

ЈАВЕН ЛИНЧ И КОНТРАДОКУМЕНТИ

 

Македонските новинари, особено оние блиски до власта, исто така ги оцрнијапотшепнувачите и го осудија објавувањето на сниманите разговори, кои откриваат сомнежи за тешки криминални дела и делегитимизација на власта. Тие отидоа уште понатаму во јавниот линч на осомничените потшепнувачи, па и објавија дел од нивната меѓусебна комуникација, која, наводно, ја добиле од „извори блиски до истрагата“.

Битно е тоа што ниту еден македонски медиум, особено оние конвенционалните, не се обиде да го постави прашањето за нарушувањето на приватноста на оние 20.000 прислушувани граѓани. Никој не го објасни процесот на прислушување и речиси никој не праша што се случува или, можеби, што ќе се случува со снимените материјали кои не се објавени.

Ако е вистина дека незаконското прислушување го правела власта, но тоа преку потшепнувачи стигнало до лидерот на опозицијата, тогаш двете најголеми политички партии знаат сè за животите на голем дел од населението. Како што еден новинар не може да одолее да ги објави овие откритија, така не верувам дека еден политичар може да одолее да ги злоупотреби.

Ова е доволно добра причина во земјава својот новоформиран клуб на новинарите што ја бранат власта да го наречат не „Новинари против транспарентноста на новинарите“, туку „Новинари против новинарството“.

„Зар не е неверојатно тоа што луѓето што сакаат да бидат третирани како новинари напишале едиторијал во кој се бара кривично гонење на клучен извор. Настрана принципите, но само врз основа на нивниот интерес, зар не сметате дека тие сакаат да избегнат да им кажат на изворите дека нивниот медиум верува оти потшепнувањето е криминал и дека тие што го прават тоа припаѓаат во затвор?“, прашува Гринвалд.

Тој додава оти ваквите „новинари“ инсистираат дека „во едно општество кое се потпира на закони, некој што се впушта во граѓанска непослушност поради повисока цел, треба да е подготвен да ги прифати последиците“.

Гринвалд се прашува дали некој воопшто верува дека може да побара затворање на секое лице кое што кога било открило информации окарактеризирани како „класифицирани“.  Фото:  Glenn Greenwald via photopin (license)
Фото: Glenn Greenwald via photopin (license)

 

Вели, често го среќава овој аргумент и тешко може да објасни колку е погрешен. Гринвалд се прашува дали некој воопшто верува дека може да побара затворање на секое лице што кога било открило информации окарактеризирани како „класифицирани“, бидејќи нивниот аргумент бара кривично гонење на секој што ќе го прекрши законот, или соочување со „последиците“.

„Тоа би значело дека безмалку цел Вашингтон треба да биде одвлечкан на суд, бидејќи оттаму секој ден константно протекуваат информации“, вели Гринвалд.

АГЕНТИ НА ПОЛИТИЧКА МОЌ

 

Според него, овие новинари се буквално агенти на политичката моќ. Тоа е клучната новинарска лекција од сето ова. Чудно е како бараат негово затворање додека не бараат затворање на оние што потшепнуваат информации, чие објавување ја прави работата на владата позитивна.

„Тие уредници не веруваат во владеењето на правото; тие веруваат во потребата да се казнат само оние протекувања кои ја посрамотуваат политичката моќ или се спротивни на неа: основната функција која новинарите тврдат дека ја прават самите“, додава тој.

Тој со право заклучува дека одлуката да се објават одредени документи не ја донесе Сноуден, туку медиумите кои ги добија документите. Тој повеќепати објасни дека се потпрел на новинарите да донесат одлуки за тоа кои стории се и кои не се во јавен интерес.

Во Македонија, повисокиот јавен или општествен интерес ретко ги надминува границите на политичките партии, што во западните демократски општества со развиени медиуми е непростливо. Затоа речиси и да не постојат потшепнувачи, а и кога ги има, претпочитаат соработка директно со политичките партии отколку со новинарите.

Горан Ризаов

(Објавено на proverkanafakti.mk)


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Comments (0)

Tags: , ,

Мирка пишува, Миленко допишува

Posted on 26 March 2015 by erizaov

Brussels incident 2 by Filip Pechevski

Си го спремив ќебенцето оти големите новинари на власта ме унапредија во шпион и прв соработник на Верушевски

Мирка Велиновска и Миленко Неделковски, двоецот лиценцирани новинари на власта, дојдоа до епохално откритие и направија голем новинарски подвиг. Ми залепија уште една дебела етикета. Веќе си го спремив ќебенцето оти покрај тоа што со години бев предавник и странски платеник, сега сум и најголемиот соработник на Зоран Верушевски и на тајната полиција, иако оваа личност никогаш во животот не сум имал чест да ја запознаам и да разменам барем два збора.

Медиумските перјаници на власта ме унапредија во осведочен и голем шпион кој ги спасил од затвор синот на Верушевски и новинарот Кежаровски. Слатко се изнасмеав на мојата голема моќ и влијание да ослободувам луѓе од затвор. Приказната за која Мирка пишува, а Миленко допишува, е толку валкана што можат да ја смислат само уплашени луѓе за сопствените злодела.

Еве ја возбудливата сторија на Велиновска, која се присетила деновиве на некои стари бомби, исти, дури и поопасни од овие на Заев што ги видела во станот на Верушевски каде што била поканета пред повеќе од десет години да гледа страшен хорор-филм. Домашната посета за презентација на пакет-бомби пред крунскиот сведок, всушност, била уцена на државата за да се спаси од затвор синот на Верушевски. Мирка прикажува: „Ме повика кај него дома. Во домот во тој момент беа жена му и помалиот син. Верушевски го отвори компјутерот и ми прикажа избор од снимки како се прославува и што се говори по објавата на ’големата победа за Македонија’…

Кога завршил филмот, на Мирка и’ било многу срам и страв: ужасена бев од фактот дека присуствувам на нешто што е надвор од свеста на секој нормален човек. Откако излегов од таму, не бев во состојба да се приберам. Помнам дека паѓаше дожд, а јас не знаев каде сум и каде да одам. Пред очите ми беше ликот на Верушевски кој ладнокрвно и молкум присуствува на екстатичната „дешавка“ во организација на еуфоричниот забавувач Црвенковски кој ги озборуваше кандидатите за министри на кои им ветил фотелји, а листата како да ја правел некој од оние инвеститори на „Фиком“ што сега лежат затворски казни за измама… и така тече приказната на Мирка со децениско задоцнување, сочувана како најголема тајна за да стаса до мојата маленкост. Мирка за тоа што го чула и видела ништо не напишала, ама се’ му треснала на Верушевски в лице, дури и го прашала како може да спие со тие гнасотилаци. Браво бе Мирке, така се брани татковината.

За ова неформално го информирала својот шеф Никола Младенов, па сега откако човекот го загуби животот под неразјаснети околности и откако Верушевски со сопругата е во притвор, пак под неразјаснети околности, Мирка отвори како на Шукаре басмата за да поентира со констатацијата дека по една недела од нивната средба Верушевски со текст потпишан од Ерол Ризаов објави дека „ќе прозбори ако не го остават на мир неговото семејство“. Ете така по овој мој текст следува епилог: син му на Верушевски излегува од затвор.

Мирке, велиш по текст со мој потпис, уцената е прифатена од Црвенковски и по негова интервенција малиот Верушевски добил слобода. Ајде Мирке јавно да се договориме, јас не пишувам ни во етер, ни во ветер , туку во Весник. Бидејќи знаеш кога е објавен текстот, повели, објави го, па да видат луѓето за што се работи. Јас јавно кажувам ниту некогаш сум напишал, ниту сум потпишал текст во одбрана на Верушевски, или на неговиот син. Ниту, пак, има македонски функционер кој кај мене успеал да нарача текст. Јас тврдам дека тоа е чиста лага. Еве малку копај по архивата, наместо да копаш по живи луѓе. Ако има таков текст со мој потпис, лесно ќе го најдеш штом памтиш дека тоа било по една недела кога си била на гости кај Верушевски. Објави го слободно, со моја дозвола. Нема да те тужам ако го објавиш, ако не, ќе мора дури и пред вашите судии да го покажеш, оти такво нешто со мој потпис нема. Мирке, јас не го познавам лично Верушевски, ниту пак некогаш ме викнал дома да ми прикажува филмови. Зошто тебе те викнал, ти си знаеш. Колку што разбрав, никој не те спречил да го соопштиш тоа што толку храбро си му го кажала в лице на Верушевски, ама ти си одлучила да молчиш цела деценија и пол.

Приказната на Мирка, за да биде бербатлакот комплетен, ја допиша големиот скопски измамник Неделковски, кој ограби повеќе десетици граѓани на Македонија, продавајќи им непостојни американски иселенички визи за стотици илјади долари и за кои освен притвор, судовите на оваа власт го осудија само со условна казна, да не смее да продава пет години визи, туку да биде ТВ-шоумен. Еве што напиша напатениот Миленко кој себе се прикажува како новинарски дисидент оти во МТВ храбро викнал „затворете ги прозорците има провев“. Миленко вели: „Излезе на виделина најголемиот, најпостојаниот и најпосветениот соработник на Верушевски и тајната полиција. Тоа да ти бил Турчинот Ерол Ризаов. Ерол да ти бил катиљ кодош, ептен курназ. Со помош на уцени го спасил од прогон за убиство синот на Верушевски пред повеќе од десет години. Еве го во денешницава проповеда платените убијци на старецот од Орешје да не бидат осудени и пратени во затвор. Причината за тоа е изразена во ликот и делото на Кежаровски да не биде казнет“.

Мирка, менторот на Неделковски, може да направи сјајна анализа и споредба на разликата меѓу оние што лежат робија од „Фиком“ за продавање на непостојни станови со продавање на непостојните американски визи на Миленко. За почеток, мала помош од мене: газдата на „Фиком“ неодамна под неразјаснети околности изврши самоубиство во затвор. Миленко ужива во својата слобода и голема слава да беседи на ТВ со државниот врв…

Comments (0)

Tags: , , ,

Заев секој ден на МТВ, Сител и Канал 5

Posted on 05 March 2015 by erizaov

free media

Состојбата во Македонија е катастрофална, предупредуваат европските институции и германскиот Бундестаг

Центарот на комуникации на ВМРО-ДПМНЕ упатил итна порака до директорите и уредниците на МРТВ и до сопствениците на Сител и Канал 5 веднаш да го повикаат лидерот на опозицијата Зоран Заев и да му понудат да избере ударни термини секоја вечер да има 40-минутен јавен настап и плус 20 минути да одговара на прашања на уредниците на телевизиите каде што пристапот му е строго забранет. Веднаш потоа сите вмровски агенции, портали, весници и радиостаници по слободен избор ќе пренесат делови од настапите на Заев. Иако одлуката е шокантна за македонски прилики, вмровските експерти за пропаганда се потпреле на изјавата на премиерот Никола Груевски дека Заев со секој свој јавен настап се заплеткува во своите интриги и дека оди по тенок мраз. Пресудно за ваква историска определба на партиските комуниколози Заев да настапува на строго контролираните телевизии е што Груевски кажа дека „Заев што повеќе излегува на телевизија, толку повеќе се разобличува самиот себеси со лагите во кои самиот се вовлекол заедно со луѓето кои го подготвуваат ова со него.“

Епа, почитувани читатели, вклучете ги вечер телевизорите да видите во живо како Заев го крши мразот на најгледаните телевизии и тоне. Се разбира, дека оваа шега е инспирирана од оркестрираните напади врз Заев. Агресивната кампања да се сврти вниманието од суштината на она што го обелоденува Заев станува прилично комична, бидејќи во истиот миг се распрснуваат како меури од сапуница глупостите кои служат како аргумент да се разводни најголемиот скандал и срам во поновата историја на Македонија, непреченото прислушување на илјадници јавни личности, политичари, новинари, судии, академици, писатели, уметници, актери, универзитетски професори, верски великодостојници… над 20.000 луѓе со години биле под надзор и следени во своите комуникации. Поголемо ограничување на човековите права и слободи не е регистрирано, ниту пак откриено на овие простори во сите општествено политички системи и режими на владеење откако постои Република Македонија како современа држава, рамно 70 години.

И сега еве ги смешните ситуации со трагични последици: Груевски вели дека Заев инсистира на содржината од снимките како нешто најважно, а тоа не било ни малку важно бидејќи тоа го работеле странски служби и домашни платеници. Со други думи, не е важно што слушаме и гледаме, туку е важно да слушаме и гледаме како што Груевски ни кажува. Груевски поентира со својата истрага: Заев не го познавал Верушевски, ама се допишувал со него преку шифри сосема непотребно во слободна и демократска држава, каде што тајноста на писмата е гарантирана, замислете Заев му купил компјутер на синот на Верушевски, за малку ќе купел и кола и еден куп такви докази кои треба сите да не зауздаат со оние заштитници за очите што на коњите не им даваат да гледаат лево, десно, туку само право, само што ние треба да вршиме празна слама, да не слушаме и да не гледаме што имало на снимките и да не се прашуваме зошто македонските служби за безбедност на државата толку години не успеале, или не сакале да ги спречат било странските, било домашните агентури да ги држат граѓаните на Македонија под надзор. Ова за Груевски се небитни работи, најбитно е луѓето да не го слушаат тоа што Заев го прикажува како политички бомби за начинот на кој тој владее што предизвикува гадење и кај неговите најблиски соработници и клучни министри. Ако навистина Заев се заплеткува во своите интриги и гази на тенок мраз, тогаш зошто не го повикаат големите новинари и уредници од МРТВ, од Сител и од Канал 5 за докрај да се заплетка во сопствената мрежа и да го остават да се удави. Таков јавен настап на Заев би било кошмар дури кога би било само лош сон на Груевски. Ајде да видиме дали некој има храброст во овие телевизии да го повика Заев да каже што има да каже, да пушти да слушнат сите луѓе во државата како се владеело и како се договарале најматните работи, како се повлекувале судски пресуди, како се менувале урбанистички планови, како се задолжувала државата, како се вработувале и бркале од работа луѓе, како се апселе противниците и како се изложувале на тортура по затворите и уште милион гадости против сите во кои вождот нема доверба. Што се 45 минути на Заев спрема 345 минути колку што добиваат секој ден на овие три телевизии Груевски, Владата и ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Никола Груевски се залажува себеси и јавноста дека ништо не се случило во државата освен што лидерот на опозицијата е маргинална недоветна фигура која е впрегната од странски служби да направи пуч во државата и да дојде до промена на власта, што би било погубно за државните и националните интереси. Секогаш кога режимските владетели ги губат позициите тоа за нивните поданици е катастрофа и голема опасност за националните и државните интереси. Диктаторите се познаваат и по тоа што себеси се изедначуваат со државата и со нацијата.

Наместо да го исмева Заев и да праќа слепи приврзаници и полтрони по Македонија кои ги застрашуваат граѓаните и сеат страв, да се закануваат со убиства на сите што не мислат како нивниот вожд, Груевски треба длабоко да се замисли за иднината на државата. Пораките што стасуваат од најзначајните економски партнери и поддржувачи на Македонија во светот и покрај воената цензура да не се објават содржат сериозни предупредувања. Особено се драматични се опомените од Берлин. Во расправата во германскиот Бундестаг одржана зад затворени врати преовладувала оценката дека Македонија се наоѓа на работ на катастрофа. Повикувањата и пропагандите на Груевски дека „странски служби се одговорни за прислушувањето на илјадници јавни личности се евтини изговори“, јавно соопшти известувачот за Западен Балкан пратеникот на Бундестагот, Јосип Јуратовиќ, кој присутвуваше на седницата. Според Јуратовиќ ситуацијата во Македонија е многу сложена. Обвинувањата за масовните прислушувања треба да се преиспитаат од независна комисија, бидејќи тој товар ќе го носи секоја идна влада. Аферата мора да се расчисти. Од 2008 година наваму Македонија оди само назад е оценката не само на известувачот за Западен Балкан. Дури е оспорено и она што Владата и Груевски посебно се гордеат, а тоа е економијата. Јуратовиќ вели дека странските инвестиции кои се субвенционирани од граѓаните на Македонија преку буџетот и Владата не е здрава економија , туку само привремена.

За ваквата катастрофална ситуација не се решение ни нови избори, туку внатрешните состојби во владејачката партија кои треба да се расчистат, што е ВМРО-ДМНЕ денес, за каква стратегија се залага, каде што оди како партија, дали оди во вистинскиот правец, за овие прашања треба да се отвори јавна расправа во земјата. Известувачот Јуратковиќ вели: „мој впечаток од разговорите е дека на вашите лидери не им се брза да стигнат до ЕУ. Тие се снашле добро во ваква ситуација, што Македонија не се движи напред поради спорот со името. Тоа им е добредојдено бидејќи името им служи само како изговор“. Во оценките не се разликува многу ни пратеникот на Бундестагот од демохристијанската партија, ЦДУ, Клаус Бремих. „Интеграцијата на Македонија со ЕУ и со НАТО е загрозена поради авторитарниот курс на Владата“, вели Клаус за Дојче веле по седницата на Бундестагот на која присуствувал. Во ист ден стасаа и предупредувањата од ЕУ преку амбасадорот Аиво Орав и од амбасадорот на ОБСЕ во Скопје Ралф Брет, како и од шефицата на дипломатијата на ЕУ, Фредерика Могерини. Ако Груевски ги прима крајно загрижувачките пораки како добронамерни за иднината на Македонија и од странство и од дома време е да го повлече потегот кој навистина е од национален и од државен интерес. Груевски доцни со она што треба да го направи во интерес на Македонија.

 

Comments (0)

Tags: , , , ,

Патот до успехот – 24 Вести

Posted on 21 December 2013 by erizaov

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2017
M T W T F S S
« Oct    
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930