Tag Archive | "Дарко Марковиќ"

Tags:

До гледање Пецко

Posted on 13 June 2016 by erizaov

pecko2

Не му велам збогум на Дарко Марковиќ, туку само до гледање. Тој си замина од овој свет на небото како птиците преселници од неговото творештво, ама на земјата меѓу нас простосмртните остана за навек неговиот неисцрпен рудник од кој уште долги години штедро ќе ги трошиме наследството и скриеното богатство што ни ги остави. Со јунакот на нашето време Пецко, кој веќе наполни 37 години и е во полна снага, ќе се дружат сегашните и идните генерации. Тоа е долгот кон него ако сакаме да му се оддолжиме.

Дар Мар е траен патоказ на нашите беспаќа кои тој ги обележуваше неуморно со децении, до последниот ден од овоземниот живот, прецизно со свето остро перо како скалпел и со својата генијалност. Допрва ќе го откриваме и ќе се препознаваме со јунаците од неговите карикатури, анимирани и документарни филмови, книги и романи. Дарко Марковиќ ни го остави жив и здрав бесмртниот Пецко, личноста која изврши најголемо влијание за ослободување од стегите на медиумите уште во претходниот општествено-политички систем. Дарко е првиот новинар, предвесник и гласник на големите промени. Тоа можам да го кажам со мирна совест како непосреден сведок кој ја имаше привилегијата да влезе во работилницата на мајстор Дарко и да пие вода од тој чист извор.

Грандиозното дело на Дарко Марковиќ е производ на неговата генијалност и трајна определба да ја открива и жигосува злоупотребата на моќта, да ги исмева примитивизмот, алчноста и бескрупулозната борба за власт, секогаш на страната на послабиот и онеправданиот. Тоа се универзалните неисцрпни и омилени теми на Дарко. Во децениите пред и по големите тектонски историски промени и во денешните волнени времиња се потрошија тони и тони хартија, се напишаа илјадници и илјадници текстови и книги на голем број мислечки луѓе, интелектуалци, политичари, деловни луѓе и транзициски бизнисмени, уредници, новинари, многу колумнисти и аналитичари кои ги анализираа и опишуваа турбулентните настани и историскиот вриеж во кој се најде Македонија и целиот Балкан, но ретко кој како Дарко Марковиќ им се приближи толку на граѓаните и изврши толку силно влијание врз нивната свест како што го направи тој преку Пецко.
pecko1

Инфлацијата од зборови и скрибоманија за иста дијагноза, лагите на валканите политички пропаганди Дарко ги реши ингениозно со бришење на нулите како на безвредните пари со милионски износи. Разликата меѓу нас и Дарко е што нам ни требаат повеќе илјади зборови за да кажеме и напишеме нешто, многу често конфузно и неразбирливо, калкулантски и шпекулативно, а на Дарко само неколку збора, а често ниту еден за да ја соопшти најјасната и најчиста порака која изнудува секогаш прво насмевка на сопствената глупост и грешка, а потоа сета и тага, некогаш револт и мачна умисла за состојбата во која ја втурнаа кутра Македонија, неспособните политичари, се разбира со наша помош.

Но, Дарко не би бил Дарко ако во последниве години не ни приреди големо изненадување. Целата печалба од лаконската определба да ги штеди зборовите на сметка на цртежот ја истури наеднаш во автобиографските романи што ги напиша навидум со леснотија. Да, рече Дарко, лесно пишувам, како и што цртам и зборувам. Пуштам да ми тече крвта од вените. Тоа е безболно, ама го труе џигерот.

Дарко Марковиќ влезе и ќе остане во македонската историја како сестрана личност, активен учесник и современик на бурни историски настани. Роден скопјанец од угледно семејство со богата биографија. Средбите со Дарко и разговорите со него беа посебно доживување и вистински празник. Беше тоа мекамлиски муабет со многу хумор, пристојна иронија со благ цинизам, најчесто на своја сметка. Дарко пленуваше со својата едноставност и скромност. Кога во ретки прилики стануваше збор за некои светски авторитети во цртаниот и анимираниот филм, ќе дознаевме ненаметливо дека Дарко лично се познава со многумина од нив, кои биле фрапирани од тоа што го работи тој со неколку соработници во скромно студио. Кога го прашав во една прилика за наградите „Сребрена роза“ и „Бронзена роза“ на престижниот Филмски фестивал во Монтрè, признание што се смета за врв во професијата, дали имаше шанса да ја земе „Златната роза“. Дарко ми одговори со прашање, а дали паметиш кој беше прв. Мапет-шоу, рече Дар Мар. И се’ кажа.
pecko3
Во последните години Дарко Марковиќ ја водеше најнерамноправната битка во животот. Не беа тоа разни моќници, туку тешката болест. Знаеше да направи црн хумор и на таа сметка. Дојде видно истоштен и ослабен на промоцијата на моите книги со колумни на чии корици се поместени карикатури на Дар Мар, за што сум му вечно благодарен. Кажи им на луѓето да не се плашат и дека тој во сината кошула сум јас, се пошегува со својата болест Дар Мар. По извесно време бев кај него дома и имавме подолг разговор, многу поразличен од сите дотогашни. Афродита, неговата Дитка, која беше неговиот главен столб, сопруга и соработник, главен критичар и лекар, ни делеше овошје и кафиња, демнеше да не се пуши. Дарко беше позагрижен за исчезнувањето на хуморот и сатирата, а не за својата судбина. Рече, не е на арно кога реалноста станува посмешна од хуморот. Тешко на народ кој престанал да се смее. Неговата порака беше: „Мора да му го вратиме духот на народот. Оти ќе не’ нема“.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)

Tags: ,

Топ тема: СДСМ бега од избори, ВМРО-ДПМНЕ од правдата? (Крајот посветен на Дар Мар)

Posted on 11 June 2016 by erizaov

(Објавено на Телма)

Comments (0)

Tags: , ,

Тажната страна на карикатурата

Posted on 02 June 2015 by erizaov

colaz_pecko

Кога во една земја реалноста е посмешна од карикатурата и посатирична од сатирата, тогаш нацијата е на добар пат да го загуби духот. Кога, пак, карикатурата покажува тажна страна која ја гледаме со солза како да ни влегол песок во очите, наместо со смеење и радост, тогаш живееме во несреќно општество на исчезнување. Некни, на Задушница, бев меѓу десетина ужалени, на еден многу тажен парастос по повод смртта на карикатурата. Се вика Светска галерија на карикатурата на весникот „Остен“. Откако организаторите, чија упорност ме восхитува и ми влева надеж дека со слободата ќе воскреснат хуморот и сатирата и откако во неподносливата тишина за ваков настан истуривме малку вино на земјата за покој на душата, сите си заминавме со наведнати глави. Или можеби мене така ми се причини.

Долго ми ѕунеа во тврдите наглуви уши зборовите на нашиот познат карикатурист Драган Поповски кој со тивок глас приличен на ваков настан ни кажа колку е страшно што карикатурата ја снема од медиумите. Ме заболе до коска вистината што со малку зборови ја искажа еден извонреден автор. Поповски ја наслика гротеската на свој начин меко, а болно кога рече: со карикатура како дел од сатира може многу да се каже, а тоа изгледа на никого не му треба во Македонија. Да, во Македонија веќе не се смееме на карикатура, ама во светот за неа гинат. Ние се смееме на детонациите од „бомби“ кои експлодираат секој ден од монструозните разговори на нашите политичари, телефонски муабети со трагични последици од кои нормален човек би требало или да плаче, или да пука.

Светот уште ја гледа Македонија како место каде што се слави голем празник на една специфична уметност, една тешка дисциплина како да се насмеат и замислат луѓето и во тешки времиња на големи искушенија и неправди. На 46. Светска галерија на карикатурата стигнаа дела од над 200 карикатуристи од 50 земји. Ова чудо трае со децении кое го одржува големиот бренд на одамна погребаниот „Остен“ кој рамно 70 години, со мали прекини, уште живее, умира и воскреснува. Не е чудо, вели Мице Јанкуловски, еден од упорните карикатуристи кој е во екипата на „Остен“ за спасување на духот на нацијата, што „Остен“ уште зрачи и кога не излегува, можеби и затоа што неговите основачи Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов и Владо Малески, великани кои ја задолжија татковината, му вградиле нешто во темелот што не може да се откорне. А тие што денес управуваат со државата Блаже Конески, творецот на литературниот јазик, го нарекоа џуџето од Небрегово, или Коњевиќ, Славко Јаневски, кој го напиша првиот роман на македонски јазик, одамна покоен го лустрираа како кодош, за Владо Малески не знаат ништо големите патриоти дури и кога ја пеат химната „Денес над Македонија“ што тој и’ ја подарил на Македонија. Ацо Шопов е уште тука, за среќа.

И оваа година Светската галерија додели награди на познати светски карикатуристи. Со неа ќе се гордеат со право Мехмед Кахраман од Турција, Михаил Златковски од Русија и Павел Константин од Романија.

Наградата „Цицо“, која го носи името на еден од најголемите карикатуристи на сите времиња Елисие Поповиќ-Цицо, замина во вистински раце кај Дарко Марковиќ, нашиот најголем жив карикатурист, борец за слобода и демократија, писател и публицист, режисер на анимирани филмови со високи меѓународни признанија и награди. Нашиот Дар-Мар, кој уште неуморно работи секој ден, не дозволува да умре оваа дневна уметност, постојано одржувајќи ја на апарати и давајќи и’ трансфузија од својата крв. Вели дека тоа ќе го прави додека дише и додека му работи мозокот. Дарко, кој ретко излегува од дома поради нарушеното здравје, не знам колку ќе се радува на наградата „Цицо“ која Светската галерија на „Остен“ ни ја додели повеќе на сите нас кои го сакаме и почитуваме, но сигурен сум дека неговите јанѕи поради набрканиот хумор и сатира од земјата се многу поголеми од радоста за едно, би рекол, задоцнето признание. Дарко Марковиќ останува редок вистински патоказ во нашиот занает кој ја означува патеката која ја нема, која станала беспаќе. Мене ми требаат 5.500 зборови да го наполнам моето ќоше, а на Дарко ниеден збор да го наполни своето ќоше кое е секогаш пополно од моето. Деновиве тоа му го признав кога стигна на промоцијата на моите книги. Видов дека тоа му значи, мене сто пати повеќе оти растев и остарев со Пецко, неговиот главен јунак кој стана институција на системот во Македонија која се’ уште функционира.

Ах да, ќе заборавев за малку, кога излегов од Светската галерија на карикатурата и кога по знаменитата улица „Гоце Делчев“, не знам дали уште така се вика, тргнав накај плоштадот онака резигниран, ми текна зошто луѓето не ги интересира веќе карикатурата и зошто ги нема хуморот и сатирата во медиумите и зошто не им е до смеење. Пред мене беа исправени огромни бронзени карикатури како постојана поставка во живо.

(Објавено во Утрински)

Comments (1)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2017
M T W T F S S
« Oct    
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930