Tag Archive | "министри"

Tags: , , , ,

Алооооо Миле, кај си

Posted on 25 March 2015 by erizaov

mile_janakieski-600x400

Правдата еден ден ќе тропне и на вратата на онеправданите, понижените и ограбените

Ало, Миле, слушам дека многу добро ја познаваш технологијата за уривање, градење, продавање и преземање на атрактивни градежни плацови. Притоа одработуваш одлично се’ да биде покриено со закон според урбанистичките планови. Овозможуваш да се купи земја евтино од државата, да се продаде сто пати поскапо. Алал ти вера, алал да им е на твоите родители што те родија и воспитаа толку умен, чесен и храбар што и’ помагаш на државата да се ослободи од грижата за својот имот. Нема водач на дуњава што не би сакал да те има во првите редови.

Погледни веднаш како стојат работите со оној плац од околу 1400 квадратни метри во центарот на Кочани, пред Културниот дом кај споменикот на Никола Карев. Десет години се влечам пред вашите независни и непартиски комисии, а сега предметот собира прав во Управниот суд. Наместо да ти се јавам тебе и да ти кажам дека тоа е мое место наследено од мојот татко, јас наивен пишувам тужби и чекам одговори во кои час се прифаќа моето барање, час се одбива, во зависност од климата. Ако е студено се одбива, ако е потопло се прифаќа. А, некогаш се носат одлуки без оглед на временските услови и без да бидам известен, што тебе не може да ти се случи. Ти ги правиш работите брилијантно, па во секое време имаш решение во рацете како што нарачуваат македонските богови од врвот на Олимп, или на Водно, сеедно, двете се свети планини.

На пример моите 1.400 квадрати во центарот на Кочани вредат џабал’к според законот за обесштетување на национализиран имот. Така приватната парцела си останува државен имот – парк додека не заврши праведно судскиот спор, се разбира, во интерес на државата и во име на народот како што си е редот. Откако државата ќе стане газда, тие 1.400 квадрати нагло почнуваат да растат и над земја и под земја, вкупно едно пет-шест ката, потоа малку се шират те лево, те десно, сето тоа според закон и експресните промени на ДУПОТ и ГУПОТ, кои можеш да ги направиш само ти. И еве така преку ноќ тие 1.400 квадрати стануваат 11.000 квадратни метри и наместо лош државен парк, ти како волшебник, со еден потег го претвораш во идеално место за убав приватен трговски центар, луксузна станбена зграда, или нешто слично од што граѓаните ќе бидат одушевени, политичарите задоволни оти му подариле прекрасен објект на градот, а најсреќни со триење на дланките ќе бидете ти и твојата дружина, врвни експерти за имоти.

Ало, Миле, види јас навистина ти симнувам капа како ја изведуваш оваа сложена операција за брза трансформација и со тоа постигнуваш одлични и економски и политички поени. Ти знаеш колку твојот водач се гордее со Законот за денационализација и враќањето на одземените имоти. Тогаш добивте многу пред јавноста кога одлучивте да ги вратите одземените имоти од комунистите и да ја ублажите неправдата што им е нанесена на илјадници граѓани. Вративте што вративте, како кому иде. На некој со шака и капа, на некој ни колку под нокотот. Е, сега дојде време да одработите што може вам да ви врати државата за ова големо дело. Прво, добро ги разгледавте локациите, сите убави парцели и меѓите до каде одат. Потоа им фрливте око на државните имоти, или на имотите на поранешните сопственици кои не можат да си ги вратат затоа што во меѓувреме станале паркови, или затоа што ги прогласивте за центри за рекреација на граѓаните… ги купувате за багатела преку ваши блиски компании, или ваши луѓе и веднаш ги променивте, ако треба и по неколку пати урбанистичките планови. Потоа им залепивте убави маркички, според кои квадратурата расте на секоја парцела за неколку пати и еве ти легално стекнато богатство според законот и според мудроста и чесноста ваша и наивноста наша, и според моќта ваша и стравот наш во коски влезен од власта.

Види, отвори ги очите добро, ако има некој што се сомнева во законитоста и вашата чесност веднаш преземи мерки друг пат да не помисли такво нешто.

Ало, Миле, само треба да имаш на ум една многу важна работа, еден ден сето ова ќе се дознае, не само од прислушувањето и од бомбите на Заев, кои сега не ги признавате оти како велите биле креирани и монтирани. Ама, ќе се отворат нови книги и документи, ќе се јават сведоци, страдалници и маченици на кои сте им го загорчиле животот и сте им ги уништиле семејствата кои сега уплашени молчат, ќе се јават судии и обвинители од мајка родени кои ќе бараат правда, малку поинаква од вашата. Има злодела кои никогаш не застаруваат. Правдата некогаш многу доцни и тогаш се претвора во голема неправда. Правниците и чесните судии добро знаат дека задоцнетата правда често е поголема од неправдата, но еден ден таа сепак тропнува на вратата на обесправените, понижените и ограбените. Сметките за вакви дела не застаруваат.

Ало, Миле, никој не може да биде сто години на власт. Ако некој ја избегне правдата во овој живот, срамот ќе го теглат неговите поколенија со генерации. Извалкан образ на овие простори долго се памети.

Comments (0)

Tags: , , ,

Лице како ѓон

Posted on 18 March 2015 by erizaov

bad-shoe

Нема оставки, нема срам, нема образ

По првите шокови откако ги слушнаа своите снимени гласови како ја водат државата во амбис, клучните актери во скандалот „Прислушување“ почнаа со масовна митингашка турнеја за збивање на редовите против непријателите и предавниците на татковината. Тактиката со глумење лудило дека ништо не се случило не даде резултати. Протагонистите на режимот веќе не се кријат, не бегаат од камерите и од јавноста, а најмалку размислуваат за оставки. Лицето им стана како ѓон. Организираат митинзи и протести против тие што им го обнародија срамот кои сами го направија и на себе и на сите граѓани.

Премиерот Никола Груевски цврсто стои на своите ставови како играч на жица со стап во рака. Каква оставка, какви бакрачи. Тој на оставка никогаш не помислил, ни на сон. Како и сите големи и омилени владетели ќе викне силно: народот ми дал власт да владеам и само тој може да ми ја земе власта и никој друг. Народ дава, народ зема.

Премиерот Груевски, секогаш кога ќе се соочи со катастрофалните последици од својата политика и од стратегиските грешки, тргнува на турнеја низ Македонија и по роуд-шоуа низ светот. Носи под итно чудесни инвеститори, удира секој саат по еден камен-темелник на нови фабрики, реновира амбуланти, сече дневно по три-четири ленти, почнува да гради нови автопатишта, пруги, гасоводи, нафтоводи, брани и езера, дава решенија за работа на стотици и стотици невработени, ја намалува невработеноста, а не може да ја зголеми вработеноста, некаде му исчезнуваат младите образовани луѓе.

Затоа се полни паркиралиштата со униформирани наплатувачи, комуналните претпријатија примаат секој ден стотици хигиеничари и тазе патриоти, државните канцеларии се преполни со партиски кадри и гласачи. Ако и тоа не стасува, се делат кредити за самовработување. Земјоделските субвенции течат редовно, како и пензиите и социјалната помош, кои се се’ поблиску и веќе се изедначуваат, а најбрзо од се’ течат задолжувањето на државата и празнењето на буџетот. Враќаме едни кредити пред време за да земеме други во последен час.

Дали забележувате дека кога премиерот тргнува на вакви митингашки и популистички походи кај својот народ, како да е лидер на опозицијата, никогаш не зборува за две теми: не ветува изградба на нови споменици, ама ги гради и никако не ги спомнува зборовите демократија и слобода. Кон тие два збора има аверзија, дури и кога ги изговара како сарказам и иронија, кажува приказни дека светот лаже кога измислува некакви проблеми со нашата надалеку чуена демократија, толерантност и слободоумие. Затоа полицијата се вооружува и во директен ТВ-пренос тренира строгост во случај да мора да го тепа стручно и со нови технологии својот народ. Пораката е јасна – кога владетелот прави митинг, полицијата ги штити кралот и следбениците; кога опозицијата протестира – до заби вооружени полицајци се подготвени да му удрат ќотек на народот. Груевски не ги спомнува демократијата и слободата за да не му ја земат противниците идејата бидејќи набргу ќе понуди многу големи демократски реформи и секакви слободи кои ќе му бидат од голема корист кога ќе замине во опозиција.

Кога го виде колку е цврст премиерот за кој погрешно мислеше дека е забеган, и министерката Гордана Јанкулоска, неговата десна рака, зазеде цврст гард и решително извика – каква оставка, кој сака оставка, нека се обрати во Собранието. На

Јанкулоска многу и’ олесни кога виде дека ова со снимањето нема никаква врска и дека се’ е монтирано и креирано, само гласот е нејзин. Тоа значи дека навистина таа зборува, ама и’ ги превртеле зборовите, на пример, кога вика човекот е забеган, тоа не било за премиерот, тоа се однесува на неа, дека таа е забеганата, а не тој. Или кога зборуваат со колегата Ставрески дека им се повраќа на седниците на Владата, тука шпионите направиле монтирање, односно креирање, тоа не било за седниците на Владата, туку им се повраќало на комуњарите од успесите на Владата. А бе, за сите работи ги измешале речениците.

Општо познато е дека Јанкулоска има најдобро мислење за премиерот и за целата Влада, какво повраќање ви се молам, какви лудаци, какви партиски штабови во МВР, какво тегнење Цигани за уши или фаќање Албанци за врат, се’ се тоа креирани разговори од странски платеници кои се снимани додека таа си работела и ја чувала власта од непријатности. Да знаеше Јанкулоска дека има странски агенти кои овде со години начекале село без кучиња и си снимале што си сакале и кого сакале, веднаш ќе ги уапсеше. Ама ете, од многу работа не дознала.

На Зоран Ставрески, кумот на премиерот Никола Груевски, му требаше најдолго да се соземе. Прво изгледаше дека е многу лут на кумашинот што немал доверба во него и го прислушувал и контролирал. Но, кога за неколку дена дозна дека тоа не бил кумашинот, туку комуњариве и разни странски агентури, веднаш се сети дека тоа што толку го налути што сакаше да поднесе неотповиклива оставка и да го раскине кумството, не е вистина туку монтировка и креација на остатоците од комунистичките банди.

По првата средба на кумот и кумашинот по скандалот, стана јасно дека тоа што го слушнал како негов глас не се негови зборови за Груевски, за Владата, за демократијата, за лудницата во која работи, туку тоа се зборови кажани за друг премиер, за друга влада и за друга лудница. И на Ставрески, како и на Јанкулоска, најмногу им се допаднаа ширината и визионерството на вождот кога оценил дека воопшто не е важно дали е вистина тоа што е снимено и кој што зборувал за него и за Владата, за фалшивите избори и за криминалот, за апсењата и местенките, туку во овој историски момент е важно сите да се сконцентрираат на единството во партијата и во државата; дека тоа злодело со снимките е работа на лоши луѓе, странски служби во спрега со домашни предавници.

Конечно, зошто би била важна автентичноста на снимките кога тоа не е доказ во македонските судови. Крунски доказ е тоа што ќе го каже тој што има круна на главата, затоа и се вика крунски…

 

Comments (0)

Tags: , , ,

Сите се во голема љубов

Posted on 04 March 2015 by erizaov

zoca

Вакви изливи на голема љубов не можат да се видат и чујат ни во најлирска романса како што деновиве вмровскиот врв им изјавува на главните јунаци на политичко- шпионскиот трилер „Пуч во Македонија“. Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска, главните автентични актери на документарецот, клучните министри во Владата и најблиските соработници на премиерот Груевски од сите страни се опсипани со такво внимание и снисходливост, со такво јавно лигавење што ова досега невидено лицемерство предизвикува гадење и тера на повраќање не само на обожаваните министри, туку и на целата јавност, се разбира онаа која се’ уште размислува со своја глава.

Снимените дијалози на Ставрески и на Јанкулоска за забеганиот премиер и лудачкиот начин на трошење на парите на граѓаните за чоколади кога тие немаат леб и кога им се повраќа на седниците на Владата, се пожестоки од оние на најтврдите критичари. Овие сознанија од прва рака на најнадлежните министри дека државата не функционира кај поданиците, се дочекани со одушевување и таква слаткоречивост на која може да позавидат и Барон Минхаузен и најголемиот светски жив циник. За многу поблаги критики изречени јавно во Македонија, стотици луѓе се прогласени за предавници, непријатели, кодоши, странски платеници, изроди…. за нив се бара јавен линч од перјаниците на власта кои крстосуваат низ Македонија да ја дигнат меѓусебната омраза меѓу граѓаните до точка на вриење за спасувањето на Груевски да го прикажат како државен и национален интерес. А кога тоа многу повердостојно го кажуваат непосредните учесници во работата на Владата во меѓусебни разговори Ставрески и Јанкуловска, двајца врвни креатори на владините политики, министри за финансии и за внатрешни работи, кои ги имаат сите информации, освен дека се прислушувани, тие станаа омилени херои кои сега Груевски преку алармантни предупредувања до целото членство ги чува како малку вода во пустина. Никаква критика, ништо навредливо или некакво префрлување не смее да има кон Ставрески и Јанкулоска. Се разбира само уште еден извесен период.

Од каде сега ваква толеранција кон предавниците, незамислива за Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Одговорот е многу видлив и едноставен – ако кој било од нив Ставрески или Јанкулоска, или, не дај Боже, двајцата поднесат оставки, паѓа целата кула од лаги и лицемерство, се потврдува погрешната политиката на изградба на Потемкинови села и безобѕирно задолжување на граѓаните на Македонија во слава и чест на вождот. Затоа не смее да се случи некому од нив да му фали влакно од главата. Напротив, ќе бидат величани до небото додека трае опасноста за пад на Владата. После ќе видиме како ќе одат работите. Раката на ВМРО-ДПМНЕ е долга, особено кон предавниците од своите редови.

Го слушнавте ли оној симпатичен министер со бебешко лице, Јанакиески, кого Ставрески не може да го смисли, како гордо кажува дека тие се исто семејство, дека Ставрески му е како брат и дека тој му е многу добар соработник. Не сум знаел дека ова детуле има толкава моќ што вицепремиерот му бил соработник, од кој Јанакиески е прилично задоволен.

Ги гледам еден до друг, премиерот Груевски и неговиот заменик Ставрески, како двајцата гледаат накај новите товарни вагони, еден од најголемите успеси на Владата, бидејќи никогаш досега наеднаш во една тура не биле купени толку вагони во Македонија. Дали ми се виде дека од ветерот им влегла малку прашина во очите, па изгледаше дека од преголема меѓусебна љубов и почит ќе заплачат од среќа. Да ви кажам и мене ми дојде една солза-радосница бидејќи по отворањето на Пандорината кутија на Заев открив дека за многу прашања со Ставрески и со Јанкулоска сум имал ептен близок, би рекол идентичен став. Разликата е само во тоа што тие се најблиски соработници на Груевски, малку се поостри во оценките, а јас сум еден од оние што треба да завршат под бетонската плоча подготвена од новите вмровски првоборци и бранители на татковината.

Се осмелувам да ја прогнозирам политичката судбина на министрите Ставрески и Јанкулоска. Тие ќе бидат заштитени само додека Никола Груевски не се стабилизира. Потоа ќе бидат отстранети од сите функции во Владата и во партијата, а по потреба ќе бидат и јавно жигосани како предавници. Ако Груевски не успее да ја одбегне одговорноста за најмасовно прислушување во историјата на Македонија и за инсталирањето на режим и недемократски коруптивен систем, тогаш и Ставрески и Јанкулоска ќе ја делат истата судбина со нивниот шеф, кого гледаме не баш го сакале и се согласувале со него. Само достоинствено поднесување на оставки поради интересите на Македонија и поради евидентната недоверба во нив од страна на Груевски може да ги спаси да заминат од политичката сцена со бел образ.

 

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

July 2017
M T W T F S S
« Jun    
 12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31