Tag Archive | "ЕУ"

Tags:

Последното гајле е најголемо

Posted on 05 November 2015 by erizaov

eu

Не е на арно што се одолжува испораката на таканаречениот годишен Извештај на бриселската администрација за напредокот на Македонија на патот кон Европа. Ни бројката седум не ни носи среќа. Веќе се знае дека ќе бидат тоа најлоши оценки што сме ги добиле досега. Детето е веќе момче и не може да оди седум години во ист клас. Остана сам во одделението, сите други заминаа во поголемите класови. Се надеваме дека ќе има уште една шанса во една испитна сесија да ги поправи оценките, ако не, ќе мора да се отпише и да оди во вечерно училиште за возрасни со посебни потреби. Е, арно ама овој пат бирократите од Брисел ептен се заебале ако мислат дека некого во Македонија го интересираат нивните оценки.

Си имаме ние други поголеми гајлиња од членство во ЕУ и во НАТО. Викаат, последното гајле секогаш е најголемо. Седум години ни трубат исто па исто, а кај нас седум месеци пред избори почна да тече валкана пропагандна војна да не се изгуби власта, да се спречат сите идеи за покренување одговорност. Каква Европа, каков НАТО и слични глупости. Ние сме во фаза на разгорување татковинска војна за спасување на Македонија. Ако падне Груевски, ќе се случи катастрофа рамна на потоп. Конечно, зошто ни се потребни оценки на Брисел кога од сите страни ни доаѓаат пофалби дека сме светски шампиони за економски реформи, за бизнис-клима, во брзина за отворање нови фирми, за странски инвестиции, за експресни вработувања, за висок стандард на граѓаните, за добро образование и одлично здравство, за чиста човекова околина… Се’ се тоа фантастични резултати постигнати благодарение на мудрото раководство, и покрај притисоците на домашните и странските непријатели. Затоа и Брисел и сите други странски олоши треба да не’ остават намира сами да си ги завршиме работите како што доликува на независна, суверена и самостојна држава. Откако ќе реши народот на 24 април 2016 година да му даде уште еден десетгодишен мандат на Груевски и неговите најблиски следбеници, од Европа можат да ни се јават и да замолат да им ги кажеме условите кои треба да ги исполнат за да бидеме членки на ЕУ и на НАТО.

Не знам дали овој ќе биде поразличен, ама седум години отрпнавме од извештаи што секој може да ги чита и да ги толкува како што сака. Власта досега беше презадоволна што извештаите на крајот имаа позитивна оценка, едно килаво двојче, кое подоцна на наставнички совет се преправа во единица. На тој начин, Владата во улога на родител ги обвинува учителите дека го мразат детето кое многу учи, се’ знае, ама ете му ставаат единица за инает оти е многу паметно и убаво. Огромното мнозинство граѓани кое редовно дава поддршка за членство во ЕУ и во НАТО веќе е изморено од бриселските патрдии и рибарски приказни што совршено и’ оди под рака на авторитарната власт дека ние ги исполнивме сите услови, ама таму некој намерно не’ кочи. Тоа е одлично оправдување бидејќи навистина некој друг не’ кочи, но вистина е и тоа дека уште повеќе се кочиме самите себе, бидејќи ниту една забелешка преземена од извештаите не е решена докрај. Властодршците се убедени дека критиките се дадени тенденциозно поради Брисел, а не поради нас. Затоа ние и овој извештај, каков и да е, ќе го закачиме во јавните тоалети оти гарант ќе биде навредлив за светските прваци во повеќе дисциплини, почнувајќи од преголемата слобода и демократија која поминува во анархија кога може со години непречено да се прислушуваат илјадници граѓани и јавни личности, до удирање ќотек во парламентот на опозициски пратеници, нивно бркање од дебатната сала и насилно отстранување на новинарите. Како може некој таму во Брисел да си дозволи да дава оценки за економски реформи кога Владата за десет години направи светско чудо, што се гледа од фактот дека само нам ни расте додека на сите им паѓа бруто-домашниот производ. Никој не ги ни чита ни ферма тврдењата на познати економисти-нобеловци дека растот на економија со позајмени пари е вештачки напумпана и опасна работа, особено ако кредитите се трошат во потрага по пославно минато и изградба на споменици.

Еве, да ги земеме, на пример, забелешките за слободата на медиумите кои од година во година се’ се поостри, оти ние сме се’ поблиску до светското дно. Сите еврокомесари кои досега ги пречекавме и ги испративме илјада пати и во официјални документи и преку изјави и најдобронамерно во четири очи со најодговорните луѓе кажаа дека за слобода на медиумите не се преговара. Без слободни медиуми не може да се биде дел од Европа. Владите се тие што треба да ја гарантираат и спроведат во дело медиумската слобода итн., итн. Се разбира, од сето тоа нема ништо, затоа што нашиот премиер и неговите најблиски соработници се убедени дека во Македонија има преголема слобода и демократија што е вродена мана на сите автократи.

По десетгодишна деградација и корупција на медиумите во Македонија е завршена работата со медиумските слободи. Веќе нема ни цензура, ни забрани, ни притисоци. Освен неколку весници и телевизии и портали, се’ друго е партизирано до коска и добро корумпирано преку разни форми и нема потреба од никакви наредби и влијанија. Подобните уредници и новинари си ја знаат добро работата. Цензурата за десет години веќе е вградена генетски.

Европа врз ова не може да влијае. Деновиве еврокомесарот Јоханес Хан призна дека Брисел е немоќен да ги подобри медиумските слободи во Западен Балкан. Хан вели дека поголемо влијание за подобра медиумска состојба може да има само ако Брисел ги почне преговорите за членство со овие земји. Е па, господа Европејци почнете веќе еднаш… Друго чаре нема.

(објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: ,

Носталгија по Македонија

Posted on 28 October 2015 by erizaov

preporaka

Ако на Македонија и’ се одземе препораката за започнување на преговорите со ЕУ, што практично значи укинување или замрзнување на кандидатскиот статус во домашните битки за власт ќе нема победници, туку само два милиона поразени граѓани и држава со неизвесна иднина.

Во тој случај, од кандидат за ЕУ што директно е поврзано и со членство во НАТО, Македонија станува „ничија земја“, балканска сива зона. Можеме на сет глас и по сто пати дневно да се удираме во гради и со огнени патриотски говори да повторуваме ова е наша земја, ова е наша земја… македонскиот народ, македонскиот народ… но науката и историските процеси се неминовни, особено ако политичките елити заслепени за власт не ги препознаваат, вистинските приоритети и не ги бранат државни интереси. По белата чума и сиромаштијата, по масовното бегство на младите учени и стручни луѓе по белиот свет, ова е последниот чин на патот кон распад, делби и исчезнување на државата. И демографите и историчарите, а најмногу суровата реалност, којашто ја видовме одблизу со исчезнувањето на Југославија, потврдуваат дека и многу поголеми држави и нации ги снемува и денес, во 21 век, како и низ минатите столетија.

Премиерот Никола Груевски во својот најпатриотски говор, по повод денот на ВМРО, кога од државен празник направи партиски митинг, за евентуалното одземање на препораката од страна на Брисел испрати порака, која јасно укажува дека по таков катастрофален пораз би биле залудни сите домашни расправи и надмудрувања, кој повеќе е виновен за блокадата кон најважната цел во историјата на независна и самостојна Македонија, а по многу нешта и најважна цел за опстанокот на државата која се’ повеќе станува дел од проблемот на Балканот, а не како досега, дел од решението на стабилен регион. Точно е дека плачот и кавгите над покојникот би биле бесмислени и исмевани од наследниците на распарчената држава како носталгија по Македонија. Сукцесорите, браќата деленици, ќе констатираат дека Македонија била историски истрошен, или неуспешен модел, ќе го обвинат таткото, ќе предложат да се прифати новата реалност.

За идните генерации, без оглед дали делбата ќе биде братска или со војна остануваат долговите, тие не се бришат и по распадот на државите. Мора да се платат, такви се договорите со банките. Долгот и на Кралството Југославија и на Титова Југославија, си го плаќаат наследниците, иако одамна не постои ни едната, ни другата. Ако не се прифати реалната опасност од ваква разврска и за Македонија, тогаш нашите водачи ништо не научиле од историјата иако многу сакаат да држат патриотски говори. Се уште плачеме за последиците од Букурешкиот договор од пред сто години за распарчена Македонија. Во наредните сто години можно е да плачеме за последиците од неостварениот договор, не знам кој го крсти од Пржински. Разликата меѓу Букурешкиот договор и овој наш тукашен, автентичен, е во тоа што пред повеќе од сто години други ни ја одредија судбината, а со овој договор од Пржино се испековме сами, власта која не ја препознава својата одговорност, ја донесе земјата пред нови делби и опасности.

Но, како и при сите демагогии и лаги, најопасна е полувистината. Премиерот Никола Груевски бара почеток на преговорите и потврдува дека блокирана Македонија без можност да стане дел од европското семејство и вредности би била голема загуба и дека би биле залудни сите домашни расправи за тоа кој повеќе е виновен. За, голема жал, тоа е само полувистина, како оној мал видлив дел на сантата мраз кој одвај се гледа над површината на морето. Големата планина под вода е огромната одговорност на Владата и лично на премиерот напишана од збор до збор во Уставот на Македонија, над кој Груевски секоја година во изминатите десет години се колне дека ќе ги брани интересите на државата и на нејзините граѓани. Од сите стратегиски интереси се’ уште не е остварен ниту еден, иако во сите партиски програми, собраниски декларации, манифести, во сите партиски предизборни ветувања стојат цврсто зацртани како главни приоритети стандардот на граѓаните, квалитетот на живеење и евроатланските интеграции. Ништо од тоа не е остварено, за тоа постојат емпирски докази еден куп бројки и факти, но од се’ е посилно чувството на граѓаните кога живееле порано и побезбедно, сега или порано.

Ако навистина Груевски е убеден во својата победа на 24 април 2016 година и ако уште сега има голема потреба да се прогласи за победник и да соопшти колку е омилен од народот, според половично соопштените анкети, ако навистина нема никаков грев и е чист пред законите од она што можеше да се слушне како сомнеж од бомбите на Заев, тогаш, не гледам ниту една причина зошто не би ги прифатил и спровел од „точка до запирка“ сите преземени обврски од Договорот, па дури многу повеќе, се’ што е во интерес на граѓаните и државата. Работите изгледа стојат сосема поинаку. Груевски и неговите следбеници ги блокираат сите обиди да се дојде до излез од политичката криза и да се спроведат преземените обврски од Договорот во Пржино, но и од договорот со сопствениот народ. Единствениот видлив мотив е задржување на власта и бегање од одговорноста, од соочување со правдата. Но има една работа која никој не може да ја спречи ако се стопира европеизацијата на Македонија и членството во НАТО и дојде до распад на државата поради битка за власт.

Пресудата на историјата не може да ја спречи ни Судот на Груевски. Ќе речете, кому ќе му биде тоа важно ако ја снема Македонија. Ако нешто ви значи, во право сте.

(објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , ,

Стратегијата на Груевски

Posted on 15 June 2015 by erizaov

(Фото: Утрински весник)

(Фото: Утрински весник)

Премиерот Никола Груевски некни во Брисел откако откри кој е виновен за политичката криза во која тоне државата, на дебатата за Југоисточна Европа и Западен Балкан – „Кран Монтана“, маестрално ја кажа големата стратегиска цел за иднината на Македонија. Кога тоа го слушнав прво ми дојде да се крстам со две раце, па да се качам на највисокото минаре или камбанарија во Скопје и да се провикнам колку што ме држи глас: Боже, мили Боже, го гледаш ова чудо големо. Веднаш се пишманив, оти Господ одамна дигнал раце од нас и не се појавува во библиската му татковина колку и да го молат верниците. Мора и на Господ многу да сме му згрешиле што не избришал од неговата агенда.

Што беше тоа чудо големо. Ако не сте слушнале и прочитале, еве да ви кажам, нашиот премиер пред угледни деловни луѓе и државници рече дека стратегиска цел на Македонија е да стане полноправна земја-членка на ЕУ и на НАТО. Замислете како што рече Груевски, тоа било од интерес на граѓаните на Македонија. За да поентира со прекрасно откритие на општо воодушевување на сите гости дека членството во ЕУ и во НАТО ќе доведе до подобра иднина, економски раст и развој, тоа ќе значи да станеме земја на мирот и стабилноста, тоа ќе биде добро за целиот регион, кажа премиерот Никола Груевски.

Аууу… си реков, до какво епохално откритие дошле двајца наши големи државници независно еден од друг. И претседателот на државата Иванов и премиерот Груевски некако наеднаш во секоја прилика и неприлика почнаа да му соопштуваат на светот дека наши стратегиски цели се ЕУ, НАТО, европските вредности, европската демократија, европските норми на заштита на човековите права и човековата околина, европското владеење на правото, слободни медиуми, европските стандарди на живеење, воспоставување на европските критериуми на добрососедство, со еден збор целокупна европеизација на македонското општество и на граѓаните. Ова на светот и нам гласно ни го соопштуваат Иванов и Груевски, кои очигледно како вчера да дошле на претседателската и премиерската функција. По нив следува цел хор апологети и медиумски труби. На сите устата им е полна со Европа. Неупатен и наивен човек би помислил, па добро бе што работеле овие луѓе досега со години како што се на власт. Претседателот Иванов цели шест години, а премиерот Груевски полни девет години. И што сработија во сите овие години за стратегиско приближување на Македонија кон Европа: Ништо, ама буквално ништо. Поточно не’ вратија поназад отколку што бевме на европскиот пат.

Визната либерализација со која толку се удираат в гради не може да се смета за никаков успех бидејќи Брисел јасно и гласно кажа дека е тоа награда на ЕУ за граѓаните на Македонија од која ниедна партија не може да прави политички капитал.

Овие проевропски изливи на нашите владетели по разни меѓународни конференции и по разни поводи и на нивните следбеници во Македонија изгледаат како врвно лицемерие и ординарна лага. Прво до вчера антизападната, антиевропска, антинато пропаганда трештеше низ контролираните и цензурирани провладини медиуми. Дежурните критичари на Америка и на ЕУ, познати јавни личности чии провладини и провмровски ставови ги знаат и врапчињата, се’ што мислеше обратно од нив го прогласуваа за предавник и непријател. НАТО беше злосторничка воена организација пред распаѓање. Цела една медиумска машинерија составена од партиски новинари, бивши дипломати, корумпирани интелектуалци секој ден сееше омраза кон Запад со амин на власта. До вчера сите успеси ги постигнувавме без Европа правејќи чуда во економијата, а денес премиерот вели со членството во ЕУ и во НАТО ќе постигнеме побрз економски развој и раст, подобра иднина, мир во регионот и добри меѓусоседски односи. Поради ова истото што сега го проповедаат премиерот и претседателот на државата, стотици новинари и јавни личности беа прогласени за предавници и непријатели на Македонија. Големите патриоти кои до вчера беа ловци на вештерки и прозападни шпиони денес се големи Европејци.

Сепак, најголемото лицемерие е кога нашите водачи зборуваат со вознес за европските вредности во освојување на демократијата, на слободата, на човековите права, за владеење на правото, за слободата на медиумите. На луѓето со лице како ѓон воопшто не им е тешко да кажат дека европските достигнувања во демократијата се наша цел која само што не е освоена.

Државниот врв буквално се прави на удрен кога со конкретни докази ќе им се предочи дека во земјата е воведен комплетен режим, тоталитарно општество и кога ќе им се приопшти дека Македонија е на дното на неслободни држави на светските ранг- листи. Тешко им е да признаат дека, всушност, Европа и Америка со својата политика и лобирања преку разни канали поддржа еден деспотски систем во Македонија кој им украде на граѓаните 10 години од животот и однесе во неврат десетици милијарди евра на најсиромашните Европејци од Балканот. Таквата поддршка на Европа на сметка на два милиони граѓани беше игнорирана од носителите на власта.

Време е узурпаторите на власта и Европа да ги платат своите гревови кон граѓаните на Македонија.

Comments (1)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

July 2017
M T W T F S S
« Jun    
 12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31