Tag Archive | "власт"

Tags: , , , , ,

Премиер зголемува плати

Posted on 31 March 2015 by erizaov

Outsourcing-salary-Outsourcing-advisors

Над 10.000 полицајци, со години заборавени ќе добијат по помалку од илјада денари поголема плата за да ја спасуваат власта

Кога еден премиер на која било држава на партиски митинг им ја качува платата на полицијата и на војската, бидете сигурни дека станува збор нешто пострашно од диктатура. Тоа е арогантно самоволие за одбрана на власта со парите на граѓаните. Некни, во Штип, премиерот Никола Груевски им ги качи платите на над 10.000 униформирани лица во Полицијата за по 3.000 денари месечно по човек, во рок од две години и осум месеци. Просечно по помалку од илјада денари на годишно ниво ќе им се зголемува платата на полицајците кои со години беа заборавени, се’ додека Груевски не виде зорт дека може да ја загуби власта. За да биде поткрепена оваа единствена одлука на премиер јавно да зголемува плати на полиција, Груевски ја фрли пред јавноста заканата дека домашните непријатели сакаат да предизвикаат меѓуетнички тензии и да ја дестабилизираат државата.

Вистината е сосема поинаква според она што се гледа секој ден, меѓунационални тензии сеат само неговите послушници во медиумите и самата Влада со своите политики. Ете тоа е најновата стратегија да се спаси и тој и неговата група од одговорноста за непреченото ставање под надзор на над 20.000 граѓани и јавни личности.

На оваа одлука со благодарност до полицијата претходеше познатиот арсенал на Груевски за големите успеси кои сакаат да ги спречат олошите, предавниците и непријателите на државата за да ја дестабилизираат и да ја приграбат власта. Премиерот ги спаси со ветувања и давениците од поплавата поради неисчистените и нерегулирани речни корита. За поплавените, оштетени од јавашлукот на Владата, ќе следуваат високи обесштетувања, веројатно нешто повеќе отколку што ќе добијат полицајците за три години. Ќе продолжи со засилено темпо отворањето на илјадници нови работни места, ќе се градат нови фабрики, пристигнуваат од сите страни нови милијарди странски инвестиции. Покрај трите, почнува експресно изградбата и на четвртиот автопат, откако по осум години заврши првата фаза од изградбата на спомениците, барокните фасади и гаражи низ Скопје, што однесе во неврат милијарди евра. И натаму ќе имаме беспрекорно здравство, образование по светски критериуми и уште сто други чуда. Сето тоа е на дофат во најблиска иднина, се разбира, ако не се дозволи непријателите да го спречат овој епохален напредок на мудрото раководство што сакаат душманите да го сменат со пуч. Е, нема да се дозволи такво нешто, ќе се мобилизираат сите сили со кои располага државата вклучувајќи ја и полицијата, па и војската за да се спаси и премиерот и неговите најблиски соработници, а тоа било државата.

Пред секоја војна прво гине вистината. Тоа е класична стратегиска претходница на сите војни. Ако победи вистината, нема ни војна, станува неможно да се црпат патриотските мотиви за да се замине доброволно во борба, особено ако сте агресор. Големиот проблем на воените стратези е кога се отвора фронт внатре во татковината против измислен домашен непријател само поради опасноста да се изгуби власта. Тогаш се случуваат најголемите лаги, црнила и валканици против сопствените граѓани кои бараат слобода, демократија и пад на режимот, кои укажуваат на корумпираноста на власта, на изборни неправилности и фалисификати, на тешки злоупотреби на функциите и тортура на политички противници и јавни личности кои критички ги опсервираат политиките на Владата.

Политичката криза во Македонија веќе девет години ги има сите овие обележја на средновековен деспотизам со приграбување на власта од една мала група луѓе на нерегуларни избори. Откако тоа се обелодени со снимките кои кажуваат дека повеќе од четири години непознати агентури и разузнавачи снимале и држеле под надзор над 20.000 граѓани, меѓу кои и самиот врв на власта, Груевски и неговите следбеници во партискиот врв станаа нервозни и опасни. Апсат луѓе, нарачуваат пресуди, именуваат судии, кршат закони и Устав, трошат милијарди евра пари на граѓаните, ја задолжуваат државата за политички и партиски цели, соочени со сериозни обвинувања за организиран криминал и корупција. Институции на системот не функционираат слободно, односно одработуваат како покритие само тоа што ќе нарачаат властодржците. Во медиумите и во јавниот сервис МРТВ е воведена строга цензура. Се’ што мисли поинаку се прогласува за непријател, кодош, предавник, странски платеник….

Овие веќе добро познати методи сега попримаат многу поопасни димензии, особено по обелоденувањето на снимките со „бомбите“ на Заев, кои надлежните разузнавачки служби и полицијата не успеала да ги спречи повеќе од четири години. Оттаму многу се основани сомневањата дека следењето и држењето под надзор на илјадници граѓани повеќе од четири години се случило без знаење на власта. Многу е интересно прашањето на кое треба да одговори непристрасна истрага дали нарачателите на прислушувањето не станале жртви на сопствената монструозност, убедени дека се слуша само непријателот. Тоа е работа на судовите која кај нас не е можна, па дури дошле и сто странски експерти како публика во судниците. Без политички и морални оставки на сите што по Уставот се одговорни за нарушената безбедност на државата со прислушување на над 20.000 јавни личности, дури и ако не знаеле, не е можен ни правен, ни праведен судски процес за скандалот пуч. Премиерот Груевски не помислува на оставки, тој повика на војна за власт. Ништо добро не излегло од ниедна војна…

 

Comments (0)

Tags: , , ,

Власта им пресуди на судиите

Posted on 23 March 2015 by erizaov

court-fee-judge-gavel-moneyВласта нема ни морален, ни демократски, ни човечки, ни стручен капацитет да ја извади државата од криза

Кога политиката ќе им пресуди на судиите да делат правда по лична нарачка на една група луѓе која се ставила над институциите на системот и над државата, таму веќе нема држава. Тоа е тиранија и деспотизам. Во Македонија Владата нема ни морален, ни демократски, ни човечки, ни стручен капацитет да ја извади државата од криза во која ја внесе само за да ја задржи власта и привилегиите.

Со години е суспендиран целиот судски систем во сите инстанции. Почнувајќи од обвинителствата и основните судови, преку Апелацискиот суд и Судскиот совет до Врховниот и Управниот суд и конечно комплетно е деградиран Уставниот суд и конститутивниот закон на кој се потпира целиот општествен систем и функционирањето на државата. Владата никогаш не прифати ниту едно сведоштво или укажување ни во Собранието ни од медиумите за досегашните ин флагранти докази дека токму тоа се случува во нашата земја, со арогантните и партиски смени на десетици и десетици судии и обвинители, со нивно лично од врвот нарачано и незаконско именување и унапредување, со изречување на нарачани пресуди кои беа видливи за целата јавност, освен за власта. Напротив во сите прилики на загрозување на човековите права и слободи при сите сомнителни пресуди и премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска имаа полни усти пофалби за ефикасните истраги и праведни пресуди.

Откако со јавните настапи на Заев се ставија злоделата пред еден дел од јавноста што се направени на голем број граѓани со нарачани судења и пресуди, со нарачани именувања на судии и претседатели на Судскиот совет, со нарачани прекршувања на одредбите на Уставот, со замолчување на уставните судии, се покажа целата катастрофа од подривањето на државата и комплетниот општествено, економски и политички систем на Република Македонија. Во една таква држава карикатурално и гротескно изгледа повикот на обвинителството до Брисел дека бара судски експерти, кои ќе бидат публика во македонските судови за случајот „Пуч“. Тоа е невозможна мисија во држава каде што не функционира целиот судски систем. Односно, каде што се суди под директна контрола на неколку луѓе кои се ставиле над системот, над државата и над сите граѓани.

Ако полицијата е партизирана до коска, па таму се наоѓаат тајните изборни штабови, ако изборните фалсификати и нерегуларности почнуваат од полицијата за да владее со години нелегитимна власт против волјата и изјаснувањето на народот, ако премиерот на митинзи му искажува полна доверба на јавниот обвинител Марко Зврлевски како е можно да се донесат правни и праведни одлуки за скандалот „Прислушување“ и аферата „Пуч“.

Обвинителство и судството со месеци стојат како зајаци пред питон со скрстени раце и чекаат политички наредби за да се утврди зошто со години во Македонија некој можел да прислушува над 20.000 граѓани. Ако не знаеле претседателот на државата, премиерот, министерот за финансии, директорите на агенциите за разузнавање и контраразузнавање дека илјадници јавни личности и граѓани се под надзор, тогаш колкава е нивната одговорност, политичка морална и кривична што од вкупниот безбедносен систем направиле обична урда, или поточно изварка, која е далеку од швајцарското сирење полно со дупки.

Само по оваа основа сите најодговорни за безбедноста на државата требаше истиот ден кога Заев ја фрли првата бомба да поднесат оставки поради своето незнаење што се случува со државата. Како тоа коџамити луѓе избрани да ја водата државата не знаат дека разни агентури им го надгледуваат животот на илјадници граѓани. За тоа се одговара и политички, и морално и кривично. Незнаењето во случајот не ја намалува одговорноста, туку ја зголемува.

Доколку пак тоа е направено со нивно знаење, или на некој од нив, за што има многу оправдани сомнежи и индиции, тогаш тоа е класичен случај на подривање на стабилноста на државата и на целиот со уставот гарантиран поредок. Сите овие врвни функционери кои со години заземаат виски функции видовме како ја чувале безбедноста и на државата и на своите граѓани. Што оти ние го видовме кога судот си дреме, како што дреме правната елита во државата, освен неколку личности кои се за респект и почитување, наспроти срамот што го нанесуваат на правната фела некои партизирани професори прогласени за естрадни ѕвезди на власта.

Првиот чин во аферата „Пуч“ се случи кога македонското судство се испазари со наводен крунски сведок, кој премиерот Груевски го цитира повеќе пати како признал дека прислушувал по наредба на главниот осомничен, против кого до вчера немаше суштински обвинителен акт. Од кога тоа македонските судии експресно и тајно прифаќаат пазарење кога се работи за највисок безбедносен чин по стабилноста на државата. Обвинетиот кој прифатил пазарлак, наводно, признал такво дело и за тоа ќе лежи само три години затвор наместо 15 или 20-годишна казна затвор колку што следува за вакво подривање на системот и безбедноста. Многу смрди на тоа зошто политиката обезбеди ваков сведок. Од таму се гледа во која насока ќе се движи судскиот процес.

Во ваков тежок случај кога се укинати демократијата, правната држава и слободата на медиумите правна, политичка и морална разврска е можна само во еден случај. Не се тоа странски посматрачи и олеснувачи. Тоа се оставки на премиерот, министерката на МВР и јавниот обвинител и компромитираните судии кои суделе и се избирани по нарачка. Во тој случај со преодна влада може да следи ослободување на Македонија од стегите на еден режим кој ја изеде демократската супстанца на државата која беше во зачеток, го подри целиот општествено-економски и политики систем и го сроза угледот на државата. Бидејќи оставки нема, кризата во Македонија ќе потрае до нејзиниот конечен распад или во најдобар случај ако некој воведе ред и поредок со поддршка на ослободеното од страв мнозинство граѓани.

Comments (0)

Tags: , ,

Се спасивме од државен удар

Posted on 29 April 2013 by erizaov

Денеска ми олесна. Трајко Вељаноски, претседателот на Собранието, се враќа од Кипар во земјава. Чувствувате ли веднаш како полесно се дише. Пак одбегнавме државен удар. Пучистот Бранко Црвенковски испушти шанса да ја собори власта и да воведе диктатура на пролетеријатот како што сакаше да го направи тоа на 24 декември лани. Црвенковски немал време за преврат, бил ангажиран кај него дома и тој да не биде жртва на пуч, немал ни доволно пролетери. А богами деновиве навистина беше опасно. Сите фатија мајка бежанија и ја оставија државата како село без кучиња. Единствената надеж ми беше Гордана Јанкулоска, храбрата министерката за внатрешни работи, дека нема да дозволи насилно преземање на власта, но се замрзнав кога разбрав дека и таа заминува со цела делегација во Варшава. Затоа враќањето на Вељаноски дома ми дојде како мелем на рана. Човекот постојано е на вистинското место.

Претседателот на државата си ја истера повеќедневната турнеја кај нашите иселеници во Канада и веднаш потоа летна за Аризона, Америка. Крсти улици, сади дрвца, држи предавања на студенти. Се сеќавате на онаа антологиска песма „трла баба лен да и’ помине ден“.

Премиерот сиромав се искрши од трчање по светот да донесе некој денар, ама еве Американците му удираат контра со најчитаниот Извештај на светот. Му фрлаат клинови во тркалата.

Де Владата била корумпирана, де правната држава не функционирала, де се кршеле законите и Уставот од судии и полицајци, демек од тие што треба да го бранат Уставот и законите како очите во глава, де селектирано се апселе политичките противници, се компромитирале со противуставна лустрација, медиумите биле под контрола, имало цензура и самоцензура, немало демократија, дрн, дрн јариња. Нека си ги гледаат тие своите гајлиња и демократски дострели. Се виде до каде стаса нивната слобода, не можат да одржат еден маратон без жртви.

Премиерот Груевски паметно го избра за првата станица на своето роуд-шоу Азербејџан, каде што ич не се потресуваат од извештаите на Стејт департментот. Истото важи и за Јужна Америка. Бразил, Аргентина и Мексико се веќе светски економски сили, на кои Америте можат да им плукнат под прозорец. Ако нешто не биде како што треба, ќе може да се тркне до Венецуела кај наследникот на Чавез и до Куба кај брат му на Кастро. За тоа дали има потреба ќе се одлучува во од. Штом од Вашингтон долета во Бразил заменик-премиерот Зоран Ставрески, тимот се засилува, па се можни и други сафари-тури за лов на милијардери и крупни инвеститори кои пет пари не даваат за извештаите на Стејт департментот.

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, од Женева е на пат за дома. Утешително, ако не искрсне итно некоја попатна станица. Али Ахмети и Талат Џафери веќе се тука, така што власта за Велигден ќе се комплетира во татковината. Целата турнеја на државниот врв со нивните соработници, експерти, новинари, преведувачи, министри и разни лобисти, авионски билети, хотели, дневници и нешто малку храна и пијалак не чини ни 500.000 евра. Мизерна сума која не стасува ни за еден просечен споменик од бронза и тоа не на скопскиот плоштад, каде што конкуренцијата е голема, туку во внатрешноста на државата во едно обично македонско градче. Трипати е поевтино нашите државници со своите соработници да го крстосуваат светот со авиони од Скопје до Никозија, до Рио де Жанеиро и Вашингтон, до Баку, до Торонто, до Феникс, до Женева и до Варшава и да престојуваат во елитни хотели, малку да кешираат со дневници, отколку што чини еден лустер во стариот скопски театар. Не може ни да се пресмета колку е евтина оваа раздвиженост на највисоките македонски функционери ако се направи споредба со цената на една обична барокна гаража, како онаа, на пример, кај МРТВ. Често се думам која е поубава ла гараж-барок или МРТВ заедно сосе МВР.

Добро е што веднаш по поразот во општината Центар во Скопје Владата по седум години излезе да каже колку изнесува најголемата инвестиција во Македонија во ерата на транзицијата. Во јадрото на главниот град се изградени импозантни зданија за нецели 250 милиони евра. Ако ангажирате еден солиден правник, еден економист, градежен инженер, експерт за анекси и договори и еден добар хакер, можете и на интернет да откриете колку чини македонската споменикоманија, потрагата по пославно минато, задоцнетиот кич, барок и рококо, ергелите бронзени коњи и глутници лавови, жалните врби и кораби, разубавени фасади. Добро е што дознавме дека сето тоа задоволство чини колку да не е без пари. Џабалук. Уште подобро е што власта даде отчет пред да стапне во канцеларија новиот градоначалник на Центар. Којзнае што ќе соопштува од утре и ќе измислува колку чини „Скопје 2014“.

За време на велигденските и првомајските празници, кога целата наша политичка елита ќе биде дома, нема потреба од многу средби со новинари и непристојни прашања за Извештајот на Стејт департментот, за збогувањето со комшиите Срби, кои заминаа на пат за Европа, за ултиматумите на Штефан Филе и на Грците, за багателните цени на спомениците и слични глупости.

Ах, да, ќе заборавев. Што ќе ни донесат од белиот свет нашите водачи. Кој дал пари за свирче, ќе свири. За другите нема ништо.

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

September 2017
M T W T F S S
« Aug    
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930