Tag Archive | "лустрација"

Tags:

Што ни појасни и разјасни Андов

Posted on 22 August 2016 by erizaov

andov

Во текстот „Томе Аџиев плаче по лустрацијата“ објавен во четврток на 18 август во „Утрински весник“ во колумната „Мое ќоше“ посветен на дебаклот со лустрацијата и поништените 20 пресуди од Управниот суд, со големи изгледи да бидат поништени 40 одлуки на Комисијата на Аџиев, односно на сите кои се жалеле, до Управниот суд напишав и неколку реда за носителот на првичната идеја Македонија да донесе закон за лов на кодошите и прочистување на општеството. Таа идеја и тој прв закон бев убеден како и целата македонска јавност дека се на познатиот политичар Стојан Андов. Господин Андов ова го доживеал како злонамерно и тенденциозно подметнување и на моите десет реда кои не се суштината на текстот, испратил 150 реда, со наслов „Појаснување на лустрацијата“ објавен на 19 август како своевидна исповед за да и’ се разјасни на јавноста дека идејата не е негова, туку на ВМРО-ДПМНЕ, а тој само сакал со неговиот Закон да го спречи ВМРО-ДПМНЕ да ја спроведува лустрацијата бидејќи таа може да земе опасни правци.

Значи, да нема забуни, појаснението е дека идејата не е на Андов да се донесе законот, туку на ВМРО-ДПМНЕ , а мотивите на Андов да ги претрка сите и прв да предложи таков Закон за лустрација не биле гест на верен коалициски партнер кој му се умилкува на Никола Груевски како што може некој да помисли погрешно, туку биле да се спречи пресметката на ВМРО-ДПМНЕ со политичките противници. Андов натаму ни појаснува дека неговиот Закон бил поддржан од јавноста, а во Собранието бил донесен со консензус итн., итн. Неисе, го прифаќам појаснувањето на Андов дека таа идеја не е негова и дека неговиот закон за лустрација бил со мотиви да се спречи пресметката на ВМРО-ДПМНЕ со политичките противници, или како што вели тој да не земе опасни правци. Се надевам дека откако на овој начин Андов си ги изми рацете ќе се чувствува подобро и ќе му олесни.

Понатаму Андов во својата исповед кажува работи кои не му се припишани нему во текстот. Обидот со законот за лустрација да се направи историски фалсификат Југославија и Македонија да се изедначат со комунистичките режими на Исток не се однесува на Андов, но тој и тука почувствувал голема потреба за секој случај да даде појаснување дека неговиот закон за лустрација не ја изедначува Југославија и Македонија со земјите членки на Варшавскиот пакт и Албанија. Еве и ова не го сфаќам како покајание грешним, туку како појаснение дека Законот на Андов не ги прифатил интенциите на Советот на ЕУ во целост со лустрацијата да се жигосаат комунистичките режими, неправдите и злоделата што им се направени на милиони луѓе во Русија, Албанија, Романија, Источна Германија, Бугарија, Полска, Чехословачка, Југославија … туку предложил таков Закон од слободарски причини за чистење на општеството од кодоши кои одамна се починати или беа во длабока старост.

За укажувањата, не само мои, дека требаше прво да се направи политичка рехабилитација на жртвите од комунистичкиот систем, па и судска за некои драстични случаи на монтирани судски процеси и дека заедно со лустрацијата овие работи требаше да се завршат веднаш по прогласување на независноста, Андов се исповеда во своето појаснение со дигање рамења дека тоа не е направено, а политичката рехабилитација и 20 години чешлање и бришење досиеја на вистинските кодоши како факти што оневозможуваат праведна лустрација Андов ги заменува со оправдување дека за судска рехабилитација немало време. Не знам дали некој му бранел на Андов, како што предложил Закон за лустрација, да предложи и Закон за политичка рехабилитација на жртвите од комунистичкиот режим. Такво нешто не е направено бидејќи ја нема атрактивноста на пресметката со противниците и тие што и’ пречеа на власта, односно на ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициски партнери, меѓу кои и либералите на Андов. Тие добри намери на Андов за спречување на опасните правци подоцна израснаа во монструм, кој без право на одбрана прогласуваше невини луѓе за кодоши.

Андов ме исправа и појаснува за уште нешто што во овој текст не сум го напишал, а тоа е дека само Македонија донела Закон за лустрација од сите бивши југословенски републики. Иако ова не сум го напишал го прифаќам да ми биде припишано бидејќи во други текстови посветени на лустрацијата уште од првата идеја на Андов го имам предочено фактот дека ниту една бивша југословенска република не спроведе лустрација, освен Словенија, и тоа веднаш по прогласувањето на независноста. Мудрите Словенци направија експресно делумна лустрација без да се носи нов Закон, туку потпирајќи се на постојните закони што ги имаше и Македонија. Пензионираа неколку судии кои суделе по наредба на централните комитети и ја завршија својата лустрација како препорака од Советот на ЕУ, притоа јасно и’ нагласија на Европа дека ни Југославија, ни Словенија не може да се изедначуваат со земјите зад „железната завеса“. Андов, во своето појаснување набројува, набројува како било во Словенија, во Хрватска, во Србија, во БиХ веројатно сакајќи обидите да ги прикаже како завршена работа, ама на крај самиот потврдува дека од бившојугословенските републики освен во Македонија нема спроведен закон за лустрација, а и тој доживува целосен крах.

На крајот, Андов вели дека јас добро ги знам овие работи ама мислам дека водата е доволно заматена, па можам нешто и да уловам. Ете и ова го признавам, дека водата и уште многу други работи во државата се ептен матни. Стојан Андов, како искусен политичар и поранешен висок функционер знае и кој ги мати. Како љубител на лов во матно со мирна совест можам да кажам дека тешко нешто може да се улови освен батак и бербатлаци. Кој колку заматил и избистрил не може да оцени човек сам и со појаснувања. Веројатно тоа ќе го направат некои нови непристрасни генерации, ако воопшто има потреба од тоа.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

Томе Аџиев плаче по лустрацијата

Posted on 18 August 2016 by erizaov

tome adziev

Томе Аџиев, првиот македонски лустратор, со денови плаче што неговото животно дело доживеа дебакл пред правдата. Управниот суд на Македонија веќе на 20 лустрирани од прекиот суд на Аџиев им ги поништи пресудите, а се очекува сите што се жалеле, уште 20 луѓе, да бидат судски „рехабилитирани“, барем во оваа инстанца, ако не се изврши политички притисок на Вишиот управен суд. Доколку се жалеле сите 200 жигосани, обвинети и осудени како соработници на тајните полициски служби, најверојатно одлуките, до една, на лустрациската комисија би биле поништени бидејќи не е почитувано основното право на обвинетите прифатено од римското право во сите судски постапки во целиот свет, дури и во режимите макар и формално, а тоа е што ниту еден осуден не е сослушан и не му е дадена никаква можност за одбрана.

Така, и дома и пред меѓународниот суд во Стразбур македонската оригинална лустрација, позната како пресметка со политичките неистомисленци, доживеа целосен пораз, тежок крах, што е само уште еден веројатно стоилјадити доказ дека тој трагичен театар што траеше со години беше партиски наметнат уште од првата идеја да се гонат вештерки цели 20 години по независноста според арогантно натурен закон кој нема никаква допирна точка со елементарни правни норми. Наместо прочистување на општеството, добивме валкање и оцрнување на луѓе и познати јавни личности, заслужни дејци, некои одамна починати. Извалкани се луѓето без ниту еден релевантен доказ, туку само врз основа на разни извештаи на агенти. Гротеската со лустрацијата на Аџиев беше во тоа што се земаа како крунски доказ извештаите на агентите на Удба и државната безбедност составувани по кафеаните залиени со алкохол и со изнудени лажни искази на врбувани луѓе кои многу често и кога биле правени не биле земени како доказ и не биле процесуирани од тогашните полициски и судски власти.

Сите укажувања дека станува збор за политичка пресметка и обид за историски фалсификат беа отфрлени бидејќи на власта и’ требаше една ваква сеирџиска мелодрама која прерасна во трагедија, во која помалку беа важни луѓето кои навистина настрадале од кодоши и поткажувачи и од некогашниот систем, туку беше важно да се компромитираат противниците на сегашниот режим. Затоа самата идеја да се донесе закон за лустрација имаше во себе вградена фабричка грешка бидејќи беше од политички мотиви, а не од државни интереси, или некаков придонес кон демократијата. Ако мотивите беа од слободарска природа некогашните кодоши во новиот систем да не можат да дојдат до високи позиции и ако мотивацијата беше за вистинско прочистување на општеството од грешките и злоупотребите во комунизмот, тогаш ќе се тргнеше од политичка и судска рехабилитација на настраданите од кодошлакот, а не од лов на денешните критичари на власта.
lustracija
Ова идеја за лустрација оди на душа на Стојан Андов. ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ја прифатија со големо одушевување и од неа направија јавна судница во Македонија баш по теркот на инквизицијата. Андов повеќе пати се оградуваше од Законот и ги појаснуваше своите мотиви зошто му подарил на својот тогашен коалициски партнер ваква опасна играчка, дури и јавно се откажа од унакажаниот закон што е коректно, но мотивацијата на искусниот политичар останува сомнителна и за неа нема рационално објаснување. Андов добро ги знае двете причини, на тоа укажаа многу луѓе зошто ваков Закон не беше спроведлив во практиката. Прво, клучен беше ограничувачкиот фактор, поминаа 20 години по независноста на државата и цели 40-50 години откако се направени вистинските злодела со затварање во затвор на невини луѓе, познати творци и револуционери осудени со нарачани пресуди. Тешко ќе се најдеа преживеани кодоши и нарачатели на тие злодела, освен неколку луѓе во длабока старост. Ова беше познато уште од самиот почеток на идејата да се прочистува општеството на ура според дневно- политички потреби. Тоа е што се однесува до големите случаи на монтирани процеси и пресметки во периодот по Втората светска војна, времето на Информбирото до педесеттите години од минатиот век и неколку поединечни случаи на идеолошка, творечка и персонална пресметка во седумдесеттите години.

Историскиот фалсификат со Законот за лустрација се криеше во обидот Македонија и Југославија да се изедначат со режимите на Исток, Русија, Источна Германија, Албанија, Романија, Бугарија,Чехословачка, Полска…. што е далеку од вистината и од историските факти. Разликите меѓу Југославија и земјите зад „железната завеса“ беа добро познати и на Запад и на Исток. Со сите свои мани и грешки, југословенскиот систем беше далеку над тврдите диктатури на Исток. Не беше тоа идеално општество, но за многу земји дури и со повеќепартиски систем беше пример, кој се предаваше на светските универзитети. Американци докторираа на југословенскиот самоуправен систем. Некому многу му требаше и Македонија и Југославија да се стават во ист кош со комунистичките диктатури.

По своите јавни жалопојки за пропаднатата мисија насетувам дека Томе Аџиев, кој влезе во колективното помнење на граѓаните како партиски инквизитор, се’ уште не може да разбере зошто никој од власта не се грижи што ќе биде со нивната нарачка и тотален неуспех на лустрацијата. За да му биде појасно Аџиев треба да ги преслуша снимките од бомбите на Заев за да сфати колку таму има материјал за една нова лустрација. Тој да имаше такви докази и снимки, макар сечени, лепени и монтирани, половина Македонија ќе ја лустрираше.

Сега останува да видиме колку ќе чини оваа авантура со лустрацијата и политичката пресметка по тужбите што ќе уследат на оштетените личности и семејства. Има нешто што не може да се надомести со ниту една пресуда. Тоа е штетата по угледот на државата, од историскиот фалсификат и од страдањата на невините луѓе обесени на столбот на срамот само за да се соберат политички поени. Со овој Закон за лустрација им е нанесена голема штета и на вистинските страдалници од некогашниот режим и нарачателите на злодела и монтирани судски процеси. Добро е што целата оваа фарса од идеја до реализација доживеа тотален крах.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , , , ,

Да се замолчи Ризаов

Posted on 30 March 2015 by erizaov

komisija-fakti

Бев само предавник и странски платеник, сега сум и кодош, таен агент, соработник на Верушевски, пијаница и умислен аристократ стасан за затвор

Падна директива. Веднаш да се замолчи Ерол Ризаов. Прво да се прогласи за кодош, потоа за најголем соработник на Зоран Верушевски и на тајната полиција. Да се компромитира како пијаница и Турчин, умислен аристократ со беговско потекло кој не сака да живее заедно со рајата. Ако и тоа не помага, Ризаов да се уапси. Оваа задача му е доверена на Томе Аџиев, претседателот на Лустрациската комисија и на медиумската инквизиција на премиерот Никола Груевски, предводени од Мирка Велиновска и Миленко Неделковски, со логистика на еден куп партиски полицајци и истражители и колеги-полтрони. Операцијата се одвива мошне успешно.

На Аџиев не му успеало во првиот обид да ја заврши работата, мојот кодошлак не поминал пред Комисијата, но во натамошните обиди и таа работа ќе се заврши за да биде спокоен вождот. Но, затоа, пак, на Велиновска и на Неделковски тоа добро им оди од рака, како и секогаш кога треба на некој да му се скине главата, или јавно да се запали на клада. Ова го очекував многу одамна, како и голем број мои читатели. Мислам дека прилично доцнат моите инквизитори. Но за зло никогаш не е доцна. Бркајте работа, да видам до каде ќе стасате.

Најнапред претходницата, големите бранители на ликот и делото на Никола Груевски, тандемот Велиновска – Неделковски, во одделни наменски текстови открија дека сум бил најголем, најпостојан и најревносен соработник на Зоран Верушевски и на тајната полиција. Потпрена врз својата извонредна меморија, Велиновска ископа чудесно сведоштво дека еден ден, кога пред повеќе од десет години гледала шпионски филм како гостинка во домот на разузнавачот Верушевски, видела страшни работи, многу пострашни од овие што сега ги презентира Заев, ама за тоа не сакала да пишува тогаш, како и сега, оти било уцена на државата. Тоа што не го напишала големата патриотка по една недела, Верушевски со текст потпишан од Ерол Ризаов го објавил во „Утрински“ на 29 декември 2005 година.

Откако на Мирка јавно и убаво нагледно и’ објаснив дека такво нешто немам никогаш напишано, ни потпишано и оти тоа лесно може да го провери секој граѓанин за само неколку минути преку интернет. Следуваше нова канонада од лаги и навреди дека сум пијаница, умислен аристократ, човек што живее во паралелен свет, дека го оплакувам Никола Младенов, иако го есапам како Миленко Неделковски жив и слични гнасотилаци. Па еве, читателите што имаат можност преку интернет нека ги проверат сите овие лаги, што објавил „Утрински“ во декември 2005 и во јануари 2006 година со наслови „Верушевски најави хаос во државата“. И „Верушевски приложи докази за наводна негова ликвидација“. Во декември 2005 година,„Михајловски без коментар за Верушевски“, кога тогашниот министер Љубомир Михајловски-Џанго дава изјава дека достоинството, честа и професионалноста не му дозволуваат да коментира вакви изјави и коментар на нашиот новинар Борис Георгиевски под наслов „Опасни закани на Верушевски“. Сите четири текста: трите информации што ги објавија сите македонски медиуми, освен Мирка, и коментарот на Георгиевски не се со мој потпис и не се напишани од мене. Но еве да и’ угодам на Велиновска бидејќи таа ги смета за мои оти тогаш сум бил главен и одговорен уредник на „Утрински“. Со голема гордост прифаќам дека овие текстови и коментарот на Борис Георгиевски ги потпишувам и денес со две раце како високо професионални, кои од оваа десетгодишна дистанца би ги објавил повторно со задоволство и гордост. Во тоа можат да се уверат и самите читатели ако на одредените датуми погледаат во архивата на „Утрински“.

Што се однесува до мојот однос кон колегата Младенов, тие исти денови во врска со аферата „швајцарски сметки“ објавив два мои авторски текста. „Разочаран претседател“ и „Лут премиер“, со критики на однесувањето на претседателот Црвенковски и на премиерот Бучковски во врска со аферата „швајцарски сметки“. Поради разочараноста на Црвенковски во институциите на системот, му побарав да поднесе оставка. И сето тоа го преживеав без ниту една закана од никого, или каква било последица по мене. Но, на кого докажувам кога извршителите на Груевски си имаат сосема поинаква цел да учествуваат во акцијата за моја дискредитација и замолчување. До каде ќе стигнат, ќе видиме.

Можам да им порачам дека и на нив и на нивните работодавци не им се плашам и дека сум убеден дека во блиска иднина и тие и нивните поколенија ќе се срамат од нивните злодела што им ги нанесуваат на сите граѓани на Македонија.

Што се однесува до Мирка Велиновска, вистина е дека јас и таа, не одамна како што вели, туку отсекогаш живееме во два различни света и дијаметрално спротивно го разбираме новинарството. Таа сака да креира политика, а јас да се спротивставам на злоупотребата на власта и на центрите на моќ. Таа пишуваше дека „како Бранко Црвенковски еднаш на илјада години се раѓа државник“, а сега пишува дека „Никола Груевски конечно премина во категоријата историски значајни национални фигури“, а утре удобно сместена во скутот на некоја друга власт пак ќе промовира историски државници и фигури. Таа секогаш во својата новинарска мисија се определува кон тие што создаваат нова историја, а јас кон тие што трпат јарем од таа историја. Тоа се навистина два различни света.

Е, па Мирке, продолжи да ја спасуваш Македонија од непријатели и предавници такви како мене, јас останувам додека можам таму каде што сум сите овие безмалку 40 години.

Повеќепати ја цитирам големата мисла напишана во парискиот „Панетон“. Татковината ќе ги препознае луѓето. Еден ден тоа ќе се случи и кај нас. Кој ќе преживее, ќе дознае.

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2017
M T W T F S S
« Oct    
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930