Tag Archive | "избори 2016"

Tags:

Каква влада ни треба

Posted on 29 December 2016 by erizaov

 

eu-mkДали завршува времето на апсолутни победници на изборите во стилот кој победува добива се’. Велат, таков бил изборниот систем. Да, математичката формула е таква, но гласањето на последните избори покажува дека во политиката има и други равенки со една, со две, со три непознати… чиј збир може да биде многу поголем од онаа што се чини на прв поглед како најголема бројка, па така егзактната наука и правилната политика со почитување на мнозинската граѓанска поддршка велат дека 49 +Х +Y +Z е рамно на нова влада.

Деновиве оваа математика која се учи во осмолетките им задава голема главоболка на тие што сакаат со 51+0 = апсолутна власт без контрола и одговорност. Задачата е лесно решлива ако во бројките препознавате демократија, слобода, владеење на правото, независни судови и медиуми, целосно ослободување на „заробената држава“ и уривање на режимот, поделба на власта според Уставот. Или ако во бројките гледате и праведна судска разврска за кривични дела кои произлегуваат од најголемото нарушување на човековите права и слободи во Македонија по Втората светска војна со повеќегодишно држење под надзор и следење на комуникациите на над 20.00 граѓани и јавни личности. И се разбира ако равенката ви значи воспоставување на општествено-политички систем кој цврсто се потпира на законите во борба против организираниот криминал и корупција и на определбите за остварување на стратегиските приоритети на државата со прифаќање на европските вредности на живеење и работење што се вели за европеизација на Македонија и нејзино членство во големите светски воени и економски сојузи ЕУ и НАТО, тогаш тоа не е само математика.

Тоа се историски закономерности. Нивното непочитување и наметнување на нови четири години, 11+4 = 15 или деценија и пол на груевизам, лет во место и примитивен популизам, пропагандна агресија, страховлада и селективна правда би бил нов инцидент на историјата и пат кон исчезнување на државата, што и во поновата историја се случува кога снемува многу поголеми и помоќни земји, па и регионални и светски велесили. Нешто на што бевме непосредни сведоци. Распадот и делбите се случуваат многу почесто отколку што се претпоставува. Тоа треба да се има постојано на ум.

Значи, равенката е каква влада сакаме, или кажано попрецизно каква влада ни треба да излеземе од пештерата поголема од онаа на Матка, спелеолозите велат меѓу најдлабоките во светот. Изборите не дадоа апсолутен победник да прави што сака, туку решението е во заедничкиот збир за изградба на слободна и граѓанска држава во која неминовно со евроатланските интеграции ќе се воспостават повисоките стандарди на демократија и на правна држава кои сега во коалициски и популистички натегања и условувања се најризични да не се испушти последната шанса Македонија да почне да се движи во правилна насока. Треба многу мудрост и знаење, демократски капацитет, толеранција, подготвеност на компромиси и државнички дострели, да се биде во влада и во парламент, да се управува со држава во ваков однос на силите. Ако определбите се искрени и одлуките праведни и храбри, поголемиот дел од јавноста тоа брзо ќе го препознае. Ваквите историски периоди исфрлаат на јавната сцена политички лидери и државници кои успеваат да ги најдат вистинските решенија за просперитет на државата и за подобар живот на граѓаните. Граѓаните на Македонија деновиве се во очекување на трговијата со нивните гласови дали ќе тргнат по европскиот пат на демократија и развој или ќе останат и натаму изолирани и заробени во балканската крчма.

Последна шанса да направи барем еден потег во интерес на демократијата има и поранешниот професор на правниот факултет Ѓорге Иванов, кој веќе осум години е најпартискиот претседател на Република Македонија. Неговата улога може да биде пресудна за одбегнување на евентуалните тензии кои произлегоа од видените срамни закани дека владејачката партија не признава ниту еден друг резултат освен победа, таа ароганција може да прерасне во насилие и конфликти ако ВМРО-ДПМНЕ и Груевски не признаваат ниту една друга коалиција и влада во која таа не е главна и го нема престолот. Тоа претседателот Ѓорге Иванов е должен да го спречи ако го почитува Уставот, да го даде мандатот за состав на владата на партиите кои ќе приложат докази дека имаат 61 пратеник, односно мнозинство во парламентот. Давањето мандат на политичка партија која нема обезбедено мнозинство во парламентот може да предизвика одолжување на постапките и нови огнови и огнени националистички говори пред барокниот дворец на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје. Грди постизборни слики од темниот вилает кои го обиколија светот. Тешко е да се надеваме дека се и последни, освен ако претседателот Иванов не се сети дека нема трет мандат.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Ќе формира ли Прибе влада

Posted on 27 December 2016 by erizaov

pribe

Изборите во Македонија не означија крај на кризата. А дали ќе биде почеток на излезот од кризата ќе зависи од тоа дали ќе формираат влада тие што ветија големи промени.

И во Теарце на прегласувањето на изборите се потврди крајниот резултат, но и пораките на граѓаните. Опозицијата освои 245, а владејачката партија 149 гласа. Тоа не е доволно да се изедначи бројот на мандатите на 50 спрема 50. Очекувано и овој пат ВМРО-ДПМНЕ извојува победа, бидејќи 149-те нејзини гласови се чисто македонски и вредат дупло, а 245-те на СДСМ се поприлично немакедонски и не вредат ништо. Останува истиот сооднос на пратеничките места 51: 49, се разбира, најмногу и поради тие што не гласаа. Формулата е таква, тие што не гласале исто како да гласале за ВМРО-ДПМНЕ и за Груевски. Штета што ВМРО-ДПМНЕ не ги признава резултатите од прегласувањето, ќе можеше уште еднаш да организира прослава на втората триумфална победа и во Теарце.

Гласањето во Теарце не го смени крајниот резултат, но најверојатно ќе смени многу во главите на партиските лидери кои освоија и повеќе, но и тие што освоија помалку фотелји во парламентот отколку што очекуваа. И тие што се казнети за своите досегашни политики со помалку пратеници и тие што за првпат добија доверба да учествуваат во работата на парламентот имаат многу значајни позиции во составувањето на новата влада. Сите добро знаат што очекуваат граѓаните од нив. Премногу е кусо времето за да заборават на која платформа ја добија поддршката на своите избирачи, но и зошто изгубија повеќе пратенички места.

Ако ги почитуваат пораките на своите гласачи и нивните надежи и мотиви зошто им се дадени мандатите, тогаш, може да се каже со сигурност дека Рајнхард Прибе, германскиот искусен политичар, ќе формира влада во Македонија. Се разбира, ова не е само симболична порака бидејќи извештајот на тимот експерти на Рајнхард Прибе направен пролетта 2015 година за излез од кризата во Македонија ги содржи сите дијагнози и неопходните хируршки прецизни операции кои треба да се завршат од новата влада за Македонија да се врати на патот на демократијата, на развојот и на евроатланските интеграции. Со други зборови, тоа е најточниот патоказ како да се стаса до современа парламентарна демократска европска држава со која управува контролирана власта и каде што функционираат сите институции на системот. Досега ниту една партија, ниту еден релевантен политички лидер, ниту пак аналитичар, домашен или странски, државник или експерт, па дури и најапологетските новинари не ги оспорија јавно излезните решенија од кризата содржани во препораките на Прибе. И денес, по повеќе од година и пол како се соопштени и на јавноста и на најодговорните политичари од власта и од опозицијата состојбите во државата се еднакво актуелни како да се пишувани во овој момент.

За жал, за целиот тој период од година и пол не се реализирани најголемиот и најсуштинскиот дел од препораките на Прибе за излез од кризата. Изборите во Македонија не означуваат крај на кризата, но определбата на граѓаните јасно покажува дека е можен почеток на излезот од кризата ако се земат предвид научните и искуствени препораки на Прибе. На новата влада која треба да ги спроведе во живот определбите на граѓаните ќе и’ треба голем демократски капацитет, мудрост и храброст. Но како и се’ друго во Македонија и ова може да се претвори во несовладлива тешкотија ако главната тема за иднината на државата се замени со нашите омилени расправи за збудалување на граѓаните, а тоа се бесконечните контри и реконтри за албанско македонските давања и зимања, еднојазични и двојазични глупости од кои не може да се живее, ама може да се владее неограничено долго, за федерализации, кантонизации на територија колку што има еден просечен американски фармер, или колку што е голем некој ранч. Ако и натаму преовладува омразата, инатот и ароганцијата да се врзе коњот кај што ќе каже газдата, па дури иако таму не расте трева, ако продолжи валканата популистичка доктрина и пропаганда да јадеме и корења, ама не го распродаваме достоинството иако тие што проповедаат јадење корења никогаш тоа не го пробале и никогаш немале грам достоинство, тогаш кризата ќе влезе во нова предизборна фаза која прашање е дали ќе заврши и со нови избори на пролет бидејќи и натаму општествено-политичкиот систем останува дефектен.

А, што тоа прелагаше Рајнхард Прибе на цели 30 страници. Еве само едно телеграфско резиме со надеж дека идните курдисувачи на новата влада ќе го отворат документот на кој никогаш не ставија ниту една забелешка. Значи, главната препорака е прифаќање на европските вредности и стандарди во земјата кандидат за членство во ЕУ. Парламентарна демократија, поделбата на власта, владеење на правото еднакво за сите граѓани, непречено функционирање на Специјалното обвинителство, функционирање на сите институции на системот, независно судство, и слободно новинарство, Охридскиот договор… Практично станува збор за отстранување на сите системски недостатоци. Во деновите на интензивни коалициони преговори најважно е тие што ги препознаваат стратегиските приоритети и интереси на државата на преговарачката маса за состав на идната влада да ги стават дијагнозите и лековите на Рајнхард Прибе и неговиот тим.

Доколку тоа се случи, може да се очекува уште една историско „НЕ“ на Груевски, а тоа е секоја коалиција за состав на владата без ВМРО-ДПМНЕ и без тој да е на премиерската функција да НЕ биде признаена.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Се буди ли судството

Posted on 22 December 2016 by erizaov

upraven

Една ластовичка не ја прави пролетта, ама по неа секогаш доаѓаат големите јата. Може ли пресудите на Управниот суд во врска со тужбите по одлуките на Државната изборна комисија да се сметаат за први знаци за почеток на владеење на правото кога се во прашање највисоките актуелни државни функционери кои се огрешиле од законите. Ластовичката навистина слета првиот ден од зимата, а големите јата се очекуваат дури напролет кога ќе се затопли и судството ќе биде одмрзнато и ослободено од стегите на режимот.

Постојат реални изгледи Македонија да тргне по патот на правна држава во која законите ќе важат подеднакво за сите, ако не во идеални пропорции, барем на едно високо и прифатливо ниво на пристојна европска парламентарна демократија и правна држава. Тоа ќе биде тежок и долг процес бидејќи правниот систем во земјата е целосно партизиран почнувајќи од највисокиот законодавен дом парламентот, па до сите судски инстанции, вклучувајќи ги универзитетите и правните факултети, aкадемиите за подготовка на идните судии и обвинители, па се’ до Уставниот суд и судии – се’ е под строга партиска контрола. Изграден е дефектен општествен и политички систем, поточно кажано режим, спротивно на Уставот и на законите кои гарантираат контрола и поделба на власта и владеење на правото еднакво за сите граѓани.

Врвот на актуелните власти никогаш не се соочил со правдата и правната држава и кога брутално се кршат законите. Овие моќници премногу долго биле недопирливи и заштитени дури и со закони како животински видови на изумирање. Тоа стана толку вообичаено што во Македонија веќе се смета за нормално дека носителите на највисоките политички функции можат слободно без да одговараат да ги кршат законите и да ги контролираат најчувствителните институции на системот, како што се судството и медиумите, два столба кои се сметаат за најзначајни за заштита на човековите права и слободи и почитување на законитоста. Последен пример, заканите на Никола Тодоров јавно искажани до Управниот суд се кривично дело според повеќе членови на кривичниот законик, види во Сл. весник 37/96 чл. 180, 181, 377, 386, 387, 392. Во систем каде што владее правото ова не може да остане неказнето.

Управниот суд со своите пресуди по тужбите на политичките партии кои се во врска со една од најважните работи во демократските и правните општества, а тоа се заштита од нерегуларност на слободните и кредибилни избори заедно со Специјалното обвинителство кое веќе поведе повеќе обвинителни акти пред Кривичниот суд кои арогантно се попречуваат, вклучувајќи и повеќе судии кои се’ погласно и јавно сведочат за притисоците што се вршат врз нив го отвораат патот кон владеење на правото и реафирмирање на правната држава. При евентуална промена на власта тие процеси можат значително да се забрзаат.

Управниот суд веќе со пресудите за исправање на неправдите од незаконската лустрација покажа дека во Македонија не треба да се губат надежите за судска правда дури и кога е евидентен притисокот врз судиите од страна на највисоките врвови на власта.

Пресудите на Управниот суд во врска со тужбите на овластените претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ треба да се читаат многу внимателно и да се сведат на разбирлив јазик за пошироката јавност за да се види зошто се уважува тужбата на СДСМ, и се преиначува решението на ДИК, се поништува гласањето на гласачкото место бр. 2011 во општина Теарце за изборната единица број 6. И зошто се уважува тужбата на ВМРО-ДПМНЕ и се преиначува решението на ДИК со конечна одлука за приговорот на политичката партија Движење Беса за постапката на гласање на гласачкото место број 0396/1 во Гостивар – изборна единица број 6 се отфрла како неуреден.

Двата случаи можат да се изучуваат на факултетите како примери на разликата меѓу правото и правдата. Во првиот случај се работи за суштински повреди на Изборниот законик кога недостига образец 15, со доказ дека гласачкото ливче со сериски број 1534020 било откинато со перфорираниот дел од кочанот и дека избирачкиот одбор за оваа состојба ја известил општинската изборна комисија која дошла на избирачкото место 2011. Внесува забуна што за овој настан не бил составен записник, но пресуден е фактот дека бил евидентиран во дневникот за евиденција на настани поради што и Управниот суд оцени дека се направени суштествени повреди на Изборниот законик, односно недозволиво е во доверливиот изборен материјал да недостига записник кој преставува доказ од кој единствено може да се утврди во каква состојба бил изборниот материјал пред почетокот на гласање на избирачкото место 2011. Тоа е правниот јазик, а кажано со обични зборови, ова е класичен случај на гласање со таканаречениот „бугарски воз“ кога се откинува гласачко ливче со перфорираниот дел од кочанот.

Во вториот случај се работи за неопитност на партијата Беса, која првпат учествува на избори. Нивниот приговор се отфрла како неуреден бидејќи приговорот не содржи потпис од подносителот, што е спротивно на Изборниот законик. Е, тоа е правото кое мора да се почитува, а правдата во овој случај е кристално јасна, не може никој да гласа за друг како што е случајот во спорното гласачко место во Гостивар што е докажано и евидентно. Направен е сериозен прекршок што е оневозможено правото на глас и наместо гласачот во негово име гласа некој друг. Затоа и искусната ВМРО- ДПМНЕ и нејзиниот претставник не тужеа за суштината на прекршокот, туку за формално правните процедури кои мора да се почитуваат и се составен дел на Изборниот законик.

За граѓаните кои не се правници, а ја сакаат правдата неопходно е добро да се разјаснат правните лавиринти и нивните права во целиот избирачки процес, но уште поважно е што се наѕира будењето на судството со пресудите кои ги засегаат и недопирливите. Затоа се силни и нивните врисоци деновиве.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Груевски стана гневен

Posted on 15 December 2016 by erizaov

gruevski-gneven

Никола Груевски, многу трпеливиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, навистина се разгневи и разбесни и почне да нарачува протести пред Државната изборна комисија. Убаво не’ опомена да молчиме Влатко Ѓорчев, вмровскиот сокол чии поткастрени канџи повторно пораснаа откако дејствува најсреќен во депресивниот изборен генералштаб на револуционерната партија. Ѓорчев предупреди дека трпеливиот човек може да стане гневен ако се украде големата изборна победа од два пратеника повеќе. Не си го дорече зборот, кога еве силен притисок пред ДИК да не презема ништо оти сите ќе бидат линчувани од народот на Груевски.

Ѓорчев заборави да им каже на граѓаните дали мисли дека е кражба ако се усвојат жалбите на политичките партии за изборни нерегуларности, или пак мисли дека би било кражба ако наместо ВМРО-ДПМНЕ, политичките партии кои се против режимот и кои не се задоволни од досегашното партнерство во владата направат коалиција која овозможува законско конституирање на новата влада со нов премиер, токму на платформата на слободата и владеење на правото и враќање на парламентарната демократија и на европскиот пат на Македонија. Или, пак, Ѓорчев мисли дека се’ е кражба ако ВМРО-ДПМНЕ не формира влада и Груевски не е повторно премиер.

Трпеливоста на Никола Груевски подолго време е изложена божемски на жестоки критики од неколку вмровски новинарски перјаници кои го карактеризираат својот идол како многу попустлив и неприфатливо толерантен и компромисен кон непријателите и предавниците. Одамна му префрлаат дека не е решителен да расчисти со странските платеници и шпиони на ЦИА кои се американски и бриселски инсталации во Македонија, багра која ја кодоши на секој чекор својата татковина, јавно зборуваат и пишуваат против мудрата, реформска и незаменлива власт која има широка поддршка безмалку кај целиот народ.

Сите анкети укажуваа на огромната популарност на водачот кој е трипати посакан од сите опозициски лидери заедно. Партијата ВМРО-ДПМНЕ на сите анкети и истражувања на јавното мислење од еминентни агенции и партиски институти, секогаш водеше три спрема еден. По сета таа силна поддршка, полтроните на Груевски преправени во критичари му забележуваа дека тоа му наложува обврска да расчисти безмилосно со предавниците. Деновиве нешто не ги слушам големите истражувачи да кажат како тоа три спрема еден стана еден спрема еден. Онемеа поради срамот од своите нарачани процени. А и подобро е што молчат, ваков резил и непрофесионалност тешко може да се оправда со што било.

Груевски е „напаѓан“ од неговите најверни следбеници и поддржувачи дека е неодлучен во ликвидацијата на Специјалното јавно обвинителство, кое се покажува како најголема опасност за дестабилизација на државата и обезглавување на власта. Дозволи паралелен судски систем во Македонија да гони божем организиран криминал, мафијаши и корумпирани високи ешалони на власта, а всушност се работи за американско-опозициска платформа за уривање на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Сето тоа Груевски го голтал спокојно со голема верба дека и тој и неговиот народ ќе бидат трпеливи до 11 декември кога ќе уследи казната за ова двегодишно малтретирање и измачување. Казната се ветуваше дека ќе биде голема и уривачите на Македонија ќе доживеат катастрофален пораз по што требаше да настапи крај на кризата. Што мислите дали затоа беше големата трпеливост и толерантност на Груевски до таа мера да биде послушен кон барањата на опозицијата и немоќен пред притисокот на меѓународната заедница да се формира Специјално обвинителство за гонење кривични дела кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори и до таму без ниту еден збор да ги смени своите најблиски соработници и самиот да си поднесе оставка од функцијата премиер и да го потпише пржинскиот договор. Дали ова трпение спасение не произлегува од фактот што Груевски знаел дека реалната слика е многу поинаква од неговата популистичка реална програма, знаел дека не е ни толку популарен ни омилен како што го прикажуваат анкетите и слават дворјаните, знаел дека работите не стојат на пазарот како што пишува во нарачаните анкети, знаел колкава е вината на злосторничкото здружение, знаел која е вистината од прислушуваните разговори, па морал да биде барем навидум толерантен и трпелив.

И како што ми пишува еден од читателите, резултатот од изборите е најдобро искажан со мислата: „ВМРО-ДПМНЕ извојува пораз, а СДСМ претрпе победа“. Мислам дека ова е најточната дефиниција на изборните резултати што им дава на двете партии и нивните многубројни партнери да прават мали, големи, тесни и широки коалиции какви сакаат и врз кои платформи сакаат, се разбира, водејќи сметка за расположението на гласачите кои дознаа дека режимот може да се урне и со избори. За жал, нема ниту една варијанта за конституирање стабилна влада. Со ваков изборен резултат и со вакви меѓусебни закрвени партиски односи постои само една можност која го отвора патот за излез од кризата во период од три до четири месеци. А, тоа е поширока привремена коалиција на политички партии кои имаат исти определби во своите изборни програми, а тоа се промени за враќање на демократијата, заштита на човековите права и слободи, контрола на власта, владеењето на правото, слободни и независни медиуми, борба против криминалот и корупцијата и непречена работа на Специјалното обвинителство. За остварување на овие цели не е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. Решителноста во остварување на овие цели и попречувањето на реализацијата на овие стратегиски определби заеднички на повеќе политички партии ќе ги одреди многу појасно резултатите на неминовните предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори напролет.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Народот одлучи, бара промени

Posted on 14 December 2016 by erizaov

 

promeni1

Големиот триумф на ВМРО-ДПМНЕ со десеттата победа и освоени 63 пратенички места колку што си нарача лидерот Никола Груевски од својот народ ја расипаа шиптарите. Му дадоа на Зоран Заев албански гласови, ама не доволно да ја поалбанчи и да ја редефинира Македонија, да ја федерализира, да мораме да учиме сите албански и во Струмица, и во Кочани, и во Виница, и во Прилеп, и во Велес, и во Кривогаштани, и во Прдејци, и во Горно и во Долно Дупени, сегде низ Македонија. Се спасивме за малку, за едно влакно, со иле и со многу наши пари извојувана е тешка победа, што е сосема оправдано, инаку Заев заедно со домашните и странските предавници во спрега со Албанците ќе направеа од државата кантонална Швајцарија на Балканите. Катастрофа.

Но, имало среќа во несреќа. Тоа што не им тргна од рака на сите албански лидери во Македонија да го поништат Охридскиот договор и да ја урнат унитарноста на Македонија ќе го направеше изродот македонски шиптароспасителот како што го нарекуваат Зоран Заев следбениците на Ќосето. Или селанчето од Струмица како што го викаат салонските политичари во СДСМ. Добро е што вака се заврши кризата со 51 пратенички места за патриотите и стабилна унитарна, неделива Македонија, наспроти само 49 столчиња во Собранието за непријателите што сакаат да ни ја растурат државата. Со две сандалии, или ако сакате пратенички фотелји, Македонија е спасена да си биде иста каква што беше изминатите десет години. Има уште луѓе што веруваат во тоа.

Е, сега почнува смешната страна на делбата на власта, а тие што веруваат во предизборни лаги пак мислат дека тоа е многу тажно. Зависи кој од која страна гледа, ептен е смешно, или тажно како ќе направат стабилна и цврста влада Албанците кои се за федерализација, кантонизација и против унитарноста на државата со патриотите кои сега ја куртулија Македонија од шиптароспасители и од Албанци националисти. Се разбира, ептен лесно, како и досега не би требало да има никаков проблем Ахмети и Груевски старите партнери од 2008 година наваму да седнат на заедничка маса и да се договорат за поделба на пленот. Ахмети со своите десет и Груевски со своите 51 столче, ќе направат 61, ќе го викнат ако треба Тачи ете ти 63 места, колку што си побара Груевски. Може ќе сакаат да влезат во власта и Зијадин Села од Беса и Гзим Острени од Алијансата и еве ти цели 70 места во Собранието и се’ да си биде како и досега. Чирибу, чириба нема веќе ни криза, ни редефинирање на државата, ни двојазичност, ни Специјално обвинителство, ни владеење на правото, ни правна држава, ни слободно новинарство, ни пречки на патот кон убави провизии и чесни тендери на кои секогаш победуваат нашите… Ама домашниот есап не излегува на пазар, а и Али Ахмети веќе не е истиот што го голташе секое паѓање и негово лично и на партијата на сметка на стабилноста на фотелјата на Груевски и на владата. Му треба на Ахмети уште една коалиција со Груевски и уште едно подголтнување на изборните резултати и дефинитивно да ја погреба ДУИ, а со партијата и себеси. Ахмети знае ама кој знае зошто се прави слеп при очи дека не гледа оти албанските гласови веќе не се добиваат како вмровските со приказните за двојазичност и со тоа што го имаат стекнато веќе одамна и со апстрактни кантонизации и федерализации, туку се директно против тврдиот режим на Груевски и криминалната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните партнери во власта и против ограничувањето на правата и слободите на граѓаните, против криминалот и корупцијата, против узурпацијата и злоупотребата на власта, против попречување на Специјалното обвинителство во гонење на организираниот криминал.

Најсмешната, или ако сакате најтажната работа е кога Груевски и ВМРО-ДПМНЕ прават коалиции со албанските партии тоа е добро за Македонија и нејзиното здравје, а кога СДСМ прави коалиција со истите албански партии тоа е опасно оти отиде државата во пармпарчиња.

Бројката од 613.000 луѓе кои се за смена на власта е најважната определба на мнозинството граѓани на Македонија. Толку на број се гласовите на сите политички партии кои учествуваа на изборите со платформата дека се против режимот на Груевски. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ која доби 454.253 гласа, или ако Али Ахмети и натаму подголтнува кнедли за стабилноста на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски, тогаш, заедно сосе неговите 86.848 имаат вкупно 541.101 гласови што е за 71.899 гласа помалку од граѓаните кои бараат промени и демократизација на Македонија, кои бараат пресметка со криминалот, ослободување на институциите на системот и на медиумите, подобар и поквалитетен живот и прифаќање на европските вредности и стандарди што подразбира членство во ЕУ и во НАТО.

Кризата не исчезнува, туку останува во уште поостра форма ако не се почитува определбата на 613.000 граѓани кои гласаа за промени. Ако се има предвид дека од излезените на избори 1.191.521 луѓе 613.000 се околу 53 отсто од вкупниот број кои гласале за промени, тогаш, пазарџиите на коалиции за состав на новата владата која во секој случај ќе биде преодна најдолго до локалните избори кои ќе се одржат за три месеци ќе почувствуваат што значи отфрлање на определбата на мнозинството. Граѓаните на Македонија веќе научија дека може да се урне режимот и на избори. Ако тоа не го направат сегашните актери на кои им е даден мандат да ја завршат таа работа со коалиции, ќе станат многу бргу жртви на измамените гласачи на новите предвремени избори кога казната ќе биде далеку поголема од онаа на 11 декември.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

Ќе паднат ли криминалците

Posted on 06 December 2016 by erizaov

vmro-kriminalci

„Ова нема да бидат избори на кои ќе избираме помеѓу различни партии, туку избори против криминалците“. Оваа порака ја испраќа до граѓаните Џилијан Миловановиќ, поранешен американски амбасадор во Македонија, цитирајќи, како што вели, еден чесен новинар. Оваа, како и многу слични пораки што доаѓаат и од дома и од светот, како некни и на шведскиот амбасадор Матс Стефансон, дека изборите ќе бидат најважни во историјата на Македонија и дека кризата е само наш домашен производ се исклучително значајни и голем сигнал и поттик за слободољубивата и демократска јавност да се пресмета конечно со носителите на корумпираниот режим и со тие што ја попречуваат правдата на очиглед на сите граѓани. Тие што бегаат од судската правда треба да бидат казнети од судот на јавноста. Се разбира, ако изборите бидат слободни и веродостојни.

Пораката на амбасадорката Миловановиќ ме потсети на една стара многу поучна игра која чинам сите ја знаат во Македонија, ама поради брзото губење на помнењето, често сме жртви на измами. Погодувате, тоа е поучната игра за цел живот и се вика јадец. Само што ги чув правилата како дете, се обложивме и ги скршивме ковчињата, татко ми авторитетно ми ги даде да ги фрлам во чинијата за коски. Го послушав, а тој триумфално извика јадец. За една секунда бев надитрен. Веднаш се побунив дека не е во ред, дека не може јас да бидам послушен, а тој мене јадец. Потоа следуваше вистинската лекција: кога некој ќе те излаже еднаш, не си само ти виновен, повеќе е крив лажгото. Но кога ќе те излаже по вторпат истиот човек или по трет пат, а ти забораваш да кажеш знам за јадец, тогаш вината е кај тебе.

Предизборните и поизборните лаги се константа сиве овие 25 години на повеќепартиски систем и, што се однесува до мене, ми изгледаа како составен дел и неизлечива краста на изборниот процес, повеќе или помалку вообичаена во многу подемократски земји во светот. Не ја измисливме ние поговорката дека најмногу се лаже пред избори и по лов. Но пред овие избори, за кои нема двоумење дека се најзначајни во 25-годишната историја на независна Македонија, повеќепати ми дојде на ум приказната за јадец, додека ги слушам стравотно големите и најподли лаги и измами што досега се случиле во предизборието на митинзите и преку пропагандните пораки, а најотровни на вестите на заробените медиуми и социјалните мрежи. Демек отиде Македонија, ќе се поалбанчи, ќе се федерализира, редефинира, кантонизира… ако ја изгубат власта вечните партнери Груевски и Ахмети. По глупава ујдурма немам слушнато само да се избегне соочувањето со правдата.

И порано имаше црни кампањи со клевети и лаги, со подметнувања и инсценирање на меѓуетнички конфликти и опасности. Пироманите изигруваа пожарникари кои не’ спасуваат од националистички пожари кои самите ги палат. Меѓутоа, до 2006 година граѓаните, поточно избирачите, знаеја што е јадец и редовно ги казнуваа лажачите на секои наредни избори. Така, иако многу бавно, често и со застои, се оформуваше плуралниот демократски амбиент и со два чекора напред, еден назад, сепак одевме во правилна насока. Брзо стана јасно дека нема влада без коалициони партнери, нема апсолутна власт, дека следува казна на изборите за лошото владеење, за корупција и за криминал. Се појавија значајни средни и помали политички партии: либерали, демократи , ДА , Зелените, неколку леви и десни партии, македонски и албански, кои веќе имаа силни позиции да бидат јазиче на вагата при составување на владата и во поделба на власта. Имаше многу причини да не бидеме задоволни од бавниот напредок, но најголемиот дел од политичките предуслови за кандидат и за преговори за членство во ЕУ и во НАТО Македонија ги исполни. Во медиумските слободи и независност бевме на високо 34. место во светот, а сега сме таму некаде на дното, на 134. место. Македонија ги имаше стекнато и симпатиите на најголемиот број угледни и влијателни светски медиуми, особено поради наметнатиот спор од страна на Грција за промена на уставното име на државата. Во тој период сите големи светски велесили и над 130 држави ја признаа Македонија под уставното име, а кандидатурата и определбата на над 80 отсто на граѓаните за исполнување на сите критериуми за влез во европското семејство беше гаранција дека бргу ќе се потрошат грчките уцени и црвени линии.

Но од 2006 година, по доаѓањето на власт на Никола Груевски и една поинаква ВМРО ДПМНЕ, која прва ги смени дотогашните предизборни стандарди и наметна силен предизборен пресинг цели десет години со арогантна политика на застрашувања, апсења, затварање на медиуми и новинари, на интервенција на политиката во науката, непотребни провокации со изградба на скапи споменици на антички јунаци и потрага по нов идентитет, фалсификување на познати објекти и згради во Скопје и нивно безобѕирно преправање во лажен барок и рококо, процут на невиден криминал и корупција, сомнителни и нерегуларни избори… типични придружни појави на тираниите и режимите, Македонија од година во година назадуваше за да стаса од лидер на последно место на Балканот. Кога требаше решително да се каже знам за јадец и кога пукна пред целата јавност најголемата брука и срам за една држава, за една власт и за еден народ дека сите институции на системот се под директна контрола на група луѓе кои со години ги држат под надзор над 20.000 јавни личности и го следат секој нивни збор, тогаш веќе играта со знам за јадец стана скршена детска играчка. Победите се редеа на секои избори со доктрината ВМРО во МВР и со печатење лични карти и увоз на гласачи од странство. Целиот напредок и развој на Македонија е запрен. Сиромаштијата и бедата никогаш не биле поголеми, а европските стандарди на живот никогаш не биле подалеку и понеостварливи. Во еден таков дебакл на лошо владеење се применува најжестоката и највалкана пропагандна војна за опстанок на власта, која во изборите гледа единствен излез како да ја попречи правдата и судската разврска.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Историски промени

Posted on 01 December 2016 by erizaov

4-innovative-student-projects-that-could-change-the-world-64aa2a20ce

Ако се одржат слободни и масовни избори, изгледни се шансите граѓаните на Македонија да се определат за најголемите промени по прогласување на независноста на државата. Историскиот чин нема да биде само во падот на власта, која повеќе од една деценија владее авторитарно и без никаква контрола. Најголемата придобивка од поразот на режимот ќе биде воспоставувањето демократска и правна држава и слободно граѓанско општество, друг избор нема, а и да има – тоа нема да биде волја на народот.

Длабоко сум убеден дека опозицијата ако победи, овие ветувања ќе ги исполни не само затоа што ќе дојава на тој коњ. Демократијата, човековите права и слободи, владеење на правото, ослободувањето на заробените институции, медиумската независност, одлучната пресметка со криминалот и корупцијата во врвовите на власта и моќта, враќање на украдените богатства и добра, реафирмација на уставната поделба на власта се суштината на сојузот меѓу мнозинството граѓани од различна политичка, идеолошка и национална припадност со опозицијата. Мнозинството ги препозна храбрите луѓе, јавни личности и политички лидери кои се подготвени да се борат и да се жртвуваат за овие големи историски идеали кои власта ги поклопи цела деценија со страховлада, корупција и криминал.

Има повеќе причини зошто мислам дека овие предуслови за изградба на едно современо демократско општество ќе бидат исполнети и дека не е можно отстапување од фундаменталните определби за подобра иднина на Македонија. Прво на тој голем бран на слободоумната и слободољубива јавност јава опозицијата. Таа сама, со сите коалициски партнери заедно, без широка граѓанска поддршка, не е доволна да го урне режимот. Затоа победата нема да биде партиска туку општограѓанска. Изневерувањето на тие големи надежи макар и за еден милиметар, и најмалото разводнување на очекуваните и најавени револуционерни и историски промени ќе биде моментална политичка смрт и на новата власт и на државата. Тоа би биле најголемите разочарувања на патот во создавањето на европско општество и европеизација на Македонија. Тоа не би значело ништо друго освен самоубиствено уривање на иднината, велепредавство, признание дека нема државнички капацитет да се гради слободна и демократска држава.

Критиките и протестите во ерата на груевизмот против режимот ќе бидат млака вода според она што го очекува Зоран Заев и неговите партнери по преземање на одговорноста да ја водат државата ако тргнат работите во погрешна насока, односно ако тргнат натаму кај што бевме минатите 25 години, особено последните десет години. Мислам дека тоа добро го знаат и сегашната власт и сегашната опозиција, а уште подобро ќе ја дознаат тежината на товарот и значењето на историските промени и идната власт и идната опозиција и сите граѓани и тоа многу брзо веднаш по 11 декември. Најжестоките критичари на режимот ги познавам лично и сум ги следел нивните јавни настапи, на многумина од нив од прогласување на независноста на Македонија до денес. Некои од нив и пред тоа од времето на еднопартискиот социјалистички систем. Исто како што ги знам и медиумските полтрони и апологети кои се удобно сместени со децении во скутот на секоја власт. Ставам раце во оган дека професионалните новинари и јавните личности кои имаат конзистентен став за македонските работи и демократија со силен квалификатив на објективност во своето име и презиме ќе ја расчеречат новата власт многу пожестоко отколку што тоа го прават сега со тиранијата на Груевски и неговите следбеници. При најмало изневерување на очекувањата и надежите од новоизбраните нема да остане ни парче, ниту пак некој од партиските лидери политички ќе преживее. Не знам дали некој од новата власт, се разбира ако дојде до промени, ќе има три чисти да помисли на забошотување на судските истраги и разводнување на судските процеси за најмасовното и најдолготрајно нарушување на човековите права и слободи по Втората светска војна со прислушување на над 20.000 граѓани и јавни личности.

Мора да има судска разврска во врска со истрагата на осомничените во злосторничко здружение кое основано се товари за изборни нерегуларности, кои ако се докажат, значат дека повеќе години сме под тортура на нелегитимна влада и нелегитимен парламент избран со изборни манипулации и фалсификати. Не смее да остане без судска разрешница и не смее никогаш да се заборави онаа чудовишна реченица од прислушуваните разговори на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за успехот на изборите на дуплите изборни штабови на ВМРО во МВР.

Конечно, мора да се даде отчет каде се потрошија милијарди евра пари на граѓаните во изминатата деценија на големи градби на споменици, фасади, жални врби, вртелешки и барокни гаражи. Јавноста ќе дознае колку точно чинела бронзата во Македонија, која се плаќаше поскапо од злато со парите на граѓаните и даночните обврзници и со парите и на неродените деца кои треба ги враќаат долговите на една разуздана забегана власт, која сама себе во своја слава си подигна споменици и направи некропола од главниот град на државата.

Зошто цврсто верувам дека одговорноста и владеење на правото заедно со слободата и демократијата влегуваат на голема врата ако дојде до историски промени. Затоа што јасно и гласно е соопштено од опозицијата дека Специјалното јавно обвинителство не само што ќе продолжи со својата работа и по падот на режимот, туку ќе добие и специјално судско одделение. Никој нема да смее да ја попречува правдата, а расчистувањето на предметите и истрагите од кршењето на законите кои се иницирани од прислушуваните разговори мора да се затвори по судски пресуди еднаш засекогаш. Во Македонија веќе не смее да има прислушување без судски налог и според законот. Специјалното обвинителство ќе биде трајно решение за гонење на криминалот и корупцијата во високите ешалони на секоја власт. Доаѓа време на правдата и слободата.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Не е дилемата Заев или Груевски

Posted on 30 November 2016 by erizaov

zaev-gruevski

ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери на своите митинзи и јавни обраќања, со своите пропагандни пораки преку медиумите како што се наближува финишот на предизборната кампања се’ поагресивно ја наметнуваат дилемата дека иднината на земјата и на македонскиот народ се избира меѓу Зоран Заев и Никола Груевски. Сенародниот референдум е за избор меѓу унитарна, цела и распарчена редефинирана Македонија. Историската одлука е меѓу поалбанчени и двојазични кантони, или за стабилна македонска држава во која се знае кој е газда во куќата. Изборот се поедноставува до таму што нема друго решение освен да гласаме за патриоти или за предавници, за странски платеници и непријатели на татковината, или за новите народни херои, за градители, или за уривачи, за успешни економски реформатори кои ги исполнуваат ветувањата или за банда која сака да ја распродаде државата, идентитетот, јазикот и уставното име.

СДСМ и опозициската коалиција, опозициските партии кои самостојно настапуваат, критичарите на власта, невладини граѓански организации и асоцијации, помал број медиуми кои не се под контрола и под цензура на власта ја застапуваат определбата дека не станува збор ниту за идеологија, ниту само за партиски натпревар кој ќе ја освои власта. Се работи за историски избор меѓу тиранија или демократија, слобода или режим, меѓу владеење на правото или на криминалците, судска правда или неправда, за враќање на се’ што е украдено, или и натаму ќе се краде под закрила на законите, за контрола на власта, или на власт без контрола, за слободни и професионални независни медиуми, или за апологетски полтронски корумпирани и диригирани јавни гласила, за повисок стандард и повисоки плати, или за тапкање во место и невидено досега осиромашување со просечни плати кои за десет години се покачија одвај две илјади денари, или околу десет отсто, a живејачката за една деценија е поскапа за трипати.

Има уште стотици и стотици понуди до гласачите и особено до неопределените, кои според сите анкети, лажни и професионални, монтирани и партиски спакувани, нарачани и ненарачани се’ уште се далеку најбројни. Неопределените и тие што и овој пат нема да гласаат се главна цел на политичарите бидејќи знаат дека нивното активирање на своја страна може да биде пресудно. Затоа пропагандната агресија пред 11 декември, денот на изборите, главно е насочена кон неопределените, традиционалните сеирџии, уплашените и прилично загрижувачката бројка на луѓе кои не веруваат во тајноста на изборите и во кредибилни и фер избори.

Во некаков пристоен амбиент, велам пристоен, бидејќи одамна ништо не е нормално, ниту приближно на првите повеќепартиски изборни циклуси, определбата на мнозинството граѓани би била многу лесна и без големи дилеми. Казната на гласачите за лошото и криминално владеење, за попречување на правдата и за најмасовното кршење на човековите права и држење под надзор на илјадници граѓани би била тешка, од која ВМРО-ДПМНЕ не би можел со години да закрепне. Лесно е да се избира во време на ваква длабока политичка криза и озаконет грабеж доколку навистина изборите се слободни. За тоа не може да има дилеми барем не кај мнозинството граѓани без оглед на нивната идеолошка, партиска, национална и верска припадност колку и да е силна пропагандата на власта. Проблемот е во тоа што се’ уште нема гаранции дека ова ќе бидат избори кои ќе поминат во најдобар ред без неправилности и ќе бидат кредибилни кога сите релевантни учесници во натпреварот ќе ги признаат изборните резултати и ќе му честитаат на победникот респектирајќи ја волјата на народот.

Предизборната кампања покажа дека се оди на живот и на смрт и со самото тоа амбиентот е застрашувачки што веднаш ги доведува во прашање слободата на изборот и гаранцијата дека се работи за тајни избори. Избирачките списоци се затворија неисчистени и без гаранции дека не се можни злоупотреби и нерегуларности. Се’ уште на голем број адреси се водат фантомски гласачи кои не живеат таму. Се поведува судска постапка за да и’ се забрани учеството на избори на политичката партија Левица, која станува се’ попопуларна во јавноста. И натаму најбезобѕирно и противзаконски се блокира работата на Специјалното обвинителство во гонење на криминалот и процесуирање на делата против највисоките функционери на ВМРО- ДПМНЕ и во Владата. Попречувањето на правдата и на работата на Специјалното обвинителство се спроведува преку редовниот суд и редовните јавни обвинителства. Изборите се издигнуваат над законите и се сметаат за врховна судска пресуда на народниот суд и прогласување на невиност и безгрешност на врвот на власта.

Веќе има јавни сведоштва на застрашување и собирање потписи за гарантирани гласови за ВМРО-ДПМНЕ. Такво едно автентично сведоштво на познат македонски актер одекна силно вчера во јавноста. Во Македонскиот народен театар вработени чекаат на ред да потпишат лојалност на политичка партија со однапред депонирање на својот глас. Ваков срам за МНТ не е забележан досега во историјата на овој храм на уметноста и на македонската култура. Вакво полтронство на изворот на отпорот кон секоја злоупотреба на сите власти и нетрпеливоста кон политичарите ја покажува силината на притисокот и нерегуларноста на претстојните избори. Кога актери и вработени во театар го даваат бланко својот глас пред изборите на партиски список изборите не можат да бидат слободни.

Никола Груевски ветува дека на 11 декември ќе заврши кризата. Лесно е да се погоди дека игра на картата сеење страв со навестување жестока политичка пресметка по победата. Кризата со тоа не завршува, сосема спротивно додека Груевски не замине од политиката ќе нема крај на кризата.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

Не е сеедно

Posted on 24 November 2016 by erizaov

34ab9d24e18187458bb86e3685fc28ee

Не знам дали забележувате една струја на ангажирани партиски пропагандисти, кои се претставуваат како неопределени и гласно проповедаат дека е сеедно кој ќе дојде на власт по 11 декември. Нивните поприлично агресивни пораки за луѓе кои се ѓоа неутралци е дека исти биле и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и едните и другите краделе и лажеле, па затоа не вреди да се оди на избори бидејќи ништо нема да се промени во државата и се’ ќе биде по старо.

Ова е многу леплива порака до вистински неопределените гласачи, кои константно се најмногубројни во Македонија и се дел од парламентарната демократија, значајно присутна во многу земји во светот, што е предмет на сериозни анализи и стратегии како да се разбуди ова големо и рамнодушно гласачко тело во чие име се владее многу често без контрола.

Зад ова стојат тие што не им е сеедно дали ќе има промена на власта како што лажно пропагираат дека исти биле сите власти, исти биле и опозицијата и власта, исти биле и Груевски и Заев, па затоа нема да гласаат. Тие ќе гласаат како и досега да нема промени во Македонија, ќе гласаат за статус кво, да си остане се’ исто како и досега. Нивната цел е да ги зачуваат неопределените да не излезат на избори и да си останат рамнодушни за иднината на државата и на граѓаните.

Претставувајќи се како демократи и како партиски неопределени и загрижени за новинарската професионалност и објективност тие бараат еднаков третман и на власта и на опозицијата правејќи се дека не ја забележуваат огромната медиумска превласт на владејачките партии и строгата партиска контрола врз најгледаните телевизии. За нив одговорноста на власта која десет години владее без контрола е еднаква со одговорноста на опозицијата која нема ниту еден механизам на владеење во своите раце, или пак можност да има какво било влијание во управувањето со државата. Кршењето на законите од страна на опозиционерите секоја власт може брзо да го санкционира. Тешко е власта да се казни бидејќи поделбата на власта според уставните определби во Македонија е грубо нарушена почнувајќи од парламентот, судската и монетарната власт и згазената четврта власт, како што обично се нарекуваат медиумите во слободните земји.

Активистите кои зборуваат во името на неопределените овие факти ги прескокнуваат и во нивните божем полемични настапи секогаш се погласни против критичарите на владините политики и на злоупотребата на власта и попречување на правото и правдата. Срамно бараат новинарите да се однесуваат како балансери на гуми. Демек, Македонија е како еден автосервис, па сега исто треба да се пумпаат и предните и задните и зимските и летните гуми.

Е, не е сеедно, разликите се големи и суштински. Новинарството не е внимателно пумпање колку на власта толку на опозицијата, туку пред се’ е макотрпна истрага на злоупотребата на власта, на центрите на моќ, истрага на носителите на организиран криминал и корупција, откривање на злосторствата врз човековите права и слободи и се’ што е од јавен интерес на граѓаните, а се крие од јавноста. Новинарството не смее да биде немо за евидентното попречување на правдата за најзначајната истрага во историјата на Македонија во борба против големите злоупотреби на функциите од врвот на власта. Не е сеедно и не се исти тој што ветува слобода и демократија, владеење на правото, праведно судење и враќање на украденото, на независноста на медиумите со оној што го признава само судот на народот.

Не е сеедно тој што ветува европеизација и повисок стандард од тој што веќе десет години ја држи државата во изолација и сиромаштија со просечната плата меѓу 20.000 и 22.000 денари. Последните пет години во Македонија просечната плата е покачена од 20.982 денари на 22.191 денар, или повеќе за 1.200 денари. Дури и покачување на помалку од 250 денари годишно е голема лага. Според цените на производите кои се основни за преживување и гола егзистенција, платите за десет години суштински, односно вредносно се намалени за над 50 проценти ако се мери по тоа колку и што може да се купи за истите пари сега и пред една деценија. Такво осиромашување на населението во изминатите десет години имаше само во земјите кои беа во војна. Дали ова е најголемиот успех на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, или радоста што си заминале од земјата и се избришани од списоците на невработени над 400.000 млади и образовани луѓе.

Седењето дома и рамнодушниот однос во ваква ситуација на уривање на режим по демократски пат не е дел од демократското право, туку сериозна граѓанска, човечка и цивилизациска обврска да се даде својот глас за она што гласачот мисли дека е добро и за него и за државата. До 2006 година во Македонија почнувајќи од првите повеќепартиски избори на секои четири години имаше промена на власта и покрај големи неправилности на избирачкиот процес. Таа менливост на власта покажуваше дека Македонија е сепак на пат во освојување на парламентарната демократија. Од 2006 година наваму повеќе од цела деценија на сите избори победува власта. Дали тоа е резултат на големите успеси и достигнувања, или на ВМРО во МВР ќе се види по промена на власта. Нема ништо поздраво за една држава во транзиција со заробени институции и медиуми од промена на власта на избори.

Моите критичари често ме прашуваат кога ќе почнам да балансирам гуми и да ја критикувам опозицијата. Бидејќи заборавиле што сум пишувал цел работен век, еве им ветувам дека штом дојде опозицијата на власт ќе биде предмет на моите критики. Се разбира, ако бидам жив и здрав и ако остане каде да се пишува.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

За еден ден два тона омраза

Posted on 23 November 2016 by erizaov

gruevski-kampanja

Никола Груевски уште првиот ден од кампањата посеа два тона омраза. Ја лансира старата ракета на меѓуетнички делби и нетрпеливост меѓу Македонците и Албанците. Отвори нови незалечени рани. Главниот влог е на картата на национализмот и шовинизмот спакуван во лагата која контролираните медиуми на власта ја верглаат дење ноќе повторувајќи ја илјада пати да ја претворат во вистина дека опозицијата и Зоран Заев сакаат да ја редефинираат, читај да ја поалбанчат Македонија и да ја поделат државата, да ја укинат унитарноста, да воведат двојазичност на целата територија, да го продадат името и националниот идентитет. Заев во Швајцарија и на Косово го ветил тоа. Со тие застрашувања и лаги дека ако не е ВМРО-ДПМНЕ, сите ќе учиме албански и ќе го сменат уставното име Груевски очекува 63 пратенички места и уште четири години апсолутна власт.

Мора да му е многу жешко на водачот штом му се малку за победа на изборите светските успеси и достигнувања во економијата, вработувањата со бришење на иселените млади луѓе кои заминале од државата од што им е многу убаво, изгледа не помага многу за голема победа ни високиот стандард кој три четвртини од граѓаните не го чувствуваат, а една третина од населението гладува и не знае како ќе го помине денот. По се’ изгледа не носи гласови ни „Скопје 2014-2018“ и изградбата на споменици, барокни гаражи, жални врби, кораби и галии, стиропор и гипс-фасади, панорамски тркала и вртелешки, рајски градини и лажниот и кичерски барок и рококо. Веројатно поради тоа одамна овие успеси, со изградба на најскапата некропола во светот во центарот на Скопје, не се спомнуваат во предизборните кампањи, ниту во бесконечните редења на достигнувањата. Дури и изградбата на инфраструктура со која Груевски почна со големо задоцнување, дури пред две години по бадијала поарчени осум години од мандатите не дава гаранции за победа на изборите. Голем дел од јавноста ги слушна „бомбите“ дека и изградбата на патишта е подмачкана со дебела корупција и провизија.

Кога по десет години владеење без контрола не се доволни за изборна победа постигнатите резултати и потрошените над 20 милијарди евра пари на граѓаните вклучувајќи ги и големите заборчувања во странски и домашни банки, очигледно Груевски нема друг избор освен да оди на највалканата и најопасната популистичка пропаганда која лесно може да излезе од контрола. А, тоа е дигање аларм дека ако падне власта, отиде државата, дека Македонија ќе се подели и обезличи. Поточно, целата предизборна пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ се сведува на шумата од 500 страници од која не се гледаат дрвјата, па затоа има илјадници проекти, а за најважните неколку кои се стратегиски и од врвен национален интерес има само празни ветувања како и досега. Повисокиот стандард, поквалитетен живот, слобода и демократија, независно судство, владеење на правото и заштита на човековите права, слободни медиуми, членство во ЕУ и во НАТО се само алиби одредници и телеграми во тие 500 страници да не се види дека Македонија откако е ВМРО-ДПМНЕ и Груевски на власт не може целосно да исполни ниту еден од политичките и економските критериуми за да може да ги почне преговорите со Брисел. Денес Македонија на патот за Европа и НАТО, и емпириски лесно докажливо, е зад тоа каде што беше пред десет години. Треба да се прочитаат внимателно само годишните извештаи на ЕУ за напредокот на Македонија и ќе се види огромното назадување од година во година. Ете затоа 20-дневната кампања како финиш ќе се сведе на ред успеси, два реда ветувања за нови достигања и десет реда црнила и застрашувања дека ако дојде до промена на власта, црно ни се пишува на сите.

Колку и да се надеваат Груевски и Ахмети, кои безмалку цела деценија ја делат власта дека напаѓајќи го секој од своја страна ќе го сотрат Зоран Заев, овој пат тоа го прочитаа голем број граѓани без оглед на нивната национална и верска припадност. Патриотските лажни приказни дека од сите страни сме сардисани со домашни и надворешни непријатели, дека Америка и ЕУ се против Македонија, дека Албанците и опозицијата со Зоран Заев ќе ја редефинираат, поделат Македонија, не проаѓаат кај поголемиот број граѓани кои веќе ги сфатија популистичките трикови и заплашувања. Едниот партнер во поделба на власта го обвинува Заев дека сака да зема албански гласови, а другиот дека сака да ја разнебити Македонија со шурување со Албанците. Едното и другото не одат заедно кога веќе и на Ахмети и на Груевски кои со години ја делат власта не им се допаѓа искреноста на Заев, која луѓето се’ повеќе ја препознаваат.

Медиумската превласт на власта се’ поочигледно ќе создаде контраефект и отпор кон агресивната и брутална пропаганда и форсирање на ВМРО-ДПМНЕ. Луѓето веќе прашуваат колку минути ќе траат предизборните политички пораки кога им се прекинуваат турските серии за да можат тие минути да ги потрошат на нешто попаметно и да гледаат нешто друго кое нема да им го расипува спокојството. Се’ уште не прочитав посериозна истражувачка тема за влијанието на турските серии врз политичкиот живот во Македонија и директно на изборните резултати. Погледнете повнимателно на саатниците како и каде се темпирани турските серии кај медиумите под контрола на ВМРО-ДПМНЕ и власта и се’ ќе ви биде јасно за каква медиумска војна се работи.

Ова е впечатокот од првиот ден на предизборната кампања. Што ќе донесе утрешниот не е тешко да се предвиди. Одиме на омраза и делби.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

September 2017
M T W T F S S
« Aug    
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930