Tag Archive | "книги"

Tags: ,

Во среда во Матица ексклузив: Средба со читателите и потпишување книги

Posted on 08 June 2015 by erizaov

knigi

Новинарот Ерол Ризаов ќе биде ексклузивен гостин во книжарницата „Матица есклузив“. Како автор на четири книги, што беа неодамна промовирани, Ризаов ќе одржи средба со неговите читатели која ќе се одржи во книжарницата во среда на 10 јуни во 17 часот при што ќе потпишува книги и ќе одговара на прашања.

Четирите книги со колумни на Ризаов пушувани во последните осум години „Седум скопски чуда“ , „Ја оправдавме ли независноста“, „Како станав предавник“ и „Најкусиот пат кон исчезнување на Македонците“, веќе предизвикаа интерес во јавноста.

Салонот Ексклузив на кижарницата Матица Македонска се наоѓа во центарот на Скопје зад хотелот „Турист“.

Comments (0)

Tags: , ,

Интервју: Политичарите доаѓаат и си одат, книгите остануваат

Posted on 23 May 2015 by erizaov

erol

Која беше причината Вашите колумни од последните осум години во „Утрински весник“ да ги преточите во четири книги кои деновиве ги промовиравте?

Од поодамна кога новинари објавуваа свои книги од пишани текстови јас имав одредени резерви кон таа идеја, мислејќи дека новинарскиот труд е дневен, и дека тој така треба да заврши со сето она што ќе го предизвикува како реакција во општеството со цел некои работи да се менуваат кон подобро. Меѓутоа, државата до тој степен се партизираше што многу често луѓето ме прашуваа што сум работел пред три, четири, пет години. Брзото заборавање или краткото паметење е едната причина за вкоричување на колумните. Втората работа е судбината на нашите новинарски текстови. Тие завршуваат во отпад и во погоните за рециклирање стара хартија. Сето тоа оди во заборав. Сепак, промените што се случуваат се тектонски, бурни и историски. Мислам дека сите тие новинарски хроники на ова време имаат своја вредност.

Морам да истакнам дека колумните кои ги преточив во книги по наговор на повеќе луѓе, мои пријатели, колеги, писатели, не ги селектирав за да покажам колку сум умен. Јас не ја сакам таа т.н. дополнителната памет, не сум од оние кои сакаат да се фалат изговарајќи ја реченицата „јас за ова уште на времето пишував, јас за ова кога кажував вие…“ Едноставно, ги спасив моите текстови од заборав. Колку вредат или не вредат, ќе покаже времето.

Да се вратиме една декада порано. Кој беше предизвикот, по толку време поминато во журнализмот како новинар, уредник и директор на медиуми, на крајот да и се предадете на колумната – да влезете во таа, како што велат, екстериторија во рамките на медиумот, во која единствен суверен е авторот?

Долги години, поточно 31 година пишував класични новинарски текстови, осврти, информации, вести, коментари, анализи. Имам свое мислење кога еден новинар треба да почне да пишува колумни. За да дојде до тоа еден новинар на јавноста да и се обраќа во прво лице еднина и да искажува свои ставови по одредени важни прашања, претходно треба да е општо познат, и што е најважно да има квалификатив на објективност и конзистентност. Новинарот треба да дојде до едно ниво кога ќе го почитуваат и тие што не се согласуваат со неговите ставови. Колумнисти во медиумите треба да бидат врвни имиња, признати вредности, луѓе кои имаат голем авторитет во општеството, нобеловци, познати писатели, лекари, економисти, бизнисмени кои пишуваат со висока професионалност, со голема доза на етичност и со стручни познавања за одредена проблематика.

Кај нас, за жал, израснаа партиски колумнисти. За да имаат весниците рамнотежа си викнат еден кој ги брани боите на ВМРО- ДПМНЕ, а друг на СДСМ, на ДУИ….. Најголемиот број колумнисти во Македонија, пишуваат новинарски текстови, а не колумни.

На промоцијата на Вашите книги беше речено дека заедничкиот именител на сите колумни е критиката на глупоста…

Имаше повеќе квалификации за моите колумни. Од тоа дека се хроника на едно време, со сатиричен, аналитичен, хумористичен пристап. Задачата на колумната и на новинарството, воопшто, е да се има критички став кон моќта, кон корупцијата, организираниот криминал, кон злоупотребите на власта, кон примитивизмот и провинционализмот. Но имам една дефиниција на која строго се придржувам. Јас во моите текстови не сум малициозен. Јас не ги навредувам луѓето, иако тоа некои така го доживуваат. Власта забегува, тие луѓе сметаат дека се недопирливи и дека никој не може да ги критикува. Мојата максима покрај етичноста се потпира на две работи. Првата е дека јас сум во рингот. Значи кога си таму, ќе примаш удари, но и ќе удираш. Во границите на правилата во спортот. Меѓутоа, има многу валкани удари под појас. Е, јас не задавам такви удари. Многу добро си ги знам последиците од тоа, но од нив не правам вести. Втората битна работа е што јас никогаш не сум ја поддржувал идејата дека новинарите треба да креираат политика. Тоа е погрешно. Тоа е надвор од принципите на новинарската професија. Тие луѓе сакаат да соопштат апсолутна вистина. Новинарите треба да откриваат и отвораат проблеми и злоупотреби, и ги и соопштуваат на јавноста, а не да креираат политики. Во здраво општество институциите на системот настапуваат по таквите текстови. За жал, институциите на системот сега се во тотална криза и се под целосна контрола.

Во 1999 година заедно со четворица Ваши колеги: Бранко Тричковски, Васил Мицковски, Љупчо Поповски и Манчо Митевски го основавте „Утрински весник“. Кои беа мотивите да влезете во таа ризична авантура со оглед на опасно нерегуларниот пазар?

Заедно со моите пријатели, извонредни новинари, видовме дека на оваа држава и недостасува медиум кој нема да биде под контрола на власта. И нашиот прв стратегиски партнер Трифун Костовски тоа ни го овозможи. Тој ни рече само вие почитувајте ги законите и Уставот, друго не ме интересира, тоа е ваша новинарска работа. Уредниците и новинарите имаа целосна слобода во креирање на уредувачката политика. И ако нешто таму не чинело или чинело, тоа е нивна заслуга, а не на други луѓе.

Во тие деведесетти години дојде до големо разочарување кај нас, затоа што ние мислевме дека со промената на политичкиот систем ќе добиеме скандинавско новинарство. Но се излажавме.

Не може да избегаме од внатрешно-политичките теми. Се чини дека Македонија е безнадежно заглавена. Гледате ли некаков излез?

Македонија подолго време е потоната во длабока морална, етичка, економска, политичка криза. Тоа сега пука по сите шевови. Ова што досега и е соопштено на јавноста како откритие од прислушувањата е потврда за се’ она што го кажуваа повеќе новинари и јавни личности во земјава. За се’ што не’ обвинуваа дека е лага, дека е конструкција, дека е личен анимозитет, дезинформација, излезе дека е вистина. Ако се споредат прислушуваните материјали и нашите текстови ќе видите дека тука речиси нема разлика. Луѓето што снимале треба да се наградат. Тие се херои на Македонија.

Никола Груевски треба да седне пред јавниот обвинител и да сведочи што е точно од тоа што е објавено, а што е делумно точно, или неточно. Се разбира, претходно мора да поднесе оставка. Тој вели дека не знаел дека било спроведено такво масивно прислушување. Оставка треба да поднесе и претседателот на државата . Тоа е вистината и затоа сега им требаат митинзи – за да пратат порака дека не’ одлучуваат ни моралните норми, ни судот.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , ,

Покуда на глупоста

Posted on 21 May 2015 by erizaov

knigi

Критиката или покуда на глупоста е нешто што, според писателот Венко Андоновски, е проткаено низ сите колумни на Ерол Ризаов, кои вчера беа промовирани како четири збирки книги во хотелот „Александар палас“ во Скопје. Во својот воведен говор, коментирајќи го големиот број гости на промоцијата, Андоновски рече дека со тоа само се потврдила тезата дека „човек со став секогаш има публика“.

Тој додаде дека овие колумни можат да се претстават и како еден културно-цивилизациски архив. „Тие се историја на сето она што е абнормално, сведоштва за многу личности, политички случувања, процеси, односот на Европа кон нас и нашиот кон неа. Тие се мали културни есеи. Нивната цел е да се посочи на глупоста, таа да се исмее, но и да се санираат последиците“, посочи Андоновски.

Според него, авторот во своите колумни некогаш е аналитичен, некогаш замислен, некогаш хумористичен, но она што е најважно, нагласи Андоновски, тој не ја сфаќа колумната како дискурс на моќ за управување со другите. „Внимателно е субјективен и не претендира да создава јавно мислење кое сите сте должни да го почитувате“, рече Андоновски, додавајќи дека кога го вели ова „малку … или средно“ лаже.

„Ризаов е толку топол во својата реч што не може да не најдете нешто вистинито. Ве заведува да ја прифатите неговата мисла. Тој го прави најголемото чудо што еден автор може да го направи, а тоа е да ве убеди во тоа што го говори“, додаде тој.

knigi1

Во книгите е поместен избор на најзначајните колумни објавени во редовните рубрики на „Утрински весник“: „Си велам“ и „Мое ќоше“ од 2007 година наваму. Тие се поделени хронолошки со четири насловни теми: „Ја оправдавме ли независноста“, „Како станав предавник“, „Седум скопски чуда“ и „Најкраткиот пат кон исчезнување на Македонците“. Можат да се најдат во книжарницата на „Матица македонска“ во Скопје.

Ерол Ризаов им се заблагодари на сите оние што му помогнаа да ги издаде книгите, особено на редакцијата на „Утрински весник“ и главниот уредник за одвоениот простор во весникот. „Голема работа е да добиете простор и редовна колумна. Секогаш може со различни изговори да ви кажат дека сега не е баш погодно време за такво нешто. Јас имав среќа да ја имам поддршката“, рече Ризаов. Тој најави нови изданија со неговите поранешни текстови.

Comments (0)

Tags: , ,

„Си велам“ и „Мое ќоше“ во За животот на 24 Вести

Posted on 20 May 2015 by erizaov

Comments (0)

Tags: ,

Утре на пладне: промоција на четири книги

Posted on 19 May 2015 by erizaov

pokana erolЧетирите книги на Ерол Ризаов во кои се објавени неговите најзначајни текстови во рубриките „Си велам“ и „Мое ќоше“ ќе бидат промовирани утре во хотелот Александар палас во Скопје.

Промоцијата ќе почне во 12 часот, а воведен збор ќе има писателот Венко Андоновски.

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

July 2017
M T W T F S S
« Jun    
 12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31