Tag Archive | "избори"

Tags:

Се враќам за 15 минути

Posted on 14 February 2017 by erizaov

vmro zgrada

Во центарот на вниманието на јавноста по изборите кои завршија пред повеќе од два месеци и натаму се тројца политички лидери Никола Груевски и Али Ахмети кои претрпеа Пирова победа и Зоран Заев кој извојува пораз, а се’ уште државата нема ни функционална влада, нема ни нов парламент. Чинам веќе на сите им се разјасни дека не одлучуваат само овие тројца, има уште некои клучни играчи кои не се гледаат многу, ама се тука и тие се прашуваат за формирање на новата власт. Очигледно, без нив не бидува работа.

Груевски кој по неуспешните преговори со Ахмети е аутсајдер бидејќи со него никој не сака да прави коалиција презема силна одбрана на партијата од расуло со јавни настапи и нарачани интервјуа да го сопре цветањато на сончогледите среде зима. На капијата на дворецот на партијата сабајлево некој залепил ливче на кое напишал: се враќам за 15 минути. Друг одоздола допишал – лажеш, те чекам 396 дена.

Шегата на страна, тешко допира до јавноста и до гласачите што прават лидерите кои одлучуваат за иднината на државата. Слика имаат тон немаат. Иако не се симнуваат од екраните, иако многу зборуваат, ништо не кажуваат, освен шифрирани пораки кои само тие си ги разбираат. По нив експресно настапува една сурија естрадни аналитичари и експерти кои ги дообјаснуваат и само ги повторуваат пораките на своите партиски лидери и нарачатели. Секоја чест на исклучоците. Она што може да се види со голо око од овие политички маневри е дека Груевски ги подготвува своите соработници и симпатизери за заминување во опозиција со ветување дека брзо се враќа на премиерската функција по 13 месеци неплатено отсуство. Останува да видиме тоа чудо дали ќе го направи со помош на нови избори, или со некое волшепство што можат да го направат само претседателот на државата и партиските толкувачи на Уставот кои имаат неколку формули за неменливоста на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ во наредните стотина и кусур години.

Вториот победник на изборите Ахмети, пак, за разлика од Груевски не е во аут и со десет пратеници е исклучително значаен, ама за проветрување на владата, на парламентот и на државата не се прашува само тој и ДУИ, туку и лидерите на уште три албански партии Беса, Алијанса и ДПА, кои заедно со ДУИ и СДСМ треба да ја видат конечно големата историска слика за иднината на Република Македонија, на сите граѓани и на целиот регион. Поразениот Зоран Заев, кој со големината и тежината на поразот ја шокираше власта која не може да поверува дека за него и за здружената опозиција гласале над 430.000 граѓани и му дале 49 пратенички места уште во бунило зборуваат дека зад Заев стојат и Америка и ЕУ и ЦИА и шиптарите и сомнителните по род Македонци и милијардерот Џорџ Сорос кој истурил милиони и милиони евра и долари само да го тргне од власт Груевски. А, зошто тоа го направил никој не знаеше до вчера, додека Груевски не соопшти дека тие огромни пари се дадени од идеолошки, политички причини и други интереси. Идеолошките и политичките причини биле да се оцрни власта пред Албанците, да се смени политичкиот систем и од слободна и независна држава да стане режим. А и за другите интереси разбравме веднаш по историското интервју на Груевски кога беше сензационално откриено дека цела Македонија лежи на берилиум. Брзо на „Гугл“ да видите што е тоа берилум, што да ви кажам ќе тече река од милијарди долари. Заедно со бистрите води, лорандитот од Алшар и сега откривањето на берилиумот станува јасно кои се другите интереси и на Сорос и на ЦИА. Сакаат да ни го лапнат и богатството и името и јазикот.

Губитникот Заев, кој го исфрли од игра победникот Груевски и има најголема шанса да ги обедини под иста заедничка европска агенда тие што се против режимот и што Македонија сакат да ја видат како слободна и демократска држава, може да го поарчи времето пишувајќи писма на намери, списоци на желби и трчајќи од еден до друг лидер. Е, дури тогаш поделбите се навистина можни бидејќи веќе неколку кројачи на географски карти се појавија со свои идеални решенија кои гледаме им се допаѓаат на сонувачите на големи држави на Балканот. Ако политичките лидери кои добија мандати и над 600.000 гласови за смена на власта го изарчат времето во лицитации и пазарења, ќе го испуштат најдобриот коњ за трка и ќе останат со седлото во раце.

Заедничката владина програма напишана во склад со Уставот без трикови и надмудрувања мора да тргне од слободата, демократијата и еднаквоста на сите граѓани, од поглавјата што се отвораат во преговорите со Брисел и од годишните извештаи на ЕУ до каде сме стасале и се разбира од препораките на Рајнхард Прибе. Таму се содржани и прецизно наброени сите детали кои се стратегиските интереси и на државата и на сите граѓани без разлика на нивната национална и верска припадност. Досега овие забелешки никој јавно не ги оспорил. Напротив, сите релевантни партии и лидери ги имаат поддржано. Разликата е само во тоа што тие не се спроведуваа во практиката и наместо решенија, на јавноста и’ се нудеа оправдувања зошто тоа не остварено. За тоа секогаш беа виновни некои други, само не тие што ја водат државата. Ако еднаквоста, демократијата, слободата, владеење на правото, независноста на судовите и на медиумите, заштитата на посебноста и различноста, на идентитетот и на јазиците, културата и традициите, обичаите, колективните и индивидуалните права бидат темелот на промените, тогаш Македонија ќе биде на вистинскиот пат кон европеизација, а кризата ќе биде лошо минато. Ова мислам дека го знае секој слободољубив граѓанин на Македонија.

Во мај кога ќе се одржат локалните избори тие ќе бидат вистинскиот тест дали ќе има потреба од нови парламентарни избори или не. Ако граѓаните на Македонија ги прифатат промените како и на изминатите избори, смената на залегнатата и забегана власт може да биде нешто најдобро што ни се случило во долгата и мачна транзиција.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Нови избори напролет

Posted on 16 December 2016 by erizaov

izbori

Јавната седница на ДИК ме изнасмеа кога слушнав како „миш претрчал преку бркови“ и го покажал патот, како што рече еден од членовите на ДИК во жешката расправа. Не ја разбрав приказната за глушецот што направил патека во мустаќите на едикојси, ама добро разбрав колку лесно може да не се дојде до вистината по жалбите за изборни неправилности. Инсистирањето на ДИК на цврсти докази импонира и без иронија, заслужува респект без оглед каков ќе биде резултатот од нивната работа.

Значи излезот од најновата постизборна криза по изедначен резултат и неможноста да се направи стабилна влада не е во ДИК, туку во цврста платформа врз која ќе се договорат повеќе политички партии за привремена техничка влада до наредните предвремени парламентарни и редовни локални избори, кои треба да се одржат напролет. Овие три и пол, четири месеци можат да бидат клучни во разрешување на кризата ако политичките партии кои добија од граѓаните мандати во парламентот најдат заеднички јазик, односно ги стават на прво место стратегиските определби и приоритети на државата кои се вклопуваат и со нивните изборни програми и со ветувањата што им ги дадоа на гласачите во предизборната кампања. Ако политичките партии се согласат дека главни приоритети остануваат нивните заложби за воспоставување демократски систем, ослободување на заробената држава и институциите на системот, владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата, евроатланските интеграции на земјата, односно членство во ЕУ и во НАТО, непречена работа на Специјалното обвинителство кое работи под силни притисоци на власта и нејзините медиуми за спречување судска разврска по обвинителни акти за кривичните дела кои произлегуваат од незаконското прислушување на над 20.000 граѓани со години на ред, што се смета за најголемо и најмасовно нарушување на човековите права во Европа по Втората светска војна, тогаш ќе нема пречки да се формира техничка и преодна влада која може да ги реализира овие заложби и определби на политичките партии. Меѓутоа, се’ што изгледа лесно и едноставно на хартија, на Балканот е секогаш многу комплицирано. Бракот меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ колку и да изгледа разнишан и пред распаѓање поради неверните сопружници, се одржува поради интереси и, веројатно, некаков мајски договор секој да си прави што сака и со кого сака на својата територија, ама нема развод. Има кавги и расправи колку да слушаат комшиите, ама кога ќе дојде моментот за џа или за бу, секогаш изборот е ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ остануваат заедно до смрт. И така ќе биде ако Али Ахмети и ДУИ не ја согледаат својата агонија која ќе ги одржува во живот до пролет 2017 година. Се разбира ако Ахмети се впушти во уште една сласт за власт, или ако не изнајде решение за неминовен развод со долгогодишниот партнер. Ако на Али Ахмети толку му значи мајската беса што ја дал на Груевски, и за тоа има решение. Тоа што не може да го направи тој, можат неговите следбеници и со тоа да и’ помогнат и на државата и на партијата.

Но, тука не завршува приказната. И новите албански партии Беса и Алијансата заедно со изнемоштената ДПА не одат во пакет со ДУИ бидејќи на ист начин го третираат албанскиот дел на власта како и македонските опозициски партии. Во вакви случаи прагматизмот на Европа мора да дојде до израз. Големата слика може лесно да се види ако се тргне од препораките на Герхард Прибе, но и од програмите и предизборни платформи на политичките партии кои освоија мнозински места во Собранието на Република Македонија. Селектирањето на приоритетите до одржување на наредните предвремени парламентарни и редовни локални избори нудат многу простор за прагматичност и договор за излез од кризата.

Што е тоа што може да се направи во овие три-четири месеци. Ослободувањето на сите институции на системот и непреченото работење на Специјалното обвинителство и на другите редовни обвинителства и судови, ослободувањето на медиумите и пристапот до информации се работи кои можат да се завршат за помалку од еден месец. Со тоа се исполнуваат и условите за почеток на преговорите со ЕУ. Во една таква ситуација грчкиот ултиматум ја губи силата ако не се потпира на други политички проблеми и ограничувања на демократијата со кои се судрува Македонија во последните години. Дури и да продолжат грчките уцени, кои се многу веројатни и очекувани, тие не ќе можат да ги спречат процесите на европеизација и демократизација на Македонија. Тогаш Грција излегува на чистина дека нема ниту еден аргумент да ја попречува Македонија на нејзиниот пат на прогресот и членството во ЕУ и во НАТО.

Веројатно тука се кријат и причините зошто Русија е толку заинтересирана евентуално да не се проблематизираат изборните резултати, или да не падне оваа власт. За Русија членството во НАТО на земјите од Западен Балкан станува значајно стратегиско прашање и мотив да се спречи македонскиот пат кон Запад. За жал, на сметка на оваа врвна национална и стратегиска определба власта кокетира и лево и десно и на Исток и на Запад веќе подолго време. Загриженоста на руското МНР да се почитува волјата на граѓаните не кореспондира со едни други резултати и една друга определба каде што над 80 отсто од граѓаните на Македонија во сите анкети се изјаснуваат за членство во ЕУ и во НАТО. Руското МНР сигурно знае дека тоа е единствениот консензус, односно единствената определба со која се согласуваат сите политички партии и огромното мнозинство граѓани на Македонија. Антизападните, антиамерикански, антицивилизациски и антимакедонски патрдии кои се изведуваат во Македонија не се поради вековната заблуда и утопија за некаква голема пансловенска држава, ниту поради словенството, од кое потекло со пропаганда и со политичка интервенција во науката оваа власт се откажа и успеа да предизвика конфузија во свеста на голем број граѓани во потрага по пославно и поубаво античко минато, туку целата оваа игра и кокетирање со Русија е поради домашни потреби на власта која е соочена со истрага и судски процеси за учество во голем организиран криминал и корупција. Поддршката на Русија и на разни лобисти во Европа на криминалот и на попречување на правдата не може да биде државна политика, ни на официјална Москва, ни на Вашингтон, ниту на Брисел. Македонија има цврсти договори за добри односи и со Русија и со Америка и со ЕУ. Дневнополитичките злоупотреби на тие односи за одржување на власта не им штетат на големите сили, туку на Македонија и на нејзините граѓани.

Значи, нема друго чаре, одиме пак на избори. Трендот е добар.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Ептен убави услови за избори

Posted on 17 August 2016 by erizaov

 

 

izbori glasanje

Наближува 31 август кога лидерите на политичките партии од власта и од опозицијата треба да потврдат дали се исполнети, или не се, сите договорени предуслови за слободни избори. Цели 15 дена пред испитот по демократија, според сработеното може да се констатира дека политичката, економската, културната и духовната криза се надминати и дека се создадени ептен убави услови за веродостојни, кредибилни, фер и би рекле со мирна совест скандинавски избори. Можеби ќе бидат само малку мокри и накиснати избирачите поради големата природна катастрофа која се случува еднаш на илјада години, ама и тој проблем ќе биде решен бидејќи до изборите се’ ќе биде санирано и унесреќените луѓе ќе бидат сто и два отсто обесштетени.

Следната ваква поплава може да се случи дури по десет века. Можеме да си ја накривиме капата, повеќе ќе нема ни кризи, ни други природни катастрофи и политички потреси.

Еве ги доказите зошто мислам дека е надмината кризата и зошто се исполнети сите услови за слободни избори. Прво, кризата воопшто не се гледа, а кога нешто не се гледа и не постои. Каква политичка криза кога има природна катастрофа и општонародна мобилизација за санирање на последиците од стихијата која последен пат се случила пред илјада години, а пред неа е само библискиот потоп. Од дедо Ное и од Христа наваму до 6 август 2016 година имало само три вакви потопи.

Второ, во договорот што го склучија четирите партии на прво место беше проблемот со избирачките списоци. Тој е разрешен генијално. Објавен е еден демек фантомски список од 39.502 лица кои не ќе можат да гласаат ако не го потврдат својот идентитет со молба да бидат оставени на списоците каде што беа и досега. Од генијалците во ДИК прогнозираат дека до крајниот рок ќе се пријават едно 5.000 гласачи на чии молби ќе се одговори позитивно. Другите 35.000 ќе почекаат подобри времиња. Се разбира никогаш нема да дознаеме колку од овие 35.000 гласачи што не се јавиле и не се идентификувале се фантоми, а колку обесправени граѓани на кои противзаконски и противуставно ќе им се одземе правото на глас.

Вториот список за вкрстени проверки од 171.000 луѓе сосема непотребно е ставен во договорот за создавање услови за фер избори бидејќи станува збор за гласачи кои одамна не се во татковината. Мнозинството од нив со години не ни дошле, ама не се знае дали гласале, или не гласале, или пак некој за нив гласал. Така добивме оригинални списоци по кои тие што се тука и уредно гласале со години можат да го изгубат правото на глас, а тие што не се тука со години да си гласаат уредно и кога не се тука и кога не се пријавиле во ДИК дека постојат.

Трето, проблемот со медиумските слободи е решен уште подобро од избирачките списоци. Тоа е крунски доказ дека ние воопшто и сме немале проблеми со објективноста и професионалноста на медиумите. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се договорија и покрај голема слобода двете партии да делегираат по двајца новинари кои сто дена пред избори ќе ги следат медиумите како си ја вршат работата слободно и без никакви притисоци. Албанските медиуми, пак, немаат потреба од следење на нивната работа бидејќи нивните лидери се задоволни од високите дострели на независноста и професионализмот, но ете за секој случај четирите новинари предложени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ треба да изберат еден Албанец кој ќе биде јазиче на кантарот бидејќи може да се случи сдсмовските новинари посматрачи да не се согласат со вмровските набљудувачи околу некоја медиумска куртонизација на вестите, или нешто што може да прозвучи како партиска пропаганда, или на говор на омраза. Така, Албанецот новинар кој ќе го изберат новинари Македонци со консензус два на два ќе мери најточно што е сматок снесено јајце, а што е здраво.

Четврто, предусловот со избор на главен уредник на информативната програма на МРТВ е симнат од дневен ред уште пред да се избере јунакот што ќе биде главен на ништо цели сто дена. Вчера стаса појаснувањето дека таков главен уредник на информативна програма и немал некоја тешка работа. Всушност и немал никаква работа, никакви надлежности за ништо, ниту пак ќе можел да поставува одговорни уредници по негов избор. Тој само треба да дојде во МРТВ да прима плата сто дена, да не се меша во ништо и да не менува ништо. Ете толкави биле ингеренциите на уредник на информативната програма на МТВ предложен од опозицијата.

Петто, предизборната влада, со тројца премиери, еден што седи во владиниот кабинет како орман, еден во ВМРО-ДПМНЕ, во оставка, а еден во ДУИ во сенка, во ваква идеална ситуација нема што да работи. Криза нема, условите за слободни избори се исполнети, само треба да се почека на големата победа, која сите ќе ја признаат и ќе си честитаат меѓу себе на општо задоволство на граѓаните.

Шесто, економската криза е разрешена до изборите со заем од 450 милиони евра, а по изборите ќе биде целосно надмината со неколку успешни заеми од по 500 милиони евра.

Седмо, Специјалното обвинителство и натаму ќе работи на предмети кои влегуваат во врвниот дострел на попречување на правото кој се вика дозволено е само чукање празна слама. Ако специјалните обвинители се кренат малку повисоко кон врвот за што се и избрани, ќе бидат чукнати по глава како шпиони на ЦИА и на Сорос.

Осмо, културната криза е решена со забрана да бидат наградувани и да учествуваат во наградни конкурси творците од непријателските редови, особено ако се добитници на меѓународни награди и ако живеат во странство и ако кажале лоши думи за најдобрата власт во историјата на Македонија.

Деветто, духовната криза е дух кој можеш да го почувствуваш само ако го имаш. Ако го немаш, нема ни духовна, ни каква било криза. Блазе си им на тие што немаат дух.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Со башибозук не се оди на избори

Posted on 28 March 2016 by erizaov

izbori glasanje

Како стојат денес работите на предизборната берза. Еден спрема илјада на 5 јуни не се можни слободни избори. Изборни резултати кои сите учесници ќе ги признаат како регуларни и во кои граѓаните ќе веруваат дека се одраз на нивната волја, нема да видиме и да чуеме уште долги години. Тоа е длабоко и нераскинливо поврзано со градење не на барок, рококо и поданици, туку со изградба на слободни личности и слободно општество каде што граѓаните гласаат без страв и каде што функционираат институциите на системот и каде што владее правото. Ако не дојде до сенародно будење по еднодецениско владеење на арогантен и корумпиран режим, поизгледно е трагично распаѓање и поделба на државата отколку слободен изборен натпревар. Со башибозук не се оди на никакви избори.

Зошто го употребувам терминот башибозук кој без соодветно објаснување може да изгледа злонамерен и пренагласен. Башибозук во буквален превод значи „расипана глава“, но суштинското значење е многу пошироко. Главно се однесува на локални моќници, паши и бегови, кои пред распадот на Отоманската империја не ги признаваат законите, судот и поредокот, не го признаваат царот и големата Порта, отцепени од системот владеат со терор, со грабежи и насилство врз населението. Башибозук значи и паравојска и параџандармерија, банди без команда. Во 21 век, поточно во периодот 2006 –2016 година, башибозук во Македонија значи неограничена власт во рацете на шака луѓе кои владеат без контрола од институциите на системот.

Кажано попрецизно, сите институции на системот се под јарем на самопрогласените владетели и нивните најблиски следбеници. Ако се земе предвид факторот време меѓу 19 и 21 век, разликата е незначителна меѓу башибозук во ерата на пропаѓање на Османлиското царство пред сто и кусур години и денес владеењето на нелегитимна власт освоена под сомнителни околности на нерегуларни избори. Со денови не’ вџашуваат сознанијата од истрагата на Специјалното обвинителство и изјавата на обвинителката Катица Јанева дека има основани сомневања и релевантни докази за тежок изборен криминал. Јанева и обвинителството веќе втор пат и приопштуваат на јавноста дека постојат сериозни индиции за злоупотреби на ниво на злосторничко здружување за изборни нерегуларности кои буквално значат узурпација на власта и против народната волја управување со државата. И тоа со избор на нелегитимен парламент, што автоматски значи и на Владата и на премиерот и на претседателот на државата и на судиите во Уставниот суд.

Што е тоа ако не башибозук, или како што ги вика демократскиот свет нови диктатури и диктатори, од кои повеќето доаѓаат на власт по регуларни и демократски избори. Но, потоа многу бргу се воспоставува корумпиран и авторитарен режим и систем на клиентелизам и привилегии, а со примитивен популизам и лажни успеси се инсталира лична контрола на владејачкиот естаблишмент со внимателен избор на свои луѓе на сите клучни позиции во целата држава.

Вториот силен бедем на башибозукот во 21 век не е директен грабеж на населението, туку елегантно и озаконето преку сопствениот осакатен парламент да се арчат немилосрдно милијарди евра од државната каса која се полни и празни со намети и задолжувања по волја и потреба на владетелот. Така со многу пари, со наместени избори, со фалсификати и со застрашувања од постојана опасност од домашни непријатели и меѓународен заговор на големите сили и лоши комшии, може да се владее и сто години со Македонија.

Ајде сега оди ти натпреварувај се на слободни избори со башибозук кој не сака судска правда, туку своја, кој не бара доказите да се мерат на вагата на правдата, туку на кантарот кој сами го баждарат и погрешно мерат во своја корист, ќе биде цела деценија. Како да се натпреварува чесен човек при ум и разум со осомничен за изборен криминал. Може ли да учествуваат на какви било избори компромитирани и бележени личности за изборни измами. Може ли да се надева човек на слободни избори ако не се проверуваат стотици илјади гласачи кои ги има за специјални потреби само во базите на податоци во ВМРО-МВР. Дури и кога би постоеле сите гаранции за слободни избори, дали тие можат да се одржат ако е оневозможено да се провери дали на пример, луѓето иселени во странство гласале на минатите избори, или пак некој гласал во нивно име. Такво нешто не можело да се провери. Значи, не се работи за манипулацијата дека некој сака да им го одземе изборното право, туку дали во минатото, а и во иднина некој гласал, или ќе гласа во нивно име.

Претседателот на ДИК амбициозно и предано ги образложи сите активности да се постигне верба во слободни и веродостојни избори, но останува да висат во воздухот неколку работи за кои мора многу поотворено да се зборува, а тоа е фактот поради кои мотиви починатите лица многу брзо се бришат во матичните книги на умрени, експресно се бришат во пензиските, здравствените и социјалните фондови, а остануваат трајно како живи и здрави во полициските бази. Ќе дознаеме ли за да не се повтори никогаш дали тие луѓе, иако покојни – гласале. Како да се натпреварувате со човек за кој гласаат и мртви души.

И конечно илјада пати констатирано искуствено и научно докажано дека не се можни слободни избори без слободни медиуми. Тоа е последниот бастион на агресивната пропаганда за успесите на Никола Груевски и за црнилата на неговите политички противници и сатанизацијата на демократски ориентираните граѓани. Не знам кој улав во ваква ситуација би одел на 5 јуни, или на 5 октомври, или кога било на избори.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags: , , , ,

„Албанците за гуша, Циганите за уши“

Posted on 09 March 2015 by erizaov

izbori glasanje

Крајот на режимското владеење со Македонија треба да го означи ВМРО-ДПМНЕ со избор на нова Влада и премиер

Ете, излегоа на виделина големите криминални изборни победи на ВМРО-ДПМНЕ и на лидерот Груевски на сите избори во изминатите без малку 10 години. Тие што веруваа во непобедливоста на вождот, конечно, видоа класичен грабеж и силување на демократијата, бришење на парламентаризмот и на човековото достоинство. Тие што се сомневаа дека изборите се нерегуларни денес не им е ни до слава, ни до некаков триумф што одамна погодија со кого си имаме работа. Тие што не видоа ништо и што и натаму налудничаво проповедаат црнила, светски и домашен заговор, го повикуваат својот народ на војна и на линч, се луѓе со посебни потреби на кој им е неопходна долга рехабилитација.

Арогантната, неодговорна и неморална власт, кршејќи го Уставот и законите од голем број свои граѓани направи бедни страдалници и поданици, слепи послушници и полтрони. Мнозинство граѓани чмаеја со години уплашени за гола егзистенција на своите семејства, молчеа цела една ера кога пред очи им се откраднаа десет години слобода и живот без страв. Во Македонија, веќе нема сомнеж, направени се големи злодела во период од цела една декада во почетокот на 21 век. Медиумскиот мрак и стравот во коски од државата направија казмат и сталинистички гулаг. Кажано само во две-три реченици на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, без да се цитираат цели ужасни фермани, се гледа трагичното уништување на македонската и онака кревката демократија. Нашите властодржци во полициската држава ќе ги фатат Циганите за уши, еден по еден, па ќе ги носат на гласање. А, Албанците во Куманово ќе ги стегнат за гуша да молчат и никој да не излегува на гласање. Човечињата од Пустец идат, гласаат, молчат и кимаат со глава, велат властелините. Сместени се по 40 – 50 луѓе во стан од 40 квадратни метри, обработени да гласаат и да земат по некој грош. Врв на злоупотребата на власта е целосна партизацијата на полицијата. Тоа најилустративно го кажува Јанкулоска кога вели дека МВР е ВМРО, дури и да е на шега – премногу е, а не како сериозно појаснување дека има два изборни штаба, еден кога ќе го посетат странци – регуларен, а друг скришен, за гарантирана победа на изборите.

За граѓаните Роми во целата држава власта направила специјален проект за коруптивна социјална помош само за избори. Човек кога ги чита и слуша овие работи не може да не се потсети на понижувањата и страдањата што им се правени на Ромите за време на Втората светска војна. За жал, нивните прогонства и неправди се присутни и ден-денес во цела Европа. Бедата и сиромаштијата, гетоизацијата ги прават топовско месо на изборите, кога цената на еден ромски глас се сведува на вреќуле брашно, неколку пива и еден ручек што може да се проследи на записите кои ги објавува јавно лидерот на опозицијата Зоран Заев.

Што направија овие нелуѓе од Македонија. Оваа земја не беше ваква. И покрај сите страдања и неправди низ историјата, во Македонија израснаа генерации и генерации кои знаеле да се спротивстават на тортурата и притисоците и да го сочуваат човечкото достоинство. Плејада писатели, поети, уметници, актери, режисери, новинари врвни интелектуалци во најтешките времиња го кревале високо својот глас и јавно и преку своето творештво со вчудовидувачка храброст станале светол пример за идните генерации. Обидите да се компромитираат и мртви, да се прогласат за кодоши и недостојни, да се минимизира нивниот влог и пролеана крв во темелите на татковината е дел од монструозно осмислената политика на дисконтинуитет. Се’ што потсетува на големата антифашистичка епопеја, на првата држава и единствената голема историска победа е подложено на уништување и омаловажување.

Мислам дека нема човек во државата кој деновиве не е засрамен од примитивниот и простачки јазик на кој комуницираат големите водачи на нацијата и постојани победници на сите избори. Политичката и општата некултура е доволна да се избришат од политичката сцена за век и веков, дури ништо друго лошо да не направиле.

Се уверивме со каква омраза се лепат етикети на граѓани како комуњари кои ете овде онде се пројавуваат со информации и свои ставови за притисоците, корупцијата и застрашувањата при изборите. За нив ги слушнавме заканите дека ќе завршат во ендек, други ќе си го видат Господ, трети ќе завршат во затвор, четврти фатени за уши, пети за гуша…. ете тоа е реквиемот на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски и нивниот срамен крај. Агонијата која се’ уште ја приредуваат, објавувајќи војна и застрашувајќи со заговори се веќе прочитана книга од која се палат само дворјаните и царските слуги кои уште пишуваат панагирици, а не знаат дека царот е гол и на заминување.

Крајот на ова несреќно режимско владеење со Македонија треба да го означи ВМРО-ДПМНЕ и луѓето кои се вистински патриоти и демократи. Нов премиер и нова Влада која ќе ја состави новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот и најбезболниот излез од големата политичка криза во која западна државата. Враќањето на европскиот пат, на демократијата и на слободата е правилната насока за збогување со режимот и со ерата на Груевски. Ова што овие девет години и’ се случуваше на Македонија со немилосрдно трошење пари на граѓаните, повеќе од 20 милијарди евра за слава на властодржците, пари на најосиромашениот народ во Европа, никогаш повеќе не смее да се повтори.

 

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

September 2017
M T W T F S S
« Aug    
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930