Tag Archive | "буџет"

Tags:

Пензиите и платите – најголема бомба

Posted on 02 December 2015 by erizaov

plati penzii

Најголемата предизборна, социјална, политичка и економска бомба во Македонија се платите на буџетските зависници, пензиите и социјалната помош. Премиерот Никола Груевски е прв политичар кој успеа државната каса да ја трансформира во партиска банка која директно го регулира животот на 300 илјади пензионери, 180 илјади луѓе во државната администрација и 60 илјади граѓани кои живеат во најголема беда од социјална помош. Ако овие 540.000 луѓе ги помножите со три или четири, колку што има членови во семејствата што живеат на државни јасли, станува јасно дека целата држава е јавната на бомба со бавносогорувачки фитил.

Ете зошто уцените и заканите дали ќе доцнат пензиите, дали администрацијата ќе прими навреме плата, дали ќе се подели социјална помош се најзначајната работа цела една деценија во одржување на власта. Субвенциите за земјоделците е само зачин, или вишната на врвот од буџетската торта која во Македонија се дели по партиска припадност. Тоа се најважните реформи кои десет години се потпираат на странски кредити и на исцеденото преостанато рудиментирано стопанство. Затоа штом некој побара контрола како се трошат парите на граѓаните, тоа веднаш власта го квалификува со пуч, обид за државен удар, преврат…..

Политичката криза, се сеќавате, почна во Вартоломејската ноќ, на 24 декември 2012 година, кога опозицијата се обиде да го стопира донесувањето на нереалниот и разуздан буџет. Тој обид да се контролира каде одат парите, заврши со ќотек врз народните пратеници на најголемата опозициска партија и нивно насилно отстранување од дебатната сала. Претходно беа грубо исфрлени новинарите од своите работни места во собраниската галерија, да не ја обелоденат срамната интервенција на полицијата. Настан што секавично го обиколи цел свет.

И тогаш како и сега во зенитот на политичката и економската криза во Македонија, медиумските труби на власта ечеа дека тоа е обид за дестабилизација на државата бидејќи опозицијата сака да ги остави пензионерите без пензии, администрацијата, полицијата, војската… без плата, сиромаштијата да остане без помош, а земјоделците без субвенции. Се разбира, брзо се откри дека ниту имало обид за пуч, ниту за државен удар, ниту пак некој сакал да ги запре платите и пензиите, ама ефектите од застрашување на граѓаните дека ќе останат без плати и пензии, без помош и субвенции, се узна дека се најмоќното оружје за манипулации.

Каде е суштината зошто буџетот стана најмоќното и најзлоупотребувано политичко оружје. Треба да се почне од фактот дека владата ја дуплира државната администрација со голем број партиски војници, рамковни несоодветни вработувања и еден куп нестручни луѓе кои им шефуваат на тие што си ја знаат работата. Од 70.000 луѓе државна администрација, која требаше да се обучи за примена на европски стандарди, добивме армија од 180.000 луѓе. Ова дуплирање на зависници на вимето на државната каса во јавноста е прикажано како голем успех во вработувањето иако нема ни една допирна точка со отворање на продуктивни работни места кои создаваат нова вредност.

Игрите и уцените со пензиите кријат зад себе еден од најголемите грабежи во целиот период на транзицијата. За пензионерите кои за време на повеќедецениски работен век издвоиле многу повеќе средства отколку што ќе добијат во просек за време на пензиските денови и кои директно и оставија огромен капитал на државата е наметнато мислење во јавноста дека Владата им обезбедува пензии од буџетот. Прашањето е обратно каде се парите на пензионерите кои 20, 30 или 40 години издвојувале дел од своите плати во Фондот за пензиско осигурување. Каде отиде огромниот капитал на пензискиот фонд од приватизацијата на општествениот и државниот имот каде по сила на закон требаше да има 15 отсто од акциите. Голема заблуда е дека пензиите пораснале за 70 отсто откако е дојдена власта на ВМРО- ДПМНЕ . Пред десет години со пензијата помала за 70 отсто можеа да се купат повеќе намирници и да се платат сметките за комуналии. Денес тоа е невозможна мисија со пензиите од седум до 15 илјади денари месечно кои се најбројни.

Земјоделските субвенции се речиси без исклучок социјална, а не развојна категорија која ја плаќаме сите. Паѓа квалитетот на македонските земјоделски производи и се зголемува увозот, дури и на традиционалните извозни земјоделски култури. Но затоа пак субвенциите се одлични како предизборна доктрина.

И конечно, клучното прашање е задолжувањето на државата заради делење плати, пензии, субвенции и социјална помош. А, најмногу за враќање на стари долгови и камати. Ваквото задолжување е штетно за економија и нема никаква врска со реформи и со развој. Тоа е класично социјално, а не развојно задолжување колку и да го ублажуваат неговите креатори дека е безопасно оти сме биле четврта европска најмалку задолжена земја. Притоа се прерипнуваат две најважни прашања кога некој се заборчува: на што се потрошени парите, кој ќе го враќа долгот и дали ќе може да го врати. Невратен долг е банкрот, фалименто.

Или можеби ДИК и тогаш ќе гласа дека тоа нема врска со избори и дека не се виновни тие што ептен ниско само со неколку милијарди евра ја заборчиле државата, туку тие што ќе мора да го враќаат долгот, а немаат со што.

(Објавено во Утрински)

Comments (0)

Tags: , , ,

Брука на Ист Ривер

Posted on 28 January 2015 by erizaov

on

 

Кој си поигра со угледот на Македонија и со нејзиното право на глас во ОН за износ од 24.660 долари

На Македонија и’ е одземено правото на глас во Генералното собрание на Обединетите нации поради доцнење да се плати придонес кон светската организација во износ од 24.606 долари. Кога го прочитав ова прво што помислив дека е некоја несолена шега, потоа си реков дека е некоја грешка. Сепак нема толкава будала што може да си дозволи таква бламажа и брука, да си игра со угледот на земјата која е во врвот на светот по бизнис-клима и која е лидер во Европа со своите економски реформи и по раст на бруто-домашниот производ.

Кога десет пати со неверица прочитав што напишал во своето писмо генералниот секретар Бан Ки-мун до претседателот на Генералното собрание, ми се преврте и утробата и собата: на Македонија и’ е одземено привремено правото на гласање заедно со Гренада, Киргистан, Маршалските Острови, Руанда, Тонга, Вануату и Јемен. Боже, си реков, ова мора да е тежок заговор на домашните и надворешни непријатели што не’ сместиле во ова друштво со кое сме заедно на едни други списоци кои го мерат нивото на слобода и демократија и за што не се плаќа ниту членарина, ниту придонеси. Можно е да замешал прсти лично Сорос, или Заев и Црвенковски заедно, или некои лустрирани кодоши и странски платеници од професорскиот пленум кои сакаат да ни го сменат уставното име на државата, па удриле кај што е најчувствително во најпознатата зграда на Ист Ривер, под чие покровителство се одвиваат преговорите со Грција.

Малку ме успокои реченицата на Бан Ки-мун во која вели: „сепак Генералното собрание може да и’ дозволи на таквата земја-членка да гласа ако е задоволно од објаснувањето дека нејзината неможност да плати, се должи на условите кои се надвор од контрола за земјата-членка“. Веднаш седнав и неовластено од никого му упатив писмо до Неговата екселенција, генералниот секретар на ОН.

Почитуван, Бан Ки-мун. Мојата земја не е во можност да плати 24.606 долари, колку што изнесува само минималниот дел од сумата што ја должи, бидејќи таква ситна ставка не е предвидена во буџетот на министерството за надворешни работи, а уште помалку во напумпаниот буџет на државата, кој само што не експлодирал поради вакуумот во него. Вие добро знаете дека штом нешто не е предвидено со буџетот, не може ни да се плати, бидејќи во нашта земја тоа се коси со законите и се смета за злосторничко здружување против Македонија, а во случајот и против ОН. Затоа ни се неопходни само неколку дена да покренеме хуманитарна акција да ги собереме неопходните пари за да може нашиот амбасадор да си ја застапува својата земја и да гласа во ОН.

Веќе се јавија првите хуманитарци и патриоти, нашите парламентарци кои се подготвени, дел од своите средства што ги зеле за патни трошоци, несебично да ги уплатат на сметката на ОН. Само двајца наши пратеници во парламентот, уважените Силвана Бонева и Драги Цуклев, кои секој ден патуваат од Струмица и Гевгелија до Скопје, цели 160 километри, инкасирале околу 60.000 долари. Пратеничката Љиљана Кузмановска зела само околу 20.000 долари. Нешто помалку околу 19.000 долари зела Ане Лашкоска. На нашиот меѓународно познат дипломат, пратеник и планинар Антонио Милошоски, покрај обезбеден возач и возило, му се исплатени околу 8.000 долари, а омилениот ни Илија Димовски, кој доаѓа дури од Велес до Скопје, цели 50 километри, зел само околу 5.000 долари. И да не должам, сите пратеници кои не го бојкотираат парламентот наплатиле за 11 месеци лани одвај нешто повеќе од милион долари. Сите тие ќе отстапат околу 2 проценти од своите тешко заработени патни трошоци и ОН ќе го добие својот придонес.

Почитуван, Бан Ки-мун, имам една идеја која може трајно да го реши проблемот со нашите придонеси. Ви предлагам да ја разгледате можноста да префрлиме две наши жални врби од Вардар на Ист Ривер, тие би биле наш подарок во вредност од околу 200.000 долари, што е доволно за десетина и повеќе години, а за трајно решение ви предлагам покрај Кипот на слободата во Њујорк, подарок од Франција, да го преместиме Александар Македонски како подарок од Македонија. Така на цел свет ќе му кажеме чиј е Александар, а тоа може да ни олесни и во преговорите со Грција што се одвиваат под Ваше лично покровителство за нашето уставно име. Бидејќи споменикот на Александар е најголем на светот и чини преку 10 милиони долари, тоа може да биде траен влог за нашето право на глас за сите времиња. Ако и тоа не е доволно, можеме да ви ги пратиме и татко му на Александар, Филип Втори и императорот Јустинијан и Прометеј, кој единствено во Македонија не е гол, и Андон Ќосето со исукана кама и Васил Чакаларов со пиштол и Тодор Александров како светец кој на мравка не згазнал…. чинам, доста се! Сите заедно не’ чинат повеќе десетици милиони долари што сме ги одвоиле од уста.

Веднаш стаса одговор од Неговата екселенција Бан Ки-мун. Вели: гледам дека неможноста да се плати придонесот е оправдана бидејќи тоа е надвор од контрола на земјата-членка, ќе се заземам во Генералното собрание да ви се дозволи да гласате бидејќи вашиот глас е секогаш суштински и предзвикува големо влијание на останатите членки. Се извинувам поради непријатноста што ја предзвика моето писмо до претседателот на Генералното собрание. Што се однесува до другите предлози со врбите и со спомениците, тие се мошне интересни и ќе му ги предложам на градоначалникот на Њујорк, господинот Бил де Блазио.

Срдечен поздрав до Македонија, Бан Ки-мун.

 

Comments (0)

Tags: , ,

Ем борчлија ем фалбаџија

Posted on 14 July 2014 by erizaov

Политиката на задолжување на државата наликува на народните изреки: ем шуто ем боде, а добро прилега и: ем борчлија ем фалбаџија….

Има едно стотина народни поговорки за луѓето што живеат на вересија, за тие што се заборчуваат повеќе отколку што им е долга чергата, што не ги враќаат долговите. Народот, особено бил жесток кон неранимајковците кои оставаат нивните деца да им ги платат сметките. Сите народни мудрости ги жигосуваат и исмеваат недомаќините кои сакаат да живеат на висока нога, на туѓа сметка. Во ниту една поговорка не е срамота да бидеш сиромав и чесен, а во сите е арам и голем грев да бидеш заборчен и да не си го платиш долгот.

Така е со луѓето, а како е со борчлија државата. Одговорот е едноставен, сосема исто. Разликата е во тоа што кога не може државата да ги врати долговите не се вели ќе ја распродаваат на барабан како имотот на луѓето, туку се вика банкрот. Во Македонија толку наопаку станаа работите што веќе не е срамота да се трча низ светот по заеми. Дури, таквото заборчување се смета за успех, па му дале и убаво име, еврообврзница. Тоа ти е кога даваш гаранција на тие што ти даваат пари на заем дека ќе им ги вратиш за одредено време со добра камата, а тие нема да ти се мешаат каде и како ќе ги арчиш парите. Види, види ти се молам каква дрскост и ароганција ќе ја ставаме под хипотека државата сосе граѓани, за уште неколку стотини милиони евра, а тие тоа го викаат еврообврзница. Големиот успех на Владата што издала еврообврзница не значи ништо друго, туку дека пак ни брцнала во џеб и ги дрпнала нашите пари и на нашите деца.

Има во светот финансиски фондови и банки што даваат кредити со двојно помала камата, ама на помалку ризични политички постабилни држави, притоа бараат список каде и како ќе се трошат парите, односно не може да се трошат како ќе му текне на клучарот од државната каса. Кај нас Владата веќе никој не ја ни прашува, дури ни во Парламентот како ги троши народните пари и зошто се задолжува преку глава. Во таков амбиент не е тешко задолжувањето да се прогласи за голем успех, па така борчлијата да стане фалбаџија со туѓи пари. А, долгот, богами не е мал, па затоа владата смислила посебна тактика и го дели на два дела. Првиот дел е на Владата со кој се фалат и премиерот и министрите, бидејќи изнесувал околу 34 отсто од бруто-домашниот производ што било најмало задолжување во Европа. Вториот, за кој молчат и Владата и премиерот е на државата, ама и за тој главно одлучува Владата како ќе се троши. Ајде сега да видиме како тоа се смета според европските критериуми и мерила. Во вкупниот долг на државата влегуваат и задолжувањата на општините, на државните фондови и агенции, јавни претпријатија. Еве ја математиката која е многу едноставна. Ако јавниот долг изнесува околу 34 – 36 отсто од БДП, колку што признава нашата влада, тогаш апсолутната бројка која владините министри не ја спомнуваат е некаде околу 2,8 милијарди евра. Кога на оваа бројка ќе се додадат преостанатите долгови: на општините, фондовите за патишта, за здравствено и пензиско и инвалидско осигурување, државните агенции, јавните претпријатија и уште многу други државни институции, тогаш долгот расте како тесто. Земете ги само кинеските кредити за изградба на две делници автопат со кој се фали владата на цел глас оти заемот од неколку стотини милиони евра милиони евра со два отсто камата е прекрасна работа, без оглед колку е повисока цената над реалната на километар автопат, било до Охрид или до Св Николе. И општинските долгови надминуваат повеќе стотици милиони евра, следуваат уште еден куп борчови за разни намени и камати кои се направени во текот на изминатите осум-девет години. Добрите познавачи велат дека и тие се негде близу 30 проценти од БДП. Тогаш вкупниот долг на државата Р. Македонија е поголем од 60 проценти, што е над црвената линија. За да нема шпекулации време е Владата конечно да ги објави сите долгови и камати и да ја соопшти вкупната задолженост на земјата. Тоа не смее да биде државна тајна, или недостапна информација која е од првостепен јавен интерес на граѓаните чии пари ги троши власта

И вториот момент, за кој кај нас по 24 декември 2012, црн понеделник, малку се зборува, е кога Македонија ќе почне да троши домаќински колку што може да поднесе, односно кога ќе го намали буџетскиот дефицит под три проценти и колку што предвидуваат правилата за земјите-членки на ЕУ.

Најголемата слабост при драматично брзото задолжување на земјата е што нема транспарентност каде се трошат парите. Кога скапите позајмици ќе влезат во буџетот, кој одамна е чекмеџе на Владата, социјален вентил за мир во куќа, се ми се чини, дека сме се поблиску до банкрот.

Да се разбереме, немам ништо против задолжување на државата и владата. Нема држава која не користи кредити. Најбогатите најмногу. Но, позајмените пари мудрите влади секогаш ги користат за проекти кои носат профит и лесно ги враќаат заемите. Кредитите стануваат исплатливи и оправдани кога не претставуваат товар ни за граѓаните, ниту на тој што зема, ниту на тој што дава пари на заем. Кога лесно се враќа долгот, а останува уште и добивка тогаш не е ни важен износот на долгот. Кога ќе дојде време да земете нови кредити за да вратите стари долгови кои или не знаете, или не смеете да кажете каде сте ги потрошиле, тогаш, тоа се вика ем шуто ем боде.

Објавено во Утрински весник

Comments (0)


Photos from our Flickr stream

See all photos

Twitter


календар

July 2017
M T W T F S S
« Jun    
 12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31