Tag Archive | "Мајка Тереза"

Tags:

Зад мисата за светица на Мајка Тереза

Posted on 05 September 2016 by erizaov

majka tereza svetica

Мајка Тереза и официјално стана тоа што беше и досега – светица. Очите не само на христијанскиот свет вчера беа вперени во Ватикан. Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, на латински јазик ја прогласи Мајка Тереза за светица на мисата на плоштадот „Св. Петар“ во Рим во присуство на 100.000 верници и гости од целиот свет со зборовите: „Во чест на светото тројство ја прогласуваме и дефинираме блажената Тереза од Калкута за светица, ја вбројуваме меѓу светите и укажуваме дека треба да биде почитувана како таква од целата црква“.

Христијанскиот календар доби уште еден ден на одбележување во целиот свет Св. Тереза. Најпознатата во светот наша сограѓанка, добитник на Нобеловата награда за мир, 19 години по нејзината смрт уште еднаш ја облеа Македонија со гордост. Блажена Мајка Тереза, која со децении е синоним во светот за хуманост, милосрдие, преданост кон бога – сега е светица. Многубројната Македонската државно-црковна делегација во Ватикан предводена од претседателот Ѓорге Иванов во која беа највисоките државни и партиски функционери и близок роднина на мајка Тереза, скопјанецот Алојз Гoмбар, беше опкружена со внимание и почести како што им приличи на претставниците од родениот град и татковината од каде што на 18- годишна возраст тргна во својата хумана мисија нашата Агнеса Гонџа Бојаџиу, која ја одработи предано на Бога и на болните, сиромашните и осамените до последниот ден од животот, а еве продолжува и по смртта како света личност блиска до Господ.

И таман човек ќе помисли дека еве во оваа длабока политичка, економска и духовна криза во која потона Македонија има нешто околу што можат да се сложат сите барем во мигот кога добиваме светец, стаса соопштението на ДУИ и ДПА на Али Ахмети и на Мендух Тачи. Тие не заминаа во Ватикан оти поканата до нив стаса од претседател на држава кој не го признаваат тие и многу веројатно повеќе од половина Македонија ако се суди според рејтингот што го има претседателот на државата, но и по неговата партиска, национална и верска припадност и активност. Принципиелноста на ДУИ и на ДПА кон непризнавање на претседателот може да се оправда не само како дел од политичката борба, туку и поради низа други причини кои произлегуваат од односот на претседателот на државата, иако и ДУИ и ДПА никогаш не навлегоа подлабоко зошто Иванов не се постави како претседател на сите граѓани, туку само како претседател на симпатизерите и членовите на ВМРО ДПМНЕ, која остана нивен коалициски партнер наизменично во изминатите десет години.

Но, овој пат кога канонизацијата на Мајка Тереза во светица е милион пати посилна покана од таа на претседателот и Ахмети и Тачи, блиску до здравиот разум е дека требаше да бидат со државната делегација, најмалку поради поканата на претседателот Иванов, а најмногу поради нивната почит и на целиот албански народ во Македонија кон Мајка Тереза, која покрај тоа што себеси прво се сметаше за граѓанин на светот јавно ги приопшти своите национални корени уште при првата своја посета на Скопје. Одбивањето на Ахмети и Тачи да заминат во Ватикан со државната делегација на Македонија ако е само поради потписот на поканата, е кардинална грешка против интересите на Албанците во Македонија чиишто главни политички експоненти се токму тие двајца, партиски лидери и учесници во коалициските влади на ВМРО-ДПМНЕ. Да не се оди на прогласување на светица на Албанка, што се случува веројатно еднаш или најчесто ни еднаш во еден човечки живот, поради политички причини е гаф на столетието на албанските политички лидери. Веќе денес можеа и Ахмети и Тачи да се вратат на дневно-политичките текови кои со години ја обележуваат кризата во Македонија. Очигледно, одбивањето да се оди во Рим на Ахмети и на Тачи има подлабоки причини отколку непризнавањето на претседателот Ѓорге Иванов. Поднесувањето на ваква саможртва на албанските политички лидери во Македонија да не бидат таму каде што мораше да бидат и кои за многу работи имаат спротивставени ставови се’ ми се чини дека овој пат не е само поради претседателот Иванов, ниту пак е некаков предизборен маркетинг. Ако пак причината е само принципиелна во однос на претседателот на државата, тогаш Ахмети и Тачи „убија“ светец, заклаа вол за кило месо. Колаборацијата со режимот не може да се прикрие со отсуство од најсветата обврска и честа да се биде на прогласувањето на светица, па макар биле и атеисти.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Колку ангели ќе слетаат на плоштадот

Posted on 20 July 2016 by erizaov

majka tereza

Што мислите, колку ангели можат да слетаат на скопскиот плоштад бидејќи таму стана прилично тесно. Ова е една од најсериозните дилеми на македонската влада веќе подолго време како да се сместат ангелите меѓу шумата од споменици, ергелите од коњи, глутница од лавови, или пак меѓу рингишпилот и панорамското тркало покрај Вардар. Добра ангелска позиција беше и меѓу фонтаната и споменикот на Ченто. Но во стручната и аргументирана полемика победи идеалната локација за атерирање на ангелите веднаш зад грбот на Александар Македонски. Генијално е решена и дилемата дали на овој простор има место за 20 големи и мали ангели што ќе му го чуваат грбот на таткото на нацијата кој се’ уште не ми е јасно зошто официјално лажно го претставуваат како непознат воин на коњ. Небаре сме деца на непознат татко. Пресуден за бројот на ангелите на плоштадот беше силниот аргумент дека уште во среден век е разрешена по долги расправи дилемата колку ангели можат да застанат на врвот од една игла. Ако на врв од игла можат да стојат стотици, или илјадници ангели, на празните места на скопскиот плоштад сигурно можат да застанат повеќе ангелчиња отколку на врвот на една шпенадла или безопасна.

Ве молам немојте да се смеете, работата е многу сериозна. Во интензивна градба е големиот комплекс на споменици во чест на Мајка Тереза, а во слава на власта. Се сеќавате на оној грандиозен проект на нашиот пријател и спасител Индусот Субрата Рој кој вети дека ќе го подигне најголемиот споменик во светот посветен на Мајка Тереза бидејќи нејзината чесност и посветеност кон бога му биле главни водилки во животот. За чесноста на Субрата се уверивме во одлуката на судот во Индија, а за посветеноста кон бога ако е колку и на чесноста подобро ич да не е. Не знам дали станува збор за истиот проект, или прилично видоизменет, но она што го објави вчера весникот „Вест“ е фасцинантно, за воодушевување и повод за „Моето ќоше“. Ајде малку фантазија, за да ја доловиме големата слика: споменичниот комплекс ќе има голема тераса обложена во мермер. Ќе има повеќе релјефи, големи и мали скулптури, а на централно место ќе се издига споменикот на мајка Тереза, на повеќе милосрдни сестри и ангели. Ќе има разни декоративни венци во форма на пехар. Ќе биде изградена прекрасна фонтана со големи карпести површини од травертин што треба да ја пресели глетката од чистата и недопрена природа директно на скопскиот плоштад. Во ваквата фонтана како во бистрите води на Радика ќе бидат поставени скулптурите од бел мермер на Мајка Тереза со болно дете и родители, милосрдна сестра со инвалид, уште една милосрдна сестра со болен што седи, уште една милосрдна сестра со болен што лежи и уште една милосрдна сестра со болен што лежи на карпа.
subrata gruevski
На специјалниот објект обложен со мермер на висина од 16.5 метри ќе бидат поставени голем централен ангел со крилја високи три метри, четири ангели што седат со висина од три метри, четири мали ангели со висина од два метри. Објектот ќе има тераса под која ќе бидат поставени декоративни скулптури, а објектот ќе има и столбови.

Изградбата на фонтаната, објавува „Вест“, ќе чини 5,5 милиони евра. Не знам дали се тоа пари само за фонтаната, или за целиот комплекс споменици сосе ангели. Колку и да е, бадијала е, џабалак, бидејќи кога се градат вакви грандиозни спомен-обележја не е важна цената. Кој рече дека сме во криза и дека ќе мора да зајмиме 650 милиони евра што ќе не’ чини цела милијарда евра за да делиме плати, пензии и социјална помош и да имаме фер и слободни избори со раскошен предизборен буџет, а од касата како и во изминатите десет години клучот да го има само еден човек со чиј амин за една деценија се потрошени над 20 милијарди евра. Каква е таа огромна моќ во бедна Македонија. Затоа ви се молам, какви се тие глупости при ваков развој и процут на уметноста и на целата држава да се зборува за пет, шест, десет или 20 милиони евра и некакви милијарди евра поарчени на споменици и фасади, а уште поглупаво е да се ломоти за демократија и слобода, за владеење на правото, за одговорност, за ЕУ и за НАТО. Тоа е срамота при вакви дострели кои Македонија не ги видела од Аминта, Филип Втори и Александар Македонски досега. Затоа предлагам на идејниот татко на овој процут и на овие историски достигнувања, уште при живе, веднаш карши безимениот воин на коњ, со иста големина да му се направи еден споменик на сегашниот наш водач и голем реформатор и тоа со полно име и презиме, а на раката наместо меч да му стои еден голем ангел со раширени крила повеќе од 20 метри. Под крилата на Ангелот пред нозете на водачот да има стотина милосрдни сестри кои лечат два милиони граѓани клекнати на колена. Ваква гротеска во најсиромашната држава на Европа со парите на најбедниот народ кој живее во мизерија не може да си дозволи ни најголемиот деспот. Фараоните и големите императори навистина граделе со камшик ама имале империи и доволно злато. Денес тоа да се прави во 21 век во држава која се дави во сиромаштија и борчови е најблаго кажано лудо.

Да стане скромната мајка Тереза и да види што се прави во нејзиниот роден град, веднаш ќе ги проколне расипниците кои божем во нејзина чест ја величаат својата слава. На нашата драга скопјанка Гонџа Бојаџиу и светица Мајка Тереза сосема и’ се доволни веќе изградениот споменик во центарот на Скопје чија реплика е поставена во Ватикан и нејзиното име што го носи државната болница. Спомен-домот посветен на мајка Тереза кој е еден од поголемите кичерски објекти во центарот на Скопје и промената на името на познатата улица „Водњанска“ по која одела и Гонџа како млада и таа веднаш би ги отфрлила со молба парите за тие објекти да бидат дадени како помош на сиромашните и за лекови на болните. Невкусно и без мерка, дури и навредливо изгледаат сите овие обележја во чест на најскромната светица на 21 век. Светците не сакаат идолатрија, тие се светци поради своите жртви, тоа им е доволно, а лошите и корумпирани политичари сакаат да станат светци уште за време на животот.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , ,

Мајка Тереза ќе ве проколне

Posted on 17 June 2015 by erizaov

subra

Откако Субрата Рој, индискиот милијардер, големиот пријател на македонската Влада е во затвор и не може да си го исполни ветувањето да го изгради најголемиот споменик на Мајка Тереза во светот на скопскиот плоштад, нашиот премиер Никола Груевски очигледно немал мира како да ја заврши таа работа, да го исполни и своето и ветувањето на големиот индиски измамник кој ограбил милијарди долари од бедни Индуси. И, нормално, кога човек со толкава моќ е посветен на една работа – има и решение. За ова големо задоволство и туристичка атракција најсиромашниот народ во Европа ќе плати над пет милиони евра. Груевски, пак, ја пикна раката во џебот на граѓаните, па од државната каса ќе изброи милиони евра за уште еден поголем кич од споменикот на Александар Велики.

Ете така драги мои ,тоа што не може да го направи милијардерот Субрата Рој, може да го направи премиерот и владетел на Македонија, неговото височество Никола Груевски. Сите што ја знаат биографијата на нобеловката Гонџа Бојаџиу, на светицата Мајка Тереза, на најпознатата скопјанка во светот која целиот свој живот го посвети на сиромашните и верата, знаат дека овој огромен мегаломански споменик е против нејзините убедувања, против нејзиното битие, против суштината на нејзината мисија, против најсилниот нејзин мотив, предаденоста кон Бога, а тоа е бескрајната хуманост, посветеноста да им помага на сиромашните и болните во најмизерните гета на Калкута и други светски мегаполиси. На таа светица која целиот свој живот го помина покрај болните и гладните да и се гради политички мотивиран мега-споменик за милиони евра на сиромашна држава и сиромашен народ е срамен чин поради кој Мајка Тереза и покојна ќе ги проколне политичките калкуланти и популисти. Да се обидеше некој да предложи да гради таков монумент додека е жива, ќе се соочеше со решителноста на оваа кревка жена која криминалот на белите крагни, расипништвото и алчноста ги сметаше за најголем грев и зло против човештвото.

Скопјанката Мајка Тереза има повеќе обележја во својот роден град. Едно од најдобрите е што најголемата државна болница го носи нејзиното име. Тоа и приличи на светицата која го посвети животот на болните. На главната улица „Македонија“ има извонредно убав споменик на Мајка Тереза со човечки димензии. До него е криво насаден еден китнест спомен-дом далеку под нивото на името на нобеловката и суштината на современата архитектура за ваква намена. Прекрстувањето на улицата „Водњанска“ во „Мајка Тереза“ по која и самата одела како гимназијалка во Скопје би ја натажило и би одбила таква помисла. Во секој случај ако не „Водњанска,“ тогаш една убава авенија, или еден нов голем парк во Скопје би можел гордо да го носи името на Мајка Тереза. Се’ друго, особено изградба на најголем споменик во светот е политичка пропаганда и туристичка атракција која не прилега ниту на името на нашата драга скопјанка и нобеловка, ниту на нејзиниот живот посветен на сиромашните од целиот свет. Ова е уште една груба злоупотреба на власта и на премиерот Никола Груевски и уште едно земање од устата на најсиромашните, бидејќи со тие пари Мајка Тереза веднаш ќе изградеше дом за болните, гладните, изнемоштените и бедните граѓани. Затоа и стана светица и светски синоним на милосрдие. Тие што го злоупотребуваат нејзиното има сакаат да останат владетели цел живот.

Премиерот Никола Груевски вели ова е последниот споменик што ќе се гради со пари од буџетот. Многу утешително. Не знам дали овој пат хонорарите на државните скулптори и уметници ќе биде ист како за Алаксандар Македонски, кој ги надмина хонорарите и на Роден и на Мур, двајцата заедно, додека беа живи, но по онаа брука кога тајно беа исплатени милионски суми во евра, овој пат белки ќе имаат малку намус и образ. Но, сепак најлошото од се’ е дехуманизацијата на просторот што ни припаѓа на сите. Такво сквернавење на најубавиот простор во градот за кич споменици досега не е видено во светот. Тие шестотини квадрати и кусур на земјата, на плоштадот, што се предвидуваат за комплексот „Мајка Тереза“, кога ќе се издигнат на 32 метри височина, ќе зафатат илјадници квадрати површина од природата која останува заробена само за водачот да се чувствува убаво и да ги исполнува своите желби.

Ова е уште една сурова реалност за времето во кое живееме.

Comments (1)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

September 2017
M T W T F S S
« Aug    
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930