Tag Archive | "еврообврзница"

Tags:

Борчот голем успех на владата

Posted on 21 July 2016 by erizaov

evro

Не знам дали вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и неговото алтер его, премиерот Емил Димитриев, ја прославија победата и си наздравија со отворање големи шишиња шампањско, исто како што прават победниците во трките во формула, или на мотори. Целата влада и партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ, замислете како се прскаат радосни со шампањ оти успеаја да земат нов заем од 450 милиони евра и да ги задолжат државата и граѓаните за уште 600 милиони евра сосе камати кој достигна по 2.500 евра по глава на жител. Ова вреди за еден силен двомилионски аплауз за спасување на државата. Сега Груевски и неговите најблиски соработници можат да си ја накриват капата и да ги прифатат сите барања на опозицијата и на ЕУ и на Америка и нивните олеснувачи на дијалогот за разрешување на македонската криза. Со толкава пара како плева се оди на избори со песни и со игри.

Кога во една држава за успех се смета заборчувањето како мерка за љубов кон татковината и патриотизам, на секој домаќин што чесно работи јасно му е накај каде одиме и кој треба да ги враќа долговите, особено ако со парите од скапите заеми се делат плати, пензии и социјална помош, како што велат нашите големи реформисти и финансиски експерти, махери за задолжување. Во политиката одамна е позната стратегијата на владетелите кога пред избори мора да се наполни државната каса и на озаконет начин да се добие коруптивен буџет кој ќе ги опслужи клиентите на власта. Експресно се плаќа дел од долговите на Владата кон домашните доверители, а вториот поголем дел се ветува по победата. Се вработуваат во државните институции илјадници луѓе без никаква економска оправданост. На пример, во полицијата едно 600 лица, во војската 150, во државната администрација Господ знае, по судовите и училиштата, по општините, во комуналните претпријатија насекаде се примаат луѓе за кои има препорака од партиските штабови на власта. Се делат кредити за самовработување, за купување стан или изградба на куќа, се делат субвенции, се откупуваат житото, тутунот, оризот, грозјето… се зголемуваат платите, пензиите, социјалната помош, се истураат пари во пропагандистичките медиуми, никаде не смее да затаи предизборната машинерија на власта.

Македонската предизборна формула која гарантира победа во последните години е општо позната. Прво заем од едно 200 до 250 милиони евра, ако тоа не е доволно следува малку печатење на лични карти и активирање на ВМРО во МВР со волшебни избирачки списоци, потоа следува малку изборен туризам со платена дневница на патриоти од Албанија и гастарбајтери од Европа и оп, победата е тука.

Овој пат треба многу повеќе пари оти некои вентили за изборни нерегуларности се затворени, па пресметката за победа и за покривање на трошоците пред избори и по изборите нараснаа на 650 милиони евра. Сега со 450 милиони евра може да се оди само на победа, но и на уште еден поголем заем три месеци по изборите, кога веќе ќе нема кој да каже ни збор против омилениот лидер избран од народот на слободни и ептен веродостојни избори кои чинат стотици милиони како и сите овие години. Сепак 450 милиони евра е двојно повеќе отколку досега колку што му требаше на Груевски за да ги задоволи сите апетити и да победи на кои било избори, локални, претседателски, парламентарни и вселенски.

Арно ама, домашниот есап не излегува секогаш на пазар. До зимата долга е нивата за орање. Се разбира, во Македонија не е можен ни неуспешен државен удар, оти кај нас во изминатите четири години од 24 декември 2012 до денес се случија неколку бескрвни пучеви и државни удари, многу оригинални и единствени во светот. Власта соопшти преку своите телали дека сме имале обид за државен удар, ама ниту е соборена власта, ниту некој е убиен или ранет, ниту некој е уапсен или обвинет. Тоа е како во приказните за деца и за возрасни кога, всушност, власта измислува државни удари за да ги исфрли опозицијата и новинарите од парламентот, за да земе предизборен заем од странски банки. Имавме и пуч кога лидерот на опозицијата отишол на премиерот да му каже да си поднесе оставка оти тоа што го има во прислушуваните материјали е за голем срам и брука, се разбира, доколку се има чувство на срам и морална одговорност. Се изнаслушавме ужасни работи што се правело на сметка на граѓаните и на државата, какви се’ лудаци ја воделе државата, какви се криминали и пресметки се правени со политичките противници, како се местени изборите, како се врбувани новинари и уредници, како се станувало обвинител, или судија и уште милион гадости, ама сето тоа било само обид за пуч и уривање на власта. И пак нема ниту еден уапсен, власта не падна, нема оставки, нема жртви… бати пучот.

Вистината во Македонија бавно патува спречувана од воената пропаганда и цензура, но сепак патува. Нашите комшии Бугарите велат тоа што не може да се купи со пари се купува со многу пари. Меѓутоа, има нешто што не може да се купи ни со многу пари.

Чинам, или можеби само ми се привидува, дека сега сме на тој пат. Следните избори се пресудни за опстанокот на Македонија, ќе се гласа за образ и чесност, или за криминал и корупција, за слобода, или за режим. Па ако образот и слободата имаат помала цена од криминалот и страховладата, тогаш сите да си ја накривиме капата, или поточно да ја наведнеме, па да провериме дали навистина наведната глава сабја не сече. Мислам дека поговорката ја измислиле страшливци. Таа би требало да гласи – наведната глава сама паѓа. Сепак, Македонија има повеќе чесни домаќини од расипници.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Ќе има вересија

Posted on 18 July 2016 by erizaov

evro

Премиерот Емил Димитриев јавно призна дека Македонија ќе се заборчи за уште една милијарда евра за да „обезбеди ликвидност и навремена исплата на плати, пензии, социјална помош…“, главен аргумент му беше дека тоа не било карактеристичен случај само за нашата земја. Го рече тоа и остана жив. И сега да го праша човек, не банкар или финансиски експерт, за нив вакво задолжување е катастрофа, туку човек домаќин: добро бре, премиере, што се случува кога една држава шампион во економски реформи и во успеси, инвестициски рај со најголем стопански раст во регионот, се задолжува за да исплати плати, пензии и социјалана помош. Дали таа земја не е веќе банкротирана, или пак како и пред секои избори почнуваат најголемите лаги. Или можеби има нешто и од двете работи, ем беспарица како резултат на големите успеси и економски реформи, ем неопходноста од коруптивен буџет како и пред секои избори кога Груевски не излегува на мегдан без едно двесте-триста милиони евра во државната каса, да не речам во џебот.

Таман помислив дека тазе премиерот тресна ептен зелена, кога се огласи креаторот на најголемите успеси во историјата на независна Македонија Никола Груевски, една деценија шеф на најуспешната македонска влада. Големиот реформатор ги повтори истите зборови дека заемот од 650 милиони евра кој граѓаните ќе ги чини една милијарда евра биле навистина пари за плати, пензии, социјална помош, ама ете непријателската опозиција сакала да ги остави илјадници граѓани без плата, без пензија, сиромаштијата без помош за да ја продлабочат кризата и небаре да ја уништат Македонија, па затоа ја накодошиле својата држава пред светските банкари да не ни дадат пари. Божем банкарите не знаат кој број чевли носи Македонија и колку ни е долга чергата. Се крена голема прав за малото гајле за да се скрие големото гајле. Демек опозицијата и непријателите на државата сакаат да ги остават луѓето без плати и пензии, а не дека со овие пари треба да се скријат катастрофалните резултати од лажните реформи и успеси и дека таа измама треба да ја платат денешните и идните генерации само за да се владее уште некоја година и да се избегне одговорноста, која почна да тропа на врaтата.

Македонија секако ќе ги добие бараните пари. Ќе живееме и ние и државата и натаму на вересија. Светските банкари најмногу сакаат да позајмуваат пари на држави со гаранции на владите. Толку се прецизни тие договори, што не постои никаква шанса парите да на бидат вратени со пропишаните камати. Врвни адвокати и финансиски стручњаци ги имаат подготвено ваквите договори кои овозможуваат наплата на секој долар, или евро сеедно, дури и кога државите ќе банкротираат, или кога ќе исчезнат, кога не постојат повеќе. Така, на пример, Југославија, која исчезна ќе биде уште малку пред 25 години, уредно си ги отплатува долговите, односно наследниците, иако се’ уште ја немаат поделено оставината, прво си ги поделија долговите и тие се враќаат. Пред само неколку години е отплатена последната рата од долговите на Кралството Југославија. Да не зборуваме за банкротираните држави. Банките во своите договори не признаваат банкротство, државите и наследниците мора да го вратат заемот како што е пропишано и потпишано. Секое одложување има нова цена и нови камати. Најдобар пример за тоа е нашиот сосед Грција. И по пет банкротства, си ги врати сите пари до последната драхма, друга работа е кој, колку и зошто и’ помогнал. До 1971 година на секое кило сол и секоја кутија цигари Грците плаќаа екстра давачки за враќање стари долгови. И сега ќе биде така за шестото банкротство без оглед дали Грција ќе прогласи, или нема да прогласи фалименто. Парите на банките мора да се вратат. И така, заем по заем, камата по камата на камата се враќа секоја паричка. Мудрите и одговорни влади што паметно ги потрошиле парите и виделе аир од кредитите, лесно и со алал ги враќаат парите. А тие недомаќини и расипници што ги зеле за плати и за зачувување на власта, за корупција и богатење го оставаат својот народ на цедило во сиромаштија да им ги плати долговите.

Има ли пологично прашање зошто тие што работат и си ги заработуваат платите, што со години одвојуваат пари за пензиско и социјално осигурување, што редовно плаќаат даноци и придонеси сега не можат да си ги земаат своите заработени пари оти некој им ги потрошил за величања на својата слава и власт, или украл, па сега мора да зема заеми и со тоа да се фали дека дава плати и пензии, социјална помош бесплатно лекување и други лажги со опашки. Граѓаните на Македонија и за плати и за пензии и за здравствено осигурување по сила на закон издвојуваат од своите примања и никој ништо не им дава и подарува. Ни Груевски, ни свети Петар. Тоа си нивни пари.

Ниту еден македонски банкар на ниту еден граѓанин, или домашна компанија нема да им даде ни денар кредит ако тие пари се за истата намена што владата ги бара од светските банки. Фирма која нема приходи да подели плати не може да земе кредит бидејќи е банкротирана. И да успее да земе, хипотеките за вакви кредити се толку неповолни, што банкротството е неминовност ако парите отидат само за плати и придонеси. Ако како граѓанин, пак, барате кредит од 30 илјади евра, банкарите ќе ви побараат не само хипотеки и цврсти гаранции, туку и комплетна крвна слика и ќе ви ставаат холтер да видат како ви работи срцето и додека спиете. Ако малку задоцните, отиде куќата и целиот имот на барабан, не ги интересирало дали сте средно или ниско задолжени, туку дали ги враќате навреме парите и каматите. Ако, пак, кажете дека земате кредит затоа што немате плата или социјална помош, ич муабет не прават, ќе ви го одобрат на свети никогаш.

Е, сега со државата работата е различна, таа ќе добие пари за својата европска обврзница. Груевски раат да оди на избори, а тоа е добра банкарска зделка. Значи ќе бидат задоволни и големите комерцијални банки и владата и тие што мислат дека Груевски им дава плати и пензии, а не дека тоа се нивни пари. Ќе останат незадоволни само предавниците и непријателите, опозицијата, а за неколку години и тие што ќе ги враќаат долговите. Туѓи пари лесно се трошат, а туѓи долгови тешко се враќаат и со многу пцости.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Али Баба и …

Posted on 09 June 2016 by erizaov

evra

Ме разочараа Швајцарците. Не ја прифатија на референдум прекрасната идеја секој полнолетен, работел-неработел, да добива по едно 2.500 франци, околу 2.200 евра месечна плата, за пристоен живот. Тоа ќе беше убав патоказ и за Швајцарија на Балканите за да излеземе од кризата и да го избираме Али Баба, заедно сосе четириесетте разбојници за доживотен шеф на бордот кој ќе управува со Сезам, наречен Македонија, без ограничување на неодговорноста.

Нашиот референдум на истата идеја би поминал стопроцентно и со 1.000, па и со 500 евра по глава на човек со право на глас. Некои соочени со мизеријата веќе ја спуштија цената и велат дека и со 200 евра по гласач би биле ептен задоволни. Али Баба и за оваа цена би поминал на референдум со стопроцентна излезност и едногласност. Есапот е многу едноставен: четиричлено семејство со право на глас, без проверка на избирачките списоци, би добивало 800 евра месечно што е збогум сиромаштијо. Но, се’ уште не е доцна, сега кога Македонија постигнува извонредни резултати во економијата, да се ослободиме од сиромаштијата и од борбата за демократија и да го направиме тоа што во Швајцарија е утопија, убаво да се живее без работа. Мислам дека ако добро се спакува кампањата за референдум со јасно прашање дали сте за слобода, или 50 евра субвенции месечно по глава на жител, ќе нема промашување на веродостојни и фер избори да избереме легитимна влада со мандат од 100 години. Слободата секогаш има ниска цена кога е празен стомакот. Така ќе паднат во вода сите сегашни налудничави идеи за разрешување на кризата, за членство во ЕУ и во НАТО, за некакви меѓупартиски договори и преговори, за специјални обвинителства и судови, за владеење на правото и пишман-аболиции и слични глупости.

Да се вратиме од швајцарските Алпи на нашата сурова реалност додека на Али Баба навистина не му текне да ни даде швајцарска понуда со исплата по изборите. Она што во моментот ни се случува е последната фаза кога стасаа сите фактури по десет години неконтролирано владеење. Таа е најопасната етапа од одмаздата на поранешните повторувачи кога не се избираат средства да се сочува личната слобода на сметка на слободата на два милиони граѓани. До следните избори можеме да очекуваме серија нарачани апсења во име на спасување на државата. Осомничените за организиран криминал и злосторничко здружување за узурпација на власта ќе воведат контраапсење, како што воведоа контрапротести, контрамитинзи, сега ќе имаме и контраапсења со готови подготвени медиумски и полициски обвинувања дека е почната голема акција за конечно расчистување со криминалот во предавничките и непријателски редови. Списоците за приведувања и акции на специјалните трупи веќе се изготвени, само треба да се избираат погодни датуми кога спектаклите ќе имаат најсилен одглас.

Во исто време е покрената цела машинерија за нов голем заем од светските банки со убаво име – еврообврзница. Се работи само за неколку стотини милиони евра кои треба да легнат во буџетот, односно во Сезамот на Али Баба кој одамна не излегува на избори без екстра двесте-триста милиони евра во касата. Ако не може долгорочно да се издржи швајцарскиот комунистички модел на секого според потребите, може лесно на сметка на целиот народ неколку месеци во Швајцарија на Балканот да се примени како предизборен модел кога штедро се делат пари на сите страни за фер, мирни, веродостојни и скандинавски избори. Тоа кај нас е испробано неколку пати и дава одлични резултати. Никој не може да ја сопре добрата власт да му дели пари на сиромашниот народ. Секој обид да се контролира буџетот во парламентот завршува со пресметка на тајната полиција со непријателите на татковината.

Сложените операции на преговори за непречена работа на Специјалното обвинителство, за успешното поништување на аболициите кои требаше да ја спречат правдата, предупредувањата на ЕУ и на Америка, странските преговарачи, домашните протести, Али Баба сака да ги победи со малку ќотек и со многу пари. Прво апсења и застрашувања, тортура и закани, а потоа награди за послушните патриоти и бранители на државата.

Досега оваа доктрина минуваше без поголеми тешкотии, иако имаше сериозни предупредувања дека е инсталиран режим во земја кандидат за членство во ЕУ и во НАТО. Казните и пеналите што доаѓаа од Брисел ги плаќавме сите. Овој пат очигледно книгата е прочитана и се случуваат некои работи кои ја тревожат власта до очај. Големиот успех со симнување на аболицијата за спасување на осомничените за големиот криминал и баснословна корупција и ултиматумот за непречена работа на Специјалното обвинителство со најава за формирање на специјален суд или судски оддел предизвикаа паника во врвот на власта. Идејата за контраапсење на политичките противници за корупција и криминал не се доволни за политичко пазарење. Лицата од политичкиот врв против кои ќе бидат покренати судски постапки не ќе можат да учествуваат на избори, ниту да бидат избирани на одговорни функции. Така барем би требало да биде ако и овој пат не победат стравот и гладниот стомак.

Очите на слободоумната јавност во Македонија се свртени кон пакетот на германскиот специјален претставник Јоханес Хајндл кој според балканските стандарди на разбирање на пораките и германската педантност се очекува детално да ги презентира излезните решенија, се разбира и морковот и стапот. Оттаму е големата нервоза на поранешните повторувачи. Сезам веќе не се отвора дури и кога Али Баба вика три пати: „Сезаме, отвори се“.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , ,

Ем борчлија ем фалбаџија

Posted on 14 July 2014 by erizaov

Политиката на задолжување на државата наликува на народните изреки: ем шуто ем боде, а добро прилега и: ем борчлија ем фалбаџија….

Има едно стотина народни поговорки за луѓето што живеат на вересија, за тие што се заборчуваат повеќе отколку што им е долга чергата, што не ги враќаат долговите. Народот, особено бил жесток кон неранимајковците кои оставаат нивните деца да им ги платат сметките. Сите народни мудрости ги жигосуваат и исмеваат недомаќините кои сакаат да живеат на висока нога, на туѓа сметка. Во ниту една поговорка не е срамота да бидеш сиромав и чесен, а во сите е арам и голем грев да бидеш заборчен и да не си го платиш долгот.

Така е со луѓето, а како е со борчлија државата. Одговорот е едноставен, сосема исто. Разликата е во тоа што кога не може државата да ги врати долговите не се вели ќе ја распродаваат на барабан како имотот на луѓето, туку се вика банкрот. Во Македонија толку наопаку станаа работите што веќе не е срамота да се трча низ светот по заеми. Дури, таквото заборчување се смета за успех, па му дале и убаво име, еврообврзница. Тоа ти е кога даваш гаранција на тие што ти даваат пари на заем дека ќе им ги вратиш за одредено време со добра камата, а тие нема да ти се мешаат каде и како ќе ги арчиш парите. Види, види ти се молам каква дрскост и ароганција ќе ја ставаме под хипотека државата сосе граѓани, за уште неколку стотини милиони евра, а тие тоа го викаат еврообврзница. Големиот успех на Владата што издала еврообврзница не значи ништо друго, туку дека пак ни брцнала во џеб и ги дрпнала нашите пари и на нашите деца.

Има во светот финансиски фондови и банки што даваат кредити со двојно помала камата, ама на помалку ризични политички постабилни држави, притоа бараат список каде и како ќе се трошат парите, односно не може да се трошат како ќе му текне на клучарот од државната каса. Кај нас Владата веќе никој не ја ни прашува, дури ни во Парламентот како ги троши народните пари и зошто се задолжува преку глава. Во таков амбиент не е тешко задолжувањето да се прогласи за голем успех, па така борчлијата да стане фалбаџија со туѓи пари. А, долгот, богами не е мал, па затоа владата смислила посебна тактика и го дели на два дела. Првиот дел е на Владата со кој се фалат и премиерот и министрите, бидејќи изнесувал околу 34 отсто од бруто-домашниот производ што било најмало задолжување во Европа. Вториот, за кој молчат и Владата и премиерот е на државата, ама и за тој главно одлучува Владата како ќе се троши. Ајде сега да видиме како тоа се смета според европските критериуми и мерила. Во вкупниот долг на државата влегуваат и задолжувањата на општините, на државните фондови и агенции, јавни претпријатија. Еве ја математиката која е многу едноставна. Ако јавниот долг изнесува околу 34 – 36 отсто од БДП, колку што признава нашата влада, тогаш апсолутната бројка која владините министри не ја спомнуваат е некаде околу 2,8 милијарди евра. Кога на оваа бројка ќе се додадат преостанатите долгови: на општините, фондовите за патишта, за здравствено и пензиско и инвалидско осигурување, државните агенции, јавните претпријатија и уште многу други државни институции, тогаш долгот расте како тесто. Земете ги само кинеските кредити за изградба на две делници автопат со кој се фали владата на цел глас оти заемот од неколку стотини милиони евра милиони евра со два отсто камата е прекрасна работа, без оглед колку е повисока цената над реалната на километар автопат, било до Охрид или до Св Николе. И општинските долгови надминуваат повеќе стотици милиони евра, следуваат уште еден куп борчови за разни намени и камати кои се направени во текот на изминатите осум-девет години. Добрите познавачи велат дека и тие се негде близу 30 проценти од БДП. Тогаш вкупниот долг на државата Р. Македонија е поголем од 60 проценти, што е над црвената линија. За да нема шпекулации време е Владата конечно да ги објави сите долгови и камати и да ја соопшти вкупната задолженост на земјата. Тоа не смее да биде државна тајна, или недостапна информација која е од првостепен јавен интерес на граѓаните чии пари ги троши власта

И вториот момент, за кој кај нас по 24 декември 2012, црн понеделник, малку се зборува, е кога Македонија ќе почне да троши домаќински колку што може да поднесе, односно кога ќе го намали буџетскиот дефицит под три проценти и колку што предвидуваат правилата за земјите-членки на ЕУ.

Најголемата слабост при драматично брзото задолжување на земјата е што нема транспарентност каде се трошат парите. Кога скапите позајмици ќе влезат во буџетот, кој одамна е чекмеџе на Владата, социјален вентил за мир во куќа, се ми се чини, дека сме се поблиску до банкрот.

Да се разбереме, немам ништо против задолжување на државата и владата. Нема држава која не користи кредити. Најбогатите најмногу. Но, позајмените пари мудрите влади секогаш ги користат за проекти кои носат профит и лесно ги враќаат заемите. Кредитите стануваат исплатливи и оправдани кога не претставуваат товар ни за граѓаните, ниту на тој што зема, ниту на тој што дава пари на заем. Кога лесно се враќа долгот, а останува уште и добивка тогаш не е ни важен износот на долгот. Кога ќе дојде време да земете нови кредити за да вратите стари долгови кои или не знаете, или не смеете да кажете каде сте ги потрошиле, тогаш, тоа се вика ем шуто ем боде.

Објавено во Утрински весник

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

July 2017
M T W T F S S
« Jun    
 12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31