Tag Archive | "Катица Јанева"

Tags:

Отвори, отвори, отвори …

Posted on 25 October 2016 by erizaov

otvori-katica-janeva

Не ми излегува од глава глетката што се случи во пресрет на празникот на ВМРО кога јавната обвинителката Катица Јанева викаше на сиот глас пред затворените врати на МВР: „Отвори, отвори, отвори….“, мене тоа ми изгледаше како привидение, ме полазија морници, оти тоа не беше филмска сцена пред порти на жандармерија во темниот вилает, туку Македонија во живо.

Додека со адмирација и симната капа ја гледав оваа храбра жена, која со својот тим е последната надеж дека и недопирливите ќе се соочат со законот и со правдата, првата помисла ми беше ова е врв на ароганцијата, примитивизмот и провинционализмот. Видовме уште една јавна демонстрација во низата на невидена некултура и простотилак. А, што друго може човек да помисли кога на обвинител со судска наредба во рацете му е тресната вратата пред нос од партиски функционери кои за десет години неконтролирано владеење ја претворија МВР во ВМРО-ДПМНЕ. Можете ли да се потсетите кога низ историјата се формираат партиски полиции.

Конечно, портите се отворија и Катица Јанева влезе внатре. Не знам кој ја издаде таа наредба, но сигурно дека телевизиските камери, стравот дека се спречува судска наредба и истрага за големи злодела, а можеби заѕвонил и некој црвен телефон, некого освестиле дека за ова се оди во затвор. Допрва, една по една, сите порти ќе се отвораат зад кои се крие вистината за најголемото нарушување на човековите права по прогласување на независноста на Македонија со повеќегодишно незаконско прислушување и ставање под надзор и контрола на комуникациите на илјадници граѓани и јавни личности.

Станува се’ поочигледно дека и нарачателите на прислушувањето биле прислушувани и дека уште слушаат незаконски. Тоа ако помине неразјаснето и забошотено со победа на изборите, како што проповеда и се надева поранешниот премиер Никола Груевски и како што упати апел актуелниот премиер Емил Димитриев во неговиот празничен говор, дека не се важни обвинителставата и истрагите и судовите, туку само гласот и пресудата на народот, тогаш тоа ќе биде и официјално обзнанено со исклучување на апаратите за вештачко одржување во живот на парламентарниот повеќепартиски општествено-политички систем и целосно уривање на конституционалните темели на државата во која цела деценија нема поделба на власта според Уставот , туку апсолутно владеење на неколку луѓе кои се над законите и над Уставот. Тие злодела не застаруваат, како што не застаруваат ни делата на злосторничките здруженија за изборни нерегуларности и повеќе видови на организиран криминал. Знаете, организиран криминал е кога тие што треба да ве бранат од криминалците се главни носители на корупцијата и злоупотребата на своите функции и овластувања за незаконско стекнување имот и оштетување на државата.


Затворените врати за судот и обвинителството многу кажуваат не само кој бега од истрагата и правдата и кој е уплашен да не излезе на виделина не само она во што многумина кои мислат со своја глава одамна се сомневаат и за што веќе има докази, туку нешто и многу покрупно и пострашно. Операцијата во мозокот на тајната полиција ги изненади најмногу тие што мислеа дека се’ е избришано и дека таму не може да влезе никој што не е партиски подобен и од највисоките ешалони на власта. Суската наредба предизвика шок кај властодржците, па немаа друго чаре освен безочно и јавно да манипулираат со јавноста и да ги затворат портите за правдата, попречувајќи ја да влезе на местото на злосторството. Тие уште не знаат дека кога ќе се затворат вратите правдата влегува низ прозорец. Ако се затворат и пенџерињата правдата ќе стаса преку оџакот… има многу патишта да стаса вистината до вистинскиот суд и судија.

Ајде, повикајте се малку на здрав разум, па размислете што значи кога довчерашниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и сегашен директор на Бирото за јавна безбедност излегуваат пред камерите со тврдење дека тоа што го бара судот и обвинителот Катица Јанева не може да се обезбеди бидејќи системот за следење на комуникациите не е во сопственост УБК и дека треба да дојде претставник на компанијата „Ериксон“, која е производител на системот и да ги издвои податоците. Тој систем не е сопственост на МВР, на УБК, сопственост е на операторот и само овластено лице од него може да пристапи до тој систем, рече јавно Митко Чавков. Многу кусо траеше тврдењето на директорот Чавков. Од „Ериксон“ стаса соопштение кое всушност е демант. Познатата компанија тврди дека на 19 октомври добиле барање од специјалното обвинителство, по судска наредба од Основниот суд 1 Скопје, за техничка асистенција заради истрага на функционалноста на законското пресретнување на комуникациите. Од „Ериксон“ велат дека законското пресретнување на комуникациите е задолжителна и стандардна работа во мрежите на јавната телефонија и телеком-операторите. Земјите во светот се обврзани да овозможат таква функционалност за локалните власти. Децидно стои дејка „Ериксон“ не е сопственик ниту, пак, оперира со опремата за законско пресретнување на комуникациите. Внимавајте, цело време станува збор за законско следење на комуникациите, односно законско прислушување. Специјалното обвинителство трага по незаконско прислушување. Дали тоа значи дека „Ериксон“ ќе прати човек да види што било законско, а што незаконски се слушало ако тоа се уште е можно. Веројатно истрагата сега ќе се насочи и кон тоа кој е вистинскиот сопственик и кој е оператор на прислушуваните разговори, а кој се вистинските наредбодавачи. Се стега обрачот иако опструкциите и попречувањата на истрагата се веќе јавни и не се кријат. Таму се и незаконските прислушувачи и наредбодавачи.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Јанева фрли нова бомба

Posted on 03 March 2016 by erizaov

katica

Попречувањето на правдата е кривично дело. Овој предлог е новата бомба на Специјалното обвинителство за да се деблокира борбата против криминалот. Тимот на Катица Јанева вчера ги посочи јавно со име и презиме сите државни институции, кои прават опструкции и ја отежнуваат нивната работата, а се должни да соработуваат со јавното обвинителство при разоткривање за криминалот.

Не знаев дека во Македонија не е кривично дело спречување на истрага против криминалци и дека во Кривичниот законик нема таков закон кој санкционира попречување на правдата. Со оглед на тоа со каква криза е соочена државата и со какви отворени блокади во заштита на криминалот еден ваков закон би бил добредојден за непречена истрага. Уште ако предвидува неколку години затвор за вакво кривично дело, работите галиба ќе тргнат кон правдата.

Уште не се исуши „мастилото“ од вчерашното мое ќоше дека чуден молк доаѓа од Специјалното обвинителство како затишје пред голема бура, а еве веќе денес почна силно да дува ветер и да крева се’ поголеми далги. Се разбира, ова не беше тешко да се погоди, треба само повнимателно да се следат медиумите на власта и пораките што доаѓаат од светот за да се разберат мотивите за целосната блокада на борбата против разоткривање на криминалот во врвот на власта. Специјалното јавно обвинителство се огласи со ново соопштение од кое се крева косата на глава, каква подземна војна се води за спречување на истрагата за гонење на високи функционери осомничени за тешки кривични дела. Еве ги аргументите и фактите на тимот на Катица Јанева зошто предлагаат измена на Кривичниот законик и воведување на ново кривично дело – попречување на правдата.

Специјалното јавно обвинителство не може да ја води главната расправа по предметот „Пуч“ затоа што Судот не ги доставува доказите без кои не може да се состави обвинение, ако воопшто има докази. Сите жалби и укажувања не помагаат. Наредбите на политиката се посилни од правото бидејќи Судот се јавува како извршител на попречувањето на правдата. Трагично е сознанието до каде е стасана судската партизација во Македонија што се гледа од констатацијата на Специјалното обвинителство јавно искажана дека Основниот суд 1 во Скопје ја отежнува или подобро кажано ја попречува работата на Специјалното обвинителство не само за „Пуч“, туку и за сите други предмети кои се побарани за поведување истрага. Кога судот наместо делител на правда ја попречува правдата ја снемува државата, отиде јабана, што би рекол академик Камбовски.

Судот по една ваква јавна шлаканица експресно се огласи со свое соопштение во кое го обвини Специјалното обвинителство дека тенденциозно искажува невистини и врши притисок бидејќи му е дозволено во секое време непречен увид на сите списи за предметот, ама судот не може да биде фотокопирница. Ако Судот не го попречува Специјалното обвинителство, тогаш тоа не се ни државните функционери и јавни службеници кои не ја почитуваат обврската за пријавување на кривични дела и се ставаат во функција да го прикријат криминалот. Исто така веројатно се тенденциозни именувањата на институциите кои одбиваат соработка со Специјалното обвинителство, меѓу кои се Агенцијата за катастар и недвижности, управата за безбедност и контраразузнавање, познатата Петта управа, единицата за заштита на сведоци при МВР, општина Битола, повеќе министерства, покрај Основниот и Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје, па дури и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Сега сите тие треба да се огласат дека Катица Јанева тенденциозно ги напаѓа бидејќи секогаш и во секое време се подготвени на соработка и со ништо не ја попречуваат работата на Специјалното јавно обвинителство. Напротив, сите тие му помагаат во борбата против криминалот, ама бидејќи криминал нема, Јанева е заглавена во истрагата. Додека го пишував текстот почнаа хорските соопштенија на најголемиот број од прозваните дека Обвинителството е тенденциозно и лаже. Тоа што Обвинителството достави еден куп докази за попречување на својата работа од редовните судови и обвинителства, од државни институции тие со невидена и срамна леснотија ги отфрлија со што само потврдија уште еднаш дека се под диктат на политиката. Ниту еден правник кој држи до својата професија не би потпишал со име и презиме вакво соопштение до јавноста дека специјалното Обвинителството не се опструира и не се попречува во работата. Ако беше така немаше да се води медиумска и институционална хајка против тимот на Катица Јанева, туку ќе беше силно поддржано. Засега посилна поддршка од овие државни институции има заштитата на криминалот на високите политички ешалони што е најтрагичното сознание.

Специјалното обвинителство објави дека се почнати и нови 15 предистражни постапки за проверки за финансирање на медиумите , злоупотреба на јавните набавки, даночни затајувања , перење пари, разни коруптивни дејствија и злоупотреби на службената положба , финансиски истраги, злоупотреба на постапките кои се однесуваат на градежни работи итн, итн…

Ви реков почитувани читатели дека доаѓа големата бура. Можете да замислите колку денеска се бесни, ама и исплашени некои луѓе. Големата санта мраз која е под водата ќе ја видиме веројатно на наредната конференција за печат на обвинителството, ако дотогаш не биде укинато од попречувачите на правдата.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Групен портрет со Катица

Posted on 11 February 2016 by erizaov

Ambasadori i Katica

Хајката против специјалниот обвинител Катица Јанева влегува во фаза на колективна хистерија на власта и патолошки страв да не експлодира најсилната бомба од прислушуваните разговори што се вика издржан обвинителен акт. Движењето на истрагата кон судска постапка со тешка обвинителна клупа на која седи владиниот и вмровскиот врв, дури и како помисла навистина изгледа застрашувачки, особено ако доказите се несоборливи. „Обвинетите да станат“ е историска реченица и слика која доколку се случи во судница може да отвори нова ера во вкупниот општествен развој и за европската иднина на Македонија. Тоа би била вистинската долгоочекувана пролет за слободоумните луѓе за конечно враќање на демократијата, слободата, владеењето на правото и независноста на медиумите.

Ете затоа малку се 19 кривични пријави против Катица Јанева и јавните обвинители на специјалното обвинителство. Затоа за уплашените правдата е „блага“ и недоволна гебелсовска пропаганда против сите странци и домашни непријатели кои ги прифаќаат европските вредности. Се’ е опасно што доаѓа од Запад, освен пари, кредити, инвестиции, помош и донации. Се’ друго што стигнува од ЕУ и од Америка е непријателски чин, завера, уништување на Македонија и на нејзините граѓани кои живеат прекрасно од лажната телевизиска слика.

Затоа колективниот портрет на странските амбасадори во Македонија со Катица Јанева и соопштенијата на Брисел и Вашингтон, кој се недвосмислени, Извештајот на Прибе, кој е немилосрдно прецизен за причините на длабоката македонска политичка, духовна и културна криза се предмет на застрашување на јавноста без да им се презентира на граѓаните, ниту еден автентичен ред што е тоа што тие го предлагаат како излез од кризата. Затоа се малку и 119 кривични пријави против Јанева, затоа е потребно застрашување на луѓето што работат во Специјалното обвинителство, оневозможување на сведоците да сведочат, компромитирање на обвинителите и вештаците и, конечно, ако е потребно и укинување на Специјалното јавно обвинителство како злогласна антидржавна, антиуставна и антинародна творба на Сорос за разнебитување на Македонија.

Затоа Ванхауте поранешен белгиски пратеник храбар човек, кој на велосипед без обезбедување патува низ Скопје и работи на заеднички проект во договор со партиите и новинарските здруженија за враќање на професионалноста на медиумите и достоинството на новинарството е прогласен за поголем непријател дури и од Катица и веќе се нарекува наци-фашист, наемник и глупак, без да се цитира ниту еден збор што навистина предлага човекот и без да се каже кој од него тоа го побарал. Замислете какво страшно злосторство предлагал овој ем нацист, ем фашист, ем глупак. Конечно дознав дека тој сакал вестите да бидат вести, коментарите да се коментари, анализите да бидат анализи, интервјуата да бидат интервјуа, а дебатите, како и во цел слободен свет да бидат дебати. Е тоа би било многу страшно и збунувачки за граѓаните ако вестите не се коментари, а коментарите не се вести, ако анализите не се лаги и ако интервјуата се навистина слободни разговори, а дебатите расправи на различно мислечки луѓе.

Колку ќе биде страшно ако почне на телевизиите да се слуша што мисли и кажува опозицијата и поинаку мислечките луѓе од власта. Е тоа би било големото злосторство на наци фашистот против безгрешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ кое признава само две вести за големите успеси на власта и големата опасност од домашни и странски непријатели, со цел да се расипе идилата и лажната слика на достигнувањата. Мора да се оцрнат и сите гласноговорници дека се’ уште нема предуслови за слободни и фер избори. Секој што ќе оспори или ќе се посомнева дека не може да се среди избирачкиот список до 24 април, веднаш треба да се анатемиса, да се прогласи за сомнителен, за странски платеник, за нечесен и опасен по стабилноста на државата.

Што мислите како би се однесувала во ваква ситуација чесна влада и чесен премиер, кој е длабоко убеден во својата невиност и во изборната победа, како што јавно вели. Ако е така, прво Катица Јанева би добила се’ што ќе побара да спроведе брза и праведна истрага за најголемото нарушување на човековите права во поновата историја на Македонија. Секое попречување на нејзината работа би било веднаш санкционирано во склад со законот. Јанева би добила се’ што и’ треба за целосна пресметка со организираниот криминал.

Ако премиерот е убеден во својата победа на слободни и фер избори ќе се исполнат сите предуслови за прочистување на избирачкиот список. Датумот на одржување нема да биде пресуден. Целата црна пропаганда и навредите кон Запад и Европа од послушниците веднаш би секнале. Преку ноќ би се градел амбиент на толеранција и дијалог наместо омраза и делби. Новинарството и медиумите би ја добиле најдобрата законска регулатива, а субвенциите за медиуми не би биле коруптивни и тајни во милионски износи, туку би биле транспарентни според установени стандарди и законски одредби на кои ќе имаат подеднакво право сите да конкурираат.

Така би се однесувала власт која е чесна, која не е замешана во големите коруптивни афери и која не е загазена до гуша во организиран криминал. Охрабрувањето на слободните медиуми, на синдикалните движења, на невладиниот и цивилен сектор е знак дека владата има самодоверба и работи според законите. Ослободувањето на институциите на системот, на медиумите, на судството, на ДИК ќе биде главниот сигнал дека владата е подготвена да се соочи со правото и правдата, а потоа да оди на избори. Бележана влада за криминал не може да биде ослободена од одговорност со изборна победа. Невиноста се докажува само пред судови кои не се под контрола.

Очигледно власта во Македонија ни оддалеку не е подготвена за тоа. Ете затоа се потребни црнила, омраза и делби, стотици кривични пријави и застрашувања. Виновниците умираат од страв и се подготвени на се’. Некогаш правдата е бавна, ама достижна.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Јанева непријател број еден

Posted on 13 October 2015 by erizaov

katica

На Денот на востанието 11 Октомври премиерот Никола Груевски тркна до својата Сител Телевизија експресно да го ублажи шокот што го приреди специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Замислете оваа „луда“ жена сакала да ја одработи својата работа според Законот.

По драматичните најави за гостувањето на премиерот во ТВ Дневникот бев убеден дека покрај честитките за празникот и значењето на почетокот на антифашистичката борба и епопеја, кое не се виде во полупразната сала на театарот, Груевски ќе искористи, како и во секоја прилика, да поентира набројувајќи ги големите успеси. Од сето тоа ништо. Груевски не дојде на ТВ Сител да изрази благодарност на жртвите на најголемата и единствена победа во историјата на создавањето на првата македонска држава, туку испаничено да прогласи своја победа на изборите што ќе се одржат по седум месеци и да ги охрабри уплашените соборци кои веќе го наѕираат крајот.

Груевски мораше да ги успокои малку своите симпатизери и поддржувачи ветувајќи сигурна победа на 24 април 2016 година. Зошто таков блиц-криг настап со еден куп хартии пред него како подготовка на очекувани прашања чии одговори ги знаат и малите деца на памет и кои Груевски ги кажува секој ден по трипати како терапија на тешко болни пациенти. Демек итноста на темата е како Груевски вработува илјадници луѓе и колку е загрижен за гласањето на дијаспората на следните избори. Се разбира, брзо стана јасно дека Груевски не отиде на празничен ден во Сител за овие изверглани теми кои патем ги објасни катастрофално лошо, би рекол во најлошо издание досега со една смешна и весела математика. Премиерот пред оставка се обрати до своите најблиски соработници, до партискиот врв и до членството и симпатизерите да ги одмрзне сите што смрзнаа од страв по барањата услови за работа на специјалната обвинителка Катица Јанева и да се закани јавно да внимаваат сите противници на безгрешната власт што прават оти тој ќе победи на изборите, па тешко на поразените.

Лесно се открија мотивите за празничниот настап на Груевски во она што го побарал специјалниот јавен обвинител за да почне со работа многу побргу отколку што се претпоставуваше. Катица Јанева не сакала само канцеларии и неколку стари компјутери како што некој мислел, туку бара прецизно набројани предуслови за непречена професионална работа на над стотина правни и други експерти, вештаци и криминолози, а од нив дури 30 истражители и 30 обвинителски советници и целосна економска независност. Поради ризичната работа Јанева побарала и посебно обезбедување на животот и имотот на 15 обвинители и на сите што ќе учествуваат во големата истрага. За секој потрошен денар јавноста и државните надлежни институции ќе имаат целосен увид и отчет.

Е, ова веќе внесува страв во коски. На секој професионалец и искусен учесник во борбата против организиран криминал му е јасно дека не е можно без овие предуслови да се обезбеди непристрасна истрага, според многу параметри најголема досега во историјата на Македонија. И замислете оркестрираните медиумски напади врз специјалниот обвинител го открија стравот со смешните оптужби дека тоа што го бара Јанева е страшно скапо, дека ќе го оптовари буџетот, дека ни Гадафи, ни легендарниот Фалконе, ни Путин немале толкаво обезбедување. Најголемите расипници наеднаш станаа многу загрижени за народните пари, плачат на глас дека трошоците на специјалното обвинителство од првите три месеци помножени по една година ќе чинеле четири милиони евра и триста други глупости кои се прават во паника кога се виде дека чекор по чекор се демонтираат лагите на оваа власт.

Една друга математика вели дека првите три-четири месеци од работата на специјалниот обвинителски тим и стотината советници и истражители вклучени во истрагата ќе чинат колку две гондоли во панорамското тркало над скопската некропола, или помалку од фамозниот мерцедес скриен во гаражите на Владата, или колку три-четири споменици излеани во леарниците на Фиренца.

Она што беше трагикомично во нападите против обвинителката Јанева е дилетантскиот пристап диригиран до медиумите од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Некој смртно исплашен ги испратил директивите со истите клучни зборови до сите вмровски телевизии и портали. Од вчера според јачината на нападот и изедначувањето на Јанева со Гадафи, таа е прогласена за непријател број еден на врхушката на власта и на ВМРО-ДПМНЕ. На нејзиниот тим од над 100 стручни лица и’ требаат 30 телохранители во текот на 24 часа, а на Груевски му требаат триесет луѓе и пет-шест автомобили, џипови и мотоцикли да го обезбедуваат само кога оди на работа.

Што се однесува до бројките од веселата математика на Груевски за нововработените 19 илјади и кусур луѓе од кои над седум илјади биле вработени од новите странски компании, а над пет илјади со акцијата на Владата за социјално вработување, збунетиот како никогаш досега Груевски не кажа кај се другите седум илјади нововработени од вкупно 19.000.

Кај големата грижа за гласањето на дијаспората, главниот проблем е со демократскиот капацитет на Груевски. Тој тешко може да го разбере темелот на парламентарната демократија, иако гласи многу едноставно: еден човек, еден глас.

На крајот Груевски ги предупреди сите граѓани да внимаваат на лагите, а вистината да ја препознаат само во неговите зборови. Добар е тој пристап за кажување саде вистини и за кај обвинителката Јанева кога ќе биде викнат на сослушување.

(објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: ,

Кој ќе седне на обвинителна клупа

Posted on 02 October 2015 by erizaov

justice statue with sword and scale. cloudy sky in the backgroun

Дали длабоката политичка, економска, морална и духовна криза во која се дави Македонија ќе добие разрешница со неколку значајни судски процеси. Тешко е да се поверува, но треба да се верува. Шанси има.

Сликата од судница на првите страници и на ударните вести, на која се гледа како високи владини функционери простум ја слушаат праведната пресуда, е историскиот миг кој може да ја врати вербата во изградба на современо европско демократско општество. Таквото соочување со законот и со одговорноста ќе ги ослободи заробените институции на системот, ќе почне да функционира правната држава, ќе се врати демократијата на својата патека на слободата. Ќе се намали организираниот криминал и злоупотребата на политиката. Македонија ќе тргне во правилна насока и ќе стаса таму кај што припаѓа. Ќе ја спасиме државата од исчезнување и ќе ги спасиме идните генерации. Звучи прилично оптимистички и утопистички, ама јас сакам да верувам во тоа. Ако не веруваме во тоа нема ни да се случи.

Новинарот во мене е сомничав. Постојано го повторува прашањето може ли еден човек, па макар го имал правото во мал прст и да е неизмерно храбар и чесен да ја спаси Македонија. Дали еден јавен обвинител со специјални овластувања и со посебен закон лекс специјалис и со 14, па и сто помошници, може да се спротивстави на целосно авторитарен систем каде што сите полуги цврсто ги држат луѓето за кои треба да се води посебна истрага. На вакво нешто актуелниот јавен обвинител Марко Зврлевски и неговите соработници јавни обвинители не смееја да помислат, а не да ја спроведат истрагата обвинителствата во кои работат сегашните „специјални“ обвинители. Да, сите овие сознанија изгледаат прилично песимистички и поразително кога ќе погледнете до каде стасуваат контролните механизми на власта. Можеби затоа веднаш излета на јавната сцена логичното прашање: ако има специјални обвинители зошто нема и специјален суд и судии. Чуму ти се обвинители ако нема судови и вистински судии.

Граѓанинот во мене е на спротивната страна и вели: не беа можни ни оставките на најблиските соработници на премиерот Груевски, не беше можен ни специјален обвинител ни посебен закон за истрага на прислушуваните материјали, ама ете и тоа се случи. Сега има обвинител кој влева надеж, има помошници, има тужби, има доказни материјали, истрагата може да почне. Тоа значи дека набргу ќе ги видиме сите учесници чии гласови ги слушавме во големите скандали од бомбите на Зеав како одат во канцелариите на специјалните обвинители и даваат свои искази. Со други зборови ќе бидат сослушувани. Кога обвинетите ќе седнат на обвинителната клупа ќе биде пресудниот момент дали навистина има во земјата капацитет на државност и владеење на правото. Верувам дека мнозинството граѓани, без оглед на својата национална, верска и партиска припадност сонуваат да го видат тој ден кога правдата и правото ќе победат и сите кој се огрешиле од законот ќе сносат санкции. За многу помали престапи и кршења на законите се лежи во затвор. За вакви злодела кои ги слушнавме јавно, ако се докаже дека се точни, казните што ги предвидуваат законите се долгогодишен затвор. Тоа што нема специјални судии и судови го мати паметот, но ако има обвинителен акт со сите потребни докази тешко на тој судија кој нема да суди според законот кој гласи „Закон за јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“. Прочитајте го уште еднаш името на законот, тоа влева надеж дека е можна праведна разврска на кривичните дела кои произлегуваат од содржината на прислушуваните разговори.

Не верувам во приказните кои се шират дека обвинителните акти и пресудите веќе се напишани, дека зад тоа стојат правни и разузнавачки служби на големите сили и дека е само прашање на денот кога ќе бидат изречени казните. Повеќе верувам во тоа дека институциите на ЕУ и на меѓународната заедница и натаму ќе вршат позитивен притисок за праведна и правна разврска со гаранции дека на обвинителите и на судиите и на нивните семејства, на нивните имоти не смее да се врши никаков притисок или закана. Другата работа ќе треба сами да си ја завршиме. Не сакам да верувам ни во тоа дека од сето ова нема да излезе ништо. За такво страхување има многу докази во поблиското и подалечното наше минато. Сите големи афери и скандали кои ги имаа сите предзнаци и сомнежи на организиран криминал и политичка злоупотреба на власта, пречекорување на надлежностите се забошотувале и завршувале без ничија одговорност, или во некои случаи подебелиот крај го извлекувале малите играчи и престапници. Натоварувањето на целата вина на туѓ грб е македонски и балкански специјалитет добро познат кога најмногу страда тој што ќе ги донесе лошите вести. Ме уверуваат искусни правници кои добро ги знаат злоупотребите во судството и притисоците, партиските припадности на судиите и нивните професионални можности дека и во овој случај човекот што ги откри големите бербатлаци на врвот на власта ќе настрада најмногу. Ако навистина се случи тоа на обвинителна клупа да седнат само тие што ја обелоденија македонската трагедија и арамилак, тогаш, оваа надеж со специјални обвинители и закони ќе биде само дел од забрзување на процесите кои се во тек за исчезнувањето на Македонија и потврда дека поделбата на државата станува дел од решението на проблемот. Тоа се потврдува со незрелост и неодговорно владеење, со недостигот на државност и морална одговорност, со блокирање на институциите на системот, со злоупотребата на судството и анулирање на правната држава и со неможноста да се стави власта под контрола, со суспендирањето на парламентарната демократија и со претворање на Собранието во кабинет на Владата. Игнорирањето на уставноста на законите и комотно носење на противуставни одлуки на владата, непочитувањето на конститутивниот закон на државата и загрозеноста на демократијата можат лесно во Македонија да поттикнат на делби и конфликти бидејќи кризата ќе стане нерешлива. Во таков амбиент лесно се разгоруваат и меѓуетничките и национални и верски и социјални судири.

Затоа покрај позитивниот притисок на меѓународниот фактор за правно и праведно разрешување на политичката криза и големите коруптивни афери неопходен е уште посилен притисок на домашната јавност за да дојде до праведна судска разврска на која јавноста ќе и’ верува. Затоа главните носители на овој историски процес за спасување на Македонија не треба да биде само специјалниот јавен обвинител Катица Јанева и нејзините помошници, туку пред си’ тоа е Судот, македонската јавност која е веќе уморна од долгата и мачна транзиција, чиј досегашен резултат е зголемување на бројот на сиромашни и на бедни граѓани и зголемување на богатството на мал број луѓе. Притисокот на јавноста го гледам во создавање на амбиент за непречено работење на обвинителите и судовите и отстранување на сите пречки на тој пат. Никој не смее да се осмели да ја попречува истрагата на кој било начин.

Историјата е полна со примери кога мали непознати луѓе од внатрешноста на земјата стасуваат незабележано во главниот град и одигруваат историска улога, прераснуваат во големи и значајни личности, херои кои татковината ги препознава и слави.

Катица Јанева нашиот специјален обвинител и македонска надеж со своите 14 помошници е на историскиот крстопат дали ќе бидат петнаесет величествени, или петнаесет жигосани кои ќе станат само уште еден тажен доказ дека метастазите во македонското општество се раширени од главата до петиците на болниот организам. Хируршкиот зафат мора да биде радикален ако навистина има храброст и подготвеност да се бориме за поздрава и подобра иднина на два милиони луѓе. Обвинителката Катица Јанева вели дека е храбра и дека не се плаши. Ако е таа подготвена за историскиот чин зошто би страхувале стотици илјади чесни граѓани. Да им помогнеме на обвинителите и судиите создавајќи атмосфера дека правдата и правото мора да победат и дека сите мораме да бидеме исти пред законот.

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

July 2017
M T W T F S S
« Jun    
 12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31