Tag Archive | "влада"

Tags:

Ќе нè убие вербата во лагата

Posted on 22 February 2017 by erizaov

papa bel cad

Нема да не’ убие пресилниот збор. Тоа е јамката околу вратот на чувствителните и достоинствените личности кои ги боли неправдата, навредата, клеветата. Нас, преостанатите во земјата безнадежија тоа не не’ допира. На тоа отрпнавме и навикнавме како на редовна доза апчиња, како канибалите на човечко, тазе заклано. Нас колективно ќе не’ уништи вербата во лагата која ја прифативме како вистина, неправдата како правда, ропството како слобода, тортурата како демократија и сиромаштвото како богатство. И наместо од тој кукавичлак да се срамиме – се гордееме. Наместо да им удриме клоца на арамиите да заминат таму кај што им е местото на обвинителна клупа, ги оставивме да ја водат државата и кога изборните резултати налагаат легална и мирна смена на власта.

Си велам, добро овие наши луѓе ги гледаат ли комшиите во Албанија што и како тоа го бараат од власта. Или и таму протестите ги организирал Џорџ Сорос. Го гледаат ли бунтот во Романија, или и таму Сорос ја подрива власта. Сите деспоти, властодршци и корумпирани политичари на Балканот и во Источна Европа имаат по еден Сорос со чија помош ги кројат лагите за големите заговори на непријателите против татковината. На сметка на лагите и примитивниот популизам со измислените непријатели и предавници го месат како тесто народот кој не го вадат од уста. За голема среќа имаат се’ помалку тесто, па затоа им требаат се’ поголеми лаги.

Еве да се обидеме да разобличиме само една од последните актуелни големи лаги кои се’ уште наидуваат на плодна почва и верба на слепо кај со години и години прелажаните граѓани. Една од тие големи ујдурми е ѓоа опасноста дека сите ќе мораме да зборуваме на албански. Албанскиот јазик ќе стане задолжителен на целата територија на Македонија. Луѓето во Прилеп, Кочани, Струмица, Гевгелија… во цела Македонија ќе мора да научат да зборуваат албански. Ајде сега оди зборувај за големите идеали и промени за подобра иднина, кога оваа будалштина со јазикот може да помине не само кај шовинистите, туку и кај граѓани кои ги поддржуваат промените и европеизацијата на Македонија.

Не се потребни високоумни стратегии за да се разбере дека со закон на се учи јазик. Ако можеше така да се научат јазици со директиви, тогаш сите во Македонија ќе знаевме по неколку светски и балкански јазици. Ако ништо друго, ќе научевме и македонски јазик како што треба и како што е редот и како што налагаат правилата, а не во парламентот, во институциите на државата, во судовите, на телевизиите, на социјалните мрежи и во весниците да читаме, пишуваме и слушаме јазик од кој болат ушите и очите. Затоа можеби во овој момент треба за сите големи патриоти да се воведе екстерно оценување за познавање на мајчиниот јазик.

Што мислите колку од загрижените за одбрана на македонскиот јазик од поалбанчување ќе паднат на испит. Ценејќи ги грешките од нивните јавни настапи не ќе може да го положи испитот ниту еден. Партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ се претставува себеси како најголем бранител на македонскиот јазик, ама никогаш не се огради од јавните навреди на Блаже Конески, творецот на литературниот македонски јазик, најзначајната фигура во културата на Македонија кој беше нарекуван јавно џуџето од Небрегово и Коњевиќ. Антонио Милошоски по тие изречени навреди, никогаш не се извини, а и ден денес е главен идеолог во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Ваква навреда на гиганти во македонската култура, литература и наука би значело крај на политичкото дејствување не само на тој што го изустил тоа, туку и на таа партија со таква идеологија. Државотворен народ никогаш нема да прифати такви изроди кои јавно ги навредуваат големите национални дејци како влезница за напредување во партијата. За жал, тоа кај нас се’ уште поминува.

Деновиве уште еден новопечен идеолог на ВМРО-ДПМНЕ нов првоборец во битката за десороизација на Македонија исфрли уште една тешка навреда, овој пат за „џуџето од Велес“ за основачот на современата македонска поезија великанот Коста Рацин, кој пишувал и творел на македонски јазик кога тој навистина бил забранет и кога навистина било големо херојство да се пишува на македонски. Извесен Цветин Чилиманов како следбеник на Милошоски во Рацин открива џуџе кое добро што загинало, ако останало живо ќе бил комунистички диктатор, или кодош како Славко Јаневски, човекот што го напиша првиот роман на македонски јазик. Се разбира на овие грандиозни личности од историјата на Македонија не им е потребна ниту мојата, ниту чија било одбрана, особено не од маргинални ебиветри и шарлатани… но молкот на нивната матица во ВМРО-ДПМНЕ сериозно загрижува. Затоа е неопходно да се изнесат на виделина лажните заштитници на македонскиот јазик и идентитет. Први треба да рипнат писателските организации и писателите, потоа Академија на науките и уметностите, универзитетите, актерите и театрите, институтите за грижа за јазикот сите тие покрај рефератите за годишнините од формирањето и големите дострели во културата, науката и творештвото треба многу похрабро и поконкретно да ги разоткријат центрите и мотивите на носителите на оваа демакедонизација продуцирана од пазувите на лажната најмакедонска партија.

Значи прво треба да се одбрани македонскиот јазик од Македонците. Тој не е загрозен ни од албанскиот, ниту од кој било друг јазик кој се зборува кај нас и во светот. Македонскиот јазик е комуникациски код во Македонија, јазик на кој сите што живеат тука се разберат меѓу себе. Поголемата примена на јазиците на другите народи што живеат во Македонија не загрозува никој и никого не принудува да ги научи сите. Животот, образованието, културата и интересите се „законите“ кои ги тераат луѓето да знаат што повеќе јазици. Низ годините запознав многу луѓе кои зборуваат повеќе јазици и се уверив дека е вистина поговорката колку јазици знаеш толку луѓе вредиш. Тоа редовно им го кажувам на младите новинари дека англискиот за нивната работа е задолжителен, ама во комбинација со неколку балкански јазици вреди многу повеќе. Конечно, дали ќе ви пречи ако вашите деца покарај мајчиниот јазик добро знаат англиски, или француски, или германски во комбинација со српски, албански, хрватски, бугарски, турски, грчки, влашки, ромски, бошњачки, црногорски…

Кардинали, последен час е да пуштите бел дим оти никој не ви го разбира јазикот на кој молчите.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Македонци, Албанци и други

Posted on 16 February 2017 by erizaov

mk alb

Прво, некои големи автентични Македонци и Албанци одамна залегнати на придобивките од власта беа многу загрижени зошто Албанци гласаат за македонска партија. Како да си им брцнал и во око и во џебот. Потоа, некои Албанци и Македонци беа ептен разочарани зошто Албанци станаа јазиче на кантарот на најневеројатниот и најтесен изборен резултат во Македонија.

Веднаш потоа некои Македонци и Албанци кога се обидоа безуспешно да курдисаат нова влада и парламент разбраа зошто некои Македонци сакале 63 пратеници, а некои Албанци сакале да извојуваат убедлива победа над другите Албанци, па топтан заедно да имаат над 80 пратеници за се’ да остане исто како и во изминатите десет и пол години на владеење без контрола кога дефинитивно е заробен и оној дел што остана од државата. Ова е главната одлика што го одбележува крајот од ерата на груевизмот кога најголемиот број граѓани, освен брзо збогатениот партиски естаблишмент и поданиците на власта, се прилично еднакви само во сиромаштијата и во стравот пред правдата на посилниот и на режимот.

И додека во шок вистинските по род големи Македонци и Албанци ги бараа домашните и странските непријатели и ги жигосуваа како говеда национално неосвестените изроди подложени на асимилација и предавство, стаса најновото истражување кое предизвика паника и повик на тревога не само кај патриотите Албанци и Македонци, туку и кај оние кои имаа некоја демократска и граѓанска маска на лажни борци за еднаквост и човекови права. Истражувањето во кое верувам, бидејќи беше најблиску до вистината на изборите кажува дека Албанците на повторни избори кои би се одржале сега најмногу гласови би дале на СДСМ, повеќе отколку на која било албанска партија. А Македонците не би дале ниту еден глас за албанска партија. Штама. Потоп. Крај на светот. Некои загрижени Албанци и Македонци со денови не спијат. Штом им дадеш микрофон само ’ржат како загари кога при лов на зајак ќе им излезе мечка.

Сега кога маските паѓаат се виде дека тоа биле најголемите националисти и шовинисти, кои не можат ни за миг да помислат да и’ се случи на Македонија нешто убаво и историски значајно за првпат во целиот регион, нешто што може да ги надмине и европските стандарди. Замислете каква несреќа би било да почнат граѓаните на Македонија масовно да ги препознаваат заднините на огнените дебати и популистички говори на политичарите и нивните папагалски поддржувачи кои секоја вечер преку телевизиите ја трујат човековата околина повеќе од фабричките оџаци и автомобилите. Што би се случило ако масовно и Македонци и Албанци кажат доста не’ лажевте и ако животните интереси им станат најважни и ако почнат да ги оценуваат уште поправедно отколку на последните избори пропагандно напумпаните лидери. Што мислите дали овие најнови шокантни резултати од истражувањето на ТВ Телма не навестуваат дека довербата е изгубена кај мнозинството Албанци и Македонци бидејќи веќе од поодамна уште пред „бомбите“ на Заев ги препознале осомничените за криминал во врвот на власта, ако правдата за нивна одговорност се попречува, ако едноставно им е преку глава од големите патриоти и јунаци, војводи и команданти оти ашиќаре се гледа како безобѕирно се нафатираа и го ограбија народот, оставајќи му само долгови и беда. Колку би било страшно ако на некои наредни слободни избори мнозинството Македонци изгласаат Албанец да биде претседател или премиер на сите граѓани на државата. Се разбира такво нешто се’ уште е утопија и незамисливо. Имаше еден таков случај кога албански кандидат за претседател на државата, Имер Селмани, доби преку 60.000 македонски гласови кои веднаш исчезнаа на следните избори кога Селмани понуди ептен албанска патриотска програма. Сега тој пример повеќе служи како доказ дека тоа не е можно отколку дека е можно.

Во секој случај, загрижените за асимилација на Албанците и за индоктринација на Македонците од странски пропаганди можат да си бидат спокојни и да си ја накриват капата. Тие на крајот ќе бидат победници и нема да дозволат историски настани кои можат да ја спречат поделбата на државата и нејзиното исчезнување. Непростливо би било за многу национални стратези и чувари на идентитетот, јазикот, славното минато да се сфати буквално и погрешно европеизацијата на Македонија, па граѓанинот да биде во центарот на вниманието, наместо тоа да биде вистинскиот Македонец, или Албанец до десетто колено, а кои не знаат како се вика таткото на нивниот дедо.

Она што не можам никако да го разберам е зошто албанските лидери и политичари им ветуваат како голем дострел на Албанците да имаат исти права како и Македонците. Тоа ли е големиот идеал да си еднаков со Македонците кои се исто така под удар на режимот, или вистинскиот мотив останува само да се дојде до власта и да се биде ортак и соучесник со осомничени властодржци за организиран криминал, за баснословна корупција, за изборен криминал, за најмасовно нарушување на човековите права и слободи со држење под надзор и прислушување со години на над 20.000 граѓани и јавни личности. Толку ли е примамливо да се изедначат Албанците и Македонците во нивото на заедничката обесправеност. Ваквата еднаквост е гола вода и измама на вистинските идеали за слободно и просперитетно општество.

Мал совет: штом слушнете како некој проповеда гласно на телевизиите и во медиумите за демократија и за слобода, за еднаквост, за давање и земање на правата на Македонците и на Албанците, а притоа не спомнува дека има и други што живеат во Македонија, не верувајте им ништо бидејќи и едните и другите, луѓе од тој ков, лажат и се претставуваат лажно како борци за демократија и слобода, ама само за себе. Од националист кој на сметка на другите бара права само за својата нација – демократ никогаш не бидува. И да биде, не му личи. Лажен е.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Подготовки за нова опозиција

Posted on 09 February 2017 by erizaov

sunflower-175821__340

Конечно од Никола Груевски стаса признание дека ВМРО-ДПМНЕ се подготвува сериозно за заминување во опозиција. До душа, признанието е малку шифрирано да не се сетат власите за да нема големо стампедо на сончогледи. Груевски ги повлече во оваа фаза нужните одбранбени потези кога јавно соопшти дека секој што ќе формира влада без ВМРО-ДПМНЕ ќе има проблеми затоа што го исфрлил победникот и го испратил неправедно во опозиција.

И втората партиска темелна подготовка за опозициско дејствување и спас на партијата од големата преселба и расуло е во соопштението дека секој што во иднина ќе го спомне принципот на коалиции „победник со победник“ ќе биде избркан од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, што треба да асоцира на повторно освојување на власта и на нови вонредни парламентарни избори кои треба да се случат набргу.

Ова покажува дека Груевски добро знае што се случува во Македонија по падот од тронот. За само една ноќ без власт расцветуваат илјадници сончогледи. Почнува големата трка на полтроните, апологетите, медиумските труби на кои секогаш им е удобно во скутот на властите и кои автоматски по смена на власта се нафрлаат со силни критики кон опозицијата откривајќи големи злоупотреби на претходната власт. Наеднаш на фаворизираните обвинители и судии во сите инстанции почнувајќи од прекршочните до врховните судови, сосе Уставниот суд им проработува совеста и стануваат огнени поборници за владеење на правото и гласно повикуваат за одбрана на законитоста. Во сите ешалони на администрацијата до вчера партиските војници стасуваат со непријателски весници под мишка евоцирајќи спомени како еден ден храбро не му кажале добро утро на шефот. Во министерствата на ѕидовите по канцелариите на полноќ се менуваат сликите. Деловните елити и нивните здруженија праќаат храбри соопштенија до јавноста за тешките хаварии во економијата. На факултетите, во писателските здруженија, во МАНУ, во театрите, во сите до вчера блокирани институции на системот, во училиштата, во болниците се прераскажуваат јуначки подвизи на новите првоборци против режимот.

Да не должам, добро ги знаете и паметите овие колони камелеони што ги гледавме на секои четири години до 2006 година. Ве потсетувам на тоа бидејќи поминаа повеќе од десет години, па малку се подзаборави, а некои момчиња и девојчиња кои тогаш беа малолетни веќе се возрасни и за жал израснаа и се формираа како личности во режим, па многу од нив не знаат како изгледа тоа и што се случува во Македонија кога паѓа власта. Овој пат тоа ќе биде јуриш на поголема армија партиски војници која одамна одлепила од реалноста забегана од вознесот дека ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ќе владеат вечно. Се разбира, паѓа многу тешко соочувањето со вистината дека нема ништо вечно и дека ни една власт не е вечна, а одлуката да се стане сончоглед кој расцветува среде зима паѓа лесно.

Но, да се вратиме на заканите на Груевски дека власта ќе има проблеми кога ВМРО- ДПМНЕ како победник е исфрлен во опозиција. Ситна душа, цело време плачеше што СДСМ е слаба опозиција, што не е конструктивна, што е безидејна и што нема програма, што и’ недостига патриотизам и што не ги препознава вистинските интереси на државата, што е гнездо на предавници, кодоши и непријатели на татковината. Со таква ли опозиција наместо бараните 63 доби 51 пратеник само два повеќе од анемичните и предавниците, или десет пратеници помалку од претходните избори кога ВМРО во МВР освои 61 пратеник. Значи ли ова закана на Груевски дека новата власт ќе има проблеми бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема да биде опозиција каква што тој јавно посакуваше додека цела деценија беше на власт без парламентарна, без опозициска и без медиумска, без антикриминална и антикорупциска контрола.

И втората закана на заминување во опозиција дека секој што во иднина ќе спомне коалиција на „победник со победник“ ќе биде избркан од штабот на ВМРО-ДПМНЕ е лесно прочитлива и е голема лага. Ако е така, не знам зошто Груевски чека тоа да го направи во иднина. Што не го направи сега како што тоа го направи 2006 година кога стана премиер со 46 пратеници и веднаш без никакви проблеми го доби мандатот од Бранко Црвенковски формирајќи влада во коалиција со ДПА, НДСП, ДОМ и други. Сега не може да направи со никого коалиција, оти никој не сака да прави со него постизборна коалиција, ниту влада, бидејќи тоа значи загуба на угледот пред гласачите и сигурен пораз на следните избори.

На кого кажуваат приказни сегашните јастреби на Груевски кога и’ соопштуваат на јавноста со кого и какви коалиции ќе прави ВМРО-ДПМНЕ за да формира мнозинство во парламентот. Изгледа и на заминување во опозиција не можат да разберат дека се обезвластени и дека сега имаат други приоритети наместо да зборуваат за идни коалиции. Во моментот најдобар потег би било да се ангажира добар тим на адвокати оти неизвесно е колку може да биде фер судењето ако обвинителите се од редовното јавно обвинителство на Марко Зврлевски и од редовниот кривичен суд на Владимир Панчевски. Мое лично мислење е дека пофер би било судењето ако судскиот процес го водат обвинители и судии кои биле во немилост поради својата професионалност и партиска неприпадност.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags:

Кога ќе дојде Луј 15, јас ќе станам

Posted on 25 January 2016 by erizaov

 

louis_xv

Кога прочитав деновиве како треба биде опремена внатрешноста на новата Влада, ми дојде да седнам покрај Вардар и да плачам на глас. Луѓе мои, па тоа е страшно колку евтино и бедно ќе се опреми „Белата куќа“ за која властелините потрошија над 15 милиони евра наши пари само за да го фалсификуваат некогаш архитектонскиот подвиг, авангардните и наградувани кубистички коцки за да добиеме во престолнината лажен барокен дворец.

Моите колеги веднаш се инспирираа што од одделот за одмор и рекреација, каде што ќе имало маса во француски стил ала Луј 15, со 12 рококо столици од буково дрво, плус една посебна, точно 13, како на тајната вечера. Во овој дел за релаксирање требало да има уште две модерни фотелји, тапацирани со кожа со боја на „кралско вино“, клуб маса со ногалки од јасен, троседи, двоседи, килими рачно ткаени, перници со мемори пена и гускини пердуви и уште еден куп работи што се неопходни за една кралска палата. За око ми падна и една лежалка со десен наслон. Кога кралот ќе треба да стане да оди во тоалет да не тргне лево или да не станува на лева нога, затоа е неопходен десен, а не лев наслон. Најмногу ме натажи што за опремување на еден мал, но значаен дел од владините згради ќе се потрошеле само бедни 52.000 евра.

Срамота, невидена брука, си реков, треба да се охрабри новиот привремен премиер, извесен Димитриев, кој е задолжен да ја чува столицата на кралот, веднаш да набави мебел како што му прилега на кралското семејство. Како е можно во бетонската гаража на Владата, во која нема никаква опрема, да гние „мерцедес“ од 650.000 евра, а тие да се циганчат со 52.000 евра. Да се фрли за фасада 10 милиони евра, за кралска тераса милион евра и за железна ограда 700.000 евра, а за одмор и собирање сили на најважните луѓе во државата заедно со неговото височество да се дадат одвај 52.000 евра е навредливо за сите поданици и за целата монархија.

Мора веднаш да се прекине ова понижување и да се купи најскапиот мебел директно од Франција, ако треба нека се преговара и со Версај, таму нешто да се прекопира како што се направи со саркофагот на Александар Македонски од археолошкиот музејот во Истанбул. Ова е дури и подобра варијанта оти може да биде ептен оригинална копија, а онаа од Истанбул е лажна бидејќи саркофагот на Александар никогаш не е откриен. Дотолку повеќе што Версај е стар кралски дворец кој има многу фалинки во споредба со нашиот. На пример таму нема оригинални тоалети, уште им стојат тутите под креветите на кралевите, нивните миленици и великодстојници. Можете да замислите колку смрдело во Версај.

Може за земање урнек да се разгледа и Елисејската палата, иако и таа е постара од нашата и не остава бог знае каков впечаток. Бев еднаш таму и воопшто не бев нешто посебно импресиониран додека со еден куп новинари од цел свет чекавме со часови Анте Марковиќ да излезе и да каже што му рекол Митеран, дали ќе се спаси Југославија. Од тогаш наваму ја слушам истата приказна на која не можеш да и’ ставиш ни една забелешка, а знаеш дека не е точна. Сè зависи од вас самите, рекол мудриот Митеран, од лидерството и државништвото на вашите републички водачи, ни раскажа мошне задоволен од разговорите Анте Марковиќ. Французите се подготвени да направат сè и да дадат целосна поддршка и финансиска и каква било друга, ама не можат да ги завршат нашите работи. Ова ви е добро познато, нели. Штом сè зависи од нас, поместете се од место за не дај боже.

Нејсе, да не бегаме од темата, пропаста на Југославија како потрошен историски модел не е поучна за нас оти ние ептен многу добро знаеме да си ги решиме работите како што треба, а и онака истуреното млеко не може да се врати во шишето.

Значи, претпочитам да се оди во Версај и да се преслика целиот мебел, а особено Салата со огледалата, и веднаш да се нарача ист таков и за „Белата куќа“ во Скопје. За да не се направат некакви пропусти како со новиот театар, кој одвај достаса до 60 милиони евра. Би било добро лично и нашиот некрунисан крал да појде до Версај и да си одбере некои работи кои најмногу му се допаѓаат. Притоа треба да внимава да не му се случи нешто како што му накалемија на еден висок југословенски синдикален функционер за кој имаше најмногу вицови. Имено, кога тој шетал долго низ Версај, во еден момент кога се уморил седнал на еден стол. Веднаш ми пришол кустосот и дискретно го предупредил дека тоа е столот на Луј 15. „Не грижете се“, одговорил политичарот од Балканот, „штом дојде господинот Луј јас ќе станам“.

Има уште една причина зошто Груевски треба да појде до Версај и да си избере мебел пред крунисувањето на 24 април. Тоа е најдобриот начин да се промовира новата монархија на Балканот по урнекот на Луевци и тоа 14, 15 и 16. Колегите кои пишуваат на оваа тема и прават споредби треба малку да прочитаат историја како владееле и како завршиле француските кралеви за да не им се случи на некоја конференција за печат како со премиерот на Србија, Вучиќ, кога за невкусната споредба на Луј 14 со неговата маленкост ја праша директно новинарката дали знае кој е Луј 14 и што сè има направено тој за Франција. А сирота таа не знаела историја колку Вучиќ, сакала да каже само тоа дека Вучиќ и Луј 14 се слични во една работа, што двајцата имаат иста историска реченица: Државата – тоа сум јас. Нашиот Груевски не мисли така. Кај нас работата е обратна. Ние, неговиот народ, мислиме дека Груевски е државата, дека тој е кралот на Сонцето.

Предлагам во салонот за одмор и релаксација првата свечена вечера да се организира на 24 април и да се овековечи со истата сцена како тајната вечера во мигот кога Исус Христос им вели на своите апостоли „еден од нас е предавник“.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , ,

Чекајќи вести од Брисел

Posted on 11 June 2015 by erizaov

g2

Уште од времето, пред речиси 60 години, кога татко ми со увото залепено на радиото го слушаше Грга Златопер и „Гласот на Америка,“ не сум видел поголема напнатост кај мои драги пријатели кои чекаат значајни вести да стасаат од странство. Овој пат се молиме преку Брисел да слушнеме убава вест за иднината на Македонија. Убеден сум, иако кога ова го пишувам се’ уште нема никакви вести, дека и сега како и тогаш, ни Америка, ни Европа нема да ни помогнат колку што ние очекуваме. Да ни ја завршат целата работа и да ни курдисаат нова влада. Главната работа ќе ни ја препуштат нам и таа неминовно ќе се случи на слободни избори.

Значи, работата ќе биде само во тоа дали ќе не’ охрабрат на патот на демократијата со нешто поконкретно, а не само со поддршка на европски начин. Сепак, тоа ќе биде нешто повеќе од земи или остави. А, тоа е силната гаранција за фер избори со конкретни потези и промени.

Во конечните предлози нема да се повторат некои тези на еврокомесарот Хан за кои добивме впечаток дека се издиктирани во Белата куќа во Вашингтон. Само наивните можат да поверуваат дека луѓето што ги пласирале не ја знаат реалноста во Македонија. Големите сомнежи за некаков пресврт во односот на Запад кон власта и премиерот Груевски кои дојдоа од Вашингтон и Брисел деновиве се дијаметрално спротивни на јавните изјави на амбасадорите на највлијателните земји што секој ден ги даваат во Скопје. Амбасадорите не соопштуваат свои мислења, туку на своите влади. До Европа веќе стаса смрдеата дека има нешто многу расипано ако ЕУ под диктат на Америка наеднаш се определи да тргне во насока тие што го воведоа режимот и владеат десет години без контрола да ја демонтираат тиранијата и да ни донесат демократија и слобода.

Едноставно тоа не може да се случи. Обидот да се протне нешто на мала врата е откриен. Во април 2016 година ќе падне режимот на Груевски. Пролетта 2016 завршува ерата на Груевски. Завршува опасноста за опстанокот и поделбата на Македонија. Слободата и демократијата се враќаат на голема врата. Тоа е историска неминовност, тоа е решавачки момент за иднината на Македонија и нејзините граѓани. Погрешните политики и злоупотребите на власта ќе бидат казнети од граѓаните на Македонија кои веќе ја препознаа историската шанса за целосна демократска преобразба на македонското општество како современа европска и слободна држава.

Во мај 2016 година новата македонска влада, составена со нови лица, ќе ги почне и официјално преговорите со ЕУ, а есента 2016 година ќе стане редовна членка на НАТО. Она што е најважно, граѓаните на Македонија оваа работа ќе ја завршат сами, или кажано попрецизно ќе бидат убедени дека сами ја завршиле.

Од каде овие претпоставки кои не се потпрени на она што ќе биде договорено во Брисел . Едноставно, во Македонија доаѓа време кога нема други решенија. Ниту Европа, ниту Америка повеќе немаат простор за маневри и за спасување на власта која е фатена на дело во нечесни избори во повеќе изборни циклуси, во организиран криминал, во злоупотреба на власта и во масовно кршење на човековите права, со години ставајќи под надзор илјадници граѓани и јавни личности. За тоа никој не може да прости. Америка и западноевропските земји ако ова го одмолчат многу бргу ќе се соочат со својата јавност. Тоа во моментот се тркала како мала грутка снег во меѓународни асоцијации искажани од влијателни личности, но прашање на денот е кога ќе прерасне во лавина која може да ги загрози позициите на европските лидери пред домашната јавност. Темата за гревот на западните политичари и центрите на моќ кои лобираат за поддршка на авторитарните системи и новите диктатори на Балканот и пошироко во Европа, веќе е отворена од врвните светски интелектуалци и највлијателни медиуми. Тоа е најзначајниот сигнал дека платените лобирања со пари на граѓаните на најсиромашните земји за одржување на новите деспоти на Балканот не можат да поминат незабележано и без последици, ни во Америка, ни во Германија, ни во Англија, ниту во Франција, што значи ни во најголемиот број држави членки на ЕУ и на НАТО. Лекцијата за Македонија ќе се однесува за сите кандидати за ЕУ и за НАТО.

Ретерирањата и новите ветувања на Груевски за кооперативност под притисок на демократските, но и други институции на светот, веќе нема да важат.

Вториот важен момент е фактот дека и во Македонија се менува брзо ситуацијата. Груевски не може да испорачува повеќе лажни успеси. Изградбата на споменици стана ептен видлива фарса, а последните канделабри на мостовите кои не водат нигде, повеќе наликуваат на фенери кои ја осветлуваат вистината и во темница дека сме последни на Балканот по сите мерила и критериуми за успешноста на една власт.

Одлуката на Груевски да не се повлече од политичката сцена, жртвувајќи ја и Македонија и сопствената партија ВМРО-ДПМНЕ, е прочитана книга во земјата и во ЕУ. Затоа нема простор за очајување, ниту за еуфорија каков и да биде договорот во Брисел. Треба да се заврши работата, падот на Груевски е почнат. Историските закономерности се како и законот на Земјината тежа. Тоа што почнало да паѓа, мора да падне.

Comments (0)

Tags: , ,

Ќе им го видиме грбот

Posted on 26 May 2015 by erizaov

gruevski

Ќе си заминат посрамени и поразени до нога. Ќе им го видиме грбот како и на многу други. Не ги спасуваат ни борбени возила, ни хеликоптери, ни митинзи, ни авиони, ни блиндирани мерцедеси, ни закани, ни апсења, ни нивните насилници што убиваат и тепаат студенти, новинари и деца. Не ги спасува ни папата, ни г.г. Стефан, ни Господ. Не ги спасуваат ни милионите што ни ги украдоа. Веќе никој не им се плаши. Готови се. Не ги спасува ни Русија, ни Америка, ни Кина, ни Европа сосе Бесарабија. Рацете им се окрвавени. Македонија пролетта ќе ја дочека слободна.

Ова не е само сон на слободољубивите, ни пуста желба, ова е реалност која се’ повеќе се наѕира. Ова е безбројпати историски потврдена вистина кога завршува една ера на лошо владеење, на терор, делби и омраза. Штом власта посегнува по доктрината да изигрува жртва, нејзиниот крај е на повидок. Завршува украдената деценија од нашата иднина како лошо минато, како излечена краста. Отчукува крајот на груевизмот во Македонија. Засекогаш.

Последната карта за спас на дпмнеовската олигархија, лансирана со опасноста од поделба на државата што ја фрлија врз Македонија преку кабинетот на Путин, само ја потврдува историската неминовност дека е готово. Лавров предупредува дека нашите стратегиски партнери сакаат да ја поделат земјата и дека се кове заговор против македонската Влада оти била многу блиска до Москва. Таа блискост ниту еднаш во целата историја не ја видовме искрено и одблизу, ниту ја почувствуваме. Панславизмот, една голема утопија, која се провлекува низ вековите унесреќи многу балкански народи, големи дејци и преродбеници кои играа на картата на бачушка. Освен нивните гробови по руската земја и по некоја книга отпечатена за слободна Македонија, ништо друго не остана како убава спомен од мајка Русија.

Делбите дали си за Америка или за Русија, потсетуваат на делбите дали си за Сталин, или за Тито кои завршија со чистки на се’ она што остана живо по колежите на вмровските чети на Ванчо Михајлов и оние кои ја преживеаја Втората светска војна. Медиумските подбуцнувачи на власта пак ги палат истите огнови за делба на македонското живо ткиво. Дали си за лоша Америка или пак за добра Русија, дали си за Бугарија или за Србија, за Албанија или за Грција е историската трагедија која сега ни ја сервираат како фарса во втората декада на 21 век. Е, тоа веќе не поминува. Книгата е прочитана, лекцијата е научена до болка, на памет, наизуст. Немаме повеќе деца за давање курбан за да се спасат Груевски и неговата клика.

Време е кога треба да се мисли што по Груевски. Каква држава сакаме. Демократска, слободна и европска Македонија ќе биде единствениот аршин за мерење на успешноста на секоја идна власт. Неминовно е да се поништат сите оправдувања зошто тоа не е направено досега. Не смее повеќе да се бараат виновници надвор од земјата и кај измислените домашни предавници кои само сакаат да бидат дел од слободниот свет и од европското семејство. Тој страшен лов на вештерки мора еднаш да заврши и луѓето конечно да не стравуваат да кажат што мислат, да зборуваат слободно, да бараат одговорност, да протестираат и да ги бараат своите права. Македонија е уморна од лажни патриоти и првоборци, од делби и омрази. Новата демократска држава ќе се препознае по контролните механизми на власта и по моделот кој гарантира дека победата и на слободни избори не значи апсолутна власт, туку апсолутна одговорност за остварување на стратегиските интереси на државата и нејзините граѓани. Македонија тргнува по тој пат. Заканите и застрашувањата со делби, граѓанска војна, бришење на идентитетот се приказни на еден историски веќе потрошен модел кој ќе биде дефинитивно погребен идната пролет. Дотогаш ќе следиме само јалови обиди за спасување на главните актери кои ни украдоа десет години од сегашноста и од иднината. Вреди да се издржи за да се дочека вистинската пролет кога ќе се затвори една темна страница од поновата историја на Македонија. Се гледаме на големата прослава на плоштадот кога пак ќе расцутат липите.

(објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , ,

Влада без углед

Posted on 22 May 2015 by erizaov

grujo vo dojran

Политичарите доаѓаат и си одат. Сите се со широка насмевка кога седнуваат на тронот подготвени да изградат подобра Македонија. Кога заминуваат, им се гледа само поднаведнатиот грб и тешкиот чекор на предвреме остарени млади луѓе. Си одат одлепени од реалноста не знаејќи колку внимателно треба да се направи секој чекор при спуштање од голема височина. Сите алпинисти знаат дека кога се симнувате од Монт Еверест најмногу се замрзнува, или се паѓа во бездна. Знаат, но и најискусните некогаш остануваат завеани во прегратките на белата смрт. Велат, бела смрт е кога човек се скаменува од студ со убава слика пред очите сосема различна од суровата реалност на последното патување. Така велат, ама дали е така нема докази, никој не се вратил од оној свет да потврди. Освен Господ, ама и тој одамна не се појавил да посведочи.

Има и такви политичари, владетели, разни моќници и кои не сакаат да се симнат од врвот и кога отчукува последниот час. Можат за кратко, или за подолго да го одложат заминувањето, но притоа не внимаваат дека секое одлагање го зголемува ризикот при спуштањето. На врвот воздухот е многу разреден, има малку кислород, тешко се дише и брзо се заморува.

Македонската влада и премиерот Никола Груевски седат на врвот и го одлагаат своето заминување. Опасноста при спуштање од ден во ден расте бидејќи Владата и премиерот ги изгубија и угледот и легитимитетот. Посрамотена влада и посрамотен премиер не и’ доликуваат на Македонија. За да се врати самодовербата, можат да се мобилизираат не педесет, или сто илјади, па дури и милион луѓе колку што повика Слободан Милошевиќ на Косово Поле, ама не успеа да го спречи падот, иако победуваше убедливо на сите избори, иако милиони луѓе му аплаудираа на огнените говори за големите успеси, правејќи силна и голема држава. Ракоплескањата и овациите полека, полека се претворија во свирежи и скандирања – оди си, готов е… крајот го знаеме сите, полошо од бела смрт.

И кога мобилизираните во неработен понеделник, по работна недела, му аплаудираат на вождот во Македонија и кога тој им се обраќа со своите огнени говори за фантастичните достигнувања најголеми во Европа, си велам има ли понекој во оваа маса народ што се прашува какво е тоа волшепство кога се нижат се’ поголеми успеси, а народот е се’ посиромашен. Како може да ја претставува државата посрамотен премиер за кого неговите најблиски соработници велат дека Владата им наликува на собир на лудаци од што им се гади. Колкав проблем има човек кој стои на бина пред илјадници свои верници и им кажува колку им е убаво и им раздава чоколади од бронза, а тој до него вели дека овој е луд, фрла стотици милиони за чоколади, а народот нема ни за леб. Каков легитимитет има премиер кој си мерка за себе огромна локација на Водно. Колку е моќен и легитимен премиер на меѓународната политичка сцена кога некој му ги менува клучните луѓе во Владата против негова волја и притоа го поздравува таквиот чин како храбар исчекор. Тоа му доаѓа исто како кога некој сака вашите најблиски соработници во вашата компанија да ви ги смени, или некој ве притиска да се откажете од своите најблиски, а вие се правите на удрен простувајќи се од нив со празни зборови дека сите тие се многу добри и значајни ама мора да ги жртвувате за доброто на Македонија. Човек што се согласува со жив курбан на најблиските соработници против сопствената волја не може да има ниту углед, ниту легитимитет, ниту авторитет да ја води и претставува државата.

Со месеци се изнаслушавме толку многу поганштии изречени лично и од премиерот и од неговите најблиски соработници што не може да ги испере ниту еден митинг, па макар сите граѓани на Македонија да ги засукаат ракавите и да загазат во Вардар да ги перат бербатлаците, што врвот на оваа власт ги има направено во изминатите девет години на неконтролирано владеење. Тоа што го слушнавме и видовме се’ уште е помалиот дел од јунаштвото и патриотизмот на оваа група луѓе што ја узурпирале и злоупотребиле власта до тиранија и деспотизам, со целосна контрола на сите институции на системот, Владата која не е на сите граѓани, парламентот без опозиција, судството без правда, нарачаната монетарна политика, најголемиот број цензурирани медиуми, деградиран уставен и врховен суд, се’ до понижените спортски и хуманитарни организации и здруженија.

Еве да видиме една евидентна работа која никој во земјата не ја оспорува. Ниту власта, ниту опозицијата. А тоа е фактот што над четири и пол години некој во нашата држава прислушувал и држел под надзор илјадници јавни личности, ги следел секој нивни чекор и збор, вклучувајќи ги и премиерот, министрите во Владата, судии, новинари и многу други граѓани. Ако овој факт никој не го одречува и ако сите признаваат дека тоа ни се случило, и ако за тоа има непобитни докази доставени до обвинителот, тогаш колкава е одговорноста на премиерот, претседателот на државата, надлежните министри за внатрешни работи и за одбрана, на началниците на разузнавачките служби, на Советот за безбедност, на претседателот на државата, на контролните механизми во парламентот и на уште десетина надлежни институции и одговорни функционери. Овие луѓе не препознаваат одговорност во фактот дека четири и пол години некој ги следел и нив и илјадници граѓани на Македонија. Тие што се должни да не’ заштитат, без оглед дали со нивно знаење или незнаење не’ држеле под надзор. Не сакаат да видат дека само поради тоа се одговорни до немајкаде и дека само поради тоа што не знаат, а треба да знаат, затоа се избирани и платени, мораше веднаш да си заминат од политичката сцена, препуштајќи им ја работата на истражните органи да утврдат, без притисоци, што е вистина од тоа што го слушнавме, а што од тоа е работа за на судски процес. Од тоа нема ништо, туку само патриотски митинзи и народни собири кои треба да судат наместо независен и слободен суд и јавен обвинител со големи м…..

Сепак, најголемата гротеска која, исто така, е непобитен факт е „мерцедесот“ што го возеше вождот секој ден следен од безбедносна чета составена од 30-ина полицајци и специјалци и уште неколку автомобили што го носеа на работа Никола Груевски рано попладне. Нашиот премиер одеше на работа некаде околу 1 часот попладне со еден авион кој лета ниско по земја по скопските улици. Прво поминуваат две-три коли таканаречени чистачи за да нема нешто непредвидено на патот, па потоа летаат уште две-три коли како мала ескадрила, а само во една кола е премиерот кој зад темните стакла ги гледа празните улици по кој е сопрен сообраќајот додека неговото величество ги помине потребните три километри за да стигне до работното место и доцна по полноќ да се врати дома. Најновиот „мерцедес“ кој сега е исклучен од употреба по последните настани во државата е „боинг“ на четири тркала, цел луксузен апартман во движење кој го тегнат петстотини коњи што е само нешто помалку отколку што имаме споменици со бронзени коњи по македонските плоштади. Овој „мерцедес“ чини околу 575.000 евра, нешто повеќе отколку што чинат животите на осумте загинати полицајци во Куманово. Дали знаете некој премиер, или политички лидер во Европа кој на овој начин оди на работа и се вози во ваква кола со толкаво обезбедување. Тоа само по себе многу кажува што ни се случува.

Затоа кризата во која тоне Македонија не е само политичка, туку таа е длабока, морална, духовна, културна и економска поради злоупотребата на власта и институциите на системот, поради анулирање на владеењето на правото, на независноста на судството и медиумите, воопшто поради целосно деградирање на демократијата и човековите права и слободи. Организираниот криминал, корупцијата, фалсификувањето на изборите и непристојното, арогантно и алчно владеење се длабоките метастази кои го имаат опфатено целото македонско општество. Затоа снимените разговори и нивното соопштување на јавноста, всушност, е првата најточна дијагноза што и’ се случува на Македонија. Тие луѓе што тоа го направиле ја одредиле болеста, а лекот треба да го препише народот, ако конечно сфати колку е скапо да го плати со својата беда „мерцедесот“ во кој се возеше до вчера премиерот. Тој мерцедес на срамот уште поскапо чини кога скапува во гаражите на Владата како сведоштво на една голема глупост кога ќелав човек се чешла со чешел од слонова коска.

Митингот на власта за поддршка на Владата и премиерот сосе чадорите и шаторите ми личи на такво чешлање на глава без ниту едно влакно со скап чешел од слонова коска.

(објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , ,

Знае ли некој каде е излезот

Posted on 03 April 2015 by erizaov

exit

Бомбите на Заев иако придушувани од провладините медиуми продолжуваат да експлодираат со несмалена жестина. Следиме епизоди од директен пренос во живо на политичка, морална и духовна криза со сведоштва за тешки злоупотреби на власта. Главни играчи во скандалот со прислушување на илјадници граѓани и јавни личности се професионални политичари, лично премиерот, министри, разузнавачи, новинари, судии… кои правеле „подвизи“ како цел живот да го работеле само тоа. Од другата страна, на барикадата ечат митинзите на Никола Груевски со силно ехо од големите успеси и достигнувања на Владата, од црнилата и анатемите кон предавниците и непријателите на татковината кои се обвинети за опасна спрега со странски разузнавачки служби кои имаат единствена цел да ја дестабилизираат Македонија и да донесат марионетска власт која ќе ги продаде националните интереси, идентитетот и името на државата.

По првичниот шок дали сето ова е можно, секој ден следуваат голем број логични, но и конфузни прашања, изјави, анализи, дезинформации, тешки манипулации и шпекулативни констатации. Во медиумскиот хаос покрај партиските и новинарските перјаници се впрегнати и странски лобисти и политичари кои се величаат како големи експерти, или како крунски сведоци дека е загрозена стабилноста на државата. Ако пак сведоштвото е неповолно тогаш следува јавно жигосување и палење на клада. Секојдневие се апсењата и еден куп меѓусебни тужби и кривични пријави на власта и на опозицијата.

Во оваа пропагандна војна предводници станаа повеќето медиуми кои применија класична воена цензура за бомбите на Заев и уште пожестоко продолжија со оцрнувањето и сатанизацијата на секој еден што има некакво влијание во јавноста, а има различен став од Владата и премиерот. Па така политичката криза ги зафати и сите слоеви на населението што предизвика уште посилна партизација и политизација, меѓусебна омраза и делби кои го затворија патот за излез од кризата и за утврдување на одговорноста. Освен пропагандната војна и меѓусебните медиумски обвинувања на власта и на опозицијата, другите институции на системот уставно надлежни во вакви ситуации да реагираат според законите и Уставот главно молчат, или купуваат време со немушти и безначајни соопштенија до се’ повознемирената јавност, која соочена со сиромаштија и потрага по егзистенција станува нем и уплашен набљудувач на пресметката.

Во ваков амбиент, кога главните институции како обвинителството и судот, претседателот на државата, советот за безбедност, полицијата молчат, или бесрамно заземаат страна, тешко е да се чуе гласот на разумот, иако се’ повеќе луѓе и независни јавни личности, но и припадници и симпатизери на сите политички партии не се стеснуваат јавно да ги соопштат своите сомнежи и сознанија за потезите кои се вообичаени во демократскиот свет во вакви ситуации кога државата и граѓаните се претвораат во заложници. Се’ погласно се поставува клучното прашање: дали тоа што го слушаме и гледаме на конференциите за печат на лидерот на здружената опозиција Зоран Заев е вистина и дали се работи за автентични снимки. Ова прашање станува посуштествено отколку кој тоа го снимил и дали треба да се обелоденува, дали се во прашање странски служби и агентури, или домашни служби. Власта тоа го согледа и во нејзините најнови пропагандни активности веќе не е најважно кој го вршел снимањето, туку дека се работи за креирани и монтирани разговори. Е сега, големо прашање е кон кај оди судската истрага.

Прашањето зошто нашите контраразузнавачки служби и полицијата не успеале цели четири и пол години да ги откријат агентите кои вршеле надзор на илјадници граѓани и јавни личности се оправдува со мошне тенка аргументација дека такви работи се случувале во повеќе земји. Што секако е обична манипулација бидејќи такво масовно прислушување и толку долго повеќегодишно следење на државниот врв и на илјадници граѓани, не е откриено никаде. Секој ден читаме вести за оставки на политичари, па и на големи државници низ светот и во соседството за многу помали гревови и злоупотреби отколку што се нашите тешки прекршувања на законите и Уставот со масовно нарушување на човековите права. Власта и надлежните институции на системот, премиерот, претседателот на државата немаат рационален одговор на прашањето колкава е нивната лична морална одговорност кога четири и пол години некој непречено држи под надзор илјадници граѓани, а тие ништо не знаеле за тоа.

Колкава е одговорноста на претседателот на државата што уште не бара извештај од службите зошто не е откриено ова тешко нарушување на човековите слободи. Дали е можно премиерот и министерот за внатрешни работи, првите луѓе на разузнавачките служби да не знаат толку години дека им е паднат комплетно безбедносниот систем. Колкава е одговорноста ако не знаеле ништо за прислушувањето, а колкава ако знаеле и учествувале во таков заговор против сопствената држава и граѓани. И конечно, дали надлежните институции на системот и судот ќе се занимаваат со вакви истраги, или се бараат меѓународни посматрачи како публика за алиби судење во кое главна насока ќе биде дали некој што има право да соопштува снимки за кои веќе еднаш видовме ќе нема стручно вештачење дали се автентични. Кој е тој наивен во Европа што ќе дојде во Скопје да биде алиби судска публика. Веќе има сомневања дека ќе нема истрага дали снимените разговори се автентични и кои се последоците од тоа. Наместо тоа според јавните изјави на премиерот истрагата треба да се движи кон сведоци кои се веќе осудени и признале дека снимањата се нарачани од првообвинетиот во соработка со странски служби. А, пак нивното објавување од Заев е противзаконско дејствување за дестабилизација на државата и нелегално преземање на власта со пуч, или со државен удар. Нема навестувања за истрага во правец на притисоци врз судии и новинари, нивно прислушување и нарачување на пресуди. Тешко е да се поверува ако нема претходни оставки на главните актери дека судот ќе се впушти во истрага за кривичните пријави за големи коруптивни и криминални скандали кои јасно се слушаат на снимките што ги презентира Заев.

Во еден ваков амбиент можно ли е да се излезе од кризата? Станува збор за македонски рашомон. Тоа е онаа ситуација на Куросава кога има повеќе вистини во зависност од тоа кој ја кажува. Од една страна се оние ужасни работи што ги слушаме досега еднаш-двапати неделно како стравотни сведоштва на самите високи функционери во Владата и во институциите на системот кои треба да се истражат со голема професионалност и непристрасност на судот. Од друга страна е обвинувањето дека станува збор за подривање на системот со злосторничко здружување за да се собори со пуч власта, што е работа пак на судот и судските вештаци. Потоа следуваат илјадници снимки во кои се зборува за изборни фалсификати и тежок криминал, противзаконска пресметка со политички противници нивно затворање, нарачани судења и пресуди и тортура во затворите.

Убедливо звучат предлозите во европски дух за политичка, морална и правна одговорност до кои може да се стигне со судски процеси и слободни и фер избори. Но дали тоа воопшто е можно ако нема оставки на главните актери да може компромитираниот суд да работи независно. Чинам дека ова прашање е излишно по сето она што го слушнавме за обвинителството, судиите и ако се има предвид од поодамна перцепцијата во јавноста за нашето судство. Не верувам дека некој партиски неутрален човек може да поверува во праведна и правна разврска без да се отстрани притисокот врз судот. Како што не може да се верува во слободни и фер избори ако не се отстранат причините за изборните нерегуларности и фалсификати кои се познати и без аферата „Прислушување“. Светските искуства наложуваат прво морални оставки затоа што е нарушена безбедноста на државата со масовно кршење на човековите права и поради тоа што највисокото раководство на државата цели четири и пол години не знаело за тоа. По овој морален чин на ослободување од притисок на надлежните институции, можна е правна и праведна разврска за сите што го прекршиле законот.

Comments (0)

Tags: , , , , , ,

Што ќе биде ако падне Груевски

Posted on 27 March 2015 by erizaov

grujo

Промената на залегнатата власт на државните јасли секогаш е здрава работа

Бауч кружи над Македонија што ќе биде со сите нас ако падне Груевски и неговата Влада. Леле, мајко! Непријателите и предавниците ќе ја земат власта. Албанец ќе стане премиер или претседател на државата. А, може ќе ги земат и двете места. Веќе се знае и кој Албанец ќе биде генерален директор на МРТВ. Има уште пострашни работи: странските платеници и шпиони ќе го продадат името на државата. Тоа велепредавство е веќе договорено. Ќе го изгубиме националниот идентитет, а јазикот ќе ни го направат салата со непознато варварско словенско потекло. Ќе има масовни отпуштања на државната администрација. Веднаш ќе престанат сите странски инвестиции и вработувања. Ќе се укинат земјоделските субвенции, ќе се намалат пензиите, ќе поскапат лековите. Компаниите, и државни и приватни, ќе банкротираат преку ноќ. Ќе падне берзата.. насекаде хаос, безредија, меѓуетнички судири, граѓанска војна… Ќе биде потоп ако, не дај Боже, му го видиме грбот на Груевски и неговата дружина.

Еве ова ни го сервираат владините контролирани медиуми, агресивно и крајно арогантно напаѓајќи ги сите сетила на граѓаните 24 часа во едно деноноќие. Целта е да ги плашат луѓето да не се поколебаат, со она што го слушаат и гледаат што правела власта во овие изминати девет години зад грбот на народот откако ги окупираа фундаменталните институции на државата: Парламентот, Уставниот суд и целиот правен, политички, економски и судски систем, и ги претворија во сервис на партијата и за богатење на група луѓе кои управуваат без контрола со земјата.

Одговорот од насловот на текстот што ќе биде ако падне Груевски е сосема едноставен и сме го виделе и доживеале повеќе пати. Паѓале многу премиери и влади, па ништо ни толку арно не се случило, ама ни толку лошо како ова што го доживуваме во цела една ера на груевизмот. Се разбира, ако падне Груевски и неговата влада ниту ќе биде крај на светот, ниту ќе се случи нешто толку драматично и апокалиптично. Секоја промена на власта кој долго залегнала на државните јасли е здраво дури и за најдемократските европски општества. Секогаш по падот на долготрајните влади и премиери излегуваат на виделина големи корупциски скандали и афери. Не било се’ така добро како што изгледало. А, таму каде што е инсталиран режим, како во Македонија, доаѓањето на слободата е голем празник на демократијата. Тоа е голема радост за сите граѓани без оглед на нивната политичка, национална и верска определба. Тоа единствената надеж дека државата пак ќе тргне во вистинска насока. Тоа е валидна гаранција дека граѓаните во иднина ќе можат да ја препознаат секоја загрозеност на демократијата, човековите права и слободи, на судството и на медиумите што е кислород за развој на едно современо општество.

Ако демократијата и слободата се всадат длабоко во свеста на луѓето тешко дека уште еднаш ќе може толку лесно да и’ се повтори на Македонија тоа што се случуваше сиве овие изминати години на владеење на Груевски и неговите приврзаници.

Не ќе може повеќе да се тепаат пратеници во Парламентот од партиска тајна полиција и да се избркаат народните избраници насилно од дебатната сала како што тоа беше на „црн понеделник“ на 24 декември 2012 година. По промените не ќе може да се воведе воена цензура во медиумите и да се бркаат новинарите од нивните работни места во парламентот, или во која било друга институција. Не ќе може да се претепуваат студенти кои мирно протестираат на плоштадот против дехуманизација на просторот кој припаѓа на сите со изградбата на кич монструмот „Скопје 2014“, со парите на најсиромашниот народ во Европа. Не смее да се заборави и да се повтори тоа што им се случи на студентите по архитектура кои први го кренаа гласот против ова зло. Не ќе може повеќе да се претепа на смрт младо момче на прагот на животот како Мартин Нешоски, кое дошло на плоштадот да ја слави победата на својата партија. Трагичната судбина на Мартин мора да биде вечна опомена дека е убиен млад човек за ништо и тоа од полицаец, кој бил во обезбедувањето на премиерот Груевски кој бил оддалечен само 50 метри од местото на злосторството.

Не ќе може повеќе политичките противници и новинари кои пишуваат критички да се апсат и судат на долгогодишни казни затвор и драконски парични казни затоа што нешто кажале, или напишале од јавен интерес. Не ќе може илјадници луѓе да бидат проскрибирани и да не можат да го кажат своето мислење, дури ни на телевизијата која ја плаќаат како свој јавен сервис. Не ќе може цели девет години во македонскиот парламент да не биде усвоен ниту еден суштински амандман на опозицијата, да не зборуваме за предлог-закон. Никогаш повеќе не смее да има нерегуларни избори и да се фалсификува волјата на избирачите. Партиските црни пропаганди, корумпирани медиуми и новинари, нарачани суски пресуди и именувања на партиски судии мораат да останат забележани како лошо минато кое треба постојано да не опоменува колку е значајна слободата и демократијата. Враќањето на правата на граѓаните, на владеењето на правото и на демократијата, слобода на зборот и мислата, победа на стравот, е нов почеток и исклучително значајна и здрава работа за сите граѓани. Тогаш доаѓаат новите генерации, кои ќе ги препознаваат брзо сите лажни успеси, подметнувања, ќе ги инсталираат демократските и институционални контролни механизми, ќе ја активираат сржта на парламентаризмот за поделбата на власта и за одговорноста на опозицијата. Тие нови генерации решително ќе се пресметаат со провинцијализмот и примитивизмот. Тоа се основните предуслови кои треба да ги ветат цврсто новите струи во македонското општество во сите политички партии и интелектуални средини. Само со враќање на демократијата се можни и структурни економски реформи и изгледи Македонија повторно да зачекори по европскиот пат и да ја отстрани опасно за своето постоење.

Се разбира, смената на власта и падот на режимот на Груевски не мора да биде автоматски победа на опозицијата. Ако во самата партија ВМРО-ДПМНЕ има сили да се побара одговорност поради тоа што партијата е изложена на столбот на срамот поради масовно кршење на човековите права, ставање под надзор на илјадници граѓани и јавни личности нивно следење и прислушување, а таквото долгогодишно нарушување на безбедноста на земјата со ништо не е спречено или казнето, тогаш, одговорноста на највисокото раководство во државата е неминовна. Само по овој основ што за масовно прислушување ништо не знаеле ни премиерот, ни претседателот на државата, ни министерот за внатрешни работи повлекува експресни оставки од морална природа. Кога не знаеш дека државата со години ти е отворен бит-пазар на домашни, или странски агентури, срамно е да се остане на власт и да се покриваат грешките и злоупотребите со пропаганди за оцрнување на сите кои препознаваат одговорност на највисоките функционери. Сосема друго прашање е за кривичната и политичка одговорност ако снимените материјали се автентични и точни. Досега никој не негираше дека повеќе од четири години се прислушувани илјадници граѓани, а наводно власта ништо не знаела за таква тортура на своите граѓани. Само овој факт е доволен за пад на целиот државен врв. Дури потоа може да се очекува фер и праведно судење од кое Македонија ќе излезе просветлена и вистински лустрирана.

Што се однесува за застрашувањето со тоа дека ако падне Груевски ќе дојде премиер Албанец, ако тоа некогаш се случи на слободни избори, како волја и доверба на мнозинството граѓани, тоа ќе биде најдобрата потврда дека Македонија целосно успеала. Тоа секако овие генерации нема да го доживеат. Преголем е пустошот што го остави политиката во свеста на сите граѓани во Македонија. За утеха оваа болка во разни форми ја има цела Европа.

 

Comments (0)

Tags: , , , ,

Алооооо Миле, кај си

Posted on 25 March 2015 by erizaov

mile_janakieski-600x400

Правдата еден ден ќе тропне и на вратата на онеправданите, понижените и ограбените

Ало, Миле, слушам дека многу добро ја познаваш технологијата за уривање, градење, продавање и преземање на атрактивни градежни плацови. Притоа одработуваш одлично се’ да биде покриено со закон според урбанистичките планови. Овозможуваш да се купи земја евтино од државата, да се продаде сто пати поскапо. Алал ти вера, алал да им е на твоите родители што те родија и воспитаа толку умен, чесен и храбар што и’ помагаш на државата да се ослободи од грижата за својот имот. Нема водач на дуњава што не би сакал да те има во првите редови.

Погледни веднаш како стојат работите со оној плац од околу 1400 квадратни метри во центарот на Кочани, пред Културниот дом кај споменикот на Никола Карев. Десет години се влечам пред вашите независни и непартиски комисии, а сега предметот собира прав во Управниот суд. Наместо да ти се јавам тебе и да ти кажам дека тоа е мое место наследено од мојот татко, јас наивен пишувам тужби и чекам одговори во кои час се прифаќа моето барање, час се одбива, во зависност од климата. Ако е студено се одбива, ако е потопло се прифаќа. А, некогаш се носат одлуки без оглед на временските услови и без да бидам известен, што тебе не може да ти се случи. Ти ги правиш работите брилијантно, па во секое време имаш решение во рацете како што нарачуваат македонските богови од врвот на Олимп, или на Водно, сеедно, двете се свети планини.

На пример моите 1.400 квадрати во центарот на Кочани вредат џабал’к според законот за обесштетување на национализиран имот. Така приватната парцела си останува државен имот – парк додека не заврши праведно судскиот спор, се разбира, во интерес на државата и во име на народот како што си е редот. Откако државата ќе стане газда, тие 1.400 квадрати нагло почнуваат да растат и над земја и под земја, вкупно едно пет-шест ката, потоа малку се шират те лево, те десно, сето тоа според закон и експресните промени на ДУПОТ и ГУПОТ, кои можеш да ги направиш само ти. И еве така преку ноќ тие 1.400 квадрати стануваат 11.000 квадратни метри и наместо лош државен парк, ти како волшебник, со еден потег го претвораш во идеално место за убав приватен трговски центар, луксузна станбена зграда, или нешто слично од што граѓаните ќе бидат одушевени, политичарите задоволни оти му подариле прекрасен објект на градот, а најсреќни со триење на дланките ќе бидете ти и твојата дружина, врвни експерти за имоти.

Ало, Миле, види јас навистина ти симнувам капа како ја изведуваш оваа сложена операција за брза трансформација и со тоа постигнуваш одлични и економски и политички поени. Ти знаеш колку твојот водач се гордее со Законот за денационализација и враќањето на одземените имоти. Тогаш добивте многу пред јавноста кога одлучивте да ги вратите одземените имоти од комунистите и да ја ублажите неправдата што им е нанесена на илјадници граѓани. Вративте што вративте, како кому иде. На некој со шака и капа, на некој ни колку под нокотот. Е, сега дојде време да одработите што може вам да ви врати државата за ова големо дело. Прво, добро ги разгледавте локациите, сите убави парцели и меѓите до каде одат. Потоа им фрливте око на државните имоти, или на имотите на поранешните сопственици кои не можат да си ги вратат затоа што во меѓувреме станале паркови, или затоа што ги прогласивте за центри за рекреација на граѓаните… ги купувате за багатела преку ваши блиски компании, или ваши луѓе и веднаш ги променивте, ако треба и по неколку пати урбанистичките планови. Потоа им залепивте убави маркички, според кои квадратурата расте на секоја парцела за неколку пати и еве ти легално стекнато богатство според законот и според мудроста и чесноста ваша и наивноста наша, и според моќта ваша и стравот наш во коски влезен од власта.

Види, отвори ги очите добро, ако има некој што се сомнева во законитоста и вашата чесност веднаш преземи мерки друг пат да не помисли такво нешто.

Ало, Миле, само треба да имаш на ум една многу важна работа, еден ден сето ова ќе се дознае, не само од прислушувањето и од бомбите на Заев, кои сега не ги признавате оти како велите биле креирани и монтирани. Ама, ќе се отворат нови книги и документи, ќе се јават сведоци, страдалници и маченици на кои сте им го загорчиле животот и сте им ги уништиле семејствата кои сега уплашени молчат, ќе се јават судии и обвинители од мајка родени кои ќе бараат правда, малку поинаква од вашата. Има злодела кои никогаш не застаруваат. Правдата некогаш многу доцни и тогаш се претвора во голема неправда. Правниците и чесните судии добро знаат дека задоцнетата правда често е поголема од неправдата, но еден ден таа сепак тропнува на вратата на обесправените, понижените и ограбените. Сметките за вакви дела не застаруваат.

Ало, Миле, никој не може да биде сто години на власт. Ако некој ја избегне правдата во овој живот, срамот ќе го теглат неговите поколенија со генерации. Извалкан образ на овие простори долго се памети.

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

September 2017
M T W T F S S
« Aug    
 123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930