Tag Archive | "ВМРО-ДПМНЕ"

Tags: ,

Тарчуловски за претседател

Posted on 22 September 2017 by erizaov

150610360062947

ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски ептен му ја симнаа цената на Јохан Тарчуловски кандидирајќи го за градоначалник на скопската општина Кисела Вода.

Евтино ги потрошија високите дострели на овој голем патриот и борец за слобода, ценет и угледен граѓанин на главниот град, позната јавна личност. Јохан Тарчуловски со своите дела и заслуги мораше да биде кандидиран за претседател на државата со што ВМРО-ДПМНЕ и неговиот партиски врв целосно ќе се рехабилитираше од сите клевети и лаги кои му се налепија во изминативе години од разни надворешни и домашни непријатели.

Тарчуловски за престедател на Македонија ќе беше достојна замена на сегашниот претседател Ѓорги Иванов и силна потврда на политиките на најпатриотската и најреволуционерна политичка партија. Овој потег би бил грандиозен демократски исчекор на целата држава, убава слика за Македонија во светот. Таквиот избор ќе прати силна порака до сите луѓе на земјината топка дека воените злосторства можат да бидат исплатлива инвестиција.

Ете така вмровските кадровици му ја уништија политичката кариера на Тарчуловски, наместо на два милиони граѓани да им биде татко на нацијата, сега ќе мора да трча во трката за да управува со шеесеттина илјади скопјани вклучуваји повеќе скопски села чиј атар зафаќаат респектибилна површина од територијата на жална Македонија.

По оваа шокантна вест дека Тарчуловски е кандидат за градоначаник на Кисела Вода нормален човек не може, а да не се праша: добро бе луѓе има ли таму во ВМРО-ДПМНЕ некој кој е свесен каква порака со оваа кандидатура се испраќа и дома и ширум светот.  Човекот одлежа десет години затвор како осуденик на Хаг за воени злосторства. И наместо да се остави на мира, како и што беше удобно згрижен од партијата, ама на државна сметка, сега ВМРО-ДПМНЕ го нуди Тарчуловски на кантар сметајќи дека убиствата извршени во скопска Црна Гора и пресудата во Хаг се одличен влог за победа и спасување на власта од правдата за други злодела извршени во време на 11 години владеење без контрола. Што сака ВМРО-ДПМНЕ да докаже со оваа кандидатура освен дека се смртно уплашени од соочување со правдата. Дали тие луѓе мислат дека изборот на Тарчуловски за градоначалник е негова рехабилитација, или рехабилитација на државата. Дали изборот на Тарчуловски е доказ за невиност на избори, а не во судница и пред непристрасни судии.

Како што Никола Грувески и семејството страхува од пораз на локалните избори што води кон соочување со правадата, така, чинам, деновиве страхуваат, могу луѓе кои не се партиски загрижени, што ќе значи Тарчуловски да победи на избори, па и да изгуби со добиени повеќе десетици илјади гласови на луѓе кои заокружиле воен злосторник за градоначалник. На каква вага ја става ВМРО-ДПМНЕ Македонија со оваа кандидатура. До таму ли сатсаа Груевски и семејството да се одбранат со осуденик од Хаг. Па само ијада луѓе да гласаат за Тарчуловски е трагична порака за угледот на Македонија. Великодостојниците на ВМРО-ДПМНЕ досега повеќепати со разни постапки покажаа дека не ја признаваат пресудата од Хаг, но овојпат тоа го направија најдиректно и најарогантно. Потврдата дека Тарчуловски не е осудуван како основен предуслов да се учествува на избори,  е објаснета со небулозата дека тоа се однесува само на домашните пресуди, а таму пресудата на некој си суд за воени злосторства во Хаг е добра препорака само за политичка и бизнис кариера. Брука невидена.

Од друга страна, една друга хашка пресуда на судот за правда во прилог на Македонија дека Грција не го почитува договорот и ја попречува неправедно Македонија во нејзните аспирации за членство во меѓународни асоцијации и здруженија, пред сè во НАТО и ЕУ, под името ПЈРМ, преставуваше и сè уште преставува историска одлука на највисокиот меѓународен суд за правда. Ете тоа е ВМРО-ДПМНЕ кога нешто му оди во прилог таламбаси до небо, кога ќе го фатат на дело тогаш врескање пак до небо. За едно Хаг важи, за друго Хаг не важи.

Се разбира, Јохан Тарчуловски, по отслужената казна е слободен граѓанин кој може спокојно да живее и работи, но не може да оди на избори дури иако бил осуден само на еден ден затворска казна, а не на десет години, згора за злодело против човековите права и слободи, за убиство на невини луѓе. Ова е втората штетна злоуптреба на Јохан Тарчуловски од страна на ВМРО-ДПМНЕ, првиот пат кога се одвиваше судскиот процес му се вршеше притисок за заштита на брат Љубе, кој беше синоним на најголемиот патриоизам и најголем адут на ВМРО-ДПМНЕ на сите избори: дека брат Љубе лежи во затвор како страдалник за Македонија. Кај него одеа сите вмровски големци на поклонение со фотопарати и со камери во затворот во Швенинген, што само по себе беше голем притисок на Јохан да не испадне предавник. Јохан сведочеше во корист на брат Љубе. И сега повторно е злоупотребен бидејќи ВМРО-ДПМНЕ пак игра на картата на национализмот и меѓуетничката омраза и делби. Таквото посегање по најчусвителните дамари на државата е всушност и најшетната и најлоша порака пред локалните избори. Граѓаните на Македонија сакам да верувам дека го надживеаја тоа време, иако јанѕите не даваат мир поради трагичните и свежи искуства за лесно разгорување на национализмот, особено со секојдневните бесмислени застрашувања од бегалци муслимани и наводната голема опасност од загроза на македонскиот јазик на сметка на албанскиот.

Кога се палат меѓуетничките огнови фактите не значат ништо.

Comments (2)

Tags:

Зошто ни иде да плачеме ко дете

Posted on 18 August 2017 by erizaov

place ko dete

Кога го слушнав пратеникот Стевананџија како се обидува да го рецитира „Тешкото“ од големиот македонски деец Блаже Конески од собраниската говорница, прво што помислив е дека ова е врв на лицемерие, голем простотилак и ароганција, невидена дрскост, еден вмровец да ги злоупотребува антологиските стихови од творештво што задира во сржта на македонското битие. Не затоа што еден анџија рецитира како аџамија заради партиско-политички пресметки песна на сенароден мислител, таткото на литаратурниот јазик и голем поет, великанот Блаже Конески. Не затоа што „Тешкото“ стана лелек поради стравот од смената на јавниот обвинител Марко Зврлевски, заштитникот на криминалот во врвот на довчерашната власт. Туку, само затоа што со години приопштуваните навреди кон Конески, всушност не се против него лично, туку тоа е најголемата негација на македонскиот народ, идентитет и држава, а со тоа и на сите граѓани. Поголема навреда од тие што живеат на сметка на државата и на граѓаните, и што секој ден се удираат во гради и ја бранат Македонија од измислени непријатели, досега не сум чул, ни прочитал.

По сè  изгледа ќе се игра навистина тешкото на Стевананџија, а ќе се игра и пиперевка пред професионални и партиски неинфицирани обвинители и судии. Кога заврши анџијата со сквернавење на песната, си реков по ова навистина сите што ја сакаат својата татковина треба да седнат покрај Врадар и да плачат како деца, или конечно да станат на нозе и да ја отсранат таа шуга која ја обви целата земја во краста. Не знам дали има човек во државата, се разбира со здрав разум, кој кога ќе слушне како пратеник на ВМРО-ДПМНЕ го рецитира Блаже Конески во тој миг да не помисли на Антонијо Милошоски, кој го нарече основоположникот на современиот македонски јазик „џуџето од Небрегово“. Повеќе пати јавно прашувам кога ВМРО-ДПМНЕ и лично Милошоски ќе се извинат за оваа навреда на граѓаните на Македонија, за деградирање на  македонскиот јазик, азбука и на целото творештво и наука создавано со децении на тој јазик. Како може политичка партија да предупредува на опасноста  да се изгуби националниот идентитет и името на државата, а истовремено да го урива темелот на идентитетот, омаловажувајќи го баш од научен аспект грандиозното дело на човекот кој дал најголем придонес во кодификацијата на македонскиот современ јазик, Блаже Конески, чиј споменик одамна требаше да стои на централниот плоштад во главниот град на државата, како што е вообичаено во светот со личностите и творците кои ги задолжиле своите земји созадвајќи од разни дијалекти и говори современ национален јазик кој е комуникациски код на сите граѓани без оглед на нивната национална и верска припадност. Нема дете во тие земји кое оди на училиште, а да не знае како се вика создавачот на литературниот јазик.

ВМРО-ДПМНЕ и партискиот врв не преземаа ништо, ниту пак на било кој начин се оградија од апологетскиот додворувачки јавен настап и на извесен Чилиманов кој се преставуваше како новинар и кој на ужас на јавноста истата навреда ја искажа за основоположникот на современата македонска литература, поетот Коста Рацин. Чилиманов, одејќи по стапките на идеологот Милошоски ја израдува целата јавност со откритието дека Рацин е второто џуџе од Велес, кој ако не  загинел во НОБ, ќе станал комунистички диктатор. И оваа брука ден по ден во Македонија се покрива со заборав неказнето како да не е ништо страшно оркестираното плукање на најголемите национални величини кои се оснивачи на македонската современа национална држава. И човекот што го напиша првиот роман на Македонски јазик, писателот Славко Јаневски, кој во првиот национален дневен весник на македонски јазик, во првиот број на „Нова Македонија“ ја објави чудесната песна посветена токму на јазикот. Писателот Славко е откопан по наредба на ВМРО-ДПМНЕ од гробарите ангажирани во таканаречената комисија за лустрација кои мртов го ставија на стлобот на срамот без да му се даде шанса да се брани. Сироти и сиромашни по дух не знаат дека творештвото на Славко Јаневски е толку силно што не можат со ништо да му наштетат на творецот, туку самите себеси да се жигосаат како џелати за навек. Кога на живите не им се даде шанса за одбрана од партиските лустратори, кој би ги одбранил од режимот одамна починатите. Но ете, имало правда, макар и задоцнета,  пред судот уште за време на режимот паднаа сите пресуди на оваа партиска инквизиција.

Само за овие нарачани злосторства кон државата, кон националните велични и кон сите граѓани, ВМРО-ДПМНЕ  треба да се избрише од политичката карта на Македонија, која со груевизмот и со антицивилизациска, антиевропска и антимакедонска политика во текот на цели 11 години ги нанесе најголемите штети во историјата на Република Македонија од нејзиното основање од АСНОМ 1944 година до денес. Или ВМРО-ДПМНЕ ќе оди како експонат во музејот што го носи неговото име, или ќе се најде лидер и внатрешни сили кои ќе ја осовременат и ќе ја спасат партијата. Непристрасната историја вели дека ВМРО функционирала како вистински национелн водач само првите десет години по основањето во 1893,  односно до 1903 година. Сè после тоа е трагично истребување на сè што е македонско, напредно, учено  и паметно, на сè што води кон прогрес и самостојна држава.

(Преземањето на делови или целосниот текст од колумната „Мое Ќоше“ е дозволено само по претходна согласност од авторот. Сите права се задржани)

Comments (4)

Tags:

Разликата е како Господ и шеширџија

Posted on 09 August 2017 by erizaov

pexels-photo-67603

Промената на власта во Македонија не е Курто и Мурто, туку разликата меѓу новата и старата власт е како Господ и шеширџија. Денеска во Собранието ја видовме драстичната разлика. За  истото она што вмровците нарачаа да се тепаат нивните колеги пратеници,  денес  беа рамнодушно надгледувани од целата јавност како избезумени очајници кои под уплав од правдата бараат начин со врескање да се спасат.

Одамна, многу одамна, немало промена на власта во Македонија, цела деценија и кусур, па убаво залегнатите на државните јасли, набабрени како крлежи од цицање крв, срипаа избезумени што некој ги откачил од вимето. Кога го отстранувате крлежот, бидете внимателни: ако не е нацицан до крај ја остава главата зариена длабоко под кожата. Така се пренесуваат заразите.

Може лесно да ве префати болеста да се живее на туѓа сметка без да се работи ништо.

Паразитите заборавиле од каде, како и колку долго се закачени на цицката на државната каса. Сега силно лаат за демократија, слобода, за човекови права, стегаат тужби… да останат припени како лешинари на живото ткиво на татковината, која толку многу ја сакаат што ја исколваа до гола коска дури и мртва. Ја испушија Македонија како стара муштикла, па сега зборуваат како светци и, пази ти се молам, јавно прашуваат како тоа и по кој критериуми се менуваат преку ноќ толку способни луѓе.

Која ноќ бре билмези, испокрадовте сѐ живо и диво, ја испоизедовите алчно нафаката на овој кроток народ кој не ве искаменува и покрај сите зла што му ги нанесовте. Таа ноќ на владеење без контрола траеше цели 11 години. Ако на таа ноќ мислат сменетите и онеправданите, тогаш навистина е преку ноќ, ептен црна и темна. Цела една ера.

Приказните кои деновиве се шират за Курто и Мурто се многу прималиви да се избербати големата слика и да се растури мозаикот што се склопува макотрпно, навистина многу побавно отколку што е децениското исчекување, но сепак одат работите во вистинска насока и покрај некои изненадувачки кадровски решенија.

Се разбира, секој за своите одлуки и постапки си ја презема одговорноста која веќе не ќе може да се одбегнува како досега.

Но, да се вратиме на големата слика и на вистинската тема. Историските промени чии големи димензии се наѕираат, не се во партиските програми и платформи, туку во луѓето. Човеците прават држава, а апашите ја ограбуваат.

Затоа мислам дека новото парламентарано мнозинство најдобро ќе ги демантира приказните за Курто и Мурто ако ги покаже на ачик разликите меѓу новата и старата власт, меѓу новата и старата влада, кои по мое мислење, колку што ја следам македонсата политичка сцена повеќе децении, е како меѓу Господ и шеширџија.

Таа разлика убаво ја видовме денеска  кога  ВМРО-ДПМНЕ,  предводена  од  најучениот човек во партијата, германскиот доктор на науки кој најмногу знае како да се мразат различните од себе и  кој остана запамтен во јавноста со најантимакедонските изјави и навредите на великанот на Македонија, Блаже Конески, ја блокира говорницата и работата на Собранието. Џуџето од Кичево, главниот оратор  и пропагатор на ВМРО-ДПМНЕ ја блокира говорницата. Ќе речете ништо ново. Тоа го правеше и поранешната опозиција, односно сегашната власт. Точно е тоа. Разликата е во тоа кога најголемата опозициска партија на 24 декември 2012 ја блокираше говорницата, тајната полиција и собраниското обезбедување заедно со пратениците на власта ги истепаа пратениците на опозицијата, ги избркаа наврат на нос новинарите, ги окрвавија рацете и ја посрамотија Македонија пред светот. Денес не видиовме ништо од тоа. Собраниската парада на ВМРО-ДПМНЕ направена за спасување од правдата на осомничените за криминал беше проследена спокојно од парламентарното мнозинство, во стилот не фрлај камен во гериз ќе се избербатиш.

Веројатно тропам на отворена врата, бидејќи мислам дека нема човек во државата што не знае, како со години се вработуваа луѓето, но и како остануваа без работа, како отвараа големи бизниси неписмени луѓе, како некои дудуци станаа богати како кнезови, а ги нема во даночните книги, како други пропаѓаа, како се отвараа и затвараа компании, како се студираше и положуваа испити, како се стануваше директор на училишта, градинки, на болници, на клиники, на театри, опери и балети, на МРТ, началник на полиција, како се стануваше судија, јавен обвинител, врховен судија, уставен судија, апелационен судија, главен уредник на медиум, новинар, како се стануваше член на управни одбори, асистент, професор, шофер во владата, или кенлер, или хигиеничарка …

Всушност дали воопшто постоеше некоја можност да се направи било што во јавниот сектор, во голем дел и во приватниот, а тоа да не биде со партиска книшка, со амин на врвот на ВМРО-ДПМНЕ и лично со благослов на вождот Никола Груевски.

И после една таква долга и темна ноќ бесрамно се појавуваат истите сурати да кажуваат како во јаслите се испокакле до гуша, а нема кој да им го смени памперсот.

Да се разбереме, уште од 1998 година кога почна големата чистка и кадровскиот геноцид во Македонија, кој неговите творци го нарекоа драматичен дисконтинутет, кога во државата се сменија илјадници луѓе и се обезвредија признати на меѓународен план личности и дејци, беше јасно дека ваквата груба партизација ќе нанесе голема омраза и делби во мала Македонија, каде по трето колено сите сме роднини.

Властите до 1998 година со своите кадровски екипирања главно се задржуваа на владата, министерствата, само во некои случаи на јавните големи претпријатија и државни фондови. По доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ и ДА заедно на власт во 1998 година, се направија за прв пат такви кадровски испартизирани промени кои опфатија повеќе илјади луѓе. Тоа беше почетокот на неосталинизмот. По промената на секоја власт во Македонија бевме сведоци и паталци, на трагични егзистенцијални чистки, многу често со мотиви на политичка пресметка.

Колуминацијата на кадровското обезличување на Македонија настапи во ерата на Груевоизмот со доаѓањето на Никола Груевски, творецот на овој режим од 2006 до 2017 година. Во тој период извршена е комплетна вмровизација на целото општество и по вертикала и по хоризнотала. Тие што можеа избегаа од земјата, а тие што останаа и се спротивставија на овој режим го јадеа стапот. Нема човек кој јавно се спротивставил на политиките на Никола Груевски, а за тоа да не платил дебела казна.

Отстранување од работа поради политичка пресметка, или поради критика на власта беше банална вест за нечија уништена кариера и егзистенција за нечие осиромашување. Тоа беше вообичеана секојдневна работа со години на мафијата предоводена од фамилијата во врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

Компромитирањето на угледни јавни личности и национални величини се спроведе со ужасната и арогантната лустрација. Заслужни личности без право на одбрана беа прогласени за кодоши, меѓу нив имаше одамна починати великани, а некои починаа од болка во душата поради неправдата и срамот што им е нанесен. Оние што останаа професионални и објективни новинари сите до еден беа јавно жигосани со име и презиме прогласени за странски платеници и
предавници. Судиите и обвинителите кои работеа по словото на законот беа сменети и префрлени да судат за сообраќајни прекршоци и разводи.

Во времето на Никола Груевски имаше повеќе политички затвортеници и заточеници на свеста, отколку последните години од комунизмот. На очиглед на светот во парлементот беа истепани пратениците на најголемата тогашна опозицициска партија, а новинарите беа насилно отстранети од своите работни места во Собранието што никогаш не се случило откако Македонија има Собрание.

Сето тоа на мафијашкиот клан и на Груевски им беше малку па ја спроведоа монструозната операција на најмасовно и најдолгогодишно прислушување и држење под надзор на телфонските комуникации на над 20.000 граѓани. И кога дојде ред да се соочат со правдата и со законот одлучија повторно да пролеат крв во парламентот и да не ја даваат власта иако немаат мнозинство.

Сега очајно го блокираат општествениот поредок и институциите на системот со кртовите и рецидивите што ги имаат насекаде само да ја спречат правдата.

Кога ќе престане ова кадровско обезличување и уништување на Македонија и кога спосбните и стручните луѓе ќе ги заземат своите места без да се приклонуваат на
властите, да се лигават, да се претвараат во полтрони. Ако чекаме да проработи нечија свест и совест тоа е залудна и јалова работа.

Постојат во светот искуства кои се озаконети и строго се санкционираат ако се прекршат. Па така на пример,
во сто милионска Германија по секоја промена на власта само околу 1.400 луѓе ги пакуваат куферите и се враќаат на истите места од кај што дошле. Сите други никој не може да ги чепне поради промената на власта и партиската припадност која не смее да се гледа во јавниот сектор. Ако во Германија се менуваат 1.400 луѓе, пресметајте колку луѓе треба да се променат во Македонија, се разбира ако е нормална држава, а не целосно партизирана, поделена и полна со омраза.

Ова, по сѐ изгледа, уште долго ќе потрае во Македонија како и с`ѐ друго што е балканштина, ако оваа власт конечно не ги озакони овие работи како треба.

Претходно треба да се расчисти минското поле што го остави зад себе ВМРО-ДПМНЕ, па да се видат ефектите од промените. Дотогаш нагазните мини ќе експлодираат и ќе однесат невини жртви.

Comments (1)

Tags:

Крај на една ера

Posted on 10 February 2017 by erizaov

faktura

Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ веќе не го поставуваат условот да го нема специјалното јавно обвинителство за да влезат во коалиција за формирање на владата, туку попречувањето на правдата и на СЈО се единствениот услов мирно и достоинствено да се замине во опозиција. Во спротивно, Македонија ќе се тресе од протести и проблеми што ќе ги создава новата опозиција по една деценија владеење без контрола. Потврдата на оваа вест стаса од Охрид со партиските ептен спонтани протести против СЈО со барања да се оневозможи истрагата како со години се полнела касата на ВМРО-ДПМНЕ.

Дали тоа се пари на луѓето под чие име легнале донации во партијата, а донаторите за тоа ништо не знаат како што имаше јавни признанија на повеќе изненадени граѓани, или се работи за црни пари или, пак, не дај боже на пари од државната каса слеани на криминален начин на сметката на најбогатата партија во Европа, е предмет на оваа истрага на СЈО. Тешко кривично дело за кое ако се докаже следува повеќегодишна казна затвор на повеќе луѓе организатори на една ваква масовна измама и голема кражба. За ова дело има повеќе сведоци чии имиња и презимиња се наоѓаат на уплатници на сметка на ВМРО-ДПМНЕ, иако никогаш не платиле ни денар на контото на партијата. Се разбира и оваа истрага, како и сите други на специјалното обвинителство, предизвика паника во партискиот врв без чиј амин ваква финансиска операција е невозможна. Што преостанува да се прави во оваа ситуација освен да се бара укинување на правдата, оневозможување на истрагата, да се врши притисок врз обвинителството и сведоците, да се искажуваат јавно закани. Охридските протести против правдата се најава на почетокот на активностите на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција. Тоа е бедниот крај на еден режим кој тргнува во акцијата: после мене потоп.

Темпирањето на протестите во Охрид пред јасната и гласна поддршка на ЕУ искажана во Скопје од еврокомесарот Јоханес Хан за широка коалиција за формирање на стабилна влада која ќе управува со земјата наредните четири години и пред официјалното соопштение на политичките партии дека нашле заеднички јазик и за состав на функционална влада и за конституирање на парламентот ги испаничи најмногу тие што со години ја третираа државата како свој приватен имот. Сега е дојдено времето кога фактурите пристигнаа и кога сметката треба да се плати. Затоа е направен охридскиот жив штит од партиски активисти во одбрана на криминалците. Нема поголема дестабилизација и предавство на националните интереси од попречување на истрагите на осомничени за злоупотреба на државниот буџет и парите на граѓаните. Таквата правна несигурност во земјата кога се осомничени избраници на народот дека партиската каса била една голема перална каде што се переле коруптивните зделки е најголемото зло за секое општество. Во вакви ситуации доколку навистина нема злоупотреби партиските челници мораше јавно да повикаат на целосна поддршка на истрагата како најзаинтересирани да се докаже дека се лажни и тенденциозни обвинувањата, а не да се повикува членството да излезе на улиците во Охрид за оневозможување на судска разврска. Дали по Охрид од утре ќе следуваат срамни протести во другите градови на Македонија.

Затоа не случајно и ЕУ и Америка и сите добри познавачи на конфликтни состојби кои се јавуваат во една ваква лимбо-ситуација инсистираат на брзо формирање стабилна влада. Тие знаат дека кога со земјата управува нефункционална влада кога не е конституиран парламентот и кога нема мирно примопредавање на власта на тие што имаат мнозинство во парламентот и при немири што ги организира опозицијата можна е брза дестабилизација на земјата која може да прерасне во хаос и распаѓање на државата, што деновиве се’ почесто се најавува од повеќе места како сериозна закана. Значи, повеќе нема простор за одлагање, туку интересите на државата и на граѓаните налагаат брзи одлуки на преговарачите за формирање на мнозинство во парламентот да може да профункционираат непречено сите институции на системот.

Тоа би го означило на најдобар начин почетокот на новата ера и враќање на европскиот пат и ослободување на заробената држава како што во седиштето на ЕУ се нарекува Македонија.

Втората работа поради која се инсистира на брзото формирање на стабилна и функционална влада потпрена на широка коалиција е во фактот дека тоа ги ослободува луѓето кои сега под притисок се ангажирани да учествуваат во протести и во одбрана на нешто што се брани само на суд. Политичка партија која има најмногу седишта во парламентот, а е во опозиција поради коалициско мнозинство има повеќе начини како може да ја придобие јавноста и да предизвика нови предвремени избори на кои сега толку многу инсистираат Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, без притоа да се нарушува стабилноста на земјата и без конфликти. Но тоа се работи кога е нормална состојбата и кога политичките партии по долго владеење заминуваат во опозиција испитувајќи ги непристрасно вистинските причини зошто не можеа да најдат партнер, дури и кај долгогодишниот сојузник во поделба на власта чиј лидер можеби и посакуваше да продолжи тоа партнерство доколку гласачкото тело не му пратеше јасна порака дека неговата осумгодишна коалиција повеќе не е прифатлива. Ништо повообичаено во светот на политиката.

За жал, и Груевски и ВМРО-ДПМНЕ само со два пратеника повеќе и со резултат кој не овозможува лесно формирање мнозинство во Собранието прогласи голема историска победа како да се освоени 63 пратенички места, а не 51. Тоа беше пред јавноста претставено како да се работи за победа над крвните непријатели на Македонија кои треба да се препознаат меѓу стотиците илјади луѓе што гласот го дале на опозицијата. Бидејќи брзо се откри дека тоа е опасна работа, веднаш стасаа преквалификации дека се работи за излажани граѓани кои им поверувале на странските пропаганди и платеници дека всушност на овие избори ВМРО-ДПМНЕ водела војна против ЕУ, Америка и против најголемиот непријател на Македонија, Џорџ Сорос, кој цели 25 години донира пари во Република Македонија, при што се докажа дека најголем соросоид и корисник на неговите пари се владата и државата. Податоците објавени јавно покажаа дека граѓанските организации против кои се води хајка дури и во Америка, барајќи сојузник во американскиот претседател Доналд Трамп, не потрошиле ни десет отсто од парите што Сорос ги дава на Македонија. Кога владите на Никола Груевски би ја известиле јавноста исто како што тоа го прави фондацијата на Џорџ Сорос за што се потрошени над 20 милијарди евра буџетски пари во овие изминати десет и пол години владеење без контрола и без отчет, тогаш убеден сум дека „бомбите“ на Заев и тужбите на СЈО би биле детска играчка. Милијардите на граѓаните на Македонија и нивното заборчување во странски банки до гуша ќе биде едно од најголемите злодела кога по преземањето на власта новата влада ќе ги отвори сметките пред јавноста. Тоа ќе биде почетокот на агонијата на ВМРО-ДПМНЕ со која допрва ќе се соочи по децениската раскалашеност и расипничко трошење. Време е да се платат сметките. Трагедијата е во тоа што тоа нема да го платат тие што ги потрошија парите.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Време е за крај …

Posted on 26 October 2016 by erizaov

Фото: Твитер

Фото: Твитер

Големо љубопитство предизвикуваат билбордите со нова рекламна порака „Време е за крај на кризата“ со различни потписи, но најчесто стои името Никола. На прв поглед очигледна е политичката порака пред изборите бидејќи Никола Груевски и ВМРО- ДПМНЕ главна тежина на својата изборна стратегија ставија на тоа дека по нивната победа на изборите кога ќе ја преземат власта во свои раце со амин на народот автоматски ќе настапи крај на кризата. Можно е ова да биде и кампања на опозицијата навестувајќи крај на кризата како што некој допишал збогум пред потписот на Никола, па излегува дека крајот на кризата ќе биде со „збогум Никола“. Покрај политичките мотиви за да се избегне казната за прерано почнување на предизборната кампања, не е исклучено дека се работи за вешт деловен човек кој во ова политичко време на лудило кога најмногу се лаже, смислил начин како да го привлече вниманието на својот производ или бренд.

Како и да е, бргу ќе дознаеме бидејќи авторот ќе ги покаже своите мотиви на која криза и’ го гледа крајот. Но останува фактот дека досега не можеше да се стави крај на политичката, моралната и криминалната криза бидејќи Никола Груевски и ВМРО- ДПМНЕ не беа на власт, туку некој друг владееше со земјата, главно разни предавници и непријатели кои ја произведоа кризата во соработка со Америка, НАТО, Брисел, Џорџ Сорос, СЈО… сите ставени под директна контрола на опозицијата и на Зоран Заев, селанчето од Струмица. Тоа што вие мислите почитувани читатели е чист привид, односно само така ви се чини дека веќе 11. година како апсолутната власт е во рацете на Никола Груевски и тесниот врв на ВМРО-ДПМНЕ и дека сега се бара уште четири години мандат со 63 пратеници за натаму без контрола Груевски со соработниците да ги довршат големите дела и проекти кои не’ доведоа до тука кај што стасавме. Нешто не ви е јасно, не грижете се, не е кај вас проблемот бидејќи ова што се случува во Македонија тешко е разбирливо и при здрава памет.

Значи, за да ја разберете работата кога Груевски е на власт, а кога во опозиција мора да размислувате што би се рекло народски со два ума. Секогаш Груевски е на власт и на чело на државата кога станува збор за големи успеси и достигнувања, за брз развој и економски раст, баснословни странски инвестиции, поволна бизнис-клима, грандиозни градителски потфати, нови работни места, висок стандард, поголеми плати и пензии, субвенции за земјоделците, за новинарите, за писателите, за научниците, за академците и за судиите, за обвинителите и за уметниците, за актерите како партиска партиципација и донација од буџетот за нивната независност и самостојност во величање на власта, или како нешто похрабра форма за молчење и правење на удрен дека ништо особено не се случува и ништо не смрди и не се распаѓа во државата. Ова се постигнува со голема и макотрпна децениска работа. Ич не е лесно да се потрошат над 20 милијарди евра народни пари колку што Груевски потроши во изминатите десет години како единствен благајник и клучар на државната каса. Кога беше најтешко и се закануваше беспарица Груевски со својот финансиски тим успеваше со голема пожртвуваност, патриотизам и храброст да не’ заборчи сите до еден до над гушата.

Секогаш пак кога работите не чинат, вклучете го вториот ум, тогаш Груевски и ВМРО- ДПМНЕ се во длабока опозиција. Тие се силни опозиционери ако има криза, каква било, политичка, морална, духовна, прислушување на јавни личности и граѓани, кога има нарушување на основните човекови права и слободи, атак врз демократијата и врз медиумите и новинарите, кога има професионални истраги за криминал и корупција во врвот на власта, кога се откриваат големи изборни нерегуларности, кога има меѓуетнички конфликти, а особено кога се формира Специјално обвинителство кое не е под нивна контрола, тогаш, тие се дење во опозиција, а ноќе на власт. Наеднаш откриваат голема опасност за стабилноста на земјата која инаку е многу цврста, измислуваат нови и стари непријатели главно собрани во заеднички фронт против Груевски и неговите најблиски соработници поради големите успеси на кои му завидуваат и Америка, и земјите од ЕУ и љубоморните комшии и домашните предавници и странски платеници. Најголемата опасност Груевски и неговите соработници и медиуми веднаш ја препознаа во Специјалното јавно обвинителство и специјалниот јавен обвинител Катица Јанева. Пред очите на целата јавност од првиот ден на формирање грубо и со закани ја попречуваат работата на Специјалното обвинителство чие формирање популистички и лицемерно го подржаа со паролата „држте го крадецот“. Нервозата стана се’ поголема кога почнаа првите обвинителни акти јавно соопштени кои водат стручно и професионално кон судска разврска. Злоупотребите на овластувањата на највисокиот врв на власта станаа ептен видливи. Затоа покрај политичката и новинарската партиска елита која не е доволна да се загрози довербата во Специјалното обвинителство власта ги ангажира сите институции на системот: полицијата, судовите, редовните јавни обвинителства, Уставниот суд, Судскиот совет, разни партиски правни експерти со цел да се деградираат и оневозможат специјалните обвинители и Катица Јанева. Она што ги испаничи Груевски и соработниците е влезот на Обвинителството во УБК и се’ поголемата негова популарност. Уште пред шест месеци во истражувањето на ИРИ, Американскиот институт, со кое ВМРО-ДПМНЕ на големо се фалеше поради високиот рејтинг, но го премолче податокот дека 63 отсто од анкетираните ја подржуваат работата на Специјалното обвинителство и имаат доверба во него, наспроти 23 отсто кои немаат доверба. Сега тој процент е далеку поголем на поддршка на Катица Јанева и обвинителството. Нејзиното спречување да ги гони криминалците станува клучен мотив за претстојните избори. Дали таму се гледа крајот на кризата.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

И криминалците се невини

Posted on 20 October 2016 by erizaov

vmro-kriminalci

Смешно и мачно, трагикомично што би рекле театролозите е да се гледаат деновиве високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивните следбеници како проповедаат дека и криминалците се невини додека не бидат осудени. Да плачеш од среќа и да ти е милина да ги слушаш кога големите демократи зборуваат ораторски разложно дека секој е невин додека не се докаже спротивното, односно неговата вина. Тие што ја попречуваат правдата без срам и перде велат, нема пресуди, нема виновни. Тој што тужи треба да ја докаже на суд вината, а не тој што е обвинет. Така е отсекогаш во светот каде што владее правото и кај што работат судовите, ама не кај нас каде што власта е апсолутна и без никаква контрола цела деценија.

Лажно набедените властелини вчера откриле кое е елементарното човеково право и темелот на вистинските парламентарни демократии каде што правдата се дели во независни судови од независни судии според закон кој подеднакво важи за сите граѓани.

Новите испилени легалисти, тазе преправени почитувачи на законите и човековите права и слободи, набрзина научија што е тоа пресумпција на невиност и колкава неправда им се нанесува на луѓето од владејачкиот естаблишмент ако лесно од око и по автоматизам судиите ја одредуваат мерката притвор. Казаматскиот притвор во „Шутка“ е резервиран само за политички противници, шпиони, предавници и ситни криминалци. Малку грешат во изговорот кога велат пресумпција, но сепак, нивната загриженост за владеење на правото би требало да се почитува само во случај ако вчера сте паднале од Марс директно во Македонија. Паничната повика за заштита на невиноста на високите владини и партиски функционери додека нема конечна судска пресуда кај мене предизвикува бура од смеење, која обично завршува со гадливост и нагон на повраќање.

Какава бре пресумпција на невиност кога за десет години испративте во затвор стотици луѓе со телевизиски камери и со медиумски фанфари и труби, со јавни обвинувања на министри и обвинители пред да се спроведе каква било истражна или судска постапка. Ги прогласивте за виновни во медиумите, а потоа експресно со нарачки им одредивте робијашки долг притвор за да завршат во затвор невини луѓе осудувајќи ги на драконски затворски казни. За каква пресумпција на невиност зборуваат предизборните агитатори на власта кога жигосаа стотици луѓе како кодоши без да им се даде правото на одбрана, без да бидат сослушани. Формираа преки суд божем за просветлување на општеството во кој на криминален начин арогантно противзаконски и противчовечки се компромитираа заслужни дејци и основачи на првата македонска држава и на македонската култура и литература. Лустрацијата од првиот момент од идеја до реализација е прифатена и спроведена не за рехабилитација на жртвите на кодошите и нивно оневозможување повторно да дојдат до високи позиции, туку само за политичка пресметка со неистомислениците и политичките противници. Направија од Македонија сеирџиска судница во која се фалсификуваше нејзината историја сместувајќи ја во исти кош барабар со комунистичките режими на Исток, зад „железната завеса“.

Каква пресумпција на невиност бараат тие што затвараат новинари и медиуми поради напишани текстови, шпионажа и ТВ-емисии судејќи ги на долгогодишни затворски казни без ниту еден доказ.

Тие што ја попречуваат правдата и се ставаат над законите од позиција на сила и моќ немаат право на пресумпција на невиност. Во правните држави тоа е тешко кривично дело, но ретко се применува бидејќи е незамислива ситуацијата политичар да ја попречува истрагата со каква било активност, ниту со најмал збор или асоцијација која може да прозвучи како притисок на истрагата, или попречување на правдата. Во тој миг неговата политичка кариера завршува, а судот има механизми и за максимални казни на тие што треба да служат за пример, а ги кршат законите и се носители на организиран криминал и коруптивни зделки. Тие што не ги признаваат моралните и законските норми не можат да бидат третирани како невини бидејќи ги стопираат истрагите и на Специјалното јавно и на редовното јавно обвинителство кое со години е под целосна политичка контрола. Не можат да бидат прогласени за невини тие кои ја сатанизираат како непријателска и предавничка институцијата за која дале согласност да се формира и изгласале закон во парламентот по кој треба да работи Специјалното јавно обвинителство. Тие што се чувствуваат невини одамна сами ќе побараа судска разрешница ако не се огрешиле од законите и ако навистина е сечено, лепено и монтирано како што не лажеа со месеци за тоа што сите јавно го слушнавме.

Кризата не се разрешува ни со избори на кои главни предводници се високи функционери осомничени за криминал, ни со попречување на правдата. Ако се имаше малку морал и образ, а да не зборуваме за патриотизам, оставката на Никола Груевски од премиерската и од партиската функција одамна ќе ја надминеа кризата која тие ја создадоа со своето криминално владеење цели десет години.

Ете затоа е лесно препознатливо зошто високи функционери на власта зборуваат на цел глас за заштита на невиноста и за владеење на правото додека истовремено ја попречуваат правдата и не го признаваат ниту судот под нивна контрола.

Ова е само уште еден доказ дека последното прибежиште на криминалците е во патриотизмот и популизмот.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Најпатриотскиот говор на Груевски

Posted on 26 October 2015 by erizaov

gruevski_govor

„…И јас му се чудам на македонскиот дух како тие луѓе не нè убија со камења откако го согледаа грозниот и жален излез на нашата револуционерна иницијатива“
Иван Хаџи Николов, основач на ВМРО

Цел викенд се изнаслушав на најпатриотскиот говор досега на Никола Груевски. Сите телевизии, владини радија, интернет- портали три дена и три ноќи ечеа со: народот, народот и народот… Груевски го прочита прилично сугестивно тоа што му го напишале инстант-партиски историчари и соработници, што е вообичаено во политиката кога пишувачите на говори добро знаат што сака да каже владетелот, претседателот, или премиерот.

Најпатриотскиот говор на Никола Груевски му го нарачаа вмровските активисти и лобисти во дијаспората и еве тој им ја исполни желбата. За разлика од тие што паѓаат во транс од феноменалниот и историски говор на Груевски, како што со вознес велат досега вакво чудо немало, јас го доживеав како крајно демагошки, лицемерен театрален микс од историја за големите страдања низ вековите на народот се’ до доаѓањето на Никола Груевски на власт. Имаше тука се’ и сешто од цитати на основачите на историската ВМРО до прогласување победа на следните избори и почнување на преговорите со ЕУ и влез во НАТО. Но најмногу имаше фалби. Груевски покажа за миг и една благост и вчудовидувачка подготвеност за толеранција и цивилизациски дијалог со опозицијата и остварување од точка до запирка на договорот од Пржино. Па веднаш да не биде ептен попустлив и погрешно разбран следуваше жестока критика на опозицијата и нејзината предавничка улога и соработка со странците кои не и’ мислат добро на Македонија, па затоа сами треба да ја завршиме работата, како што ќе каже Груевски.

Груевски во името на сите граѓани побара членство во НАТО и да почнат преговорите со ЕУ… барам, рече, да не и’ се одзема на Македонија препораката за преговори бидејќи веќе шест пати била позитивна, ама и исто толку пати и отфрлена. Груевски според интонацијата и карактеристичните зборови што ги кажа, дека нема ниту еден граѓанин кој не мисли дека сме го заслужиле членството во ЕУ и во НАТО, остави впечаток дека е подготвен да направи многу повеќе отколку да се надева дека бројот седум носи среќа. Не слушнав дали Груевски конечно кажа дека веќе нема оправдувања зошто не сме во ЕУ и во НАТО и кој се’ е виновен што не сме во европското семејство. Велите не кажал такво нешто, туку кога рекол БАРАМ не се обраќал само до Брисел , туку и до себе да ја заврши работата како што налагаат европските стандарди. Не верувате. Не верувам ни јас, ама Груевски кажа нешто ново дека многу се глупави и безначајни кавгите на домашен терен кој колку е виновен откако ќе ни ја одземат препораката.

Каде уште се крие демагогијата на Груевски. Прво, тие што му го пишувале историскиот дел измешале за политички потреби разни цитати и очигледно не знаат дека светите изворни принципи на историската ВМРО опстојувале само десетина години. Се’ потоа е мит и катастрофа за Македонија. Еве како може да прозвучи поинаков цитат на еден од основачите на ВМРО, Иван Хаџи Николов во чија куќа во Солун 1893 година е основана ВМРО, а кого го цитира и Груевски во еден сосема друг контекст. Знаменитиот македонозналец Гане Тодоровски вели дека спомените на Иван Хаџи Николов по многу нешта се уникатни, единствени од својот вид, исклучителни, недостижни и речиси неспоредливи… Хаџи Николов тешко болен и разочаран си го одзема животот 1934 година во Софија. Еве што тој пишува за ВМРО: „И јас му се чудам на македонскиот дух, како тие луѓе не не’ убија со камења откако го согледаа грозниот и жален излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија, како еден човек, со трогнувачка еднодушност тргна зад нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба; ние да го водиме кон ослободување, а излезе дека сме го воделе кон упропастување и кон ново уште потешко ропство и при такви, дијаметрално противположни резултати пак да не не’ обвинува, да не не’ навредува, да не мрмори против нас – создавачите на револуционерната организација и водачите, толку молчаливо и со полна покорност на својата судба да си го преземе тешкиот глоготски крст – тоа предизвикува во мене адмирација и велам: Македонци, вие не сте само херои, туку и светци. За вас сите жртви се заслужни“ …

(превел од бугарски Гане Тодоровски кој ги поседува оригиналните непреправени сеќавања на Иван Хаџи Николов).

Деновиве изненади Љупчо Георгиевски, основачот на ВМРО-ДПМНЕ кој предложи партиите да ги вратат на државата, поточно на науката четирите историски букви ВМРО. Тоа го направи Георгиевски со големо задоцнување, иако никогаш не е доцна, револуционерното дејствување да се замени со демократска и политичка борба за подобра Македонија. Замислете сега СДСМ да си го додаде и НОБ, па ќе имаме револуционерна организација против народноослободителна борба.

Толку што се однесува до историјата.

За подготвеноста на Груевски за сегашноста и разрешување на тешката политичка криза и за остварување на договорот од Пржино, како што вели, од точка до запирка доволен е фактот што досега се остварени само две работи. Престанаа „бомбите“ на Заев и опозицијата се врати во парламентот. Ниту една друга точка од договорот не е реализирана. Најголемиот проблем е специјалното обвинителство. Груевски и неговите најблиски соработници имаат уплав од обвинителен акт и седнување во судот на обвинителна клупа.

(објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , , , , ,

Премиер зголемува плати

Posted on 31 March 2015 by erizaov

Outsourcing-salary-Outsourcing-advisors

Над 10.000 полицајци, со години заборавени ќе добијат по помалку од илјада денари поголема плата за да ја спасуваат власта

Кога еден премиер на која било држава на партиски митинг им ја качува платата на полицијата и на војската, бидете сигурни дека станува збор нешто пострашно од диктатура. Тоа е арогантно самоволие за одбрана на власта со парите на граѓаните. Некни, во Штип, премиерот Никола Груевски им ги качи платите на над 10.000 униформирани лица во Полицијата за по 3.000 денари месечно по човек, во рок од две години и осум месеци. Просечно по помалку од илјада денари на годишно ниво ќе им се зголемува платата на полицајците кои со години беа заборавени, се’ додека Груевски не виде зорт дека може да ја загуби власта. За да биде поткрепена оваа единствена одлука на премиер јавно да зголемува плати на полиција, Груевски ја фрли пред јавноста заканата дека домашните непријатели сакаат да предизвикаат меѓуетнички тензии и да ја дестабилизираат државата.

Вистината е сосема поинаква според она што се гледа секој ден, меѓунационални тензии сеат само неговите послушници во медиумите и самата Влада со своите политики. Ете тоа е најновата стратегија да се спаси и тој и неговата група од одговорноста за непреченото ставање под надзор на над 20.000 граѓани и јавни личности.

На оваа одлука со благодарност до полицијата претходеше познатиот арсенал на Груевски за големите успеси кои сакаат да ги спречат олошите, предавниците и непријателите на државата за да ја дестабилизираат и да ја приграбат власта. Премиерот ги спаси со ветувања и давениците од поплавата поради неисчистените и нерегулирани речни корита. За поплавените, оштетени од јавашлукот на Владата, ќе следуваат високи обесштетувања, веројатно нешто повеќе отколку што ќе добијат полицајците за три години. Ќе продолжи со засилено темпо отворањето на илјадници нови работни места, ќе се градат нови фабрики, пристигнуваат од сите страни нови милијарди странски инвестиции. Покрај трите, почнува експресно изградбата и на четвртиот автопат, откако по осум години заврши првата фаза од изградбата на спомениците, барокните фасади и гаражи низ Скопје, што однесе во неврат милијарди евра. И натаму ќе имаме беспрекорно здравство, образование по светски критериуми и уште сто други чуда. Сето тоа е на дофат во најблиска иднина, се разбира, ако не се дозволи непријателите да го спречат овој епохален напредок на мудрото раководство што сакаат душманите да го сменат со пуч. Е, нема да се дозволи такво нешто, ќе се мобилизираат сите сили со кои располага државата вклучувајќи ја и полицијата, па и војската за да се спаси и премиерот и неговите најблиски соработници, а тоа било државата.

Пред секоја војна прво гине вистината. Тоа е класична стратегиска претходница на сите војни. Ако победи вистината, нема ни војна, станува неможно да се црпат патриотските мотиви за да се замине доброволно во борба, особено ако сте агресор. Големиот проблем на воените стратези е кога се отвора фронт внатре во татковината против измислен домашен непријател само поради опасноста да се изгуби власта. Тогаш се случуваат најголемите лаги, црнила и валканици против сопствените граѓани кои бараат слобода, демократија и пад на режимот, кои укажуваат на корумпираноста на власта, на изборни неправилности и фалисификати, на тешки злоупотреби на функциите и тортура на политички противници и јавни личности кои критички ги опсервираат политиките на Владата.

Политичката криза во Македонија веќе девет години ги има сите овие обележја на средновековен деспотизам со приграбување на власта од една мала група луѓе на нерегуларни избори. Откако тоа се обелодени со снимките кои кажуваат дека повеќе од четири години непознати агентури и разузнавачи снимале и држеле под надзор над 20.000 граѓани, меѓу кои и самиот врв на власта, Груевски и неговите следбеници во партискиот врв станаа нервозни и опасни. Апсат луѓе, нарачуваат пресуди, именуваат судии, кршат закони и Устав, трошат милијарди евра пари на граѓаните, ја задолжуваат државата за политички и партиски цели, соочени со сериозни обвинувања за организиран криминал и корупција. Институции на системот не функционираат слободно, односно одработуваат како покритие само тоа што ќе нарачаат властодржците. Во медиумите и во јавниот сервис МРТВ е воведена строга цензура. Се’ што мисли поинаку се прогласува за непријател, кодош, предавник, странски платеник….

Овие веќе добро познати методи сега попримаат многу поопасни димензии, особено по обелоденувањето на снимките со „бомбите“ на Заев, кои надлежните разузнавачки служби и полицијата не успеала да ги спречи повеќе од четири години. Оттаму многу се основани сомневањата дека следењето и држењето под надзор на илјадници граѓани повеќе од четири години се случило без знаење на власта. Многу е интересно прашањето на кое треба да одговори непристрасна истрага дали нарачателите на прислушувањето не станале жртви на сопствената монструозност, убедени дека се слуша само непријателот. Тоа е работа на судовите која кај нас не е можна, па дури дошле и сто странски експерти како публика во судниците. Без политички и морални оставки на сите што по Уставот се одговорни за нарушената безбедност на државата со прислушување на над 20.000 јавни личности, дури и ако не знаеле, не е можен ни правен, ни праведен судски процес за скандалот пуч. Премиерот Груевски не помислува на оставки, тој повика на војна за власт. Ништо добро не излегло од ниедна војна…

 

Comments (0)

Tags: , , , ,

Пред крајот

Posted on 20 March 2015 by erizaov

zoca

Зошто Македонија нема големи државници и храбри сведоци на времето во кое живееме

Во бурни времиња, историските настани исфрлаат на преден план големи државници, војсководци, херои, јунаци, но и негативни личности, кои со своите погрешни политики, одлучуваат за судбината на цели народи. Историските тектонски промени со кои се соочува Македонија покажуваат дека во овие 24 години на независност, освен првиот претседател на државата Киро Глигоров, кој ја одбегна крвавата драма што ги погоди сите републики при распадот на Југославија и добивме држава по мирен пат без ниту една жртва, Македонија не даде други големи политичари и дејци кои ќе ги забрзаат историските процеси за денес со право да можеме да ги наречеме државници кои ги задолжиле својата татковина и нејзините граѓани.

Неверојатно но вистинито, бурните историски настани во Македонија не исфрлија крупни историски личности. Историчарите ќе речат тоа едно со друго не оди, но сепак ни се случува, колку и да се коси со науката. Оваа научно потврдена закономерност не важи во држави каде што мнозинството не секогаш може да ги препознае вистинските вредности на патот кон подобра иднина и прогрес. Најстрашно е кога популарните политички водачи и популисти, поради лични и партиски интереси, го одбираат полесниот пат кој не води кон вистинската цел. Или, кажано поедноставно, кога политичарите бегаат од тешки решенија и одлуки да не ги изгубат естрадната популарност и слава и се определуваат да и’ понудат на јавноста оправдување со божемна опасност од домашен и светски заговор. За да не ја изгубат власта, авторитарните владетели имаат големи патриотски оправдувања, небаре секој ден ја спасуваат државата, нацијата, идентитетот од домашни и странски непријатели. Дури и да испровоцираат контролирани меѓуетнички и меѓуверски судири. Пуштаат медиумски патки и журнали за грандиозни успеси кои се’ посиромашните луѓе во трката да го преживеат денот не можат ни да ги видат, туку ги доживуваат како неостварен сон кој со надеж чекаат еден ден да тропне и на нивната врата.

Кога ќе се отстрани демократската контрола на власта и кога ќе се окупираат институциите на системот и медиумите, лесно се инсталираат авторитарни режими кои главно се потпираат врз една стара и добропозната доктрина кажана одамна од еден познат бугарски премиер со македонско потекло, ресенчанецот Андреј Љапчев. Знаменитиот бугарски премиер Љапчев има речено: „Со овој народ треба по кроце, по кроце и со малку ќотек“. Или пренесено во денешни времиња, оваа доктрина гласи: строга партиска контрола од колепка до гроба. Партиските штабови се местото каде што се одлучува за иднината и сегашноста на граѓаните, таму се завршува најуспешно школо и факултет, таму се вработува на престижно место, таму се почнува нов бизнис, се добиваат стан и поволен кредит, таму се простуваат долговите, таму се дели социјална помош, инвалидска пензија… Кога и тоа не е доволно да се задржи власта, една мала група блиски соработници на чело со водачот се издвојува и над државата и над партијата и спроведува политика на строг режим и политика на страв и заплашување. Се’ што е опасно и го загрозува врвот влегува под надзор, дури и првите и најблиски соработници на лидерот, политичките противници и познати јавни личности.

Особено под строга контрола на еден човек паѓа државната каса. Македонија како буџетска држава има пресудно влијание врз сите политички, културни и бизнис релации. Нема пора во јавниот и приватниот живот на граѓаните која не е поврзана со буџетот. Од социјалната помош за најзагрозените, до народните кујни, кај што се дели храна за гладните, па се’ до големите корпорации и компании, до големите милионски бизниси, распродажбата на земјиштето и природните убавини на државата, поседувањето на луѓето и нивните гласови, од здравјето на граѓаните и нивното образование – се’ зависи од парите во буџетот. Не е тешко да се претпостави колкава моќ има човекот кој има клуч од државната каса и само тој во соработка со неколку потчинети соработници одлучува за патот на парите, односно за судбината на луѓето. Концентрацијата на таа моќ во рацете на еден човек, кој владее без контрола со милијарди од државната каса и со ќотек и закани, е реалноста со која деновиве Македонија се соочува и се наоѓа повторно на историски крстопат дали ќе тргне кон слободата и демократијата, кон европеизација на општеството или останува последниот темен вилает на Балканот.

Секогаш кога соопштувам вакви констатации, се вознемирува дел од привилегираната класа и самиот државен естаблишмент. Следуваат неколку добронамерни и неколку злонамерни и тенденциозни забелешки и неколку стари пароли и докази за големата слобода што ја имам и која, ете, ја злоупотребувам за да вршам нечии нарачки. Со сиот респект кон добронамерните забелешки и критики, поголемиот дел спаѓаат во арсеналот кој одамна добро го знам. Тоа се постојани обиди за разводнување на стварноста, разни подметнувања за дискредитација на луѓето кои јавно ги соопштуваат не само своите размисли и ставови, туку и кога станува збор за историски докажани и потврдени вистини. Кога во македонски медиум ќе напишете или ќе речете: режим, диктатура, фашизам, деспотија, тиранија… ви бараат докази како да е времето на Сталин, Пиноче, Хитлер, Пол Пот, Ким ил Сунг или не знам кој диктатор. Ниеден чувар на тоталитарен систем не го интересира што вели науката за современите општества во Европа и трансформациите на режимите и диктатурите во последните сто години, особено во Европа од средината на 20 до почетокот на 21 век.

Ако само малку се проучува оваа најнова историја, било научно или преку извонредната безвременска литература, многу лесно ќе се откријат новите форми на злоупотреба на власта и методите на инсталирање страховлада. Мислам дека многу луѓе ќе се фатат за глава колку од тоа е применето во Македонија. Пред повеќе од 20 години, големиот светски писател Умберто Еко пишуваше за новите трансформации на фашизмот на крајот од 20 век и како тие пројави да се препознаат. За тој генијален текст на Умберто пишував пред 20 години за да се препознае една друга власт во Македонија и повторно пред неполни девет години кога почна ова што денес кулминира во Македонија. За жал, освен ретки исклучоци не се препознаа тие опасности. Напротив, имаше луѓе кои се обидоа овие сознанија на Умберто да ги фалсификуваат и да ги преправат во доблести на режимот кој девет години е инсталиран во Македонија и на кој веќе добар дел од јавноста се навикна и го прифати со традиционалната снисходливост: молчи оти има бетер.

Определбата овој текст да го насловам „Пред крајот“ е само една силна импресија од генијалниот духовен тестамент оставен на помладите генерации од еден од најдобрите јужноамерикански писатели, Ернесто Сабато, кој не е само аманет до напатените јужноамерикански народи од разни воени хунти, диктатури, злосторства и тортури, туку на целиот свет му остави во наследство грандиозно дело, предупредување, во кое ингениозно јасно стави до знаење дека не постојат добри и лоши диктатури, туку сите се подеднакво одвратни; како што не постојат ниту страшни, ниту добронамерни мачења. Ернесто Сабато укажува и на големата мисла на еден друг голем светски писател, Албер Ками, во која се препознава лично и која гласи: „Човек не може да се стави на страната на оние што ја создаваат историјата, туку во служба на оние што поради неа трпат“. Една од најголемите мисли во оставината на Сабато која се вклопува во нашата сурова реалност и во нашиот однос кон настаните кои ни се случуваат деновиве гласи: „Писателот мора да биде неподмитлив сведок на своето време, со храброст да ја каже вистината, да се бори против функционерите, кои заслепени со своите интереси, ја губат од вид светоста на човечката личност“.

Кога Сабато вели писателот, во рамките на она што Ками го вика човекот, тоа значи секоја личност која расудува здраворазумски не може да се стави на страна на тие што мислат дека прават историја, туку на страна на тие што страдаат од арогантната власт која умислува дека создава нова историја. Писателот, човекот, хроничарот, граѓанинот, работникот, студентот… мора да се подготви да го прифати она на што етимологијата на зборот „сведок“ укажува: мачеништво. Тежок е патот кој го чека сведокот: моќниците ќе го наречат комунист, кај нас комуњар, бидејќи бара правда за беспомошните и гладните, а комунистите ќе го прогласат за реакционер, бидејќи бара слобода и почитување на личности. Во оваа страшна подвоеност сведокот живее поделен и повреден, а ќе мора да се брани и со раце и со нозе.

Колку овие неколку тестаментни реда напишани уште пред 17 години, кога Сабато наполнил веќе 86 години, се препознатливи за нашите денешни настани и сведоштва на едно режимско владеење и претворање на власта во центар на моќ и злоупотреби, не е тешко да се види. Нашите писатели, хроничари, академици и научници, сведоци на своето време, главно молчат, се плашат да бидат маченици, сведоци на своето време.

 

Comments (0)

Tags: , ,

Митинзи за перење на срамот

Posted on 16 March 2015 by erizaov

vmro1

Сите надојдени води оваа зима не можат да го исперат срамот на групата луѓе што ја узурпира власта во Македонија. Ниедна вода, ниеден митинг, па макар бил со милион луѓе фатени за „уши и за врат“ и донесени на македонските плоштади не можат да го измијат бербатлакот што зад себе го оставија осилените властодржци кои слушнавме како ја освојувале власта, со фалсификати и закани, како градат и уриваат се’ што сакаат, како нарачуваат судии и судски пресуди, како ги кршат законите и Уставот, како крадат милиони, како ги задушија демократијата и слободата, како сеат страв, како држат под надзор илјадници јавни личности.

Тие грозотии што ги слушнавме со свои уши, а кои тајните служби на државата не успеале со години да ги спречат, не можат да се исперат со ништо, освен со радикални смени и праведни пресуди. Со митинзи на плоштади и во спортски сали не се докажува невиноста, уште помалку со огнени говори полни со омраза и ароганција против своите сограѓани кои не ја прифаќаат пресијата од режимот на Груевски. За жал, ниту вината, ниту невиноста не може да се докажат во судските сали кои се под контрола на носителите на диктатурата. Тоа убаво го видовме од срамните телефонски договарања на узурпаторите на власта што ги доставија до јавноста луѓе кои ќе влезат во историјата и кои татковината ќе ги препознае како вистински патриоти. Митинзите не можат да ги задушат нивните бомби кои допрва повеќекратно ќе експлодираат во свеста на сите слободољубиви граѓани. Се надевам тоа ќе биде многу побргу, отколку што мисли смртно уплашената власт на која и’ треба збивање на редовите и митинзи за враќање на самодовербата.

Правната разврска која ја нарачува власта преку митинзи и масовни протести, преку контролирани медиуми и со застрашувања и закани за линчување на луѓе е само жесток притисок врз судството, врз членството на ВМРО-ДПМНЕ да не се колеба и врз целата јавност дека не смее никаква друга пресуда да се донесе освен како да се работи за непријатели на државата. Кој е тој судија и обвинител во Македонија кој ќе може да суди независно и по сила на правото и правдата ако низ земјата дефилираат премиерот и министрите, полицијата и сите претставници на корумпираната власт, заговарајќи јавно дека имало обид за пуч, државен удар од страна на непријателите кои биле во спрега со непознати странски служби. Поголем притисок врз сопственото судство кое е партиски речиси комплетно инсталирано досега не сме ни чуле ни виделе, дури ни на Балканот. Кој е тој судија или обвинител кој по вакви митинзи ќе покрене одговорност против тешката злоупотреба на власта, против нарачателите на кршењето на основните човекови права и слободи, против фалсификувачите на избори, против цензорите и контролорите на медиумите, против тие што апсеа и судеа по телефон невини луѓе, тие што нарачуваа тортура во затворите кои и без тоа се казамати, кој е тој маж во македонското судство што ќе го осуди Груевски и неговата група за тешки злодела и прекршување на слободите гарантирани со Устав.

Барањето на обвинителството за присуство на странски судски експерти како публика на судските процеси кои ги закажа премиерот преку телевизија е само обичен блеф. Нивниот мониторинг заврши и пред странските и пред домашните правни експерти некни кога избраа претседател на Судскиот совет човек кој ќе назначува и разрешува судии, иако ниту еден ден во животот не бил судија, ниту донел судска пресуда. Може ли во ваква држава да се зборува за независен судски процес за пуч, кога тужители се тие кои ги укинаа слободата, демократијата и правниот систем. Додека Македонија не добие независно судство и јавен обвинител како што имаат земјите каде што владее правото, не може да се очекува ниту правна, ниту праведна судска разврска. Напротив, уште сега може да се соопшти колку ќе бидат осудени луѓето кои направија херојски чин и му ја кажаа вистината на народот.

Никој во државата не знае како тоа извесен независен судија експресно го прифати пазарењето за три години затвор за некој наводен учесник, по сопствено признание, во снимањето и надзорот на јавните личности. Таа испазарена пресуда треба да биде главен доказ во нарачаните идни судски процеси. Од кога тоа македонските судии прифаќаат испазарена пресуда за државен удар и за пуч, за подривање на системот со три години затвор. Таков пазарлак дури и да е на акшам пазар не може да биде под 15, или 20 години затвор. Смрди, корне на мафијашки политички договор.

И уште една веројатно најголема грешка на нашето судство и обвинителство, особено кога канат странски судски експерти за да пресретнат политички тензии во државата. Ќе мора уште еднаш да ја прочитаат основната лекција од правната наука според која ако има екстерно оценување многумина судии и обвинители ќе паднат на испит. Или ако положат, уште полошо, ќе докажат дека тоа што го знаат не смеат да го применат во судот. А тоа е дали државата и узурпираните институции на системот имаат право на презумпција на невиност. Науката вели не. Тие немаат право да бидат третирани како невини. Напротив, тие треба да бидат изложени на презумција на виновност и се’ да биде обелоденето пред целата јавност. Во овој случај, државата треба да докаже кој ги направил злоделата во нејзино име, кој ги злоупотребил власта и институциите на системот.

Право на презумција на невиност има обичниот граѓанин кој го прекршил законот. Неговата вина треба да ја докаже тој што тужи. За голема жал, класичната одлика на диктатурата на Груевски е невиноста да ја докажуваат оптужените, а не тужителите кога станува збор за политички нарачани пресуди. Кога е во прашање масовно кршење на законот од страна на врвот на власта, тогаш прекршителите бараат јавно преку митинзи преки суд на тие што ја кажале вистината. Во Македонија почнаа да се палат вештерки на клади и пред насобран народ како во средниот век.

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

November 2017
M T W T F S S
« Oct    
 12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930