Tag Archive | "демократија"

Tags: , , , ,

Пред крајот

Posted on 20 March 2015 by erizaov

zoca

Зошто Македонија нема големи државници и храбри сведоци на времето во кое живееме

Во бурни времиња, историските настани исфрлаат на преден план големи државници, војсководци, херои, јунаци, но и негативни личности, кои со своите погрешни политики, одлучуваат за судбината на цели народи. Историските тектонски промени со кои се соочува Македонија покажуваат дека во овие 24 години на независност, освен првиот претседател на државата Киро Глигоров, кој ја одбегна крвавата драма што ги погоди сите републики при распадот на Југославија и добивме држава по мирен пат без ниту една жртва, Македонија не даде други големи политичари и дејци кои ќе ги забрзаат историските процеси за денес со право да можеме да ги наречеме државници кои ги задолжиле својата татковина и нејзините граѓани.

Неверојатно но вистинито, бурните историски настани во Македонија не исфрлија крупни историски личности. Историчарите ќе речат тоа едно со друго не оди, но сепак ни се случува, колку и да се коси со науката. Оваа научно потврдена закономерност не важи во држави каде што мнозинството не секогаш може да ги препознае вистинските вредности на патот кон подобра иднина и прогрес. Најстрашно е кога популарните политички водачи и популисти, поради лични и партиски интереси, го одбираат полесниот пат кој не води кон вистинската цел. Или, кажано поедноставно, кога политичарите бегаат од тешки решенија и одлуки да не ги изгубат естрадната популарност и слава и се определуваат да и’ понудат на јавноста оправдување со божемна опасност од домашен и светски заговор. За да не ја изгубат власта, авторитарните владетели имаат големи патриотски оправдувања, небаре секој ден ја спасуваат државата, нацијата, идентитетот од домашни и странски непријатели. Дури и да испровоцираат контролирани меѓуетнички и меѓуверски судири. Пуштаат медиумски патки и журнали за грандиозни успеси кои се’ посиромашните луѓе во трката да го преживеат денот не можат ни да ги видат, туку ги доживуваат како неостварен сон кој со надеж чекаат еден ден да тропне и на нивната врата.

Кога ќе се отстрани демократската контрола на власта и кога ќе се окупираат институциите на системот и медиумите, лесно се инсталираат авторитарни режими кои главно се потпираат врз една стара и добропозната доктрина кажана одамна од еден познат бугарски премиер со македонско потекло, ресенчанецот Андреј Љапчев. Знаменитиот бугарски премиер Љапчев има речено: „Со овој народ треба по кроце, по кроце и со малку ќотек“. Или пренесено во денешни времиња, оваа доктрина гласи: строга партиска контрола од колепка до гроба. Партиските штабови се местото каде што се одлучува за иднината и сегашноста на граѓаните, таму се завршува најуспешно школо и факултет, таму се вработува на престижно место, таму се почнува нов бизнис, се добиваат стан и поволен кредит, таму се простуваат долговите, таму се дели социјална помош, инвалидска пензија… Кога и тоа не е доволно да се задржи власта, една мала група блиски соработници на чело со водачот се издвојува и над државата и над партијата и спроведува политика на строг режим и политика на страв и заплашување. Се’ што е опасно и го загрозува врвот влегува под надзор, дури и првите и најблиски соработници на лидерот, политичките противници и познати јавни личности.

Особено под строга контрола на еден човек паѓа државната каса. Македонија како буџетска држава има пресудно влијание врз сите политички, културни и бизнис релации. Нема пора во јавниот и приватниот живот на граѓаните која не е поврзана со буџетот. Од социјалната помош за најзагрозените, до народните кујни, кај што се дели храна за гладните, па се’ до големите корпорации и компании, до големите милионски бизниси, распродажбата на земјиштето и природните убавини на државата, поседувањето на луѓето и нивните гласови, од здравјето на граѓаните и нивното образование – се’ зависи од парите во буџетот. Не е тешко да се претпостави колкава моќ има човекот кој има клуч од државната каса и само тој во соработка со неколку потчинети соработници одлучува за патот на парите, односно за судбината на луѓето. Концентрацијата на таа моќ во рацете на еден човек, кој владее без контрола со милијарди од државната каса и со ќотек и закани, е реалноста со која деновиве Македонија се соочува и се наоѓа повторно на историски крстопат дали ќе тргне кон слободата и демократијата, кон европеизација на општеството или останува последниот темен вилает на Балканот.

Секогаш кога соопштувам вакви констатации, се вознемирува дел од привилегираната класа и самиот државен естаблишмент. Следуваат неколку добронамерни и неколку злонамерни и тенденциозни забелешки и неколку стари пароли и докази за големата слобода што ја имам и која, ете, ја злоупотребувам за да вршам нечии нарачки. Со сиот респект кон добронамерните забелешки и критики, поголемиот дел спаѓаат во арсеналот кој одамна добро го знам. Тоа се постојани обиди за разводнување на стварноста, разни подметнувања за дискредитација на луѓето кои јавно ги соопштуваат не само своите размисли и ставови, туку и кога станува збор за историски докажани и потврдени вистини. Кога во македонски медиум ќе напишете или ќе речете: режим, диктатура, фашизам, деспотија, тиранија… ви бараат докази како да е времето на Сталин, Пиноче, Хитлер, Пол Пот, Ким ил Сунг или не знам кој диктатор. Ниеден чувар на тоталитарен систем не го интересира што вели науката за современите општества во Европа и трансформациите на режимите и диктатурите во последните сто години, особено во Европа од средината на 20 до почетокот на 21 век.

Ако само малку се проучува оваа најнова историја, било научно или преку извонредната безвременска литература, многу лесно ќе се откријат новите форми на злоупотреба на власта и методите на инсталирање страховлада. Мислам дека многу луѓе ќе се фатат за глава колку од тоа е применето во Македонија. Пред повеќе од 20 години, големиот светски писател Умберто Еко пишуваше за новите трансформации на фашизмот на крајот од 20 век и како тие пројави да се препознаат. За тој генијален текст на Умберто пишував пред 20 години за да се препознае една друга власт во Македонија и повторно пред неполни девет години кога почна ова што денес кулминира во Македонија. За жал, освен ретки исклучоци не се препознаа тие опасности. Напротив, имаше луѓе кои се обидоа овие сознанија на Умберто да ги фалсификуваат и да ги преправат во доблести на режимот кој девет години е инсталиран во Македонија и на кој веќе добар дел од јавноста се навикна и го прифати со традиционалната снисходливост: молчи оти има бетер.

Определбата овој текст да го насловам „Пред крајот“ е само една силна импресија од генијалниот духовен тестамент оставен на помладите генерации од еден од најдобрите јужноамерикански писатели, Ернесто Сабато, кој не е само аманет до напатените јужноамерикански народи од разни воени хунти, диктатури, злосторства и тортури, туку на целиот свет му остави во наследство грандиозно дело, предупредување, во кое ингениозно јасно стави до знаење дека не постојат добри и лоши диктатури, туку сите се подеднакво одвратни; како што не постојат ниту страшни, ниту добронамерни мачења. Ернесто Сабато укажува и на големата мисла на еден друг голем светски писател, Албер Ками, во која се препознава лично и која гласи: „Човек не може да се стави на страната на оние што ја создаваат историјата, туку во служба на оние што поради неа трпат“. Една од најголемите мисли во оставината на Сабато која се вклопува во нашата сурова реалност и во нашиот однос кон настаните кои ни се случуваат деновиве гласи: „Писателот мора да биде неподмитлив сведок на своето време, со храброст да ја каже вистината, да се бори против функционерите, кои заслепени со своите интереси, ја губат од вид светоста на човечката личност“.

Кога Сабато вели писателот, во рамките на она што Ками го вика човекот, тоа значи секоја личност која расудува здраворазумски не може да се стави на страна на тие што мислат дека прават историја, туку на страна на тие што страдаат од арогантната власт која умислува дека создава нова историја. Писателот, човекот, хроничарот, граѓанинот, работникот, студентот… мора да се подготви да го прифати она на што етимологијата на зборот „сведок“ укажува: мачеништво. Тежок е патот кој го чека сведокот: моќниците ќе го наречат комунист, кај нас комуњар, бидејќи бара правда за беспомошните и гладните, а комунистите ќе го прогласат за реакционер, бидејќи бара слобода и почитување на личности. Во оваа страшна подвоеност сведокот живее поделен и повреден, а ќе мора да се брани и со раце и со нозе.

Колку овие неколку тестаментни реда напишани уште пред 17 години, кога Сабато наполнил веќе 86 години, се препознатливи за нашите денешни настани и сведоштва на едно режимско владеење и претворање на власта во центар на моќ и злоупотреби, не е тешко да се види. Нашите писатели, хроничари, академици и научници, сведоци на своето време, главно молчат, се плашат да бидат маченици, сведоци на своето време.

 

Comments (0)

Tags: , , ,

Како ќе заврши аферата „Пуч“

Posted on 04 February 2015 by erizaov

zvrlevski1

 

Груевски, Јанкуловска и Зврлевски ќе поднесат оставка, Заев ќе оди во затвор, или место пуч ќе биде пуф

Што мислите како ќе заврши шпионската афера во Македонија? Премиерот Груевски, министерката Јанкуловска и јавниот обвинител Зврлевски ќе поднесат неотповикливи оставки, или лидерот на опозицијата Заев ќе заврши во затвор. Бидете спокојни. Ќе нема завршница како и сите наши афери. Но, прво да видиме што се случува во најважната институција на системот при вакви скандали.

„Мукла Мара“ во Јавното обвинителство додека силно одекнува жестоката кампања на власта низ строго контролираните медиуми дека МВР ја спаси Македонија од преврат. Сус пуст, ни збор, ни „А“ ни „Б“, преку ноќ онеме јавниот обвинител Марко Зврлевски за тоа дали тој дал налог за фотосесија на Груевски и на Заев во премиерскиот кабинет уште во септември лани. Молчи покорно Зврлевски, се разбира, во интерес на истрагата и за тоа дали шпионските тајни снимки што ги усликало фотомајсторчето на министерката Јанкуловска сами излегоа од неговата фиока, или министерката по грешка, наместо кај него, ги испратила и во Сител, па однекаде пристигнаа на социјалните мрежи и на увид на целиот свет за големиот успех како се спречува пуч со три уапсени политички маргиналци, три конфискувани компјутери и два празни пиштоли. Ако излезе пак друга снимка, да речеме од експлозијата на Заев, молкот на Зврлевски ќе престане и ќе следуваат нови апсења.

Си велам дали обвинителот Марко Зврлевски ќе поднесе оставка и ќе каже јавно дека згрешил неговиот покоен колега Александар Прчевски кога пред целата јавност рече дека е „последната будала“ што се занимава со оваа работа во Македонија. За голема жал, тогаш го исмевавме Прчевски кој со таа реченица ја кажа можеби најхрабрата изјава што еден обвинител ја дал во Македонија за притисоците што му ги вршела политиката за многу помали дела отколку спречување, или лажно фингирање на државен удар. Прчевски на своја сметка во суштина соопшти дека нема демократска држава без владеење на правото, без институционална контрола на власта.

Секој ден продолжува со несмалено темпо во живо да се прикажува шпионскиот трилер, како што обзнани премиерот Груевски. Но, покрај филмот на власта, паралелно тече уште еден нем филм, хорор кој е помалку видлив, но многу пострашен, а тоа обвинителот Зврлевски многу подобро го разбира од простосмртните граѓани. Знае Зврлевски дека еден ден ќе се дознае вистината како лидерот на опозицијата стана безбедносно опасен човек кој го урива уставниот поредок во спрега со странски разузнавачки служби, и тоа уште пред првата средба со премиерот во септември. Зврлевски добро знае колкаво кривично дело се снимањето и прислушувањето во премиерскиот кабинет ако опасноста по уставниот поредок е политичка ујдурма поради страв да не се изгуби власта. Знае јавниот обвинител добро кога застаруваат предметите за кршење на Уставот и загрозување на демократијата и слободата, на човековите права и за злоупотреба на власта и на институциите на системот во партиски цели, како што знае кога предметите застаруваат за организиран криминал.

Има тука уште многу работи кои се наѕираат од оваа шпионска афера која ја сервира власта, за да ги пресретне сознанијата на лидерот на опозицијата засега познати во јавноста само како „бомбата на Заев“ чиј фитил одамна гори, ама нема експлозија. Од првиот ден ми беше јасно дека пучот на Заев ќе биде само пуф и дека бомбата ќе му експлодира во џеб и тоа го напишав повеќе пати. Ако сознанијата што ги има не ги соопшти јавно, а се од интерес на јавноста, не можат да бидат политички капитал. Помалку е важно како до нив дошол, дури и ако прекршил одреден закон, ако има цврсти докази дека се точни. Сега откако е осуден пред судење и откако премиерот го закажа судскиот процес преку конференција за печат и откако лично Груевски се пријави за крунски сведок и откако, што се вели, веќе му е напишана пресудата, крајно време е Заев да каже пред јавноста што беше тоа што толку многу ги вознемири и премиерот и неговите поданици.

Во демократска и правна држава, по една ваква афера на спречен државен удар и од нефрлена, или фрлена бомба на лидерот на опозицијата сеедно, можна е само следната разврска. Или партиите на власт ќе дадат друг премиер до следните избори кои мора да бидат слободни, или Зоран Заев ќе си замине во Струмица да си го тера бизнисот. Толку за политичката одговорност, другата одговорност ќе ја каже судот.

Така е кај што владее правото, кај што има критичка јавност и кај што институциите на системот функционираат, кај што има обвинител со мадиња и независно судство. Кај нас аферата ќе заврши како и сите афери досега. Без епилог. Заев ќе биде осуден во зависност од тоа колку ќе му треба на Груевски да го спречи падот на Владата. Ќе бидат осудени и веќе уапсените „пучисти“ како колатерална штета, онолку колку што лежеле во притвор. Од власта никој нема да понесе одговорност, ниту пак некој ќе биде сменет. Македонија ќе си остане таму кај што е, меѓу последните тврди режими во Европа.

Секој друг поинаков крај на оваа драма би ме радувал со бланко дозвола да бидам исмеан поради мојата погрешна проценка.

 

Comments (0)

Tags: , , ,

Една мала група…

Posted on 25 January 2015 by erizaov

burek_g

Беше вистинско уживање да се јаде бурек цел викенд и да се слушнат малите тајни на големите мајстори од кујната на Владата

Се изнајадовме два дена бадијала колку ти душа сака тепсии и тепсии бурек, што ни ги измесија премиерот и еден фурнаџија од забавната рубрика на ТВ Сител . Беше тоа вистинско уживање да се слушаат малите тајни на големите мајстори директно од кујната на Владата. Цел викенд џвакавме, преџвакувавме, преживавме со сладострастие разни буреци: со урда и со сирење, со праз и со кисела зелка, со компири и со тиква, со маслинки и со месо… сето тоа добро залиено со јогурт и со маштеница. Со голема радост и со солзи на очите од смеење разбравме дека во државата нема никакви проблеми и дека се’ е под контрола на будната власт.

Двајцата извонредни соговорници, ем врвни готвачи ем големи оратори, добри пријатели, одамна на „Ти“, со оклагии во рацете ни сукаа ориентални специјалитети со слатки зборови и пикантни зачини.

Меѓу две пити бурек слушнавме дека немало штрајк во образованието. Во 90 отсто од училиштата наставата се одвива редовно и без никакви пречки. Децата си одат на школо радосни и жедни за нови знаења. Само до пред неколку дена во синдикатот на просветните работници биле одушевени од грижата на Владата кон учителите и наставниците и наеднаш, што се вели преку ноќ, незадоволство. Премиерот озарен ни ја откри вистината. Синдикатот во образованието, СОНК, имал избори. Замислете овие синдикални функционери колку биле глупави и не го почувствувале расположението на своите избирачи. Наместо да ја фалат Владата колку им е добро и да бидат избрани со 90 отсто гласови од сите што ја поддржуваат мудрата политика на власта, тие одлучиле со штрајк на презадоволни просветари да ја освојат синдикалната власт. Не ви е јасно како тоа сите се задоволни од Владата, а сакаат да победат на избори со штрајк против Владата со гласови на тие бедни 10 отсто незадоволници. Ако и натаму не ви е јасно, ќе ви се разјасни кога истражувачките новинари на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата ќе ви откријат дека во синдикалната каса недостасуваат милиони денари од членарината на членството. Лисиците и камерите се подготвени ако лидерот на синдикатите и натаму аздисува и повикува на штрајк меѓу среќните учители.

Со широка насмевка и со сукалото во раце, премиерот по стоти пат овие два месеца пак поентира: ви се молам како можат да протестираат студенти против државен испит кога нема да го полагаат. Ќе си протестираат тие што ќе полагаат кога ќе им дојде редот по некоја година, дотогаш ќе научат по нешто за една шестка. Нема место за загриженост бидејќи веќе оваа пролет ќе има нов пакет-закони, 17. по ред во образованието , па така ќе си дојде се’ на свое место. Овие што сега студираат ќе ги пуштиме низ вода без државен испит, па зашто би се бунеле за тие што доаѓаат. Многу добра логика. Нели? Автономијата на универзитетот, апелите, отворените писма и протестите на 500 универзитетски професори тоа се заблуди наметнати од непријателите на татковината, од слабата опозиција која нема идеи како да го подобри уште повеќе квалитетот на владеење на Владата.

Случајот Кежаровски, бурекџиите, го објаснија маестрално. Па законот по кој е осуден Кежаровски го донесе СДСМ. Легалистичката Влада, која не сака да се меша во работата на судовите и на медиумите само е нем посматрач на спроведување на законот. Поради почитување на законите на СДСМ и независноста на судството дојде до една ваква конфузна ситуација.

Тоа што две години не се мрдна со мал прст да се усогласи и овој закон со европското законодавство, кое произлегува од обврските што сме ги потпишале како држава, тоа не игра никаква улога, а уште помалку што кога Кежаровски пишувал за случајот на монтираниот судски процес со полициски сведок пред шест години, нема ниту еден писмен документ дека сведокот бил заштитен, а уште помалку е важно што тој признал на суд дека бил под загроза на полицијата лажно да сведочи. Крунски аргумент дека власта нема ништо лично против Кежаровски е фактот што премиерот воопшто не го познава. Првпат чул за Кежаровски кога го уапсиле. Исто како и јас што немам ништо лично против Владата, иако повеќе од половина министри не ги познавам и не сум чул за нив додека не станаа министри.

Главниот десерт пекарите на бурек го сервираа кога премиерот откри во што е клучниот проблем на државата. Се работи за една мала група несреќници и неранимајковци кои се полни со омраза и ја трујат јавноста. Тоа се луѓе за жалење кои својата невидена омраза и нетрпеливост кон се’ што е добро во земјата ја претвораат во деструкција со своите јавни настапи и текстови. Тоа се болни умови кои премиерот не знае како можат да спијат мирно со својата нечиста совест. Треба да се сфати дека тоа се добро познатите малкумина платеници, предавници и кодоши. Тоа е таа мала група, која секој ден станува се’ поголема.

Премиерот и овојпат не одговори на прашањето како таа иста мала група, барем 90 отсто од нив, кога тој беше во опозиција беше професионална, пишуваше и зборуваше јавно извонредно добро. Дали тој ги плаќаше или и тогаш беа странски платеници. А, зошто да одговори кога бурекџијата не го ни праша, туку ептен патриотски кимаше со глава.

 

Comments (0)

Tags: , , ,

Што сака Груевски

Posted on 13 July 2014 by erizaov

Што му е на премиерот Никола Груевски. Што уште сака покрај толку големи изборни победи, успеси, беспрекорни политички и економски реформи и одлични резултати. Зошто Груевски постојано е намуртен, лут, недоверлив и се’ повеќе и повеќе арогантен. Има најголема доверба кај граѓаните, постојано победува на сите избори последните осум години. Си има Собрание без опструкција и непотребни расправи и дебати, а на пат е да си направи по сопствена нарачка и опозиција која нема да ја вознемирува ни јавноста, ни власта.

Си има доволен број медиуми кои ако нешто не објават тоа не се ни случило. Си има новинари кои не даваат прашинка да му падне на чевлите. Има послушни партнери во владата кои ги прифаќаат сите негови идеи. Има четиригодишен мандат во џебот и може да биде раат до 2018 година. Сето тоа го остварува ефикасно, без потреси, во најсиромашната држава на Европа и со амин на најбедните граѓани на европскиот континент. Тивко и мирно како да сме среде Скандинавија. Тоа може да му успее само на голем политички лидер и државник.

Ако тоа е така, просто човек не може, а да не се праша зошто ни е неспокоен и нервозен водачот, та не може малку да се насмее и да не кара и „шамара“ секоја вечер некого преку телевизија. Време е да каже некоја шега на своја сметка. Толку ли е без самодоверба големиот лидер, дали постојано некој му работи зад грб, па не може да се опушти од страв да не ја изгуби власта.

Го познавам премиерот од првиот ден кога дојде на политичката сцена како млад и амбициозен брокер. Стана министер за трговија, па министер за финансии, па претседател на ВМРО-ДПМНЕ и лидер на опозицијата три години. Го следев кога помина низ тешки искушенија и превирања и можам да кажам дека никогаш не сум го видел ваков како овие две-три години, толку затворен во себе, толку нетрпелив и сомничав кон тие што не мислат како него, непријателски накострешен кон политичките противници и критичари на владините политики.

Не можам да разберам зошто му се толку тешки зборови кон различно мислечките јавни личности. Некогаш се прашувам дали Груевски сака сите во Македонија да бидат вмровци кои ќе го аминуваат и ќе му се поклонуваат на секој негов збор, дали сака да биде доживотен владетел. Што мислите дали е тоа во прашање заради неговите јанѕи или пак има нешто друго од кое Груевски нема мир или е уплашен. Дали водачот и покрај толкуте успеси уште не може да ја види визијата на Република Македонија зацртана во сите државни и партиски документи и во надежите на граѓаните. Дали можеби Груевски веќе осознава дека меѓу големите и многубројни успеси и резултати не е остварена ниту една стратегиска цел, ниту на државата, ниту на граѓаните за сите овие 23 години слобода и независност. Одговорноста за тој катастрофален неуспех до пред две-три години ја делеа на еднакви делови политичките водачи и лидери на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ со задолжителните коалициски албански партии. Но, од поодамна веќе не е така. Се’ поголема станува одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски за неостварените приоритети и стратегиски цели за тоа што Македонија не ја оправда независноста. ВМРО-ДПМНЕ од вкупно 23 години самостојност на власт е 14 години, а во последните 16 години ВМРО-ДПМНЕ владее со државата дури 12 години, а кога треба да му заврши овој мандат на Груевски, од вкупно 27 години независност, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде ќе биде на власт 18 години.

Простете за ваквите прогнози, но многу поизвесно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе владее 20 години, отколку дека ќе падне во меѓувреме или ќе оствари некоја крупна цел која граѓаните ја чекаат со децении и со голема надеж.

А, кои беа стратегиските цели и приоритети на Груевски кои го раскажа како свој сон за иднината на Македонија кога првпат стана премиер 2006 година. Ништо нема до ден денес од тој сон што ни го раскажа Груевски. Македонија ниту е побогата, ниту пак граѓаните живеат подобро или пак имаат повисок стандард. Македонија не е поблиску до ЕУ и НАТО отколку 2006 година. Стабилноста на државата и меѓуетничките односи не се подобри отколку пред осум – девет години.

Обратно, се’ почести и поранливи се меѓуетничките и меѓуверски тензии. Македонија е се’ посирмашна земја со мал број многу богати луѓе, блиски до политиката и власта. Македонската кревка демократија од 2006 година е вратена назад, на далеку полошо рамниште од седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век во времето на еднопартизмот.

Ако ниту една од овие цели без кои не е можно слободно и перспективно општество не се остварени и кои треба да бидат главни критериуми за мерење на успешноста на една политика и една власт тогаш навистина Груевски има сериозни причини да биде растревожен. Проблемот е што не може постојано да бидат други виновни за неуспесите кои се се’ повидливи. Се’ почесто ќе се поставува прашањето дали ако секогаш за сите наши несреќи и неуспеси други се виновни, а никогаш власта тоа значи дека нема решение, или дека оваа власт не може да најде решение. Тоа прашење е доволно за големо неспокојство. Време е премиерот своите гајлиња за неостварените приоритети и стратегиски цели и соништа да ги сподели со граѓаните. Груевски драматично доцни со понудата на решенија за иднината на Македонија.

Објавено во Утрински весник

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

September 2017
M T W T F S S
« Aug    
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930