Tag Archive | "медиуми"

Tags:

Во Топ Тема на Ваша Страна: За медиумите и новинарството во Македонија

Posted on 15 May 2017 by erizaov

(Објавено на Телма)

Comments (0)

Tags:

Пропагандата сее пустош

Posted on 18 May 2016 by erizaov

grujo

Една од најопасните последици на режимите е агресивната пропаганда која остава пустош во свеста на луѓето често до крајот на животот. Граѓаните на Македонија цела деценија се изложени на медиумска инвазија поради постојана предизборна кампања во битките за власт која овозможува озаконет грабеж. За десет години, десет пати одиме на избори, безмалку секоја година се трошат милиони евра што видливи буџетски пари, а уште пет пати повеќе невидливи, ама реални пари рекетирани од компании преку измислени донации. Огромни износи од тие пари се враќаат во џебовите на носителите на кампањите и во касите на големите политички партии и тоа во кеш под сомнителни околности. Всушност, во буџетската држава и парите од компаниите најчесто дадени како екстра данок за заштита, или поради страв, се пари на осиромашените и ограбени граѓани.

Според неофицијални пресметки во изминатите десет години што на редовни, што на предвремени, парламентарни, локални и претседателски избори се потрошени над 200 милиони евра само за медиумска и друга пропаганда. Ако пак се сметаат и парите фрлени за постојани предизборни активности, разни коруптивни и селективни стимулации и субвенции, кич-споменици и фасади, отворање на измислени работни места и наметната партиска превработеност во администрацијата, лажната солидарност со социјалните категории население, цената за задржување на власта достигнува до фантастични повеќе милијарди евра се’ со една единствена цел да се создаде армија од зависници кои опстанокот го гледаат во партијата која дели спас од измислените светски заговори против Македонија и од домашните предавници и непријатели.

Но, има уште нешто пострашно од баснословните износи потрошени за пропаганда и корупција во перманентните предизборни кампањи. Тоа се генерации и генерации млади луѓе кои се израснати и формирани како осакатени личности за време на режимот на Никола Груевски. Од 2006 година откако Груевски дојде на власт до денес, тогашните 15, 16, 17 и 18-годишни момчиња и девојчиња неоптоварени со политика и партиски интереси, веќе наполнија 25, 26, 27, 28 години. Бомбардирањето со збогатен пропаганден ураниум кај многумина од овие луѓе уште за време на школувањето предизвика погрешна перцепција што е тоа слобода и слободна независна личност, што е вистинска демократија, морал, етика, патриотизам, владеење на правото, еднаквост пред законот и многу други особини својствени на млади слободоумни луѓе кои во сервилноста, апологетството, полтронството, партиската лојалност, во заробените медиуми во организираниот криминал и корупцијата препознаваат опасност за опстанокот на татковината. Убеден сум дека кај голем број луѓе токму затоа „Шарената револуција“, преценета или потценета сеедно, како автентично движење, дава голема надеж дека пропагандата на Груевски сепак не можела да ги контаминира сите млади луѓе. Пропагандистите изгледа заборавиле на историската закономерност дека во најголемиот процут на деспотијата се раѓа отпор кој не може да се деградира со светски и шпионски заговори и со партиски припадности, застрашувања и нарачани платенички контрапротести. Боењето на кичот не е уништување на лажното културно наследство, туку е прекрасна симболика на отпор против историските фалсификати, деградација на уметноста и дехуманизација на просторот. Бојата која може да се испере со неколку кофи вода на вмровските активистки пералки, но не можат да се вртат милијардите евра фрлени на безвредната бронза и гипс-картон, смешни барокни фасади. Тие пари веќе не може да ги врати никој освен најсиромашниот народ во Европа. Е, тој срам и тој грабеж не може да го испере ниту Вардар, ниту Црна Река, ниту Црн Дрим сосе Охридското Езеро и Преспанското Езеро.

И пазете сега, Никола Груевски, еден од последните балкански махери за наместени избори за што има и поодмината истрага во Специјалното обвинителство како злосторничко здружување во изборен криминал и многу основани сомневања за нелегитимноста на власта, излезе пред светската јавност преку Франс-прес со нов генијален изум кој може да смисли само типичен балкански апсолутист. Значи, на 5 јуни Груевски одлучил да го почитува Уставот од кој направи мивка и оди сам на избори. По велелепната победа да се круниса по не знам кој пат за премиер, веднаш потоа да ги задуши протестите, да го укине Специјалното обвинителство и уште неколку спектакуларни апсења и притворања, нарачани судења, а потоа може раат да се оди на уште едни слободни многу мирни и тивки избори од кои болат ушите и на наглувите и стенка сиромаштијата.

Велат дека изборите на 5 јуни на Груевски му требаат за да го спречи бунтот во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Во тоа не верувам, од таму никогаш освен величање на вождот не може да се слушне ниту еден различен глас својствено на уплашените и корумпирани поданици. Што е само уште една одлика на режимите. Сенародно будење и омасовување на протестите се начинот да се дојде до слободни избори кога е можен вистински избор меѓу доброто и злото. Пред тоа треба уште да учиме што е добро, а што е лошо, што е тиранија, а што слобода, што е морал и чесност, а што арамилак и се разбира, како вистински се сака татковината. Тие лекции на животот, иако некогаш скапо платени, се’ уште не се совладани како што треба. Деновиве тоа може добро да се види.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Во режим нема слободни медиуми

Posted on 04 May 2016 by erizaov

free media

Во тоталитарно општество, кое е поблиску до тиранија и деспотија, отколку до класична диктатура, не може да има ниту слободни медиуми, ниту професионално новинарство. На Велигден се разбудивме во неслободна земја. До вчера во светот не’ водеа како делумно слободна држава, а пред десет години бевме високо рангирани меѓу 34 демократски земји, за денес кога се одбележува денот на слободата на медиумите да стасаме до дното, меѓу најцрните режими.

Кој е виновен за тоа. Прво и најмногу власта затоа што изврши државен удар пред една деценија суспендирајќи го уставот и воведувајќи строга контрола врз медиумите, типична застрашувачка воена цензура и самоцензура. Извршени се повеќе апсења на новинари и сопственици на медиуми, изречени се долгогодишни затворски казни и драконски високи глоби за клевета на властодршците осомничени за изборен и организиран криминал. Инсталиран е целосно нерегуларен медиумски пазар, фаворизирано е лошо апологетско новинарство, добро се стимулирани само редакциите кои се соучесници во узурпацијата на власта и поданиците на режимот во медиумите.

Со нарачка на власта е формирано и паралелно еснафско здружение на новинарите МАН кој е слеп поддржувач на тиранијата и на полтронско новинарство без ниту еден збор критичка опсервација на владините политики. Овие новинари работат со сертификат кој ја означува политичката подобност, а најголем подвиг во професијата им е да ја критикуваат и оцрнуваат опозицијата и да откриваат непријатели и предавници на државата и да измислуваат странски платеници меѓу колегите и заговор на целиот свет против кутра Македонија. Посрамна позиција во македонското новинарство немало во изминатите 40 години откако сум во оваа професија.

Под целосна контрола на власта се ставени и сите институции на државата на кои им е дозволено да работат само партиски селективно. Не смее да се суди и да се стави во притвор ниту еден висок функционер осомничен за тешки кривични дела. За секој случај да не седнат на обвинителна клупа, претседателот на државата Ѓорге Иванов изрече одлука на која ни се смее цел божји свет: ретроактивна и идна аболиција, спречување на правдата за сите осомничени крупни риби на власта, но и за сите кои допрва ќе се најдат под истрага на Специјалното јавно обвинителство.

Со години се прислушувани незаконски илјадници јавни личности меѓу кои и премиерот, министри, дипломати и голем број новинари за што власта и одговорните луѓе не поднесоа никаква одговорност, ни морална ни кривична. Со пари од државната каса и со разни привилегии, додатоци за лојалност и национални пензии се корумпирани традиционалните центри за освојување на слободата и демократијата како што се писателските асоцијации и здруженија, театрите, универзитетските и интелектуалните средини, деловните стопански комори и здруженија, спортските клубови… За да се дојде до една ваква состојба на страховлада и тоа без големи превирања, во изминатите десет години се сменети повеќе десетици главни уредници и цели уреднички тимови на чии места се поставени партиски послушници кои се издигнаа на ниво на високо платени коалициски партнери на власта. Под строга контрола на власта се и сопственичките односи во медиумите.

Последиците на ваквата деградација на македонското општество се катастрофални. Живееме и работиме во целосно контролирано општество за што постојат основани сомневања дека е незаконски освоено со изборен криминал од нелегитимна власт, за што се води и истрага од Специјалното обвинителство која е времено спречена со аболицијата на претседателот. Во Македонија, за жал, под силна и постојана десетгодишна пропагандна наезда, целосно е изместена сликата во поголемиот дел од јавноста за тоа што е добро и професионално новинарство. Се фали новинарството кое ги глорифицира власта и организираниот криминал како успех, а ја оцрнува опозицијата како деструкција. Токму спротивното од она што во светот се признава како новинарски подвиг.

Често ме прашуваат колегите колку се виновни самите новинари и новинарски еснафски здруженија и синдикати за катастрофалната состојба во која се наоѓа македонското новинарство и уште едно прашање кое обично во форма на констатација секогаш го поставуваат поддржувачите на власта и кое гласи – зошто се жалите дека немате слобода кога ете пишувате што сакате.

Прво, новинарството и слободата на медиумите не се работа само на новинарите и на редакциите. Точно е тоа дека тие треба да бидат во првите редови во борбата за медиумски слободи и демократско општество, но вистината е дека најголемата вина е во режимот на Никола Груевски. Во тоталитарно општество не е можно да се извојува слобода на медиумите без силна поддршка на јавноста и на меѓународната заедница. Тоа е основниот предуслов без кој нема разговори за членство во ЕУ. Затоа не е случајно што еден од никогаш неисполнетите предуслови на договорот од Пржино се токму медиумската независност и слобода. Без таа контрола и со владеење на правото и непречената работа на Специјалното обвинителство режимот на Никола Груевски брзо би заминал на буништето на историјата.

Што се однесува до критичките текстови кон политиките на владата и власта, тоа ни оддалеку не може да биде некаков доказ дека во Македонија има демократија. Ниту моите текстови и колумни, ниту чии било не се единица мерка за демократија. Тоа се само мали вентили за да не се види целосниот мрак. Набргу и тие мали прозорчиња во темниот вилает ќе бидат затворени, оти власта е се’ попараноична и се плаши дури и од бенигните колумни.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

Кај Чомовски во Топ тема

Posted on 26 March 2016 by erizaov

Comments (0)

Tags:

Психопати во новинарството

Posted on 22 February 2016 by erizaov

psiho

Психијатрите во Македонија не ги анализираат јавно психопатите во политиката, кои се опасни за општеството и човештвото. Оваа нивна работа, кај нас, ја презедоа од поодамна новинари и колумнисти, главно анализирајќи ги последиците од одлуките на „лудаците“ кои владеат неконтролирано цела деценија. Од спротивната страна уште пожестоко на удар се нормалните луѓе, кои јавно не се согласуваат со идеите од лудницата.

Кога деновиве го видов насловот на Мирка Велиновска во „Дневник“ – „Македонија е плен на психопати“, прво што помислив е дали ова е ново нејзино големо прешалтување оти добро е познато чиј плен е кутра Македонија веќе бидна една ера. Но, насловот не бил насочен кон тие што власта ја практикуваат како делба на пленот, туку кон познатата постојана дежурна тема – заверата против Македонија од странските и домашните непријатели. Бидете спокојни, ништо не се променило, колешката останува конзистентна на својот познат став да ја велича власта и жестоко да ја напаѓа предавничката опозиција и домашните странски платеници на Америка и на ЕУ.

Овој пат не толку големото откритие е текст на Џорџ Сорос во „Гардијан“ колку реакцијата по повод текстот на еден англиски писател што, нели, е најсилниот доказ дека парите на Сорос се најголемото зло за уништување на повеќе држави. Џорџ Сорос, од денот на независноста е присутен во Македонија, констатира Велиновска, што е доволен аргумент да се прогласи за психопат кој и’ го тргнал меракот на Македонија и никој не му може ништо бидејќи зад него стои официјална Америка, оти Сорос е спонзор на американските претседатели и тајни служби.

Всушност, Сорос поради својата болест на голем психопат сака да фрла пари во Македонија и со тоа да ја уништи собирајќи околу себе еден куп разни психопатчиња. Меѓутоа, за наша среќа, ни Сорос, ни Америка, ни нејзините тајни служби не можат да успеат во тоа, иако работат на случајот со уништување на Македонија цели 24 години постојано фрлајќи пари на стипендии за индоктринација на децата и младите со нивно школување и прозападно воспитување од основно училиште до докторати. Се фрлаат пари и на невладиниот сектор, за печатење книги и научни трудови, за доусовршување во странство и дома, за поттикнување на демократијата… и многу други нешта за што во овие две и пол децении се потрошени милиони долари се’ со цел да ја нема Македонија.

Институтот на Сорос, Отворено општество, не е над македонските закони. Ако има кршења на законите, не верувам дека Фондацијата на Сорос би била поштедена од судска постапка, иако има основа за сомневање бидејќи многу кадри на владејачката партија и во политиката и во новинарството се индоктринирани со пари на Сорос…

Нашиот Дон Кихот сака да докаже дека тие што го делат пленот цели десет години не се вистинските психопати и „лудаци“ кои управуваат со Македонија. Клучен аргумент и доказ за тоа е што опозициските политичари Зоран Заев, Радмила Шекеринска и специјалните обвинители Катица Јанева, Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи и нивната соросоидна гарда се главните непријатели на Македонија преправени во ветерни мелници.

Она што неодамна го прочитав во хрватски „Глобус“ за психопатите во политиката од Роберт Торе, иако веќе текстот е забележан и коментиран кај нас од колумнисти, заслужува посебно внимание како најдобар одговор на тоа кои се психопатите не само во политиката, туку и во новинарството. За Торе нема дилеми дека тоа се моќници кои ја злоупотребуваат власта затоа и психопатите во политиката заслужуваат внимание поради погубното влијание врз животот на милиони луѓе. Тие не се одушевени кога се расклинкани и кога ги нарекуваат психопати, повеќе сакаат да се гледа на нив со службено важечката психопатска фикција на идеализирана нарација за доведување во заблуда на населението да го велича нивниот лик и дело. Преку популизам и пропаганда воспоставуваат позитивна дезинформација за себе, а негативна за другите, констатира Торе во извонредната универзална статија. Психопатите немаат морални дилеми за фрлање со кал на другите и величање на себеси, или кога станува збор за празни ветувања и бесрамна самореклама. Подготвени се да носат каква било маска само на своите жртви да им изгледаат прифатливо. Политичките психопати работат зад сцената со која управуваат. Се користат со коруптивна мрежа на пиони и послушници и на корисни идиоти, тука би додал дека заедно со нив се и психопатите во новинарството. Никој од нив многу не прашува за моралноста на зададените задачи кога тоа е добро платено. А, привилегиите, статусот и моќта што произлегуваат од тоа дополнително ја зголемува нивната лојалност.

Психопатскиот напредок во власта, вели Торе, секогаш го има истиот драматуршки след: прво се врши процена од користа, потоа се стекнува доверба, потоа се манипулира и се искористува и на крајот се отфрлаат жртвите. Психопатите во политиката во своја близина собираат на себе слични, послушни и подобни, тоа е многу поважно отколку да бидат способни. Политичките психопати со право се плашат од одмаздата на нормалните кога светот повторно ќе стане нормален. За до го одложат тој момент не се двоумат да ги користат инструментите на државно, или институционално насилство со цел што подолго да останат на власт. Животот во такво опкружување психички и токсично ја загадува заедницата во целина… за што голема улога играат и новинарските послушници . Напредокот на општеството е запрен, неговите развојни потенцијали се уништени. Дури тогаш, а секогаш е предоцна, кога животот ќе им стане неподнослив, луѓето прогледуваат… Засрамени и бесни воспоставуваат систем на нормални луѓе и започнува нова ера на просперитет, вели Торе во својата брилијантна анализа.

Дали и ние еден ден ќе прогледаме зависи од последиците од оќоравувањето на Самоиловата војска, кои уште траат и по илјада и кусур години.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Со новинарството работата е завршена

Posted on 19 February 2016 by erizaov

Journalism-is

Не знам зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги прифати веднаш сосема спокојно сите предлози и на ЗНМ и на Ванхауте, преговарачот на ЕУ за регулација на медиумите, кои и онака ништо не значат и не можат ништо да спасат. Веројатно расправата на власта и’ е потребна само да се одолжува времето и да не се донесат во глупава позиција нејзините новинарски поддржувачи.

Во Македонија работата со новинарството одамна е завршена во сите инстанции почнувајќи од носечкиот новинарски кадар до уредниците на рубрики и до главните уредници, до сопствениците на медиуми, а завршувајќи со штабовите во партиите и Владата која штедро ја отвори државна каса, од која секој ден се дистрибуира скапото масло од канабис за болниот од канцер да не ги чувствува болките. Болки нема, ама метастазите го заробија организмот. Новинарството од 2008 година наваму е на смртна постела, приклучено на апарати и постојано под морфиум. Тоа е генералната слика во која не се вклопуваат само уште неколку медиуми кои се само исклучоци, што го докажуваат правилото за неопходноста од неколку вентили кога цензурата е под висок напон.

Додека не дојде до смена на власта и враќање на слободата и демократијата, не може во македонските медиуми ништо да помогнат – ни законски измени, ниту не знам какви регулации и саморегулации, апели и активности на новинарски здруженија, судови на честа, јавни трибини и дебати на истомисленици. Во земја каде што цели осум години е воведена строга воена цензура, каде што се сменети повеќе гарнитури главни уредници и уредници на рубрики кои се назначуваат со партиски одлуки и амин на власта, каде што одделни благонадежни новинари се помоќни и посилни од сопствениците на медиуми и од нивните уредници, бидејќи ги носат ексклузивните вести од центарот за комуникации со јавноста на партијата на власт, не може ништо да помогне освен слободата. Дури и тогаш јуришот кој попрво да се седне во скутот на новата власт крие зад себе опасност дека не е научена историската лекција, иако лично мислам дека овој пат притисокот во медиумите беше толку силен и арогантен што промената на власта ќе биде доживеана како вистински празник на демократијата.

Повеќе пати досега прогнозирав и стојам на тоа дека најголемите бранители и апологети на актуелната власт ќе бидат најголемите нејзини критичари по бродоломот на „Титаник“. Тој филм на предвремено расцветување на новинарските сончогледи го гледавме повеќе пати во овие 24 години на демократија и слобода, но поради честите менувања на власта, на секои четири години, голем дел од стекнатите слободи и новинарски професионални стандарди медиуми успеваа барем донекаде да ги сочуваат и да ги применуваат во секојдневната работа. Но, во период од десет години неконтролирано владеење најголемиот број редакции станаа главни соучесници и креатори на постојаната агресивна пропаганда во Македонија, трагично уништувајќи се’ што остана од прилично високите демократски придобивки и стандарди во новинарството од кои, разбирливо, не бевме задоволни. Потрагата по уште подобри услови за унапредување на квалитетот во медиумите се претвори во фијаско. Жестоката пресија и отворено јавно корумпирање на медиумите доведе до ситуација да се деградира не само новинарството, туку да се промени и перцепцијата во јавноста што е тоа добро, професионално и објективно новинарство. Веќе не важи ни главната причина зошто во светот воопшто постојат медиуми. Кај нас се заборави и што е тоа новинарски подвиг. Прифатена е универзалната „куртон“ логика на режимите и диктатурите дека медиумите постојат за лагите да станат вистина, за манипулација со јавноста, за освојување и вечно задржување на власта. Објективното и навремено и професионално информирање на граѓаните остануваат лекции само во учебниците по новинарство на конзервативните факултети и во обуките на се’ уште постојните во светот угледни и добри медиуми кои се секогаш против центрите на моќ, злоупотребите на власта, организираниот криминал, корупцијата, примитивизмот, заостанатоста…

И еве сега да видиме на конкретни примери зошто не се применливи предлозите на Ванхауте и на ЗНМ и на опозицијата. Прво да тргнеме од вестите на нашите најгледани телевизии кои се најмоќното оружје на власта и каде што е воведена најголемата контрола и цензура на се’ што се објавува и каде што се води особена грижа за тоа што не смее да се објави. Во Македонија обичниот човек обземен со сиромаштијата и како да го помине денот тешко забележува дека најгледаните телевизии всушност немаат вести по урнекот на слободниот свет и според правилата на професијата . Наместо вести слушаме трактати, дезинформации, манипулации и лични размислувања на партиските водители. Е ,сега, ако се бара вестите конечно да бидат вести, информациите да бидат информации, тоа се прогласува од трубите на Владата за опасно загрозување на нивното поимање на демократијата. Такво нешто како голи неутрални вести без пропаганда и перење мозоци не може да помине. Загрижените уредници-патриоти во спрега со партиските штабови и преговарачи божем за регулација на медиумите веднаш ја исфрлија тезата дајте кој било европски закон каде што такво нешто е напишано и ние ќе го прифатиме.

Абе билмези едни, нигде во закон не пишува дека вестите треба да бидат вести, тоа е дел од политичката, комуникациската и општата култура со децении. Ако сака главниот уредник или уредникот на вести да соопшти свој коментар, или свое мислење, колумна или слично може тоа да го направи во специјално најавена рубрика, по вестите или за време на вестите, а не неговите размислувања да бидат вести. Такво нешто не пишува во законите, туку се подразбира и публиката таму знае да го казни ако некој тоа непишано правило го злоупотребува.

Во ниту еден закон во земјите на ЕУ и на слободниот свет не пишува дека и опозицијата е составен дел на политичкиот живот и на јавната сцена и дека мора да има простор за нејзините размисли, предлози и критики на одлуките и активностите на власта. Не е можен ни еден поголем проект на владата без консултација со опозицијата и без нејзино мислење не само во парламентот, туку и во медиумите. Тоа се правила кои ги нема во законите, но кои се свето правило во новинарството. Ниту во еден закон не пишува дека дебатите на политичките противници се дел од обврските на новинарите и медиумите, тоа би било смешно да пишува во некаков закон во западните земји кога тоа правило важи откако постојат медиуми и откако постои парламентарна демократија. Замислете каква бура од смеење би предизвикал предлогот во која и да е земја на западна Европа да се смени законот за јавно информирање и во него да се напише дека задолжително треба да и’ се даде простор на опозицијата на ТВ-каналите со национална концесија, или на локалните телевизии да се слушне што мислат и предлагаат претставниците на опозицијата во локалната самоуправа каде примарни се комуналните проблеми и општествениот стандард на граѓаните.

Во кој закон може да се регулира присуството на опозициските лидери еднаш на десет години на строго контролираните национални телевизии како што тоа се случи во Македонија. Со кој закон треба да се регулира дека пред секои избори партиските лидери мораат да се соочат во дебата, или како што се вели во дуел, пред јавноста да ги презентираат своите ставови, програми и идеи кога тоа е неразделив дел од парламентарната традиција, а не решение на закон.

Нашата несреќа е во тоа што дури и кога сето ова би се прифатило како законско решение ќе остане само на хартија, тоалетна или „палома“, сеедно, бидејќи додека со Македонија управува нелегитимна власт за која има сериозни сомнежи дека е освоена на нерегуларни избори, не може да се очекува никаков напредок во медиумската сфера. Во зема во која извршната власт го контролира целосно парламентот, во која судството е диригирано од политиката и каде што во медиумите владее строга цензура и самоцензура, која трае со години, дефинитивно не помагаат промени на закони, туку промени на власта и на свеста кај граѓаните. Ништо друго.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Најновиот изум на лудницата

Posted on 28 January 2016 by erizaov

tv
Од Лудницата стаса нов изум. Власта предлага како МТВ да стане предизборен јавен сервис или, поточно кажано, јавна куќа во која сите ќе имаат еднаков пристап освен газдата, кој може слободно кого сака, колку сака, кога сака и колку може да не’ онаквуе. Како и сите генијални откритија и ова е многу едноставно, само треба да ти текне. Од ДПМНЕ предлагаат, со сиот ум, МТВ каде што и МВР има седиште, на ороспии сокак среде Скопје, да ја управуваат двајца лиценцирани партиски главни уредници на власта и на опозицијата во својство на политички комесари, заштитници на професијата, како и макроата на централната шантаана во државата. Тие ќе одлучуваат професионално, морално и етички, што ќе има на ноќната и дневната програма, со задолжителни „куртон вести“ најмалку дваесет пати во едно деноноќие, а времето минато во борделот ќе се мери според надареноста на кандидатите покажана на претходните избори.

Кога новите диктатури на 21 век кои владеат со информации ќе дојдат до последниот стадиум на лудило, прават такви катастрофални грешки кои ги разоткриваат сите симптоми на болеста. Тоа е онаа неизлечива фаза кога пациентот подолго време не разликува што е нормално, а што ненормално. Во Македонија можат да се напишат повеќе книги отколку што напишал Толстој само ако се набројат будалштините, големите промашувања и расипништва кои се прифатени како успеси и достигнувања од светски ранг. Такво тераписко успешно повеќедецениско лажење кога повеќе верувате во пропагандата која доаѓа од телевизорот, а не му верувате на празниот фрижидер , или повеќе верувате на раскошот во царскиот дворец на Луј 14, 15 и 16, кој вие сте го платиле, а помалку верувате во вашиот празен џеб, нема никаде на овој свет. Еве, на пример, денес јавуваат дека на ранг-листата на „Фридом хаус“ за медиумските слободи тонеме се’ подлабоко. Веќе не сме во земјите со изборна демократија бидејќи на изборите во 2014 имало тешки неправилности. Македонија заедно со Косово и БиХ е последна во регионот според медиумските слободи.

Во образложението на оценките на „Фридом хаус“ стои дека тоа е поради прислушувањето на јавни личности по наредба на Владата. Аууу… какава грешка, тие таму не знаат дека кај нас опозицијата во спрега со странски агентури прислушувала, монтирала сечела, лепела и емитувала лажни вести, дека формирала фабрика за лаги и фалсификати. Така јавија нашите телевизии кои секогаш точно и први дознаваат дека во оваа држава се’ е на место освен опозицијата која постојано бара промена на власта. Кај се чуло и видело опозиција да бара промени. Цели десет години трае застрашувањето на граѓаните дека опозицијата бара смена на власта, што е крајно загрижувачки за стабилноста на државата, на парламентарната демократија и повеќепартизмот што спаѓа во тешки кривични дела за велепредавство, државен удар и неколку пучеви. Замислете колку е тоа ненормално опозицијата да бара смена на власта на фер избори. Еве сега повторно марионетската опозиција не сака да оди на избори оти знае дека ќе загуби исто како и 2014 година на фер и слободни избори за кои „Фридом хаус“ оценува дека биле со тешки неправилности. Се разбира, додека излезе овој текст во печат, веќе ќе се огласат владините трубадури, експертите за манипулации и лаги за да соопштат дека ова е американско масло, ама не на потпретседателот Џо Бајден, кој е добар човек и пријател на Македонија, туку лично на претседателот Обама и американската лоша надворешна политика. Ќе се огласи познатиот дипломат во пензија, кој е неуморен портпарол за надворешни работи и ќе каже дека „Фридом хаус“ е нелегитимна и небитна институција која работи против Македонија поради тоа што не сакаме да го смениме уставното име под кое не’ признала и Америка, се разбира по грешка, како што по грешка на мала врата поради нас и Русија ги прима сите земји околу нас во НАТО. Така, во македонската јавност станува поважно колкава е вратата за влез во НАТО или во ЕУ отколку членството. И сега, драги мои, ајде да ги видиме вестите со двајцата уредници – на власта и на опозицијата. Мислам дека една таква пародија може да не’ изнасмее до солзи ако истите вести ги читаат партиските лиценцирани комесари. Се надевам дека некоја телевизија, која држи до професијата, ќе исценира едни такви вести за да ја видиме безграничноста на лудоста.

По смеењето обично доаѓа трагичното сознание за абнормалноста на предлогот за двајца партиски уредници. Тоа само покажува за какво незнаење, ароганција, политичка некултура и немање минимум демократски и етички капацитет во врвот на ВМРО-ДПМНЕ ја покажуваат целата беда на поимањето што е слободно и објективно информирање на јавноста. Вмровската доктрина да има се’ дупло во државата и на овој начин само ја обзнанува тажната вест дека Македонија не може по демократски пат да излезе од кризата и да се ослободи од режимот. Без оглед на избезуменоста на Запад од бегалската криза, особено на Берлин и Брисел, ќе мора многу посериозно да се позанимаваат со својата погрешна улога во овозможувањето да функционира толку долго автократијата во Македонија. Лобирањето во полза на режимите ќе мора да се смета за сериозно прекршување не само на етиката, туку и на стабилноста на регионот. Западните демократии треба да обезбедат објективно емитување на вести во Македонија со цел посериозно да се парира на пропагандата и цензурата која достигна драматични димензии. Ако тоа не се направи во предизборниот период, изборите не можат да бидат ни слободни ни фер. На такви „европски“ избори без опозиција победата на Јоханес Хан и на Никола Груевски како коалициони партнери е гарантирана.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Полна уста со новинарство

Posted on 08 December 2015 by erizaov

Journalism-is

Новинарите не се симнуваат од ТВ-екраните со дебатите за себе, за професијата и односите со политиката. Полна ни е устата со новинарство, професионализам, етика и морал, објективност и независност, слобода и демократија. Ако не’ слуша некој отстрана што не ја знае нашата трагична загаденост на медиумскиот простор, сто пати над дозволеното, може да дојде до заклучок дека тука нема никакви проблеми. И новинарите и политичките партии и власта и опозицијата и јавноста сите сакаат и очи вадат за слободно, објективно, професионално и етичко новинарство. Во таков амбиент решението би требало да е брзо и лесно. Зошто тогаш сме сведоци на толку драматична расправа, лутина, чемер и јад, напуштање на преговорите за реформите во медиумите. Очигледно дека некој многу лаже дека сака слободни и независни медиуми.

Само по три дена престој во Македонија и проследување на медиумите, станува трагична реалната слика за јавното информирање, за објективноста и за високите професионални стандарди, за почитување на кодексите, за нивото на цензурата и комуникациската култура, за корумпираноста на медиумите, за нивната партиска припадност и воопшто за нивото на демократијата во општеството. По десет дена читање, гледање и слушање, без големи дополнителни истражувања, се’ ви е јасно и кој ги контролира медиумите и зошто Македонија на светските ранг-листи за медиумски слободи е на самото дно покрај диктатурите и режимите, а пред неполни десет години бевме на пристојни позиции и во Европа и во светот. Се разбира од тоа не бевме задоволни што е вообичаено за постојаниот судир меѓу политиката и медиумите. Сега тие простори се несовладливи височини за згазениот, понижен и уништен македонски журнализам.

Обидете се да одговорите на прашањето, може ли една власт која го згази професионализмот во новинарството, која ги корумпира со години медиумите, која стимулира лошо апологетско новинарство, а уништува професионално, да учествува во преговори за слободно новинарство. Можат ли да зборуваат за професионализам и етика новинари кои ја понижија и посрамија професијата, кои ги напаѓаат и анатемисуваат своите колеги кои не мислат како нив, можат ли да зборуваат за професионализам новинари и еснафски здруженија кои ги изедначуваат власта и опозицијата во одговорноста за вкупните состојби во државата, вклучувајќи ги и демократијата и слободата на медиумите. Каде тие новинари слушнале, прочитале или виделе дека и власта и опозицијата се подеднакво одговорни за блокираните демократски процеси, за коруптивно рекламирање на владините пропаганди и кампањи, за донесување рестриктивни медиумски закони со партиско надгласување. Може ли опозицијата да биде виновна за апсење и судење на новинари на долгогодишни затворски казни, за нарачување на текстови и поданички стории… такво нешто нема во ниту една европска земја со пристојна демократија. Со се’ што е поврзано со демократијата и медиумските слободи Македонија е убедливо на последно место во регионот и меѓу земјите-кандидати за членство во ЕУ заостанувајќи далеку зад европските демократски држави. Бидејќи ЕУ воопшто не разговара за членство со земјите каде што се загрозени медиумските стандарди и слободи како едно од најзначајните прашања за излез од длабоката политичка криза во која западна Македонија беа и медиумските реформи. Таа обврска од договорот во Пржино сите политички партии ја прифатија безмалку со задоволство. Многу бргу се виде дека власта сака статус кво и натамошна контрола врз целиот медиумски простор. Поради тоа се нервозните реакции и хајки против лидерот на опозицијата и против медиуми и новинари кои опстојуваат се’ уште на професионалните кодекси и норми.

И еве го сега суштинското прашање дали во Македонија е можно сега да отворите нова високопрофесионална телевизија, или весник кој би бил и финансиски успешен и независен од политиката. Од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт и на премиерската функција на Никола Груевски, појавата на таков слободен и економски независен медиум е невозможна. Медиумскиот пазар е нерегуларен и целосно под контрола на власта. Затоа ниту една сериозна и голема светска информативна куќа не сака да влезе во Македонија. И тие што влегоа порано излегоа тресејќи јака. Можете да направите прекрасна професионална редакција, со добри новинари и уредници, можете да подготвите одлични весници и ТВ и радио програми, онлајн изданија, да имате добри тиражи и голема гледаност и пак да тонете во загуби бидејќи рекламниот колач и на јавните и на приватните компании ги контролира Владата директно, или индиректно со страв и закани. Таму кај што не рекламира Владата сите се воздржуваат да рекламираат. Велат да не си ставаме трн во здрава нога. И готово крај. Без реклами нема успех со евтини весници и евтини програми.

Заклучок: без радикални промени и воспоставување на демократско општество, колку и да се менуваат законите и да паѓаат разни договори, нема слободно новинарство. Медиумските слободи се многу повеќе од закони напишани на хартија. И најголемите диктатори имале добри закони и полни логори и затвори.

(објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Што згреши Заев

Posted on 03 December 2015 by erizaov

zaev

Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, ќе мора да поведе сметка за своите јавни настапи. Искреноста и храброста да се соопштат болни вистини, почнувајќи со бомбите за прислушуваните разговори, па завршувајќи со последното пребројување непријателски медиуми, веднаш предизвикуваат голема вознемиреност кај владините апологети.

Јавната оптужба на Заев дека ТВ Сител, Канал 5, ТВ Алфа и МРТВ се непријателски настроени кон СДСМ е навистина погрешна. Не станува збор за непријателски насочени медиуми кон најголемата опозициска партија , туку прецизната оценка би требало да гласи дека се работи за злосторничко здружение кое дејствува против демократијата и слободата на медиумите, против професионалното новинарство, против човековите права, шири јазик на омраза и меѓуетничка и меѓуверска нетрпеливост, погрешно и лажно ја информира јавноста, го дефокусира и ослабува јавното мислење, работи против угледот и интересите на државата. Ова здружение преку сопствениците на медиуми и преку главните и клучни уредници е во блиски односи со владата и комуникацискиот центар на ВМРО-ДПМНЕ, синоним за медиумската катастрофа искажано по сопствено признание од прислушуваните разговори на најекспонираниот заштитник на интересите на власта, познатиот уредник и водител на ТВ Сител.

Значи, евидентно не станува збор за непријателски однос само кон СДСМ, туку кон државата Македонија и сите нејзини граѓани, без оглед на партиската, националната и верската припадност. Не е првпат политичари да прогласуваат медиуми за партиски непријатели и антидржавни и антивладини гласила. Актуелниот премиер Никола Груевски на партиски митинг 2010 година во Скопје, пред 30.000 граѓани, „Утрински весник“ и ТВ А1 ги прогласи за непријатели на ВМРО-ДПМНЕ, за антидржавни и ги повика граѓаните да ги бојкотираат. Љупчо Георгиевски и како премиер и како лидер на опозицијата имаше тешки квалификации за антидржавни, антивладини, анационални и предавнички медиуми, за новинари-копрофази итн. итн. Партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ јавно го палеа весникот „Дневник“ пред парламентот како анационален, се тепаа, се затвораа и се осудија на тешки затворски казни новинари и сопственици на медиуми. Антологиски се судирите на првиот премиер Никола Кљусев со новинарите, циничните и арогантни подметнувања на Бранко Црвенковски… Целиот период на македонската транзиција имал, би рекол, и нормални, вообичаени, но и страшно валкани и груби судири меѓу власта и медиумите.

Постојано затегнатите односи меѓу власта и медиумите во рамки на професионални обврски кон јавноста и етичките кодекси и закони се составен и разбирлив дел на професиите новинар и политичар и се класика во познатите битки за влијание во јавноста. Кога се затегнати релациите меѓу центрите на моќ и медиумите, тоа е добар сигнал дека работите се движат во добра насока, кон демократизација на општеството.

Меѓутоа, она што се случува во Македонија во изминатите 7-8 години никогаш не било. Вакво понижувачко и корумпирано владеење со најгледаните телевизии, вклучувајќи го и јавниот сервис МРТВ , немало барем колку што јас паметам во последните 40 години. Сега вознемирените медиуми бараат толкување од Брисел и од европски политичари што значи тоа кога еден партиски лидер ги прогласува нивните медиуми за непријателски. Но, што правиме со црнилата на тие медиуми и новинари што ги истурија врз своите колеги кои различно мислат од нив и се осудиле да ја критикуваат злоупотребата на власта и мерките на владата што е најнормалната обврска на еден новинар во светот со пристојна демократија. Зошто сите овие новинари ги прогласија за предавници, непријатели, странски платеници, соросоиди, педери, педофили… Што правиме што овие телевизии веќе осум години работат во класични воени услови на цензура. Што правиме што на илјадници јавни личности, политичари, писатели, новинари, научници им е забранет пристапот во овие телевизии и не можат да го соопштат своето мислење на нивните информативни програми, каде што дебата има само меѓу истомисленици. На овие телевизии не можат да се појават дури ни тие кои припаѓаат на десницата и биле некогашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и министри во нивната влада, вклучувајќи го и основачот и бивш премиер Љупчо Георгиевски.

Мислам дека главната причина да се крене голем прав е да се оправда бегството на ВМРО-ДПМНЕ од преговорите за реформи во медиумите. Да не се види зошто се одолжуваат клучните обврски што произлегоа од договорот во Пржино. Обвинителката Катица Јанева и Специјалното обвинителство се’ уште се блокирани во својата работа, се’ уште нема никакви гаранции дека ќе се одржат слободни и фер избори, сите одлуки што ги донесоа новите министри и заменици се дочекани на нож и опструирани, ништо нема од ослободувањето на МРТВ и другите заробени медиуми, нема најава дека Груевски ќе ја даде договорената предизборна оставка. Досега од договорот во Пржино целосно е остварено само враќањето на опозицијата во парламентот. Покрај грижата за своите јавни настапи, Заев ќе мора да поведе сметка и за овој факт.

Comments (0)

Tags:

Ослободување на заробените медиуми

Posted on 05 October 2015 by erizaov

mmm

Заробените медиуми во Македонија и целосно задушените новинарски слободи повторно се во центарот на вниманието. Овој пат поголеми и пореални се шансите за нивно ослободување. Владејачката олигархија е во тесно, ја чека обвинителна клупа и сериозен судски процес, обрачот сега се стега многу посилно во полза на владеење на правото, демократијата и медиумските професионални стандарди. Почитувани колеги од Здружението на новинари на Македонија, сепак многу внимавајте кога преговарате со властодржци кои органски не поднесуваат гласност и јавност, вистински новинари и демократија. На зборот слобода тие добиваат нервен напад. Бидете на штрек, мачките нема да престанат да јадат глувци.

Идеологот на задушување на медиумските слободи и претворање на новинарството во срамна професија полна со полтрони, лигуши, уплашени и понижени луѓе е лично премиерот Никола Груевски. Тој за десет години преку своите новински послушници и во соработка со политичкото подземје успеа да изгради систем на самоуривање на еден од столбовите на демократијата во целиот слободен свет, а тоа е професионалното новинарство, независните медиуми и уставното и цивилизациско право на граѓаните за слободно информирање. Од едно пристојно новинарство кое веќе имаше освоени повисоки професионални и етички стандарди и веќе беше во групата на првите 35 земји во светот, од што се разбира не бевме најзадоволни, Груевски успеа да изгради министерство за вистина, вистински комуникациски партиски генералштаб преку кој со директиви, сила, закани и затворски казни, со прислушување на познати новинари и уништување на влијателни медиуми, со корумпирање со многу црни и буџетски пари на граѓаните на Македонија македонскиот журнализам е речиси уништен и закачен на столбот на срамот меѓу африканските и азиските диктатури.

Агресивната партиска и лична пропаганда во величање на вождот трае без престан безмалку една деценија. Цели 10 години граѓаните на Македонија се изложени на невидена пресија и атак врз сите нивни чувства. Таква постојана предизборна кампања немале ни најголемите диктатори, тирани и деспоти од втората половина на 20 век до денес. До бомбите на Заев не можев да се изначудам на одредени спреги и блискости на државниот врв со криминалци и измамници инсталирани во најгледаните телевизии како слепи послушници. На сите ни беше познато дека во медиумите има луѓе кои ја одработуваат својата слобода поради своето криминално минато. И наместо во затвор, тие дебатираат на партиските радија и телевизии јавно со еден куп апологети и лижигазовци за патриотизам и својата неизмерна љубов кон татковината и граѓаните кои од толку многу сакање им ги земале парите ветувајќи им подобар живот во Америка со непостојни визи. Замислете ветуваат поубав живот во Америка која со години ја осудуваат за најголем душман на Македонија, со мала задршка деновиве додека Груевски како на селска свадба му врачи највисок орден на поранешниот американски претседател Џорџ Буш. Овие три-четири дена како со нож пресечена престана и антиамериканската кампања, тоа ќе трае веројатно до враќањето на Груевски од Америка.

Од бомбите на Заев разбрав зошто врвните македонски политичари немале проблем да одат од полноќ до мугри на ТВ-разговори со луѓе осудувани за криминал. Долго време мислев дека како политичари-популисти имаат еластична морална линија, па за гласови ќе одат ако треба да разговараат и со црн ѓавол, а не со еден голем нивни пропагандист. Но работата не била така, блиските односи биле засновани и на блиски погледи кон чесноста поради што и не можело да се види некаков морален престап, ниту пак нешто страшно ако со убави зборови се продаваат непостојни визи за едно 160.000 долари, пари на наивни граѓани. А што се 160.000 долари наспроти милиони евра од кои ечат бомбите на Заев. Да украдеш 160.000 долари во такво друштво му доаѓа како да си украл чоколатце во самопослуга, или јаболко на пазар. Затоа само напред, можеби на судскиот процес во обвинителните акти ќе слушнеме и за корупцијата во медиумите.

Значи, дијагнозата за состојбата во медиумите е позната: Унакажаниот јавен сервис кој неправедно го носи името МРТ, несреќната, поточно трагичната приватна сопственост на најгледаните комерцијални телевизии, економската зависност на весниците и коруптивно-насилниот однос на владата на Груевски кон медиумите со воведување на воената цензура и партиски сертификат за подобност да се биде новинар се главните причини за катастрофалната состојба во информативниот простор во Македонија. Затоа е и воспоставен целосно нерегуларен медиумски пазар во кој владее законот на посилниот со пресија од сите страни, почнувајќи од затворање на сопственици и новинари до уништување на редакциите и нивниот имот, отпуштање од работа, драконски парични казни и голем број судски тужби и пресуди со високи парични казни на познати професионални и добри новинари.

Решението на проблемот Никола Груевски го знае уште како министер на финансии во владата на Љупчо Георгиевски. Тоа е напишано во оној документ што му го предадоа неколку новинари во името на тогашното здружение на работодавци во медиумите и со што тој се согласи. А тоа е рамноправен пристап за субвенции на весниците според меѓународни критериуми кои важат во повеќе европски земји. Економската независност е најважниот момент во слободата на медиумите. Но Никола Груевски никогаш не научи дека парите од буџетот не се негови.

(објавено во Утрински)

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

July 2017
M T W T F S S
« Jun    
 12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31