Tag Archive | "избирачки список"

Tags:

Еве ме пак меѓу фантомите

Posted on 28 July 2016 by erizaov

dik2

Еве ме повторно меѓу фантомите, или како што ги викаат спорните гласачи. Со јавна објава само на списокот од 39.502 гласачи уште првата минута стаса најновата потврда зошто никој разумен во земјата не верува ни на избирачките списоци, ни на Државната изборна комисија. Уште еднаш се уверивме дека, всушност, најспорни се ДИК и МВР-ВМРО каде што се спакувани сите бази на податоци, читај ујдурми на осомниченото злосторничкото здружение за фалсификување на изборите за што Специјалното обвинителство води истрага која жестоко се попречува. Очебијно некој многу страхува да не се оспори легитимноста на власта и да се докаже дека е освoена со изборни измами.

Дека голем број граѓани не веруваат ни во избирачките списоци, ни во можноста за слободни и веродостојни избори, ниту пак во тајноста при гласањето уште пред неколку месеци, поточно во април годинава, потврди и истражувањето на ИРИ, Американскиот републикански институт во чии мерења на популарноста и партискиот рејтинг најмногу верува власта. Во април цели 45 отсто од граѓаните не веруваа во веродостојноста на избирачките списоци, а цели 49 отсто не веруваа во запазување на тајноста при гласањето. По последните откритија на какофонијата во избирачките списоци и по криењето на вистинскиот број избирачи во Македонија, јасно е дека тој процент на граѓани што се сомневаат во фер изборен процес денес е повисок. Првите реакции по објавувањето на „најмалиот“ список од близу 40.000 полнолетни граѓани упатуваат на нов голем скандал. Добрите познавачи на изборните измами добро знаат што се’ може да се постигне со 20 илјади гласа добро распоредени на критични места. А, замислете некој да провери каде и колку пати гласале оние кои со години не дошле во татковината, живеат и работат во странство. Нив ги обележале со ѕвездичка на посебен список од 171.000 гласачи со право на глас, а никој не проверува гласаат ли тие луѓе, или наместо нив има некои други фантоми. Вистински.
dik
Еве го мојот случај и на син ми како станавме фантоми, иако јас 25 години редовно гласам на исто избирачко место уредно заведен во избирачкиот список, а син ми откако е полнолетен. Значи, некаде во април годинава се појавија фантомите меѓу голем број јавни личности и од тоа провладините медиуми направија спектакл, небаре самите граѓани се уфрлиле на некаков сомнителен список. Само неколку дена пред тоа со проверка и по матичен број и по општина и адреса моето име и презиме и името и презимето на синот стоеја на избирачкиот список. Што се случи во меѓувреме од неколку дена, знаат само махерите во ДИК и во ВМРО-МВР. Нејсе, по извесно време стаса цела патрола од ДИК да провери кои се фантомите што живеат во мојот стан, ги имало осуммина, за што никој во семејството ни чул, ни видел. Да се надеваме дека еден ден нема да се појават на имотниот лист како сопственици на станот, а веројатноста да гласаат на повеќе места е голема. Комисијата за проверка на фактите на самото место имала среќа што јас не сум бил таму, со големо задоволство ќе им ја треснев вратата.

И сега четири месеци откако ги направија сите проверки, големите експерти од ДИК кои требаше само да кликнат двапати и да ги проверат во редовниот список каде што стои моето име безмалку 25 години, еве не’ пак заедно со синот на ударните вести. Повторно сме спорни гласачи. Се разбира, доколку е осамен овој случај, ваквото вознемирување не би требало да предизвикува посебно внимание и сомнежи за изборни неправилности. Но, откако се јавија со реакции десетици и десетици јавни личности на кои им се заканува одземање на правото на гласање ако не дотрчаат до канцелариите на ДИК до 19 август да се идентификуваат за да ги остварат своите граѓански права, не ќе можат да гласаат. Ова е чорбата од „малиот“ казан во кој се крчкаат 40.000 гласачи. Господ пак знае што има во големиот казан каде што се околу 1.800.000 гласачи колку што тврди власта, или околу 1.500.000 гласачи колку што тврди опозицијата. А што тврди науката нема ни ќорава бројка бидејќи на општа срамота повеќе генерации станаа полнолетни откако Македонија нема попис. Ако една држава не може, или кажано поточно, не сака да утврди колку сме само поради изборни измами, тогаш залудни се сите реформи, договори и преговори за излез од кризата. Казаните со неидентификуван број гласачи и фантоми и натаму ќе си вријат на тивок огин се’ додека запршката ја прават ВМРО-МВР и ДИК.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Одличната вест за Груевски

Posted on 19 April 2016 by erizaov

gruevski izbori

Никола Груевски многу се израдувал што избирачкиот список од над милион и осумстотини илјади луѓе е чист како солза. Се разбира, Груевски тоа одамна го знаеше ама сега голем ќеф му се беше сторило кога слушнал дека тоа го потврдила и Државната изборна комисија со генијален изум без да проверува стотици илјади сомнителни фантомски гласачи. Имало само 1.135 мртви души кои не биле избришани што може сегде да се случи. Се’ друго си е на свое место, како и на претходните слободни избори, соопштува гласно злосторничкото здружение. Сега може да се оди на слободни и фер избори оти почнува почетокот на крајот на агонијата, вели радосно Груевски.

Уште посреќен бил премиерот во оставка што претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, без да ги чека извештаите од ДИК распишал избори за 5 јуни. Е, тоа ти е прав претседател на парламент. Што има да чека нешто што се знае однапред дека ќе биде едногласно одобрено од независните членови на ДИК откако зависните од опозицијата ќе си заминат. И што има да се проверуваат списоци кога и досега давале одлични резултати без да има големи приговори.

Имам едно сосема конкретно прашање до независните членови на ДИК. Кои се луѓето кои живеат во мојот стан, ги имало вкупно осум, а никогаш не сум ги видел. Одговорот ве молам испратете му го на Груевски како десерт на одличната вест дека списокот ви е чист како надојден Вардар во пролет полн со каловина цигла боја. Добро е што не сум бил дома кога ловците на фантоми задолжени од ДИК дошле да ги видат тие осум лица кои живеат тука. Кажале дека така стои во чистиот список и откако провериле дека нема духови, си заминале. И сега ДИК објавува дека тие луѓе и натаму остануваат на списокот, нема потреба да се бришат, можат спокојно да гласаат.

Ете тоа било одличната вест за Груевски. Се согласувам, тоа е прекрасна вест, особено ако во државата има уште најмалку стотина илјади такви луѓе кои можат да си гласаат на две-три места, или некој за нив тоа да го направи без да се мачат, или пак да се прават некои други ујдурми кои најдобро ги знаат осомничените за злосторничко здружување и изборен криминал. Не е случајно што Груевски соочен со некои аргументи кои се’ уште се тајна за се’ попушти. Не верувам дека е толкава марионета на Запад, ама чесен и легално избран премиер да си ги смени најблиските соработници, , без да изусти јавен збор, да прифати во владата на нивно место министри на опозицијата без избори, да дозволи да му формираат паралелно јавно обвинителство за гонење на тешки кривични дела поврзани со прислушувањето, да аминува поместување на датумот за избори, иако еден ден пред тоа велеше дека нема шанси за нов датум и конечно да прифати да поднесе и оставка, мора да имал голем зорт за веќе направени патриотски дела да не дојдат непријателите на Македонија на власт. Сето тоа Груевски го проголта, ама за жива глава, не прифати чистење на избирачкиот список и чистење на медиумите од ужасните пропаганди на неговите послушници. Тоа значи дека и во иднина, односно веќе на 5 јуни, ако учествува опозицијата на избори ќе има патриотско здружување да не дојде на власт бандата на Заев и разни други предавници. Штом е во прашање државата, се’ е дозволено. Тоа убаво го срочи и претседателот Ѓорге Иванов кога кажа дека функционирањето на правото не е толку важно колку изборите од кои зависи иднината и на државата и на владетелите.

Не знам дали овие од ДИК проверија кој се’ живее во станот на Груевски и во резиденцијата на претседателот Иванов, дали и таму има едно десетина напатени души кои не ги познаваат лично, ни Груевски, ни Иванов, ама чуле за нив дека поради хумани и патриотски причини се водат на нивната адреса. Ете во еден вака убав амбиент ќе заврши агонијата и дефинитивно на 5 јуни ќе се види крајот на кризата. Ќе имаме мирни, ненасилни, слободни, кредибилни, веродостојни, демократски и скандинавски избори. Опозицијата ќе се повлече во илегала и ќе работи по тајни кружоци и ќе организира атентати, а власта на Ахмети и на Груевски заедно со библијата од Москва ќе не’ спасат од украинското сценарио и од членство во ЕУ и во НАТО-„злосторници“.

Добро е што будните медиумски чувари на Груевски навреме го спречија државниот удар кој требаше да се случи на 13 април со негово апсење кое го подготвувале во најголема тајност нашите најголеми душмани Американците во соработка со домашните предавници и Сорос. Штета што во приказната не додале, на пример, малку холивудско сценарио, дека еден таинствен претставник на некогашната КГБ една темна ноќ без месечина точно на полноќ стасал во претседателската резиденција и му шепнал на уво на поспаниот претседател Иванов дека се подготвуваат апсења и атентати. Претседателот кога го чул „длабокото грло“, храбро одлучил да се жртвува за Македонија, иако бил сосема при себе длабоко свесен дека ќе биде нападнат од сите страни. Ингениозно смислил да ја спаси татковината со аболицијата, па така Груевски останал на слобода, па со него и сите ние. Инаку, што ќе правевме ако отидеше во притвор како што наумиле Американците и домашните предавници. Тоа ќе беше многу опасно оти колебливците и големите патриоти ќе почнеа масовно да рипаат од „Титаник“. Остај друго, со Груевски во притвор ќе останевме сираци на Балканите. Браво бе, претседателе, алал ти вера што не’ спаси. Ама ме изненадува неблагодарноста на Груевски кон вас. Вие него со леб, тој по вас со камен. Вие го помилувате и го спасувате од затвор, тој вас ви возвраќа, не сум јас за помилување. Вашата милост никој не ја сака пред избори.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags:

Ме има ли на Шиндлеровата листа

Posted on 09 March 2016 by erizaov

shindler

„Ме има ли на избирачкиот список“ е најновата компјутерска забава во Македонија. Фалсификатите на нелегитимната власт служат за играње мајтап со фантастичните откритија за тоа колку било лесно со години да се победува на избори. Кликнуваш на „избирачки список“, ги ставаш своето име и презиме и играта почнува. Те има, или те нема на Шиндлеровата листа дознаваш за миг. Ако те нема, одиш на втора варијанта, ја впишуваш точно адресата на живеење каде што те чекаат нови изненадувања. Некаде со пет, некаде со десет, а некаде со 50 и кусур фантомски станари ја делиш куќата кои никогаш не си ги видел. Хорор со духови. Ако сите нив ги има, а тебе те нема, одиш на трета мајка и го впишуваш твојот матичен број и оп, гледаш на екранот нови чудеса. И тука ако те нема, не постоиш. Ако пак те има, ти си спасен како Евреите од списокот на Шиндлер кои не завршиле во концентрационен логор. Избирачкиот список во Македонија на подбишега се вика Шиндлерова листа.

Но играта не завршува. Обиди се да видиш дали ги има твоите покојни предци, или некој од блиските роднини и пријатели. Пак преку трите варијанти, со име и презиме, со адреса и со матичен број. Некои се уредно запишани, некои уредно отпишани, некои ги има и ги нема. Не можеш да дознаеш само една работа, дали сите овие луѓе што ги нема гласале, дали сите што не гласале, а ги има расфрлени по светот, сепак гласале, односно некој за нив гласал и многу други прашања кои допрва ќе се отворат откако ќе заврши со единствениот ваков циркус во светот да се чисти избирачки список од мртви души, но и од живи луѓе кои имаат право на пет, или десет гласа. Со избирачките списоци, кога по пречистувањето ќе се спореди со тоа кој се’ гласал, а кој не гласал, ќе стане кристално јасно зошто имаше толкав отпор за нивно пречистување. Одговорот е сега сосема јасен, ќе се видат на дело сите бербатлаци во повеќе изборни циклуси.

Медиумите под контрола на власта по достава на партиските членови кои се во состав на Државната изборна комисија побрзаа да ја објават први ексклузивната вест дека на избирачкиот список фалат сто илјади луѓе. Од нив над 90.000 биле Албанци кои заминале во странство, без да се пријават кога си оделе. Ама гледај чудо, сите нив ги има во базите на МВР, а ги нема во списоците и базите на 10-те други институции што ги споредува ДИК. Ви текнува ли сега за каква папазјанија станува збор. Значи, 100.000 луѓе во МВР ги има на некој друг список за гласање, а ги нема кај другите институции. Бидејќи не се во земјата од поодамна, за нив некој може да гласа прилично организирано и спокојно со добро отпечатени лични карти. И сега доаѓа поентата, 90.000 биле Албанци, а 10.000 Македонци и други. Ова беше големото откритие од првиот ден на чистење на избирачкиот список кое итно се објави за да се оправда големата брука пред финалниот извештај на ДИК. Се разбира, од ДИК експресно стаса демантот. Но сепак еден заклучок што ни го приопшти колегата Даут Даути заслужува посебно внимание. Даути во својата колумна во весникот што прв ја објави оваа сензација вели, ако навистина 90.000 луѓе кои заминале во странство ги има во МВР, а ги нема во другите списоци на институциите и ако тоа се потенцијални фантомски гласачи, тогаш кај Македонците таа бројка е 500.0000. Си велам, дури ако се работи и за 300.000 иселени Македонци во последните, да речеме, 15 години, тогаш јасно е дека резултатите на фантомските гласачи се фантастични бидејќи, на пример, во Источна Македонија која е соблазнето испразнета, на секои избори гласаат над 70 отсто од избирачите. Чудни некои бројки се јавуваат за излезноста во Западна и Источна Македонија, па и во другите делови од земјата на секои избори. Да почекаме до конечниот извештај на ДИК и да ги дознаеме аномалиите на бројките и тајните на избирачките списоци.

Сосема друго е прашањето дали покренатите постапки од Специјалното обвинителство за изборен криминал ќе имаат судски епилог за да се види дали имало, или немало кражба на волјата на граѓаните и изборни фалсификати. Според она што го соопшти обвинителката Фатиме Фетаи во првиот обвинителен акт против високи владини функционери за изборни измами, има големи основани сомневања дека со години власта е нелегитимна и не е избрана од граѓаните. Фетаи кажа две бројки многу индикативни, а тоа е дека има 60.000 новозапишани гласачи и 15.000 нови матични броеви, а кои не се новородени бебиња. Тоа можеби и не би било толку загрижувачки ако не предизвикаше шок во власта и агресивна опструкција осомничените да не бидат притворени. Попречувањето на истрагата и правдата е дигнато на ниво божем се спасува Македонија од предавници и непријатели. Основната логика на сите криминалци е да се избегнат правдата и соочувањето со законите и судот. Невините луѓе, наклеветени, особено ако се на високи функции, инсистираат на брза судска разврска бидејќи сепак имаат поголеми шанси да ја докажат својата невиност отколку обичните граѓани, или политичките противници. Зошто власта бега од судот и правдата и при ваква силна контрола на судството не е многу тешко да се погоди.

Обвинетите за изборен криминал веќе делат интервјуа и изјави за својата чесност како жртви на прогон од страна на опозицијата и Специјалното обвинителство. Обвинетите за криминал во Македонија не зборуваат пред судии, туку пред камери. Единствено радува што ова се’ повеќе луѓе го разбираат.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

September 2017
M T W T F S S
« Aug    
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930