Tag Archive | "Никола Груевски"

Tags: ,

Груевски нема да избега

Posted on 21 July 2017 by erizaov

gruevski-vo-apelacija

Груевски нема да избега од Македонија. Тоа би било добро да се случи оти ќе значи признавање на вината. Но, тоа воопшто не значи дека Груевски сака да се соочи со правдата. Напротив, тој и сега, додуша индиректно, но сепак им се закани на апелационите судии и не само на нив: „Немам намера да избегам, ќе се вратам на власт“. Што ќе биде потоа треба да размислат и судиите и сите негови политички противници и критичари. Груевски никогаш не сакал да се соочи со правото и правдата и да препушти на судот да ја докаже неговата вина, односно тој да ја докаже својата невиност. Напротив, таа работа Груевски сака да ја реши без суд и без судење, дури и кога беше премиер и кога имаше најголемо влијание врз правосудниот систем на Македонија, кога телефонски се нарачуваа пресуди, Груевски бегаше од судска разврска.

Што мислите зошто Груевски не сака да седне на обвинителна клупа и од таму да се бори за својата правда, ни кога судот е негов. Знаете во судските процеси се случуваат многу непријатни работи, сведоштва, толкувања на вештаци, експертизи, адвокати, разни изненадувања и конечно медиумски спектакл. Тоа е премногу и за еден осредно осилен технократ, а да не зборуваме за политичар кој цела деценија владее авторитарно без никаква контрола и почит кон уставноста и законитоста, со грубо кршење на човековите права и слободи, со газење на слободата и демократијата, на граѓанските права, газење врз медумската и судската независност. Основаните сомненија за серија тешки кривични дела каде што и тој лично е учесник, Груевски ги осопорува само со празни зборови дека се работи за политичка пресметка и завера на меѓународната заедница против  Македонија и против него лично. Се разбира, тоа е многу полесно да се каже на конференција за печат, на митинг, или во парламент, но многу е тешко да се тврди како  аргумент во судска сала каде има многу посуштински прашања и докази.

Практично Груевски ги потроши сите шанси да го ублажи ударот од неговото  деспотско владеење. Сега единствена тенка надеж му се локалните избори. Велам тенка бидејќи резултатите од локалните избори не би можело и не би смеело да ја попречат правдата и  владеењето на правото, дури и кога мнозинството граѓани би гласале за корумпирани политичари и партии. Груевски уште игра на картата на избори оти не се доволни неговите  отстапки со принудување на оставки на неговите најблиски соработници, па ни со поднесување на неговата оставка, кои не беа дадени на време, туку беа изнудени под силен притисок на домашната јавност и на меѓународната заедница. Не беше доволно за одбегнување на правдата од тешките злоупотреби на власта ни согласноста за  формирање на Специјалното обвинителство, мислејќи дека и оваа инстутиција брзо ќе падне под партиска контрола. Ама ете, имало и обвинители со образ и професионална чест. Вистинските шанси на Груевски да се спаси и себе и партијата и угледот на државата беа кога го посети лидерот на опозицијата Зоран Заев да му каже за неговото најголемо злодело во историјата на независна Македонија кое е направено во простории на МВР,  најголемото нарушување на човековите права кога над 20.000 граѓани на државата, познати јавни личности, високи функционери, политичари, пратеници, новинари, судии… биле прислушувани, однсоно нивните комуникации биле под строг надзор повеќе години.  

Ако Груевски за тоа не знаел ништо, или подобро кажано, ако нема докази дека знаел и  дека ги користел прислушуваните разговори, доволно е само поради таквата хаварија во безбедносниот систем во земјата кога некој со години прислушкувал непречено, да поднесе моментално оставка со оглед на димензиите на злосторството, а со тоа да повлече оставки и на сите одговорни во ланецот за безбедност на државата. Со моралната оставка Груевски требаше да побара брза судска непристрасна истрага. Во тој  случај Груевски со својот морален чин можеше да ја спаси партија и да го зачува угледот на државата. Наместо тоа, Груевски одбра да го тужи гласникот на лошите вести толкувајќи го како уцена и да бара излез во вонредни парламентарни избори. Груевски впрегна огромна медиумска машинерија и фрли милиони евра пари на граѓаните да докажува преку митинзи и протести дека обвиненијата за кримијнал и корупција, за незаконска пресметка со политичките противници и за уништувањае на туѓ умот, за судски влијанија и нарачани пресуди се дело на Сорос, на Америка и на ЕУ, на домашните непријатели и предавници, странски платеници…

Тоа беше тежок период кој ќе влезе во поновата историја на Македонија како еден од најмрачните, време на ужасни пропаганди и директни закани, трагични пресметки со новинарите, со медиумските куќи, нивно корумпирање, драконско казнување и затварање на непослушните, нешто што Македонија во вакво тоталитарно издание никогаш го немала откако има држава цели 73 години. Откако црниот бран на пропаганди не успеа да донесе 63 пратеници и мнозинство за формирање на влада и избегнување на правдата, Груевски  одлучи да не ја предава власта. Во тоа му помогнаа насилничките вмровски чети и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, кој до крај ја задржа својата лакејска позиција и кон ВМРО-ДПМНЕ и кон Груевски. Претседателот Иванов направи таква серија на грешки и бесмислености кои не само што го срозаа до крај угледот на државата и на функцијата претседател, туку лично учествуваше во попречување на првадата и деградација на целиот правосуден систем. Тоа беше катастрофален однос на еден универзитетски професор на правниот факултет, кој  не успеа ниту еден ден од двата мандати да биде  претседател на сите граѓани, туку цело време помирливо, како половичен претседател да претставува само дел од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, главно, клиенти на партискиот врв. Опструирањето на Груевски да се предаде власта со месеци по изборите  предизвика уште поголема политичка и безбедносна криза во Македонија која ќе завршеше со воведување на класична диктатура ако не беше налудничавата нарачка со насилните вмровски чети и со учество на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, со директна инволивираност на високи началници и функционери во полицијата и голем број  специјалци, да се предзвика крвопролевање во Собранието на Република Македонија. Тој  неуспешен пуч, кој требаше да резултира со воведување на вонредна состојба и диктатура, всушност ја прели чашата и во земјата и во светот конечно да му се обрне поголемо внимание на диктаторчето од западен Балкан.

И еве сега Груевски повторно јава на погрешен коњ, наместо да бара како „невин“ праведна судска разврска, повторно инсталира црна кампања за изборна победа на комунални избори за да се врати на власт и да ја одбегне правдата. Се јавија неколку разумни луѓе во ВМРО-ДПМНЕ со барање Груевски да ја ослободи партијата од себе и да се тргне оти власта има мандати, не е вечна, има крај, а партијата е многуподолговечна и поважна од власта. Но, соочен со последиците ако падне и последниот бастион на груевизмот какви сè  гуштери и алигатори и какви сè злоупотреби ќе излегуваат на виделина, Груевски практично и нема друг избор освен со ореол на страдалник  да бара победа на локалните избори и тие да се признаат како парламентарни.

Несреќата е во тоа што ако актуелната власт, која го има мнозинството, не успее да го ослободи судството за  да се процесуира правдата, и конечно да седнат осомничените  на судска  клупа кои ќе бидат донесени со полициско комбе од притвор, опструкциите можат да продолжат до таа мерка да не се види дека поразот на локалните избори на ВМРО-ДПМНЕ може да биде многу надежен за Македонија и за нејзината иднина. Не е  можна ниту една реформа, ниту враќање на довербата на јавноста ако нема праведна и непристрасна судска разврска. Само тоа би означило сигурен почеток на крајот  на груевизмот. Груевски засега исполнува само еден услов да не оди во притвор, а тоа е дека нема да избега бидејќи во неговата желба за враќање на власт никој не треба да се сомнева. Тоа го докажа безброј пати во изминатите 11 години. Сите други предуслови да му се одреди мерката притвор дебело ги исполнува. Особено неговото влијание врз сведоците, но и врз судството.

(Преземањето на делови или целосниот текст од колумната „Мое Ќоше“ е дозволено само по претходна согласност од авторот. Сите права се задржани)

Comments (1)

Tags:

Последните удари на грогираниот боксер

Posted on 07 July 2017 by erizaov

Gruevski MANU

Никола  Груевски, откако прогласи вонредна состојба во државата јавно обзнанувајќи дека е дојден крајот на неговата стрпливост, бидејќи беа поминале цели 25 дена како останал без власт ,  почна со остварување на својата  закана. И навистина, еве секој ден сите гледаме и узнавме како и зошто трпението на човекот што цели 11 години имаше неограничена власт му е дојдено пред крај. Му пукнал филмот од големата неправда да му го земат престолот на големиот владетел и патриот, па се размавнал на сите страни како грогиран босер и удира ли удира како по боксерска вреќа по својата држава и по сите граѓани. Не гледа боксерчето паднато во нокдаун каде удира.   Денеска, онака размавтан, силно го тресна МАНУ.

Како на стар циник ми направи ќеф, прво помислив убаво што ги удри бесмртните од алејата на великаните. Белки еднаш засекогаш ќе се освестат да не се лигават на политичарите и на властите и од научници, ептен срамно, да не стануваат полтрони и апологети. Се разбира, тоа беше  само моменталната  моја реакција за иронијата на судбината на нашите академици кои со раширени раце го пречекаа во МАНУ и стоеја во ред да им се потпише Груевски на својата книга за големата економска стратегија научно истражена од економистот испилен од прилепскиот факултет со просек 6.25. Ќе речете недоволно за научник, но доволно за премиер пред кој се поклонуваат академиците како ученичиња. Е, тие наши мудреци со бели коси му премолчеа на вождот милион глупости за неговите погубни политики во потрага по пославно минато и маргинализација на словенството, на неговите блокади на сите стратегиски цели на државата и на евроатланските интеграции на Македонија.

МАНУ со ниту еден збор не се огласи за налудничавата интервенција на политиката во науката, на измислувањето и на пропагандите на некаков антички идентитет на сметка на словенството, за грубите и баснословно скапи фалсификати на скопскиот плоштад со крадење на авторството на познати и признати архитекти и урбанисти кои ја задолжија Македонија со своите дела. Не’ обрука таа политика на груевизмот пред целиот научен свет, а МАНУ како институција не се огласи да ги осуди ови груби интервенции кои не’ посрамотија пред светските науници. Се’ уште извесни акдемици како оној Маџунков не можат да се ослободат од своето апологетство па изигруваат естрадни ѕвезди, па настапуваат на телевизиите меѓу две турски серии да го заплашуваат народот дека ќе останеме без идентитет и без јазик и без достоинство и без самостојност на државата, дека ќе се поалбанчиме и побугарчиме. Раскажуваат за некаква светска завера против Македонија, ломотат како надри лекари со јазик кој повеќе наликува на тетки кои прикажуваат  згоди и незгоди на селска чешма, отколку на јазик со кој општат научници и учени луѓе. Удри ВМРО-ДПМНЕ силно по МАНУ бранејќи не’ од замката што ни ја ставиле Бугарите околу вратот за јазикот. Имено МАНУ како научна инститиуција не бил консултиран за оваа измама на нашите соседи и домашни предавници, па мора таму да се верификува политичкиот договор за добрососедство меѓу двете држави. Врвот на ВМРО-ДПМНЕ многу бргу заборави дека во нивно време почнаа приближувањата меѓу академиите на науките и уметностите и научната соработка  меѓу двете земји со која се најави дека и историјата како и секоја наука треба да им се препушти на научниците, а не на политичарите кои од минатото прават дрога за да ги остварат своите политички цели.  ВМРО-ДПМНЕ многу бргу стана склеротична партија , па ги заборави своите стари пријатели и подржувачи во МАНУ, па сега возвраќа божем академиците имаат обврска секое утро да бидат политичка опозиција и да ја сервисираат револуционерната партија. Кој национален проблем ВМРО-ДПМНЕ им го испрати на верификација на академиците. Колку што се сеќавам ниту еден. Обратно, и на оној мал број укажувања од одделни акдемици, ВМРО-ДПМНЕ не обрна никакво внимание.

Се разбира, секоја чест на неколку академци кои гласно и јасно се спротиставија на погубните замешателства на  ВМРО-ДПМНЕ во науката и во националните интереси на државата и на оние кои се дистанцираа од режимот укажувајќи на загрозувањето на правната држава, на нарушувањето на човековите права и слободи, на деградирање на парламентот и на државниот удар што го направија Груевски и претседателот на државата  Ѓорге Иванов.

Прозивката на МАНУ од страна на ВМРО-ДПМНЕ за воља на вистината има сосема друга цел од онаа што јавно се декларира. Воопшто не станува збор дека Бугарија и’ подметнува  кукавичко јајце на Македонија за да ја обезличи. Туку се работи за жестока опструкција на домашен терен за попречување на правдата и за конечното процесуирање на обвинијата на Специјалното обвинителство за големиот број кривични дела чии носители се луѓето од врвот на ВМРО-ДПМНЕ.  Како станува се’ поизвесно дека Груевски и неговата клика ќе седнат на обвинителна клупа, се’ пожестоки се нервозните реакции на ВМРО-ДПМНЕ. Ете тука треба да се бараат главните причини зошто Груевски сака да ја блокира целата земја и да ја попоречи правдата, сака човекот да се врати на власт на мала врата преку локалните избори, да покаже дека победата му е украдена.  Бара начин да се спаси од раката на правдата.

Не му е лесно, осомничен е за тешки кривични дела, одвај избегна притвор, земен му е пасошот и секој петок треба да се јави пред надлежен судија во Кривичниот суд дека е тука и е подготвен секој миг да седне на обвинителна клупа. Овие маки големи на Груевски, како трауматична последица се јавуваат кај сите моќници кои по падот од власта не можат да ја прифатат реалноста дека веќе не се на престолот.

(Преземањето на делови или целосниот текст од колумната „Мое Ќоше“ е дозволено само по претходна согласност од авторот. Сите права се задржани)

Comments (4)

Tags:

Груевски заплашува со немири и војна

Posted on 24 February 2017 by erizaov

gruevski defaktorizacija

Како наближува промената на власта и последниот чин од децениското владеење, Никола Груевски го активира пластичниот експлозив од сценариото „по мене потоп“. Груевски сака да го пресретне договорот за мнозинство во парламентот и формирање на нова влада и нов премиер како да е тоа крај на светот. Театрално го запали фитилот со јавно заплашување со немири. Како оправдување за повикот на крвопролевање Груевски како и секој тврдокорен популист соочен со правдата по падот од тронот прво алармира на голема опасност од загрозување на државните и националните интереси, а потоа дека со решителна борба на вистинските Македонци со него на чело ќе ја одбранат Македонија и македонските национални интереси од другите Македонци, помалку вистински.

Тоа што никој не ги загрозил ниту државните, ниту националните интереси е само уште еден непобитен доказ дека повикот на борба најмалку е за одбрана на народот и на државата, туку за спасување на осомничените властодржци од една многу поинаква правда од онаа на партијата и на владетелот што ја гледавме и трпевме повеќе од една деценија. Бидете без гајле ова е последниот блеф и празно застрашување на еден обезвластен владетел кој е смртно уплашен по пробивање на вистината зошто се отстранети десетици докажани, професионални и искусни судии од кривичниот суд и одделот за организиран криминал и арогантно деградирани и преместени во пониските судски инстанции, да судат за сообраќајни прекршоци и бракоразводни парници. Навестувањата дека судиите по промена на власта ќе се вратат на своите позиции каде што ги постигнувале своите најдобри резултати и покажувале најголема професионалност и судска етика за што и настрадале ја предизвика најголемата панична реакција во врвот на новопечената опозиција.

Сега веќе не е во прашање Специјалното обвинителство како непријателска и неуставна инсталација на Сорос и на СДСМ, туку редовното јавно обвинителство кое не само што ќе престане да ја попречува работата на специјалните обвинители, туку и самото ќе се стави во улога на ослободено обвинителство од стегите на режимот. Истото ќе се случи со судиите. Ќе нема веќе нарачани пресуди и унапредувања по телефон. Владеењето на правото и воспоставување правна држава е вистинската опасност за осомничениот врв на власта, а не заминувањето во опозиција со 51 пратеник по 11 години владеење и злоупотреба на функциите. Во таков случај тешко ќе можат да се оспорат пресудите од многубројни предмети за незаконско работење, за организиран криминал и корупција, за изборни измами и местенки за злоупотреба на функциите, за пресметка со политичките противници, за нарачани судски пресуди, за уништување туѓи имоти и уште еден куп кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори и најголемото и најмасовно повеќегодишно нарушување на човековите права во Македонија со следење на комуникациите на над 20.000 јавни личности во двомилионска држава.

Повикот за борба во одбрана на националните и државни интереси од новата влада и новиот парламент покрај сопственото спасување има уште еден мотив да се спречи расулото во партијата каде што има многу луѓе кои не се навикнати да бидат во опозиција по долгогодишно уживање во привилегии и незаконско богатење. Многумина од нив никогаш и не биле во опозиција. Овој пат внатрешните судири по губење на власта и заминување во една сосема поинаква позиција кога треба да се платат сметките веќе внесува голема нервоза не само во врвот на партијата. Дали забележувате дека некои перјаници на ВМРО-ДПМНЕ кои беа многу активни и храбри кога режимот цврсто ги стегаше дизгините и кога течеа пари од сите страни веќе ги нема нигде. Се изгубија, немаат ни слика ни тон. Тука треба да се бара другиот дел од причините зошто Груевски научил нов збор „ДЕФАКТОРИЗАЦИЈА“. По федерализација, кантонизација, демакедонизација, албанизација, редефинирање ….еве дојде ред и на дефакторизација, израз кој треба да остави впечаток кај луѓето дека е готово со Македонија ако Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не се повеќе на власт.

Измислената опасност по националните и државните интереси треба да ги оправда тешките зборови на Груевски: „Укажувам дека секој што сака да се коцка со државните и национални интереси дека во оваа земја има и други кои мислат на тие интереси и кои се подготвени да се борат за тие државни и национални интереси. Она што можеме да го видиме е обид СДСМ и ДУИ да направат дефакторизација на Македонија и на македонскиот народ, но и на други етнички заедници како Турците, Србите, Власите, Ромите и останатите. СДСМ и ДУИ сакаат да спроведат дефакторизација на македонскиот народ. Она што сега се случува покажува дека СДСМ е цврсто влезена во намерата да ја редефинира Македонија. Но морам да потенцирам дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија ќе застане цврсто во која било ситуација на браникот на одбраната на страна на националните и на државните интереси…“ Ова се големите зборови на малиот човек кој не си го сочува достоинството ни на заминување.

Овие зборови на развластен владетел треба да се запамтат и да се изучуваат не само на факултетите за политички науки, туку и многу пошироко. Зборот дефакторизација кој Груевски го слушнал, или му го кажале советниците, го употребуваат аналитичарите Албанци во своите јавни настапи укажувајќи сосем спротивно на губење на значењето не на македонскиот, туку на албанскиот јазик. Значи, сега според повикот на Груевски до патриотите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ за борба во одбрана на македонскиот јазик од дефакторизација, односно од негово обезвреднување ќе дојде до тоа само албанскиот јазик во Македонија да биде главен фактор, односно сакаат да кажат, ама не знаат како, дека комуникацискиот код на кој сите ќе зборуваме ќе биде албанскиот јазик. Сите други јазици: македонскиот, турскиот, српскиот, ромскиот, влашкиот и останатите ќе бидат обезвреднети, односно дефакторизирани. Ваква лага со толку куси нозе не може да си дозволи дури ни Груевски ако тоа не е очај од некоја многу поголема мака поврзана не со јазикот и националните и државните интереси, туку со правдата и правото. Филмот што го гледаме е само уште една потврда која, за жал, може да излезе од контрола дека и заминувањето од власта како и од се’ друго, треба да биде на достоинствен начин и во вистинско време. Како си се качил на врвот се дознава и по тоа дали го знаеш патот како да се симнеш. Ако си на врвот на лажна кула од карти која сам си ја измислил, стрмоглавувањето е трагично.

(Објавено во Утрински)

Comments (2)

Tags:

Груевски заслужува фер судење

Posted on 23 February 2017 by erizaov

gruevski sudenje

Морници ме полазија кога Никола Груевски по судењето пред судот изјави: дојдов, видов… таман мислев ќе рече и победив како што му приличи на Цезар, кога тој ја спушти топката со: ова е театар. Претставата ќе ви ја раскаже мојот адвокат. Испадна работата дојде, виде и си замина. Помислив, голема неправда ќе биде ако се оневозможи Груевски и неговите соработници да имаат фер судење.

Трогнат го слушнав и адвокатот Никола Додевски колку многу е потресен бидејќи судската постапка против неговиот клиент е далеку од фер судење. Како се осмелуваат воопшто да го тужат и малтретираат по судови Груевски за онаа измислица со креираната сечена и лепена нарачка од пет-шест силни шлаканици на Андреј Жерновски и згора малку насилство во просториите на дисидентската Општина Центар во Скопје. Морав да се напијам шеќер и вода да дојдам на себе од стресот поради неправдата што му се прави на еден човек, како дрско и безобѕирно му е нарушено основното право што го има секој граѓанин во оваа држава, а со агресивни методи обвинителите сакаат да му го одземат тоа право само на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и неприкосновен владетел на Македонија и кога е и кога не е премиер во изминатите 11 години. Ова е повеќе од театар. Жив циркус.

Боже, целиот шашардисан, си реков, отиде јабана државата побрзо отколку што се очекува, како е можно тоа да се случи во судница, во држава каде што владеењето на правото и фер судење од памтивека наваму е света работа и општопознато во јавноста, голема гордост на секој граѓанин на Македонија. За ова достигнување на нашето независно судство знае цел свет. Резултатите од владеење на правото се вчудовидувачки. За цела една деценија немаше ни еден случај на судска постапка, или некаква казна против висок функционер во власта. Не е изречена ни една единствена пресуда, ниту за корупција, ниту за организиран криминал, ниту за местење избори, ниту за злоупотреба на функцијата, ниту за погрешно паркирање, или за брзо возење на некој од врвот на власта. Ама баш за ништо.

Почесна и поскромна власт никогаш не сме имале. Зошто сега дури и да се нарачани, ама неудрени шлаканици би требало да одговара Груевски, или за малку кршење и тепање на предавници би требало не кој било, туку баш Груевски да се суди и уште 15 набедени насилници, инаку познати мирни граѓани. Што може ова да биде, освен нарачка од Џорџ Сорос и од Зоран Заев. Ама гадно се излажале. Македонија има независно судство какво што нема никој на дуњава.

Превентивната улога на делителите на правдата, нивната неподмитливост, партиска неприпадност, познавање на законите и висока стручност сиве овие години дава фрапантни резултати кои ги нема ни во скандинавските земји. Човекот кој има дадено огромен придонес и има најголеми заслуги за судството да биде вакво какво што е сега е единствен во државата на кој му се прави голема неправда. Срамота. Никола Груевски и неговите први соработници заслужуваат праведно судење, и тоа повеќе пати, за повеќе дела за кои се осомничени, се разбира неправедно и злонамерно од страна на агресивни обвинители кои работат под диктат, само што не се странски платеници, туку арчат и плаќаат судски казни од наши буџетски пари. За среќа ваквите деликатни предмети не по случаен, туку по намерен избор се даваат во рацете на искусни, докажани и праведни судии како Татјана Михајлова која веднаш го прекина театарот, односно судењето, и ги казни двапати по 1.000 евра, или вкупно 4.000 евра агресивните обвинители да внимаваат што зборуваат и да го почитуваат судот. Ами како.

Откако Груевски ја даде познатата историска изјава – ова е театар, адвокатот Никола Додевски потресен од она што му се прави на Груевски иако под силен стрес ја соопшти поразителната вистина: ова е однапред подготвено сценарио да се изврши притисок врз судијата, флагрантен притисок на водење на постапката. Нешто невидено и нечуено досега во македонските судови. Колку и да е судијата трпелив, ова не се издржува што го направија специјалните обвинители Фатиме Фетаи и Катица Јанева, и’ објасни на вознемирената јавност адвокатот кој не губи процеси пред независните судии и судови кога го застапува Груевски. Алал вера, голем адвокат овој Додевски од кој на судиите им се тресат нозете, особено на независните.

И конечно кој бил гревот на обвинителите Јанева и Фетаи со што го навредиле судот: и’ рекле на судијката дека записникот од претходното судење е интелектуален фалсификат и не ги содржи фактите, односно не е точно пренесено на хартија тоа што се случувало на судењето. Туку сосема обратно. И уште и’ рекле на судијката дека не знае да води записник и дека не се дојдени тука за да видат колку е убава. Е тоа веќе се согласувам е премногу за еден независен суд и докажан судија како што е Михајлова. Само не ми е јасно зошто мораше покрај казните од по 2.000 евра да го прекине судењето и да си ја донесе пресудата.

На следното рочиште, ако воопшто има потреба да се одржи бидејќи е јасна тенденцијата да се обвини невин човек, специјалните обвинители треба докрај да го почитуваат и судот и судијата, да се однесуваат културно и достоинствено како и сите јавни обвинители и судии во македонските судови и тогаш ќе бидат сведоци на праведна пресуда. Нема што тие да забележуваат ниту на записници, ниту на затварање на процесот за јавноста, ниту на што било што може да го засегне не толку судот отколку големиот државник кој на шега нарача само пет-шест малку посилни шлаканици и малку тепање и кршење на државен имот во Општина Центар. Па за тоа ли треба да одговара еден сенароден водач. Ајде ви се молам, бришете ги сите обвинувања. Ова не е театар.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

На Груевски ич не му се оди на суд

Posted on 13 February 2017 by erizaov

gruevski sud

Го гледав Никола Груевски на неговата ТВ Нова стокмен како за свадба со нов костум, што да ви кажувам, „струмка и јас“, човеков крцкаше од глава до петици како да излегол од најскапите светски бутици. Се претстави како смирен човек кој почнал да верува во сопствените лаги.

Се присетив кога првпат го видов пред нецели 18 години како младо министерче за трговија. Влезе во Утрински во изветвено палтенце, истуткани панталони и евтини чевли, но полн со ентузијазам и со проект во рацете за „купувајте македонски производи“. Меѓу тој Груевски и сега овој Груевски што го гледам на ТВ, разликата е небо и земја, како меѓу слуга и цар. Компарацијата не е навредлива бидејќи зборот министер значи слуга на народот, а цар си е цар на народот, дури и по неговата абдикација. Еднаш цар, за век и веков цар.

Груевски одлично се вклопи во современиот дизајн на најновата медиумска ударна тупаница на ВМРО-ДПМНЕ, само малку фалеше сценографијата на драмолетката да биде идеална. Штета што амбиентот не беше во барок и рококо, или што оваа беседа не беше снимена и овековечена во царскиот дворец како историско сведоштво на последните три желби на владетелот на заминување кој се потруди тоа да го прикаже како неговото повторно враќање на престолот. На Груевски не му се напушта тронот, но овојпат тоа не е желба за власт, туку силен патриотски чин на саможртва за доброто на народот да продолжи да владее со истиот елан и самодоверба како и досега. Не му се остава земјата да ја разграбат и распарчат по десет и пол години владеење со цврста рака, по деценија на мир, успеси и благосостојба.

На многу разборит и сугестивен начин Груевски објасни дека пронашол извонредно решение за излез од кризата и за спас на татковината. Вели кризата е многу голема што ја нанесоа домашните и странските платеници и непријатели, пардон, сега веќе се опоненти, изгледа разбрал дека не е баш пријатно повеќе стотици илјади граѓани да се нарекуваат непријатели. Длабока и тешка е кризата рече Груевски подготвен да се жртвува како да владеел некој друг деспот десет и пол години со Македонија, а не тој. Излезот е многу лесен, операцијата не е скапа, само треба да се одржат уште неколку круга на избори се’ додека тој и ВМРО-ДПМНЕ не освојат 63 пратеници и додека повторно не курдиса нова петта ќе да е по ред влада со ист премиер. Во тој момент кризата завршува.

Кога го слушнав ова старо побарување, прво што ми падна на ум е една реченица која му се припишува на Фројд и која ја сретнав деновиве по социјалните мрежи: првиот знак дека човек почнува да ја губи контролата врз себе е кога ќе престане да се срами од своите постапки. Така и Груевски без трошка срам бара или долгогодишниот партнер ДУИ да направи коалиција со него, или да прифати нови избори заедно со локалните. Трето нема.

Особено силен впечаток ми остави аргументацијата на Груевски дека нема веќе преговори на „победник со победник“ како што молел ДУИ пред десет години. Следниот пат неверните партнери ќе бидат избркани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ безмалку на клоци. Оваа сто пати повторена лага деновиве на некои луѓе им изгледа многу примамлива. Но Груевски како и секој голем владетел не појасни некои детали во кои се крие ѓаволот. Прво не кажа дали следниот пат тој ќе биде тука и дали тој ќе одлучува на следните избори со кого ќе прави коалиција ВМРО-ДПМНЕ и дали некој воопшто ќе го праша што тој мисли. Второ и да му се случи тоа на ВМРО-ДПМНЕ Груевски да биде и натаму претседател на партијата и да биде тука, која е гаранцијата дека ќе победи на изборите за кои не се знае кога ќе се одржат дали оваа пролет, или пролетта 2021 година, или некаде помеѓу кога тоа ќе му одговара на новото парламентарно мнозинство. И трето баш сакам да го видам тој јунак во ВМРО-ДПМНЕ кој на пример со 45 освоени пратенички места ќе одбие коалиција со да речеме 16-17 пратенички места на ДУИ.

И најголемата лага повторена по милионити пат што ја кажа пак Груевски дека милијардерот Сорос со години работи против ВМРО-ДПМНЕ во прилог на СДСМ поради како што рече идеолошки и политички причини. Моќниот Сорос и преку граѓанските невладини организации и преку други држави и влади постојано цели 25 години вложувал големи пари против ВМРО-ДПМНЕ, а особено последните десет години фрлал милиони долари да го урне Груевски поради идеолошки и политички причини и некои други интереси. Да не може човек да се изначуди на овие небулозни теории на заговори. Од 25 години независност ВМРО-ДПМНЕ е на власт повеќе од 15 години, не сметајќи ја владата на Никола Кљусев. Како со толку многу пари и влијание врз други моќни светски влади и разузнавачки служби Сорос не успеа да го урне Груевски немаше ни прашање ни одговор.

Замислете да не беше Сорос и неговите пари, Груевски никогаш немаше да стане премиер, ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Георгиевски ќе си владееја цели 25 години без никакви проблеми. Не знам дали има нормален човек кој може да верува во вакво нешто. Сорос стана познат во светската јавност по тоа што донира навистина средства во земјите на источна и централна Европа и на Балканот да ги забрза процесите за падот на историски истрошените комунистички режими и да ги ублажи последиците од тектонските промени во мирна транзиција кон демократија. Се разбира, на новите популистички и националистички режими во посткомунистичките земји оваа работа воопшто не им се допадна, а веќе им пречи и на некои демократски држави кога се злоупотребува власта од корумпирани властодршци и популисти. Вистината веќе ја знаеме сите. На Груевски всушност ич не му се оди на суд. Многу разбирливо. Не се чувствува добро на судската клупа дури и кога е негов судијата.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Бомба во рацете на претседателот

Posted on 02 February 2017 by erizaov

grujo prozor

Штом не пишувам неколку дена веднаш ме прогонува мислата дека испуштам нешто многу значајно. А, во суштина секогаш е само некое чешање, или драпање ако не од новинарска краста, тогаш, шуга ќе да е. Еве ќе биде скоро еден месец како средував некои свои приватни обврски кои со години ги бев запоставил поради големите историски настани на патот на Македонија кон нејзиното исчезнување и поради умислата дека сепак има надежи за свртување кон вистинскиот правец. И таман помислив дека не сум испуштил ништо во болното напредување кон распад, кога стаса добрата вест, се разбира, ако не е лажна, дека досегашните партнери во власта по една деценија владеење без контрола, не можат да најдат заеднички јазик и да направат влада. Бракот од интереси галиба е разведен.

Не речи двапати, оти никогаш не се знае што носи денешниот, а не утрешниот ден, ама истовремено стаса уште една понадежна вест дека никој од релевантните политички партии кои освоија места во парламентот не сака да прави влада со Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Не било работата само околу пазарењето во поделба на власта и разликите во платформите, туку гласачите им пратиле на своите лидери и партии ептен јасна порака дека политичко самоубиство е да се дели власта со ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, дури и во случај на големи отстапки кои досега не беа замисливи во генетиката на најпатриотската партија. Цели два месеци по изборите откако државата нема влада и парламент, а има само непризнат претседател, се’ поизгледни се шансите Македонија да се ослободи од стегите на режимот и да се врати на патот кон демократијата, кон владеење на правото, кон европеизација на земјата и членство во ЕУ и во НАТО, каде што Македонија и географски и историски и цивилизациски припаѓа. Конечно, чинам, доаѓа време да се симне срамот дека на крајот на втората декада од 21 век се’ уште сме меѓу неслободните земји, блиску до тоталитарните диктатури. Време е груевизмот и последиците од таа ера на јарем и лаги да се предадат на судот на непристрасна историска наука и историчари и на редовните независни судови и судии.

Затоа има толку очај во врвот на власта можеби најдобро изразен во антологиската снимка кога Груевски ѕирка затскриен зад бело перде низ прозорецот на партискиот дворец во очекување на веста што ќе му ја прати Ахмети дали да составува влада или да замине од политиката дефинитивно.


Но, штом низ Македонија почна да шета со бомба во рацете, и тоа со запален фитил, претседателот на државата Ѓорге Иванов, на сите им стана сомнително поранешниот професор од Правниот факултет да не го замотале со експлозив од вмровски очај поради губење на власта, па сега со кандило ги бара старите полтрони и послушници да му го толкуваат Уставот, онака како што посакува Никола Груевски. Демек претседателот, ни лук јал ни лук мирисал, тргнал на консултации да ги праша некои луѓе што мислат, а чии ставови ги знае цела Македонија. Ме изеде туѓиот срам на толкувањата на Уставот од професори на Правниот факултет, кои драматично објаснуваат дека нема излез од кризата ако Груевски не е премиер и ако ВМРО-ДПМНЕ не формира влада. Те Уставот бил непрецизен, те волјата на гласачите била јасна, те правото на победникот на изборите било пресудно, те досегашната пракса била ваква или онаква. Се прави папазјанија од многу едноставна и јасна работа во сите парламентарни демократии. И која гласи многу просто и едноставно: кои партии обезбедуваат мнозинска поддршка во парламентот формираат влада и го избираат премиерот. Ако претседателот Иванов, наместо сега што прашува што треба тој да работи во вакви случаи, тргнеше уште првиот ден на консултации со партиските лидери да добие гаранции кој може да формира мнозинска влада, Македонија веќе ќе имаше и парламент и влада и премиер. Наместо тоа претседателот, верен на својата улога која му е доделена од партијата, одлучи да ги менува правилата за време на преговорите, откако ВМРО-ДПМНЕ отпадна од натамошниот натпревар. Со тој чин претседателот Иванов е на чекор да направи уште една тешка хаварија со далекосежни последици, дури поголема од онаа кога се определи на аболиции на осомничени високи функционери од власта и кога ги измеша во исти кош и осомничените за корупција и злосторничко здружување во изборен криминал, со сведоци и невини луѓе. Па од аболиција помина на пишман аболиција, за сега да истражува можност да направи престап со тешка повреда на општествено-политичкиот систем на кој се потпира парламентарната демократија. Купувањето време со евтини трикови да не се даде мандатот на паријата која може да состави мнозинска влада е случај без преседан не само во изминатите 25 години на независна Македонија, туку и во сите држави на слободниот свет кои ја освоиле слободата со крвави револуции токму поради гушење на слободите и владеење на правото кое овозможува еднаквост пред законите на сите граѓани. Професорот на Правниот факултет, Ѓорге Иванов, добро го знае Уставот дека ако не може победничката партија да формира мнозинство во парламентот која ќе ја изгласа владата, таква можност му се нуди на второпласираниот, па на третопласираниот кои можат да остварат парламентарно мнозинство. Само во случај никој да не може да добие мнозинска поддршка во парламентот, може да се оди на повторни избори.

Се разбира дека мнозинството граѓани како и на изборите одамна ја прочитаа причината за паниката во владејачките кругови и ја пратија со своите 612.000 гласа главната порака на 11 декември за смена на власта. Само со закани, притисок, популизам и строга контрола на судството и медиумите може да се оневозможи правдата за осомничените во предметите на Специјалното јавно обвинителство. Стравот од судска разврска и ослободување на институциите на системот, ослободување на медиумите од контрола и од цензура се причините зошто се замаглува и се комплицираат уставните определби и се деградира парламентарната демократија. Не формира влада тој што победил на изборите, туку тој што има мнозинство во парламентот. А зошто се консултира претседателот Иванов за она што го знае, најверојатно, е морален проблем или и тој го чека Трамп да ја спаси Македонија од Сорос и домашните предавници, па да почнеме раат да градиме ѕидови кон сите четири страни на светот и згора еден среде држава.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Збогум, Грујо

Posted on 13 December 2016 by erizaov

zbogum-gruevski

Груевизмот, дефинитивно, е погребан. Груевски ќе мора да се збогува од политиката ако во наредните денови ја совлада содржината од телеграмата за смртта на режимот што му ја испратија граѓаните на Македонија. Што побрзо со соочи со оваа вистина подобро и за него и за неговата партија и за целата држава. Штом ќе осознаат и Груевски и неговите следбеници дека неговата Пирова победа значи промена на власта тоа ќе биде крај на една трагична ера во која Македонија заостана зад сите балкански држави и влезе во длабока морална, политичка и економска криза во која се гушеше цели две години по откритието на најмасовното нарушување на човековите права по Втората светска војна во Европа спроведена со монструозна доктрина на неколку луѓе од врвот на власта со години да се прислушуваат и држат под надзор над 20.000 граѓани и јавни личности.

На Груевски не може да му помогне ни злосторничкото здружение за изборен криминал, кое се’ уште функционира и корумпира, ни ДИК која нагло онеме по 17 часот на денот на изборите и се претвори во соучесник на изборни неправилности со часови одолжувајќи да ги соопшти резултатите и освоените мандати. Тоа се виде и во неговото прво обраќање до јавноста кога видливо повеќе сам себеси се тешеше отколку граѓаните, оти нарачката од 63 пратеници не успеала бидејќи Албанците изненадиле со своето свртување кон демократијата и слободата оти ја прочитале неговата намера што сакал да постигне со апсолутна власт. Како што Македонците ги открија лагите со опашки за федерализација, кантонизација и редефинирање на Македонија. Груевски покрај клетите Албанци и македонски предавници си најде утеха дека борбата била тешка оти некоја виша сила, читај непријателска Америка и ЕУ стоеле во заговор против вистинските Македонци.

Во тој момент изгледа дека како да сакаше да ја прикрие бројката од над 613.000 граѓани на Македонија кои гласаа за опозициските партии и му кажаа на Груевски написмено дека не му се плашат со јасна порака да се подготви заедно со најблиските соработници за соочување со правдата и со правната држава и со сите последици од децениското лошо и криминално владеење.

За целосна слобода, за никогаш да не се повтори повеќе тиранијата на неконтролирана власт потребен е само уште еден чекор на опозициските политички партии кои добија мандати да ги почитуваат гласовите и определбите на граѓаните кои гласаа за промени и уривање на режимот што значи да се почитува волјата и на гласачите на партиите кои не добија пратенички места, а се против режимот. Ништо повеќе, ни помалку. Тоа би значело брз крај на децениската злоупотреба на власта за лични интереси и деградација на целото општество. Станува збор за идниот настап во формирањето на владата на политичките партии кои имаа заедничка цел да се стави крај на авторитарниот популистички режим. Тоа им донесе цели 613.000 гласови на сите опозициски партии македонски, албански, турски, бошњачки и други наспроти граѓаните кои гласаа за коалициските владејачки партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и сите нивни партнери кои добија вкупно 539.000 гласа. Разликата е 74.000 гласа во корист на противниците на режимот.

Зошто овие бројки сега стануваат позначајни од тажната прослава со зурли и тапани пред фараонската некропола во Скопје на ВМРО-ДПМНЕ. Покисели насмевки не сум видел во слава на „триумфална победа“ која наликуваше на тажачка дури повеќе и од терапиите на д-р Латас на пациентите загрижени од големата среќа што ги снајде кога ВМРО-ДПМНЕ добила 452.709 гласа, а коалицијата на СДСМ само 436.469 или околу 16.000 гласа помалку.

Веќе денеска не е пресудно дали се пата-пата, или ВМРО-ДПМНЕ има половина или цело столче повеќе во парламентот. По точното пребројување на гласовите може работата ќе биде обратна, ама и тоа не е најважно. Режимот е декласиран бидејќи пресудни се гласовите кои ги обврзуваат политичките партии во идните коалиции да ги почитуваат определбите на гласачите да формираат нова влада која ќе ги означи и почне големите промени за ослободување на институциите на системот и заробената држава, враќање на Македонија на европскиот пат и евроатлантските интеграции, расчистувањето со криминалот и корупцијата на врвот на власта и она што е најважно да престанат притисоците и попречувањата на работата на Специјалното обвинителство кое ќе функционира се’ додека не си ја заврши работата и додека редовното обвинителство не прерасне заедно со целото судство во независна судска власт. За таа цел Специјалното обвинителство ќе добие и посебно судско одделение, поголем број истражители и вештаци, како и полициска поддршка. Завршуваат заканите и притисоците врз оваа во моментот најзначајна институција во државата за борба против организираниот криминал и враќање на довербата на граѓаните во правната држава и владеење на правото. Граѓаните со своите гласови го спасија Специјалното обвинителство.

Слободата и независноста на медиумите ќе биде голем исчекор напред кон контрола и на новата власт и остварување на ветените програмски цели за повисок стандард и поквалитетен живот на граѓаните, како и повторно враќање на европскиот пат на Македонија. Ова се клучните заеднички определби на сите опозициски политички партии кои добија и не добија пратенички места и кои се декларираа за остварување на стратегиските цели на Македонија. Доколку овие заеднички цели се примарни, набргу ќе се види дебаклот на ВМРО-ДПМНЕ на првите локални избори напролет, а и веројатно на првите наредни парламентарни избори. Допрва следуваат големите шокови од откритијата на злоделата на оваа власт. Доколку, пак, коалицирањето се претвори во националистичко и шовинистичко криминогено пазарење поважно од слободата и демократијата, прогресот на земјата, тогаш, враќањето на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски може да биде само прашање на време, шест месеци или не цела една година.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Груевски не избега од судот

Posted on 02 November 2016 by erizaov

gruevski-sud

Никола Груевски лидерот на ВМРО ДПМНЕ не го избегна судот како минатиот пат. Овој пат тој многу сакаше да дојде како единствен крунски сведок во скандалот „Пуч“ што безмалку две години ја тресе Македонија, но судот не му испратил покана. Штета. А, неканет не се оди ни на свадба, а камоли на суд. Така е кога судот ни е целосно независен од политиката. Што бара единствениот сведок на судење кое нема да се одржи. Судиите поротници немале безбедносни сертификати и природно судиите Љубинка Башевска и Ивица Стефановски ја напуштиле на врат на нос судницата на неодредено време и, најверојатно, некаде по изборите ќе се вратат во судницата за да дознаеме кој и зошто прислушувал незаконски илјадници граѓани и јавни личности и сторил масовно нарушување на човековите права и слободи. Се разбира, тогаш ќе бидат тука и Груевски и Заев и Верушевски другите обвинети и пресудата ќе биде изречена праведно во зависност од изборните резултати. Кој ќе победи на изборите ќе победи и во судот. Така е тоа во Македонија. Кога суди народот нема зошто поинаку да суди судот.

Ви велам, почитувани читатели, дека скандалите и големиот срам се составен дел на демонтирањето на еден режим. Ете мастилото не ми се исуши од вчерашниот текст, а веќе денес нов скандал. Во кривичниот суд имаше жив циркус, тазе брука која силно пукна по драмата што се одржа во живо во судницата. Новонаименуваните судии поротници немале безбедносни сертификати, па судењето како и цела една година морало пак да се одложи. За да се обезбедат судии со сертификати, или поточно сертификати со судии, веројатно треба многу време, па ете не се стасало. Имало во судницата и непријатни сцени кога специјалната обвинителка Катица Јанева ги прашала судиите како не ви е срам да одложувате цела година судење. Погледнете ме во очи и кажете зошто лажете дека сертификатите биле проблем. Судијката Башевска се заканила со казни за навреда на судот и така се карале јавен обвинител и судија што овој пат ќе биде достапно за јавноста бидејќи на новинарите им дозволија да присуствуваат на одложувањето на судскиот процес. Ќе видиме дали тоа ќе важи и кога навистина ќе почне судењето. Вчерашната судска фарса само покажува дека покрај Специјалното обвинителство неминовност во Македонија е и потребата од специјален суд ако навистина се работи за желбата да стаса правдата и конечно да видиме како изгледа правна држава и владеење на правото кога се во прашање судски процеси и против највисоките политички функционери во државата. Ќе видиме ли конечно дека и недопирливите можат да бидат еднакви пред судот како и сите граѓани.

Сега верувам ви е појасно зошто ниту еден градежен инспектор не може да му плукне под прозор на дивоградбата што среде Скопје ја ѕида спокојно врз темелите на починатото судство Владимир Панчевски, претседателот на кривичниот суд. Два-три ката дивоградба која преку ноќ ќе стане легална ако веќе не е и легализирана вредна околу скромни две илјади евра по квадрат е доволен мотив еден претседател на суд да најде начин не само да одложи судско рочиште, туку и веднаш да пресуди во свое име и во име на народот. Така што можеби е подобро што се одложи судењето и онака веќе се’ се знае и кој и зошто прислушувал.

Ми падна најмногу жал што се одложи судењето поради Никола Груевски, човекот имаше што да каже и одвај чекаше да сведочи. Се работи за многу цврсти докази, цел филм, како дошол лидерот на опозицијата Зоран Заев во неговиот кабинет и му рекол ова е пуч, си ја закашкал работата до гуша треба да си одиш од политиката. Кога лидер на опозицијата бара премиерот да поднесе оставка поради масовно кршење на човековите права и слободи со незаконско следење на комуникациите на илјадници луѓе во што подоцна се уверивме кога ги слушнавме ужасните злодела и кршења на законите, тоа не е само пуч, туку државен удар и шпионажа, уцена и нарушување на безбедноста на државата. Па нели само пред два-три дена Митко Чавков, директорот на Бирото за јавна безбедност, му прати порака и на судот и на јавноста дека никој не може да ги доведе во прашање доказите против обвинетите во аферата „Пуч“. Целиот доказен материјал е прибавен со научни методологии како Верушевски го злоупотребил системот за следење на телекомуникациите. И сега, види мајката, испадна дека тоа не било доволно цврсто, па треба одлагање на судењето, по се’ изгледа по изборите бидејќи победата е обезбедена, а тоа автоматски значи и пресудата. Почнаа да излегуваат нови фантоми во штотуку објавените изборни списоци. Или пак старите фантоми се преселија на нови адреси. На повидок е нов скандал како ќе се обезбедат 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ. Нема правда во Македонија додека не се формира специјалниот суд со вистински судии.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Не го даваат Никола

Posted on 17 October 2016 by erizaov

gruevski-miting

Во неделата наутро „Илинденска“ никогаш не била поубава, или можеби мене така ми се виде оти беше празна. Измиена од дождот, без ниту еден автомобил на неа блескаше есенското сонце почнувајќи од Владата, па дибидус се’ до спортската сала „Борис Трајковски“. Полицијата ме пропушти да поминам, возев по празен булевар во прекрасна тишина, се чувствував привилегиран. Завртив цел круг по двете ленти, на сите семафори им кренав рака на полицајците небаре сум им шеф, ми отпоздравија, давајќи ми знак да продолжам. Си реков, сигурно мислат дека сум некој значаен од власта штом ми дозволија слободно да се движам по знаменитата скопска улица која од сончева авенија наутро, до попладнето стана „булевар на мракот“ и паркинг на к’рнтии од автобуси.

Само што ја испив првата голтка кафе во кафетеријата карши гимназијата „Орце Николов“ кога наиде првата голема колона луѓе кои врвеа молкум. Да не беа развеаните знамиња што ги носеа, човек може да помисли дека е некоја тажна поворка, како на некој погреб. И баш во тој миг силно одекна од стотици грла „Никола не го даваме, Никола не го даваме, Никола не го даваме…“ Што викаат, ме прашува човекот од соседната маса. Му велам зар не слушаш и му повторувам, Никола не го даваат. Да, да тоа убаво го слушам, ми возврати цинично човекот, ама не разбирам, кој сака да го земе Никола. Не знам, велам, ќе чуеме вечер на Сител, веројатно мислат на домашните непријатели и предавници кои сакаат да му судат на спасителот, или пак мислат на Америка, на ЦИА, на Сорос, на Брисел и другите европски и белосветски курви и џандари… па и јас знам да бидам саркастичен. Нели. Кој суд прашува човекот и сам си одговара, па судот е негов сосе судии, обвинители и адвокати. Америка, ЦИА и Брисел да сакаа досега ќе го кутнеа сто пати… Извините, му велам, да не сте вие Џорџ Сорос преправен во скопјанец. Да, вели, јас сум… што ќе се напиете…

И се разбира, додека луѓето уште ги плакнеа своите очи по излозите на „Сити мол“, големиот трговски центар, и ги бараа автобусите да си заминат пресреќни дома по еднодневниот излет во главниот град, ревносните медиуми го објавија историскиот говор на Никола Груевски, бившиот и идниот премиер, сеедно, кој десет години владее без контрола. И баш како што не беше тешко да се претпостави, Груевски најави нова среќна ера за граѓаните на Македонија, уште подобра, поубава и побериќетна од оваа што ја преживеавме во изминатата деценија. Перикле се враќа во царската резиденција со волја на народот и со 63 пратеници колку што си нарача. Тоа ќе биде крај на кризата. Какви судови, тужби, специјални обвинителства, криминал, корупција, прислушувани и монтирани телефонски разговори и слични глупости. Кога ќе седне кралот на тронот готово е, од сето тоа нема да остане ништо. Судот на народот е најдобриот и единствениот судија. Ако народот каже нема криминал во врвот на власта, тогаш нема, ако народот каже нема корупција во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш навистина нема… ако народот каже власта е најчесна во Европа бидејќи само во Македонија не е откриен ниту еден корумпиран политичар од највисокото раководство, тогаш што има да се поднесуваат тужби од странски инсталации и непријатели.

Во владите на Груевски и во врвот на ВМРО-ДМНЕ нема ниту една злоупотреба на власта, ни помисла на криминал, или коруптивна зделка, ниту еден сомнителен тендер, или какво било оштетување на државата. Не е регистриран ниту еден случај на корупција и криминал, ниту пак некој од врвот е осуден. Ако не верувате, прашајте го лично јавниот обвинител Марко Зврлевски, тој лично ќе ви потврди дека за десет години чесно се потрошија над 20 милијарди евра буџетски пари на граѓаните без никој да ги излиже прстите од медот. Тоа ти се вика чесна и поштена власт, поради која државната антикорупциска комисија остана без работа, како и судот за организиран криминал. Цели десет години мораа да се занимаваат само со криминалците во опозицијата и разни шпиони, кои измислија телефонски разговори и предизвикаа невидена криза. Тоа на митингот го кажа и Никола Груевски потврдувајќи по илјадити пат дека опозицијата ја „вовела државата во невидена криза и на раб на внатреетнички, но и можност за меѓуетнички конфликт. И потоа следува силната патриотска поента: „сакаа да не’ закрват до крај за да може без волјата на народот да дојдат на власт, затоа што така смислиле, но силата и мудроста на овој народ е многупати докажувана низ историјата, трпението на овој народ е неговата најсилна доблест, иако тоа многумина го сметаат за хендикеп… со тоа трпение народот дојде до посакуваната цел: изборите и крај на кризата“.

Ете така смислил Груевски уште една голема ујдурма како јагнињата им ја заматиле водата на волците, па така и опозицијата ја смислила кризата за да предизвика крвопролевање внатреетнички и меѓуетнички судири и конфликти, граѓанска војна и други злодела. Но, за наша голема среќа Груевски е тука од бога пратен да ја спаси Македонија.

Спасителот во своите говори не ги употребува зборовите организиран криминал, корупција, мито, провизија, рекет, злоупотреба на овластувањата, а и нема потреба кога такво нешто нема ни кај него, ниту пак кај неговите најблиски соработници и партнери во поделба на власта. ВМРО ДПМНЕ општо е познато дека е богата политичка партија само поради издашноста на масовното членство кое редовно и штедро со голема љубов кон татковината плаќа партиска членарина, дури и кога не знае за тоа.

Зборовите пак слобода, демократија, човекови права, независни медиуми, владеење на првото, граѓански асоцијации и невладини организации Груевски може да ги спомне во своите јавни настапи само кога сака да ги исмева Брисел и меѓународната заедница бидејќи кај нас има поголема слобода отколку нај нив. Сто пати проверено.

Конечно, одговорот е во прашањето дали ќе одиме на референдумски избори без оглед на партиската, националната и верската припадност за враќање на слободата и владеење на правото, или ќе гласаме за заштита на криминалците кои на очиглед на целата слободоумна јавност бегаат од правдата злоупотребувајќи ја власта и државната каса…

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Ќе има ли избори во декември

Posted on 05 August 2016 by erizaov

grujo po kratki

Август е, или житар како што го викаат богобојазните. Некој заминува на одмор, некој се враќа од одмор… кој на море, кој на планина, кој на езеро, кој на село во родниот крај, најмногу сепак остануваат дома на разладување со стариот добар изум на целосно затемнување на домот преку ден, а ноќе широко отворени прозорци и врати за спасоносен провев, иако ни лист не мрда. Во некои скопски жешки ноќи не трепнуваат дури на жалните врби посадени среде Вардар во слава на мудрата ни власт.

Во зависност од тоа каде живеете може цела вечер за ич пари да уживате во музика, ако сте научиле да спиете во ритми на турбо-фолк и со ударите на бас од тежок рок. Тоа е ептен подобро од оние на кои под прозорците секоја вечер им се одржуваат мото-трки побучни од оние на Светското првенство. Многу полоша варијанта ви е ако е тивко со убаво свежо ветерче кое ви ја носи смрдеата од фабриките и топилниците кои се’ уште работат за среќа на богатите газди, но и на радост на сиромаштијата која од тоа преживува. На гладните не им пречат отровите кои ги исфрлаат оџаците по полноќ до мугри, или кога алчните ќе ги пуштат подмолно преку канализациите непречистените отпадни води во Вардар. За тоа долгогодишно труење на својот народ никогаш никој не одговарал пред законот. Неколкуте парични глоби се само доказ дека за труење на граѓаните не се оди во затвор. Можат за тоа, ако добро ја финансирате партијата на власт, да ве прогласат и за патриот. Злосторничките здруженија и во политиката и во бизнисот секогаш брзо ги откриваат заедничките интереси кон кои непогрешливо водат патиштата на парите.

Така Македонија дреме спокојно во уште едно долго топло лето. Го сакам Скопје во јули и во август баш затоа што е неподносливо, па градот се празни и можам на раат да возам низ улиците да ги слушам Бени Шакири и Златко Ориѓански, да седам во полупразните кафулиња и да ја следам Олимпијадата во Бразил. Дури и Чамо заминал цел месец на одмор, па сега можам и него да го ескивирам без последици и грижа на совест на стар муштерија кога менува крчма.

Политичкиот естаблишмент, јавија загрижените медиуми за нивното ментално здравје и кондиција, заминал на одмор откако завршија голема работа за иднината на државата и на граѓаните. Големите политичари и дејци што си стојат на зборот од сабајле до претпладне по долга и мачна работа договорија дека до 31 август ќе создадат нормални услови за слободни и фер избори. Се изнамачија сиротите за нешто што треба да биде нормално без преговори и договори, да имаме избори какви што имавме барем во времето кога на секои четири години ја менувавме власта што беше најздравата работа во македонската транзиција и кревка демократија. Сега кога еден човек владее со Македонија цели десет години по волјата на народот и злосторничкото здружение за наместени избори, прв кој почна фер натпревар беше Никола Груевски, поранешниот премиер кој никако да се навикне дека одамна веќе не е премиер. Си зема човекот во џеб едно 450 милиони евра пари на заем со гаранција на два милиони жиранти кои ќе ги вратат парите што тој ќе ги потроши и тргна храбро да освојува град по град, село по село заедно со едно десетина ТВ-камери, микрофони и фотографски апарати и еден куп новинари специјалисти за презентација на големите успеси и достигнувања со добра доза на пропаганден течен канабис да не се сетат луѓето кој е премиер, а кој поранешен премиер. Тоа било медиумска слобода. Така по осумгодишна успешна изградба на споменици, фасади, гаражи, галии, кораби, фонтани, лавови, коњи, рајски градини, карусели, рингишпили, панорамски тркала, фискултурни сали и индустриски зони сега водачот тргна да гради и патишта, гасоводи и нафтоводи и да вработува по двајца од секое семејство. Црвенковски вработуваше по еден, сега Груевски вработува по двајца. Ами како, дупло повеќе. Едното дете го испраќа во странство со бугарски пасош, што е одлична и добитна варијанта, а второто на работа дома на паркинг-плац како најучениот во светот наплатувач на паркирање автомобили со завршен правен факултет и правосуден испит. Браво, овој проект на вработување со политички кампањи и говори и со јамка околу вратот на деловните луѓе и околу буџетот заслужува дупла Нобелова награда бидејќи уште никој во реалниот свет не успеал да вработи повеќе луѓе кои трошат пари од оние кои прават пари.

Ваквите директиви за вработување видовме како завршија кога дојде времето за кое мислевме дека е слобода и кога стапи на сцена либералната економија и кога важеа економските закономерности. Сега тоа биле застарени и надживеани доктрини, иако здраворазумската логика вели дека цената на политичкото вработување не може вечно да се плаќа од буџетот и со заеми од странски и домашни банки. Чешмите еден ден ќе секнат. Откако Груевски ја заврши првата тура, замина малку на работен одмор во Турција и по консултациите со Ердоган ќе се врати да ја заврши втората тура во подготовка на комплетните услови за слободни избори. Таму во моментот има што да се научи од Ердоган. Тоа го призна и Шешељ кој деновиве ептен го испофали Груевски на ПИНК – 3 телевизија, да ти е мерак да слушаш и да се гордееш со нашиот водач што е неминовно кога го фали еден Шешељ.

Вториот значаен момент што го договорија политичките лидери да биде се’ цакум пакум до 31 август беа фамозните избирачки списоци. ВМРО-ДПМНЕ и тука им го спушти до балчак на наивните опозиционери. Демек, еден список со 39.502 гласачи кои ако не се пријават со глава и брада пред ДИК и ако не пратат молба за помилување ни криви ни должни ќе го изгубат правото на глас. И сето тоа е озаконето во парламентот со закон да може некој без око да му трепне на едно 30.000 луѓе да им го одземе правото на глас, иако се уредно заведени во гласачките списоци по кои гласаат безмалку 25 години. Не можам во оваа прилика, иако не го практикувам тој јазик, а да не викнам абре ајвани едни, дали се можни слободни избори ако им го одземете правото на глас на недолжни граѓани кои со ништо не се огрешиле од законите. Кои се тоа право и правдина да се лишат најмалку 30.000 граѓани од правото на избор поради грешки на партиските експонати во ДИК. Ај што ќе им се одземе правото на глас на 30.000 луѓе, дали некој знае во ДИК на колку луѓе ќе им се даде правото на глас, а одамна се иселени и не живеат тука, а редовно гласаат. Се сеќавате ли на прислушуваните разговори кога Миле Јанакиевски, легендарниот министер „слушај Миле“ , бараше да се отпечатат едно триста лични карти за еден ден, или се сеќавате ли на муабетот за црните вреќи со гласачки ливчиња, или за МВР-ВМРО. Па што од тоа е проверено, или исчистено. Се знае ли колку гласачи има на избирачкиот список, а колку во реалниот живот.

До 31 август ќе се формирала ад-хок група која ќе ја следи објективноста на медиумите и ќе се избере главен уредник на МРТВ од страна на опозицијата. Ќе се изгледаат саде убавини колегите што ќе се нафатат да се мачат сто дена гледајќи еден ист филм на величање на власта и оцрнување на опозицијата. Ќе го следат производството на опиум во фабриките за дрога. А на тој што ќе има храброст сто дена да биде главен уредник на информативната програма на МРТВ му советувам да води дневник, ќе биде тоа добра пародија за стоте дена на МРТВ кои ќе ја потресат Македонија. Исто колку што ќе ја потресе и старо-новата влада на власта и на опозицијата која ќе му даде најсилен легитимитет на Груевски со сто дена чукање празна слама.

Она што е најстрашно е фактот дека и до 31 август, а и до декември Специјалното обвинителство нема да подготви ниту еден обвинителен акт за предметите кои сите јавно ги слушнавме. Попречувањето на правдата е толку силно и жестоко што нема основни услови да се обезбедува доказната постапка против највисоките функционери кои ја злоупотребиле власта до таа мера што се осомничени за организиран криминал и тешка корупција и за местење на избори, дела за кои се предвидени повеќегодишни затворски казни ако се докажат во судска постапка. Доколку пак Специјалното обвинителство сепак успее и покрај опструкциите на редовното Јавно обвинителство, на кривичниот суд, на сите институции на системот и згора застрашувањата преку медиумите и некои смртни случаи на сведоци под неразјаснети околности, на сцена ќе стапи Уставниот суд и ќе наметне нови норми за ограничување на работата на Специјалното обвинителство и специјалните обвинители. Откако се потроши претседателот Иванов со помилувањата, единствено во светот сега стапува на сцена партиската ложа на Уставниот суд.

Има уште еден куп работи зошто до 31 август и до 31 декември 2016 и до 31 декември 2017 и 2018 година во Македонија не можат да се создадат услови за слободни избори. Политичката криза е трајна. Единствен излез е Никола Груевски да се прогласи за доживотен премиер.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

July 2017
M T W T F S S
« Jun    
 12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31